Васил Тоциновски
Драмскиот летописец Димитар Г. Молеров
Името и делото на Димитар Георги Молеров се еден од препознатливите знаци за Банско, израз на длабока чест и достоинство низ единствената мерка за човекот, неговата работа со која предано и до последниот здив им служи на својот народ и татковината. Богатото и разнородно дело на Молеров, остави трајни траги кои допрва ќе треба да се откриваат, да се проследуваат и вреднуваат, да се толкуваат и да им се одреди точното и заслужено место во вековните текови на македонската традиција и непокор, на нејзините непресушни духовни изворишта со кои најдоследно опстојувал пред сите историски невремиња и зла, војни и терори, пропаганди, негирања, распарчувања, делби и преселби.
Родот на Молерови во Банско со големи букви својот идентитет го бележи заокружувајќи притоа речиси три века. Нивниот родоначалник поп Вишан Вишанин бил роден во Банско околу 1720 година. Тој имал уште еден брат, кој исто така бил аџија и станал родоначалник на едно доста големо стебло на семејството Хаџистојанови. Хаџи поп Вишан имал три сина: Тома, Димитар и третиот, чие име не е познато. Така од него се разгрануваат две гранки од родот; едниот од најстариот син Тома Молеров и Хаџипопови од другите двајца синови. Тома, синот на поп Вишан и Георгина, растел во семејство во кое религијата и мистицизмот биле врховни начела на мислење и живот. Тоа и најнепосредно се поврзува со неговото определување како уметник да му се посвети на живописувањето. Според древното предание, со еден од карваните во Банско, многу негови жители имале трговски врски и свои канцеларии за продажба на памук во Виена, заминал и Тома Вишанов. Еден од трговците, забележувајќи го талентот на момчето во цртање, му помогнал и го оставил во Виена да го учи живописот. Поседувајќи природна дарба, како што пишува неговиот праправнук Димитар Г. Молеров, тој занаетот го совладал до уметничка перфекција. И така во Банско се враќа со името Молер (уметник), од кое и денеска суштествуваат нови генерации на родното огниште. На тој настан, постои и една друга варијанта, запишана од Асен Василев. Карванџиите гледајќи и восхитувајќи се на детската дарба, виделе оти од него не ќе биде ни трговец, ни карванџија, впрочем за тие професии и го подготвувал татко му, ами тоа ќе биде учен човек. Трговецот од Виена, на кого му бил доверен, сметал оти од него ќе стане уметник и некаде пред 1800 година, пред Наполеновото време, го испраќа во Италија да учи живопис. Многу детали и настани од животот и дејноста на Вишанов остануваат тајни. Но неговото дело оставено како вековнина, потврдува оти во него е олицетворен првиот преродбенски уметник кој реализмот го издигнува како стил, станува основоположник на Банското фресколикарско училиште, удира свој и нов печат во уметноста која се одликува со леснотија, веселост, чистота и животна радост. Оттука, револуционерниот дух што го носат делата на банскиот мајстор, јавно не им се допаѓала на црковните архиереии, та тој многу тешко наоѓал работа и можел сѝ помалку да слика.
Димитар Тома Молеров (1780-1868) не го наследил само татковото име, туку со не помал успех ја продолжил традицијата на својот бележит и веќе надалеку познат татко. Доживеал длабока старост, речиси деведесет години, бил семеен, кроток добродушен и набожен човек, а како уметник се потврдил во достоен наследник на својот татко. Четките и боите од својот дедо и татко ги наследил Симеон Димитар Молеров (1817-1903). Според записите на Димитар Г. Молеров, тој бил суштинска спротивност од својот татко. Имал буен и деспотски карактер, бил расипник, своеволен, подоцна се пропил и многу што распродал од семејното богатство. Светогорските погледи нашле полн одраз во неговото творештво, а потврда за неговиот талент и углед претставува почеста на присуство на Света гора и тоа во 1913 година, ги сликал иконите во Зографскиот манастир. Традицијата ја продолжил неговиот најстар син Георги Симеон Молеров (1844-1876), и тој веќе е претставник на четвртата генерација уметници од лозата на Молерови. Неговиот живот и дело се најмалку проучени и познати, можеби и заради тоа што живеел мошне кратко, умрел на триесет и две годишна возраст. „Мојот татко... како дедо бил семеен, добродушен, кроток и побожен“, пишува во своите спомени неговиот син Димитар Г. Молеров. Неговиот живот завршил трагично. Бил каснат од бесно куче и немало никаква можност да му се помогне. Се затворил во една од собите на куќата. Ги искршил прозорците, ги гризел железните решетки и по неколкудневни ужасни маки починал. Жена му Елена Спирлештова исто така била од Банско, и имале четири деца, првите две женски умреле многу рано, и останале само Димитар (1874) и Костадин (1876).1
Димитар го добил името на своите двајца прапрадедовци, по таткова лоза од бележитиот фрескосликар и иконописец Димитар Молеров и по мајчина, на виенскиот трговец Димитар Сирлештов. Браќата растеле под грижата на својата мајка, вредна жена, која била решена по секоја цена да ги изучи своите деца, и баба им Парашкева Сирлештова, која била редок извор на народното духовно богатство. Токму таквата домашна средина, несомнено претставува најзначајниот и пресуден миг за нивното определување и интересот кон народното творештво. Основното образование го добил во родното Банско, а потоа продолжил да учи во Солунската гимназија. Тука, љубимиот учител по литература Константин Величков, во него ја всадува љубовта кон книгата и творештвото, оттогаш и датираат првите негови обиди и резултати. По завршувањето на гимназијалното образование, на Софискиот универзитет ги започнува студиите по словенска филологија и литература. Како одличен студент и фолклорист, предложено му е да специјализира во Виена, но тој претпочита да биде учител, да му служи и да му помага на својот народ. Така и станува, учителствува во многу градови: Силистра, Плевен, Битола, Сливен, Велико Трново, Банско. Разлог. Но, тој не е само учител, писател и научник, туку развива не помала и разновидна општествена и револуционерна дејност. Во неговата архива се откриени две писма од 1902 година, упатени до гроф Игнатиев, во кои го моли „да стори сѝ што е можно и во негова сила да го помогне ослободувањето на македонските бугари“.2 Молеров бил учител во текот на 1905-1906 година, во класичната машка гимназија во Битола. Според спомените на Тодор Попадамов, бил член на Битолскиот окружен револуционерен комитет и одговорен за Прилепска околија. Тоа го потврдува и неговото писмо упатено со прашањето дали може наредната година да се врати во Битола, а Никола Трајков му одговара: „ ... Времињата се многу лоши, состојбата од ден во ден се влошува. Навистина сега нема убиства како порано и откако е дојден Хилми паша во Битола, нема ниту едно убиство, но од друга страна пак, е полошо - многу апсења. Георгиев еден пат го ослободија и пак го апсеа. Не се знае што ќе се случува понатаму. Ги бараат Молеров и Садразамов, за да ги уапсат како истомисленици и соучесници. Сега засега е многу опасно, да почекаш малку, за да видиме што ќе стане со Г.“
