Војдан Чернодрински
Духот на слободата
Драма во едно дејствие од револуционерното движење во Македонија
ЛИЦА:
- ЧОРБАЏИ ДИМО
- МАНОИЛ, негов син
- ТЕМЈАНА, жена на Маноил
- ДУХОТ НА СЛОБОДАТА, убава жена
- БАБА ЛЕНКА, стројничка
- ТОДОР, слуга
- ВЕТА, слугинка
Гости, мажи, жени, девојки, едно дете и други
Дејствието се случува во куќата на чорбаџи Димо, вечерта на 20 јули 1903 година во град Крушево-Македонија*)
*) По нов стил тоа е 2 август 1903 година.
ДЕЈСТВИЕ I
Гостинска соба во куќата на чорбаџи Димо. Во дното и десно врати: првата води во салонот, а втората во спалната. На лево, уште една врата што води кон балконот. Во средината на собата маса покриена со чаршав, на неа ламба и миндер. Од салонот се слуша музика, пеење, извици. Свадба. Околу полноќ е. Месечина.
ПОЈАВА I
Чорбаџи Димо и Вета
ДИМО: (Влегува) Вето! Вето! (Од десната врата влегува Вета.)
ВЕТА: Повелете!
ДИМО: Дали им размести на младенците?
ВЕТА: Сè е приготвено. Креветот им го разместив. Свеќа им запалив...
ДИМО: Добро, добро... Кажи им на жените да направат што е ред, зашто гледам дека младенците веќе дремат!
ВЕТА: Е, богами убава работа! Зар уште од сега!?
ДИМО: Ајде, ајде, не дрдори! Слушај што ти кажувам! Знам јас... Ако беше ти, сон не ќе те фатеше!
ВЕТА: (Излегувајќи) Само немам касмет да се омажам!
ДИМО: (Сам) Што ли значи сето ова? Помладите еден по еден ја напуштија свадбата! Јадење и пиење имаше колку да сакаш!? Да не се закачиле нешто? Шепотеа, шепотеа меѓу себе и ги снема... (Пауза) Пак некоја комитска работа кројат! Кој знае што ќе смислат? Ќе направат некоја белја! Е, сполај му на бога, син ми некако се откачи од оваа работа. Раководител на градот го пикнале! Ќе изгниеше во затвор поради аферата во Ракитница ако не прежалев сто лири за рушвет! Нека ги ѓаволот однесе! Веќе не мислам ва нив... Важно е дека детето ми се врати на правиот пат! Го оженив. Така вака ќе се приврзе кон жената. По година две, деца ќе дојдат. Тие уште повеќе ќе го врзат за семејството... И ете ти домаќин човек! Да, не погрешив... И има зошто да ѝ сум благодарен на баба Ленка, стројничката! (Влегува баба Ленка)
ПОЈАВА II
Димо, баба Ленка, едно дете
ДИМО: Ајде, ајде баба Ленке, ајде сестро... Ти зафати муабет со девојчињата, та не ти се станува!
ЛЕНКА: Е, што да правиш, брат Димо... Некој мора да ги слуша... Јас, нели сум стара, сакам добро да им сторам, та да ме споменуваат!
ДИМО: Така си е... Мајстор си ти баба Ленке, од една свадба пет свршувачки ќе направиш... Од мене имаш свилен фустан. Туку, побрзај со адетите... Стори што е редно, та младите да си легнат.
ЛЕНКА: Така, така, брат Димо. Да си ми жив! Да ни се живи младенците!
ДИМО: Благодарам... И ти да си жива! Ама каде си го повлекла ова дете? И него да не го свршуваш? Ха-ха-ха...!?
ЛЕНКА: Ако сум жива кога тоа ќе порасне и него ќе го задомам. А сега ќе го натерам да се истркала по креветот на младенците, машки деца да им се раѓаат! Ти спреми бакшиш за него!
ДИМО: Е, аирлија да е! (Го гали детето по главата). А чие е?
ЛЕНКА: На Мерџан Марков.
