Љубен Ташковски

За нас нема збогум

(фрагмент)

Избор и поговор
Братислав Ташковски

Предговор
Анте Поповски

Страдањата за морето
- и крст и светлина

Книгава во која ве пречекуваат и овие редови упатува на повеќе размисли. Прво, тоа е први, засега, и единствен избор од поетското творештво на Љубен Ташковски. Второ, тој избор се јавува шест години по прераната смрт на авторот. И трето, издавачката куќа „Кочо Рацин“, односно „Македонска книга“, е единствениот издавач на Љубен Ташковски. Сите негови книги поезија се објавени таму, но овој избор не е ниту помисла ниту дело на споменатиот издавач: приредувач и издавач на овој избор е - синот на поетот! Јосиф Бродски толкуваше: навредите и страдањата на поетот се сосем поинакви од навредите и страдањата на сите други...

Тишшшта на телото -
наметка на илузијата...

Во нашава книжевна ситуација не е никаква реткост и потврден автор да не биде претставен, барем со еден пообемен избор од неговата поезија. Смислата на секој избор е тој да претставува една скратена естетска биографија на авторот: преку него се проследува и развојната линија на авторот, но, во исто време, секој избор го одразува и вкусот и духот и судот на времето; низ него се насетуваат и естетските и социјалните и политичките и други тенденции. Барем тоа е јасно. Во случајов со Љубен Ташковски прашањето останува отворено: станува збор за вредносен или пак за некој поинаков критериум? Едното или другото, сеедно, ова е прв избор од поетскиот опус на Љубен Ташковски. Емануел Левинас би рекол: смртта е нашата рационална идентификација на времето. Тишината на телото - наметка на илузијата!

Објавувањето на овој избор е убав повод и за едно навраќање во младоста; во далечните предели преземени од соништата. Една квечерина, есента на 1957 година, во тогашниот Клуб на писатели, седеа заедно покојните Димитар Митрев и Јован Бошковски, и едно црномурно момче кое дотогаш не го познавав. Д. Митрев и Ј. Бошковски беа рецензенти на мојот втор поетски ракопис „Вардар“ и ме поканија да им се придружам. За мене, кој во тоа време штотуку влегував во литературата, имињата на Митрев и на Бошковски беа веќе вистински корифеи; името на Димитар Митрев го изговаравме со исклучителна почит, ако не и со - стравопочит. Неговиот естетски авторитет владееше суверено, независно од сите препукувања на тема „модернисти - реалисти“... Бев и многу љубопитен и многу возбуден, но и од возбудата и од љубопитноста само со една реченица ме ослободи Јован Бошковски: „Прифатен ти е „Вардар“!“ Тоа за мене значеше многу, особено поради тоа што моите „Одблесоци“ не поминаа сјајно. Мислам дека Митрев не го следеше нашиот разговор со Јована и во еден миг рече: „Треба да бидете среќни, ви ги прифативме книгите на обајцата.“ Момчето кое седеше до Митрев се возбуди, се заблагодари и им подаде рака на двајцата. „Па вие и не се познавате? Тоа е нашиот Бајрон!“

Тоа беше поетот Љубиша (подоцна - Љубен) Ташковски, со кој подоцна се спријателивме. Бев меѓу ретките кои кон Љубена имаа и голема доверба и голема почит. Сепак, најблиски му беа Митрев, Леов, Волче Наумчевски и Тришо Стојановски; нешто подоцна - Чедо Јакимовски и Ренџов. Беше време кога сите заедно и, безмалку, во исто време влегувавме во литературата.

Естъ  пороки в моём Отечестве, -
зато и пороки естъ...

Љубен Ташковски неколку години пред тоа помина на студии во Белград и таму веќе објавуваше во студентските публикации и во списанијата на Риста Тошовиќ и Таса Младеновиќ; беше и еден од најомилените поети кои настапуваа на книжевните вечери на Филозофскиот факултет во Скопје. Така, тој се здоби и со неговата позната љубов кон рецитирањето и на свои и на туѓи стихови. Наизуст ги знаеше Стева Раичковиќ и Изет Сарајлиќ.

Во моите сеќавања, Љубен од тие години беше едно спокојно, љубезно и тихо момче кое многу претпазливо се отвораше пред друг. Го прогонуваше нешто ужасно и недефинирано. Го следеле некакви шушкала и аферисти. Фобија или факт, сеедно, но тој постојано се сомневаше, речиси во секого и речиси во - сè! Тоа не траеше кратко. Тоа него го прогонуваше цел живот. Имам впечаток дека чувството на прогонство кај Љубена сè повеќе се засилуваше, особено по неговиот престој (во два наврата!) во Америка и во Канада, како член на угледна македонска културна делегација.

Во тие младешки години, се што постоеше во нашата свест и потсвест беше - поезијата. Им се радувавме на своите меѓусебни обиди; живеевме во секој објавен ред. Постоеше еден благороден натпревар меѓу писателите кои се појавувавме, речиси, во исто време. Не знаевме за Хајдегер, но постапно, низ сопствен опит осознававме дека и поезијата има своја историја и дека, всушност, поезијата е историја во најсуштинска смисла. И преповторувавме:

Естъ пороки в моём Отечестве,  -
зато и пороки естъ...

