Славица Тасева, Ване П. Секулов

Термата - доцноримското термално лекувалиште, с. Банско

I.

Селото Банско се наоѓа 12 км југоисточно од Струмица, југоисточна Македонија (сл. 1). Источниот крај на селото, каде што се наоѓа и изворот на термално-минерална вода, кај населението е позната под името Бања. Орографски припаѓа на северните падини на п. Беласица која има ѓенерално протегање исток-запад. Во геолошката градба на теренот се застапени слоеви од стариот палезоик, неогенот и квартерот. Локалитетот во тектонска смисла му припаѓа на Македонско-Српскиот тектонски масив, односно Беласичкиот расед долг 45 км во правец исток-запад со пад кон север под агол од 65°, и по чија должина дошло до формирање на раздробени зони и катаклизати-милонити. Сето ова условило овде да се појават значајни извори на термални води¹.

Археолошките ископувања на локалитетот Доцноримско термално лекувалиште се започнати во 1978² година и со кратки прекини се одвиваат во континуитет и денес. До 2002 г. со ископувањата раководеше Јован Ананиев советник археолог од Завод и Музеј Струмица. За жал неговата прерана смрт го спречи да ги заврши започнатите истражувања. Со досегашните кампањи е опфатен простор од околу 1 500м² на кој е откриено добро сочувано доцноримско термално лекувалиште (сл. 2). Објектот ги користел термално-минералните води на изворот Парило” кој се наоѓа педесетина метри југозападно од бањата. Капацитетот на изворот е 42 л/с со температура на водата од 72°С, доволно за снабдување и квалитетно опслужување на бањата. Водата во себе содржи тешки минерали кои при таложењето формираат дебела наслага од бигор. Со дебели наслаги од бигор е прекриен и целиот простор помеѓу изворот и бањата.

Досега се откриени единаесет простории сите со различна намена, но сите во функција на вршење на обредот капење, лечење и уживање во термалната вода. Целосната површина на досега откриената архитектура е 623 м (сл. 3). Девет од нив се извонредно сочувани, сочуваноста е посебно изразена во просторијата 1, каде се зачувани еден крстаст и еден полукружен свод и во просторијата 5, каде над кадата е сочувана полукуполата. Кај останатите простории сочувани се почетните партии од сводните конструкции.

II.

Просторија бр. 1

Просторијата се наоѓа помеу просториите бр 4 и 10 на југоисток и Просторијата бр. 3 на северозапад со кои заокружува една функционална содржина. Во правец си-јз е со должина од 7 м и е поделена на два дела (сл. 4). Североисточната половина, со димензии 3,90х3,10, каде е системот за подно и ѕидно загревање на просторијата, односно хипокаустот . Во централниот дел, со правец сз-ји се наоѓа главниот канал преку кој системот за затоплување се снабдувал со топла пареа. Должината на каналот е 3,10 м, длабочината 0,60 и ширината 0,45 м. Системот за подното загревање се шири низ целата површина во североисточната половина на просторијата и е систем од пет реда со по три арки, кои се носени од ѕидани колони и формираат канали за циркулација на топлиот воздух (сл. 5). Од последниот ред арки до ѕидот, ѕидани се правоаголни цевки (тубули), кои целосно го обложуваат североисточниот и северозападниот ѕид до висина од околу 2. 00 м. Во системот за подното греење дефиниран е доводот и одводот на топлата вода и топлиот воздух. Југозападната половина на просторијата е када со димензии 2,60 х 2,30 м и длабочина од 1,00 м. Подот како и ѕидовите на кадата се малтерисани со водонепропустлив малтер. Спојот на дното со ѕидовите се порабени исто така со хидростатен малтер. Во северната половина од североисточниот ѕид е вратата преку која се влегувало во просторијата, но во фазата на ширење на бањата која следувала оваа врата е заѕидана. Во Просторијата бр. 3 се влегува преку вратата која е сместена во северната половина на северозападниот ѕид. Комуникцијата со Просторијата бр. 4 е преку лачна врата широка 2,35, висока 3,00 и длабока 0,70 м. во сверната половина од југоисточниот ѕид. Оваа просторија ги има зачувано и сводовите. Североисточната половина е засведена со крстаст свод, додека пак сводот над кадата е полукружен. Покривната конструкција е од два типа на тегули и тоа лачни на сводните површини и рамни на завршетокот на сводот, кои играле функција на олук. Просторијата има и два лачни прозорци: еден на југозападниот зид и еден во централниот дел од југоисточниот ѕид и кој гледа кон Просторијата бр. 10.  