За неговата активност и учество во борбите во Македонија, зборуваат и други документи во личната архива. Личната карта бр. 1320 од 8 октомври 1912 година, потврдува дека Димитар Г. Молеров од с. Банско е член на штабот на Македоно-Одринските востаници. Во еден друг документ, годишен список под бр. 1642/102, запишан е како член и деец на работа во Комитетот. И подоцна, по време и по завршувањето на Втората светска војна, неговиот дом во населбата Лозенец, во Софија, е сврталиште на ремсисти и бонсисти, на прогресивни дејци и нелегални активисти, меѓу нив и на членовите на Македонскиот литературен кружок во Софија, Никола Вапцаров, Антон Попов, Ангел Жаров и Иван Керезиев, кој долги години е негов потстанар. Доживува длабока старост, умира во Софија, на осумдесет и седум годишна возраст, на 21 октомври 1961 година. Погребан е во родното Банско, во семејната гробница на Молерови. Целиот свој живот му го посветил на својот народ и татковина, како учител и просветител, како општественик и револуционер, писател и научник, не стигнувајќи да создаде сопствено семејство. Негово домашно огниште е семејството на помладиот брат Костадин Молеров, та како што велат внуките Драганка и Милка Молерови, тие всушност имале двајца прекрасни татковци.3 Ако Костадин (1876-1957) бил енергичен и груб, динамичен и не многу педантен, тогаш наспрема него Димитар бил нежен и тивок, грижлив, секогаш спремен да помогне и посоветува, одличен кулинар, педантен и до ситницата точен и прецизен во средувањето и зачувувањето на богатата домашна архива. Во оваа прилика користиме нови податоци и извори за животните и творечки врвици на Димитар Г. Молеров, така што многу детали и поопстојни анализи можат да се видат во неколкуте наши досега публикувани текстови за него.4
Своите први чекори во литературата ќе ги направи уште како ученик во родното Банско. Таа активност добива полна афирмација и подршка во годините минати во Солунската гимназија и имал само дваесет и една година, кога низ страниците на повеќе весници и списанија ги објавил првите трудови и првите книги. Во таа 1896 година, на одминувањето на деветнаесетиот век, ќе се појават првата книга поезија, поемата „Стойна пострумка“ и драмата „Новото учене“, и текстовите од областа на историјата, литературата и филологијата. Својата прва поетска книга5, ќе ја објави под псевдонимот Д. Конаревски, засега единствено познат псевдоним под кој се јавувал. На последната, 49-та страница, авторот ќе ги остави податоците „Б.(анско) 1891 г. Ноемвр (и) 17-ий“, кои укажуваат дека поемата е пишувана во родното место и до тој датум е завршена. Податоците упатуваат и на времето кога започнал со литературна работа, а тоа ќе рече дека имал само седумнаесет години кога ја завршил творбата и дека на нејзино објавување чекал пет години. Дадено е објаснувањето оти луѓето што ги населуваат горно-џумајските и мелничките села, во целиот Разлог се познати под името „Поструми“ или „Пострумци“, име што можеби го добиле и по реката Струма. Во Народната библиотека „Кирил и Методиј“ во Софија, постојат примероци од третото и четвртото издание на книшката, а второто не го поседува. Во 1909 година, излегува „III поправ.(ено) изд.(ание)“ на поемата.6 На третата страница стои постветата дека својот скромен труд авторот му го посветува на својот незаборавен учител во Солунската гимназија и бележит поет Константин Величков. Човекот за кој запишавме оти во него ќе ја всади љубовта кон книгата, читањето и пишувањето. Како мото во книшката, на стр. 5, поместени се три катрени. На последната, 47 стр. авторот ги остава податоците „Банско, 1891 г. ноемврий“. Печатните грешки се регистрирани на 48 страница. На задната корица од книгата ја добиваме информацијата дека од истиот автор се продаваат книгите: „Тенка и Китан“ (идилия), цена 30 ст.(отинки), „Новъ даскалъ“ (комедия), цена 30 ст., и „Хайдушка поляна“, цена 1 лев. Овие информации помагаат точно да се утврдат годините кога се печатени книшките, од причина што најчесто во нив таквите податоци се испуштени.
Често авторот практикува на страниците од своите книшки да информира кој и каде пишувал, ги разгледувал и рецензирал неговите трудови. Така за второто издание на поемата (стр. 7) ги добиваме податоците само за имињата на авторите што пишувале за него: Константин Величков, неговиот учител кој ќе ги шири и популаризира, ќе ги препорачува за нив да се пишува, живо ќе се интересира за судбината на книшките на својот ученик, и Никола Атанасов. Четвртото преработено издание на поемата ќе се појави цели петнаесет години по третото издание, во 1924 година.7 И ова издание ја носи посветата на учителот, стр. 3. Следува уточнета информација, стр. 6, кој автор и каде пишувал за првото издание: „1. Отъ професоръ Д-ръ Б. Цоневъ въ сп. „Български прегледъ“, год. IV, кн. IX, 2. Отъ Любомиръ Бобевски въ в. „Юнакъ“, год. II, бр. 39 и 40,3. Отъ К. Величковъ въ литер. сп. „Летописи“, год. I, бр. 5“ и за второто преработено издание: „Отъ К. Величковъ въ лит. сп. „Летописи“, год. V, кн. 7, Отъ Никола Атанасовъ въ сп. „Българска сбирка“, год. XIV, кн. IV, стр. 232“. А за третото преработено издание одгласи нема, додава. На стр. 5 се поместени три катрени од поемата, стр. 7, има дванаесет стихови од народната песна за девојката Вида, на која владиката и искажува љубов, ветувајќи оти ако се заљуби во него, ќе ѝ искова златни гривни, а таа му одговара оти е грешна душа и не му прилега така да зборува. Поемата е поместена од 7 до 54 страница. На стр. 7 е „важна печатна грешка“, а на заднината на корицата авторот соопштува оти наскоро од него ќе бидат објавени следните книги: „Тенка и Китан“ (идилия), III преработено издание, 2. „Хайдушка полјна“ (драма). 3. „Новъ даскалъ“ (идилична комедия), III преработено издание, 4. „Викове въ змийска нощъ“, (феерична критика), II преработено издание, отъ Д. Г. Молеровъ и Асен Младеновъ“. Инсистираме во користењето на овие податоци од причини што не се зачувани сите негови книшки и сите изданија, мислиме на нашите истражувања во Народната библиотека во Софија, Народната и универитетска библиотека „Климент Охридски“ и библиотеката на Институтот за национална историја во Скопје. Тие се добра основа за идни истражувања, заради утврдување на годините на изданијата, и потврда на нивната популарност со повеќе преиздавања, иако самиот автор како што му пишува на својот најсакан ученик и добар другар и соработник Никола Вапцаров, книгата мошне тешко може да се пласира. Дадена е и адресата „Авторътъ въ гр. Банско (Разлога)“, што ќе рече оти во тој период таму живее и создава.
