Владо Димовски
Љубов за летање
Радиодрама
[Во Основно училиште, на час кај осмоодделенци. Атмосфера. Врата. Влегува наставничката.]
НАСТАВНИЧКАТА: Седнете! Седнете, седнете. Како што гледам сите сте тука. Ајде! Ајде, побрзо! Извадете ги тетратките.
[Реакција на учениците.]
НАСТАВНИЧКАТА: Пишувајте. Мир! Пишувајте. Ајде, побрзо, како баби сте! Слушајте сега. Писмен состав...
[Бурна реакција на учениците.]
НАСТАВНИЧКАТА: Писмен состав на тема...
СПИКЕР (Најава):
Македонско Радио, Радио Скопје – Радиотеатар за деца
НАСТАВНИЧКАТА: Никола, што е?
НИКОЛА: Наставничке, немам пенкало.
[Реакција, смеење.]
НАСТАВНИЧКАТА: Еве, јас ќе ти позајмам. Повели!
СПИКЕР (Најава):
Владо Димовски: „Љубов за летање”
НАСТАВНИЧКАТА: Невенче, нешто чудно ме гледаш. Имаш проблем?
НЕВЕНЧЕ: Размислувам за насловот, наставничке.
НАСТАВНИЧКАТА: Ајде, почни, пишувај!
[Музика, во фон гласот на Невенче. Ни открива дел од нејзиниот писмен состав кој е главната инспирација за оваа радиодрама.]
НЕВЕНЧЕ: Во четирикатницата, во мојата детска соба исполнета со непријатна тага лежам на перницата со цветчиња. Беспомошно. Ништо не ми функционира, само мозокот. Со месеци ги гледам истите загрижени лица. Моите тате и мама со насолзени очи, сестрите и докторите со нивните лица-маски. Другарчињата од забавиштето престанаа да доаѓаат. Единствениот контакт со надворешниот свет го имав преку отворениот прозорец на мојата соба. Чувствував таква слабост, та не можев ниту да се помрднам. Еден ден на надворешниот дел од прозорецот се појави сивото. Се појави како надеж, како судбина.
[Избива музиката, во фон.]
СИВОТО: Најмногу се нервирам кога некој ќе подвикне: Еј, ене го малиот! Малиот? А, како ќе им биде на тие што се големи да им подвикнувам: Леле, колку сте големи! Големи и мали. Ви велам, јас така не ги гледам работите. Можеш да бидеш мал, а да се чувствуваш многу голем. Но, не секогаш, туку понекогаш. Ми се случуваат и пострашни работи. На пример, ќе ме загледа некој од тукутака ќе каже нешто и ќе остане жив. Еден што живее на седмиот кат, со балкон што гледа кон реката, секое излегување да трга од цигарчето ќе ме закачне: Сиво, пак си тука, а? Ако сум малечко и сиво, тогаш што не ме остават да си живеам мирно и чесно, а? Една жена која секој ден купува леб и јогурт, пред два дена ме загледа, подзастана и ми вели: Леле, доста џивкаш, притисокот ми го крена над двесте!
Дознав три не многу важни работи: дека сум сиво, дека сум малечко и дека сум џивкало. Не, не се лутам, но им се чудам на сите што се загледуваат во мене и што сакаат да ме задеваат. Не им враќам, си имам јас попаметна работа. Понекогаш ми доаѓа да им застанам пред нос и да им ја кажам вистината. Нема шест вистини, има само една. Која? Ме задеваат зашто не можат да летаат. Ете, затоа. Чичкото што трга цигарчиња на балкон, да знае да лета никогаш не би ставил отров в уста. Наместо да пуши, ќе лета. Доволно е да сврти едно крукче над градскиот парк, само едно, и ќе си ја врати насмевката на намуртеното лице. Да, навистина. Ама, ете, некој може да лета, некој не може. Жената на која ѝ се качува притисокот од мене не знае дека летањето е лек за сите болести. А знам и други работи за неа. Само си молчам. Вика и ги навредува децата. Пцуе како маж. Дури и градските автобуси ѝ се виновни кога ќе се оптегне на троседот и кога ќе ја навали сонот. Порано ќе летнев до нејзиното дворче и ќе се растрчав по гранките на нејзината кајсија. Сега, не. Не сакам да ми го расипуваат расположението. Какво е моето расположение?! Погодете! Пролетно. Срамота е напролет да си тажен, нервозен и некултурен. Мајка ми, додека не нè научи да летаме, многу внимаваше на моето однесување. Особено кога нè хранеше. Нема дај мене, за другите ако има. Трпеливоста е најважна работа, ни велеше. Мислите не ми е жал за мајка ми?! Многу ми е жал. Немаше среќа да се радува со мене. Еден чичко ја погоди со камен по глава и... После викна уште тројца чичковци и им објаснуваше колку бил прецизен и колку знаел да погоди таму каде што треба. Ја фати мајка ми за нозе и ја фрли во најблискиот контејнер како да е расипана торта. Избегав и се скрив под стреата на една напуштена кука. Не знаев дали врнеше или дождот беа моите солзи. Не сакав да живеам. Се молев да помине некој мачор и да му влезам в уста. Без мојата мила мамичка се чувствував несигурен, уплашен, тажен. Многу е убаво кога знаете дека некој, таму, внимава на вас. Многу е убаво кога знаете дека некој, таму, ќе дојде и ќе ја поправи грешката што сте ја направиле. Многу е убаво... да имате мајка. Ама, животот е еден и треба да се живее. Од под стреата на напуштената кука ме извлече прекрасниот глас на некоја моја далечна роднина. Разбрав дека пее за љубовта и за сите убави нешта што ги раѓа таа, љубовта. А, кога го чув прекрасниот рефрен на другата моја далечна роднина, кога го чув одговорот на понудената љубов, знаев дека сум жив и дека треба да си побарам љубов. Љубовта не тежи. Таа не е компир, та секој може да го стави на вага. Љубовта се чувствува. Таа е како разиграно ветре, како мирис на зумбул. Нема боја. Може да биде и цвет на праска и обоена како цвет на јоргован. Љубовта лета со нашите мисли и најумните знаат како да ја фатат. Љубовта е приказна. Таа е книга која чека некој да ја отвори и да почне да ја чита. За жал, останаа уште малку читачи. Се обидувам да ја прочитам. Време ми е.
