Гане Тодоровски
Македонија - вековита и непореклива (одломки)
Летописот на македонската опстојба низ вековите прилега на неверојатна приказна: речиси, нема многу вакви или слични примери во историјата, за олку жилавост и истрајба пред непогодите на времињата!
Македонија како почва и традиција, како етнички организам и како општествена организација, ќе треба да помине низ милениумски долг период на молк и анонимност, ќе треба да тлее под пепелта на долга и неправедна целосна обесправеност, потчинетост и ропства од најразличен вид, додека не се појави на историската сцена кон средината на нашиов век како феникс-птица, како рамноправник на големото семејство на народите и државите.
Тој бескрајно долг и кривулест пат, исполнет со блескотни страници на едно величествено истрајување, Македонија го минува низ лавиринтот на времето со една феноменална исклучивост: нација којашто конечно ќе се конституира дури кон средината на XX век, стекнувајќи се со прерогативите на своја држава и јазик; нација од европски профил, лоцирана во срцето на Балканот…
…
Иако благонаклонетоста на судбата најчесто ги разминувала, Македонците во својата ВИА ДОЛОРОСА врашки упорито чекореле кон хоризонтите на надежта, па успеале конечно да се доближат до големата цел да се опстои низ премрежјата на долгата и исцрпувачка борба, проследена од востанија и од порази, од пркоси и поревања. Суровата школа на егзистенцијата ги научила Македонците на впечатлива издржливост.
...
Како самостојна држава Македонија постои во античкиот период. Тоа била робовладелска држава што се наоѓала на територијата на едноимената област, порано наречувана Ематија. Древната Македонија се граничела на југ со Грција, на запад со Епир, на северозапад со Илирија и на исток со Тракија. Основно население во државата биле македонските племиња Орести, Елимиоти, Еродејци, кои етнички биле блиски до Илирите, Тракијците и Грците.
Во шестиот век пред нашата ера Македонија нема поблиски комуникации со грчката држава и култура, таа во општествен поглед живеела во првобитен поредок, но веќе кон петтиот век пред нашата ера влегува во етапата на таканаречената воена демократија. Кога развојните процеси на општествен план веќе ја вклучуваат и Македонија во класното општество, доаѓа до првото обединување на расцепканата земја на одделни области, доаѓа до политичко обединување.
Царот Александар Први (498-454 година п.н.е.) е првиот обединител на Македонија. Царот Архелеј ја зацврстува централизацијата и воведува парични и воени реформи (431-399), додека во времето на Филип Втори (359-336) македонското царство се проширува. Тој ја реорганизира војската, ги ликвидира сепаратистичките тенденции, а со битката кај Херонеја (338 година пред нашата ера) им го нанесува на Грците, т.е. на сета антимакедонска коалиција, најголемиот пораз и ја издига Македонија во една од најсилните држави на Балканот.
Наследникот на Филип Втори - неговиот син Александар Македонски или наречен уште Александар Велики (356-323 година п.н.е.) ги продолжува завојувачките походи. Хегемонијата над Грција и врз поголем дел од Балканот е утврдена со Коринтскиот конгрес во 337 година. Александар ја уништува моќната држава на јужниот сосед и во своите походи на исток доаѓа до Индија. Тогаш Македонија е центар на огромна држава што се простира на три континенти и која го достига врвот на својот развиток.
По смртта на Александар Велики, македонската држава почнува да се распаѓа. Завојувачките стремежи на Римјаните на Балканот доведуваат до трите т.н. Македонски војни (214-205, 200-197 и 171-168 година п.н.е.). По ова Македонија е покорена и поделена на четири автономни области во рамките на римската провинција, со центар во Солун и со втор центар во Стоби.
…
Од крајот на шестиот па до средината на седмиот век, речиси цела Македонија, со исклучок на градот Солун, ја населуваат словенските племиња - Драговити, Сагудати, Велегизити, Струмјани, Ринхини, Смолјани, Березити, Копановци, итн., итн. Овие новодојденци се мешаат со староседелците, асимилирајќи ги мошне брзо и создавајќи го со тоа идниот етнички амалгам на склавините или македонските Словени, т.е. Македонците.
