Никола Киров Мајски
Лимон и јајца
битова сценка во едно дејствие
- ЛИЦА
- ПИТУ – бербер
- МАТЕЈ НЕШКОВ – трговец
- НАКИ СТЕФАНОВ – трговец со брашно
- ЃОРЧЕ СЕЛЧАНЕЦ – трговски манифактурист
- БАБА ДИНА – градска акушерка
- КОЛЕ ЧАВЧЕ – амал
- ГАКИ БИШИКА – гласник
- ТАЌУ ВАЛЕ – детектив
- ЗЕНИЛ ЕФЕНДИ – полициски пристав
- ДВАЈЦА ЏАНДАРИ
Сцената претставува дел од главното пазариште во Крушево – житен пазар – пред дуќанот на Питу берберот.
Појава прва
МАТЕЈ (Кон Питу којшто му подава стол): Отидов кај Гинаљовци да поседам, ама не доседов – дојде тамо тоа леќе Таќу Вале и ни растури муабетот. Пак си реков: ај да си појдам кај берберите – тамо јет и по-теферичлија местото, како во среде чаршија, пак сум си и по-близу до дуќанот.
ПИТУ: Право, право, господин Мате. Мене пак кај Гинаљовци ич не ми се влагат, ако сне си од една семка како Власи; со вас некако појке ми ујдисуат лафот. (Гледа настрана) Аха, ете ни идат на муабет и Наки брашнарот и Ѓорче Селчанец.
Појава втора
(Влегуваат Наки брашнарот и Ѓорче Селчанец и се поздравуваат. Питу им додава столови поканувајќи ги да седнат. Тие се заблагодаруваат)
НАКИ: Лежав, луѓе, лежав на вреќите со брашно, ама ни сон ми идеше, ни дремка. Денеска имаме страшна горештина! Рипнав и дојдов овде!
ЃОРЧЕ: Мене пак од многу работа беше ме надолила страшна дремка, ама лели до мене сет зарзаватчиите и касапите, од пусти муи не можев да заспијам... Друго си јет дома да си легнит чоек и да се одморит малку...
НАКИ: Одмора? Чунки сне се истепале од работа? Ама се си јет друго, кога да си полегнит чоек, туку лели си немаме рет во царштината, се така ќе бидит – кукај на дуќан од темно до темно, без да влезит барем да те окарат, ако не да купит нешто! ...
ЃОРЧЕ: Слушај, Наки! Тој што работит со свои пари, иди-дојди, ама тој што работит со туѓи пари – како моја милос – тешко му и горко: ни жената, ни децата дома го прашуваат али имат пари, нити пак царот го прашуат али можит да платит; дома му велат „ако немаш, дај“, а царот му велит „штом немаш, ќе ти продаам котлите, тенџерињата и веленцата!“ За тоа пак јас, право да ти кажам, сум ја удрил на (мавнува со рака), пак кај сакат нека излезит! Од оваа кожа во друга не се влагат!
ПИТУ: Кадар јет Господ, Ѓорче! Ти си млад – не плаши се! По лошо и арно идит. Што велиш ти, господин Мате?
МАТЕЈ: Јас велам тоа што велиш ти, Питу. Денес за денес, друго чаре немат. Утре – здравје да јет.
(Се слуша дрнкање на тенекија и пискав лавеж на куче)
ЃОРЧЕ: Пустија му Мавро! ... Ова јет негоа работа. За да им расипит мамурлукот на комшиите, врзал тенеке на опашката на некое куче што се вртело покрај негоата касапница и го пуштил низ чаршијата... (Општа смеа)
Појава трета
(Се слушаат викови „Уа“! „Уа“! Двајца џандари преминуваат трчајќи и крвнички ги изгледуваат насмеаните граѓани)
ЃОРЧЕ (Гледа во правец на џандарите. Кон своите колеги): Трајте! Ете жандарите го фатија кучето, му отврзаа тенекето, го погалија и му дадоа леп да јадит. Мож да мислат, оти душата на Муамеда јет преселена во него, ха? Не јет така? Ха-ха! Се караат со дуќанџиите. Слушајте! (Се слуша: Тоа јет ајванче! Греота јет да си играте со него и да го мачите! Ќе кажиме на мудур ефенди да ви врзит една џеза од стотина гроша, за да ви дојт умот!“)
НАКИ: Чувте? Жалат едно куче, а без жал, како кучиња, бијат луѓето по каушите и по апцаните...
