Ване П. Секулов
Гуштерова Чукарка (Црвено Поле): некропола од римскиот царски период, погребен ритуал
Нема таков живот,
кој барем за миг
не беше бесмртен.
Смртта
секогаш за еден миг стигнува задоцнета[1].
Погребувањето, заедно со верувањето во „оној“ свет и обичаите кои го следат овој чин, спаѓаат во кругот на оние, во основа конзервативни манифестации, кои се пренесуваат од генерација на генерација и остануваат непроменети во текот на стотици, па и илјадници години. Тој чин не се огледува само во разликите во правецот на поставување на покојникот, неговата ориентација во однос на страните на светот, прилозите и нивниот број и распоред, туку тие разлики, што е секако позначајно, се однесуваат на основниот став на човекот и заедницата кон смртта, кон задгробниот живот, а конечно и кон животот воопшто. Затоа по правило обредот на погребување е во тесна врска со филозофијата на животот, со потребите што ги има овоземниот живот и што се пренесуваат на животот потоа[2]. Културните, економските, па и етничките карактеристики пресликани во стилот на материјалната култура се огледуваат и особено се манифестираат во ритуалот, обликот и содржината на погребувањето.
Некрополата Гуштерова Чукарка на Црвено Поле се наоѓа на висок и доминантен рид, видлив од сите страни (sl. 1). Ридот од северната и источната страна стрмно паѓа кон брегот на реката, на запад со благо седло е поврзан со соседниот рид, а на југ длабоко се спушта до самото подножје на планината. Таму каде што природата не го заштитила добро, а со цел да биде потполно одвоен од секојдневниот живот, бил ограден со ѕид од неговата јужна и западна страна (sl. 2). Со тоа овој простор не е веќе само природна појава сведена на природни елементи, туку е е простор со кој владее човекот, во склад со неговите можности за користење, совладување, трансформирање и адаптирање во она што е неопходно за неговата животна филозофија. Ридот на гуштерите не е случајно избран за место каде што животот бил заменет со вечноста. Климатските и природни појави едноставно го издвојуваат овој рид од околината. Сето ова е доволно тогашниот човек тоа место во својата свест да го согледа низ една нова димензија, низ еден ритуал на религиозниот миг. Секогаш по обемните врнежи од дожд, за разлика од околните ридови на Црвено Поле кои остануваат обвиткани со магли, Гуштеровата Чукарка се капе во сонце. И обратно: кога секаде наоколу е сонце, облаци се издигаат над ридот каде вечноста продолжува веднаш откако сегашноста ќе запре.
Некрополата зафаќа површина од околу 5000 м2. Досега се истражени околу 750 м2, при што во две истражувачки кампањи се обработени 81 гробови, од кои 77 се релевантни за научна анализа[3] (sl. 3). Основен и единствен ритус е спалување на покојниците.
Гробните јами се вкопани веднаш под хумусот, и најчесто во самата карпа која е основа на целиот рид. Тие имаат правоаголна или елипсовидна форма (sl. 4), со димензии во зависност од возраста на покојникот: од 0,70 до 2,45 м и широчина од 0,65 до 1,10 м. Релативно се плитки - длабочината им изнесува од 0,15 до 0,42 м. Ориентацијата[4] им е разновидна: најчесто се со правец СЗ-ЈИ: 26 гроба; ЈЗ-СИ: 17; С-Ј: 15; З-И: 10, а за 9 гробни јами, поради најразличните оштетувања, не може да се утврди точната ориентација.
Во осум случаи спалувањето на покојникот не се вршело во гробната јама во која потоа бил погребан. Во овие гробни јами пронајдени се остеолошки остатоци, но не и остатоци на недогорени греди, гареж и пепел. Со овој степен на истраженост на некрополата, сè уште не е откриена устрината: местото на кое била вршена кремацијата на покојниците положени во овие гробови. Останатите гробови се од типот бустум: во самите јами се формирале и кладите на кои биле спалувани покојниците, а потоа и биле погребувани во истите. Првин се ределе покуси греди по ширина на јамата, а подебелите и поголеми греди биле поставувани по должината на претходно ископаната гробна јама (sl. 5). За да се држи кладата стабилна била фиксирана и со вертикални колци[5]. Кладите биле зацврстувани и со клинци, кои се честа појава во гробовите. Остатоците од јагленисани греди и големото количество пепел во јамите, укажува на тоа дека кладата била голема, со дебели греди и основа за силен оган[6].
Иако со различна ориентација на гробните јами, сепак забележлива е тенденцијата покојникот на кладата да биде поставен со лице кон изгрејсонцето или кон сончевата еклипса (sl. 6). Покојникот бил положуван на кладата само во својата облека и, најверојатно, со личниот накит. Зачуваноста на прилозите, но и местата каде тие се пронаоѓани, укажуваат дека тие се приложувани по неговото спалување. Единствено во анатомска положба се зачувани малите клинчиња, со кои се потковувале обувките од кожа-kaligi (sl. 7), и единствено според тоа може да се одреди ориентацијата на покојникот за време на обредот. Покојникот бил изложен на силен оган, што донело до низок степен зачувани остеолошки остатоци, со големина одвај од сантиметар-два. А во некои гробови, воопшто и ги нема.
Сигурно е дека во одредени гробови во кои има големо количество гареж и пепел, но не и остатоци од јагленисани греди, огнот бил оставен да догори до крај и самиот да згасне. Но, во поголем број случаи, на самото дно од гробната јама лежат големите остатоци од јагленисаните греди, кои биле првиот ред од кладата (sl. 8). Овие јагленисани остатоци можеби се резултат на згаснување на оганот и недогорување на гредите како самозадушување од големото количество пепел од масивната клада. Но, многу е веројатно дека некои од кладите биле гаснети веднаш по согорувањето на телото од покојникот[7]. Тоа може да се потврди и со антрополошката анализа[8] над зачуваниот остеолошки материјал, која покажа одредени последици врз остатоците од кремираните коски, како резултат на дејство на течност[9]. Бидејќи во ниту еден гроб во кој остеолошките остатоци се оставани во гробната јама не се забележа дека кремацијата била одвоена од гарежот и пепелта, туку напротив, таа секаде е измешана со нив по целата површина од гробната јама, тогаш не може да се потврди ритуал на постхумно миење на коските, особено ако се земе во предвид и нивната зачуваност во мали фрагменти. Малку е веројатно дека овие деформитети можат да бидат последица од ритуалното залевање или пак гаснење на кладата со вино. Затоа преовладува мислата за поврзаноста на деформитетите со гаснењето на кладата со вода - обичај кој често се практикувал, особено кога покојникот се погребува на истото место каде бил и кремиран, без оглед на тоа што многу почесто гаснењето било со земја и песок[10].