Поемата „Стойна пострумка“ ќе стане мошне популарна книшка, ќе доживее како што веќе видовме, четири изданија, и за неа ќе се јават бројни рецензии, осврти и прикази. Еден од нејзините први рецензенти е Бојан Цонев. Тој најнапред информира дека книгата му ја испратил еден негов пријател од Солун, со молба да пишува за неа и да ја вреднува. Со сигурност можеме да речеме оти тоа е неговиот учител Константин Величков, кому му ја посветил и кој ги информира дека таа се читала и слушала со солзи на очи по Македонија. Сега тие, во примеров точно, ја определуваат националната посебност и припадност на авторот и на тематиката во неа. А во тоа се уверил и самиот рецензент. По нејзиното прочитување, истакнува оти таа претставува народна книшка, сосем точна и трајна оценка, со содржина што е преземена од ропскиот и тежок живот на народот под Турците. А напишана е, како што истакнува, со прости и глатки народни стихови. „Како што се гледа, сижето на поемата е замислено многу убаво, па иако не е реализирано баш најдобро, причината е дека тоа навистина е прв младешки опит. Но за пофалба на авторот ќе кажам дека тој многу убаво го познава народниот јазик, народната поетика; а тоа ќе му помогне уште однапред да ни вети поуспешни поетски трудови“, заклучува авторот, стр. 120-121.8
За ова издание со мошне ласкави оценки ќе се одгласи и Љубомир Бобевски.9 На почетокот од својот разглед, забележува дека авторот на книгата е студент по филологија. Истакнува оти тој со умешност и дарба се зафатил да го слика минатото. Таа не е плод на фантазија, туку е отргната од самиот живот. Преку својот херој, авторот всушност ги гради сопствените погледи и идеи, и смета оти хероињата му е идеализирана, благородна и достоинствена, таа е чедо на бреговите на кристалната и чиста како солза река Струма. Ја компарира со убавината и пораките од Махабхарата, Прометеј и Аполон, Орфеј. Во таков стил и заклучува, дека: „Тој интелегентен и чувствителен момчак нѝ ветува повеќе од тоа што можеме да очекуваме; но да не се прелажам во претпоставките - дај Боже! Без да се распостилам на подолго и нашироко, ќе кажам оти темата и е земена од бугарскиот живот, стилот и е лесен, а зборот чисто старонароден; со еден збор, заслужува од секого да биде прочитана“, стр. 7-8. Една година потоа, со 1900, со осврт ќе се јави и Константин Величков.10 И тој отпрвин дава неколку податоци за авторот и неговото дело. Тоа е датирано со 1891 година и е печатено уште во 1896 година, „и колку што знам јас, тоа е првиот труд на авторот со кој се јавува на литературното поле.“ За него претставувало чест и задоволство што тој му ја испратил својата книга, и кажувајќи „неколку зборови за неа“, сака тоа да биде и благодарност кон него. А авторот тоа и го заслужува, оценува, зашто книшката претставува оформено дело, има високи уметнички квалитети и авторот пројавува несомнена поетска дарба. „И најстрогиот критичар не би ги одрекол тие квалитети во поемата на Конаревски“. Задржувајќи се на мотивот, точно и децидно констатира оти таа е напишана по мотиви од народната поезија. Авторот живо ги почувствувал тажните собитија за кои пее. Од забелешките нагласува оти се пројавени неискуство и наивност, расказот имал многу монолози, многупати излегуваат од устата на самиот автор, а не од јунаците. Но, и со нив, смета дека книгата се чита со леснотија и со вистински интерес. Го истакнува како еден млад талент што се потврдува во „развитокот на расказот“, но исто така и во користењето на богатствата и убавините на јазикот, користејќи го притоа народниот стих.
Според пишувањето на Константин Величков, кој поемата точно ја определува како „Расказъ изъ живота на македонските българи“, можеме да забележиме оти нејзиното второ издание е во 1900 година. На почетокот од својата рецензија за него истакнува оти по четири години од првото издание, што го нема кај себе за да може да го спореди со новото и преработено издание, со задоволство и радост читал една убава поема. Сеќавајќи се на нејзиното прво појавување, рецензентот го истакнува впечатокот оти таа сега му оставила впечаток на „нешто посовршено“. Доживеал ретко задоволство, како што може да му се случи читајќи поезија. Тоа задоволство секако го доживеале и читателите, смета, та ете се јавува сега и второто издание. Неколку редови како кратка содржина на поемата, на која поопширно се задржува и Величков. Стојна е девојка од колибите на Кресна, крај Струма, во полите на Пирин, ги расне сама мајка им, со помалите, сестра Милица и братчето Стоица. Нејзината умност, работливост и вредност биле за приказ. Немала уште шеснаесет години, а од сите страни доаѓале стројници. Но, таа своето срце му го подарила на младиот Стојан. Насон и се претскажува лошата судбина и така се случува. Еден ден, пасејќи ги овците, ја грабаат двајца платеници на грчкиот мелнички владика. Но, секој од нив сакал да ја има за себе. Едниот е убиен, а вечерта ги стигнува Стојан, ја граби својата девојка и бегаат. На пат ги пресретнуваат Помаци, го убиваат и неа ја носат во едно село да ја потурчат. Од тага, пролетта умираат мајка ѝ и сестра ѝ. Стоица, без никого никаде, скита сам по светот. Една ноќ исполнета со невреме Стојна бега и се среќава со братот. Тој ѝ ги кажува сите работи. Стигнува во родното село и, плачејќи на двата гроба, и истекуваат очите. Рецензентот смета оти е најдена мошне „трогателна тема“, стиховите се струни од една мила и неприсилна поезија што се налева како планински извор од кој блика чиста и солзлива вода, а таа си пробива пат меѓу карпи и шуми и ги пее балканските таги и несреќи. „Не попусто младиот поет е планинско чедо“, вели. Му посакува и натаму да се инспирира од поезијата на родните балкани и да даде такви трогателни теми и други поеми, и да ги надмине нив. И препорачува да се најде композитор што во неа ќе го вгради својот талент и ќе создаде дело во мелодија со народни мотиви.11
Со високи оценки за поемата на Молеров, ќе се огласи и Никола Атанасов.12 Бележејќи го периодот од десет години од појавата на „Стойна пострумка“, со горчина забележува оти критичарите сториле грев кога го одминале ова дело без да му посветат неколку редови. А тоа го заслужува, многу повеќе отколку многумина автори кои редовно се јавуваат по страниците на списанијата. Со двете поеми, мисли притоа уште на „Тенка и Китан“ (б.м.), не може секако да му се определи точно местото во литературата, но со оценка ќе му се определи местото на поетот со тоа што го напишал, а како уметник - ќе го посведочат неговите способности. И потцртува дека „Поемите му се од народниот живот. Не само тоа - тие и по дух и по форма и по концепција се чисто народни. Како таков поет тој го одбрал најблагодарното поле за работа, но затоа пак толкупати е потешка и неговата задача. Тој е чедо на народната стихија, но како поет ја зачувал својата индивидуалност.“ Следува анализа на постапките меѓу народната и уметничката поезија, низ примери од двете поеми. За овие две поеми на Молеров, простор во својата книга „Българската тажна поезия“ ќе одвои и Г. Т. Славомирски.13 За „Стойна пострумка“ бележи оти е тоа првото убаво дело на авторот што се чита со задоволство, предизвикува жалост и тага од „судбината на тоа чедо на поробена Македонија“. И одново децидно повторува: „Во Македонија не се знае дали ако се раздени и ќе се стемни“. Според него, тоа е поезија на неизвесноста, го трогнува човекот, го отстранува за миг од себељубивата борба и му шепоти безброј таинствени и возвишени мисли, стр. 179.