Меѓутоа, наоѓајќи се на најпрометниот дел на Балканот, македонските Словени набргу ќе станат објект на туѓинските аспирации и на завојувачки војни, зашто моќната Византија, во нивната евентуална поцврста државна организација, секогаш ќе гледа потенцијална опасност од создавање на нова словенска држава. По жилав и долг отпор од преку 200 години, македонските Словени ќе бидат покорени од Византија.
...
Византиската превласт на Балканот е силна и во десеттиот век. Се вршат процеси на интензивна феудализација на општеството, се развиваат земјоделството и територијалната селска општина, се зацврстува власта на кнезовите (архонтите) и се шири христијанството. Но, веќе започнуваат и нови процеси на општествена диференцијација. Сè повеќе се зацврстува феудализмот, што доведува до силен отпор кај македонските Словени, познат под името Богомилско движење. Овој противфеудален стремеж на најшироките слоеви на народот повремено се изразува и во буни и востанија.
Едно од најпознатите противвизантиски востанија е буната на синовите на брсјачкиот кнез Никола во 976 година. Синот на Никола - Самоил, до крајот на десеттиот век успева да ја ослободи цела Македонија и да ја организира првата државна заедница на македонските Словени.
Самоиловото царство трае од 976 до 1018 година. Тогаш Македонија е една од најсилните држави на Балканот, со центар најпрвин во Преспа, а потоа во Охрид. Нејзината црква има ранг на патријаршија. Во рамките на Самоиловата држава влегуваат Тесалија, Епир, дел од Албанија со Драч, северна Бугарија, Босна, Дукља и Рашка.
...
Откако на Византија ќе ѝ успее да го порази Самоил во 1014 година во битката кај Беласица, за Македонија започнува долгата врвица на повеќевековно робување - најпрвин Византија, потоа бугарските и српските завојувања, па најпосле турското османлиско ропство кое ќе се протегне низ седум календарски векови, а со вкупно петстотини и дваесет години (од четиринаесеттото до дваесеттото столетие).
Поробена од почетокот на единаесеттиот век, Македонија постојано се извишува низ свои величави мигови на непокорност. Тоа се првин востанијата против византиската власт: на Петар Делјан во 1040/41 година и на Георги Војтех во 1072/73 година, обете задушени во крв. Во дванаесеттиот век имаме пројави на слободни македонски области под управа на самостојни кнезови. Така, во областа на Струмица кон 1185 година го имаме Добромир Хрс, кој е поразен дури во 1202 година. Владетелот на Пресека, кнезот на Загорија - Стрез, успева да ослободи дел од Македонија и да создаде самостојна област меѓу Скопје и Солун и Охрид и Струмица, меѓутоа со интриги и насилства тој е убиен во 1214 година, а неговото кнежевство се распаѓа. Од 1230 па до 1241 година Македонија ја владее бугарскиот цар Иван Асен Втори. Во тринаесеттиот век кон Македонија започнува да се шири српската држава. Кралот Милутин успева да завладее дел од Македонија (северниот дел), додека во времето на цар Душан цела Македонија потпаѓа под српска власт (1331-1355) и станува центар на големото српско Душаново царство, чија престолнина е Скопје.
По Душана, Македонија ја владеат српските феудални кнезови како независни феудални господари на одделни области. Тоа се: Волкашин (Западна Македонија), Јован Углеша (Југоисточна Македонија) итн. По поразите од страна на Турците кај реката Марица, во Тракија (1371) и на Косово Поле (1389), српското владеење на Македонија престанува. Набргу целата Македонија е завладеана од Турците, па до самиот крај на четиринаесеттиот век, сè до распаѓањето на османлиското царство во 1912 година, трае периодот на турската хегемонија.
…
Македонците земаат активно учество во борбата против турскиот гнет. Тие се пројавуваат во Српското и Грчкото востание (во 1804 и во 1821 година) со свои чети. Најмасовното востание против турската власт го имаме во времето на големата Австро-турска војна, во 1689 година. Тоа е Карпошовото востание.
Во текот на осумнаесеттиот век, кога во Македонија се случуваат големи општествени промени (распаѓањето на турскиот феудален систем, преминот од натурално кон стоковно-парично стопанство) градовите растат, се создава граѓански сталеж, па постепено се јавуваат зачетоци на културно и национално будење. Се шири мрежата на просветата, се создава литература на народен јазик, се печатат првите книги на македонски јазик. Тоа е преродбата во деветнаесеттиот век, распослана низ сите негови десет декади.