Одвојување на кремираните коски од остатоците од кладата се случува во два наврати. Во гробот 44, врз остатоците на недогорените греди се пронајде ќерамичен сад[11] (sl. 9), во кој беа сместени минимални остатоци од череп, ребро, фемур, тибија и фибула, остатоци од кремација на грацилна жена со старост над 50 години. Садот е изработен рачно (sl. 10). Висок е 24,5 цм, во форма на издолжен конус, со полукружно раме кое преминува во цилиндричен врат. Ободот е извлечен нанадвор, прстенест и профилиран. Има две лентести држалки кои излегуваат од рамето и завршуваат под прстенот на ободот. Украсени се со две слабо профилирани ребра и по две брадавичави апликации на лакот од држалките. Дното е кружно и вовлечено нагоре - средна фактура со примеси на песок, добро печен, со светлокафеава боја. Големото количество гареж и пепел и недогорените греди сведочат дека кремацијата била извршена на истото место каде што потоа била закопана и урната.
Во гробот 67 исто така се пронајде рачно изработен керамичен сад[12]. Отсуството на греди и гареж укажуваат дека кремацијата била вршена на друго место, а дури потоа била положена во овој гроб. Садот е висок 24,5 цм има биконична форма со поголем долен конус (sl. 11). Дното му е рамно и малку нагласено, ободот широк, непрофилиран. Има две мали, полни потковичави држалки и е масивен, со груба фактура од непрочистена глина со примеси на лискун и невоедначена кафеава боја. Иако минималните остеолошки остатоци не дозволуваат со антрополошка анализа да се одреди половата диференцијација на личноста на старост од околу 40 години, прилозите недвосмислено докажуваат дека и во оваа урна била погребана жена.
И покрај тоа што и двата сада се најдени во фрагментирана состојба и девастирани, сигурно е дека тие биле користени како урни. Кремираните остатоци на покојниците, и во двата случаи жени, се пронајдоа под фрагментите од садовите. Во самите јами околу нив немаше остеолошки материјал.
Во само 5 гроба не се пронајдени гробни прилози. Но, според тоа што биле подложени на подоцнежни девастации, најверојатно е дека и во нив, по чинот на кремирањето, биле оставани дарови.
Најблиските на покојникот, во неговиот вечен дом му го оставале сето она што било одраз на неговиот економски, социјален, па дури и хиерархискиот статус, кој тој го уживал во заедницата додека бил жив. Верувајќи притоа дека душата продолжува да живее токму на местото од гробот, тие покрај личниот накит и оружјето, го снабдувале и со сето она што било потребно за продолжување на животот после животот, вклучително и пари, храна и пијалак.
Садовите од ќерамика се најбројни. Ги има во сите гробови во кои се пронајдени гробни прилози. Тие биле оставани како гробен прилог и во нив се ставало храна и пијалак за покојникот. Во гробот биле ставани по завршувањето на чинот на кремацијата, кога кладата била во голема мера оладена. Формите и типовите се најразлични. Биле изработувани на грнчарско колце, но имало и садови во рачна изработка[13] - од мали пехари и чаши со една или две држалки, чинии со различна длабочина, па сè до поголеми купи и грниња (sl. 12). Токму малите пехари со по две вертикални држалки, кои се и најчести прилози во гробовите, наведуваат на мислата дека за време на церемонијата на спалување на покојникот и за време на погребниот банкет, се пиел некој пијалак, веројатно вино, а потоа биле оставани во гробот. По сè изгледа, повторно полни со истиот пијалак.
Големиот број фрагментирана керамика која се среќава по целата површина на гробните јами, и тоа од врвот па до самото дно, јасно покажува дека одреден тип садови не биле во функција на гробен прилог, туку биле употребувани за време на церемонијата на кремирање на покојникот. Тоа што фрагментите се подгорени, со сигурност потврдува дека садовите биле фрлани за време на кремацијата, односно се кршеле директно од кладата, додека таа горела заедно со покојникот[14]. Речиси секогаш се работи за рачно изработена керамика со груба фактура. Кршењето садови како дел од ритуалот на погребувањето и погребниот банкет, не е непозната појава на просторот околу Црвено Поле, па и пошироко, речиси во сите периоди од историјата. Најстара појава на овој ритуал во Македонија се секако мноштвото фрагменти од керамички садови, најчесто длабоки чинии, оставани по церемонијата на кршење помеѓу покривните камења над самите гробови-урни со кремација од некрополата Клучка-Хиподром кај Скопје, во преодниот период од бронзеното во железното време[15]. Ритуалот продолжил и во следниот период. Иако со изменети погребни обичаи, со погребување единствено со инхумирање на покојникот во времето на железото, ритуалот на кршење на садовите продолжил и на тумуларните некрополи кај село Караорман, Штипско[16]. Фрагменти од кршена садова керамика пронајдена е и на „разни места во насипот над гробовите, групирани помеѓу гробовите или меѓу камењата на самиот ограден ѕид“ на тумулите во Дабици-Сопот кај Велес[17]. И толкувањето на симболиката на овој ритуал не би требало да биде проблем. Со кршењето на садот се симболизирало ослободување на душата од телото и побрзо и полесно заминување во вечниот живот.
