Софија Тренчовска

Виртуелен македонски хронотоп: Слово по повод поставувањето на „Проектот Растко – Македонија“

korab 2.jpgПочитувани,

Пред нас е почетокот на реализирањето на еден голем и значаен проект за македонската култура и електронско издаваштво. Веб-порталот на Проектот Растко — Македонија ќе претставува електронска библиотека на македонската култура и традиција. И не само тоа. Нашата задача ќе биде зачувување, обработка, и дигитализацијата на позначајните (пред сè) пишани дела создавани низ повеќе развојни фази, кои ја отсликуваат нашата културната историја, па сè до најсовремените книжевни пројави. Исто така, фотографијата, музиката, стрипот, филмот и другите сродни, хибридни и(ли) мултимедијални аудиовизуелни форми. Сè со цел за достојно и репрезентативно прикажување на нашето книжевно, историско и артистички вдахновено богатство преку интернет мрежата, а со хумана намера тоа да биде достапно во секој дом, до секоја канцеларија, до секој читател, истражувач и конзумент. На овој начин и македонската култура се приклучува кон иницијативата која го афирмира кириличното писмо и ја дисперзира балканско-словенската култура во паневропската и прекуокеанската културолошка рамка. Притоа значајно е и тоа дека делата се објавуваат не само на јазикот на кој се создадени, на мајчиниот јазик — македонскиот литературен јазик, туку и со извесни паралелни, двојазични и повеќејазични преводи... Но најпрвин сакаме да создадеме посебна почит кон авторот на книжевното дело. И навика да се валоризира и вистински да се цени трудот, без премолчувања и негации својствени за некои темни агли на Светот. Единствено на тој начин ќе овозможиме поедноставна комуникација и пристапност на читателите до книжевните дела.

Сакам во оваа свечена прилика да напомнам дека оплеменувањето на идејата за овој интернет-потфат ќе беше речиси невозможна без упорноста и настојчивоста на големиот пријател на Македонија, Зоран Стефановиќ, претседател на Културната мрежа „Растко“.

koj pat vodi 2.jpgИ сигурно многумина ќе се прашуваат зошто е значајно интегрирањето на Македонија во оваа глобална мрежа, токму сега и симболично — токму одовде, од матицата на духовните врутоци и крстопати — од древниот Тивериопол / Астерион, сегашна Струмица. Затоа и не случајно како датум за почеток го одбравме 11 декември, денот кога македонските христијани чествуваат во знак на Светите 15 Тивериополски Свештеномаченици. Тој миг, тоа место, допрва ќе ја задолжуваат современата наука, а во оваа првична листа на текстови, евидентираме ретки ангажмани кои повикуваат на модерно посветеништво при истражувањата во оваа насока.

Македонија е светлина која нема да згасне. Тоа е античка земја на сонцето и светлината, која во својата вековна историја има многу светли и темни моменти, многу искушенија, премрежја и разнебитувања, но на оваа плодно тло без разлика на политичко-општествените неприлики, секогаш одново се раѓало новото семе на незаборавот. Враќајќи се назад кон корените, една од најзначајните страници од македонската историја, е зачетокот на словенската писменост и литература, што упатува на тоа дека на ова тло се поставени темелите на словенската писменост. Светиот завет кој ни го оставаат светите браќа Кирил и Методиј, како и нивните ученици Климент и Наум Охридски, потоа сите преродбениците од првата половина на XIX век, претходниците на Мисирков, следбениците на Конески – сите некако ја содржат во себе синтезата дека јазикот и писменоста се светлината на човековото постоење. Во прогласот кон Светото Евангелие, Свети Кирил, вели дека „книгата е најскап дар во животот на народите“ и дека „душата без книги е мртва, таа е како уста без сладост“... Продолжувачот на кирилометодиевското дело, родоначалникот на средновековната македонска книжевност и основачот на македонско-словенската црква, Климент Охридски, на македонско тло го основа првиот универзитет на Балканот, Охридската книжевна школа, која брзо добива свои медијатори и на територијата на сегашна Источна Македонија.

korab 1.jpgСледејќи ја трагата на своите учители, Климент како еден од првите творци на македонско-словенскиот поетски јазик, како главна инспирација во своите слова ќе ја има светлината на сонцето, зраците и ѕвездите наспроти физичката и духовната темнина. Почнувајќи од светиклиментовата црква па сè до денес, духовното живеење на македонскиот народ се одликува со непрестан континуитет и традиција. Во последните години со возобновување на монаштвото, духовниот живот на македонските манастири и цркви доживува вистинска преродба. Затоа ние ќе третираме и богословски текстови на нашиот портал.

Вечната борба со светлината и темнината (заборавот), ќе ја продолжат и денешните плодни и реномирани писатели кои ја преземаат улогата на просветители среде светските тенденции на разни антипропаганди и фалсификаторски устројства.

Следејќи ја понатаму линијата на развојот, покрај постарите (основоположници) и последните мајстори на современата поезија и проза, ќе отстапуваме простор и за одбрани примери од драмската и филмската уметност, археологијата, со единствена цел — разоткривање на артефактите...

Затоа, нека овој наш проект, биде прилог во односот кон вредностите на македонското културно наследство и дигитализацијата на истото. Тука ќе не води дигресиската констатација дека иако легални археолошки истражувања во минатото имаше малку, историјата и вистината не остануваат целосно закопани под земја.

kokino 3.jpgkokino 1.jpgДа го заштитиме и сочуваме она што е наше и треба да им го покажеме на соседите и Светот.

Да ги детектираме сличностите и разликите во традицијата и културата.

Да ги поврземе минатото и сегашноста преку електронската алка на незаборавот.

Да создадеме еден виртуелен македонски хронотоп.

Со благородна мисла и со желба нашата дигитална библиотека да се збогати со повеќе репрезенативни македонски творечки дела и непроценливи културно-уметнички вредности.

 

Софија Тренчовска,
управителка на „Проектот Растко – Македонија“

 

kokino 2.jpg

На Растку објављено: 2007-12-11
Датум последње измене: 2007-12-10 14:56:33
 

Пројекат Растко / Проект Растко Македонија