ДИМО: Негово ли е? Баш си го избрала! Подобро ќе е маѓијата да не ти се фати...
ЛЕНКА: Зошто, брат Димо?
ДИМО: Зашто Мерџан Марков е луда глава! Коски по планините ке остави. Овој малиот е на него. (Му брка во пазувата и вади пиштолче) Гледаш, уште од сега пиштол во појасот ставил. Тој бетер од татко му ќе биде. А моите внуци, еден господ знае што стока ќе бидат. Ама нека е аирлија...
ЛЕНКА: Што господ ќе даде, тоа! Нека ги има и такви! И тие се потребни! Ние не сме криви... Времето ги раѓа такви, Димо. И твојот син не остана поназад од тие работи. Ама сè е со време. Времето ги раѓа, тоа ги учи... Здравје!
ДИМО: Аирлија да е... Здравје да имаме. (Излегува. По него излегува и Ленка. По малку влегува Темјана облечена во невестинска облека придружена од девојки, роднини и други. Тие пеат и се упатуваат кон спалната. По нив влегува слугата и остава пушка, револвер, реденици, облека и опинци до миндерот).
ПОЈАВА III
Слугата и подоцна баба Ленка
СЛУГАТА: Толку очекуваниот ден дојде! Јас здрав и жив го дочекав. Уште малку гората ќе зајачи, ќе затрепери градот... Слободата е на прагот! Мојот газда токму најде време да се жени. Ќе остави тој либе нељубено, небакнато. (Во спалната жените зборуваат и се смеат). Смејте се, смејте се вие жени... Наскоро ќе плачете врз нашите незнајни гробови! (Сите излегуваат од спалната, минуваат низ салонот и се збогуваат со Темјана).
ЛЕНКА: (Кон слугата) Што бараш ти овде, Тодоре?
СЛУГАТА: Манол ми нарача нешто да му донесам... Го чекам...
ЛЕНКА: Ако си намислил да се жениш, ајде... Приготви за мене чевли и работата е свршена. Вета веќе ми сошила кошула.
СЛУГАТА: Поважни работи ме чекаат, бабо... Биди жива и здрава да исчекаш и да ме ожениш. Ја свеќа ќе ми запалиш, ја венци ќе ми целиваш!
(Баба Ленка и детето излегуваат. Од спалната излегува и Вета, пожелувајќи ѝ на невестата добра ноќ).
ПОЈАВА IV
Слугата и Вета
ВЕТА: (Без да го забележи слугата) Е, дали еднаш и јас ќе дочекам и мене вака да ми речат: „Добра ноќ“!
СЛУГАТА: Добра ноќ! Ти мина ли меракот?
ВЕТА: (Изненадена) Што бараш ти овде? Некого чекаш, а?
СЛУГАТА: Тебе те чекам. Кого друг можам да чекам!
ВЕТА: Ту, зар толку многу сум ти притребала?
СЛУГАТА: Досега ми требаше, ама повеќе не ми требаш!
ВЕТА: Море, море... Веднаш се налути!
СЛУГАТА: (Сериозно) Не се лутам... Те чекам, да се збогуваме, да земам прошка од тебе...
ВЕТА: (Збунето) Што лошо си ми сторил, та да ти простам!
СЛУГАТА: Еднаш се скаравме...
ВЕТА: У, помина тоа. Го заборавивме!
СЛУГАТА: (На шега) Два пати те штипнав...
ВЕТА: Е, богами, не само два пати...
СЛУГАТА: Може... Сум заборавил.
ВЕТА: И, зар за тоа требало прошка?
СЛУГАТА: Пет шест пати те бакнав!
ВЕТА: Ти, навистина, се подбиваш со мене. Се зборува ли за такви работи!
СЛУГАТА: Или може, повеќе пати сум те бакнал?
ВЕТА: Од сега ќе водам сметка. Ќе си запишувам! А особено откога ќе се земеме...
СЛУГАТА: Токму за тоа сакав нешто да ти кажам. Не знам дали наскоро ќе се земеме. Јас заминувам и кој знае дали ќе се вратам!