Овој процес најавува една колективна пресметка на поробениот македонски етнос со двојниот угнетувач: грчкото духовенство и турската власт. Таа тешка битка се води сè до 1912 година. Актери на таа жестока битка за да се биде или не, се: ајдутите, комитите, револуционерите, преродбениците, писателите. Меѓу нив, на преден план, се истакнуваат имињата на Димитрија и Константин Миладиновци, Партенија Зографски, Кузман Шапкарев, Горѓи Пулевски, Григор Прличев, Крсте Мисирков и други, и други.
Создавањето на организиран отпор против петвековното турско владеење почнува кон крајот на деветнаесеттиот век, откако неколку локални востанија и буни ја растресуваат земјата, отворајќи пат кон нови подвизи. Тоа се: Кресненското востание од 1878 година, Брсјачката буна од 1880/81 година, акциите на војводите дедо Иљо Малешевски, Спиро Црне, Сирма Војвотката и др.
Кон крајот на 1893 година, во Солун се ставени основите на Внатрешната македонско-одринска револуционерна организација, популарно позната под името на ВМРО, како израз на фазата кога започнува колективниот отпор на Македонците против султанската власт. ВМРО ќе се залага за автономија на Македонија во рамките на турската држава. Основачи на ВМРО се: Дамјан Груев, Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Петар Поп Арсов, а нејзини познати активисти и раководители подоцна ќе бидат Јане Сандански, Димо Хаџи Димов, Пере Тошев, Никола Карев и др. Во овие години се создаваат и првите социјалистички групи во Македонија, кои прокламираат дека ослободувањето на Македонија е работа на самите Македонци и ја пропагираат идејата за создавање самостојна и независна македонска република. Оваа идеја историски се промовира низ два големи настана: АСНОМ (Антифашистичко собрание на народното ослободување на Македонија) на 2 август 1944 година, кога е прокламирана македонската држава во рамките на Југославија (ФРМ, НРМ, СРМ), и со Референдумот од 8 септември 1991 година, кога е прогласена независна Република Македонија, а набргу е донесен и нов устав на државата (17 ноември 1991 година).
Кулминација на своето дејствување македонската револуционерна организација достигнува во Илинденското востание од 2 август 1903 година, кога во Крушево е прогласена десетдневната Крушевска македонска република - првата република на Балканот. Македонските народни маси се креваат со оружје в рака во решителна пресметка со поробувачот, но во нерамната борба со далеку посилниот непријател, крваво се поразени. Востанието не успева, меѓутоа светот веќе нашироко е запознат со готовноста и решеноста на македонскиот народ да ја извојува слободата со сопствени сили.
Во 1912 година, во текот на Балканските војни што се водат на територијата на Македонија, дефинитивно е урнато петвековното турско владеење во Македонија. Сепак, иако Македонците земаат масовно учество на страната на сојузничките војски (бугарски, српски и грчки), Македонија не се здобива со слобода. Со договорот во Букурешт од 10 август 1913 година, Македонија е разделена меѓу Србија, Грција и Бугарија (Вардарска, Егејска и Пиринска Македонија). По Првата светска војна, со договорот во Неј (1919), оваа поделба е санкционирана.
…
Во текот на речиси петгодишната крвава борба, во заедница со другите југословенски и балкански народи, македонскиот народ за првпат во својата историја се здобива со слобода и со своја државноправна институција. Тоа е Федерална Република Македонија, денес независна Република Македонија, член на ООН (од април 1993 г.).
…
Од IX па сè до XIX век на македонска почва настануваат стотици писмени паметници, од кои добар дел се зачувани, и кои евидентно и илустративно зборуваат дека во Македонија, во огромниот растег од речиси милениум години, пулсирала една писменост и култура што го претставувала македонскиот народ како високо културен народ, којшто во ризницата на словенската писменост, а со тоа и на светската цивилизација воопшто, има внесено неизбришливи и ценети траги на културни вредности.