[Музички премин.]
Прва моја пролет како летач. Вртам околу четирикатницата и ги наслушнувам двете липи. Разговараат за првата среќа, за првите листови и за првите цутови. Со гордост зборуваат за нивниот чај кој ја шири својата миризба во многу станови, куќи и куќарки. Не сакам да им го расипам муабетот и се премислив: не слетав на некоја од многуте нивни гранки, туку свртев лево и застанав на... Колку сум несмасен, чудо едно! Прозорецот отворен. Имам лошо искуство со отворени прозорци. Додека се снајдов и додека го победував стравот, со едното око ѕирнав во просторијата. Детска соба. Познав по многуте кукли расфрлани по тепихот, по... Еј, девојче! Чекај. Долга косичка сплетена во плетенки, тажни очи. Лицето ѝ беше бледо, скоро проѕирно. Под главата некој ѝ наместил голема перница. Мајчице мори, ни се сретнаа погледите!
НЕВЕНЧЕ: Ти?! Ти си.
СИВОТО: Мене ми зборуваш?
НЕВЕНЧЕ: Знаеш да зборуваш?
СИВОТО: Знам. Се снаоѓам. Мојата приказна е чудна и многу, многу долга. Не ја знае никој.
НЕВЕНЧЕ: Мене секоја вечер мајка ми ми чита по три приказни.
СИВОТО: Мојава не се чита, се раскажува.
НЕВЕНЧЕ: Дојди поблиску за да те слушам поубаво.
СИВОТО: Внатре не влегувам. Имам многу лошо искуство. Пред некој ден две деца за малку ќе ме фатеа. Од раце им избегав. А, зошто не дојдеш ти, тука, крај прозорецот, а?
НЕВЕНЧЕ: Не можам да станам.
СИВОТО: Не можеш. А, зошто плачеш?
НЕВЕНЧЕ: Не знам, тешко ми е и. Мајка ми секој ден плаче, ама се крие од мене. Ја познавам по очите. Секогаш и се влажни и црвени.
СИВОТО: Ако продолжиш да плачеш, ќе почнам и јас да плачам. Надвор е пролет. Сакаш да ти фатам пеперутка?
НЕВЕНЧЕ: Не, сакам да те помилувам малку, сакам да дојдеш тука, до мене. Повеќе од еден месец не сум видела деца, ги нема и моите другарчиња од забавиштето.
СИВОТО: Ама, знаеш, јас...
НЕВЕНЧЕ: Од мене ли се плашиш? Знам, многу сум болна и затоа не доаѓаш.
СИВОТО: Болна?!
[Отворање врата.]
СИВОТО: И во детската соба влезе маж со бел мантил. Летнав. Во моето малечко срце се насобра една толку голема тага, тага измешана со лутина, та за малку ќе удрев во стеблото на канадската топола на која се гнездеа големите црни птици. Едвај некако се снајдов и застанав на една од пониските гранки. Пред очи ми беше прекрасната коса, бледото лице и двете очи на девојчето полни со тага, како две изворчиња во некоја пустина, изворчиња пред исушување. Не видов надеж. Кога нема надеж... Воздивнав. Посакав да се сетам на нешто убаво.
[Избива музика.]