ВЕТА: Што? Ти заминуваш! Нема да се земеме! (Плаче) Тодоре, зошто така правиш! Ќе загинеш млад и зелен ...
СЛУГАТА: И неженет... Ха-ха-ха!
ВЕТА: Ти се подбиваш со мене! Тоа не е убаво! Е, кога е така, не ти давам прошка!
СЛУГАТА: Не се подбивам. Јас заминувам... Дај ми прошка и ти давам прошка. Ако се вратам жив и здрав, пак тебе ќе те земам... Се разбира, ако ме чекаш...
ВЕТА: (Го прегрнува) Тодоре, ќе те чекам, ќе те чекам... (Се сепнува) Ами ако не се вратиш, Тодоре?
СЛУГАТА: Тогаш ќе си најдеш некој друг!
ВЕТА: Не зборувај така, Тодоре! Кој мене ќе ме земе!
СЛУГАТА: Ќе си најдеш некој скриен на таваните. Ги има и такви! Збогум, Вето!
ВЕТА: Збогум, Тодоре! Ќе те чекам!
(Излегуваат. По малку влегува Маноил. Нерасположен е, скршен и замислен. Седнува на миндерот)
ПОЈАВА V
Маноил сам
МАНОИЛ: Е, што и да се случи, јас навреме го исполнив својот долг. Кој може нешто повеќе да бара од мене! Со пушка, со збор, со ум јас работев. Го расипав здравјето, му ги потрошив парите на татко ми... Повеќе не можам! Годините ми поминаа... Крајно време е да се свртам дома. Навистина, можеби и денеска ќе бев во првите борбени редови, но што да сторам кога не можам да ги поднесувам неправдите... Да собирам пари од оголениот народ и да ги праќам во Софија на самозваните револуционери за да ги расфрлуваат по шантаните?! Не, со тоа за ништо на светот не би се согласил! Затоа им пречам на многумина! Затоа и се повлеков...
(Тргнува кон спалната и го здогледува оружјето до миндерот. Застанува.)
Што е ова? Кој го оставил?
(Го разгледува револверот, пушката)
Ова е моето оружје? Дали некоја важна работа ќе треба да се сврши вечерва? (Се обидува да се сети) Да ѝ се помогне на некоја чета? Да се пренесува оружје? Не можам да се сетам! (Ја држи главата во рацете) Тодоре, Тодоре!
(Влегува чорбаџи Димо)
ПОЈАВА VI
Маноил и Димо
ДИМО: Зошто го викаш, синко?
МАНОИЛ: Сакам да го прашам нешто.
ДИМО: Кажи ми мене.
МАНОИЛ: Ма, тој ми треба... Каде е?
ДИМО: Сега ќе го побарам. (Излегува. Од надвор се слуша „Тодоре, Тодоре“!)
ПОЈАВА VII
Маноил и слугата
МАНОИЛ: Да, тој ќе ми каже! (По малку влегува Тодор облечен во комитска облека, со пушка во рацете)
СЛУГАТА: Си ме барал.
МАНОИЛ: (Ја крева главата) Каде така?
СЛУГАТА: Дојде долго очекуваниот час!
МАНОИЛ: (Го гледа изненаден)
СЛУГАТА: Јас и твоите работи ги приготвив. Еве ги!
МАНОИЛ: Ти си ги оставил? Треба ли и јас да дојдам?
СЛУГАТА: Ако сакаш да учествуваш во долго очекуваниот ден на пресметката со непријателите?
МАНОИЛ: Тој настапил?
СЛУГАТА: Десетарите ни рекоа дека ноќеска тоа ќе се случи. Ќе биде објавено востание во цела Македонија и Одринско.
МАНОИЛ: (По подолга пауза) Да, разбрав... Ти веќе, си се подготвил... Одиш!
СЛУГАТА: Може повеќе не ќе се видиме... Проштавај за сè! Досега ти ми беше газда, отсега си ми брат! (Се бакнуваат) Збогум!
