Славица Тасева, Ване П. Секулов

Судаториум: хипокаустот во судаториумот од доцноримското термално лекувалиште во с. Банско, Струмица

Селото Банско се наога 12 км југоисточно од Струмица, југоисточна Македонија (сл.1). Источниот крај на селото, каде што се наога и изворот на термално-минерална вода,  кај населението е позната под името Бања. Орографски припага на северните падини на п. Беласица која има генерално протегање исток-запад. Во геолошката градба на теренот се застапени слоеви од стариот палезоик, неогенот и квартерот. Локалитетот во тектонска смисла му припага на Македонско-Српскиот тектонски масив, односно Беласичкиот расед долг 45 км во правец исток-запад со пад кон север под агол од 65°, и по чија должина дошло до формирање на  раздробени зони и катаклизати-милонити. Сето ова условило овде да се појават значајни извори на термални води.

Археолошките ископувања на локалитетот Доцноримско термално лекувалиште се започнати во 1978 година и со кратки прекини се одвиваат во континуитет и денес. Со досегашните кампањи е опфатен простор од околу 1 500м² на кој е откриено добро сочувано доцноримско термално лекувалиште (сл.2). Објектот ги користел термално-минералните води на изворот “Парило” кој се наоѓа педесетина метри југозападно од бањата. Капацитетот на изворот е 42 л/с со температура на водата од 72°С, доволно за снабдување и квалитетно опслужување на бањата. Водата во себе содржи тешки минерали кои при таложењето формираат дебела наслага од бигор. Со дебели наслаги од бигор е прекриен и целиот простор помеѓу изворот и бањата.

Досега се откриени единаесет простории со површина од 623 м (сл.3).  Девет од нив се извонредно сочувани, сочуваноста е посебно изразена во просторијата 1, каде се зачувани еден крстаст и еден полукружен свод и во просторијата 5, каде над кадата е сочувана полукуполата. Кај останатите простории сочувани се почетните партии од сводните конструкции.

Просторија 1 и 4

Анализирајќи го планот на доцноримското термално лекувалиште во с.Банско, констатиравме групирање на просториите во три паралелни низи, следејќи ја конфигурацијата на теренот.  Ова редење во низи  на просториите следело како последица на ширењето на бањата, при што јасно се дефинираат и повеќе фази  на градба. Во првата (најстарата) фаза на градба на објектот спаѓаат трите простории  кои што ја формираат првата низа, опфаќајќи ги и двете простории со хипокауст.

Овие две простории  се наоѓаат најблиску до изворот со врелата термална вода, со цел да нема губитоци на топлината од водата при нејзиното користење како  средство за затоплување.

Во однос на  котата од банкината од Просторија 3 што граничи на западната страна со Просториите 1 и 4, тие се на повисоко ниво за 0.25 м.

Просторијата 1 е поставена во правец СИ-ЈЗ со должина од 6,27м (сл.4) . Северо-источната половина е со димензии 3,90х3,10м. каде е и системот на подно и ѕидно загревање - хипокаустот (сл.5), додека југо-западната половина на просторијата е када со димензии 2,60х2,30 м и длабочина од 1,00 м (сл.6). Овие два дела се одделени со преграден ѕид долг 3,10 висок 1 и широк 0,50м (сл.7). Во основата на ѕидот и од двете страни има по еден скалник во ширина од 0,30 м. Во источниот агол од базентот под ѕидот и под двата скалника минува одводниот канал кој употребуваната вода ја носи во главниот канал. Влезот во оваа просторија е на северната страна преку врата со ширина од 0,82-0,90 м и висина од 1,85м (сл.8). На северо-источниот ѕид постоела врата за влез во оваа просторија, но во фаза на понатамошно ширење на бањата оваа врата е заѕидана (сл.9).

Целосно сочуваната сводна конструкција во делот над кадата претставува полукружен свод (сл.10), додека просторот со хипокаустот е засведен со крстест свод од тула, со висина од  3,80м (сл.11). Витрувие (кн.V,гл.10,)  препорачува да лаконикумот и просториите за потење бидат засведени, заради тоа што кондензираната пареа непречено се слива по сводот. Комуникација со Просторија 4 е преку лачна врата со ширина од 2,35 м, висина од 3,00 м (сл.12).

