Ване П. Секулов

Црвено Поле: населба и некропола од римскиот царски период

Локалитетот Црвено Поле се наоѓа 37 км североисточно од Струмица, на крајниот југоисток на Р. Македонија на самата граница со Р. Бугарија.

Сместен високо во пазувите од планината Огражден на околу 1200 м надморска височина тоа е  посебен микро-географски регион кој го чинат неколку ридови во низа, со правец на простирање југоисток-северозапад. Ридовите меѓусебно се поврзани со благи преслапи така што се има впечаток дека се работи за мала висоравнина која се спушта кон југ. Ваквата местоположба, заштитена од високите врвови на планината  Огражден и падот на ридовите кон југ овозможува целодневна изложеност на сонце, а истовремено  претставува и заштита од  северните ветрови. Во околината има и неколку чешми, како и  поток кој во одредени периоди од годината има карактеристики и на помала река. Околните повисоки планински масиви се обраснати со густа букова шума. Сето ова овозможувало добри услови за  живеење на овој простор. И денес неколку семејства летото го поминуваат на Црвено Поле, занимавајќи се со сточарство и одгледување компири и житарици.

Со  археолошките истражувања изведени во периодот 2003-5 г. на овој простор се откриени некропола и населба од римскиот царски период.

Некрополата е сместена на врвот од првиот во низата ридови поаѓајќи од југоисток, познат  кај локалното население како Гуштерова Чукарка. Ридот од северната страна стрмо паѓа кон потокот Белогазица, на запад со благо седло е поврзан со соседниот рид, на исток е заштитен од поголем масив на Огражден, додека пак на југ преку длабоките долови се спушта до самото подножје на планината. 

Западно од некрополата, на околу 300 метри оддалеченост, на поголема висорамнина која ја дели потокот Белогазица, се простира населба од отворен тип, од која со површинска опсервација се регистрирани неколку десетици објекти, а со археолошки истражувања досега се опфатени три од нив.

Резултати од ископувањето на некрополата

Некрополата зафаќа површина од околу 5000 м2 од кои досега се истражени околу 750м2, при што се обработени 81 гроб, густо збиени еден до друг.

Кај сите гробови е применет ритусот на погребување со кремација на покојниците. Гробните јами се овенчани со камени венци кои го означуваат гробот на површината од земјата. Овие конструкции најчесто се оформени од валчести камења, кршен варовник и камен откршен од карпата-песочник која е основа на целиот подповршински дел на ридот на кој е сместена некрополата. Тие се со кружна, елипсовидна или правоаголна форма.

Дијаметарот на кружните камени  надгробни конструкции се движи од 0,70 м, до цели 4 м правилно, речиси идеално формиран кружен венец. Во нив гробните јами се најчесто правоаголни или елипсовидни со должина од 1,30 до 2,45 м и ширина од 0,70 до 1,10 м. Елипсовидните камени венци се со должина од 0,70 до 2,90 м и ширина од 0,95 до 2,00 м. Гробните јами најчесто се правоаголни или елипсовидни со должина од 0,70 до 1,75 м и ширина од 0,65 до 0,90 м. Гробовите со правоаголни камени венци ги има само 4, со димензии од 1,60 во должина и 0,85 м во ширина со редовно правоаголни гробни јами. Просторот кој го затвараат камените конструкции најчесто е исполнет со земја, но во одредени случаеви, тој може да биде исполнет со еден до три реда камења. По подигањето на површинскиот слој од земја или камења се појавува гробната јама. Таа е исполнета со густа концентрација на пепел и јаглен, меѓу кои се среќаваат остеолошки остатоци од кремираниот покојник. Сето тоа најчесто лежи врз поголеми фрагменти недогорени греди кои биле основа на кладата врз која се кремирал покојникот. Во голем број  на примери правецот гробната јама не се поклопува со надгробната камена конструкција ни по форма ни по правец.  Надгробната конструкција на Гр.10 има елипсовидна форма со правец на простирање С-Ј, но со обработката на гробот се покажа дека  гробната јама е  само во центарот на конструкцијата, со правоаголна форма  и со правец ЈИ-СЗ.