МАНОИЛ: (Плаче) Збогум Тодоре, збогум! (Слугата излегува. Се шета низ собата) Востанието ќе биде објавено...? Оваа ноќ! Започнува крвавата пресметка меѓу робот и поробувачот! Боже мој, боже мој! Какво несреќно совпаѓање?! Какво подигрување на судбината! Во моментот кога ќе треба да се најдам во првите борбени редови, јас правам свадба... Што да сторам? (Го зима во рацето оружјето) Ке одам! Каде мало и големо, каде машко и женско, таму и јас! На тоа ме вика долгот, повелбата на немилосрдната судбина... (Се замислува) А, татко ми? А жена ми? Таа веќе ме чека во спалната! Зар немам обврски и кон нив? Зар татко ми, кој жртвуваше толку многу за мене, нема право на делче радост! А Темјанка? Што ќе се случи со нив? Не, останувам! (Решително, со цврст чекор се упатува кон спалната, но во моментот пред да ја отвори вратата се појавува Духот на слободата во лик на убава девојка облечена во бела облека, со распуштена долга коса, со факел во десната рака и венец во левата).
ПОЈАВА VIII
Маноил и Духот на слободата
СЛОБОДАТА: Маноиле!
МАНОИЛ: (Изненадено се свртува) Кој ме вика? (Му се причинува дека е жена му) Ти ли си, сакана? (Се приближува, сака да ја прегрне, но забележува дека не е таа и исплашено се повлекува) Ах...
СЛОБОДАТА: Да, јас сум, сакан мој...
МАНОИЛ: Која си ти? Што бараш овде?
СЛОБОДАТА: И ти ме прашуваш која сум?
МАНОИЛ: Да, која си?
СЛОБОДАТА: Зар не ме познаваш?
МАНОИЛ: Не!
СЛОБОДАТА: Присети се!
МАНОИЛ: (Молчи)
СЛОБОДАТА: Јас сум онаа за која ти многу често си зборувал, во која си се колнел. Јас сум твојата сакана...
МАНОИЛ: (Збунет, но потоа окуражен) Не, не... Неверојатно! Не се сеќавам...
СЛОБОДАТА: Зошто ме забораваш, Маноиле?
МАНОИЛ: Каква дрскост?
СЛОБОДАТА: Смири се! Сети се!
МАНОИЛ: Во овој момент не наоѓам дека е умесно да се расправам со вас. Одете си!
СЛОБОДАТА: Навистина, овој момент е свечен за тебе, но има и посвечен момент од него!
МАНОИЛ: (Изнервиран ја зима пушката) Оди си!
СЛОБОДАТА: (Одеднаш таа силно го осветлува)
МАНОИЛ: (Ја испушта пушката и паѓа изнемоштен) Оди си, ќе ослепам од твојот блесок!
СЛОБОДАТА: Сети се за твојот долг кон народот и кон мене! (Се изгубува. Влегува чорбаџи Димо.)
ПОЈАВА IX
Чорбаџи Димо и Маноил
ДИМО: (Се стрчнува кон Маноил и го крева) Синко, Маноиле! Што ти стана?
(Вика) Баба Ленке! Тодоре... Дајте вода! Вода.!! Синко! (Дотрчуваат баба Ленка, слугинката Вета, жена му и други)
ПОЈАВА X
Истите, баба Ленка, слугинката и жена му
ЛЕНКА: Што е Димо? Што се случило?
ВЕТА: Леле, што му стана?
ДИМО: Дајте вода!
ЛЕНКА: Му направиле магија. Го врзала некоја вештерка...
ВЕТА: Нагазил на самовилско место.
ДИМО: Синко, Маноиле!
МАНОИЛ: (Се освестува) Што сте се собрале? Значи, започна... Пукна првата пушка... Долгот кон татковината... (Се засмејува и пак се изгубува)
ДИМО: Што ти стана, синко?
МАНОЛ: (Се освестува) Одете си, одете си... Ништо не ми е, така... малку ми се слоши, но сега помина... Надвор е тивко?
ЛЕНКА: Тивко е. Дува по малку ветер.