Просторија бр. 4

Просторијата е сместена помеѓу Просторијата бр 1 на северозапад и бр. 10 на југозапад (сл. 6). Долга е 6,40, широка 3,15 м со правец на простирање сз-ји, и функционално прават една целина со Просторијата бр. 1 од каде што продолжува и каналот за пареа кој оди по целата должина на просторијата и излегува преку југоисточниот ѕид. Од двете страни на каналот продолжува системот за подно и ѕидно загревање на просторијата исто како во Просторијата 1. Покрај североисточниот ѕид е подигната клупа со должина од 3,35м, широка е 0,35 и висока над подот 0,50 м (сл. 7). Помеѓу клупата и ѕидот има 13 вертикално поставени правоаголни керамички цевки (тубули) преку кои се загревал овој ѕид. Према последниот отпечаток на зидот од малтерот во кој биле зазидувани тубулите, тие биле зидани во висина од 1. 30м над клупата. Ваква клупа има и покрај југозапдниот ѕид, но кај неа цевките се затворени во клупата и тие не излегуваат над неа. Источниот агол на просторијата е за 0,23 м повисок од останатиот дел и овој простор со димензии 2,30х1,82 м е поплочен со мермерни плочи. Веднаш до овој дел, во јужниот агол од просторијата е подигната ѕидана када со надворешни димензии 1,96х0,92 м со длабочина од 0,50м. Во средината на југоисточниот зид постои зидана ниша,чија што намена не ни е позната. Во Просторијата бр. 4 се влегувало од Просторијата бр. 1 преку вратата која е преку целиот северозападен ѕид и која веќе ја опишавме. Во западната половина од југозападниот ѕид е комуникација со Просторијата бр. 10. Тоа е голем лачен прозорец со ширина од 2,35 висина 3,00 и длабочина од 0,70м.

Кровната конструкција на оваа просторија била свод од тула. Сводот се простирал на пократкиот распон од просторијата, односно на североисточниот и југозападниот зид. Постојат остатоци на засводување по целата должина на југозападниот зид, по кои што може да се дефинира и висината на сводната конструкција.  

Просторија бр. 10 

Оваа просторија е доградена до Просторијата 4, истата е сместена помеѓу Просторијата бр. 1 на северозапад и бр. 4 на североисток (сл. 8). Димензиите на просторијата се 3,20х3,05м. Подот е од малтер со примеси на ситни камења. Рабовите помеѓу ѕидовите и подот се порабени со малтер, исто како и кај сите други простории каде што лежела вода. Подот има пад од југозапад кон североисток, со најниска точка во источниот агол од просторијата каде што има и два отвора за одводнување на просторијата. Доводот за вода во оваа просторија сеуште не е дефиниран. Малтерот е зачуван на сите ѕидови на различна висина. Највисоко е зачуван во јужниот агол до висина од 1,80м. Тој е хидростатен, двослоен со изразито црвена боја и многу мазен. На сите четири ѕида од просторијата има лачни отвори во кои се прозорците. Најголема е нишата на североисточниот ѕид, кон Просторијата бр. 4 и преку која се влегувала во Просторијата бр. 10. Се слегувало преку две скалила од кое горното е вовлечено во ѕидот додека долното е исфрлено во вид на клупа. Две вакви клупи има под нишата со прозорец на северозападниот ѕид кон базентот од Просторијата бр. 1 и тие служеле за седење на капачите. На југозападниот зид лачниот отвор е зазидан и е во функција на ниша.  