Честа е и појавата на садови кои се поставени со дното нагоре. Најчесто се работи за пехари со две вертикални држалки работени на грнчарско колце, но има и чинии, рачно изработени чашки со или без држалки и рачно изработени грнци. Колку и да ги има, само еден примерок во гробот е поставен во таа положба (sl. 13). Исклучок има само во гробот 77, каде што два рачно изработени грнци се ставени еден во друг, но во ситуација кога не се наоѓаат во гробната јама, туку на самата надгробна конструкција (sl. 14). Тоа е присутно и во гробот 64, каде два мали пехари биле поставени со дното нагоре, и покриени со поголем фрагмент од голем рачно изработен сад со потковичава рачка. Ваквиот обичај, во гробовите да се ставаат наопаку свртени садови, е прилично чест во југоисточна Европа низ сите цивилизациски периоди и се врзува за таканаречените „староевропски култури“, односно за домашното население, започнувајќи од касниот неолит и раниот енеолит[18], па сè до времето кое е предмет на истражување во овој текст. Во комплексот на сродните култури Вучедол-Костолац во Хрватска и Србија, како и на локалитетот Виница, во контекст на културата Гумелнита во Бугарија, вака свртените садови биле поставувани преку главата, стомакот или над колковите на инхумираните покојници[19]. Во Македонија засега најстар пример на наопаку поставен сад во гроб, е забележан многу подоцна, во хеленистичкиот период на некрополата Трескавец кај Прилеп[20]. Во римскиот царски период овој обичај засега е регистриран само во тумулот со кремација Среден Рид, село Бигла, Делчевско[21]. Во Бугарија има повеќе вакви примери од овој период. Во гробот № 7/72 од некрополата при село Драшан, Врачански округ, има два наопаку поставени садови[22]. Во Могилата VII, крај село Вишеград, Крџалиски округ, биле извршени две погребување со кремација. И во двата случаи кремираните остатоци на покојникот биле собрани на купче и поклопени со длабоки чинии[23]. Најсличен на овој, е примерот од некрополата на Виминацијум во Србија, каде што кремираните остатоци на покојниците во неколку наврати биле положувани во урни свртени со дното нагоре[24]. Објаснувањето на овој обичај за обратно поставување на сад во гробот се движи од тоа дека на тој начин се сакало што подобро и подолго зачувување на храната во нив[25], до тоа дека на овој начин се спречувало повампирувањето на покојникот. Ако се работи само за чување на храната, тогаш таквите садови би се среќавале многу почесто. Затоа алтернативата е дека „кога садот е свртен наопаку, кога отворот е кон земјата, намерата му е е да го спречи злото кое излегува (од покојникот), да ги спречи душите на мртвите да излегуваат во светот на живите“ [26]. Но, овој проблем се однесува на периодот на доцниот неолит и енеолитот и на гробовите кои се со инхумирани покојници. Таму садовите биле поставени преку главата на покојникот (во Вучедол) или на стомакот како во Градац и Виница. Во нашиот случај, како и во сите други кои погоре се споменати, а потекнуваат од периодот на царскиот Рим, обработуваме гробови во кои покојниците се кремирани. Значи нема скелет и не може да се определи каде би бил черепот или стомакот, односно невозможно е да се лоцираат виталните органи, па преку нив да се постават садови. Сепак и во двата гроба во Могилата VII крај село Вишеград, Крџалиски округ, кремираните остатоци на покојникот се собрани и покриени со длабока чинија. Во контекст на ова се и превртените урни во некрополата на Виминациум. Но, зошто тогаш тој тип погребување во свртени садови и урни, односно оставање садови во таква положба во гробовите, е толку редок? На некрополата кај село Драшан, од 34 гроба, само во еден има наопаку поставени садови. Во некрополата кај село Вишеград од 20 могили, само во една, и тоа на двапати кремираните остатоци на покојникот, се под длабока чинија. На некрополата во Виминациум од вкупно 292 гроба со кремации, 15 се во урни од кои 4 превртени и поставени со ободот на земјата. Од останатите 11, две се покриени со длабоки чинии[27]. Доколку оваа појава навистина се поврзува со одреден ритуал на верувања во консеквенци „отпосле“ (животот), дали тогаш заедницата „после смртта се плашела само од некои индивидуи, не од сите? Дали се тоа свештеници или магови меѓу својот народ? Или биле посебно лоши луѓе? Или можеби не заминале доброволно во светот на мртвите, па некако морало да се спречи евентуалната одмазда кон живите?“ [28]
Оружјето исто така е чест прилог на некрополата. Најбројни се ножевите и копјата. Копјата речиси секогаш, со исклучок на само еден случај, одат во два примерока. И секогаш се придружувани со друг тип оружје. Секогаш се во комбинација со бојни ножеви, а во три случаи и со секири (sl. 15) и во еден случај со меч (sl. 16). Според местоположбата каде е најдено оружјето, најверојатно е положувано во гробот по извршената кремација, иако физичката состојба во која се пронајдени примероците од гробовите 20 и 59, нудат и мисла дека тие биле на кладата заедно со покојникот или пак биле поставени во гробот кога таа сè уште била многу врела. Во сите гробови во кои има оружје редовно се среќаваат и бронзени алки на кои се прикопчувало оружјето, како и други делови од појасната гарнитура, пред сè токи и салталеони. Вториот примерок на меч од типот Ringknaufschwert во гробот 72 беше пронајден заедно со два ќерамични тега за разбој (sl. 17). Пар слични тегови се пронајдоа и во гробот 70. Од минималните остатоци на кремациите тешко е да се одреди полот на покојниците, но сепак во првиот случај сигурно е дека се работи за погребан маж, иако теговите ја заматуваат сликата за гордиот воин кој не дозволил мечот да му биде свиткан. Додека пак антрополошката анализа на гробот 70 со доза на резерва изнесе мислење дека во овој гроб сепак е погребана жена, што би можело да се претпостави и по гробниот прилог пронајден токму тука, а особено по отсуството на оружје. Карактеристично за оружјето е тоа што најчесто било онеспособувано пред да биде положено како прилог. Особено копјата, борбените ножеви и едниот меч. Оружјето е свиткувано, а кога тоа не било можно, едноставно се отсекувал врвот. Пораката е сосема јасна: луѓето кои Гуштеровата Чукарка ја одбрале за свое вечно почивалиште верувале дека светот во кој заминувале е подобар од оној што го напуштале. Верувале во мирен задгробен живот во кој, без оглед на тоа што со себе го носат и своето оружје, ќе нема потреба од негова употреба.