МАНОИЛ: Тоа значи дека бурата наскоро ќе започне... Одете си, одете си, ве молам!
ДИМО: Ајде, што чекате! Сега му е подобро. Одете си!
МАНОИЛ: И ти Темјано. Оди во спалната! Таму ме чекај. Не ми е ништо...
ДИМО: Смири се невесто, смири се... Оди во спалната. Јас сум кај него. Ќе му помине. (Темјана влегува во спалната)
МАНОИЛ: Оди си и ти, тате... мене ми помина!
ДИМО: И ти треба да си легнеш, синко. Нема сега зошто да му мислиш...
МАНОИЛ: Ќе си легнам, ќе си легнам... А и ти си легни. Остави ме сам...
ДИМО: Убаво... ќе си легнам. Но ти не се грижи, не мисли за ништо. Господ сè ни дал... Гледај си ја работата! Ти не си дете, не се срамувај. Сите сме минале по тој пат. Добра ноќ! (Излегува)
МАНОИЛ (Сам) Спомни го долгот кон народот и кон мене, ми рече и се изгуби. Која е таа? Зошто дојде токму во овој момент? Што сака од мене? Или сон беше сето тоа? Какво изненадување, боже мој ... Зошто не ја сослушав? (Мисли) Да, да.. . Најверојатно тоа со мене се подбиваат моите непријатели ... Мора сето ова да го скроиле тие за да се осветат, бидејќи не се здружив со нив, со нивниот волчи апетит! Не, не можев да ја истрпам неправдата! Да, сигурно е така. Ха-ха-ха... Глупаци, вие мислите дека со тоа ќе ми се осветите! Жално! Праќаат некаква луда жена за да ја растури мојата среќа, мојот живот... (Оди кон вратата што води кон балконот, ја отвора, ја разгледува и размислува) Ете, откаде ја качиле на балконот... Таа оттука излегува и ми се јавува... Како не ја познав? Ако уште еднаш се обиде да влезе, нема да се двоумам, ќе пукам... Но да не мислам повеќе за тоа... (Тргнува кон вратата на спалната, но во моментот кога ќе се обиде да ја отвори, го осветлува силна светлина, Тој се свртува, и откако ќе ја види Слободата го насочува револверот кон неа).
ПОЈАВА XI
Маноил и Слободата
СЛОБОДАТА: (Спокојно) Пукај! Но пред да ме убиеш, ти си должен да ме сослушаш. Ако сум виновна, тогаш убиј ме! Ако си ти виновен, сврти го револверот во себе!
МАНОИЛ: Која си ти?
СЛОБОДАТА: Ќе дознаеш... Но пред тоа, кажи ми, ти ли си оној што со огнени зборови го поведе народот по себе?
МАНОИЛ: Да, јас сум...
СЛОБОДАТА: Не си ли ти оној кој ја разгоре верата на робот дека ако се бори ќе може сам да ја извојува слободата?
МАНОИЛ: Да, јас сум!
СЛОБОДАТА: Не си ли ти оној кој ги убеди и најсиромашните да си ги продадат кошулите од грбот за да купат оружје потребно за големата пресметка.
МАНОИЛ: Да!
СЛОБОДАТА: Не си ли ти истиот оној кој ги казнуваше со најтешка казна, со смрт, сите оние кои не ги слушаа твоите зборови! Не си ли ти истиот оној кој се заколна, а ги заколна и другите, да умираат еден за друг додека не изгрее сонцето на слободата над оваа ропска земја?!
МАНОИЛ: (Занемува и се грчи)
СЛОБОДАТА: Не си ли ти оној кој му проповедаше на народот дека треба да е спремен при првиот повик да излезе и да се бори против тиранијата!
МАНОИЛ: Те молам, престани!
СЛОБОДАТА: Не си ли ти истиот оној кој ја заборави клетвата и наместо да се подготвиш за толку очекуваниот ден, ти науми да се жениш! Да, ти си истиот оној кој за своите дела ја заслужи пофалбата и довербата на овој несреќен народ, но денеска ти си дезертер, ти си предавник што заслужува само прекор и казна!
