Кочо Рацин

Одбрани песни

Тутуноберачите

На кантар студен со туч го мерат
а можат ли да го измерат,
нашиов тутун — нашава мака
нашава солена пот!

Од темни зори на утрини летни
до никоја доба на вечери зимни
тој гладно пие тагата наша
и потта и крвта и снагата ни.
Жолт — жолти прави лицата бледни
и жолта гостинка у градите носи.

По утрини росни, по мугрите пресни,
наведени ничкум по полињата родни
зачмаени ние го береме.
Лист по лист кини
лист по лист нижи
лист по лист превртуј, притискај,
лист по лист милно, таговно реди
и на долга низа од капки пот
и надеж со клетва и зелена јад,
со корав поглед на очите матни
по кревките лисја жолтозлатни
прикаска горка на живот клет
нанижи безгласна а така јасна.

Та незнаеш ли?
Денот ли дојде тој да се мери —
мерка му нема, а в градите длаби
без да се запре, без дно да најде,
не тага а клетва, и в очите матни
и не сакајќи сама се дига фуријата.

Кантарот носи лисјето златно
а в гради луто далгите беснат
на жолтата мака — на жолтиот тутун
на жолтата пот на раците ни!

Печал

Нема ли живот, нема ли
љубов за живот голема,
љубов за живот човечна
у вија гради аргатски?

Нема ли срце, нема ли
срце — на срца срцето,
срце — ширини широко
срце — длабини длабоко —
цел свет да збере, па да е
за вија гради малечко?

Нема ли бел ден, нема ли
ден да е над деновите,
ден да е на аргатите —
ден — сонце вишен високо
ден — море ширен широко,
сонце да запре, да стои
и времето зачудено:

срцето пука обрачи
и плиска знаме алово,
срцето што се отвора
и шири ширно широко —
целиот свет да загрне!

Денови

Како на вратот ѓердани
ниски камења студени,
така на плешки денови
легнале та натежале.

Денови ли се — денови
аргатски маки големи!

Стани си утре порано
дојди си вечер подоцна,
наутро радост понеси
навечер тага донеси —

ај, пусти да е, пуст да би
останал живот кучешки!

Роди се човек — роб биди
роди се човек — скот умри,
скотски цел живот работи
за други, туѓи имоти.

За туѓи бели дворови
копај си црни гробови!

За себе само ’ргај си
за себе маки тргај си —
нижи си ѓердан денови
нижи си алки ковани,

нижи си синџир железен
околу вратот навезан!

Татунчо

На Бана

Не ме колни, не ме жали!
Не ми нижи низа клетви!
Камен тежок живот ми е
а по тежок одзив пусти
по народни думи свети!

Ако куќа не направив
со високи шимшир порти,
куќа цел свет братски ми е
братски срце што отвора,
срце — порта највисока,
срце — куќа најширока.

Ако жена не донесов
ѓул-трендафил во одаја
верна, добра млада љуба —
не ме колни, не ме жали:
во борбата другарката
сонце сјае, сонце трепти!

Ако млади си години
по друмишта, по патишта
в младост горка распосејав —
погледни ми право в очи:
ти ли беше што пееше
„Ајдутин мајка не рани...“

И ако не умрам дома
туку кај што стии пиштат
в борба искри кај што л’штат —
блазе, речи на душата —
има зошто душа да е!

Копачите

Се к’ти ноќта црна!
Се рути карпа — мрак!
И петли в село пеат
и зората се зори —
над карпа в крв се мие
и темнината пие
силно
светнал
ден!

Пробудете се морни
копачки и копачи —
на трудот
црн
народ!

Со мотика на рамо
за корка сува леб,
по патиштата стрмни,
по полињата рамни,
у вивналиов ден —
да тргнеме и ние
страдалници од век!

На деда Богомил
земјата ровка, мека,
набабрена за род,
со страдна душа чека
ударите ни јаки
со мотиките остри
по троскот
пелин
трат!

На работа!
На труд!

Да прокопаме меко
полињата родни
афион, тутун, житце
да родат благородни.

И по кривите вади
да пропуштиме води
за оризите млади
и зелени лободи.

На работа!
На труд!

Да роди род богат!
Да бликне живот млад!
На пепел троскот, пелин
во огин пламен јад!
Жилите да пуштат
корења длабоко
плодови да бликнат
високо, високо
слободно на воздух!

Ораме со рало
но земјата ни златна
колку е богата!

На пепел троскот, пелин!
Во огин пламен јад!

Да престане, да снема
тагата голема
за голиот живот
на човек
станал —
скот.

И в таја мугра пресна
да екне дружна песна
на дружните удари —
та бијат срца млади
и растат силно гради
пребликнати со јад!

Од сички маки тешки
не видовме бел ден,
а од солзи жешки
не стануе меден
нашиот живот!

На работа!
На труд!

Та не сме саде ние
та не сме саде тука —
ние сме по цел свет
безбројни
милиони,
на трудот
црн —
народ!

Да биде честит денот
и првата ни стапка
у првиот ни век!
Ќе мине силен ек
ќе б’сне сонце златно —
по секаде на светот
ќе згине срамно гнетот —
ќе л’сне живот нов!

И реки ќе потечат
и бреме ќе одвлечат
на вековита смрт!
Реките од живи
и пробудени сили
на копачи
копачки
и страдни
голи
гладни
по целата земја!

Се ќ’ти ноќта црна!
Се рути карпа — мрак!
И петли в село пеат
и зората се зори —
над карпа в крв се мие
и темнината пие
силно светнал ден!

(од стихозбирката „Бели Мугри“, 1939)

На Растку објављено: 2008-01-04
Датум последње измене: 2008-01-04 17:08:05
 

Пројекат Растко / Проект Растко Македонија