СИВОТО: Втори мај. Големите ги наполнија кесите со месо и со своите автомобили брзаат кон блиските излетнички места. Се чувствував некако празно и покрај тоа што мојата друшка е тука, до мене. Молчиме во пресрет на уште еден сончев пролетен ден. Што се однесува до мојата љубовна порака преточена во песна, не патуваше далеку, стигна до мојата друшка. Не, не чекаше многу за да ми возврати. Затоа сме тука, заедно, на работ на олукот на четирикатницата. Денеска ни е ден за одлука, каде и кога да почнеме да свиваме гнездо. Но, мене умот ми е на друго место. Кај девојчето. Дали сè уште лежи во нејзината детска соба? Дали сè уште нејзиното лице го покрива бледило? Дали има со кого да разговара? Дали мисли на мене? Летнав. На малечката ламаринена писта на која слетав најдов трошки. Беа суви, знаев дека тука стоеле неколку денови. Трошки од интегрален леб, тој што го обожавав. Признавам, бев многу гладен и набрзина ги изголтав. Прозорецот на детската соба на девојчето беше затворен. Ролетните спуштени. Наслушнував. Го слушав само нејзиното неправилно дишење. Потоа нешто како да...
НЕВЕНЧЕ: Мамо! Мамичке!
СИВОТО: Толку беше.
[Кревање ролетни, отворање прозорец, чекори, врата, тишина.]
НЕВЕНЧЕ: Дојде?
СИВОТО: Дојдов!
НЕВЕНЧЕ: Ми требаш!
СИВОТО: Знам!
НЕВЕНЧЕ: Покажи се да те видам!
СИВОТО: Тука сум!
НЕВЕНЧЕ: Не можам да викам, уморна сум!
СИВОТО: Сакам да влезам во твојата соба, само се плашам од твоите.
НЕВЕНЧЕ: Заминаа.
СИВОТО: Сигурна си?
НЕВЕНЧЕ: Погледни долу, кон паркиралиштето!
СИВОТО: Ги видов, отидоа!
НЕВЕНЧЕ: Ги молев, ги колнев да излезат малку, да ме остават сама.
СИВОТО: Знаеше дека ќе дојдам?
НЕВЕНЧЕ: Да.
СИВОТО: Решив и влегов во детската соба. Сè беше во некаков совршен ред. Сè беше чисто, ново. Слики со постери по ѕидовите, клавир лево од вратата. Плетена кошница полна со играчки. Две гулапчиња допрени со клунчињата. Се гледа, уморни рачиња ги цртале. Се наместив најгоре на клавирот за да се гледаме.
НЕВЕНЧЕ: Трошките?!
СИВОТО: Ги изедов.
НЕВЕНЧЕ: Само на тебе мислам. Сакаш да бидеме пријатели?
СИВОТО: Да бидеме.
НЕВЕНЧЕ: Многу сакам да летам.
СИВОТО: И јас.
НЕВЕНЧЕ: Може ли да те допрам? Малку, само да ја почувствувам твојата мека облека.
СИВОТО: Пушти ја раката напред. Така. Рашири ја дланката. Ооооп! Тука сум!
НЕВЕНЧЕ: Трепериш?
СИВОТО: Да, треперам.
НЕВЕНЧЕ: Мислеше ли на мене овие денови?
СИВОТО: Многу.
НЕВЕНЧЕ: И јас на тебе. Се плашев некој да не те повреди. Ако не дојдеше денеска ќе плачев и ќе бев многу несреќна. Сега си тука, во мојава дланка и пак ми се плаче.
СИВОТО: Ти се плаче?! Нема плачење, денеска ќе учиме смеење.
НЕВЕНЧЕ: Заборавив да се смеам.
[Музика.]
СИВОТО: Заспа. Со солзи на очите. Не знаев што да правам. Леле, колку сум глупав! Подвикнав. Зошто не ја прашав како се вика? Скокнав на работната масичка на која имаше нов компјутер и расфрлани фотографии и разгледници. На една разгледница прекрасни цвеќиња со бели цветови. Вакви цветови имаат цвеќињата во градината на тетката што живее на крајот од населбата. Сигурно се тие! Пред живата ограда. Тие се! Ја свртев разгледницата. Читам. Невенче, среќен петти роденден! Те сакаат тато и мама. Четврти мај... Еј, за два дена ѝ е роденден, на Невенче!
[Надворешна атмосфера, пролет.]
СИВОТО: На четврти мај, рано-рано се нацртав во градината на тетката на крајот од населбата. Седнав на едно гранче на високата ела и гледав кон цвеќињата. Излезе домаќинката, го вклучи цревото и почна да го полева дворот. Наеднаш како да се сети нешто, отиде кај цвеќињата и скина едно бело цветче. Го мирисна и... колку што тргна кон влезот на куката, како стрела јурнав и ѝ го тргнав цветот од рака. Извини, тетке, морав. Кутрата не успеа ни да види кој ѝ го украде белиот цвет. Еве го крадецот со цветот в раце на ламаринената писта пред прозорецот на детската соба на Невенче.
НЕВЕНЧЕ: Не ми е арно. Како да нема воздух во собава. Отворете го прозорецот!
[Отворање прозорец, чекори, врата.]
СИВОТО: Невенче! Сонце мое!
НЕВЕНЧЕ: Ми го знаеш името?
СИВОТО: Сè знам за тебе!
НЕВЕНЧЕ: Што знаеш друго?