Алузијата на Димитар Митрев за „нашиот Бајрон“ нам ни ја појасни никој друг туку самиот - Љубен, кој подоцна го запиша и овој стих:

Јас имам повеќе црнила во ôдот...

Тоа беше време на полетните години на нашата генерација, исполнети со надежи, со радости. Нашата верба во поезијата беше верба во - сè. Јазикот на нашата младост беше јазик и на нашите визии, но и на нашата утопија. Беше време на заеднички и долги седенки. Тие седенки, многу често, ги минувавме заедно и со Љубен, кој секогаш кога во однесувањето на другите ќе насетеше (или, можеби - ќе си вообразеше) и најневина или случајна алузија на тема која за што-годе се допира до неговите пречувствителни, пренапнати душевни сензори - веднаш стануваше внимателен, сомничав, стегаше со забите, стануваше да си оди. Некои говорни и мимички стереотипи веќе се забележуваа кај Љубена. Живееше со чувство на продолжено прогонство, загроза и страв; во некоја чудна отуѓеност и осама. Тоа него го фрлаше и во ужасни искушенија, се чувствуваше навреден, сè позабележливо им се предаваше на осамата, на меланхолијата, на очајот. Јас не паметам Љубен да навредил некого со што и да е. Се околу него, особено по неговото второ враќање од Америка и Канада, стануваше тажно и стушено. Неговиот поглед се пресоздаваше во поглед на тажен човек кој како да почна да се повлекува од реалноста: беше оптегнат непропустлив воал помеѓу него и животот.

Утопијата ќе го најде својот легитимитет - во револтот...

Беше пречувствителен: претставите кои ги доживува-ше во областа на едно подрачје на осстот - кај него се одразуваа во претстави и на други подрачја: слушаше - бои, гледаше - звуци. Беше во една константна пренапнатост. Живееше во некоја голема душевна траума која му ги разоруваше мислите и соништата, а постапно му го разјадуваше и животот. Бенжамен Констан ќе рече: „Кај човекот постои еден принцип на бунт против секој интелектуален притисок. Тој принцип може да се развие до - бес!“ Фернандо Аинеа ќе додаде: „Утопијата ќе го најде својот легитимитет во - револтот'“

Никогаш не било тајна дека човекот преку манифестации на страв се брани од ужасот што го насетува или веќе го загрозува. Но кој и каков бил тој ужас од кој се бранеше Љ. Ташковски - само тој си знае! Оние кои ги сакаше - ги сакаше како браќа, мнозина меѓу писателите, меѓутоа тој ги чувствуваше „хушкачи и аферисти“! Не сум убеден дека сето ова е сосем невина работа. Некогаш, кога ќе биде објавен неговиот „Аферистички дневник“, можеби поблиску ќе ја насетиме и сета суштина за Љубена.

Зеленото - колористички архетип на Солунското Поле...

Во 1958 година, Љубен Ташковски ја објави својата прва книга поезија „Катерина“, која донесе еден поинаков интимен штимунг од постојниот кај нас: низ страниците на овој ракопис провејуваше една беспорочна младешка љубов, еден спонтан љубовен порив. Паралелно со ова, „Катерина“ навести и една социјална инкантација, преку која не беше тешко да се насети во која тематска насока ќе се движи неговата поезија во иднина. Во својата прва книга Љ.Ташковски оствари неколку заокружени поетски наслови кои, недвојбено, ги навестија и неговата поетска дарба и неговата лирска автентичност: Носталгија, Балада, Нема смисла да ме прекоруваш, Катерина се заокружени поетски целини кои ги навестија убавите страни на поезијата на Љубен Ташковски:

Ова е земјата што го носи прекорот на мојата мајка
Ова е земјата што живее во бесоницата на моето село
И во потењето на татковиот белогрив коњ

Што го впрегнал морето бело

Ова е земјата што скита со селското уморно кравје
И низ нивниот бојндруг својата снага ја вие
Ова е земјата моето изгубено здравје
Кога со мене во стоговите спие.

„Катерина“ забележливо ја користеше генитивната метафора и во вистински младешки занес ѝ се противстави и на самата песна: тоа беше поезија која повеќе урива отколку што гради; повеќе се осамува отколку што се дружи:

Оти ќе пијам, ќе пијам,
Оти ќе пијам, ќе пијам,
Што ако се откажат песните од мене
Па и ништо од нив не добив.

„Катерина“ донесе и една голема и вистинска поплава на зелено: можеби ти си /дел од зелената тишина на ливадите; Во зеленото расцутував; И само за миг / Зеленото пак ќе биде зелено; Ти си интересна како зелената боја; Кога сетив оти си минато / оти повеќе нема мојот насмев да биде зелен. / Ќе обрсменам од зелено /имам зелени коси.