Од вкупно 81 откриен гроб, само во 9 случаи спалувањето на покојникот не се вршело во самата гробна јама. Во 7 од нив  беа констатирани остеолошки остатоци, но не и докази за спалување на лице место. Немаше никакво присуство на пепел и гареж.  Во овие гробови отсуствуваат остатоците од гредите од кои била формирана кладата за спалување на покојникот. Во два случаи има погребување во урни. И во двата гроба има по еден фрагментиран сад во кои се пронајдени остатоци од кремација. Во 3 гроба кремирање, односно погребување во рамките на истиот гробен круг се вршело двапати. Во еден однив по подигањето на првиот слој од кремацијата се појави тенок слој од жолтеникава песок под кој повторно се појави слој од друга, постара, кремација. Ваков слој од жолтеникава песок раздвојува и уште еден гроб каде што и во двата нивоа има и движен археолошки материјал како гробни прилози. Во еден случај по подигањето на кремацијата и отстранување на гарежот од самото дно на јамата, се појави постара камена конструкција со елипсовидна форма исполнета со аморфни камења, во чии рамки е вкопана друга гробна јама исполнета со остатоците од кладата заедно со гробните прилози.

Кладата била градена на начин што подебелите, поголеми греди биле поставувани по должината на предходно ископаната гробна јама, а врз нив биле редени пократки греди по ширина на јамата. Во еден гроб е регистрирано постоење и на вертикално поставени колци на аглите од јамата кои кладата ја држеле стабилна. По извршената кремација остеолошките остатоци на кремираниот биле покривани со земја или камења, а потоа била формирана кружната или елипсовидна надгробна камена конструкција која била видлива на површината на земјата. Поради тоа, иако на мал простор има голема концентрација на погребувања, многу ретко се јавува упаѓање и нарушување на постари гробни целини.

Од вкупно 81 откриени и обработени гроба само во 5 гроба не се откриени гробни прилози. Во сите останати гробови се среќаваат прилози, меѓу кои најчести се керамичките садови и поголем број керамички фрагменти, сребрени и бронзени монети, оружје изработено од железо (поголем број копја, ножеви, секири и два меча), бронзен накит (нараквици, прстени, фибули), една златна обетка, монистра изработени од стаклена паста, бронзени појасни алки и токи и др.

Керамика

Керамичкиот материјал се одликува со голема разнообразност во формите, квалитетот и начинот на изработка.

Во најголем број од гробовите паралелно се јавува  керамика работена рачно, исто како работена на витло. Рачно работената керамика по своите форми и груба фактура во голема мера потсеќа на праисториската (бронзенодобска и железнодобска) керамика. Меѓу  покарактеристичните наоди треба да се истакнат шољите со една рачка, како и длабоките чинии со брадавичести и јазичести рачки. Присуството на рачно работената керамика во овие гробови секако се должи на постари традиции сочувани во овој регион, далеку од сите позначајни патишта и  центри во античко време.

Керамиката работена на витло се одликува со многу повисок квалитет, но очигледно е дека се работи за локална продукција. Меѓу формите доминираат плитки и длабоки чинии како и грниња со две рачки. Садовите со вакви форми се чести во римскиот царски период на широк простор на Римската Империја, а се јавуваат и во широк временски распон помеѓу I и IV век.

Оружје

Во гробовите присутен е и голем број на примероци оружје. Најчести се наодите на железни врвови од копја со тулец кај кои варира должината на листот. Покрај нив, како дел од воената опрема на покојникот се јавува и секира, почесто се присутни долги ножеви, а во гроб 22а, покрај неколкуте копја и нож бил приложен и тенок меч со коскена облога на  дршката. Мечот е од типот  Spatha, а се јавува во наоружувањето на римската војска кон крајот на II и во текот на III век. Како еден од најексклузивните наоди  секако треба да го истакнеме и железниот меч од гроб 72, долг 70 см. Овој тип на мечеви со прстенест завршеток на рачката е познат како тип Ringknaufschwert, а се јавува кон крајот на II и во текот на III век во континентална Европа и просторите северно од Црното Море. Се смета дека тие имаат сарматско потекло, а со вклучувањето на сарматите во римските воени единици доаѓа и до нивно проширување од матичните сарматски територии, на пошироките пространства низ внатрешноста на Европа, но никогаш не се проширил во Медитеранот. Ова е засега се единствените откриени  мечеви од ваков тип на територијата на Р. Македонија. Карактеристично е и тоа дека оружјето најчесто е со свиткани врвови или ако тоа не било можно тие биле отсечувани.

Оружјето од некрополата на локалитетот Црвено Поле е откриено во доста оштетена состојба, но сепак може да се констатира дека не горело на кладата со покојникот туку дополнително е полагано врз сеуште топлите остатоци од неа. Во гробовите со оружје, речиси редовно се јавуваат и бронзени алки или токи, остаток од војнички ремени. 