СИВОТО: Затвори ги очите! Ги затвори? Да не ме лажеш? Доаѓааам! Влегов во детската соба. На масичката голема роденденска торта со шест свеќички. Недостасуваа неколку парчиња.
НЕВЕНЧЕ: Уште да мижам?
СИВОТО: Уште малку.
НЕВЕНЧЕ: Уште колку?
СИВОТО: Почни да броиш до десет.
НЕВЕНЧЕ: Еден, два...
СИВОТО: Среќен роденден!
НЕВЕНЧЕ: Знаеш дека ми е роденден?
СИВОТО: Погледни!
НЕВЕНЧЕ: Бел цвет?! Од каде знаеш дека сакам бели цветови?
СИВОТО: Ми кажа едно врапче.
НЕВЕНЧЕ: Дојди! Може да те бакнам?
СИВОТО: Ако е само еднаш.
НЕВЕНЧЕ: Десетпати! Те сакам.
СИВОТО: И јас тебе. Невенче?
НЕВЕНЧЕ: Утре повторно ќе ме носат во болница. Ќе ме посетуваш?
СИВОТО: Да. И секој ден ќе ти носам по едно бело цветче.
[Се слушаат гласови, чекори.]
НЕВЕНЧЕ: Доаѓа мамичка со сестрата. Треба да примам терапија. Секој ден ме боцкаат.
СИВОТО: Си одам! Ќе се видиме! Ама не сакам така. Почна пак да плачеш?
НЕВЕНЧЕ: Еве ги, пред врата.
СИВОТО: Плачке една. Летаааам!
[Музика.]
СИВОТО: Тажните приказни се долги и мачни. Секој ден го посетував Невенчето в болница. Секој ден ѝ носев по едно бело цветче. Но, од ден на ден на нејзиното лице читав. О, боже! Го видов и загриженото лице на нејзиниот татко. Лицата на лекарот и на двете сестри. Лекарот креваше раменици, сестрите плачеа. Ми препукна срцето. Сакав да се сетам на нешто. Брзајќи кон мојата населба како да го чув гласот на мајка ми...
МАЈКАТА: Сине, само добрината има цена! Добрината има цена!
СИВОТО: Мамичка.
[Музички премин.]
СИВОТО: Дваесет и први мај. Прозорецот на Невенче е отворен. Тргнувам со желба да победам. Влегувам во собата. Невенче спие. Се наместив на клавирот. Чекам. Се отвораат две уморни очи. Читам. Нема надеж, нема желба, нема глас. Тажно гледаат во мене... очите на Невенче.
СИВОТО: Дојдов да се карам со тебе. Многу сум ти лут, многу. Да можев ќе те натепав.
НЕВЕНЧЕ: Колку денови те нема?
СИВОТО: Колку што треба.
НЕВЕНЧЕ: Не ме сакаш повеќе?
СИВОТО: Не те сакам!
НЕВЕНЧЕ: Не доаѓаш да ме гушнеш?
СИВОТО: Не доаѓам.
НЕВЕНЧЕ: Ти е жал за мене, плачеш.
СИВОТО: Ми солзат очите од ветрот.
НЕВЕНЧЕ: Лажеш.
СИВОТО: Не, навистина. Сакам да зборувам сериозно со тебе.
НЕВЕНЧЕ: Зборувај потивко, те молам!
СИВОТО: Има едно место кое го знам само јас. Дотаму се стигнува со летање. Сите што стигнале таму ги откриле сите вистини на овој свет. Но, ја откриле и најголемата вистина што се вика добрина. Од тоа место ја украдов добрината и сега сакам да ја поделиме. Малку за тебе, малку за мене.
НЕВЕНЧЕ: Раскажувај ми за местото од каде ја украде добрината.
СИВОТО: Ја украдов добрината, но таму остана силата што ти треба тебе. Скриена.
[Музика.]
СИВОТО: Во тој миг ја измислив најневеројатната приказна и ја споделив со Невенче. Упорно гледаше во мене, гледаше и ја голташе приказната.
