Давор Тоциновски

Вистина или филм

Филмот никогаш трајно не ја поседувал константноста на сопствениот изглед, туку секогаш и постојано подлежел на промени. Едноставно како по некое непишано правило трпел континуирани надградби, дополнувања и проширувања кои секако и придонеле и најмногу како медиум од севкупноста на културно-уметничката сфера околу себе да собира најбројна публика во текот на целиот 20 век. Во почетниот период од неговото постоење филмот бил во улога или имал функција да апсорбира искуства и естетски вредности од други културни области. Сите тие сегменти од опкружувањето на другите уметности прават филмот да почне да ги применува и да трпи мутирања со кои добива естетска форма која може слободно да се комбинира со филмските поставки. Но, со време, сфакајќи дека принципот на комбинација ја збогатува формата на филмот, самите автори земаат за право да вметнуваат, да вградуваат во него поголем број на естетски вредности. По одреден период од неговото појавување може да се забележи присуство на повеќе медиуми и производот кој се прикажува на платното станува мултимедијално дело, резултат, повеќемедиумски производ.

Се задржуваме на неколку примери по хронолошки ред, а кои се во контекст со погоре кажаното. Во раниот период, на почетокот на минатиот век, се појавуваат подвижните слики кои првенствено се одликуваат со кратко времетраење. Сликите кои се движат не останале само само во формата на тогашниот технички изум, откритие, туку се надградуваат со наративен дел, односно со приказна. Така сликите како форма добиваат и соодветна содржина. Од тогаш до денешни дни сценариото станува стожерен дел и би рекле инструмент за реализација на едно филмско дело.

Некаде во средината на минатиот век во филмот се вградува уште една новина која има епохално значење и која ќе ги отвори претходно затворените порти, приоди, пристапи и внесувајќи нови методи да постави повисоки вредности и стандарди и секако на филмот да му придодаде нова форма. Тоа е звукот, кој пак од своја страна набргу овозможува нови вградувања и проширувања на простор за користење и експериментирање со музиката. Ваквите радикални измени влијаат на надградбата во претходно востановените форми и правила кои го формираа филмот. Со музиката филмот освојува и добива нови креативни вредности во неговата целовитост.

Со користење на сценариото во филмската уметност се инволвира и книжевноста. Нивен нераскинлив дел е и музиката. Ниедна уметност во таа градба не и одзема или ја омаловажува другата уметност, напротив сите заедно се дополнуваат, дообјаснуваат и надградуваат. Додека визуелизацијата е стигната на рамниште до перфекција на еднодимезионалната форма, се внесува и нова техничка надградба, слики во боја кои ја нудат илузијата на тридимензионалната форма. Внесувањето на бојата е формула која формите и предметите од електронски сноп ги презентира како убедлива реалност. Филмот добива снага и моќ на визуелна убедливост, иако понекогаш се работи за крајно нестварни ситуации, ниту пак нашиот ум може да ги замисли како вистинити. Но, сепак со воведувањето и користењето на анимациите, филмот нуди свет во кој секоја индивидуална апстракна замисла може да прерасне во потполна визуелна вистина.

Дали можеме во иднина да мислиме за константноста на формата филм, или до која мерка филмот ќе се доближува до публиката, ќе претрпат ли функционални измени киносалите! Дали само технологиите ќе бидат онаа сила која ќе нуди и стихијно ќе наметнува иновантни примеси. Сите тие во свеста на човекот создаваат хипотетички одговори кои наметнуваат создавање на индивидуални вистини. Но дали тие и таквите вистини ќе ја имаат силата и моќта на самозамислена инвентивност која во иднина може да наметнува реализирана креативна претпоставка која би била надоградена со свои методи и правила.

Ќе биде ли стварност претпоставката кога еден ден на местото на актерите, филмската индустрија исклучиво ќе има анимирани ликови. Дали исто така, во иднина филмот ќе биде прикажуван на платно или пак ликовите и приказните ќе ги доживуваме во трета димензија, односно холограм. Ќе се престори ли филмот во интерактивен производ. Ќе биде ли допуштено секоја поединечна, индивидуална свест да го формира филмот по свои потреби и вкусови. Дали дејствието на филмот ќе се израмни, изедначи со ритамот на живеењето. По сите вакви претпоставки се наметнува една вистина. До кој степен ќе се движи развитокот и неговиот резултат кој ќе треба да ги задоволува потребите, да ги надополнува чувствата и едноставно да го оствари недосонуваниот сон.

На Растку објављено: 2007-12-28
Датум последње измене: 2007-12-27 23:27:07
 

Пројекат Растко / Проект Растко Македонија