Што ли беше тоа во поезијата на Љубен Ташковски што толку многу копнееше по зелено? Довикувајќи го Питагора на припомош, ние ќе осознаеме дека: животот не е само збир на вибрации туку и ред на структура. Во таа структура животот има и свои нумерички еквиваленти, трансформирани во бои. Според „Катерина,, нумерички еквивалент на Љубен Ташковски е зелената боја. Точно е дека тоа беше време кога зеленото како поетема се населуваше не само кај Стеван Раичковиќ, туку и меѓу повеќето лирски интимисти; точно е и тоа дека Љубен Ташковски настапуваше заедно со белградските лиричари и се дружеше со нив. Сепак, суштината беше друга: зеленото беше колористички архетип чиј код пустошеше низ крвта на поетот! Тоа беше зеленилото покрај Егеј, она зелено кое има сила да воспостави рамнотежа или самото да се пресоздаде во точка на рамнотежа меѓу материјалната и духовната суштина на човекот. Тоа е тоа зелено кое е кревко и преплашено, кое бара сигурност и постојаност, сеедно што знае дека нема ништо попостојано од - промените!

Љубен Ташковски во „Катерина“ најави дека неговата вистинска тема е темата иа откорнатикот, темата на напуштеното прадедовско огниште. И така се случи: одвај две години по „Катерина“, Љубен, во 1960, ја објави својата втора книга поезија „Балада за јужното небо“, а потоа уследија и „Кукушанка“, „За нас нема збогум“, „Македонска рапсодија“, „Илинден“, „Љубен во Америка“, „Мојата јужна љубов“, „Калинки“...

На македонската поезија ѝ е потребно море

Македонската книжевна критика, поетското дело на Љубена Ташковски го пречека со раширени раце. Богомил Ѓузел за поезијата на Ташковски говореше како за „запознавање со сосем нови простори на јужното небо и сакам веднаш, од прва рака, да ги поздравам за нивната отвореност, за нивната неограниченост и иднина. „Ѓузел, инспириран, во голема екскламација, извикува: „Сите ние и кога сме задушени во омарнината меѓу ридовите, и не само кога ни е потребна авантура и одмор, мислиме на тие звучни предели. Јасно е дека и на нашата поезија и е потребен широк простор, каде што ќе го украсува својот коњ, каде што ќе ги проветри своите мотори, каде што ќе ја возобнови својата лимфа. Јасно е дека на македонската поезија ѝ е потребно море, каде што таа ќе може да се огледа на брегот, да ги фрли распетијата, да ја облече металната кошула на морето и да се вљуби во океаните. Ако за тоа е дорасната.“

Проекција на сопствена судбина со судбината на Татковината...

Други пак, Георги Старделов, на пример, велеа дека „Поезијата што ја донесува збирката поезија „Балада за јужното небо“, во нашата најмлада поетска генерација е типичен пример на креативен несклад меѓу ирационалните и рационалните компоненти на Песната. “Старделов говореше и „за естетска недовршеност на песната и за недостигот на целина“, прецизирајќи дека поезијата на Љубен Ташковски е „родољубива лирика која, така да се каже, не го придружува, како што е тоа вообичаено во традиционалната патриотска лирика, историскиот ôд на нацијата, оној восклик кон нејзините историски стремежи, туку се задржува, пред сè, на емотивната структура на трагичната национална историска судбина, се задржува на меланхолијата што произлегува од драматичните теглила, од патината на времето што го снаоѓала човекот.“

Дваесетина години подоцна, во 1980, Г. Старделов за поезијата на Љубен Ташковски говореше како за „изворен поетски концепт, толку иманентен на овој поет, кој се потпира врз автентичната поетска доживеалица на драмата на нашиот Југ, на неговиот медитерански пејзаж, откриен мошне експресивно.“ Во средиштето на поетското искуство на Љубен Ташковски е романтичната инспирација, поетски остварена со длабока емоционална екскламација. Неговите песни имаат силен емоционален набој, изразен низ возбудлива, имажинистички конципирана метафора.“ Со други зборови, за поезијата на Љубен Ташковски се говори како за поезија со изворна инспирација, духовна непосредност и со чистотијата, со невиноста на поетското вдахновение.

Димитар Митрев говори дека „ниту во еден миг Љубен Ташковски не би можел без својот не - имагинарен а најопиплив асоцијативен сплет со предметот на својата најсуптилна инспирација. Па зборот присутност, колку и да е избанализиран, кога е реч за присутноста и Југот кај Ташковски е збор - незаменлив. Присутност која е живеење; трајно, несподеливо, неотуѓиво; судбинско живеење со светот што е само номинално отсутен.“

Митрев укажуваше дека „во случајот на Љубен Ташковски љубовта кон татковината има моќ на превосходно сензибилно искажување. Таа љубов е проекција на сопствената судбина во судбината на Татковината.“ Тој уште укажуваше дека Љубен Ташковски е „страстно понесен по својата егејска прародина, не поднесува чувствената перцепција никаква дистанца спрема задграничниот роден Југ. Тоа го искажува во легендарна категоричност и самиот наслов: „За нас нема збогум“. И по сето што следи во знакот на овој обопштувачки контекст, расте увереноста дека не е збор само за еден внатрешен отказ од чинот на насилнички извршената разделба.“

Македонскиот Југ, кој беше населен во емотивното битие на овој наш поет, беше пресоздаден во густ сплет поетски метафори. Тој беше централната и незаменлива инспирација која прерасна во чиста лирска дикција, во елегична и носталгич-на интонација на еден неспокојник. Станува збор за еден вознемирен лирски темперамент кој постојано сонува за Југот, зашто тој, Југот, никогаш не се исели од крвта на поетот: брегот, можеби, е и далеку, но:

водите во моево тело
како небо се шират...