Втората творечка објава на Димитар Молеров му припаѓа на книжевниот жанр како и првата негова книга, на поемата. И не само тоа, туку и по темата и по мотивите таа е блиска до „Стойна пострумка“. Поемата „Тенка и Китан“ доживеале три изданија, од кои третото е отпечатено во 1907 година.14 До податоци кога се излезени првото и второто издание, не дојдовме. Но, според годината на третото - „преработено издание“, тоа секако морало да биде непосредно по излегувањето на првата книшка. Од внатрешнината на насловната страница, авторот информира оти за поемата пишувале Никола Атанасов и Г. Т. Славомирски, извори што веќе ги користевме при разгледувањето на „Стойна пострумка“, и каде што се пишува за двете поеми. На заднината на корицата со пагинација се дадени книги од авторот, при што ги одвојуваме само насловите со повеќе изданија: 1. „Змейкова невеста“ (оперна идилия въ 3 действия), второ преработено издание, 3. „Юда Искариотски“ (драма въ 2 действия), второ преработено издание, 4. „Стойна пострумка“ (идилия), четвърто преработено издание, 6. „Новъ даскалъ“ (идилична комедия въ 1 действие), трето преработено издание, 8. „Викове въ змийска нощъ“ (феерична комедия въ 3 действия), второ преработено издание, 9. „Тенка и Китан“ (идилия), трето преработено издание“. Под десеттата пагинација стои податокот за „Сборникъ отъ народни умотворения, обичаи, обреди, игри, думи, географски имена, исторически, езикови и други фолклорни материяли отъ братя Димитаръ и Костадинъ Молерови“. Станува збор за нивното капитално дело објавено многу подоцна, во 1954 година, но овој податок дава до знаење оти во тој период тоа е веќе завршено и подготвено за објавување. И во оваа поема е опеана љубовта меѓу двајца млади чиј фон е суровата и груба реалност на отоманското ропство. Тоа е причина за нивната смрт, но, во ботевски дух, поетот пее за нивната бесмртност и вечност по физичкото исчезнување. Испеана е во духот на народната балада, со идеи и мотиви од народната поезија. Само една илустрација, притоа, натпејувањето меѓу девојка и момче, користено и во двете поеми. Г. Т. Славомирски, во својата книга, ќе запише дека „Втората негова убава творба „Тенка и Китан“ е балада не за слободни и лакоми селани, туку за поробените, тажните, кои, и покрај сѝ, страдајќи под неподнослив јарем, имаат срце што умее да љуби, но и да умре за првата љубов.15
Својата поетска дарба Димитар Г. Молеров ќе ја посведочи и во стихозбирката „Жална ми, бабо, послушай!“ 16 На 47 страници се објавени вкупно 27 поетски творби, пагинирани со римски броеви. Еве го нивниот редослед: „Мъртвата сватба“, „Млъкни ти, славей гласовити“, „Дърводелче“, „Жална ми бабо, послушай!“, „Умирающа Македония“, „Гоце Делчевъ“, „Димана - мрена риба“ (балада), „Човешката жестокостъ“, „Богъ“, „Хайде, излезъ, стара ле бабо!“, „Стойна пострумка“, „Онемела, тъжна кукавицо!“, „Мечта“, „Майчинъ гробъ“, „Оназъ нощъ, когато обѝ димъ гореше“, „Ти ще ли, мило, омръзнешъ“, „Свети Иванъ Рилски“, „Не прашай, мамо, за шиле“, „Въ робската земя“, „Чини добро, Гюрге ле“, „Гиди младостъ, леле, гиди хубостъ“, „Пирински кървави роби“, Като си немамъ чедо отъ сърце“, „Хилми паша“, „Хайдушка песенъ“, Изъ „Фауст“, (препев). Две од објавените песни се на „Кочо Г. Молеров“, и тоа насловната „Жална ми бабо, послушай“ и „Хайде, излезъ, стара ле бабо!“ Тие потврдуваат дека и младиот брат на Молерови пишувал стихови и засега тоа се единствените негови стихотворби што нам ни се познати. Во примерокот што го поседува Народната и универзитетска библиотека „Климент Охридски“ во Скопје, со мастило на внатрешната насловна страница, стои своерачната посвета: „За Македонскиот научен институт /од авторот/ Д. Молеров“. Од левата страна се датирани денот и месецот „31.09“, но годината е испуштена. Истото издание во Народната библиотека „Кирил и Методиј“ во Софија, ја има посветата: „Даръ на Софийск.(ата) Нар.(одна) Библиотека /отъ авт.(ора)/ Д. Молеров“ и од левата страна точно стои оти таа е подарена во Разлог на 24 февруари 1927 година. Поетската инспирација и во оваа стихозбирка е напоена од секојдневието на народот, од неговите маки, страдања и трагедии под турското ропство, ги опејува храбрите македонски борци, како песната за Гоце Делчев, славните времиња на комитите и ајдуците, борбите за национални и социјални слободи, за посреќната и посветла иднина со векови поробениот народ. Високо издигнатата национална свест, поетот најуверливо ја изразува во стихотворбата „Умирающа Македония“. На страниците и од оваа книшка поместува уште една балада „Димана - мрена риба“, негова најомилена поетска форма на изразување. Поместениот, пак, препев на „Фауст“, мал фрагмент, ја надополнува творечката активност на браќата и со нивна преведувачка дејност. Може да биде само наша претпоставка дека тоа е дело на помладиот брат Костадин Молеров, имајќи го предвид патот на неговото образование.
Во 1896 година, Димитар Г. Молеров ќе се јави и со статии од областа на историјата, литературата, филологијата. Ќе забележиме само дел од нив како дополнување на поцелосното претставување на профилот на овој бележит деец, а кои заслужуваат и бараат посебен и нов простор. Во истиот број на цариградски „Новини“, во кој ја објавува драмата „Новото учене“, ќе го објави и текстот „Сведения за живота на Неофитъ Рилский“.17 Во него дава бројни драгоцени податоци за животот и дејноста на Рилски, коригирајќи притоа повеќе факти со нови вистини и точно укажувајќи на тие извори. Настанатите грешки при печатењето ќе бидат повод да се јави со писмо до уредникот и да информира оти во Банско се предвидува најсвечено да се одбележи јубилејот на Рилски и неговото име да го добие Банското училиште. Дописката на Молеров е датирана со 10 мај 1896 година. Таа ја потврдува неговата педантност и прецизност кога научната мисла, а со тоа и вистината, се ставаат на хартија и се даваат на јавен увид.18 Интересот кон личноста и делото на неговиот сограѓанин не е случајна. Димитар Томе Молеров со отец Неофит Рилски биле врсници и неразделни другари, тогаш - Никола п. Петров Бенин. Дедо Тома со синот Димитар патуваат во Рилскиот манастир со задача во него да ги живописуваат иконите, и со нив патува Никола Бенин. Но тој не бил надарен за оваа професија и станал монах, од каде што и ја започнал својата позната кариера за која се подготвувал уште во родното Банско. Другарувањето и соработката продолжуваат и во годините потоа.19
Како што веќе забележавме Димитар уште како ученик во Солунската гимназија, пишувал стихотворби и статии од проблематиката на литературниот јазик, кои наишле на интерес и убав прием кај читателите, објавувани на страниците на весникот „Новини“. Во текот на три години, 1894-1896, ќе објави повеќе статии, а најценета е „Вторичното ударение в разложкия говор“, напишана со мајсторство и со прецизност на специјалист-филолог“.20 Како еден од најзначајните мигови од ученичкиот период, Димитар ги истакнува другарувањето и соработката со својот учител Константин Величков, кој го упатува во книжевната работа и собирањето народно творештво. За неговите, пак, стихотворби забележува оти ги пишува во духот на народната поезија. Во истиот тој весник ќе објави еден интересен филолошки труд „Неколко думи за разложкото наречие“.21 Тој негов текст ќе биде повод редакцијата да ги замоли и „другите благоразумни луѓе од Банско“, како Димитар Молеров, да ги собираат сите ракописи и книги што се наоѓаат кај роднините на покојниот Неофит и да ги испраќаат до Егзархијата. Во односниот текст авторот нагласува дека и во друга прилика на страниците од овој весник пишувал за јазична тема, (бр. 62, 1894), и да потцртаме оти грижата за јазикот е нешто што тој посебно го почитува и цени. Десетина страници голем формат, претставуваат негов „Приносъ къмъ книжовния ни речникъ“.22 Објаснувајќи ја потребата да ја напише статијата, истакнува оти во книжевниот јазик, таков каков што е денес уште не се востановени ни правописот, ни акцентирањето на зборовите, ни речникот. За тоа ќе е потребно време. Се залага за осовременување на јазикот и правописот. Текстот, всушност, е речничен прилог од 76 зборови, и, завршувајќи, спомнува оти „останатото множество зборови, што сум ги собрал, ќе го чекаат својот ред за другпат“ , (стр. 35).
