Node
- Шифра
- 1567
- Књига
- Астери, скомрахи, фестивали, синеасти, пирати...
- Опис
- Екстерна датотека
- Врста нода
- HTML
- Подразумевано
- 1
- Направљено
- 2007-12-24 14:17:22
- Измењено
- 2007-12-24 14:17:22
- Садржај
Оние народи кои денес неточно се нарекуваат примитивни, отсекогаш негувале култ кон човечкиот лик и кон сликата. Постојат многубројни докази за ваквите тврдења, а психолозите се сложуваат дека припадниците на овие општества не размислуваат апстрактно, туку во слики.
Многу древни народи негувале култ кон ѕвездите, а на божицата на месечината и на небото, на ѕвездите, на љубовта и на плодноста и пренесувале и човечки жртви. Разни азиски народи различно ја именувале оваа божица. Феникијците ја нарекувале Астарта, Асирците - Иштар, а била позната и под името Аштарту. Јудејците биле казнети од Богот на нивните татковци, кому името не му го изговараат, заради принесување на забранети човечки жртви на Астарта, биле прогонети од Јудеја, а Ерусалим бил разорен и тие оттогаш почнале божицата да ја нарекуваат со погрдното име Ашторет. Астер, на грчки (стар и нов) значи ѕвезда, а астеричен е ѕвездест, оној кој потекнува од ѕвездите, астеризма - група ѕвезди, соѕвездие. Во физиката астеризам е термин кој означува светлосна појава кај која од извесна светлечка точка излегуваат светлосни зраци.
Во филмската терминологија со зборот „ѕвезда“ се означуваат актери, режисери, сценаристи, сниматели, дури и продуценти кои публиката ги прифаќа како идоли и кон кои гради своевиден култ.
Интересно е што во средниот век скомрасите (скомрахи), а подоцна, во османлиско време и караѓозите во патувачките актерски дружини, биле презирани од народот заради грозоморната промена на идентитетот која ја доживувале за време на актерската игра, а црквата ги изопштувала од својот организам.
Со појавата на мас-медиумите во дваесеттиот век, оваа слика е драстично изменета...
* * *
На почетокот на минатиот век, само неколку години по изумувањето на филмската лента и по првите проекции на браќата Лимиер во париското „Гран' Кафе“, многумина сметаа дека филмот е нерелевантен, технички изум кој нема што да бара на полето на уметноста. На почетокот на 21 век, филмската уметност докажува дека во некои елементи е посупериорна во однос на „традиционалните“ уметности и тоа благодарејќи им токму на зголемените технички можности кои и стојат на располагање. Дигиталната анимација на ликовите и мизансценот е нова етапа во филмската историја, која сериозно (освен кога не се приемнува принципот ефекти заради ефекти) им се заканува на „традиционалните“ филмски елементи, како што е актерската игра, на пример. Сепак, токму актерите отсекогаш биле оние кои се „во преден план“, секогаш пред камерите, секогаш во центарот на вниманието, со што на многумина од нив им било олеснето искачувањето кон „ѕвездите“.
Ако ја оставиме настрана тенденциозната идолатрија промовирана од Холивуд во комерцијални цели (и од неговиот брат близнак Боливуд кој е екстремно популарен во Азија, но и во Африка во последниве децении), тогаш навистина можеме да ја употребиме патетичната фраза дека „ѕвездите никогаш не згаснуваат“ и да се потсетиме на многу од оние ликови со кои сме пораснале покрај малите екрани и во кино-салите. Да биде парадоксот поголем, тенденциозната холивудска астрономија и астрологија не може да им наштети на врвните актерски креации забележани на филмската лента и во самите холивудски студија или, како што тврди најголемиот руски синеаст од советската ера, Андреј Арсениевич Тарковски, филмот е уметност која устроила сосема ново естетичко начело содржано во можноста непосредно да се зграпчи времето и така запечатено, да му се навраќаме како што ни е волја. Според Тарковски, на тој начин се добива матрица на реалното време. Токму големиот филмски поет Тарковски беше еден од оние филмски уметници кој жалеше што филмот и на содржински, но и на духовен и на естетски план не ги ползува до крај своите капацитети иако за дел од нив најдобро зборуваат неговите ремек-дела. Тој сметаше дека филмската слика според својата суштина е опсервација на текот на времето и дека не смее да биде расчлената и противречна со нејзиното природно време, не смее да и биде скусен текот на времето затоа што таа е само тогаш вистински кинематографска, кога времето живее во неа, како што таа живее во времето и тоа од самиот почеток и во секој нејзин кадар.