Просторија бр. 3

Просторијата бр. 3 е централна просторија околу која се има формирано целиот комплекс на бањата, како во првата, оргиналната фаза така и во доградувањата кои следувале и низ времето и низ просторот. Југоисточно од неа се Просториите бр. 1, 4 и 10. Подоцна од нејзината североисточна страна се прилепени Просториите бр. 2 и 5. Димензиите на просторијата изнесуваат 12,80џ10,70м со правец на простирање североисток-југозапад (сл. 9). Централно место во просторијата зазема базентот со димензии 10,70 х 8,50 м односно со површина од 92,88м². Длабочината изнесува од 1,30 до 1,55 м. Во базентот се слегувало преку двете полукружни скали со по три скалила кои се во јужниот и западниот агол од базентот. По целата североисточна страна има скала со три скалила, додека пак по југоисточната и северозападната страна по целата должина има по една клупа за седење на капачите. Подот е поплочен со тули. Одводот за истекување на водата е во источниот агол. Околу базентот има одна патека со ширина 1,05м.

ѕидовите во оваа просторија се сочувани во висина од околу седум метри. На северозападниот ѕид има три ниши. со по еден прозорски отвор од кои само средишниот е отворен, а во долниот дел во двете ниши постојат ѕидани клупи. Аналогно на овој е и југоисточниот ѕид, со таа ралика што во првата ниша до североисточниот ѕид е вратата која е влез во Просторијата 1. На североисточниот ѕид исто така има три ниши,во двете има клупи, а во северната има врата која е комуникација со Просторијата 5. Лево и десно на југозападниот ѕид постојат полукружни кади од кои западната е заѕидана (сл. 10). Во кадата се влегува преку ѕидче-скалиште од двете страни. Доводот и одводот во оваа када се дефинирани. Подот во кадата е со тули. Помеѓу двете кади има ѕидан постамент, на кој има дебела наслага од бигор. На него била поставена фонтана од која се вливала вода во базентот. Со топла вода тој се снабдувал и преку канали од кадите и од каналот кој доаѓа од јужниот агол на просторијата. Во горната зона на југозападниот ѕид постојат две ниши над кадите,кои се заѕидани, а зад постаментот има централна ниша која завршува со прозор кој е заѕидан. Од надворешната страна на северозападниот ѕид постојат три пиластри за појачување на ѕидот. Кровната конструкција во оваа просторија засега не е дефинирана.

ѕидовите од внатрешната страна на просторијата се двослојно малтерисани и од малтерот постојат фрагменти по сите ѕидови. Од надворешната страна пак малтерисани се со еднослоен хоросан малтер и околу камењата постои декорација на малтерот со нивно заокружување.

Просторија бр. 2

Просторијата бр. 2 е прилепена од североисточната страна на просториите бр. 1 и бр. 3 . Димензиите и изнесуваат 10,35х6,90м во правец си-јз (сл. 11). Подот е поплочен со тули со димензии 54 х 34 см кои под притисок на големиот товар предизвикан од дебелиот нанос од песок и камења тој во североисточната половина е пропаднат за 0,16 м. Големи оштетувања на подот има во централниот дел од просторијата и покрај јужната половина од југоисточниот ѕид, каде што тулите воопшто и ги нема. Покрај северната половина од истиот ѕид има големо пропаѓање на подот каде тој пропаднал 0,55 м под нивото. Во југозападната половина исто така има оштетувања но тука подот бил обновен со фрагменти од тули уште додека бањата сеуште била активна.

При градбата на Просторијата бр. 2 била срушена просторија која и припаѓала на првата фаза на бањата и преку која се влегувало во просториите 1 и 3 преку врати кои подоцна биле заѕидани. На југоисточниот ѕид има три длабоки ниши каде се сместени и прозорците, покрај југозападниот, североисточниот и во нишата од северозападниот ѕид се клупите за седење. Комуникацијата со останатите простории била преку двете големи арки во северозападниот ѕид од каде се влегувало во Просторијата бр. 5 (сл. 12). Третата арка која е во северната половина претставува ниша. Во неа е сместена една од клупите за седење.

