Гоце Ристовски

Филмови ќе прават сите

Поезија ќе пишуваат сите"- Бранко Миљковиќ

Со појавата на подвижните слики (филмот), подоцна „големото око“ (телевизијата), на другите носители и емитери на слика и звук, (видео, ДВД) и конечно на глобалната мрежа (интернет) , што се остварува и безжично, се менуваше и се менува и светот и животот (човекот). Рокенролот, филмот и телевизијата веројатно извршија најголеми „тектонски“ промени во дваесеттиот век. И тоа не само во естетска туку и во идеолошка смисла.

Ова ми се чини нужно да се посочи во обидот да се воспостави некаква релација ме”у условно речено, старите звезди и новиот екран, зададена тема за размисла во рамките и пред првото одржување на филмскиот фестивал Астер фест во Струмица. Појавата на немиот филм значеше овековечување на физичкиот изглед на актерите (ѕвезди), на одредени ентериери и екстериери, а звучниот филм го овековечуваше и гласот на актерите-ѕвезди, што ќе рече остваруваше застанување на времето.

Се разбира на почетокот тоа беше елитна придобивка, за избраните, за ѕвездите. Меѓутоа, со техничко технолошкиот развој застанувањето на времето преку слика и звук, значи овековечувањето на физичкиот изглед и гласот од одреден временски период (кога станува збор за луѓе) а за навек, стана демократска придобивка, за добар дел од светската популација. И онака како што нудеше рокнеролот: со минимални средства и знаења да се биде не само интрепретатор-репродуктивец туку и креативец (творец) на музика, така со развојот на филмот, филмските средства и филмската техника, „филмското актерство“ стана приобивка за сите. Поетот Бранко Миљковиќ пееше дека поезија ќе пишуваат сите. Искрено се надевам (навивам) за таков развој на настаните во дваесет и првиот век. Но, ми се чини дека попрво филмови прават сите. Во балканските средини тоа е особено врзано со ритуали и обичаи (свадби, крштевки, вселување во нов дом и слично) што, пак, значи враќање на синкретичните уметности кон корените. Новите можности на совремеито ја поедноставуваат целата креација што се нарекува филм овозможувајки ни не само сите да бидеме актери туку и режисери или поточно производители на филм.

Старите ѕвезди, од почетокот на двесеттиот век, се вистински одбрани, со сета своја појавност и постапки дури надчовечки. Но, можноста за брза и лесна заработувачка, со минимални средства (материјални и духовни) што се должи на филмската индустрија, создаде ѕвезди што се крактеризираат со физичка грубост, насилништво, демонски страсти... Остварувањето што поголем профит е мотив при што се дозволени сите средства. Од друга страна, пак, се инсталираа такви јунаци- звезди преку кои се има за цел да се озлогласат одредени средини, идеологии или поединци или да се наметне одреден поглед на светот. И во овој случај целта ги оправдуваше средствата.

Претпоставките за иднината на филмот и во таа насока на филмските ѕвезди можат да се движат до крајности. Современите технчко технлошки можности можат да ја доведат филмската имагинација до зачудувачки, бездруго совршени резултати. Но, можно е и техничкиот развој да ја уншти суштината, да ја укине потребата од вистински актери, режисери и други филмски творци и соучесници. Имам чувство дека процесот на произвдство на филм, (продукција и постпродукција) кој веќе е доведен до ниво на фантастичност, откако ќе дојде до стадиум на натамошен беспредметен развој, иноватиноста ќе биде свртена кон процесот на проекцијата, во кој исто така се остварени зачудувачки резултати. Не е исклучена можноста за максимално скратување на патот на проекцијата и таа во иднина да се одвива директно во свеста на секој поединец (без филмско платно или екран). Тоа, пак, ја буди стравта од тоталитаризам и апсолутизам од невидени размери и општа деструкција со несогледливи последици. Филмот , значи може да стане исклучително опасна игра.

Сепак, да веруваме во силата и справедливоста на науката и уметноста, во нивната посебност и нивната спрега.

Да веруваме во Човекот и во Бога.

На Растку објављено: 2007-12-29
Датум последње измене: 2007-12-28 22:42:54
 

Пројекат Растко / Проект Растко Македонија