Студирајќи словенска филологија на Универзитетот во Софија, Димитар Молеров ќе се вброи меѓу најдобрите и најпознати студенти. Тој е веќе автор на повеќе книги стихови, поеми и драми, и исто така на ред мошне забележани студии од областа на филологијата. Автор чии книги речиси редовно биле проследувани со интерес и бројни пофални рецензии. Од тоа време неколку податоци за него ќе остави професор Љубомир Милетиќ. Во опстојниот извештај за „Дейностъта на семинара по славянска филология отъ основанието му до сега (1896-1905)“23, соопштува оти на седницата од 20 октомври 1901 година, за библиотекар на семинарот бил избран студентот Димитар Молеров (стр.X). За друг настан една година подоцна, на седницата од 19 октомври 1902 година, забележува дека студентот Молеров ја читал својата работа, најверојатно станува збор за семинарски труд, за „Членната форма въ разложкия говоръ“, (стр. XII). Како студент ќе ја објави и високо оценетата студија „Вторично ударение вя разложкия говоръ“, задржувајќи се на најважниот елемент од јазикот, неговиот акцент, без кој тој не може да постои. Во горниот лев агол од сепаратот, авторот ја запишал посветава: „За Софиская Народна библиотека / от автора“, и со истото црно мастило под насловот од статијата ја бележи и точната информација дека е тоа сепарат објавен во „Известия на славяанския семинаръ при Софийския универзитет“ /за 1904/5 уч.(ебна) год.(ина)“. Статијата во Известија, стр. 173-182, покрај уводот, стр. 173-175, содржи две поглавја: I. Обикновено ударение, стр. 175-178, II. Вторично ударение, стр. 178-182. Неколку кратки информации од овој труд, сметаме, фрлаат светлина врз личноста и делото на авторот и даваат податоци од поширок интерес. Меѓу другите трудови што ги користи за анализа е и „За ударението върху думите въ ресенский говоръ отъ западномакедонското наречие“ од знаменитиот Македонец Трајко Китанчев, објавен во „Периодическо списание“, кн. XLI-XLII. Во уводот, давајќи податоци за Разлошката Котлина, опишува оти таа се наоѓа меѓу планините Пирин, Рила и Родопита, со богати борови шуми. Разлог се состоел од тринаесет големи села. „Најголемо село е Банско, моето родно село, кое е поубаво од многу градови“. Користејќи ја статистиката на В. К’нчов, истакнува оти тоа броело 965 куќи со 1.200 луѓе. „Во Разлошко се зборува еден убав бугарски говор, кој ќе го наречам разлошки“. Дава забелешка оти народните умотворби од неговиот роден крај малку се обнародени и познати, и оти еден критички преглед по тоа прашање ќе направи по друг повод. Интересни се авторовите ракописни интервенции врз печатните грешки, стр. 176, 177, 180, 181, итн. Откако ќе ги заврши студиите, целиот свој живот и сета своја енергија ќе ги посвети на воспитување и образование на младите генерации, собирање на фолклорното богатство што со векови го создавал народниот гениј, пишувајќи стихови, драми, текстови од областа на историјата, литературата и филологијата. Најголемиот дел од долгиот и плодносен живот ќе го мине во родното Банско.
Како учител бил многу познат, почитуван и ценет. Подеднакво го сакале учениците, родителите и граѓаните. Умеел да биде со секого, насекаде да посоветува и помогне, да укаже и насочи. Професијата ја сакал и ја извршувал најодговорно, во неа се вградуваат несебично и целосно. Всадената љубов кон народната литература во него од страна на баба му и мајка му, тој ја пренел и на своите ученици. Редовно им давал задача да запишуваат и потоа на часовите да ги презентираат фолклорните материјали од родниот крај, развивајќи долги и интересни дискусии за местото и значењето на народната литература во животот на човекот. Граѓаните со интерес ги следеле творечките објави на својот учител, ги читале неговите книшки; тој, пак, имал талент и за музика, така што многу свои стихотворби компонирал, а потоа тие се пееле и ширеле меѓу народот.24 Пишувајќи за бележитата дејност на браќата Молерови во собирањето и презентирањето на фолклорот, Костадин Динчев информира оти тие по убиството на Гоце Делчев напишале зборови и компонирале музика за песна што народот ја прифатил и се пренесувала како народна песна од колено на колено.25 Песната на одреден начин е израз на нивната почит и љубов кон Делчев, чиј соборец и близок соработник бил Костадин, и тој кога доаѓал во Банско секогаш прашувал дали таму е неговиот близок човек и оти би сакал да престојува и домува само во неговата куќа.25 Тие стануваат симбол на традицијата да се запишуваат и популаризираат народните песни од Банско, продолжение на ширењето на вистината и убавината на народниот дух27, имиња без кои Банско како книжевен центар не може да се разгледува, толкува и вреднува.28 Дејност и резултати што се неодминливи во процесите на фолклористиката.29 Но, за Банско браќата Молерови ги врзува и една друга десетлетна врска, пред сѝ меѓу учителот Димитар и ученикот Никола Вапцаров. Тој од својот учител ја наследува љубовта кон книгата и пишувањето, од него ги добива првите творечки искуства, добива љубов и совети, но учи и уште повеќе го вовлекува во тајните и магиите „како да се огледува во народното слаткозборје“ и во народното творештво.30 Тој податок го потврдува и Митка Черганова. „Димитар и Костадин Молерови не се само сограѓани, ами тие се и учители на Вапцаров во Разлошката реална гимназија.“ 31
Од животните и творечки врвици на Никола Вапцаров одвојуваме неколку мигови од долгите години пријателство, другарување и соработка, заемна почит и љубов. Од неговата хронологија проследуваме дека во 1922 година, во Банско, тој е ученик во трети прогимназијален клас, а негов директор е Костадин Молеров.32 На 15 септември истата година, се запишува во четврти клас на народното реално училиште во Банско. Меѓу учителите е и Димитар Молеров, кој му предавал бугарски јазик.33 Тој одново ќе му го предава истиот предмет и во петиот гимназијален клас во Мехомиската (Разлошка) мешовита неполна гимназија, во учебната 1924/25 година. Учителот ќе го посетува и во домот на Атанас Хаџиски, каде што Вапцаров живее заедно со своите соученици од Банско, Михаил Хаџирадонов и Лазар Икономов. Учителот ќе запише еден убав миг на другарување: „Еден зимски ден времето беше многу студено (јануари, 1925 година, б.м.). Јас му кажав оти нема да си одам во Банско. А тој ми одговори на бански дијалект: „Ако ке и камене да капаа от небето, јас пак ќе одам“.34 На 15 септември е ученик во шести клас, а бугарски јазик и литература и филозофија му предава Молеров. Тој ќе запише: „Во учебната 1925-1926 г. Вапцаров Никола беше ученик во шести клас на истата гимназија (Разлошката, б.м.). Му предавав бугарски јазик и литература - старограчка, римска и старобугарска. Исто така, предавав и психологија... Вапцаров Никола не ми беше само ученик, туку и другар. Тој често доаѓаше кај мене во станот да му ги објаснувам ритмичките стапки, да му ги коригирам стихотворбите што ги пишуваше. Му читав и народни песни, кои тогаш ги собирав.“35 Иван Копанаров, во своите сеќавања, информира за тоа време како учителот на почетокот од часот барал од своите ученици да му соопштуваат народни зборови, изрази и поговорки. Вапцаров му поднесувал цели такви страници и со нив поминувала половината од часот.36