Најблескотна трага од таа богата културна традиција, никната на македонска почва, секако претставува создавањето на словенската азбука (глаголицата и кирилицата). Со право е речено дека, кога се говори за Македонија, не може на неа да се гледа како на земја која штотуку излегува на патот на цивилизираното општество и која штотуку се буди, туку мора да се гледа како на една стара цивилизација и култура, која била потисната и која сега пак добива можност да се развива.
Оттука, кога ќе се каже дека почетокот на писменоста и литературната дејност кај Македонците значи и почеток на писменоста и литературата на словенските народи воопшто, не е никаква фраза, зашто првите словенски текстови кои ги сочинуваат словенските браќа Кирил и Методиј се напишани со дијалектот на македонските Словени од околината на Солун.
Кирил и Методиј (826-969 и 815-885) се основоположници на словенската писменост и литература. Родени се во Солун. Тие ги бранеле позициите на христијанството и на византиската култура сред паганските народи. Најпозната е нивната мисија од 862-863 година во Моравија, кога по молба на моравскиот кнез Растислав до Византија, одат таму за да ја организираат словенската црква и да и се противстават на германизацијата, спроведувана од германско-латинското свештенство. За таа цел Кирил ја создава глаголицата и на неа ги напишува потребните црковни книги, преведени од грчки јазик. Во Моравија и Панонија тие го зголемуваат фондот на првите словенски книги.
Во тогашната констелација на христијанските култури, Кирил и Методиј водат жестока борба со поставките на таканаречените тријазичници, кои сметаат дека словото божјо може да се шири и да се распространува само на еврејски, грчки и латински јазик! Кирил ги побива овие поставки, афирмирајќи го правото на секој народ да се просветува на својот јазик.
Кирил и Методиј, со својата пионерска дејност, стануваат основоположници на словенската литература, на општословенскиот литературен јазик и правопис, со сета своја книжевна актива, со создавањето на првото словенско писмо и со преводите на најважните црковни книги. Најдобра претстава за оваа нивна дејност ни даваат зачуваните глаголски писмени паметници: Зографското евангелие, Мариинското евангелие, Синајскиот псалтир и Синајскиот требник. Кирил и Методиј ја превеле на словенски Библијата, како и многу други богослужбени книги, а се јавуваат и како автори на ред оригинални состави (молитви, беседи и житија).
Делото на Кирил и Методиј го доживува своето продолжување и полн расцут токму во Македонија (тогаш под владеење на бугарскиот цар Борис), од каде што се шири и во другите словенски земји.
Директни продолжувачи на Кирило-Методиевото дело во Македонија се нивните најблиски соработници Климент и Наум. Климент Охрдиски (840-916) е создавач на Охридската книжовна школа. Како најдобар ученик на Солунските браќа, тој по прогонувањето од Моравија за постојано се населува во областа Кутмичевица (денешна Западна Македонија) и некаде по 887 година ја започнува својата блескотна и плодна просветителска дејност. Низ цела Македонија отвора училишта во кои се учат деца и возрасни, го формира својот универзитет на кој се учат над 3 500 ученици. Со тоа тој израснува во најпрочуен словенски педагог на своето време. Во 893 година Климент Охридски е ракоположен за прв словенски епископ во областа Велика (Охридско). Го воведува словенскиот јазик во официјалната богослужба во Македонија и Јужна Албанија, подига ред цркви и манастири, држи проповеди сред народот на разбирлив народен јазик и станува еден од првите творци на словенската и македонската литература, како автор на поголем број пофални и поучителни слова, црковни песни и др.
...
Најстариот зачуван кирилски паметник е откриен во Македонија. Тоа е надгробната плоча на царот Самоил од 993 година, најдена во селото Герман, Преспа. И вториот по старост кирилски паметник е од Македонија. Тоа е Варошкиот натпис најден во Прилеп, од 996 година.