Накит

Најчеста форма на накит од некрополата на Црвено Поле претставуваат тенките бронзени нараквици со краеви во вид на змиски глави. Овие нараквици се јавуваат практично низ целата територија на Римската Империја, најчесто во текот на II и III век.

Една златна обетка изработена од златна жица со префрлени краишта, е сведоштво дека некој од членовите на оваа заедница, сместена во срцето на планината Огражден, можеле да си дозволат и ваков, нешто полуксузен накит. Овие обетки со едноставна форма се присутни во голема мера во источните римски провинции, низ целиот римски царски период.

Во неколку гробови уште се откриени  и неколку прстени во многу лоша состојба како и мониста од стаклена паста.

Монети

Бронзени и сребрени монети се чест прилог во гробовите на Црвено Поле, а секако и најдобар елемент за прецизно временско определување на оваа некропола.

Најстарите монети откриени овде се од втората половина на I век (сребрен денар од императорот Домицијан), а монетите од Хадријан, Антонинус Пиус, Јулија Мајса, Јулија Мамаја, Марко Аврелиј, Проб и Аурелијан се сигурна потврда дека оваа некропола била во употреба и во текот на II и III век.

Населба

Западно од некрополата,,Гуштерова Чукарка,, на растојание од околу 300 м е лоцирана населбата која се простира на површина од околу 2 - 3 хектари.

Населбата е сместена на падина која благо се спушта од север кон југ поделена со потокот на два дела. По целата површина на населбата, на повеке места се присутни камења од срушени објекти а на поедини места се видливи и основите.

Археолошки ископувања се изведени и на двата дела при што се истражени три градби нумерирани како објект I, II и III.

Објект I

Објектот е лоциран во јужниот дел  на населбата “Папри”, со правоаголна форма која во јужниот дел завршува со полукружен yид,ориентиран север - југ со мало отстапување од оската и со димензии 8.50 x 5.00 м. Составен е од два дела: апсидален со ширина 5.00 м. и длабочина од 1.50 м. и правоаголен со должина 7.00м и ширина 5.00 м. Двата дела помеѓу себе комуницираат без посебен влез, односно не е констатиран преграден yид помеѓу апсидалниот и правоаголниот простор.

Објектот е откриен во темелни партии со исклучок на мал дел од  севороисточниот агол и од полукружниот  yид   каде се сочувани yидни партии од надворешна страна со висина од 0.30 до 0.45м. и ширина 0.55 м. а на поедини места е присутна голема деструкција при што недостасуваат и темелните партии како што е случајот кај западната половина на полукружниот yид.

Влезот во објектот не е констатиран поради слабата сочуваност на yидовите, истиот би требало да биде поставен во западниот yид, притоа не исклучувајки ја можноста да бил поставен и во некој од другите периметрални yидови.        

По истражувањето можеме да констатираме дека објектот е граден на следниот начин: на карпата каде била сместена праисториската основа, биле ископани плитки темели кои потоа биле исполнети со камен и земја. Потоа од надворешна страна било изведено надyидување со што била оформена основата на објектот. Поради конфигурацијата на теренот која се спушта за 0.80 м. во однос на северниот и јужниот кружен yид, внатрешниот дел бил исполнет со камен и земја се до потребната нивелација. Yидањето врз основа на сочувани yидни платна, можеме да констатираме дека е изведено во opus incertum без нагласени хоризонтални редови притоа користејки локален  кршен камен а како врзиво средство била употребена земја.           

Објект II

Објектот е лоциран во северниот дел  на населбата “Јанина чешма”, со правоаголна форма, ориентиран север - југ со мало отстапување од оската и димензии: 4.50 х 3.50 м. Градбата има една просторија со внатрешни димензии: 3.30 х 2.40 м.

Во јужниот дел на источниот yид е сместен влезот во објектот со ширина 0.80 м. и сочувани довратници во висина од 0.60 м. северен и 0.40 м. јужен.

Со истражувањето во внатрешниот дел по целата ширина и должина е констатиран под од набиена  жолтеникава и црна земја. На самиот под се откриени  4 - 5 греди од кровната конструкција и голем број на клинци и фрагменти од керамички садови. Гредите не се опожарени што е еден од фактите дека објектот не е спален туку срушен.

Конфигурацијата на теренот каде е сместена градбата е со голем пад од север кон југ. Затоа пред градењето прво е изнивелиран габаритот каде е сместен објектот а потоа е започнато со надyидувањето.

Градењето на објектот е изведен во два опуса: Opus implektum и opus incertum .