Во хронологијата на животот и делото на Вапцаров стои: „Вапцаров дава идеја да се формира преродбенско друштво и е избран за негов претседател. По негова иницијатива се играат пиесите: „Първият спиртовар“ од Л. Толстој, „Ајдучка полјана“ и „Новиот даскал“ од Д. Молеров. Настанот е датиран со месец јуни на 1925 година. И потоа, во наредната 1926 година тој е ученик во шести клас. „Раководи со поставувањето на вториот чин на пиесите „Ајдучка полјана“ и „Јуда Искариотски“ од учителот Д. Г. Молеров. Во првата Вапцаров ја игра улогата на Кочо Левенов, а во втората - на војникот Станчо. Пиесите се играни во салонот на библиотеката во Разлог“.37 За тие времиња и настани сведочи и самиот Молеров, „бивш учител, сега пензионер, живее во Софија, 22 март 1950“, (кога составувачите на книгата разговараат со него, б.м.). „На една литературно-музичка вечеринка, по иницијатива на Вапцаров, учениците во салонот на читалната го изведоа вториот чин од мојата пиеса „Ајдучка полјана“. Кољо со најголемо воодушевување ја играше улогата на Кочо Левенов. Во друга моја пиеса „Јуда Искариотски“ тој ја играше улогата на војникот Станчо. И во двете улоги се пројави како добар артист“.38 Тој бил и одличен ученик. Неговиот учител соопштува оти оценките по литература му биле 5, 5, 5, 1, 5, 5, 4 плус, (единицата му била јавно дадена за поткажување), а по психологија 5, 5, 5, 4, 5. Вапцаров исто така многу сакал и да рецитира. Во Софија, во салонот на учителската каса на една разлошка вечеринка, ја рецитирал песната „Жална ми бабо, послушај“ од Кочо Молеров.39
Класен раководител на Вапцаров во V и VI клас, му бил Вјачеспав Н. Шадурски. Во разговорот со него, запишан во Разлог, на 1 октомври 1948 година, соопштува оти тој бил покренувач и активен учесник на театарските претстави и во тој однос пројавил невидена енергија. Рецитирал и ги играл главните улоги во „Со сила оженет“ од Молиер, во „Ајдучка полјана“ и „Јуда Искариотски“ од Д. Г. Молеров.40 Неговиот соученик од тие класови Милош Гр. Чобанов, истакнува оти: „Голема слабост имаше кон артистичкото искуство и играше како велелепен артист во „Со сила оженет“ од Молиер и во една просветителска пиеса. Се пројави и како режисер на ученичката група“.41 Нивниот соученик Иван Н. Копанаров, додава уште: „Вапцаров добро рецитираше. Тој беше и голем актер“.42 Колку добро го познавал драмското творештво на својот учител и другар, потврдуваат и податоците оти стиховите за врвот на планината Брмука што ги користи Вапцаров, всушност, по кажувањата на Молеров тоа се стихови од неговата заедничка сказочна критика во три чина „Викотници во змиска ноќ“ со Асен Младенов.43
Таа соработка и другарување и подоцна кога Вапцаров во Варна учи во Морското машинско училиште. При крајот на февруари 1927 година, добива писмо од својот сакан учител. Обраќајки му се со „Драги Вапцаров“, го известува оти поодамна од својот брат ги добил парите што ги испратил тој за купените книшки од драмата на Молеров „Хајдушка полјана“. И се извинува што толку доцна му ја изразува својата благодарност за тоа. Го поставува прашањето: „Видовте ли колку тешко кај нас се трошат книгите? А Вие лани рековте, оти ќе може да пласирате најмалку 300 прим.(ероци). Јас уште тогаш Ви реков, оти тоа е невозможно. Сега Ви испраќам 15 прим.(ероци) од мојата нова книшка „Жална ми бабо, послушай!“, со молба пак да ги растурите меѓу Вашите другари. Таа е полесна за пласирање, зашто цената и е ниска - 5 лв. Со истиот процент ќе биде за Вас. Тука училиштето беше затворено поради болести. Исто и во Банско. Сега пак во Неврокоп го затвориле. Лазарчето било полно. Во Банско сите се здрави и добри. /Со срдеч.(ни) поздрави: Д. Г. Молеров.“44 Таа соработка и почит, со љубов ја изразува и Вапцаров на посветата од своите „Моторни песни“: „На мојот љубим учител, кој ми вдахна љубов кон поезијата“.45
Капиталното дело „Сборник за народни умотворения и народопис, кн. XLVIII, братя Димитаър и Костадин Г. Молерови, Народописни материали от Разложко, София, изд. Българската академия на науките, 1954“, е нивно заедничко дело. Тоа како да ги заокружува и на своевиден начин им дава траен блесок на животните и творечки врвици на браќата од Банско. На 580 страници, голем формат, застапени се 487 песни, 85 приказни, 459 пословици и поговорки, 125 гатанки и др. Запишани се точно со јазикот на народот во Банско. И треба да се потцрта дека нивното значење и големина не се состојат само во собирачката дејност, ами и во вештото обработување, класификација и компарирање на материјалот. Тоа ќе рече оти тие не се само страсни и обични собирачи, туку и добри познавачи и толкувачи на народното творештво. Во уводот, ќе информираат оти „Уште од 1892 година е почнато собирањето на односниве материјали од нашата народна словесност, со цел да се подготви еден фолклорен зборник, интересен за филозофи, етнографи, историчари, литерати, поети, уметници и композитори“ (стр. 3-4). Природната дарба, свеста и совеста, посветувајќи му се на народното дело, творечкиот порив и талент, најубаво ги потврдуваат фактите дека кога го започнале ова свое дело Димитар имал само 18 години, а Костадин 16 години. Домашното огниште, почитта и љубовта, традицијата во лозата на Молерови, ќе бидат најголемиот и непресушен извор. Во уводот, исто така, ќе забележат: „Баба Парашкева К. Сирлиштова беше неголема жена, со поетично чувство, неисцрпен извор на песни, приказни, легенди, поговорки, гатанки и др. Песните, приказните, поговорките, гатанките и сите други материјали главно се собирани во Банско, но тие се општи за Разлошката Котлина, каде што Банско било културен и во секој друг однос водач на сите села во Разлог“. Во текот на шест децении, собирани се и се издадени материјали што можат да бидат чест и достоинство за секоја национална литература и култура.
