Александар Кондев

За фотографиите на Љупчо Илиевски

Фотографијата е феномен кој настана во деветнаесетиот век, бурно се разви  и изврши забележително влијание врз човековата цивилизација во дваесетиот. Во дваесет и првиот век се трансформира во универзален визуелен и дигитален јазик преку кој, на најмасовна и најдиректна основа,  општи светот.

Фотографите-професионалци се разликуваат од ентузијастите кои некогаш беа наоружани со ефтини фотоапарати  и правеа фотографии за спомен, наспроти  современите, наоружани со мобилни телефони кои во миг снимаат и испраќаат фографии секаде и секому.

Во што е разликата? Фотографот професионалец, не  е роб на настанот - тој е негов интерпретатор, во некои моменти и судија. Тој на своевиден начин се труди од настанот да го извлече есенцијалното и на соодветен начин да го интерпретира. Тој креира дело.

Да се биде автор на овие простори е исклучителен предизвик. Нивото на развој е такво што е тешко е да се финансира својата креација од резултатите на трудот во професионалниот ангажман. Во својата работа треба да се внесе љубов, храброст и откажување од многу нешта, а резултатот е награда или разочарување.

Во плеадата на генерацијата фотографи што се појавија во осумдесетите години на дваесетиот век во Македонија е и Љупчо Илиевски.

Како и останатите фотографи тој е самоук, фотографските знаења ги стекнува преку литературата, изложбите. Посебно нешто кое треба да се напомене е работата на овој автор во Фото клубот 25 во Скопје  кој во тоа време беше расадник на таленти, кои своите фотографии ги изложуваа  на просторите на поранешна Југославија, но и во странство.

Можеби овој ангажман ја одреди и неговата професионална определеност најнапред како соработник на Агенцијата Танјуг, а подоцна како фоторепортер и камерман во МРТВ, наспроти неговата првична определеност - економијата, заврршувајки ја Вишата економска школа во Прилеп.

Но светлото и филмот се неодолив предизвик. Одбирајки ја фотографијата како професија, тој одбра простор во кој ке работи, но и со кој ќе живее. Тоа е еден вид сублимат.

Најинтересно во работата на Илиевски е изборот на темите. Тој не се интересира за  секојдневните теми или оние кои во тој момент се во тренд. Ги избира на изглед малите  и незанимливи теми кои не ветуваат простор за искажување, а подоцна тој со својата елаборација ги открива сите убавини и големини што се криат и ги визуелизира. Да се потсетиме на циклусот за Големиот лустер од Офицерскиот дом во Скопје, тој не е само фотографски предизвик, тој во себе содржи  приказна полна со настани, како да е живот на еден човек, а резултатот е фото есеј за еден предмет кој станал личност. Во себе ја носи потребата дискретно  без гламур да ги бележи своите фотографски доживувања.

Театарот е еден таков предизвик, динамичен, полн со движење, непредвидлив, емотивен, те вовлекува во себе но и те отфрла. Треба да се доживее,да се преживее и да се остави фотографија како резултат на работата.

Циклусот на театарски фотографии е циклус за една љубов, прикриена но и искажана на свој начин, сокриена во сенките на драпериите и мизансценот на дејствието. Од друга страна, тие се силно акцентирани од продорот на светлото и гестот на актерот.

Па да го цитирам театарскиот критичар Иван Ивановски кој за неговите театарски фотографии ке рече “ …дека Илиевски  во своите фотографии ги фиксира оние детали што се најинтересни, најрелевантни...”

Ако театарот беше предизвик за Илиевски во деведестеите години на дваесетиот век од кои произлегоа низ изложби како Фото плеј, Траги, Изложбата Театарска фотографија на фестивалот Војдан Чернодрински, Експерименти и други. Подоцна ќе се врати на истражувањето. Предизвик е локалитетот Кокино каде е опкружен со археолози, астрономи, архитекти, но тој во својата уметност не дозволува егзакната наука да го извлече од неговиот сентимент.

Како да го слуша својот инстинкт, а не рациото. Тој ја бара бајката, во минатото го бара во митот и сака да направи изложба која ќе раскаже една заборавена легенда, скриена меѓу камењата и ѕвездите на Кокино.

Циклусот не е завршен, предизвикот  и сонот од сјајот на ѕвездите и понатаму останува.

На Растку објављено: 2007-12-13
Датум последње измене: 2007-12-12 20:01:41
 

Пројекат Растко / Проект Растко Македонија