Софија Тренчовска

За филмскиот медиум

Медиумот на подвижните или движечките слики, филмот, претставува спој на уметноста и технологијата, која со помош на средството за регистрирање - камерата, се регистрира една нова стварност. Филмот како естетски уметнички производ е составен од повеќе визуелни елементи. Иако во себе ги сублимира елементите од некои други комуникациски медиуми, како што се театарот, литературата, сликарството и фотографијата, природата на филмот е посебна, автентична и неповторлива.

Главна задача на сите оние творци коишто се занимаваат со правење на филмови е да пронајдат добра приказна или добро сценарио. Оживувањето на сценариото не зависи само од режисерот, актерите, директорот на фотографија, туку и од оние кои се грижат за естетскиот и визуелниот впечаток, сценографијата, костимографијата, музиката, шминката, монтажата итн. Во секој случај, филмот е едно комплексно дело, чијашто успешна реализација најмногу зависи од успешната меѓусебна соработка на сите учесници во филмскиот проект.

Преку визуелизацијата на иреалното, филмот врши силно влијание на перцептивниот систем кај човекот и претставува медиум кој на екранот произведува движења и идентификација кои се посилни од која било друга уметност. Во почетоците на филмската историја, со појавата на немиот филм, движечките слики што се редат една по друга на големото филмско платно, го одземаа здивот на гледачите. Магичната возбуда што ја предизвикуваат движечките слики трае непрекинато, со уште поголем интензитет. Денешниот, современ филм произведува фасцинирачки филмски слики кои сега се надополнети со неверојатни сценски и визуелни ефекти, потпомогнати од модерните филмски техники. Со примената на монтажата и современата дигитализацијата на филмот, денес, речиси не постои сцена, која не може да биде изведена.

Зборувајќи за моќта што ја рефлектира филмскиот медиум, се наметнува прашањето: што е она што најмногу гледачите ги привлекува кај филмот? Веројатно, илузијата дека пред очите на гледачот се одвива една нова измислена стварност, еден нов живот, исполнет со емоции на среќа, тага, страв, неизвесност... На големиот екран е присутен цел еден микрокосмос. Таму се спојуваат времињата, минатото и иднината, човекот, животот, раѓањето и смртта. Дефинирајќи ја природата на кинематографските слики како онтолошка автентичност, Петриќ вели дека: онтолошката автентичност влијае на гледателската перцепција на стварноста, т.е ја поттикнува илузијата дека сликата е вистинита и „идентична“ со животните доживувања.

Екранот мора да врие од возбуда и емоции, вели големиот Алфред Хичкок. Најважно за него е дејството на филмот да знае да го задржи вниманието на публиката.

Денеска филмската индустрија нуди се и сешто. Комерцијалните филмови, претежно од американска продукција, што денеска ги преферираат кај нас, се правени без многу емоции и естетика. Филмовите со премногу акција, насилство и агресија се толкуваат како позитивен акт, благодарение на популарноста на главниот актер. Целокупниот холивудски систем на ѕвезди отсекогаш подразбирал посебен стил на глумење. Филмовите се препознаваат и паметат по актерите. Звучното име на филмската ѕвезда, чие учество во филмскиот проект чини многу пари, за продуцентите значи гаранција дека филмот ќе донесе профит.

Непобитен факт е дека филмскиот творец зависи од публиката и разбирливо е тој да се труди да му угодува на гледачот. Токму поради тоа творецот е засекогаш исправен пред дилемата како подобро да ги пренесе своите идеи на платното и како тоа да изгледа фасцинантно и привлечно за окото на гледачот. Но, дали секогаш е неопходна комерцијализацијата на филмот - на штета на уметноста? Според мислењето на Хичкок, уметноста на режирање комерцијални филмови е во тоа точно да знаете до каде смеете да одите.

Зборувајќи за историјата и сегашноста, за старото и новото, за старите и за новите ѕвезди, неизбежно е а да не се спомене името на генијалниот Чарли Чаплин.