Во емотивната онтологија на морето се крие коренот на една поетска ерупција и виталност: доколку „Катерина“ своите инспиративни импулси ги наоѓаше во љубовниот трагизам, доминантна линија и чувство во „Баладата за јужното небо“ е љубовта кон Татковината. Атанас Вангелов, оценувајќи го поетовиот ракопис „За нас нема збогум“, ќе забележи: „Љубен Ташковски спаѓа во редот на оние поети кои доследно ја негуваат патриотската поезија, но она што го изделува од нив тоа е оној нужен емотивен набој во неговата песна, онаа усвитена егзалтација, оној романтичен занес... Историскиот трагизам на Македонија тука, во моментот кога тој трагизам ја досегнува својата полна идентификација со еден интимен трагизам на поетот, тогаш оваа поезија се јавува во својот најчист вид, успева да се ослободи од еден накалемен патос.“

Еј море, море око прадедово
На сред поле заклана ноќ,
вода ќе потече од нашите сенки...

Но морето во поезијата на Љубен Ташковски не е само патриотски лајт-мотив туку и единствена исцелителна сила по која копнее поетот за со неа да ги превозмогне и својата осама и тага, да ги превозмогне стравот и штуроста населени во него. Морето на Љубена му е и храм и дом и младост. Граница на светоста и на светлината. Поради морето поетот бара прошка за гревот кој не го направил! Светот на морето е и свест и потсвест на поетот, затоа неговиот неспорен грев е духовниот јазол што попусто се замрсува од стих во стих и од книга во - книга. Затоа ќе извика:

Никогаш не сум бил ни брег ни морнар
и ако со Циганите сум пиел
за твоето здравје, море,
Од мојата тага потекува месечина
и ти разбеснето како кукушко ждребе
ми влегуваш под кожа...

Во голема инспирација Љубен Ташковски ќе го испее и Костур како метафоричка компонента на синтагмата за морето и духот. Ке се идентификува со судбината на градот, ќе се пресоздаде и во сонце и ќе соопшти дека и камен има во неговиот словенски сон; дека зборува како што зборувале и неговите мртви. Покрај Костур, во рамките на водечката тематска синтагма, Љубен Ташковски ќе ја заокружи и параболата за Воден, каде што: со месечината си игравме в трем и Егеј ги лижеше нашите нозе, но заедно со тоа ќе испее и една од најпрепознатливите песни во современата македонска поезија:

Вечерва би отпатувал во Солун
и би се напил како земја
и би се качил на Беаз Куле
и би запеал една таткова песна
и би влегол во ветерот
и би влегол во морето
и би гледал како се слева
Вардар во Егеј
и би се претворил во галеб
и би отпатувал во Кавала
и таму би пеел
и таму би пеел
сè дури срцето не ми стане пламен
а грлото гром.

Во иста инспирација Љубен Ташковски ќе пее и за прозорците во Кукуш:

Ох такви прозорци, нема
ни Света Гора
ни Хилендар.

Пред тие прозорци на вујчина ќе им направев серенада / а девојките ќе ме носеа на грб / и ќе ми даваа да пијам / од лејки вино/и ќе ми купеа /од Солун нараквици / од Кавала шал

А од Драма свеќи
За да го осветлам гробот на дедо ми.

Суштината на сето тоа искрено и најнепосредно, неосквернавено чувство е родината во која сè уште се насетуваат скршените врвои на сабјите. Вистината за родината на поетот е чиста како вечерна ѕвезда и никој освен неа не е достапен за тоа море:

О, за таа земја треба да се умира
додека е време,
додека сме сите сè уште живи...

Во мигови на загубена надеж, со едно трагично претчувство Љубен ќе дојде до сознание дека засирената крв на вековите и иа сонцето ја носи во себе, безуспешно извикувајќи:

О, несреќо, само ти си ми верна,
Само ти си ми - верна...

Доколку морето е слика на потсвеста и доколку е мерка на душата - сите трауми што му ги нанесува тоа на творецот резултираат со манифестна невроза. Во своите соништа тој творец, не сакајќи, се пресоздава во сенка на она по кое копнее:

Да ти шепнам колку многу се мачеше
нашата добра мајка
и пак за морето ништо и никогаш
не ми рече
иако илјада морнари
и којзнае колку бродови
криеше во својата тажна сенка.

Фиксација за татковината како за утопија...

Фројд за зборовите цени дека првобитно биле магии и дека и до ден денешен тие зачувале нешто од својата древна магиска моќ. Ќе додадеме при ова дека симболите се постојани преводи и дека, во извесна смисла, тие го остваруваат идеалот на антиката да ги одгатнеме и самите зборови.