Ѕверој! ...
ПИТУ: Ќа ги бијат, ја! (Им намигнува на другите) Тие сет ѓаури, а не кучиња, за да ги жалат! ...
ЃОРЧЕ: Кучиња глаите да им гризат по ридиштана!...
Појава четврта
(Се појавува баба Дина, растресена и разбрзана)
СИТЕ: О! Бабо Дино!
БАБА ДИНА: Бапки ве набабариле! Што сте се развикале како улај? Да не ви мрднала нешто чивијата? (Сите се смеат) Што се смејте? Ако сте дошле на тоа дереџе, (врти рака околу слепото око) тргнете дури јет време за Свети Наум: тамо „умот ќа си го најдите! (Општа смеа)
ЃОРЧЕ: А ти за кај си тргнала, бабо Дино?
БАБА ДИНА: За кај да ти пукнат очите – за тамо! Навистина ти си бил за Свети Наум. Умен чоек до сега не ме прашал кај одам: секој знајт и разбират, оти баба Дина одит да бабуат...
ЃОРЧЕ (Смеејќи се): И јас знам дека одиш да бабуаш, ама не знам каде!
БАБА ДИНА (Нагласено): Кај жената ти! (Општа смеа) Слушај, јас сум тргнала да купам чист бубаќ да завијам едно недоносено детенце. Ти ќа имаш да ми дајш, али да побарам кај Нешковци?
МАТЕЈ: Стани, Ѓорче, дај је, да си свршит работа!
ЃОРЧЕ (Тивко на Матеј): Јас немам, туку ти дај је! (Гласно) Остај се, Бога ти – мене ми јет страв да одам со баба Дина. Не гледаш: гаките је сет долги дури до земи, а луѓето кажуваат, оти гаките је биле широки тамам за двајца да се зберат внатре. Ами ако ме грабнит да ме пропуштит в гаки, после што праам јас сиромав?
БАБА ДИНА: Што да ти пукнит и да ти треснит, гојдо ниедно! В гаки јас пропуштам само дечиња, ама деца со мустаќи како кадели и со уши како лопати ...
МАТЕЈ (Ја прекинува смеејќи се): Кажи право, бабо Дино, како вас, магариња, јас ги вјавам и ги дупам под опашка, за да бодинаат. (Општа смеа)
БАБА ДИНА: Слушај, господи Мате. Баш сега немам време за д’нг’рл’ци, оти имам тешка работа. Брзам! Кај вас има некој на дуќан да ми дајт бубаќ?
МАТЕЈ: Прошетај, бабо Дино. Оди на дуќан – има кој да ти дајт бубаќ.
(Баба Дина излегува и го бапнува Ѓорчета велејќи му: красто! Општа смеа)
ПИТУ (Кон Наки): Трчај, Наки, на дуќан: муштерија те барат!
НАКИ (Зачудено): Бре? (Излегува)
ПИТУ: Шуќур Господи оти кај Мате и кај Наки мрдна алашферишот. Ха, де белким и кај нас ќе мрднит.
ЃОРЧЕ: Ах, пуста пустелија! Ни мрднуат, ни се запустуат! ... Како ќе се живејт вака без работа и без алашфериш, не знам! А царот – пуста да му останит царштината...
МАТЕЈ: Ќутете, оти идит Таќу Вале!
Појава петта
ТАЌУ ВАЛЕ (Влегува и со рака ги поздравува сите): Помози Бог, бре туџарлар! Дај, Питу, еден стол и за мене. (Седнувајќи) Охо-хо! Што сладка ладнина сте нашле овдека? Затоа не седите во својте дуќани, туку се збирате овде ем на лад, ем на татли муабет. Е, кажете, да видиме, како јет тертипот – за брго ќа ги мешаме капите со Суљовци, али уште ќа се чекат? (Сите молчат) Ха, ете го и Зенил ефенди! (Станува и го поздравува со ниско темане) Нашите чорбаџии, ефендим, овде го нашле мадемот – си седат ем на лад, ем на теферич!