Просторијата 4 е со правец на простирање СЗ-ЈИ. Таа е со должина од 6,40 м и ширина од 3,15 м. Покрај североисточниот ѕид има подигнато клупа со должина од 3,35 ширина 0,35 и висина од 0,54 м. Помеѓу клупата и ѕидот има ред од 13 тубули.  Источниот агол на оваа просторија е за 0,25 м повисок од останатиот дел. Овој простор со димензии 2,30х1,80 м е мермерно плато, а веднаш до него има ѕидана када со димензии 1,96х0,92м и длабочина од 0,50м. Ваква клупа, но со помали димензии 1,70х0,30х0,30 м. има и во западниот агол. Во неа се зачувани пет тубули кои за разлика од оние од североисточната клупа се заѕидани и не излегувале над клупата. Ова клупа служела истовремено и  за полесно влегување во кадата во југо-западниот дел која што во некоја следна фаза е доградена ( Просторија 10), со димензии 3,20х3,05 м.

Висината на сочуваните ѕидови во Просториите 4 и 10 се најмногу до 3.40м. Кровната конструкција на Просторијата 4 била свод од тула  со простирање на сводот на покусиот распон од просторијата према остатоците од засведување на ѕидовите, по кои може да се дефинира и висината на сводната конструкција. На  јужната и југо-западната страна од двете кади во Просториите 1 и 4 има  поставено лачни прозори.

Од Просторијата 1 по должина на Просторијата 4 продолжува системот за загревање, така да двете простории се врзани во една функционална целина со заедничка намена.

Елементи на системот на загревање

Преку канал кој е поставен по должината на северозападниот ѕид од Просторијата 1 доаѓала термалната вода и преку три отвора влегувала во системот за загревање, така што големото количество на водената пара вршело затоплување на суспензурата, ѕидовите и клупите во Просториите 1 и 4. Еден од отворите за довод на водата во хипокаустот е поставен под вратата во Просторијата 1, централно кон главниот канал, додека другите два се наоѓаат помеѓу трите реда од арки на северниот агол од  просторијата. Системот за загревање е поставен во Просторијата 1 и тоа во нејзината североисточната половина и продолжува во Просторијата 4 до мермерното плато и ѕиданата када, зафаќајќи должина од 7,10 м. и ширина од 3,00 м. или вкупна површина од 21,30 м.²и истиот е целосно сочуван. 

Носивиот под од овој систем е солидно граден од правилно редени тули со димензии од 51х33-35х4 см. На голем број од тулите се среќава впишаниот знак Х од две паралелни црти по нивната должина. Подот е поставен на рамен терен заради тоа што треба да го поднесе големиот товар од целата хипокаустична конструкција (колони, висечки под и подова завршница) со благ пад кон каналите за довод на вода со разлика од крајните точки од 13 см. Притоа запазено е правилото на Витрувие (кн.V гл.10) да носечките подови во хипокаустничните простории бидат така наклонети кон подовите на печките, да ако  се фрли топка од печката нагоре, таа полека се врати накај печката. При таков пад, смета дека топлиот воздух најдобро циркулира и затоплува во хипокаустничниот систем.

Подната субструкција на носивиот под е повеќеслојна и составена е од повеЋе градежни материјали. Со сондирање на подот се констатира дека тулите од подот се вградени во слој од бел варов малтер со дебелина од  4 см. Под него редени се парчиња од кршени тубули со дебелина од 2 см., поставени на хоросан малтер со примеси на глина со дебелина од 2 см. Под овој слој на малтер редени се два слоја на камен во дебелина од околу 20 см. и под нив слој од хоросан малтер со примеси на глина со дебелина од околу 20 см. Поради недостапноста на просторот за подлабоко сондирање, неможе да се каже дали субструкцијата завршува до тоа ниво  или продолжува со слоевите надолу. Специјално при влажни згради Витрувие (кн.VII,гл.4) препорачува како прва мерка за отстранување на влагата да се направи дебел пласт (три римски стапки-околу 90 см.) од хоросан малтер со примеси од парчиња од печени тули со која ќе се зарамни целата подова површина, што како пример употребен е и во овој  објект.