Оваа просторија била со сводна кровна конструкција. Сводот се простирал на пократкиот распон од просторијата, односно на северозападниот и југоисточниот ѕид. Постојат остатоци на засведување на северозападниот ѕид и тоа со нормално поставени тули на ѕидот, од кои се гледа начинот на конструкцијата на сводот и од нив може да се дефинира и висината на сводната конструкција

 Просторија бр. 5

Просторијата е северозападно од Просторијата бр. 2 и североисточно од Просторијата бр. 3. Димензиите и изнесуваат 9,95х7,10 м во правец си-јз (сл. 13). Подот е исто така од тули но за разлика од останатите простории овде тулите се со многу помали димензии: 34 х 22,5 см. кои се неправилно редени дури и во форма на лак. Подот е многу нерамен и со голема денивелација до 0,24 м. Во оштетувањата на подот кои ги има во централниот дел од просторијата како и во сверниот и источниот агол може да се забележи дека под ова ниво на подот има уште едно и тоа со тули со димензии идентични со тие во Просторијата бр. 2. што значи дека оргиналниот под во подоцна бил поплочен нов.

Во западната половина од северозападниот ѕид постои полукружна када со полукупола и целосно сочувана покривна конструкција. Кадата е со должина 5,30, радиус 3,40 и длабочина од 1,15 м (сл. 14). Влезот во неа е преку преградно ѕидче со клупа по целата должина на кадата. Подот е целосно сочуван, со правилно редени тули. Во кадата постои довод и одвод на водата. ѕидовите во неа се малтерисани со трислоен хоросан малтер, фино мазнет со траги од бела боја врз малтерот. Кровниот покривач врз полукуполата е со лачни тегули, и од нив има сочувано елементи.

 Во западниот агол од просторијата е влезот во Просторијата бр. 3, а во северната половина од североисточниот ѕид е влезот во Просторијата бр. 7.

Во горната зона од ѕидот помеѓу просториите 2 и 5 видливи се почетоците на сводната конструкција на просторијата 2, одводен канал од рамни тегули по целата должина на ѕидот со нагиб кон североисток и три прозорски отвори од Просторијата 5 кои кажуваат на источно осветлување во просторијата. Бидејќи не постојат елементи од кровна конструкција засега истата не е дефинирана.  

Просторија бр. 7

Просторијата е со димензии 4,97х3,50 м во правец ју-сз. и истата е доградена до Просторијата 5 (сл. 15). Во оваа просторија се дефинираа две фази. Едната фаза била со под од хоросан малтер,видно оштетен, со банкини градени од камен и земја покрај југоисточниот и североисточниот ѕид. Со отстранувањето на горниот под и камените банкини се откри првобитната намена на просторијата која функционирала како плитка када. Нејзиниот под е од фино измазнет двослоен малтер со интензивна црвена боја, кој лачно продолжува по ѕидовите од кадата. На југозападниот ѕид по цела должина има скалник, фино малтерисан исто како подот. На северозападниот ѕид има врата која подоцна била заѕидана. На југоисточниот ѕид постои прозорски лачен отвор, а на североисточниот постои дел од лачен прозорски отвор кој е заѕидан. Влезот во просторија бр. 7 од просторија бр. 5 е низ вратата која е формирана со преградување на големиот лачен отвор. Према остатоците од засводувањето на југоисточниот и северозападниот ѕид кровната конструкција на оваа просторија била сводна.

Просториите со број 1,2,4,5,7 и 10 се во функционална целина на Просторијата бр. 3. Просториите 1 и 4 се подигнати заедно со Просторијата бр. 3. Тоа се таканаречените топли простории или простории за потење на капачите. Според системот за затоплување овие две простории ги дефинираме како судаториум, односно место каде што капачите се препотувале со влажна пареа.