Фернандо Аинса во својата прекрасна студија „Реконструкција на утопијата“ (Огледало, 1999) укажува дека секоја утопија претпоставува радикално отфрлање на сегашноста (времето) и на местото (отпорот) каде што се живее, кога двете нешта не постојат истовремено. Аинса, ќе додаде: утопизмот уште повеќе од утопијата се изразува во аспирациите и колективните соништа на народите. Имајќи предвид дека прогонството со посебен печат ја обележува распарчената судбина на човек-идентитет, Љубен Ташковски, всушност, со секој свој збор и мисла и со сите соништа и очај - го бараше својот идентитет.

Неговата поезија, во сето свое духовно битие е фиксирана за трауматизираната историја на неговиот македонски народ. Таа поезија како да не враќа во некое древно доба, во некоја далечна епоха, кога утопијата беше стварност а зборовите и сликите - симболи:

За вас ја испив светлината од дното        
на мојата сенка,                         
За вас руменилото на зборот
Го претворив во јужна овошка,
За вас се заљубив до коски
во метафората на земјата.

Стравот и душевните страдања се точка на вкрстување: нешто кое може да се појасни само со голема светлина фрлена врз душата на човекот.

Анте Поповски

Катерина

(1958)

Песната на мртвата девојка

Јас не сакав многу можеби затоа во зеленото
Расцутував
Можеби затоа во жолтото
Повевнував
Јас не сакав не сакав многу можеби затоа
Дрвјето на студот пуштија корење во мене
И облаците засекогаш го напуштија гнездото
На моите раце
И мојот сон доби облик на вистинска празнина
Во која само една ѕвезда раѓаше
Јас не сакав многу а можев и небото
И облаците
Да ги заспијам во креветот на моите песни
И ветрот засекогаш засекогаш ќе престанеше
Да ја имитира песната на мртвата девојка
Што ги миеше брановите на морето
Со својот смев
Што ја умираше месечината со своите дојки.

Проклетство

Можеби ти си во мене
И во секој трепет на вечерите
Штом твојот глас
Го слушам од секое молчење
И птица
Што логорува
Под моето небо
Можеби ти си
Дел од зелената тишина на ливадите
Во која умираат
Сите неканети ликови
Штом ја спомнам
Љубомората на улицата наша
Во која изникна
Дрворед меѓу мене и тебе.

На  мајка  ми

Вечерва умирам
За да останам утре пак жив
И мојот сон добива облик на едното твое око
Што ти го зеде несреќата
Вечерва молчам со сонот на поспаните коњи
И бркам во смеата на сите
Заборавени жени
О кога моите песни би биле мојата изгубена девојка            
Ти би имала најубава снаа
Најубава песна што ја испеале далечините
Кога немале смисла за интимност
Вечерва ноќта се откажува од својата боја
Оти јас имам повеќе црнина во одот
И го молам секој минувач да не ме гледа
Кога ветрот без карта патува
Со најубавиот воз
И пак така и пак така се чувствувам непријатно
Како да минуваат возовите низ моите вени
Кога месецот се сокрива во мојата болка
И како поулавено куче се пени.

Носталгија

Ова е земјата што го носи прекорот на мојата мајка
Ова е земјата што живее во бесоницата на моето село
И во потењето на татковиот белогрив коњ
Што го впрегнал морето бело
Ова е земјата што скита со селското уморно кравје
И низ нивниот бојндруг својата снага ја вие
Ова е земјата моето изгубено здравје
Кога со мене во стоговите спие.

За нив само корењата знаат

И утре ќе пијам и утре ќе пијам само со своите пари
Само со својата сенка
Еден пријател ми рече оти наскоро ќе умрам
А јас мислев со своите прсти да го превртам небото
Пред тоа да стане пена
Пред облаците да станат ждребиња
Што ќе ги скинат уздите
На сите ѕвезди
Пред сите предмети да станат луѓе
Што ќе ја насмевнат мојата соба
И само за миг пак зеленото ќе биде зелено
И за миг нема ништо да се промени
Оти ќе пијам
Оти ќе пијам
Што ако се откажат песните од мене
Па и ништо од нив не добив
Само една навреда што го расеков небото
Оти тоа не е најдлабоко
Оти во животот постојат многу подлабоки нешта
Што умрените ги носат во своите мечти
А за нив само корењата знаат.

На сестра ми

Едно  враќање не ги враќа спомените
Иако бурјанот тежи врз немите гробја
Едно враќање не ги оживува спомените
Иако мајка ми ја кине завесата темна

А така тажен е овој насолзен град
Кога месецот крадум гробјето ги злати
Тогаш старицата останува негде сама
И долго чека некој да се врати

In memoriam

На татко ми

Требаше некако да заборавам на сè
На сè да заборавам пред закопот
Твоите раце веќе не беа небо
Нивјeто веќе не беа зелени
Само сенките се чувствуваа повеќе млади
Ветрот ја сокриваше играта
Што ја цртаа моите зеници
И јас не плачев
Оти требаше да се размислува
За кого коњите толку тажно 'ржеа во дворот
За кого радосните цвеќиња
Станаа сенки во моите раце
Требаше многу да се размислува
Пред земјата да ја однесе
Крвта
Што минуваше низ моите солзи.