Градежна конструкција и градежен материјал на хипокаустот

 Во бањата Никополис ад Иструм во Бугарија, на источниот и западниот ѕид од просторијата А, во уште свежиот  хоросан малтер античките мајстори-ѕидари ја исцртале шемата на хипокаустичната конструкција. Две хоризонтални прави нацртани на извесно растојание од подот,пресечени со две нормални прави кои образуваат правоаголници со ширина еднаква на ширината на растојанието меѓу колонките и меѓу нив оцртаните полуцилиндрични арки, претставува оригинален цртеж и доказ за планирањето за градежната конструкција на хипокаустот и организирањето на работата на античките мајстори - градители.

 Постојат повеќе видови на конструкции на хипокаустот и тоа во зависност од видот  и големината на објектите.

Во доцноримското термалното лекувалиште во с. Банско во просториите со хипокауст изведен  е тип на аркадна конструкција. Целата конструкција е изведена со арки од тули и се состои од централен  отворен канал кој  се простира СЗ-ЈИ по целата должина во средишиот дел од Просториите 1 и 4  и излегува низ ѕидот од Просторијата 4  низ отвор кој е во функција на регулатор на топлината во хипокаустот. Каналот е со ширина од 45-47 см. и длабочина од 70 см.  Лево и десно од каналот  во Просторија1 поставени се три односно два паралелни реда со по три арки.  Во Просторија 4, на левата страна од каналот поставени се три реда со по три арки, а на десната страна два реда со по три арки.  Последниот ред од арки до ѕидовите и во двете простории се на растојание од 10 см. од ѕидот заради поставување на вертикалните тули (тубули) по висината на ѕидот. Арките почнуваат од носивиот под и доближени се една до друга. Димензиите на тулите од коишто се направени се 25х13-14х4 см. Дебелината на фугите помеѓу тулите е од 1  до 3 см. на горната страна од лакот. Просторот меѓу арките е заѕидан од тули со дебелина од од 4 см.  и фуги меѓу нив од бел варов малтер со дебелина од 2 см. Засведувањето на арките почнува од подот, така да висината на светлиот отвор е 38 см. а ширината е 68 см.

Витрувие (кн.V гл.10) ја споменува конструкцијата-колонки од тули. Според него висината на колонките треба да биде две римски стапки т.е. 60 см. Во нашиот случај ѕидањето на колонки не е изведено, најверојатно заради намалување на висината на хипокаустичниот простор  кој е со мала површина од 21,30 м. со што се добива поголема ефективност. Како завршен слој над арките поставен е еден ред на тули со дебелина од 2 см. Над зарамнетата површина над арките поставен е висечкиот под, кој се означува со терминот суспензура или суспенсио. Тој се состои од површина со тули со димензии од 60 х 68 см. и дебелина од 7 см. Овие тули се наречени бипедални (bipedalis tegula) и поставени се од едниот ред на арки до другиот зафаќајќи по една половина од ширината на арките.  Поставени се врз слој од бел варов малтер со дебелина од 2,5 см. Врз нив нанесен  е дебел слој од  8 см. хоросан малтер со ситни каменчиња и крупни парченца од црвена тула. Горната површина од овој  малтер е со примеси  од ситни каменчиња и прав од тула, таа е фино глачана, а на краевите до ѕидот завршува со заоблени рабови со ширина  и висина од 10 см. Ист пример на подова завршница има во бањите во Пауталија во Бугарија.

Просторот над централниот канал во сегашна ситуација е отворен и бидејќи не се пронајде ниеден елемент кој ќе беше соодветен податок за неговото покривање, претпоставуваме дека најверојатно е покриван со бипедалните тули, кои по потреба се дигале заради чистење и поправка на каналите.

Видливо е дека основниот градежен материјал на хипокаустичниот систем е тулата, која била масовно произведувана во воени, општествени и приватни работилници (официни), како што покажуваат бројните печати и натписи на голем број тули. Малтерот пак се користи како врзно средство меѓу тулите, во носивиот под со повеќе примеси во него и како подна завршница.