Појава шеста
(Влегува Зенил ефенди, а по него – Наки. Сите стануваат на нозе. Питу му подава стол. Зенил седнува. Сите го поздравуваат со ниски теманиња)
ПИТУ: Денеска, Зенил ефенди, времето јет многу горешто.
ЗЕНИЛ: Ех, време му јет.
(Молчење. Неочекувано се слуша песна):
Запиши ме, Димо, Димчо, на кавалот (2)
на кавалот, Димо, Димчо, на дупките (2)
НАКИ: Кој пејт, Ѓорче?
ЃОРЧЕ: Во ова време кој друг можит да пејт, ако не Чавче?
ЗЕНИЛ: Право, право, чорбаџи! Мутлак Чавче се нафркал кај Аџи Мојсовци и тгнал по чаршија џумбуш да праит.
(За тоа време песната продолжува):
Кога свириш, Димо, Димче, мене да гледаш (2)
мене да гледаш, Димо, Димче, с мен да се радваш. (2)
Здрав ми си, жив ми си, Димчо, (2)
цел да те голтнам со се кавал! (2)
Појава седма
ЧАВЧЕ (Влегува разгрнат, намрштен, нишајќи се, ги изгледува сите некако нељубезно, им намигнува на граѓаните, така што да не го забележат управниците, му кажува на полицискиот пристав едно „афедерс’н“ и почнува со гестови и потскокнување во место, со целото свое тело, да пее и да ги одмерува ту овој ту оној):
Запиши ме, Димо, Димчо, на пушката (2)
на пушката, Димо, Димчо, на мерникот! (2)
Кога мериш, Димо, Димчо, мене да гледаш (2)
мен да гледаш, Димо, Димчо, с мен да се радваш! (2)
Здрав ми си, жив ми си, Димчо! (2)
Цел да те голтнам со се пушка!(2)
ЗЕНИЛ: Ашколсун, Чавче! Ама ако ти навистина имаше пушка в раце, како што мереше право в мене, мутлак ќа ме отепаше, лели?
ТАЌУ ВАЛЕ: Тебе, Зенил ефенди, белки би те отепал и белки не, ама мене мутлак! Види го со какви ѕверски очи ме гледат! Набиринџи комита јет!
ЧАВЧЕ (Клатејќи се): Е, за тебе јас сум комита, ти пак за мене си шпион!
ТАЌУ ВАЛЕ: Сус, ќерата! Јас тебе ќа те фрлам в апцана! Ти овде, пред нас кумитска песна пееше!
ЗЕНИЛ: Сабур, Таќу ефенди! Што ти треба да се зафаќаш со еден пијан чоек? Тој сега не јет на себеси и не знајт што прајт и што зборуат. За песната пак – да ти кажам право – таја песна јас ја знам уште од дете: в село кај нас ја пејеја каурите. А во тоа време немаше кумити.
ЧАВЧЕ (Ококорен кон Таќу Вале): Виде? Разбра али не? Најпосле јас пејам оти ми се пејт и оти сум си на кефот! Царот – да не јет жив! (Изговорот на „НЕ“ е малку провлечен за да помислат властниците дека изговара „НИ“, а не „НЕ“). Дал еден ферман, колку една врата и пишал: „Секој да си јет на кефот“. Кажи, аллајси-верси, Зенил ефенди, имам јас право да пијам и да пејам, али немам?
ЗЕНИЛ: Пиј и пеј, Чавче, ама само умно – со никого не се зафаќај и никаква ѓурлутија да не прајш, оти знајш кај ги клавам пијаниците и ѓурлутаџиите...
ЧАВЧЕ: Знам, знам, полиц ефенди! Афедерс’н! Јас сум пијан и го докундисав Таќу ефенди, ама бидејќи пак тој фрли ифтирија на мене – ѓоам ти сум пеел кумитска песна. Лели така? Јас, полиц ефенди, сум Чавче пијаницата, ама цела чаршија знајт, оти на Чавче чавка уште не му го испила умот. Јас...