Гробјата

Ги видов гробјата лежеа мртви
Без сенки
Без ништо загледани во многуте стебла
На животот
И во виорот на птиците
Што го цртаа
Ликот на мојата сестра
Тоа е тажна слика
Мислеше некој во мене
Само во квечерините
Кога гробјата се спремаат
Да отпатуваат некаде
Тогаш не знам не знам зошто
Не зборуваат ништо не ветуваат ништо
За мртвите
За времето
За младоста
Кога ми се причинува
Дека сè тие голтаат
Дека сè тие земаат.

Балада

Мајко не ја облекувај убавата егејска дреа
Ноќва сите предмети немаат корења
Ноќва моите раце станаа меѓа
И ги раздвоија убавите слики
Ноќва заедно ќе си умреме мајко
Ме болат мислите секогаш кога како лисје доаѓам
Да ја прикажам својата невиност
Своите очи што изгубиле сонца да бидат зелени
Кога јас како добра виолина
Ги смирувам само предметите
Само предметите да ја слушаат мојата тага
Кога уличниот агол имал таква смисла
Да биде повеќе забележан од мене
Кога нејзината смеа станала пресушени усни
Само за еден задоцнет миг
Кога таа немала никаква сличност
Со твојот кукушки јазик мајко
Мајко да бидеме лисје со неизмислена смеа
Можеби ветерот ќе ни каже збогум
И во својата боја ќе најдеме нова боја
Што ти ја чуваш
Во својот егејски гајтан
Ноќва во мојот сон нема румени цветови
А зошто им ја носам оваа убавина
Кога реков не со моќ на гола девојка
На ветар што изгубил профил
Од глупости
Од глупости

Катерина

О драга девојко
Те молам со сјајот на Фиренца
Со гитарата на Неапол
Дојди и спаси ме од овој тажен сон
Оти ова море
Оваа гола жена
Многу малку крие убост
Во својот дом
На брегот старите рибари
Плетат мрежи од твојата сенка
А морето толку е длабоко од неа
А морето толку е длабоко од неа
О драга девојко
Дојди со смевот на Катерина Валенти
И удри со својот глас во овој темен сон
Синоќа еден брод потона
А многу девојки останаа сами
Останаа сами во Фиренца
Кој ли сега наново ќе го смирува морето
Кога девојките останаа сами
Кој ли сега од песната на Фиренца
Ќе направи крстови
Кога таа протече
Со првите туристи од Париз
И пријателот од Лисабон
О драга девојко
Дојди со смевот на Катерина Валенти
И удри со својот глас во овој темен сон
Оти ова море
Оваа гола жена
Многу малку крие убост во својот дом

Доаѓа  темна  ноќ

И вечерва пак така тажно пак така тажно
Пропаѓам во себе
Две бои никогаш не можам да ги помешам
И како пред разденување
Во мене гаснат сите ѕвезди сите неони
А две сенки се фаќаат за мојата болка
И сè се топи и сè се топи како ден
Како ноќ
Драга Катерина
Имавме голем како сакања град
А вечерва со твојот смев умираат крововите
И стискот на рацете
Кога така ниско кога така ниско во квартот
Пропаднале облаците
А јас во својата без боја сенка
Барам траги од твоите прсти.

Post skriptum Катерина

Ти си интересна како зелена боја како зелена боја
Твојот пејсаж го наоѓам во песната
На полноќните пилци
Твоето заминување го наоѓам
Во секој застој
Во секој застој на реките
Твојата музика гребе по грбот на сите ноќни сенки
На сите паркови што останале без заљубени
Кога јас како тишина постојам секаде
Кога јас како ноќ ги палам сите прозорци
И сакам да те сретнам кога едно небо паѓа пред твоите нозе
Кога еден поглед еден невин поглед
Станува бела река
И сакам да станам ветар
За да ме забележиш кога доаѓам.

Поарно беше да  не ја сретнев

Кога сетив оти си минато оти повеќе нема мојот насмев
Да биде зелен
Ги замразив сите предмети што ги чуваа твоите погледи
Ги замразив сите лисја
Што добиваа боја од твојата смеа
Оти сега ти си тишина
Штом посегнам да те фатам
Ми окапуваат рацете
Па избива ветар од нив
И низ полето долго вијам
Сè дури не добијам облик на осамен волк
Кога се враќам ме одвлекуваат стреите
И станувам досаден како дожд
И многу чудно го препознавам својот разговор
Што ѕуни во тревките бели.

Црвена пролет

Таа црвена пролет што ми ја подарија твоите очи
Остана небо во мене небо
И при помислата да ги припитомам
Сите неразбирливи зборови
Останав немоќен
Како пред гробот на татко ми
Таа црвена пролет
Што протече со твоите очи
И што како човек ја надрасна земјата
Се претвори во птица
Што го надмина небото
И ја продолжи тагата на моите раце.

Нема смисла да ме прекоруваш Катерина

Те барав во сите предмети што тишината ги заборави денес
И влегов во сè што беше забрането да влезам
И оставив впечаток како белутрак речен
Кога во себе ги препознав сите што ме мразат
И исчезнав како збор што долго го изговориле
Разделените
И за миг само оставив трага врз една сенка
Што ветровите ја донесоа
Кога со звукот на ветрот отпатував некаде
Добив таков лет што ниеден инсект
Не го нацртал
И добив таква боја
Што ниеден пејсаж не ја украднал
Од сонцето
Кога јас како сенка не навредив ниедна тревка
Ни еден предмет
Кога јас како молчење си отидов
Како молчење
Катерина.