Затоплување на ѕидовите

За да се искористи уште поубаво топлата водена пара која што го затоплува висечкиот под, истата поминува низ специјални канали во ѕидовите, така да се затоплуваат целите простории на еден добро осмислен хигиенски начин.  Затоплувањето на ѕидовите Римјаните го спровеле околу 70-80 г.н.е, како што покажуваат некои писмени извори (Seneca.Epist.90.25). Витрувие (кн.VII,гл 4), бил многу блиску до тоа откритие, но не го направил. Во врска со отстранувањето на постојаната влага на ѕидовите тој препорачува  изградба на внатрешен тенок ѕид од вертикално поставени тули со израстоци на четирите краеви, т.н. tegulae hamatae, кои се всушност извесните tegulae mammatae.

Во доцноримското термално лекувалиште  во с. Банско системот на затоплување на ѕидовите е составен од специјални тули-тубули  кои се шупливи, со правоаголна форма и дебелина на ѕидовите од 1,5 см. Нивната димензија е 25 х10 см. и висина од 42 см во Просторијата 4,  и 24 х 10 см. и висина од 36 см. во Просторијата 1.  Во Просторија 1 тубулите се поставени на северозападниот ѕид лево и десно од влезната врата и тоа по пет вертикални реда  со по шест тули, до висина од 2,10 м. од подот. На североисточниот ѕид тубулите биле поставени преку целата должина на ѕидот до висина од 2,10 м., но од нив сочувани се само 8 реда и тоа првите во најдолниот ред. Во просторија 4, тубулите се поставени зад клупата на североисточниот ѕид во 13 реда и према остатоците од малтерот на ѕидот  најверојатно биле до иста висина како во Просторијата 1. На спротивниот ѕид тубулите се поставени под клупата пред кадата и завршуваат во неа со цел да истата биде загревана.

Тубулите со едната страна налегнуваат врз бипедалните тули, а до ѕидовите се прилепувани со малтер и тоа прво на ѕидот нанесен е хоросан малтер во дебелина од 1 см. и врз него бел варов  малтер со иста дебелина.Тие се прицврстувани до ѕидот со помош на железни,,Т" клинци  кои се ковани меѓу нив и на крајот најверојатно завршувале рачвасто  за да ги држат двете тули истовремено. На северозападниот ѕид од Просторијата 1 има повеќе остатоци од силно кородирани клинци поставени по вертикала меѓу тубулите. Ваков пример на прицврстување на тубулите има во бањата во Баргала, во античката бања во Вараждинске Топлице, во доцноантичниот балнеум (црквата Св. Георги во Софија), во бањата во Nikopolis ad Istrum и други.

Во средина на бочните страни од тубулите направени се отвори со димензии 10х2,5 см. со цел да топлиот воздух се движи и хоризонтално меѓу сите редови. Врз тубулите нанесувани се два слоја малтер и тоа прво бел варов со дебелина од 1,5 см. и хоросан малтер со иста дебелина кој е фино мазнет по целата површина.

Начин на функционирање на  системот на загревање

Високата температура на термалната вода од 72оС од изворот Парило во с.Банско во чија што близина е изградена и оваа терма била доволно висока да се користи за затоплување на подовите и ѕидовите во хипокаустните простории без додатно нејзино загревање. Поради тоа со досегашните археолошки ископувања не се открија печки (форнаџ) за подно затоплување и затоплување на водата. Врелата термална вода спроведувана преку канал во Просторијата 1, ја доведувала водената пареа која се ширела меѓу редовите од арки и продолжувала низ каналите во ѕидовите (тубулите), вршејќи и нивно затоплување. Преку централниот канал водената пареа продолжувала и во Просторијата 4, каде кружејќи низ каналите вршела загревање  на подот и на ѕидовите  и во оваа просторија. Должината на централниот  канал од отворот за довод до отворот за отстранување на вишокот на пареа низ зидот во Просторија 4, изнесува 9.90 м. Неговиот пад го следи падот на носивиот под кој  почнувајќи од доводниот канал  се движи нагоре кон отворот за отстранување на вишокот пареа  со разлика во висина од 13 см.