Просториите број 2, 5 и 7 се простории подигнати во втората градежна фаза од ширењето на бањата. За да се изградат Просториите 2 и 5 била срушена постарата влезната просторија пред Просторијата бр. 1. Тогаш се заѕидани и двете врати кои ги има на сегашниот југозападен ѕид од Просторијата бр. 2. Просториите бр. 2 и 5 се во функција на аподиториум со тоа што Просторијата бр. 5 заради полукружната када со ладна вода истовремено била и фригидариум. Просторијата бр. 7 исто така во својата прва фаза имала улога на фригидариум со плиткиот базен со ладна вода, но кој подоцна е исполет со малтер и градежен шут и нивелиран со нивото на подот од Просторијата бр. 5. Тогаш најверојатно е отворена и вратата на северозападниот ѕид. Просторијата бр. 3 е централна просторија околу која се развил целиот систем на бањата. Во неа доминантно место зафаќа базенот, нататио, во кој капењето се вршело со топла вода.

Просторија бр. 6

Просторијата се наоѓа северозападно од Просториите бр. 8 и бр. 5, со димензии на просторијата кои изнесуваат 9,5џ 8,8 м. во правец југоисток-северозапад (сл. 16). Централно место во просторијата зазема базенот со димензии кои изнесуваат 7. 9џ7,2 м. Длабочината на базентот е различна: најплиток е во јужниот агол каде е измерена длабочина од 1,21 м а најдлабок е во северниот агол со длабочина од 1,38 м. Дното од базенот е поплочен со тули додека пак страничните ѕидови од базентот се малтерисани со хоросан малтер. Базенот има два вида на скали кои водат кон неговото дно: во јужниот и западниот агол има по една полукружна скала од по три скалила, додека пак преку целата североисточна страна од базентот се протега скала од четири скалила. И двата типа на скали се градени од тули малтерисани со хоросан малтер. Околу базенот се протега патека која е широка од 0,60 до 1 метар. Водата во базентот е доведена со канал кој е поставен на ѕид со должина од 1 м. исто толку висок и широк 0,50 м. Тој до самиот раб од базентот доаѓа преку прозорецот од централната ниша на југозападниот ѕид. Одводот на водата е во северниот агол на базентоот, каде што тој и е најдлабок.

Во функција на базентот се и кадите во трите ниши на североисточниот ѕид од Просторијата бр. 6 (сл. 17). Тие се со димензии од 1,35 -1,40 џ 1,63-1. 67 м. Поплочени се со тули, со пресметан пад кон северниот агол каде што се и наоѓаат отворите за истекување на водата. Јужната ниша во југозападниот агол има ѕидано столбче од 8 тули со димензии 0,38 џ 0,38 м. и висина од 0,43 м. премачкано со малтер и чија функција била за полесно влегување во кадата но и за седење на капачот. Длабочината на трите кади е различна но со мали разлики. Таа се движи на пример, кај јужната када од 0,90 м., покрај западниот ѕид до 0,98 м. во североисточниот агол каде е отворот за истекување на водата од кадата. ѕидовите на кадите биле малтерисани но малтерот се има зачувано само во кадата од јужната ниша. Во некоја поодмината фаза кадите излегле од употреба, најверојатно заради запушување на каналот за одвод на водата и тие биле или залиени со малтер до нивото од патеките на базентот како кај кадата од источната ниша или пак врз нивното дно се подигнати мали столбчиња од неправилни фрагменти од тули а преку кои се поставил под, повторно од тули кој исто така била нивелиран со висината од патеките на базенот. Ваков е случајот со кадите од централната и северната ниша. Тогаш најверојатно се заѕидани и прозорците што се наоѓаат над самите кади во секоја од нишите. Над нишите централно е поставен лачен прозор кој е заѕидан до половина со преграден ѕид. Над прозорот има уште три прозори кои биле правоаголни и карактеристично за нив е тоа што сите се поставени под различен агол, заради влегување на сончевите зраци во текот на целиот денот. На спротивниот ѕид постојат два прозорци кои исто така се поставени под различни агли. Кровната конструкција била свод од тула со протегање на сводот од североисточниот до југозападниот ѕид. Надворешните изгледи на североисточниот и југозападниот ѕид се архитектонско-естетски изведени со формирање на слепи ниши, најверојатно за поставување на скулптури и со двојно засведувани лачни ниши, со клупи во нив за одмарање на посетителите на бањата. Постојат и фрагменти од фасадната малтерна обработка на ѕидовите.