Ако досегашните елементи кои го сочинуваа ритуалот на погребувањето на некрополата се познати и се среќаваат во непосредната и подалечната околина на локалитетот Црвено Поле, и тоа во континуитет кој се враќа до самите корени на раѓањето на цивилизациите, тогаш чинот на свиткување на оружјето пред да се положи во гробовите, нема никакви аналогии ниту на територијата на Македонија ниту во соседните земји. Не дека тој чин е непознат, но просторите на кој тој се практикувал и кои би можеле да имаат влијанија се географски, и посебно временски, релативно далеку. Во своите некрополи, Таурисците, кои ги населувале централните и источните подрачја на денешна Словенија и северозападна Хрватска, пред да го положат оружјето во гробовите, го свиткувале низ целиот период на латенот[29]. Уште попрецизно, овој обичај е детектиран и временски определен и на некрополите во југозападна Романија: од 170/160 до 50 година пред раѓањето Христово[30].
Мал, но интересен составен дел од ритуалот на погребување на некрополата Гуштерова Чукарка, е и приложувањето глинени тегови за разбој во гробовите. Можеби кога тие би се појавувале само во женските гробови, и не би добиле простор во овој труд, но кога еден пар од нив ќе се пронајде и во машки гроб, и тоа во гроб во кој беше пронајден типично машки статусен симбол: меч од типот Ringknaufschwert, тогаш сосема сигурно дека тоа заслужува внимание. Особено затоа што засега нема никакво рационално објаснување што тоа би можело да значи. Дури и самата појава е многу ретка. Единствената аналогија која авторот успеа да ја пронајде, датира од малку порано и малку позападно: од хелинистичко-римскиот период на Пелагонија[31].
Изненадува отсуството на накит: обетки се пронајдени само во 3 гроба, една златна и белегзии во 11, речиси сите во фрагменти. Најверојатно личниот накит се наоѓал на покојникот за време на кремацијата и тој не го издржал оганот[32]. Присуството на стопени перли од стаклена паста во некои гробови ја поткрепува оваа мисла. Белегзиите биле носени и од мажи: во гробот 20 пронајдена е белегзија заедно со комплетот оружје. Во неколку гробови за кои е потврдено дека во нив се погребани жени, како прилози се оставени и ножеви. Тоа се мали лачни ножеви, кои за разлика од воените, не се ниту свиткани, ниту со отсечени врвови. Клучевите, кои го оддаваат правото на новиот дом, но и заштита од опасност[33], а ги има само неколку, пронајдени се исклучиво во женските гробови. Затоа пак фибулите кои исто така се многу ретки и кои сигурно гореле на кладата, се среќаваат и во женските и во машките гробови.
Монети се пронајдени во 16 гроба, во вкупен број од 21 примерок. Оставањето монети во гробовите како Хароновата такса е веќе елаборирана проблематика и вообичаена појава на некрополите[34]. Уште Аристофан во своето дело „Жаби“ (140, 270) споменува такса од два оболи, додека подоцнежните автори споменуваат еден обол или монета ставана во устата на покојникот[35]. На нашата некропола, во гробот монетите најчесто се наоѓаат по еден примерок, а во еден случај се најдени две и во два гроба има по три монети (sl. 18). Најдени се и бронзени и сребрени монети. Гореле заедно со покојникот, но биле оставани во гробот и по завршувањето на кремацијата, како дел од погребниот ритуал. Најстарите монети се од втората половина на 1 век, сребрен денар од императорот Домицијан, а монетите од Хадријан, Антонинус Пиус, Јулија Мајса, Јулија Мамаја, Марко Аврелиј, Септимиј Север, Проб и Аурелијан, се сигурна потврда дека оваа некропола била во употреба и во текот на 2 и 3 век по Христовото раѓање.
Во два гроба се пронајдени остатоци и од животински коски. Во гробот 45 тие се појавија пред слојот во кој се наоѓа кремацијата, додека пак во гробот 52 тие гореле на кладата заедно со покојникот и нивните остатоци се пронајдоа измешани во гробната јама[36]. За првиот случај сигурно е дека се работи за остатоци од погребниот банкет, додека за вториот многу е веројатно дека на кладата заедно со покојникот горело и неговото домашно галениче.
Речиси редовна појава во сите гробови се плодовите со цврста лушпа: ореви и лешници. Тешко е да се утврди дали тие биле дел од погребниот банкет или пак биле оставани како прилог во гробовите. Но, според тоа што не се скршени, многу поверојатно е дека се оставани за да му се најдат на покојникот. Инаку оставањето таков вид плодови е забележано на Западната некропола во Стоби, но само во гробовите со кремација од Августовскиот период[37], а како најблиска аналогија, и временски и просторно, може да послужи тумулот Студена чешма, Делчевско[38].
По завршувањето на погребната церемонија, гробната јама прво била затрупувана со земја, а потоа околу неа се формирал камен венец. Веројатно затоа кај некои погребувања, гробните јами не се со иста ориентација со гробните венци, особено со оние венци кои се со елипсовидна форма. Честа е ситуацијата кога гробните јами се ексцентрично поставени во однос на кружните венци (sl. 19). Мислата дека гробните јами биле првин покривани со земја, а дури потоа биле надградувани камени венци, може да се поткрепи и со фактот што многу ретко слојот на кремација се допира со нивото на кој е поставен венецот(sl. 20). Речиси редовно помеѓу нив има слој од 0,10 до 0,40 м земја. Во 14 случаи тој простор е исполнет и со камења. Со камења се пополнети сите 4 венци со правоаголна форма. Кај останатите, просторот е исполнет со еден ред до три слоја камења. Најчесто тоа се полнежи без некаков ред, но кај гробот 78 тие се речиси радијално наредени (sl. 21). Речиси секогаш помеѓу камењата се наоѓаат фрагменти од искршени садови, а кај веќе споменатиот гроб 77, најдени се и два цели сада, ставени еден во друг и превртени.
Одредени гробни јами продолжуваат и под камените венци, па дури и со подигањето на венците, под нив се наоѓаат гробни прилози. Исполнувањето со земја на просторот што го затвара камениот венец наметнува и една подруга дилема, но за неа малку подолу во текстот. Камените венци најчесто се со кружна форма, поретко со елипсовидна и сосем ретко, само во 4 случаи, со правоаголна. Оформени се од валчест камен, камен варовник, но и камен откршен од карпата песочник која е основа на ридот од некрополата. Големината на венците е различна, во зависност од големината на гробните јами. Кружните венци се со дијаметар од 0,70 до 4 м, со речиси идеално направен кружен венец кај гробот 27(sl. 22). Елипсовидните венци се со должина од 0,70 до 2,90 м и широчина до 2 м (sl. 23). Правоаголните се со димензии до 1,60 м должина и 0,85 м ширина (sl. 24). Можно е два гроба со сопствени камени венци, најчесто со елипсовидна форма, да имаат и заеднички кружен венец. Тоа е случај со гробовите 21 и 22, но заедничкиот венец бил оштетен со подоцнежните девастации.