...

Анатомија на едно бегство

Стара, позната и докажана вистина е многупати повторуваниот факт дека секој поет целиот свој живот пишува само една книга, како доказ за неговото учество во општата колeктивна меморија. Ако поезијата претставува квантум од забелешки за интензитетот на оствареното постоење, или уште подиректно - ако стиховите се мерка за едно монументално сведоштво за интегритетот на еден поет - тогаш поезијата застапена во изборот “За нас нема збогум“, од современиот македонски поет Љубен Ташковски е најдобар пример за тоа - и за книга како книга по животот и за песна интегритет. Оттаму, ако суштината на поезијата е животот, а нејзината смисла поетизацијата на животот, преку застапените песни доаѓаме до посакуваниот одговор за поетското патешествие на Љубен Ташковски. како дел од македонскиот поетски кораб.

Изборот “За нас нема збогум“ содржи песни од сите првообјавени книги на Љ. Ташковски и тој на читателот му го понудува најрепрезентативниот дел од животната авантура на поетот. Велиме, животната авантура. бидејќи во овој случај таа комплетно се изедначува со поезијата. Тоа е поезија што може да се протолкува и доживее како глад за песна, желба за живот, духовна состојба судбински поврзана со татковината, македонското поднебје, Македонија и се разбира историјата, која како доминанта низ оваа поезија рефлектира како одблесок на лош сон. Се разбира. нема поезија без мечти и сонување, па токму затоа сонот и неостварените мечти од аспект на грубата реалност на постоењето и судбината на Македонците како дел од тоа, во поезијата на Љ. Ташковски добива суштествени посоки на движење и оформување на поривот. Од најраното детство отсликано во тагата на татковиот белогрив коњ, па преку животниот теснец на младините исполнет со дилеми и страхувања за сопственото потекло и барањето на корените. Овие впечатливи пасажи, исполнети со страв и трепети, се постојани сопатници на поезијата на Љ. Ташковски. Тие се присутни и во светлините на велеградот и во далечините на метрополите, тие се сенка на тажната муза од почетокот, па сè до почетокот на крајот. Крајот како дел од поетската задача.

Оваа анатомија на едно бегство, овој отпор кон дадените системи на вредности (кои целиот живот го детерминираат поетот, како историски, политички, културни, социјални, естетски и книжевни категории) секогаш имаше предност во авторовата борба: да се зачува естетскиот и моралниот дигнитет на поезијата, но и да се запазат националното и македонското како основни темели на таа поезија. Во таа секојдневна дигресија, моделот на создавање кај Љ. Ташковски никако не можеме да го одвоиме од роднокрајните трагедии и колективната македонска катаклизма на XX век, посебно онаа на Македонците од Беломорска Македонија. Таа реалност во случајот со поезијата на Љ. Ташковски е Митска земја - бидејќи за неа слушаше само од страдањата и зборувањата на неговите најблиски. Тука забраната беше повеќе од проклетство. Токму затоа никогаш не успеа тоа духовно присуство да го материјализира конкретно. Значи, секогаш присуството во Егејска Македонија се одвиваше само преку стиховите и копнежите по југот и родниот Кукуш. Најблиската точка до родниот крај беа бреговите на Дојранското Езеро од каде ги гледаше татковите и мајчините ливади.

Така, низ оваа тажна призма, доаѓаме до основниот и одбележувачки елемент од поезијата на Љ. Ташковски, односно до темната и тешка, но препознатлива нишка на националното, кое низ целиот негов живот, кај строгите набљудувачи на неговата работа создаваше големи перипетии и отпори. Но, таа строгост на тогашните авторитети, кај авторот мотивираше цели бранови нов и свеж порив, кој се јавуваше како отпор на строгите полициски и службени калапења на духот. Така, забелешките, политичките накалемувања. кодошењата и, се разбира, постојаниот презир на големиот дел од книжевннот еснаф, наместо “скротување“ доведоа до цели врутоци “сомнителна“ поезија, се разбира од аспект на проследувачите. А, од сето тоа најголема полза имаше режимот, кој држејќи се отстрана сето тоа го канализираше како позитивна демократска придобивка во рамките на тогашниот југословенски систем на контролирање на умовите. Меѓутоа, во внатрeшниот круг тој систем никако не престануваше со жестокото сецирање и постојаниот психолошки терор врз сите обиди да се излезе од востановениот начин на размислување.

Овој терор, оваа вивисекција врз поетското тело на Љ. Ташковски, остави траги во однесувањето и општењето на поетот со околината и тоа резултираше со одредена интровертност, што полека стануваше главна карактеристика до крајот на неговиот живот. Оваа видлива страна на неговото бегство допираше само до надворешните ѕидови на авторовата креација, бидејќи никогаш не успеаја (ни процесот ни носителите на тој процес) да загосподарат со неговото основно поетско кредо.