Во оваа прилика останува да ги проследиме хронолошки материјалите во зборникот. По уводот следуваат: „2. Банско, с. 5-8; 3. Бележки за разложкия говор, с. 9-16; 4. Исторически бележки, с. 17-29“, и по нив започнуваат фолклорните материјали“, 5. Народни песни, с. 35-258“. Даден е список на 23 лица од кои се запишани песните и приказните, собрани во периодот од 1898 до 1932 година. Циклусите се поделени и означени со арапски броеви. „I. Митически и легендарни песни, с. 37-45, или вкупно 17 песни, бр. 1-17, со кои ќе ги означуваме и другите творби; II. Юнашки песни, с. 46-56, бр. 18-31; III. Харамийски песни, с. 57-69, бр. 32-58; IV. Исторически песни, с. 70-90, бр. 59-93; В. Трудово-професионални песни, с. 91-98, бр. 94-98; VI. Любовни песни, с. 99-170, бр. 113-298; VII. Семейни песни, с. 171-228, бр. 299-410, и под VIII. Разни песни, с. 229-258, бр. 411-487“. По нив следуваат: „6. Народни приказни, с. 259“, поделени во три групи: „I. Битови приказки, с. 262-303, бр. 1-39; II. Приказки за животни, с. 304-311, бр. 40-45“ и најмногубројните „III. Вълшебни приказки, с. 312-359, бр. 46-85“. На стр. 360, под бр. 7, објавена е една легенда, под 8. пословици и поговорки, с. 361-396, со 459 пословици и поговорки, 9, скоропоговорки, с. 370, шест творби, 10, гатанки, с. 371-373, бр. 125, 11. сравнения, с. 374, бр. 32, 12. особени наречения, с. 375-376, бр. 70“, и потоа доаѓа делот со етнолошки материјали. Редоследно: „13. Родилни обичаи, с. 377-379, повËйница, първо къпане на новородено, погача, престъпулъкя, лачка; 14. Сватъбени обичаи, с. 380-387, главѝш, плетеници, „гощченѝ“, черква, плетеница; 15. Погребални обичаи, с. 388-389, прокобяване за смърт, помен, разбуд, деветѝна, „цаленѝца“, „жалѝне“, особени нрави при смърт; 16. Народен календар, с. 390-397, имената на месеците, заемниците, коледе, сúрва, полезѝн-ден, бáбин-ден, „трѝфон“, мстове, четѝридесе, „сѝрна запошка“, „Гаре“, Люлки, напевáне; обичаи на втория ден на Великден, обичаи на третия ден на Великден, обичаи на четвртия ден след Великден, Гергъовден („Гергѝвден“), „Напевáне на нишáнѝ“, „На планина“, „Корубáн“, „Мѝтровдѝн“; 17. Народна метеорология, с. 358-399, демонология; 18. Обичаи, вървания и магии, свързани със стопанския живот, с. 400-402, сѝара, „тлъка“; 19. Разни обичаи, вярвания, гадания и клетви, с. 403-405, обичаи при изпращане, вярвания в добри и лоши дни, хубави и лоши срещи, хубави и лоши имена, клетви; 20. Народна медицина, с. 406-408, врачуване, баяне, лекуване, магия,/ магии за любов, сваляне на месечината; 21. Къща и облекло, с. 409-410, кáшча (къща), женско облекло (руË); 22. Детски игри, с. 411-416, пиленце, гърненце, цвѝатице, криѝне, бѝшка, джѝлю, други детски игри, забавления с рими, снѝшча (сънища)“. На крај од зборникот дадени се под „23. Речник, с. 417-574 и 24. Съдържание, с. 575-580“.
Секако, дека се работи за животно дело на браќата Димитар и Костадин Г. Молерови. Дело што не може да биде заобиколено, подзаборавено, потценето. Напротив, македонската фолклористика постојано го има како значаен извор за компаративно и за целосно толкување и вреднување на македонското народно творештво создавано со векови, и исто толку со векови националната посебност на Македонија напаѓана и негирана, распарчувана и делена. Труд што во шест децении на упорна и истрајна работа, со чест и достоинство ги исполнува животите на браќата од срцето на Пиринска Македонија, Банско. Нивниот труд само уште повеќе добива во значење ако се истакне фактот дека од зборникот останале непубликувани уште 200 страници.