Главната дилема е: дали на некрополата со кремации Гуштерова Чукарка на Црвено Поле покојниците се погребувани во рамни гробови или над нив се подигнати мали тумули? Една година по откривањето на гробот 27, кој се појави веднаш по симнувањето на површинскиот слој не подебел од 5 цм, камењата од венецот кои се карпа песочник, почнаа да се распаѓаат. Тоа значи дека тие не можат да издржат на отворено и под дејство на атмосферските влијанија. Овој гроб се наоѓа на најдоминантното место на целата некропола. Практично, таа околу него и се шири (sl. 25). Потоа, овој ист гроб кој има венец со пречник од 4 м, и гробна јама со должина од речиси 2 метри, како гробен прилог даде само 37 клинци од обувки. Сличен пример е и гробот 71 кој има нецелосен венец со пречник од 3,50 м и гробна јама со димензии 2,45х1,10 м и кој исто така се појави многу плитко под површината на земјата со еден единствен наод од клинци од обувки и еден фрагмент од нож. Вакви примери има повеќе кога венците се оштетени, а слојот на кремацијата се појавува веднаш, многу плитко, под површината на земјата. Во гробовите во кои се наоѓани прилози, дури и тогаш кога камените венци им се оштетени, тие редовно се под слој од камења или се насипани со најмалку дваесетина сантиметри земја. Сето ова сериозно упатува да се размислува дека над камените венци биле подигани ниски тумули. Со текот на времето, од различни причини, тие биле сведени на ниво на камените венци или само малку над нив. Овој простор долго време бил користен како земјоделска површина[39], а некрополата била цел и на илегални копања[40]. Можеби густината на гробовите и камените венци кои се допираат еден со друг, одат во прилог на спротивно размислување, но само 10 км западно од Црвено Поле се откри нова, за среќа интактна и неоштетена некропола, каде на површината од земјата се забележуваат и ситуации кога повеќе ниски тумули се густо наредени еден до друг.
Во Македонија новиот начин на погребување за прв пат се појавува во Пелагонија на познатиот тумул од „Висои“, Беранци кај Битола, подигнат околу централниот гроб - циста со згрчен инхумиран покојник, датиран во преминот од бронзеното во железното време[41]. Овој начин на погребување продолжува во варијации и во железното време, посебно на просторот на источна Македонија, особено околу Штип и малку подалеку на север, во околината на Велес[42]. Тоа се тумули кои редовно имаат камени венци во основата и неколку погребувања во оградениот простор. Иако сите погребувања во овие тумули се со инхумација, сепак начинот и формирањето на гробната јама е многу сличен со гробните форми од Гуштеровата Чукарка. Најголема е сличноста со погребувањата во малите и ниски тумули од некрополата „Криви Дол“, Радање кај Штип[43] и особено „Дабици“, Сопот кај Велес[44]. Гробните јами биле заградувани со камени венци, најчесто со елипсовидна и правоаголна форма. Тие биле прекривани со земја и аморфни камења со што се формирал низок тумул. Сето тоа било организирано во кружен простор обележан со камен венец, преку кој се формирал заедничкиот тумул. Со крајот на железното време, и напуштањето на тумуларниот начин на погребување и прифаќање на кремацијата како доминантен сепулкрален ритуал, не се напуштаат и формите на гробните конструкции, посебно во класичниот и ранохелинистичкиот период, кога големите јами исполнети со силно количество пепел и гареж се обележуваат со камени венци и се покриваат со земја и аморфни камења, добивајќи форма на неправилен правоаголник или елипса. Тоа било честа појава во Пелагонија[45]. Ваквите форми продолжуваат и во Августовското време и тоа не само во Пелагонија[46]. За првпат, иако ретки, тие се појавуваат и во Стоби[47]. Но, Стоби е многу позначајно, барем за овој труд, зашто тука во Августовско време, повторно се појавуваат кружните камени венци околу гробната јама со кремација[48]. Заради интензивното користење на овој дел од некрополата и во периодите кои следуваат, сите 4 гроба кои досега се откриени, а имаат камен кружен венец, се оштетени од подоцнежните погребувања, особено во делот на венците. Со тоа е изгубена можноста да се дознае дали над гробовите биле подигнати и мали тумули. Така стигнуваме и до римскиот царски период, временска рамка во која егзистирала некрополата Гуштерова Чукарка на Црвено Поле. До пред неколку години во Македонија воопшто не се знаеше за ваков начин на погребување под мали, ниски тумули, под кои има камени венци што ја овенчуваат гробната јама со кремација. Првите сознанија за тоа се добија со ископувањата во 2001-2002 година, кога беа истражени 5 тумули од областа Пијанец, Делчевско[49], а веќе наредната година се открија и неколкуте кружни гробни конструкции од околината на Крива Паланка[50]. Во истата година отпочнаа систематските археолошки истражувања на локалитетот Црвено Поле.