И на останатите три ѕида исто така има по три ниши. На југоисточниот зачувана е само јужната ниша, останатите две се оштетени. Во источната ниша е вратата преку која се комуницирало со Просторијата бр. 8. Во останатите две има клупи за седење. Во југозападниот ѕид во нишите има прозорци, во централната под прозорецот е доводот за вода а во останатите две исто така се подигнати клупи. Нишите не се зачувани и во северозападниот ѕид, но аналоген е со југоисточниот ѕид, така да истите се повторуваат,а во северната ниша е вратата за комуникација со просторијата 9.  

Просторија бр. 8

Просторијата е прилепена на источната страна од Просторијата бр. 6. Просторијата е со правец на простирање ји-сз во форма на буквата “Г” должината и изнесува 6,60 м ширината на југоисток е 4,60 а на северозапад 7,05м (сл. 18). Оваа просторија е всушност составена од три помали простории кои се во функционална врска. Југоисточната просторија е када, со под од тули и малтер, со порабени со малтер рабови од споевите на подот со ѕидовите. Сверозападната просторија е поплочена со тули, со мала шахта во западниот агол. Тука е и влезот преку кој се влегува во Просторијата бр. 6 Северната просторија е најмала, со малтерен под и во неа се сливала отпадната вода која преку канал низ југозападниот ѕид доаѓала од просторијата/када. Во северниот агол од просторијата има отвор на ниво од подот од каде водата истекувала понатаму. Просторијата бр. 8 имала полукружен свод, со видливи остатоци на засведување на југозападнит ѕид. Под овој свод над просторијата/када имало уште еден свод кој кадата ја засведувал во правец на должината. Северната, најмала просторија била засведена со полукружен свод према остатоците на засведување на северозападниот нејзин ѕид.

 

Овие простории се во функционално единство. Тие се дел од третата градежна фаза на бањата. Ним им припаѓа и Просторијата бр. 9 која е прилепена на на северозападната страна од Просторијата бр. 6. Таа сеуште не е доистражена и се наоѓа под дебел слој од нанос. Но според оној мал дел кој што е истражен таа ја има функцијата на аподиториум на овој дел од бањата.

III.

Големата сочуваност на ѕидните платна на целиот објект дава можност да се согледа начинот на градбата. Градежната техника се изразува со внимателен избор на градежен материјал: кршен камен и тула.

Дебелината на ѕидовите која се движи од 1 до 1,60 м. условува нивно обликување со полуобработен камен со средна големина и тула,оформувајки го лицето на ѕидот, а внатрешноста на ѕидот е исполнет од кршен камен. Димензиите на тулите најчесто се 52 х 35х 4-5 цм. Тие се добро печени со правилни рабови. Сразмерната употреба на тулите и каменот при ѕидањето, ја истакнува масивната конструкција на ѕидовите.

Начинот на редењето на градежниот материјал е во зависност од конструктивните и техничките потреби на градбата, водејќи сметка да не се нарушат рамките на типичната римска рационалност.

Употребата на техниката на ѕидање opus mixtum-масивна ѕидарија на камен со појаси од три реда тули со бел варов малтер, е редовна појава кај сите ѕидови од досега откриените простории (сл. 19). Тулата се употребува при формирање на аглите од ѕидовите, страничните завршетоци на отворите на ѕидовите, како и ѕиданите пиластри и сводови од тула, а со ѕидањето со камен се оформуваат забести геометриски форми видливи на лицето на ѕидот, карактеристична градежна техника за објекти од овој период.

