Никола Новковски

Здивот на камерата

Разголените дрвја беа надвиснати над реката и речиси ја покриваа целата површина. Отспротива се наѕираше кривулестата линија на патот. Патот на надежта, велеше поетот Јордан Д. Но, како да се открие надежта и да се спаси од темнината?

Возилото иташе по тесниот пат покрај реката. Владо Ј. со нескриена возбуда сакаше што побргу да стаса до посакуваното одредиште. Имаше јасна цел: да го направи тој смел чекор и сам да сними документарен филм токму во овие предели. Сакам, велеше Владо Ј., еднаш засекогаш сам да застанам зад камерата и никој да не ми сугерира што да правам и како да го правам тоа. Господинот Владо Ј. едноставно бараше одговор на прашањето: дали камерата сама може да направи сè? Или просто речено, колку камерата може да биде целосна, независна и комплетна. Сними толку филмови, но, никако да стигне до таа дамнешна желба. И, ете токму сега беше на пат да го реализира тој голем предизвик.

- Ослободи се од таа луда идеја, му велеше режисерот К. Направени се многу такви обиди во историјата на филмот и...

- Сакаш да кажеш дека биле неуспешни, го пресечуваше Владо Ј. Но, не заборави што направи еден Грег Толанд во „Граѓанинот Кејн“. Токму тука лежи зајакот. Значи, може да се направи едно мало откритие.

- Знам, сега ќе ја споменеш сцената со чашата, таа необична длабинска структура. Сепак, тоа е совршено поврзано со самото сценарио и...

- Но, што ќе беше ако тука не се јавеше една таква личност каков што е Грег Толанд. Што ќе беше?

- Разбирам, велеше смирено режисерот К. Разбирам дека тоа е неверојатна способност сето тоа да влезе во функција на една извонредно напишана идеја, на...

- Да, го прекинуваше Владо Ј. За вас е важно само напишаното, а не и она што го прави камерата. Заборавате едно - дека камерата треба да биде душа на зборот. Инаку што би вредело тоа, ако не се отслика, ако не проговори преку живата слика.

- Сега зборуваш како режисер, одговараше тихо режисерот К. Всушност, сакам да кажам дека може да се биде апсолутен автор. Авторски филм, што значи тоа?

- Значи многу, потврдуваше Владо Ј. Значи на еден автор да не му се сечат крилјата како што правите вие, режисерите.

- Сепак, господинот со камерата заборава многу нешта. Заборава колку неуспешни обиди се направени токму од неговите истомисленици и на крајот излегувало ништо. Не е сè во камерата, а каде е приказната? Каде е живиот дијалог?

- А, што ќе речеш за Габриел Фигуероа? Што ќе речеш за извонредните пасажи на Клод Реноар, во „Еден живот“. Или...

- Не би требало сега да ми држиш предавања од историјата на филмот. Знам што значи сето тоа.

Но, знам колку таа камера се вклопува во општата идеја и колку е неделива од самата материја. Сепак, би требало малку да ги истераш тие бубачки од главата. И, обиди се да најдеш некоја можна рамнотежа. А, таа постои. Ретко се случувало снимателот да биде сè.

Разговорот се повторуваше многу често. Режисерот К. и Владо Ј. не изброија колку пати ги повторуваа истите работи. Тогаш, вообичаено, речиси на ист начин по некое непишано правило Владо Ј. ја допиваше ракијата и одново порачуваше уште две. Потоа палеше нова цигара и стануваше малку отсутен. Нешто ја мачеше таа благородна душа, нешто ја тераше сепак да се обиде: да направи нешто повеќе. Но, зошто, си велеше, зошто режисерот К. не ме разбира до крај? Тогаш стасуваа новопорачаните ракии и Владо Ј. се враќаше од занесот. Режисерот К. убаво го знаеше тоа и само ќе се насмевнеше.

- Треба да знаеш, повторуваше режисерот К. Треба само да се присетиш дека многу одамна господинот Роберт Монгомери го сними филмот „Госпоѓата од езерото“ во кој камерата е сè, дури го заменува главниот јунак. Сепак, тоа беше само обид и ништо повеќе. Навистина камерата не можеше сè. Тоа е веќе минато. А ти?

- Остави ме мене. Јас решив и ќе се обидам. Нешто ме тера и морам да го сторам тоа: да направам филм за природата и живиот свет. Чист филм во кој камерата ќе биде сè.

Патот се искачуваше по угорнината и по малку Владо Ј. стаса на распаќето кај што се одвојуваше патот за селото Локвица. Владо Ј. ја намали брзината и се упати кон селото.

Возилото бавно се движеше по угорнината, а Владо Ј. никако не можеше да се оттргне од мислите, небаре режисерот К. седеше тука до него, а всушност тој беше сосема сам. Каде е тоа село Локвица? - се прашуваше Владо Ј. И само притискаше на педалата. Му се чинеше дека ќе ја изгуби таа врска со Драги С. кој што требаше да го чека таму некаде на почетокот на селото Локвица.

Помина речиси половина час откако Владо Ј. се оддели од главниот пат, а сè уште не успеа да ја здогледа таа клучна точка од неговиот потфат. Конечно, откако ги заобиколи големите карпести предели во далечините светкаа куќите на селото Локвица. На влезот, спроти црквата и гробиштата, Владо Ј. го здогледа пријателот Драги С.

Не се ни одмори туку веднаш ја префрли сета опрема од возилото на коњот. Понатаму мораше да се оди пешки. Го стави ранецот преку рамењата и го поведе коњот.

- Го претоваривме, рече Драги С. Оди полека. Мислам дека приквечер ќе стасаш таму.