Овој начин на погребување веќе одамна е забележан во поширокиот регион. Во 1961-62 година романскиот археолог Флока О. вршејки ископувања на вилата рустика кај Цинцис, регион Хунедоара, открива и истражува 17 гроба, од кои 10 се со кружни камени венци над кои се подигнати мали, ниски тумули[51], датирајќи ги во 2-3 век по раѓањето Христово[52]. Во 1971-72 година крај селото Драшан, Врачански округ, западна Бугарија, се откриени вкупно 34 гроба од кои 33 со кремирање[53]. Сите гробни јами се овенчани со камени венци со кружна, елипсовидна и правоаголна форма. Иако не се споменуваат тумули над гробовите, многу веројатно е дека тие со тек на времето биле уништени, особено затоа што просторот од некрополата долго време се користел како земјоделско земјиште, а во најново време бил обработуван и со машини[54]. Во прилог на ова оди и тумуларната некропола крај село Вишеград, Крџалиски округ, јужна Бугарија, каде што од 20-те истражени тумули, сите имаат камени венци[55], особено помалите со дијаметар од неколку метри и чијашто височина не изнесува повеќе од 0,70 м. Со ископувањата од 1999-2001 година на некрополата крај село Забел, Трнско, западна Бугарија, е истражен дел од рамна некропола со кремација, чии гробни јами се овенчани со кружна, елипсовидна и правоаголна форма[56]. Се споменуваат и тумули како составен дел од некрополата, но тие сè уште не се истражени преку нивен посебен опис, така што нема информација за нивната големина. Сите споменати некрополи од територијата на Р. Бугарија датираат од 2 век до првата половина на 4 век по раѓањето Христово.
Во овааа фаза на истраженост на некрополата, кога одвај 12% од целата нејзина површина е обработена, тешко е да се каже нешто повеќе за општествено-социјалната организираност или поточно кажано, концентрираност на гробовите. Но сепак, кога ќе се погледне планот на некрополата, очигледно е дека таа има свои внатрешни правила по која е концепирана. Несомнено дека најценето место за погребување бил самиот врв на ридот, особено просторот околу гробот бр.27 кој засега е најголем по својата димензија. Околу него има густо збиени помали гробни конструкции, со камени венци прилепени еден до друг (sl. 26). На овој простор се наоѓаат најбогатите гробови и гробовите со најголемо присуство на оружје. Дали тука била погребувана „воената аристократија“ од населбата, ќе покажат наредните истражувања. Но, затоа пак сигурно е дека за неколкуте гробови, чии венци се надоградуваат еден на друг, правејќи и низа од неколку гроба, може да се каже дека во нив се погребани припадници на едно семејство или на многу блиски роднини (sl. 27). Таквите неколку ситуации во досега откриениот дел, зборуваат дека покрај хиерархискиот, и семејниот принцип се јавува како еден од основните постулати по кој се развивала и концепирала некрополата.
Ритуалот на погребувањето на некрополата Гуштерова Чукарка на Црвено Поле го отсликува моментот на „современото“ сфаќање на животот кој доаѓа после животот, со сите свои вредносни системи произлезени од мислата и практикувањето на секојдневниот живот во еден временски врамен момент на крајот од 1 па до крајот на 3 век по раѓањето Христово. И тоа во едни специфични услови, пред сè врзани за географскиот и културно-историскиот простор со кои била опкружена популацијата од Црвено Поле. Примајќи и практикувајќи влијанија кои биле блиски на нивниот сензибилитет и во кои можеле да се препознаат самите себеси, црвенополци изградиле своја, оргинална сепулкрална реторика. Но, во основата на целиот ритуал, во основата на целиот ментално-духовен склоп на ова население, лежи силен конзерватизам зачуван во колективната меморија, кој само чекал и барал погоден миг повторно да се врати како доминантна форма на изразување на вековните верувања и традиции. Со тоа повторно се враќаме на почетокот од овој текст и заклучокот дека погребувањето, заедно со верувањето во „оној“ свет, и обичаите кои го следат овој чин, спаѓаат во кругот на оние, во основа конзервативни манифестации, кои се пренесуваат од генерација на генерација и остануваат непроменети во текот на стотици, па и илјадници години.
Локалитетот Црвено Поле се наоѓа 37 км североисточно од Струмица, на крајниот југоисток на Р. Македонија, на самата граница со Р. Бугарија, 15 км северно од општинскиот центар Ново Село и 8,5 километри северно од селото Барбарево, во чиј атар и припаѓа.
Сместен е високо во пазувите на планината Огражден, на околу 1200 м надморска височина, во посебен микро-географски регион кој го сочинуваат неколку ридови во низа, со правец на простирање југоисток-северозапад. Ридовите меѓусебно се поврзани со благи преслапи, така што се добива впечаток дека станува збор за висорамнина што се спушта кон југ. Ваквата местоположба, заштитена од високите врвови на планината Огражден и падот на ридовите кон југ, овозможува целодневна изложеност на сонце, а истовремено и заштита од северните ветрови, што е посебно важно во текот на зимскиот период. Во околината има и неколку чешми, како и две помали реки, од кои едната тече во централниот дел и ја дели висорамнината на два дела, а другата ја врамува јужната страна. По брегот на рекичките се распослани обработливи земјоделски површини и пасишта. Околните повисоки планински масиви се обраснати со густа букова шума, богата со најразновиден дивеч, и истовремено извор на градежен материјал и огревно дрво.
Сето ова го прави овој микро-регион погоден за живот. Ова го потврдуваат и 7 домаќинства од вкупно 13, колку што има селото Барбарево, најблиската современа населба. Тие летото го поминуваат на Црвено Поле, занимавајќи се со сточарство и одгледувајќи компири и жито.
А дека така било отсекогаш, покажуваат и петте локации на кои досега се регистрирани архитектонски и духовно-материјални остатоци од минатото кои заокружуваат една компактна целина на организиран живот, кој се одвивал повеќе од шест века (sl. 28).
Некрополата е сместена на врвот од ридот Гуштерова Чукарка, прв во низата почнувајќи од југосток, на надморска височина од 1186, 45 м.
Веднаш до неа, само десетина метри позападно, на врвот од ридот Спасова Чукарка, потврдено е постоење на некропола со друг погребен ритус, односно инхумација во цисти вкопани во самата карпа и покриени со камени плочи. Иако досега овде се вршени само контролни истражувања и обработени се само неколку гробови, речиси е сигурно дека се работи за некропола која била користена во доцната антика. На ова место заедницата на Црвено Поле продолжила да ги погребува своите покојници по прифаќањето на новиот систем на духовно и религиозно вреднување на животот.
Јужно од нив, на стотина метри оддалеченост, се наоѓа локацијата Градиште. На врвот од високиот и доминантен рид со стрмни и непристапни страни, бил подигнат збегот, рефугиумот, место каде во случај на опасност населението добивало заштита. Остатоците од темели зборуваат за силното укрепување на овој простор.