Местото е нешто како дел од слика на некој познат уметник што црта природа. Во средината на една шума во која течат милиони поточиња, во која паѓаат стотици водопади, има една ширинка. Заградена со лијани, со смреки и со капини личи на напуштено тениско игралиште. Тука на ширинката некој направил лулашки, клацкалки и лизгалки. Лулашките стигаат до небо, а кога ќе собереш храброст да скокнеш, ти всушност леташ и им правиш друштво на облаците. Тамо се учи летање. Учителите се еден зборлест галеб и една молчалива ластовичка. Зборлестиот за парче риба ќе те научи да се превртуваш во воздухот, а молчаливата за десетина мушички ќе те научи како најбрзо да стигнеш над облаците. Учителите ставаат само петки. Да ги оставиме оценките. Важно е, кога ќе стигнеш таму, да дознаеш каде ја кријат силата. Ако не си силен, џабе си научил да леташ. А, за да дојдеш до неа треба да веруваш дека ќе ја најдеш. Нели ти се чини дека во некое жуборесто поточе се крие тајната, а? А, и да се крие, не е едно! Сила. Но, не сила колку да скршиш оревче или да погодиш со камче некое врапче. Сила со која ќе ја победиш смртта. Немој да се смееш, те молам! Си видела кофиче полно со еурокрем? Во речиси исто кофиче се крие силата, затворено со капаче и фрлено во некое од милионите поточиња. Заборавив да ти кажам, поточињата вртат околу ширинката и пред да дојдат кај тронот на кој седи галебот се поклонуваат. Си видела како се поклонуваат поточиња? Да, да, навистина се поклонуваат. Сега погодуваш? Ова морам тивко да ти го кажам, да не чуе некој. Кофичето со силата го видел само галебот. Треба да си умна и некако да го надитриш галебот. Не смее да кажува, ама може да ти шепне. Ме разбираш? Невенче? Но пред да тргнеме таму, ќе треба нешто да направиш. Не, не, не е тешко. Во секого од нас има скриено по малку сила. Ти треба да ја пронајдеш и секој ден наутро и навечер да одиш до отворениот прозорец. Ајде да изброиме колку чекори има дотаму. Еден, два, три, четири, пет. Еј, колку малку се! Што? Како да ја најдеш силата скриена во тебе? Лесно. Пронајди го со десното раче папочето. Така. Сврти неколку круга со дланката околу папочето. Почувствува топлина? Тука е некаде силата. Ја најде? О, сонце убаво! Малку е? Не е малку. Ајде, размрдај ги нозете. Те молам. Знам дека не си застанала на нозе со месеци. Ако мислиш дека ти мислам лошо и ако... Ете, можеш да ги мрдаш нозете. Потпри се на креветчето. Десната нога нанапред. По неа левата. Исправи се, сонце убаво. Почнуваме да броиме заедно: еден чекор... еден. Успеа! Браво. Два. Оп, оп, задржи се на дрвениот дел од прозорецот. Сега? Сега јас ќе поскокам од радост, а ти погледни во сонцето и речи си вака: Те молам, сонце, покажи ми го патот до силата скриена во чудната земја со милиони поточиња. Кажи го ова убаво, како песничка да кажуваш. За очите на мама. Има ли нешто поубаво од очите на мама, а? Те молам, сонце. Твоето гласче ќе стопи глечер. Не... Плачам. Плачам од среќа. Невенче, секое утро пред изгрејсонце и секоја вечер пред зајдисонце треба да бидеш тука, крај прозорецот. Ќе доаѓам со... Ти кажував за моите пријателки пчелки? Живеат зад онаа планина што ја гледаш. Таму е многу чисто, има ливади, багреми и сливи. Сега се живо и диво е расцутено. Моите пријателки секој ден ќе собираат мед и дел од медот ќе биде за тебе. Сè е договорено. Што треба да направиш? Ништо, само да ја отвориш устата, да го извадиш јазичето, и... толку. На твоето јазиче ќе го истурам медот, ти ќе го голтнеш, а јас ќе ти речам: Ќе се видиме и утре! Сега полека сврти се... Леле, колку убаво се сврти! Знам дека кога ќе пораснеш ќе бидеш балерина. Ни остана уште броењето. Еден, два...
[Музички премин, во дневната влегуваат родителите на Невенче.]
ТАТКОТО: Невенче спие. [Го гаси телевизорот.] Сакаш кафе?
МАЈКАТА: Не, седни. Просто не ми се верува. Како е можно ова? Еве, ми е страв да се радувам. А, треба да се радувам, треба да скокам од радост.
ТАТКОТО: И лекарите се во паника. Го очекуваа најлошото, а ваму сите резултати покажуваат совршено здравје. Ја виде ли крвната слика, а? Таква крвна слика немала никогаш.
МАЈКАТА: Ми порача да ѝ купам велосипед.
ТАТКОТО: Утре ќе викнеме молер, сакала понежни бои на ѕидовите во нејзината соба. Ќе направиме и нов распоред. Само клавирот не сака да ѝ го поместуваме.
МАЈКАТА: Ми спомна некаква куќичка за птици со зелен покрив, со две прозорчиња и балкон пред влезната врата. Не знам дали такви се продаваат воопшто.
ТАТКОТО: Утре ќе седнам и ќе ѝ направам. Ајде полека да ја однесеме во нејзината соба. Ми рече, прозорецот да го оставам подотворен.
СИВОТО: Каде ли да ја најдам пораката? На работната маса пред компјутерот! Цртеж! Моето сонценце ми нацртало нешто. Скокнав на маса. Со дрвени боички ја нацртала шумата, ширинката, поточињата, водопадите, галебот и ластовичката. Во долниот десен агол нацртала малечко срце и во него ме ставила мене. Невенче. Пораката ми беше јасна како ден. Време е да учиме летање.
[Премин.]