Техниката opus mixtum била широко распространета на целата територија на Балканскиот полуостров од 3 до 7 век, а конструкцијата од три реда тула е карактеристична за 3 и 4 век, како и употребата на белиот варов малтер кој се користи како врзно средство до средината на 3 век⁴.

Овој начин на ѕидарија широко се употребува при изградбите на одбрамбени објекти, а најчесто е применувана при изградбата на јавни градби.

IV.

Движниот археолошки материјал не е пропорционален со монументалноста на самиот објект. Иако бањата беше исполнета со дебел нанос во него се пронајдоа релативно малку наоди. Особено се сиромашни горните слоеви од наносот каде освен ретки фрагменти од керамика со современа провиниенција, потоа турска зелена глеѓосена измешана со специфичните турски керамички лулиња и во слојот под неа сосема ретки фрагменти од средновековна керамика, друг материјал во овие слоеви и не е откриен. Состојбата, иако не драстично, се менуваше како се стигнуваше кон подовите од просториите каде се почеста беше керамиката од римскиот период. Но не во сите простории подеднакво. Додека во останатите простории керамиката беше сосема ретка, тогаш за Просторијата бр. 6 можеме да кажеме дека изобилуваше со керамика. Особено кога се почна да се отстранува наносот со кој беше исполнет базентот во оваа просторија. Се работи за типично римска керамика, најчесто со сива и поретко со црвена боја. Садовите кои вообичаено се во фрагментирана состојба со најразлична големина и форма иако можат да се издвојат како најчести малите шолји и наливни садови. Особено се чести садовите со тордирани рачки преку реципиентот кои ги имитираат бронзените котлиња. Од украсите најчести се садовите со печатени орнаменти. Впечаток е дека најголем број од садовите служеле за црпење и конзумирање на вода. На еден поголем фрагмент од керамичен сад има цртеж на кој се препознава стилизираниот изглед на бањата. Останатиот материјал е поредок : мермерната дланка како дел од мермерна статуа пронајдена во Просторијата бр. 6. Исто така во Просторијата бр. 3 е пронајден и оштетен мермерен капител. Пронајдени се и мали бронзени статуетки на Меркур, иглите од коска, потоа многу фрагменти од белегзии од стаклена паста и две фибули (сл. 20). Во Просторијата бр. 2 на самиот под откриена е мал фрагмент од златно ланче. По керамиката најзастапени како наоди се монетите. Но, за жал под влијание на термалната вода која е многу агресивна, тие се многу кородирани и нечитливи. Тие најчесто се пронаоѓаат “заробени” во бигорни наслаги и до триесетина парчиња заедно.  

V.

Врз основа на досегашниот степен на истраженоста на бањата и во ситуација кога сеуште не обработен движниот археолошки материјал, не сме во потполна можност да го одредиме точниот период кога објектот е изграден ниту пак кога тој почнува полека да се гасни по што настапило долготрајното мирување и период на таложењето на наносот и бигорот како резултат на неконтролираниот доток на вода. Но сепак, служејќи се повеке со компаративни методи можеме бањата да ја сместиме во една релативно временска рамка што незначи дека таа со понатамошните истражувања неможе и да се промени.