Opus implektum е присутен во долните партии кои се изградени со големи необработени камени блокови кои го формираат надворешното и внатрешното лице на yидовите, карактеристична појава е оквирувањето на камените блокови со ситен камен, кој воедно прават и хоризонтално услојување.

Opus incertum започнува над opus implektum и е изведен со крупни камења без хоризонтално услојување, а јадрото меѓу нив е исполнето со ситен камен и земја.

За врзивно средство и кај двата опуса е користена земја.

Објект III

Објектот е 4,5 м западно од Објектот I. Подигнат е на шкрилеста карпа која е основа на целиот терен под плиткиот слој на хумус.

Со досегашните ископувања истражени се  пет простории каскадно поставени со висинска разлика на подовите од 1,5 м и вкупна површина од 159,41 м². Централно место завзема најголемата просторија (Просторијата бр. 1) и на чија западна и јужна страна поредени се останатите простории.

Граден е во масивна градба со yидови од камен и кал во техника на yидање OPUS INCERTUM. Дебелината на yидовите изнесува од 60 до 70 см. Градени се врз карпата следејќи го нејзиниот пад кон југ и некои од нив се вкопани во неа до длабочина од 20 до 50 см, што претставува темелна партија заради зголемување на нивната статичка стабилност. Ова,,темелење,, е вршено на Просторијата бр. 1 поради нејзината голема површина и на Просторијата бр. 3 поради постоењето на спратност. Максималната сочувана висина на yидовите од објектот е 1,11 м.

За градење на yидовите  употребувани се кршени и полуобработувани речни камења, камен кршен од карпата и мал дел на кварцен камен. Странично на yидовите формирано е лице со камења од средна големина, додека внатрешноста е исполна од ситен камен. Освен камен за yидање на yидовите  употребувана е и непечена тула- ќерпич која е употребувана во yидовите на катот и околу прозорците. Од остатоците на срушените делови yидани  од ќерпич сочувани се и цели парчиња со димензии од 22 х14 см. и различна дебелина од 5 до 8 см. Овие тули се изработувани од глина- црвеница помешана со ситно дробени парчиња од шкрилестата карпа.

Посолидно градени се yидовите на Просторијата бр. 3 каде што се применува поголема обработка на камењата со формирање на поубав изглед и се приметува нивно хоризонтално редење.

Према откриените фрагменти од глина користена за исполна на yидовите, со сигурност се дефинира постоење на спрат на Просторијата бр. 3, кој бил изграден од лесна дрвена бондрук конструкција со ширина на гредите од 4, 6 и 8 см. Се претпоставува спратност и на Просторијата бр. 1  заради нејзината поставеност во однос на другите простории. На сите откриени yидови сочувани се отворите за врати со ширина од 1,10 до 1,20 м. така да дефинирани се влезовите на просториите и комуникациите меѓу нив.

Подовата завршница во сите простории е слој од набиена земја со дебелина од околу 5 см. освен во просторијата која ја насловуваме како трем каде што се среќава под од редени камени плочи.

Покривната кострукција на просториите према испаѓаните остатоци во внатрешноста од  објектот била од тегули и имбрекси со различни димензии и тоа на тегулите 83х45х2,5 цм а на имбрексите од 43 до 74 цм должина и ширина од 17 до 21 цм, со стандардна дебелина од 2,5 цм. Остатоците од тегули со кружен отвор во средината  се податок дека во објектите постоеле огништа, така да овие тегули поставени на кровната конструкција ја имале улогата на оџак, како дел од покривната конструкција.

Следејќи ја организационата поставеност на просториите и начинот на нивното градење, се заклучува дека во една фаза се градени просториите 1, 4 и 5 додека на нив подоцна се доградени просториите 2, 3 и просторијата насловена како трем. Објектот се шири кон запад и југ.

Објектот страдал во пожар за што сведочи дебелиот слој од гареж и остатоци од недогорени греди кој се јавува во сите пет простории веднаш над нивото на подот. Стратиграфијата е типична за опожарен објект: врз слојот од гареж следува слој од паднатата покривна керамика и преку нив слој од камења и непечена тула паднати од повисоките делови на yидовите. Наодите кои ги откривме се токму помегу слоевите од гареж и покривната керамика. Најзастапени се керамичките садови: дваесетина беа пронајдени ви Просторијата бр.1, сите работени на колце, сконцентрирани покрај северниот yид. Од металните наоди покарактеристични се yвоната за околу врат за животни. Се добива впечаток дека тие, заедно со садовите и другите предмети, биле наредени на полица на северниот yид која  по опожарувањето се срушила. Покрај yидот, во слојот од гареж се пронајдени и остатоци од недогорени даски. Особено чести се и теговите за вертикален разбој кој во оваа просторија ги има над 70. Најчесто се изработени од камен,со различна големина и тежина, пронаогани сконцентрирани во поголеми групи од по десетина примероци. Во Просторијата 2 најзастапени се земјоделските алатки и рачно работени керамични садови. Во просториите 4 и 5, односно во деловите кои се истражени од нив, се пронајдени 4 питоса. Монетите се релативно ретки, откриени се 10 примерока, сите многу оштетени од пожарот. Посебно интересна е керамичната ламба со мотив на крст.