СИВОТО: Седми јуни. Ми тежи шумата со ширинката, со потокот. Решив! Тргнувам на југ! Север, спротивно југ. Не брзам за да не се уморам. Уживам летајќи. Летам и мислам на Невенчето и на мојата сакана која утрово го снесе и четвртото јајце. Градот заедно со смогот останаа зад мене. Ја поминав и реката. Пред мене голема котлина. Се послала како тепсија полна со месени работи. Луѓе по нивите. Брмчат трактори. Се поздравувам со една ветрушка. Ужива во ветрот. Качена на него ги фака топлите воздушни патеки. Летаме заедно.
Пред нас се покажа раскошна густа шума со високи буки, борови и ваму-таму по некој даб и јасика. Поточето ми се пристори дека е крива линија од некој детски цртеж. Се отвори, како нов кадар... ширинката. Глетката ме вознемири. Како сум можел да бидам толку блиску до ова место кое првпат го гледам?
Ветрушката ми се изгуби во синилото. Останав сам. Слетав на еден шип израснат во средината на ширинката. Од ова место го гледав и поточето кое брзаше да стигне до реката за да се прави важно и посилно. Овде треба да ја донесам Невена. Овде ќе треба да ја почувствуваме силата на природата. Овде ќе треба да ги отвориме градите за да ни се исчистат белите дробови. Го чувствувам чистиот воздух уште во ноздрите. Ме поткрева. Нема зборови со кои се опишува оваа убавина. Ќе ја разочарам тишината ако почнам да зборувам. На местово ѝ личи тишинава. Нишањето на гранките ми заличи на музички фон, подлога за некоја мистична слика. Само да знаете колку малечок бев во оваа слика. Зрнце. Да бев поголем можеби ќе расипев нешто. Скокнав на потокот да си ја оладам душичката. Во бистрината на водата ги почувствував внатрешните сокови што нè одржуваат во живот. Се испрпелкав во неа за да ме помилува свежината, вистинската, исконска свежина. Скокнав до највисоката гранка на јасиката и ѝ кажав дека ѝ завидувам. Понекогаш кога ќе се загледаме во нешто ќе си речеме: овде ништо не фали. Шумата која ме опкружуваше ми заличи на уметничка слика во која сè е во некаков божествен однос: боите, предметите, небото, карпата, потокот, птицата што игра со ветрот. И да не се наоѓа овде кофичката полна со сила што ја победува смртта, треба да се измисли. Ја измислив и затоа сум тука.
[Премин.]
СИВОТО: На покривот сум на мојот дом, подарок од Невенчето. Чекам саканата да го снесе петтото јајце. Признавам, малку сум вознемирен. Ќе речете: за едно јајце! Но, не е само јајце. Внатре има живот. Еден ден од тоа јајце ќе џивне некое сиво ко мене. Нели децата личат на родителите, а? Размислував за сè што ми се случи оваа пролет. И многу убаво се чувствував. Ми се случија прекрасни работи. Невенчето оздраве, со сивата одлично се согласуваме, новиот дом ме прави среќен и задоволен. Некогаш посакував Невенчето да ја заборави таа приказна, никогаш не сакав... Тоа е исто како кога навечер некоја бабичка му раскажува приказна на внучето и раскажувајќи заспива пред него. Ако сте вие тоа внуче, како ќе се чувствувате? Излажани, така? Со нерасчистени ситуации, со... Дали принцот ќе стигне до маѓепсаната принцеза? Дали ќе ја оживее? Раскажувањето приказни е сериозна работа. Лошо раскажаната приказна или недовршената приказна создава мачнина, револт, станува дел од некое грдо искуство. Не, не сакам да ви прозвучам многу учено, едноставно мразам недовршени приказни. Ај да ви ја прекинам тука мојава приказна, а? Да ве оставам, овде, на покривот на мојата кука, а? И, ајде, река прашања. Го снесе ли петтото јајце сивата? Ќе се испилат ли пет малечки голи и сиви сивчиња? Ќе одат ли сивото и Невенче кај шумата со ширинка и поточе? Да ве измачувам уште? И додека размислував, на прозорецот се појави Невенчето. Беше насмеано и расположено.
НЕВЕНЧЕ: Погоди како се вика?
СИВОТО: Денеска само погодувам нешто.
НЕВЕНЧЕ: Уште да чекам?
СИВОТО: Почекај уште малку.
НЕВЕНЧЕ: Не можам, треба да излегувам. Договорена сум.
СИВОТО: Невенче. Сим... Оној долу со велосипедот е твојот симпатија?
НЕВЕНЧЕ: Погоди како се вика?
СИВОТО: Ако погодам... Чекај малку. Кое име најмногу би му одговарало на симпатијата на девојче убаво како тебе?
НЕВЕНЧЕ: Мисли, ама побргу.
СИВОТО: Александар!
НЕВЕНЧЕ: Дааааа!
СИВОТО: Невенче.
НЕВЕНЧЕ: Брзам.
СИВОТО: Знам.
НЕВЕНЧЕ: Кажи.
СИВОТО: Оваа, мојата, го снесе петтото јајце и ме остави да мислам што сум ѝ ветил, а никако да се сетам и да...