Во самиот извор од каде што бањата се снабдувала со топла вода се пронајдени голем број на монети со датирање од IV век пред па сé до III век после Христос. По овој датум во изворот, монети и друг материјал со подоцнежна датација не е забележан. Во самата бања, целокупниот движен ахеолошки материјал можеме да го сместиме во временска рамка од III до IV век после Христос. Исто така втората градежна фаза на бањата може да помогне околу датирање на целиот објект. Имено тогаш е срушен малиот аподиториум од првата фаза и е подигнат нов, многу поголем кој преку портален отвор се поврзува со фригидариумот во една зедничка просторија. Ваква промена кога аподитериумот добива поголеми димензии и суштествено место во целата композициската шема на бањите и кога фригидариумот се повеке се стопува со него, е карактеристика за крајот на III и самиот почеток на IV век после Христос и тоа во сите римски провинции на Балканот и Северна Африка⁵. Но дека првата фаза не е многу порано од втората половина на III односно третата градежна фаза не е многу подоцна од првата половина на IV век зборува самата техника на ѕидање во сите три фази. Техниката на ѕидање на аглите, рабовите, прозорците, вратите и сите останати проблематични места без камен а со масивна употреба на тули е карактеристична токму за овој доцноримски период⁶. Во овој временски интервал би ја датирале и бањата. .

VI.

Иако на територијата на Р. Македонија се познати поголем број на антички терми и објекти со подно и ѕидно затоплување⁷, сепак мораме да подвлечеме дека Доцноантичкото термално лечилиште во с. Банско по многу нешта се разликува од останатите термални објекти. Прво по степенот на зачуваност за кој ќе повториме дека е извонредно сочуван. Потоа тој е објект кој сеуште функционира. Во летниот период кога термалната вода не се користи за затоплување на околните пластеници, базенот и кадата во Просторијата бр. 3 се полнат со вода. Исто така функционира и системот на загревање, односно топлата пареа циркулира низ него. И секако најзначајна разлика, со која овој објект се разликува од останатите слични објекти не само во Македонија туку и пошироко, е во начинот на загревање на просториите. Додека останатите класични терми користат фурниуми за загревање на водата и стварање на пареа, во нашиот објект благодарение на високата температура на водата во изворот од 72°Ц, вакви елементи не се потребни, туку водата била донесувана директно од изворот. Засега на Балканот познаваме две бањи кои се многу слични на бањата во Банско. Тоа се бањата во Вараждинске Топлице во Р. Хрватска⁸ и бањата во Хиссар, Р. Бугарија. Тие исто така користат термални води за снабдување но заради ниските температури на истите од 58 односно 48°Ц и тие дополнително мораат да ги загреваат водите. Познаваме уште една бања во Царичин град, Србија која исто така користи термална вода но со температура од 40°Ц и е дел од доцноантичка палата.


1. Дефинирање на стабилноста на тлото на југозпадната страна од Доцноантичкото термално лечилиште с. Банско, Струмица – Универзитет „Св. Кирил и Методиј”- Скопје, Рударско-геолошки факултет Штип, Катедра за геологија и геофизика, Штип 2003

2. Јован Ананиев, Археолошко ископување на локлитетот “Турска бања-Панаѓур” село Банско кај Струмица 1978-1981 г. Зборник на трудови на Завод за заштита на спомениците на културата, природни реткости и Музеј Струмица 1989 стр. 333

3 Јован Ананиев, Струмица 1989, стр. 337

4. С. Н. Бобчев, Смесената зидария в римските и ранновизантискийските строежи, Известия на археологическия институт XXIV (1961)

5. Красимира Вачева, Архитектурен анализ и реконструкция на късноантичната баня в Никополис ад Нестум, Годишник на Департамент Археология - НБУ, т. I, 1994, София, стр. 156

6. Красимира Вачева, София 1994, стр. 155

7. Звонко Белдедовски, Баргала-Новооткриена архитектура во епископиумот, Зборник IDž-Dž, Завод за заштита на спомениците на културата и народен музеј Штип 2003 стр. 65

8. Branka Vikić-Belančić — Marcel Gorenc, Istraživanja antiknog kupališta u Varaždinskim Toplicama od 1956 do 1959 godine, Vjesnik arheološkog muzeja u Zagrebu Seije III Svezak II Zagreb 1961, str. 181-242

На Растку објављено: 2007-12-12
Датум последње измене: 2007-12-12 18:15:26
 

Пројекат Растко / Проект Растко Македонија