МАНОИЛ: Престани! Доста ме измачуваше!
СЛОБОДАТА: Денес робот ќе го крене својот глас и со оружје во раце ќе се обиде да ги скрши оковите што ги влече цели пет века! Да, денес е денот кога ќе започне борбата меѓу угнетените и угнетувачите! Но ти не сакаш да чуеш за тоа. Ти мислиш за својата семејна обврска, а забораваш на својот народ. Да, ти ја избра топлата женска прегратка, наместо студената прегратка на ропската земја ...Погледни во воздушното пространство на твоето родно Крушево. Зар не ги гледаш душите на загинатите за слобода херои? Ти секако не ги гледаш, зашто твоите очи се устремени само кон една жена, твојата мисла е оптоварена со задоволството на првата брачна ноќ... Оди и живеј со дамки на челото, со проклетството на бога и народот!
МАНОИЛ: Смилувај се за бога! Смилувај се!
СЛОБОДАТА: Сакаш ли сега да ти кажам која сум?
МАНОИЛ: Не, те познав! Те познав веќе!
СЛОБОДАТА: Не заборавај, денеска дојде денот во кој човекот-борец може да биде овенчан со слава и венци или со проклетство и срам!
МАНОИЛ: (Тргнува кон неа) Дозволи ми да ти се поклонам! (Клекнува)
СЛОБОДАТА: (Исчезнува опкружена со светлина)
МАНОИЛ: (Станува) Да, таа беше! Слободата! Таа за која англискиот, францускиот, италијанскиот и другите просветени народи пролеаја реки од крв... Таа под чии топли зраци народите живеат човечки! Но што чекам јас? „Денес е денот во кој човек може да биде овенчан со слава и венци или со проклетство и срам!“ (Се облекува. Ги препашува редениците, го зема револверот и камата, ја нарамува пушката) Јас сум готов! (Влегува Темјана)
ПОЈАВА XII
Маноил и Темјана
ТЕМЈАНА: Маноиле!
МАНОИЛ: Прости ми, сакана моја ...Се задржав ...
ТЕМЈАНА: Зошто си се облекол Маноиле! Каде ќе одиш!
МАНОИЛ: Во борба!
ТЕМЈАНА: (Изненадена) Маноиле!
МАНОИЛ: Да, сакана моја! Долгот народен ме вика!
ТЕМЈАНА: Што правиш Маноиле? Сериозно ли зборуваш?
МАНОИЛ: За жал сосем сериозно.
ТЕМЈАНА: И ти најспокојно ми го кажуваш тоа?
МАНОИЛ: Господи! Но што да сторам, сакана моја? Што да сторам?!
ТЕМЈАНА: Ти се подигруваш со мене... Ти! Зошто ти верував!
МАНОИЛ: Тоа не е вистина.
ТЕМЈАНА: А што е друго сето ова! Денес, на свадбата при првата брачна ноќ! Ти се подбиваш со мене, зашто знаеш дека јас сум сираче, дека нема кој да ме заштити! Подбивај се со мене, со мојата чест, но пред да заминеш врати ме онаму од кај денеска ме зеде!
МАНОИЛ: Не зборувај така, Темјано!
ТЕМЈАНА: Што друго ми останува. Ти одиш во планина, а јас дома... Одведи ме дома Маноиле! Меѓу нас ништо не се случило.
МАНОИЛ: Ти ќе останеш овде, кај татко ми! Јас морам да заминам. Ако останам жив, моја си! Ако загинам, нека ти е простено...
ТЕМЈАНА: Кога си имал ваква намера, зошто си се женел? Впрочем место вдовица можев да бидам девојка! Ти оди, но јас ќе се вратам дома (Тргнува кон вратата)
МАНОИЛ: (Ѝ го препречува патот) Стој, ти си моја жена и без моја дозвола не можеш да ја напуштиш оваа куќа. Ти тука ќе останеш!