НЕВЕНЧЕ: Треба да одиш и да лежиш на јајцата. Ти текнува?
СИВОТО: Ми текнува.
НЕВЕНЧЕ: И мене си ми ветил нешто.
СИВОТО: Невенчето мое. Кога погледнав долу, пред зграда, Невенчето и Александар се качуваа на велосипедите и тргнаа. Од среќа просолзив.
[Премин.]
СИВОТО: Седумнаесетти јуни. Првите сончеви зраци на 17 јуни ги фатив на балконот издаден пред влезната врата на мојата кука. Не знаев што се случи кај Невенчето. Триста умови ме фатија. Само да не ја изнервирале, да не ја разочарале, да не плачела. Едно време погледнав долу, на паркиралиштето пред зграда. Татко ѝ, горе, на автомобилот поставува железни шипки, нешто како... Се сетив, багажник. Потоа ставаше некакви вреќи, масиче, столчиња, плинска боца. Еееј, триста работи! Дојдоа и Невенчето и мајка ѝ. Мајка ѝ влезе во автомобилот. Невенче погледна горе, кон мене. Се насмеа кога ме виде. Уф, ми падна камен од срце. Ми покажа со рачето дека тргнуваме. Ви признавам, имав голема трема. Нозете ми се тресеа, срцето ми чукаше над триста во минута, во главата ми се вртеа милиони прашања. Најмногу се плашев да не ја разочарам. Да не си рече: е, ова е ништо, обична лага за мали деца. Се плашев да не се фрлам во воздух, чувствував дека ќе паднам на земја и ќе се скршам ко пивско шише. Невенче се вознемири. Вртеше околу автомобилот. Не знаеше сонцето какви мисли ми се вртат во главата. Со кого да разговарам, а? На кого да му кажам како се чувствувам, а? Потоа се сетив на моите зборови што ѝ ги кажував на Невенчето кога беше тешко болно. „Сите ние имаме некоја скриена внатрешна сила, само треба да ја пронајдеме.” Каде е скриена мојата? Почнав да ја барам силата. Го пикав главчето под крилјата, кај градите. И кога го допрев клунот кај моето малечко срце, нешто како да ми мрдна и... Престанаа да ми се тресат нозете, ми се смири пулсот. Летнав. Невенчето влезе во автомобилот. Тргнавме. Летав лесен ко пердувче. Не, не ја чувствував тежината на моето тело. Се превртував во воздухот, потоа наеднаш ќе се извишев високо и... и, ооооп, надолу ко стрела кон стаклото на автомобилот од страната на Невенчето. Таа уживаше во моите будалаштини. Ја поминавме реката, влеговме во големата котлина. Сонцето како да трчаше по нас. Летавме и се возевме со мисла дека ќе го пронајдеме. Се искачуваме по предели на кои се потпрела големата планина. Малку по малку, упорно се искачуваме кон местото од мојата приказна специјално стокмена за Невенчето. Наеднаш се отвори ширинката. Невенче истрча од автомобилот и со кренати рачиња почна да трча и да вика: Мојата шума! Мојата ширинка! Моето поточе!
Се стемнуваше. Погледнав во сонцето кое паѓаше зад сртот. Ми трепна со левото око и падна ко топка во некој двор заграден со жива ограда и преполн со миризливи цвеќиња. Миризливите цвеќиња беа мојот сон кој ме посети во мигот кога се сместив меѓу гранките на личната јасика.
[Премин.]
СИВОТО: Осумнаесетти јуни. Бев само гледач. Обичен гледач. Гледач како на фудбалски или на кошаркарски натпревар. Сместен во ложата на јасиката ги гледав Невенчето и нејзините родители. Уживав во глетката. Татко ѝ пред шаторот ја запалил плинската скара и се „бори” со плескавиците и домашните колбаси. Мајка ѝ прави салата. Не можев да видам и да знам каква салата подготвува. Краставица, патлиџани, кромитче и одозгора рендано сирење. Невенчето, ене ја покрај потокот. Се гледаме и си разменуваме знаци, се читаме. Собира мазни камчиња и ги става во празното кантиче од еурокремот што го излапа намачкан на по две кришки дневно.
НЕВЕНЧЕ: Мамичке, готова ли е салатата? Овошната.
СИВОТО: Ми беше јасно ко ден дека дел од овошната ќе ми сервира мене, а признавам...
НЕВЕНЧЕ: Летни!
СИВОТО: Да не ме видат твоите?
НЕВЕНЧЕ: Нема. Таму се, подготвуваат ручек. На кое камче да ти ги сервирам парчињата киви, трошките интегрален леб и сокчето од моркови, а?
СИВОТО: Одбери ти камче.
НЕВЕНЧЕ: Одбрав. Повели. Јас ќе се правам како ништо да не се случува.
СИВОТО: Благодарам.
НЕВЕНЧЕ: Што требаше да ти кажам?
СИВОТО: Ќе се сетиш, има време.
НЕВЕНЧЕ: Важно е многу. Извини, многу убави нешта ми се случуваат во еден ден.