МАТЕЈ (Го прекинува): Чавче, доста си прикажуал! Колку појке чоек прикажуат, толку појке грешит. На ти еден грош, пак појди кај Аџи Мојсовци да метниш една-две ракии и да легниш да си поспиеш!
ЧАВЧЕ (Го изгледува упорито): Клај си парите в џеб, господине! Јас чорбаџијски пари со рака не фаќам!
Појава осма
БИШИКА (Се појавува и му прави темане на Зенила)
ЧАВЧЕ: О, Бишика! Ќе пиеш, брат ми, една ракија од мене? Денеска спечалив од амалок три зола. Ела да фрлиме по една скоросмртница!
БИШИКА: Друг пат, Чавче. Сега имам работа.
ЧАВЧЕ: Штом јет така, така нека бидит. Ај седете си со здравје! (Излегува, но отстрана ѕирка)
ТАЌУ ВАЛЕ: Што има, Бишика?
БИШИКА (Му прави темане на Зенила. Кон Вале): Сега ќа чуеш. Има телиграма од Стамбол од султанот за султанот...
ЗЕНИЛ (Смеејќи се): Ех, ама го рече, ја! Од Стамбол од султанот...
ТАЌУ ВАЛЕ: Пак и за султанот! (Општа смеа) од султанот, а јет од валијата од Битола, ама валијата зел телиграма од Стамбол, за да дајт абер во целиот вилает. (Ги раширува рацете на сите страни, препорачува тишина и почнува да вика) Слушајте вие, крушовчани! Абер дојде по телиграфот, оти на денешен ден нашиот падишах султан Абдул Хамид Хан се качил на тронот на славните султани. Затоа денешниов ден јет голем празник и секој треба да го празнуат. Заради уќуматот нареди да се затворит чаршијата, жените да изметат сокаците пред куќи и довечера секој да запалит фенер и да го качит на високо пред куќи, оти за честа на султанот ќа има лимонијајца! Тој што не ќа напрајт тоа, ќа платит џеза сто гроша, хеј!
ЗЕНИЛ: Што рече, што рече? Лимон и јајца, ха? Ти мајтап си играш со уќуматот и со народот, бре ханз’р, ха?
БИШИКА: Хајр, ефендум – никаков мајтап! И мудурот, и реисот, и комисар-полицот велеа и ми зарачуваа, и ми повторуваа биле, бездруго да кажам за лимонијајцата. Пак и во телиграмата кога ја пееја чув дека беше пишано лимонијајца!
ТАЌУ ВАЛЕ: Лажиш, едепс’з!
ЗЕНИЛ: Лажиш, керата!
МАТЕЈ (Кон Бишика): Ти грешиш, пријателу. На уќумат не ти рекле да велиш ЛИМОН И ЈАЈЦА, ами ти рекле да велиш И-ЛЈУ-МИ-НА-ЦИ-ЈА. Тој збор јет френски и значит ОСВЕТЛЕНИЕ. Чу ли?
БИШИКА: Ех, не било ЛИМОНИЈАЈЦА, туку било ЛИМОНИЈАЈЦИЈА! Не по врат, ами по шија! (Му намигнува на Матеја значајно)
Појава деветта
ЧАВЧЕ (Неочекувано влегува и со хистерично смеење прозборува држејќи се за ѕидот да не падне):
Ха-ха-ха! Еве каква била работата! Ха-ха-ха! (Се превива од смеење) Хи-хи-хи! Абре луѓе? ... Хи-хи-хи!... Лимон и јајца, ха? Зер можит друго нешто да бидит? Браво, Бишика! Во цела година да имаме само еден царски празник и да не знајме кога се паѓат ... Ха-ха-ха! ... Џумбуш! Прав си, Бишика! Лимон и јајца и жолта крастајца за бричковци што умејат само да ни се кокорат ... Над тоа згора дајте да пиеме! Јас плаќам! ... Ура! За многу години на Бишика ЛИМОН И ЈАЈЦА!
ЗЕНИЛ (На себеси): Пијан, пијан, ама ѓаолот се сети и мајсторски ни се подби шега... Зениле, отвори си очите, оти ќа ти и затворат!
(ЗАВЕСА)
Датум последње измене: 2008-01-06 15:39:03