Потеклото од Кукуш, кај Љ. Ташковски се јавува како судбинска важност. Оттука произлегува силниот јужен набој, националниот укит на неговата поезија и строгата македонска линија во песната. Како што би рекол Димитар Митрев “татковинското претставува целосна инспирација во творештвото на Љубен Ташковски“. Овие битни карактеристики само ја дооформуваат смислата на стиховите, кои преку својата содржинска. воспитна, историска, па ако сакате (разлика е во пристапот) и од нивната политичка димензија единствено можат да се разберат само како борба за култивизирање на вулгарниот комунистички сензибилитет, присутен во тогашна Македонија. Сензибилитет преполн со испревртени и лажни состојби за нашите вистини и историски празни простори и, се разбира, со лажни книжевни вредности.

Токму затоа, одредени стихови на Љубен Ташковски се, и треба да бидат, со радикална димензија, за да се долови разликата на неговото видување со она на другите од неговото време. Оваа диференција специфика бара нов начин на објаснување на одредени историски, социолошки и психолошки законитости карактеристични за втората половина на македонскиот 20-ти век.

Оттука, методот за објаснување на поетското бегство на Љ. Ташковски преку неговите стихови, неминовно наведува на фактот дека тој како автор целиот свој живот беше политички непосакуван, иако политиката го држеше успешно на тенката линија на толерантноста. Оваа позиција на повеќе студено отколку топло, врежа траги во развојниот пат и животот на авторот. Рефлектираше врз неговото семејство и, секако, изврши клучна детерминанта во неговото творештво, кое никако не можеше да биде мотивирано со толку потребните импулси за интонирање на неговите поетски пораки. До каде допреа тие пораки ќе каже времето што допрва доаѓа. Вистина е дека животното опкружување на Љубен Ташковски бележеше постојан отпор кон неговото дело и отстранување на сите можности за една негова повалоризирана општествена верификација. За време на неговиот живот бележиме најразлични амплитуди на создавање и оддалечување. Неговите поетски првообјавувања по правило секогаш беа строго контролирани. Во животниот пресек на Љ. Ташковски треба да се навсде дека бил санкциониран од власта и со затворска казна од чисто политички мотиви: но и тоа дека таа иста власт со голема симболика му оддала и минимални почести, за да се зачува поетскиот дигнитет. Дури, едно време ставајќи го за изучување во образовниот систем по предметот македонска литература. Таа симболика допрва ќе треба да излезе од круговите на апсурдите со кои е полна македонската литературна историја.

Се разбира, овој откос од животот на мојот татко не би бил комилетсн, ако во него не ги одбележам и неговите прекрасни човечки квалитети. Од него ја наследив љубовта кон книгите и ги научив првите тајни за светската книжевност и поезија, особено руската и француската и, секако големината на балканските литератури. Ме зачудуваше колку долго можеше да рецитира стихови од неговите омилени поети: Есенин, Тин Ујевиќ, Мајаковски, Вапцаров, Јаворов, Славејков, Вазов, а посебно од Бодлер и Маларме.

Страотно го сакаше животот, дружењето и расположението на луѓето што го опкружуваа. Можам слободно да кажам дека тој бсше еден од последните македонски боеми, а кога веќе го споменувам ова чувство на возвишен спој меѓу духот и ослободувањето од надворешните стеги, не можам а да не го споменам неговото другарување со македонскиот поет Чедо Јакимовски. Тоа беше нешто огромно, што излегуваше надвор од обичното пријателство. Тоа беше поетско братство, артикулација што само во такви два препознатливи света можеше да има таква впечатлива димензија. Впрочем, и здравствената состојба на татко ми почна рапидно да се влошува веднаш по смртта на Чедо Јакимовски. Велеше дека со умирањето на Чедо заминува нешто од него.

Но, тоа е поезијата. Дијалозите меѓу поетите се нивните пораки и несни. Другото се само биографски белешки, кои некој и некогаш ќе ги запишува и објавува. Оставштината на татко ми не е многу голема. Успеав да пронајдам само петнаесет необјавени песни, кои ќе ги објавам во некоја поинаква прилика. Ова најверојатно се должи на неговиот посебен однос кон режимот и луѓето што целиот живот сакаа да му се доближат. Па така, огромниот дел од неговата архива тој лично го уништи во времето на неговото прво претчуство дека борбата со стариот систем на вредности, по сè изгледа во неговиот живот е изгубена. За жал, новото време не успеа да го дочека.

На крај, треба да се напомене и неговата вечна припадност кон југот и кон неговата родна Струмица. Тој никогаш не се чувствуваше дека го има напуштено родниот крај. Секогаш, каде и да беше, Струмица беше прва, па потоа сè друго. Југот остана негова главна преокупација и по негова желба Југот е одбран и за негов вечен дом.

Текстот го завршувам со следното објаснување: не е непознато синот да пишува за својот татко, и тоа од аспект на проследување на една завршена книжевна актива. Со сигурност историјата натаму ќе навлезе и во другите делови на поетската енигма на Љубен Ташковски, бидејќи отворањето на оваа поезија допрва следи.

Братислав Ташковски

На Растку објављено: 2007-12-11
Датум последње измене: 2007-12-10 15:25:52
 

Пројекат Растко / Проект Растко Македонија