Доведуваната термалната вода во Просторијата 1 преку три отвори со постојано мало течение, истекувала низ одводната цевка во ѕидот од источниот агол во истата просторија. Оваа одводна керамична цевка служела и за истекување на водата од кадата во Просторијата 1, која има одводен канал под клупата на подот.

Вишокот на големото количество на водена пареа кое се движело меѓу редовите од арки во Просториите 1 и 4, излегувал надвор  преку канал - оддушница кој е поставен на крајот од централниот канал. Истиот е убаво изѕидан отвор со висина од 55 см. и ширина од 42 см. на кој во некоја фаза е вршено  стеснување во ширината со заѕидување.

Дел од водената пара излегувал и низ двете керамични цевки на североисточниот ѕид од Просторијата 1 кои се наоѓаат до одводната цевка на висина од 40 см. од носивиот под и излегуваат преку ѕидот во делот од клупата во Просторијата 2.

Кружењето на водената пара низ хипокаустичниот дел вршело загревање на висечкиот под а истовремено и загревање на ѕидовите и клупите во просториите преку тубулите низ кои се искачувала пареата и излегувала низ нив истовремено загревајќи го и  внатрешниот простор.

Вишокот на загреаниот и заситениот воздух со водена пареа излегувал преку Ћерамични цевки - комини, кои се косо поставени во североисрочниот ѕид од Просторија 1 и во југозападниот ѕид во Просторијата 4, на висина од 2,40 м од подот и излегуваат на кровот  од просториите.

Употребената вода од малата ѕидана када во Просторијата 4, преку истечен канал истекувала во главниот  канал на системот и се одливала во одводна керамична  цевка која се наоѓа во ѕидот на северниот агол од просторијата  во висина на носечкиот под.

Топлиот под, топлите ѕидови и клупи и топлиот и влажен воздух создавале идеален простор за препотување на капачите - судаториум. Надополнетиот простор со двете кади со топла вода во кои можеле да се сместат 2 до 3 лица, едната помала када за еден капач и платото со мермерни плочи на кое што можеби е вршено релаксација на телото со масажи и мачкање со миризливи масла е место не само за капење и лечење со термалната вода, туку и место за уживање- карактеристика на начинот на живеење во римскиот период.

 

Со досегашниот тек на ископувања на целокупниот простор од бањата и  сеуште необработениот движен археолошки материјал, сеуште не сме во можност да ја дефинираме точната датација на просториите со хипокауст и бањата во целост. Но со компаративни методи и следејќи ги аналогите од слични објекти ширум Балканот а и пошироко сепак  можеме да ги датираме во III век по Христос, што незначи дека оваа датација е конечна и неможеме  да ја поместиме поназад или понапред низ времето. Истражувањата кои ќе следат сигурно дека ќе го дадат и одговорот на оваа мошне важно прашање.

Хипокаустичниот систем на затоплување е доста употребуван и во нашата земја. Тој се користел во јавни и во приватни бањи и тоа во термите во Хераклеа, малата  терма и големата бања во Стоби, бањата во Баргала, бањата во с. Баница-Струмичко и други, но овој тип на аркадов систем,со главен централен канал во средината по целата должина на системот, во античкото термално лекувалиште во с. Банско е единствен откриен до сега и како пример доста ретко се среќава и низ другите држави. Комплетната целосна сочуваност, овозможува и негово сегашно функционирање. Разликата со другите типови на загревање е и во тоа, како што веќе спомнавме дека нема префурниум (ложиште), туку загревањето е од топлината на термалната вода.

Системот на хипокаустично загревање продолжува да се користи и во средниот век, наведувајќи го примерот на малата и големата бања во манастирскиот комплекс Водоча кај Струмица, каде што се користат основните принципи и градба на античкиот хипокауст.

На Растку објављено: 2007-12-12
Датум последње измене: 2007-12-12 18:13:41
 

Пројекат Растко / Проект Растко Македонија