Западно од некрополите, разграничени само со текот на малата река Белогазица, во централниот дел на Црвено Поле, на поголема висорамнина, се простира населба од отворен тип. На површина од неколку хектари која се спушта кон југ, со површинска опсервација се регистрирани неколку десетици објекти од станбен и од стопански карактер. Белогазица населбата ја дели на два дела: северен - „Јанина Чешма“ и јужен - „Папри“. Одовде се тргнувало кон вечноста.
[1] Шимборска, Вислава, полска поетеса, „За смртта без претерување“
[2] Tasić, N. Socijalno-ekonomski aspekti sahranjivanja u kulturama eneolita i ranog bronzanog doba jugoslavenskog podunavlja.- Materijali XX, Beograd 1985, p.55
[3] Истражувањата започнаа во јули 2003 година. Со нив раководеше потписникот на текстот а во ископувањата учествуваа и Марјан Јованов од Институтот за археологија при Универзитетот Св.Кирил и Методиј и Трајче Нацев од НУ Завод и Музеј од Штип. Со таа кампања се открија и обработија 54 гроба. Истражувањата продолжија и следната година, предводени од истата екипа, паралелно работејќи на населбата и некрополата каде што се открија уште 27 гроба.
[4] Заради силниот оган на кои биле подложувани телата на покојниците, остеолошките остатоци се минимални, така што според нив не може да се одреди ориентацијата на гробните јами. Тоа е возможно само според остатоците од клинците како дел од обувките на покојниците кои вообичаено се наоѓаат сконцентрирани на едниот од краевите на јамата.
[5] Во неколку гробови, веднаш на работ од јамата се регистрирани и мали јами кои вертикално се спуштаат под долното ниво на јамите. Во гробот бр.50 во три такви јами се зачувани и јагленисани остатоци од вертикално поставени колци.
[6] Секаде околу Црвено Поле се простира недогледна густа букова шума, така што материјал за формирање големи клади имало во изобилство.
[7] Агре, Д. - Дичев, Д. Гроб на тракийски воин от римската епоха в долината на река Вит. - Археология, 2000, книга 3-4, с.36
[8] Според д-р Фаница Велјановска, антрополог од Музеј на Македонија, која и ги работи антрополошките анализи на остеолошките остатоци од некрополата.
[9] Се работи за деформирање и искривување на коските и нивно напукнување.
[10] Писарова, В. Могилен гроб на воин от покрайните на римска Сердика. -Археология, 1995, книга 3, с. 21.
[11] Беше пронајдена оштетена, со откршено дно свртено нагоре. Во гробната јама не се констатираа остатоци од кремација, туку таа беше сместена во ќерамичкиот сад. Во него, помеѓу остатоците од коски, имаше и бронзена обетка и полутопчест предмет од коска со перфорација во средината.
[12] Во јамата имаше распослано фрагменти од рачно изработен сад со дното свртено нагоре. Околу садот имаше фрагменти од стопено стакло, најверојатно од сад и четири стаклени перли од кои трите беа стопени. По подигањето на дното од садот се појави уште еден фрагмент ќерамика, а под нив остатоци од кремирани коски. Остатоци од кремацијата имаше и под останатите фрагменти од садот.
[13] Ќерамиката работена на грнчарско колце е вообичаена за римскиот царски период, со тоа што повеќето аналогии можат да се најдат на териториите источно и североисточно од Црвено Поле. Она што изненади е појавата на рачно изработената ќерамика, како според количеството примероци, така и според својата форма, која надвор од овој контекст, потврдена со типична римска ќерамика и монети, би била третирана како да потекнува од доцната бронза. Тоа се типови ќерамика кои можат да се следат низ еден подолг временски период на територијата западно од нашиот локалитет. Најблиску по форма, по време и по територија, е рачно изработената ќерамика пронајдена во Доцноримското термално лекувалиште во село Банско кое е 20-тина километри југозападно од Црвено Поле и со чие истражување раководи авторот на овој текст. Лекувалиштето засега е датирано во 3 и 4 век по Христовото рагање. Со ископувањата на локалитетот Вардарски Рид кај Ѓевѓелија, каде што е констатирано континуирано живеење на овој простор од 13 до 1 век пред Христа и каде што доминира старомакедонскиот град во хоризонтот од крајот на 3 и почетокот на 2 век, исто така се откриени ќерамички садови со слични карактеристики.
[14] Brusić, Z. Neke osobitosti pokopa u Liburniji. - Materijali, Beograd 1985, XX, s.143.
[15] Митревски, Д. Праисториските заедници во Македонија, Скопје 1997, с.34
[16] Микулчиќ, И. Могили од „Орлова Чука“ кај село Караорман, Зборник на штипскиот народен музеј II, Штип 1961, с.55
[17] Митревски, Д. Скопје 1997, с.94
[18] Hoti, M. Vučedol - Streimov vinograd:Magijski ritual i dvojni grob vučedolske culture, - OPVSCVLA ARCHAEOLOGICA, Radovi Arheološkog zavoda filozofskog fakulteta Sveučilišta u Zagrebu, 1994, s.183 - 203
[19] Hoti, M. 1994, s.184-186
[20] Mikulčić, I. Pelagonija, Skopje 1966, T.XXVII, sl.37b.
[21] Јованов, М. -Чукарка, Скопје 2004, с.23, сл.24.
[22] Машов, С. Тракийски некропол от римската епоха при с.Драшан, Врачански окръг, - Археология, 1975, кн.1, с.42.
[23] Дремзисова-Нелчинова, Ц. Тракийски могилен некропол (II-III в.) край с. Вишеград, Крджалийски окръг, - Археология, 1980, кн.1, с. 24.
[24] Зотовиќ, Љ.- Јордовиќ, Ч. VIMINACIUM: некропола „више гробаља“, Београд 1990, с.77, 85, 102.
[25] Hoti, M. 1994, s.186
[26] Hoti, M. 1994, s.190
[27] Зотовиќ, Љ.-Јордовиќ, Ч. Београд 1990, с.100, 108.
[28] Зотовиќ, Љ.-Јордовиќ, Ч. Београд 1990, с.190.
[29] Božič, D. Izvori za istoriju Tauriska, - Praistorija Jugoslavenskih zemalja V, željezno doba, Sarajevo 1987, s.887.