На самиот под од глина, во двете северни четвртини од Просторијата 1, се наога по едно огниште направени од поголем фрагмент на тегула и по една камена плоча.

Иако не е целосно доистражен сепак можеме да заклучиме дека 5-те простории кои се истражени се економскиот дел кои заедно со Објкетот I кој e 4,5 м источно се целина од еден поголем стамбено-стопански објект. Според наодите пронајдени во него, главна економска гранка било сточарството и земјоделството. Големиот број на тегови, Просторијата 1 ја посочуваат како можна текстилна работилница.

Простор помеѓу објект I и III

При истражувањето на просторот помегу двата објекта, а и во самите нив на нивото на под се откриени голем број на јами вкопани во самата карпа. Јамите се со најразлични форми, димензии и длабочина. Ги има со дијаметар и длабочина од неколку сантиметри па се до 2 м како двете јами во Просторијата 2 од Објектот III. Иако поголем број од нив делуваат како лежишта за колци од праисториска кука сепак во  сегашниот стадиум на истражувања тоа неможе да се потврди. Двата питоси во Просторијата 4 од Објектот III беа вкопани токму во такви јами во карпата. Најголема концентрација од такви јами со најразлични големини и форми има на подот од Просторијата 1. А само во Јамата 2 од Просторијата 2 беше пронајден материјал, главно фрагментирана керамика. Исто така таа беше исполнета со гареж што можеби кажува дека за време на опожарување на објектот таа не била затрупана.

Помеѓу двата објекти е откриен канал изделкан во карпата со ориентација север - југ, во должина од 10.50 м. и различна ширина која се движи од 0.35 до 0.50 м и длабочина до 0,70 м. Просторот каде што тој завршува сеуште не е истражен така што сеуште не е јасно каде тој води и како завршува.

Засега нејасна е и нивната намена. Иако за дел од нив речиси е сигурно дека се работи за јами од греди за дрвени конструкции. Дали поголемите јами се користени за складирање на земјоделските производи, или пак јамите од Просторијата 1  од Објектот III се дел од процесот на прозвотство на текстил ке покажат истражувањата кои ќе следуваат.

Заклучок

Големиот број објекти чии остатоци се забележливи на површината на теренот и досега откриениот број гробови и  нивната голема концентрација  на некрополата зборуваат за постоење на една голема населба од отворен тип и на бројно население кое егзистирало во овој регион во текот на римскиот период. Керамиката, накитот, оружјето и особено монетите ја датираат употребата на некрополата од крајот на I или посигурно, почетокот на II век па сé до крајот на III век после Христос. Ваква датација  до ископувањата во 2005 г. се применуваше и за населбата односно за објектите кои досега беа истражени. Но со последните ископувањето од 2005 г. на Објектот III и со пронаоѓањето на лампата  со мотив на крст во Просторијата 1 се покажа дека барем овој дел од населбата во кој се наоѓа овој објект продолжил да егзистира и понатаму. Овој тип на лампи типолошки сместен во северноафриканските или ранохристијанските, се датира најрано од крајот на IV, со употреба и низ целиот V век. Горна граница која засега го затвора животот во населбата.

 Некрополата и населбата на локалитетот Црвено Поле, во пазувите на планината Огражден, на 1200 метри надморски висина, претставуваат нов момент во Македонската археологија. Гробовите со кружна или елипсовидна конструкција каде како единствен погребен ритуал се јавува кремирањето, досега беа познати само од ископувањата во околината на Делчево, источна Македонија. Богатството со прилози во гробовите од Црвено Поле, меѓу кои секако посебно внимание предизвикуват бројните наоди на оружје, но и рачно работената керамика, отвараат нови научни прашања на кои македонската археологија допрва ќе треба да одговори.

На Растку објављено: 2007-12-12
Датум последње измене: 2007-12-12 18:13:48
 

Пројекат Растко / Проект Растко Македонија