Чаплин е една од најголемите и најсветлите ѕвезди што некогаш се појавиле во историјата на светската кинематографија и чијашто блескава светлина се уште не згаснува. Како еден од најкреативните, најинвентивните и највлијателните личности во ерата на немиот филм, Чаплин режира, глуми, пишува сценарија, продуцира, компонира. Промовирајќи го имагинарниот карактер на скитникот од неговиот филм The Tramp, обичен мал човек, со џентлменски манири, кој носи темен костум со преголеми панталони и кловновски чевли, со шешир кој учтиво го симнува од главата, бамбусов стап и мустаќи а ла Хитлер, Чарли Чаплин станува крал на комедијата, без конкуренција. Чаплиновата глума се одликува со неверојатна суптилност, одмереност и оригиналност. Едноставно, служејќи се со говорот на телото и визуелениот хумор, веќе со генерации гледачите со солзи во очите се смеат на сцените од неговите филмови: The Gold Rush, City Lights, The Kid, The Great итн. Глумата на Чаплин е неисцрпен извор од кој се инспирираат многу нови комичари, меѓу кои најуспешни се Вуди Ален и Роберто Бењини. Обајцата ја преферираат едноставноста и природноста. Вуди Ален, негувајќи го традиционалниот еврејски хумор, создава слика за малиот, тивок човек, кој е вечно збунет од непријатниот универзум. Уметноста на импровизацискиот хумор е поспецифична за италијанскиот актер Роберто Бенини. По легендарниот Тото, Бенини е најпопуларниот комичар во италијанската кинематографија. Својот најголем успех го постигна со филмот Животот е убав, кој во 1999 беше награден со Оскар за најдобар актер и за најдобар странски филм. Филмот Животот е убав претставува трагикомедија која зборува за асимилацијата на италијанските Евреи. Главниот лик Гвидо користи хумор за да го заштити својот петгодишен син од суровата реалност. Верувањето во убавината на животот и наспроти хоророт на теророт, во овој филм предизвикува силен емотивен ефект. Во интервјуто направено за списанието Гвардијан, Бенини признава дека неговиот филм има голема поврзаност со два филма на Чаплин, The Great Dictator и The Kid, затоа што овде е вплеткана и приказната за заштита на малото дете. Во филмот на Бењини е присутно Чаплиновското влијание, со хумор против нацизмот, кого Чаплин го примени во Големиот диктатор. Познатата актерка Изабела Роселини за филмот на Бенини ќе каже: Го имате истото меланхолочно чувство, како кога го гледате Чаплин. Се смеете, но сепак чувствувате дека тука има нешто тажно.

Филмот Големиот диктатор на Чарли Чаплин, (снимен во 1940 г. пред почетокот на Втората Светска Војна), ќе биде оценет како најостра комична навреда на Адолф Хитлер и најдрзок анти-нацистички приказ кого некогаш Холивуд го прикажал на екранот. Да знаев што ќе направи Хитлер и што ќе се случи, мојот филм ќе го направев малку поинаков, вели во една своја изјава Чаплин. Тој овде толкува двојна улога, ликот на невиниот еврејски бербер кој ќе стане херој на Томанија и согласно со големата физичка сличност, ликот на диктаторот на Томанија Аденоид Хинкел. Комбинацијата на смеа и тага, хумор и страв, црно и бело, добро и лошо, што е применета и во двата филма е невообичена, но ефектна. Во еден момент се смеете, а во следниот плачете.

На крајот, обидувајќи се да ја одгатнам суштината на големата енергија која зрачи од филмското платно, повторно ќе го цитирам Бењини кој вели: Киното, тоа е една голема емоција. Навистина е така.

(Courtesy of AsterFest 2008, Strumica based Int'l Festival of SEE Film Auteurs organized by TFA)

На Растку објављено: 2007-12-18
Датум последње измене: 2007-12-18 10:07:47
 

Пројекат Растко / Проект Растко Македонија