- За два - три дена се враќам. Сè ми е испланирано.

- Имаш сè? - праша одново Драги С.

- Да, одговори Владо Ј. и го поведе коњот.

Одмина половина час кога се искачи над селото и навлезе во ретката шума. Се насетува есента, си рече Владо Ј. загледан во високите стебла. Дури сега го тргна ранецот и седна да запали цигара. Коњот бараше по некоја тревка меѓу сувите лисја. Повлече од цигарата и се загледа по малата патека која што кривулесто се пробиваше низ шумата. Не се плашам, му повторуваше Владо Ј. на пријателот Драги С. долу во селото. Но, сега, некако за првпат ја почувствува таа застрашувачка самотија, среде или на почетокот на таа чудна планина. Стана, го подзеде коњот и го продолжи патот. До крајот на денот имаше уште многу. Откако ја одмина шумата стаса до големата висорамнина. Патеката се губеше низ тревата, но сепак се препознаваше.

Владо Ј. не запираше и само грабеше од патот. Поминаа речиси два часа кога стигна до големиот извор. Точно како што ми објасни Драги С., си рече Владо Ј. и седна малку понастрана. Би требало, ја продолжи мислата малку потоа, би требало за уште еден час да стасам до моето одредиште. Ја извади од ранецот деталната географска карта и убаво ја одбележа патеката по која одеше.

Сонцето заоѓаше кога Владо Ј. стаса на посакуваното одредиште. Точно на време, си рече и се загледа во просторот на шумовитата долина, исшарана со мали празни површини. Наоколу немаше никаков знак, никаква трага од селски живеалишта. Сосема на исток се издигаше хоризонтот на високите планини. Го растовари коњот и ја сложи сета опрема до големиот даб што се наоѓаше малку понатаму. Ја подготви вреќата за спиење и запали оган. Добро е вака, си рече, сега можам да здивнам. Погледот пред него беше чудесен, а снимањето требаше да отпочне рано изутрина пред изгрејсонце. Тукушто го свари кафето, Владо Ј. се загледа во големиот сандак на камерата што се наоѓаше речиси до него. Погледот го задржа на налепницата во горниот лев агол. Малку беше одлепена од десната страна и без да има некоја посебна намера Владо Ј. посака да види што има под неа. Откако ја одлепи можеше да го прочита името на неговиот татко, снимателот Добри Ј. Буквите беа речиси избледени. Низ колку раце поминала камерава, си рече Владо Ј. и повлече од запалената цигара. Огнот тивко гореше.

Темните облаци се надвиснаа над околината кога тие се упатија кон гробиштата. Веста за смртта на Добри Ј. брзо проструи меѓу сите филмаџии. По малку стасаа до таа крајна точка, конечното одредиште на господинот Добри Ј. Владо Ј. стоеше до дрвениот крст и токму тогаш еден необичен грч му проструи низ лицето. Режисерот К. и Тодор Т. стоеја отспротива и само гледаа во него, небаре на некој начин можеа да му ја ублажат болката. Темните облаци се претворија во ситен дожд, а токму тогаш од десното око на Владо Ј. се лизна една голема солза. Зум напред, си рече режисерот К. Владо Ј. небаре ја разбра таа чудна професионална помисла и во ваков миг, па ја пушти солзата да се лизне низ образот. Веднаш една мала насмевка, што би се рекло светлина, блесна во неговиот лик, а потоа исчезна. Контра план, си велеше Владо Ј. Тодор Т. ништо не сфати од таа мала игра. Земи ракија, рече. Режисерот К. ја позеде чашата. И снимателите умираат, зар не? - праша. - Не. Тие се вечни, рече режисерот К.

Огнот почна да се гасне. Да му ставам уште некое дрвце? - праша некого во себе. Веднаш ја подготви вреќата за спиење и за секој случај до себе ја стави ловечката пушка.

Околината сè уште тонеше во тишината кога Владо Ј. се разбуди. Добро е, си рече и ја тргна вреќата за спиење. Ја подготви камерата и ја стави на стативот. Од хоризонтот се насетуваше мала светлина. Значи, темнината е совладана, си рече Владо Ј. Дали сега? - се прашуваше. Дали сега безнадежноста ќе излезе од својата нулта точка и ќе го зачне патот на надежта. Крај на тагата и почеток на надежта, преку таа клучна точка: безнадежноста. Ќе се излезе ли од тој затворен круг? Мала искра ја пресече мислата. Владо Ј. беше задоволен. Сè беше пред него: природата и живиот свет. Значи, неговата приказна е на добар пат или како што велеше: документарниот филм се раѓа. Го сними изгрејсонцето и тогаш се загледа во далечината на левата страна. Во голините на шумата, во тие мали тревни оази, имаше убава глетка. Да го сменам објективот? - се праша. Веднаш го отвори сандакот и го извади големиот телеобјектив. Откако ги смени објективите, погледна низ камерата. Но, никако не можеше да ја дофати острината. Што ќе биде ова? - праша Владо Ј. некого во себе. Сепак, ја вклучи камерата. Но, тогаш нешто небаре го турна и тој се струполи на левата страна. Камерата остана вклучена и падна на другата страна. Таа откосо снимаше сè. Би се рекло, знак за нова приказна, пред да настапи тишината. По малку истече филмот и зуењето на камерата престана. Тишината завладеа наоколу. Едноставно камерата престана да дише, а надежта исчезна во големите простори на тишината.

На Растку објављено: 2008-01-31
Датум последње измене: 2008-02-01 19:14:46
 

Пројекат Растко / Проект Растко Македонија