Никола Маџиров

Шест песни

СЕНКИТЕ НÈ ОДМИНУВААТ

Еден ден ќе се сретнеме,
како бротче од хартија и
лубеница што се лади во реката.
Немирот на светот ќе
биде со нас. Со дланките
ќе го помрачиме сонцето и со фенер
ќе се доближуваме.

Еден ден ветрот нема
да го промени правецот.
Брезата ќе испрати лисја
во нашите чевли пред прагот.
Волците ќе тргнат по
нашата невиност.
Пеперутките ќе го остават
својот прав врз нашите образи.

Една старица секое утро
ќе раскажува за нас во чекалната.
И ова што го кажувам е
веќе кажано: го чекаме ветрот
како две знамиња на граничен премин.

Еден ден сите сенки
                               ќе нè одминат.

КОГА НЕКОЈ ЗАМИНУВА
СÈ ШТО Е СОЗДАДЕНО СЕ ВРАЌА

 

                                         На Марјан К.

Во прегратката зад аголот ќе препознаеш
дека некој некаде оди. Секогаш е така.
Живеам меѓу две вистини
како неонка што се колеба во
празен ходник. Моето срце собира
сè повеќе луѓе, зашто нив веќе ги нема.
Така е секогаш. Четвртина од будноста
ја трошиме во трепкање. Нештата
ги забораваме уште пред да ги изгубиме -
тетратката по краснопис, на пример.
Ништо не е ново. Седиштето во
автобусот е секогаш топло.
Последните зборови се пренесуваат
како накосени кофи во вообичаен летен пожар.
Утре пак ќе се повтори истото -
лицето пред да исчезне од фотографијата
првин ќе ги изгуби брчките. Кога некој заминува
сè што е создадено се враќа.


ЛЕТАЊЕ

Маглата виси над градот
како сведната глава на Богородица
од далечна фреска.

Сателитските антени разговараат
со ангелите
какво ќе биде времето утре:
бистро, безбедно, значајно
како календар со
црвени датуми.

Но штом ноќта ќе ги спои
сенките со ѕидот,
ти ќе се измолкнеш кон гранките
како ретка птица
од опачина на банкнота.

МНОГУ НЕШТА СЕ СЛУЧИЈА

Многу нешта се случија
додека Земјата се вртеше врз
Божјиот прст.

Жиците се ослободија
од далноводите и сега
сврзуваат љубови.
Капките од океанот
нестрпливо се таложеа врз
ѕидовите на пештерите.
Цвеќињата се одделија
од минералите и тргнаа
по мирисот.

Од задниот џеб се разлетаа
ливчиња низ нашата прозрачна соба:
безначајни нешта кои никогаш
не би ги направиле доколку
не ни беа запишани.

НОВИ ЗЕМЈИ

Треба да се истружи ѕидот
врз кој влагата ја исцртала
мапата на новиот свет
и да се нанесат нови разидувања.

Под нив камењата неправилно
да се распоредат како
стапки на човек кој бега од стравувањата.

Треба да се биде
кружно огледало во полуотворена дланка
и да се одразат туѓите прегратки
остри како ножици што се допираат
само кога треба да се пресече нешто.

Треба да се измислат нови земји,
за да може пак да се чекори по водата.


ДЕНОВИ КОГА ТРЕБА ДА СЕ БИДЕ САМ

Вистина е дека градот
изникна како последица на лага
неопходна за луѓето
саксиите и питомите животни.

(така се снабдувам со
потребните оправдувања)

Вистина е дека сите луѓе
излегуваат од зградите
(чиниш земјотрес)
и со вазна во рацете
одат кон ливадите.

Се враќаат трипати потажни
со прашина во дланките
и неколку шумови
како дупки во сеќавањето.

Потоа
пак заедничка тишина.

На Растку објављено: 2008-01-23
Датум последње измене: 2008-02-01 19:08:55
 

Пројекат Растко / Проект Растко Македонија