ТЕМЈАНА: (Се обидува да излезе) Пушти ме, пушти ме! Или откажи се од твојата намера!
МАНОИЛ: (Ја фаќа) Ти тука ќе останеш! Ти си должна мене да ме слушаш!
ТЕМЈАНА: (Паѓа на канабето) Ох, кутрата јас!
МАНОИЛ: Јас сум должен да заминам, а ти ќе останеш во оваа куќа сè додека јас сум жив! (Тргнува кон вратата) Збогум!
ТЕМЈАНА: Маноиле! (Паѓа на канабето и плаче.) Во тој момент на вратата се појавува Димо, баба Ленка и Вета
ПОЈАВА XIII
Истите, Димо, баба Ленка и Вета
ДИМО: (Изненаден) Маноиле, сине! Што си наумил? Каде одиш? (Ја препречува вратата)
МАНОИЛ: Стори ми пат, татко!
ДИМО: Што правиш, сине? Невесто што е ова? Ти ли го оттурна, невесто?
МАНОИЛ: Жена ми, оставете ја на мира! Таа е моја невеста и ти си должен да ја чуваш тате, сè додека не се вратам јас... А ако загинам, нека ѝ е простено од мене, нека се омажи!
ДИМО: Што зборуваш, синко! Кому го оставаш татко ти... Јас за тебе живеев, за тебе печалев, за тебе се грижев! Толку ли го цениш името и трудот на татко ти?!
МАНОИЛ: Што да сторам, татко... Јас клетва сум дал да се борам за слободата на татковината!
ДИМО: Ти својот долг го исполни ... Во затвор лежеше до вчера ... А твоите другари, без да си сторил било какво зло, фрлија кал на твоето име и народот им поверува... А сега одиш да се бориш рамо до рамо со тие твои другари и за тој наивен народ!
МАНОИЛ: Борбата започнува денеска? (Се слушаат неколку истрели и во близина и од подалеку... „Ура! Ура!“ Се слуша низ улиците) Ете, борбата започна.. . Слушате ли? Слушате ли? А јас не сум таму! Задоцнив! (Тргнува, но татко му го запира. Баба Ленка и Темјана излегуваат на балконот).
ЛЕНКА: Боже, господи ... Што гледам! Знаме на кафеаната на Киро Гули се вее! А од кај ридот пукаат, се бијат! Свират куршумите!
ТЕМЈАНА: Од коријата комити слегуваат! Од Гумење, исто... Од камбанаријата на грчката црква стрелаат...
(Истрели, ура, песни)
МАНОИЛ: Те заколнувам, татко, стори ми пат!
ЛЕНКА: И уќуматот го нападнаа! Се борат..! Турците бегаат! Ене ги по сокакот!
МАНОИЛ: (Излегува на балконот и пука)
ЛЕНКА: О, боже, што прават! Детенце и жена заклаа Турците... ете и друго дете заклаа... Боже, боже... (Се крсти) Ужас!
ТЕМЈАНА: Побрзај Маноиле, потрчај, спаси ги децата...
МАНОИЛ: (Со гола кама во рацете потрчува кон вратата. Татко му се фрла врз него и налетува на камата) Умри, умри кога повеќе ја цениш сопствената кожа од народната!
ДИМО: (Паѓа) Маноиле, синко, проклет да си!
ЛЕНКА: (Од балконот) Ене го Маноил... Стрела!... Уби Турчин... Уште еден...
ТЕМЈАНА: Пази се Маноиле, пази се! Ах, пукаат по него... О, боже, го убиа... Го убиа?
ЛЕНКА: Го убиа Маноил... Го убиа!
ДИМО: (Лежејќи) Го убиле! Добро сториле! (Умира)
ТЕМЈАНА: Го убиа Маноил... Го убиа!
ЛЕНКА: Кандило над него се спушти... Ангел небесен венец на главата му стави! Видовте ли!
(Надвор истрелите престануваат. Се слушаат радосни извици придружени од песни и свирки. Завесата полека се спушта).
— КРАЈ —
Датум последње измене: 2008-01-06 15:41:27