Од Македонија потекнуваат неколку најпознати паметници на словенската писменост, пишувани со кирилица, а во кои се среќаваат елементи на македонската редакција. Тоа се: „Охридскиот апостол“, „Болоњскиот псалтир“, „Битолскиот триод“, „Станисавлевиот пролог“, „Лесновскиот псалтир“. Од другите зачувани ракописни зборници ќе ги споменеме уште: „Поп-Јовановото евангелие“ (XII век), „Вранешничкиот апостол“ (XIII век), потоа „Добромировото евангелие“, „Григоровичевиот паремејник“, „Слепченскиот апостол“, „Добрејшовото евангелие“, „Радомировото евангелие“ и др. Сите овие паметници потекнуваат од периодот меѓу XII и XV век. Од подоцнежното време имаме ракописни текстови во кои постепено навлегуваат елементи на македонските современи говори. Тоа се зборници од беседи и молитви и разни популарни текстови, наречени дамаскини.
Македонскиот јазик во литературна употреба, главно како неофицијална норма, се воведува уште во текот на турското владеење во Македонија, особено во XIX век, почнувајќи од Данииловиот „Четиријазичник“ (Венеција, 1802), преку делата на Кирил Пејчиновиќ, Јоаким Крчовски и Теодосија Синаитски, од првите децении на XIX век, па сè до појавата на првата генерација македонски писатели од средината на минатиот век: Димитрија и Константин Миладиновци, Рајко Жинзифов, Григор Прличев, Георги Динков, Андреја и Константин Петковиќ, Марко Цепенков, Кузман Шапкарев и др. Преку нивните дела, народниот јазик се издига на степен на литературна норма.
Идеите за создавање на македонски литературен јазик научно и прецизно ќе ги образложи Крсте Мисирков (1874-1926) во својата книга „3а македонцките работи“ (1903). Тие идеи целосно ќе ги прифатат генерациите од Првата и Втората светска војна, така што по победата на Народната револуција (1941-1944), во почетокот на 1945 година официјално е кодифициран македонскиот правопис со указ на Народното собрание на Македонија.
На македонскиот литературен јазик, денеска, во услови на регуларен и легитимен развој на РМ (1945-1995), што значи: низ развојна етапа растегната низ половина век, се создава богата и развиена литература. Македонската современа лнтературна норма е создадена врз дијалектната основа на централните и западните македонски говори и врз писмената традиција во XIX и првите четири децении на XX век - Миладиновци, Прличев, Цепенков, Шапкарев, Мисирков, Чернодрински, Венко Марковски, Рацин.
…
Денес на современиот македонски литературен јазик, покрај јавната употреба во јавната комуникација, училиштата. т.е. образовните институции од сите три степени (основно, средно и високо). Администрацијата, печатот, радиото и телевизијата, театрите и филмот и друтите видови масовни медиуми, се создава национална литература, се преведуваат најпознатите вредности од светската духовна рнзница, а на повеќе универзитети во светот се проучува како одделен јазичен феномен.
Македонија е вековита и непореклива. Таа е денес, на самиот истек на XX век, историска, политичка, економска и, пред сè, културна реалност. Сместена меѓу фактите и метафорите. Македонија поимски се прелева надвор од своите постојни државни граници со богат евидентен влог во општата ризница на човечката цивилизација: не е малку да се биде во светската меморија сместен преку живи асоцијации за името на Александар Велики: за имињата на општословенските просветители Кирил и Методиј: за името на пронаоѓачот и воведувач на кирилицата свети Климент Охридски: за името на трагичниот цар Самоил и Богомилското движење: за достоинствените и слободопосегачки востанија на Кресна и двата Илиндена: за пртечниов миг на малата државна единица во која се гради на дело и во која се осмислува реалноста на мирот и демократијата, во која се развива и облагородува идејата за добрососедство и етничко-конфесионална толеранција. Македонија денес е мал, драгоцен и дејствен прилог во општите напори светот конечно да заприлега на братска заедница во која разумот ќе биде врховен и величествен принцип на опстојувањето.
Оттука, пристои наместо заклучок, во еден ваков краток компендиум кон книга во која се настојува сестрано да се растајни феноменот на нејзината вековитост и непорекливост, да се преповтори профетската порака на еден нејзин апсолутен сонувач, на Петар Поп Арсов, изречена драматично на почетокот од овој век:
„Македонија дури и да не постоеше, потребно ќе беше да се измисли за доброто и за мирот на Балканот“.
Па, кога таа веќе постои и успешно опстојува, да ѝ посакаме долголетие и понатаму низ времињата, како драгоцен пример на човековото достоинство.
Датум последње измене: 2008-07-28 10:53:23