[30] Sîrbu, V.- Arsenescu, M. Dacian settlements and necropolises in Southwestern Romania (2nd c. B.C.-1st c. A.D.), - Acta terrae septemcastrensis V,1, Sibiu 2006, p. 167.
[31] Mikulčić, I. Skopje 1966, s.80.
[32] Од некрополата засега се истражени само 12% од нејзината вкупна површина. И бидејќи не е целосно истражена, сè уште се нема јасна слика за нејзината социјално-општествена структура и евентуалната полова диференцијација при погребувањето на покојниците. Едно од објаснувањата зошто со досегашните ископувања ретко се јавуваат гробови со женски накит, е тоа дека женските гробови се издвоени на посебна парцела или парцели кои сè уште стојат необработени.
[33] Demo, Ž. Grobni ritus u koprivničkoj podravini tokom 2 st.n.e., - Materijali XX, Beograd 1985, s.123.
[34] На некрополата со кремација Горно Поле, Стар Караорман кај Штип во гробот 1 е пронајдена сребрена монета од раниот 5 век пред Христос, - Микулчиќ, И. Илиро-арјајски гробови из околине Штипа, - Старинар 1962/63, Београд 1963, с.198-209.
[35] Мал придонес на колешката Анита Василкова кон квалитетот на овој труд за што сум благодарен.
[36] Не е правена палонтолошка анализа на животинските коски и затоа не се знае од кои животни потекнуваат.
[37] Wesolowsky, B.Al. Burial Customs in the West Cemetery, - Studies in the antiquities of Stobi, volume 1, Beograd 1973, p.134.
[38] Јованов, М. - Скопје 2004, с.28.
[39] Според кажувањето на земјоделците, по секое орање редовно на површината од земјата се појавувало оружје и други предмети, кои секако биле дел од гробните прилози.
[40] До почетокот на систематските археолошки истражувања во 2003 година, кога против илегалните копачи се водеше и судски процес при што им беше одземено и поголемо количество предмети, претежно ќерамички садови и малку оружје.
[41] Митревски, Д. Скопје 1997, с.103.
[42] Микулчиќ, И. Штип 1961: Нацев, Т,- Јованов. М, - Локалитетот „Орлова Чука“ - Тумул III, - Macedoniae Acta Archaeologica 14, Скопје 1996, с.45-55; Митревски, Д. Скопје 1997.
[43] Митревски, Д. Скопје 1997, с.90.
[44] Митревски, Д. Скопје 1997, с.93-94.
[45] Mikulčić, I. Skopje 1966, s.61.
[46] Mikulčić, I. Skopje 1966, s.80.
[47] Mikulčić, I. The west cemetery, excavation in 1965, - Studies in the antiquities of Stobi, volume 1, Beograd 1973, p.74.
[48] Mikulčić, I. Beograd 1973, grave 21, p.74; Wesolowsky, B.Al. Beograd 1973, grave 95, p.110; Wiseman,J.- Mano-Zisi, D. – Excavatios at Stobi, 1973-1974, - Journal of Field Archaeology, Vol.1, 1974, graves 260, 273, p.135.
[49] Јованов, М. -Скопје 2004, с.11.
[50] Резултатите од овие истражувања сè уште не се објавени.
[51] Floca, O. Villa rustica şi necropola daco-romanǎ de la Cinciş, - Acta Musei Napocensis, 2, 1965, p.163-194.
[52] Floca, O. 1965, p.192.
[53] Машов, С. 1975, кн.1, с. 41-49.
[54] Машов, С. 1975, кн.1, с. 41.
[55] Дремзисова-Нелчинова, Ц. 1980, кн.1, с. 18-26.
[56] Владимирова-Паунова, В. Античен некропол край с.Забел, Тръско, - Известия на исторически музей Кюстендил, т.IX, Кюстендил 2003, с.215-225.
Список на слики
1.Гуштерова Чукарка, ридот снимен од север
2.Ограден ѕид
3.Гуштерова Чукарка, план
4.Гробна јама
5.Остатоци од клада
6.Клада
7. Гробни прилози
8.Недогорени греди од кладата
9.Гроб 44 со урна
10.Урна од гроб 44
11.Урна од гроб 67
12.Свртени садови
13.Сад во сад
14.Копја со секира
15.Копја со нож и меч
16.Тегови во гроб 72
17.Монети во гроб
18.Ексцентична гробна јама
19.Пресек на гроб
20.Радијално наредени камења
21.Кружен венец
22.Елипсовиден венец
23.Правоаголен венец исполнет со камења
24.Сектор I
25.Сектор I, цртеж
26.Семејни гробови?
27.Карта на Македонија со Црвено Поле
28.Црвено Поле
РЕЗИМЕ
Локалитетот Црвено Поле се наоѓа 37 км североисточно од Струмица, на крајниот југоисток на Р. Македонија, на самата граница со Р. Бугарија, 15 км северно од општинскиот центар Ново Село и 8,5 километри северно од селото Барбарево, во чиј атар и припаѓа.
Сместен е високо во пазувите на планината Огражден, на околу 1200 м надморска височина, во посебен микро-географски регион кој го сочинуваат неколку ридови во низа, со правец на простирање југоисток-северозапад.
На пет локации досега се регистрирани архитектонски и духовно-материјални остатоци од минатото кои заокружуваат една компактна целина на организиран живот, кој се одвивал повеќе од шест века .
Некрополата е сместена на врвот од ридот Гуштерова Чукарка, прв во низата почнувајќи од југосток, на надморска височина од 1186, 45 м.
Некрополата зафаќа површина од околу 5000 м2. Досега се истражени околу 750 м2, при што во две истражувачки кампањи се обработени 81 гробови, од кои 77 се релевантни за научна анализа. Основен и единствен ритус е спалување на покојниците.
Во осум случаи спалувањето на покојникот не се вршело во гробната јама во која потоа бил погребан. Останатите гробови се од типот бустум: во самите јами се формирале и кладите на кои биле спалувани покојниците, а потоа и биле погребувани во истите.
По завршувањето на погребната церемонија, гробната јама прво била затрупувана со земја, а потоа околу неа се формирал камен венец. Камените венци најчесто се со кружна форма, поретко со елипсовидна и сосем ретко, само во 4 случаи, со правоаголна.
Датум последње измене: 2007-12-12 18:13:57