По овие извадоци од московските предавања на Тарковски, од неговите лекции по филмска режија, да се вратиме во реалноста затоа што не смееме да заборавиме дека во време на масовна култура во кое живееме, каде законите на пазарот се немилосрдни, во време на култура жедна единствено за заработувачка, во конзументски општества каде уметноста, а особено филмот е само инструмент во служба на профитот, само во исклучителни случаи е можно да се направи филм, односно уметничко дело кое истовремено ќе биде и профитабилна трговска стока, задоволувајќи ги на тој начин потребите на пазарот, но и релевантен артефакт, без ограничено време на траење.
* * *
Деновиве од еден црн пират набавив дискови по поволна цена за моето домашно кино. Од големиот тефтер на пиратот, од неговата долга (компјутерска) листа, не многу филмови влегоа во мојата домашна пиратска архива. (Им благодарам на благородните пирати кои ја размножуваат уметноста, иако не од благородни причини, заради кои заслужуваат да бидат санкционирани од државата, што не е моја работа, туку на државата, што повторно не го менува фактот дека нивната ненамерна мисија е исклучително благородна, особено во сиромашни земји како нашава). Во сета таа збрка од наслови, преводи на наслови, имиња на актери (и актерки), режисери, цени и слични марифети, единствен водич низ текстуалниот лавиринт ми беа презимињата на режисерите. Но, ниту тие, иако со најголем процент учествуваат во авторството на колективната уметност каква што е филмот - не се вистинските „ѕвезди“ на филмот. Тие се само патокази низ интертекстот на: 1. филмската продукција и 2. филмската уметност. Уште помалку се релевантни имињата на актерите кои според холивудските и боливудските мерила и го продаваат филмот на публиката. Актерите само толкуваат одредени фиктивни ликови, плод на нечија лична имагинација, која секогаш е во корелација со нечија друга лична имагинација, која секогаш е во корелација со нечија друга лична или колективна имагинација итн. Тогаш, кои се вистинските ѕвезди на филмот?
Па се разбира - самите ФИЛМови! со кои, во зависност од вкусовите - филмофилите се гледаат и ќе се гледаат и во иднина (да појасниме: филмофилите гледаат филмови, но од платното, екранот, мониторот - и филмовите гледаат во филмофилите). И во иднина, во затемнетата просторија на кино-салата низ мистичниот сноп светлина кон платното ќе се пробиваат движечки слики, кои всушност се статични фотографии кои се движат по следниот редослед: фотографија, црн квадрат, фотографија... создавајќи ја на тој начин врвната филмска илузија на движење. И во иднина на телевизиските екрани ќе се менуваат популарните и помалку популарните „старлети“, а домашните филмотеки ќе се дебелеат (со оригинални пирати). Непредвидливи се можностите на сателитската комуникација, но и покрај обидите за нејзина контрола, извесно е дека таа ќе донесе уште поголема либерализација и демократизација (каде и кога?).
Но, крајно време е да ја завршиме оваа рашомонијада со едно конкретно прашање: Знаете ли што значи фестивал? Фестивал е голема свеченост, прослава, празник, со многу музика и игра - сладок живот, вистинска веселба. А, знаете ли што е филмски фестивал. Свеченост на која се слави дискретниот шарм на сликите во движење... кои всушност се статични фотографии кои се движат по следниот редослед: фотографија, црн квадрат (црн бланк!?), фотографија... создавајќи ја на тој начин врвната филмска илузија...
П. Ф. (Пост фестум):
Беше еднаш во Струмица еден фестивал, филмски фестивал. Се викаше АстерФест...