СИВОТО: И мене. А, да уживаме малку, а? Јас во храната, а ти во оваа убавина пред нас.
НЕВЕНЧЕ: Ти не ме излажа. Тоа сакав да ти кажам. Многу те сакам, а сега уште повеќе.
СИВОТО: Колку повеќе?
НЕВЕНЧЕ: Колку сите камчиња, тревки, поточиња, колку? Многу!
СИВОТО: А, јас тебе колку сите дрвја, птици, колку сите ѕвезди на небото, ете толку!
НЕВЕНЧЕ: Твојата приказна ме излекува и ме натера да мислам на убави работи и...
СИВОТО: А, да ја оставиме приказната за во некоја книга. Ќе летам малку и ќе уживам. Сакаш ли да го допрам она облаче, горе?
НЕВЕНЧЕ: Сакам. Поздрави го и речи му да си замине некаде. Тајните се кажуваат тивко. Ми треба сонце денеска.
СИВОТО: Договорено.
НЕВЕНЧЕ: Ми треба сонце денеска.
СИВОТО: Договорено.
Се извишив. Невенчето трчаше по двете пеперутки со очиња на крилјата. Со облачето лесно се договоривме. Ги живеам најубавите моменти од мојот живот. Ги погалив со крилцата двете буки, го допрев борот и ѝ се заблагодарив на јасиката која ме прими како свој во своите крошни.
„Јасике, дали го чувствуваш моето треперење? Дали те погали нежниот глас на Невенчето? Го почувствува ли чудото? Животот, пријателке, е една голема авантура. Кого како ќе поткачи. Го живееме мигот, како да го живееме животот. На што да веруваме? Убавице, да им веруваме на лузните или на насмевките? Секој живее своја приказна. Убаво е кога можеме да си ги кажуваме приказните. Сигурно некаде ќе се допрат. Мојата и твојата веќе се допреа. Синилото, сонцето, жуборењето на потокот, слободата, среќата на оние луѓе. Таму се допираме. Само вистинските приказни имаат среќен крај, пријателке.”
Монологот што го имав со јасиката ми излезе директно од моето срце. Како олеснување. Јасиката ги стресе листовите ко новогодишни ѕвончиња за да ми каже дека ме разбра.
Сонцето и на овој осумнаесетти јуни полека се истркала до сртот на планината. Но, денеска не потона, тука подзастана за да ни ја дооткрие приказната.
[Избива музика.]
СПИКЕР (Одјава):
Ја слушавте радиодрамата „Љубов за летање” од Владо Димовски.
Играа: Тони Денковски, Стефана Момировска, Ивана Џингова, Софија Гогова-Врчаковска, Љупчо Бојковски, Наде Галевска и членовите на Детското драмско студио на Македонската радиотелевизија.
Тон мајстори: Ратка Панговска и Весна Спасовска
Режија: Владо Димовски
К Р А Ј
Во радиодрамата користевме музика од цедето „Beethoven Forever by the Sea”
Македонско Радио
Радиодрама: Љубов за летање
Автор: Владо Димовски
Режисер: Владо Димовски
Тон мајстори: Ратка Панговска и Весна Спасовска (тон мајстори со над дваесетгодишно искуство во Македонското радио, реализирале многу драмски проекти и со дел од нив учествувале и биле наградувани на повеќе фестивали)
Времетраење: 54’19’’
Емитувана на 8. 04. 2007
За авторот
Авторот на радиодрамата „Љубов за летање”, Владо Димовски е познат писател, ТВ сценарист и новинар во Македонското Радио. Покрај 15 книги и неколкуте успешни ТВ серии, досега напишал и реализирал 20 радиодрами. Со своето радиодрамско творештво учествувал на повеќе познати фестивали: При Италија, АБУ Прајз, При Марулиќ, Федор и При Европа.
За радиодрамата
„Љубов за летање” е драма за добрината. Во неа Димовски, користејќи ги атрибутите на едно мошне благородно суштество какво што е врапчето, им се обраќа на нашите најдлабоки пориви кои не прават човечни, хумани и кадарни на некого да му направиме добро. Авторот суптилно и со многу емоции ги промовира животните вредности како надежта, вербата, трпението и љубовта.
Мајсторски креираниот лик на Сивото (Врапчето) се издига на ниво на парадигма на добрината и на силата. Пораката што ја упатува до тешко болното девојче (Невенче) е јасна: Силата и надежта не се наоѓаат во средината на шумата во која течат милиони поточиња, ниту во затвореното кофиче, тие се во нас – само треба да ги пронајдеме.
Приказната за Сивото и за неговата пријателка Невенче, едноставно ги поместува границите на имагинацијата. Токму затоа оваа радиодрама не се слуша, туку се чувствува. Авторот ненаметливо и длабоко интуитивно ќе ве вовлече во светот на фантазијата каде што врапчињата зборуваат, поточињата трчаат, сонцето се смее, а облачињата намигнуваат. Уживајте!
Датум последње измене: 2008-01-17 21:33:50