Во творечкиот опус на Димитар Г. Молеров, не само во квантитет, туку и по уметничкоестетските вредности, неговите драмски текстови-книги, го имаат првостепеното значење. И веднаш можеме да констатираме оти пред нас се автор и дело без кои во иднина не може да се разгледува, толкува и вреднува македонската драмска литература во веќе востановената вредносна плејада на Војдан Чернодрински, Никола Киров Мајски, Васил Иљоски, Ристо Крле и Антон Панов, зашто без Димитар Г. Молеров таа не е целовита. Неговите драми „Новиот даскал“, „Хајдушка полјана“, „Јуда Искариотски“, „Змеовата невеста“ и „Викотници во змиска ноќ“, претставува нејзина чест и достоинство. Пет на број колку што нас досега нѝ се познати, потврдуваат автор кој има свој творечки опус, потврдува сопствен ракопис кој умее да изненади и возбуди, да заинтригира и да поведе дијалог. Овој избор од драмите на Молеров би сакал да биде почеток и иницијатива на нови идни трагања и откривања во драмското дело на овој и роден и талентиран творец. Историската дистанца, прашината што времето честопати ја посипува и ги крие трагите од човекот и тоа што тој го создал, секогаш ја има шансата да изрече нови вистини. Од поодамна, со право Александар Алексиев ќе забележи оти „Секако не би требало да се заборави и творештвото на Димитар Г. Молеров кој е автор на десетина мошне популарни драмски текстови, најтесно сврзани со минатото и битот на Македонците во Пиринска Македонија“.46
Првиот драмски обид ќе го објави во 1896 година. Тоа е една кратка дијалошка форма под наслов „Новото учене“, објавена на страниците од цариградскиот весник „Новини“.47 Имал само 22 години, кога одеднаш и на голема врата влегол во литературата. А тоа е резултат на долгогодишна и упорна творечка работа, поткрепена со драгоцените податоци кои притоа ги дава самиот автор. Драмскиот дијалог го имал напишано и во 1892 година, него за првпат го читал на Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј, на литературно читање во Банското третокласно училиште. Податокот ги открива можностите за претпоставка оти тој свој труд можеби го пишувал уште како ученик во Солунската гимназија. Потоа следат податоците дека во 1893 година, во истото училиште, одново настапил со истиот труд, а во следната 1894 година, е нејзиното трето јавно претставување, но сега тој е веќе изведен како театарска претстава. Драмата имала повеќе изведби, во село Белица, Разлошко, во Мелник, село Њаруда и други места, при што авторот ја пропуштил можноста да ги даде сите потребни и точни податоци. Не помалку богати и интересни се и податоците за изданијата на драмата како посебна книшка. Тие податоци ги остава одново самиот автор во нејзиното четврто издание од 1928 година. Откако го запишува податокот за нејзиното прво објавување на страниците од весникот „Новини“, год. VI, бр. 59, со истиот наслов, но сега преработена и во одделна книшка, ја издал Г. Палашев во град Вела Слатина. И во оваа прилика тој не ги остава точните податоци, така што не можеме да ги прецизираме годините на нејзините изданија, зашто второто и третото издание не ги поседува ни Народната библиотека „Кирил и Методиј“ во Софија. Уште попреработено е нејзиното трето издание како книшка, истакнува авторот, давајќи ги податоците оти таа сега излегува под наслов „Новъ даскалъ“ и била печатена во град Сливен. Со тој наслов е и нејзиното четврто издание во Софија, со авторовота забелешка оти таа претставува „коренито преработена“ верзија, (стр.4).48 Но, и тоа не го содржи податокот на годината на изданието, а според податоците на софиската библиотека тоа би требало да биде издание од 1928 година. Книшката има 48 страници. Над името на авторот, на внатрешната насловна страница, со црно мастило е неговата посвета „За Македонския наученъ институтъ / отъ автора Д. Молеровъ“. Подолу од посветата, од лева страна, таа е датирана со „31.07“ та, покрај денот и месецот одново не е запишана годината. На драмата, и за нејзиното разгледување го користиме четвртото издание од примерокот во библиотеката на Институтот за национална историја во Скопје.49 На заднината на корицата одново ја наоѓаме информацијата за издадени дела од истиот автор, податоци за новите изданија и нивната цена, а под нив и тоа дека книгата се наоѓа кај авторот во град Разлог, во книжарницата „Факел“ во Софија и во многу други софиски книжарници.
Ова богатство од податоци претставува соодветен одблесок на времето и условите во кои живее и создава Димитар Г. Молеров, директно е во врска со темата и содржината на драмскиот текст инспириран од реални настани и личности. Банскиот учител е дел од неговите животни и творечки врвици се во севкупноста на македонската историско-егзистенцијална вистина. Во својот монографски труд за „Учителското движење во Македонија (1893-1912)“, Манол Пандевски ги дава и овие податоци: „Две години подоцна, во есента на 1896 година, било организирано неделно училиште и во гр. Банско, денешна Пиринска Македонија, каде што Гоце Делчев престојувал само неколку месеци како учител, по кое преминал во илегалство. И за ова училиште е карактеристично дека учителите држеле предавања за животот и делото на познати национални револуционери од национално-ослободителните движења на други народи - Христо Ботев, Ѓузепе Гарибалди и др. Учителот -мештанин, Д. Молеров, ги составил дијалозите „Стариот даскал“ и „Новото учење“, (станува збор само за еден и ист драмски текст, б.м.), што ги изведувале на сцената ученици, под раководство на самиот автор. Претставите биле посетувани од граѓанството масовно, а училишната сала секогаш била преполнета. Учителите од Банско не го изоставиле и своето стручно изградување. Методско и педагошко оспособување им било потребно и на постарите учители, со недостатни школски кфалификации. „Во врска со школската подготовка на учителските кадри, вели Л. Томов, одржуваме огледни предавања, низ кои нагледно им се претставуваа на учителите новите наставни методи. Заедно со раководното тело на Организацијата, а со цел да им се даде војничка подготовка на младинците, организиравме вежби по гаѓање (без пукање - н.б) во училишниот салон.“ Неделни и вечерни училишта биле организирани и во други македонски градови, помалку и во селата. Низ нив младите учители добиле пошироки можности за воспоставување и одржување врски со младината, во чијашто свест се всадувал и развивал револуционерниот дух и подготовка за стапување во редовите на В.О. Ваквите училишта исполнувале повеќевидна улога и биле во исто време жаришта на прва писменост и образованост, како и на револуционерно будење. Овие училишта, станале за некое време, важен општествен фактор во македонските градови, што ги групирал напредните и помлади народни сили. Тие сили станале против црквено-школските општини, кои, бидејќи раководени од егзархиски чиновници и агенти, не можеле да станат духовни центри на прогресивното граѓанство“. 50
Идеите и темите за своите драмски текстови Молеров или ги земал најчесто од реалноста и историјата на македонскиот народ, или пак нив ги надградува врз богатите изворишта на народната литература. Иако авторот „Новъ даскалъ“ ја одредува како комедија, таа всушност претставува драма во еден чин, која обработува вистински настани и личности, блиски и познати на публиката и на читателите. Таа претставува своевидна поема за трагичните судбини на учителите кои во 1883 година, под изговор оти се опасни за државата и нејзиниот поредок, многу учители биле заточени во Мала Азија. Тоа е повод, авторот жестоко да го исмее конзервативниот однос на буржоаските средини спрема настаните во образованието.51 Севкупното драмско дело на Димитар Г. Молеров уверливо ги одразува континуитетот и традицијата на македонската драмска литература и театар, исто како и Џинот, во податокот што го дава Манол Пандевски за потребата да се пишуваат такви текстови и да се изведуваат со своите ученици за граѓанството. Првата негова драма покажува оти се работи не само за талентиран автор, туку и за образован творец кој ги познава теориите на драмата и е нејзин зналец. Драмата има 21 лице, развиена драматуршка концепција со прифатена класична структура на вовед, заплет, кулминација и разврска. Главни ликови се учителите Биљо Бистрин и неговиот соученик Миле Марудин, исто така учител во друго село, двајцата имаат по осумнаесет години, кои се предвесници и буроносци на новото време, млади луѓе за кои просветата и знаењето се единствените патишта кон посреќната и човечна иднина. Наспрема нив се противниците дедо Продан Предарски со синовите Витан, Бојан и Милен, ќерката Богдана и внукот Вртко, и Благо Мечкарски, противници на сѝ ново и напредно, кои во борбата со учителите и ја однесуваат победата. Тие им служат на туѓите интереси, застапници на пропагандите против сопствениот народ, продадени души, како што тоа и симболично го изразува името на дедо Продан, кој ништо друго и незнае освен да преде и сее трици со презимето Предарски, или пак грубоста и силата, неукоста и простотилакот на Мечкарски, иронизиран со името Благо. Авторовата тенденција е јасна, да се исмее и да се критикува старото и назадното, оттука секако својот текст и го карактеризира како комедија. А како жртви во тие понори на недоразбирање, незнаење и темница стануваат учениците Мицо Мацин, Лазе Божанин, Рачо Радушин, Минчо Барев.
Како што соопштува учителот Биљо Бистрин, и неговот име го симболизира светлото и убавото, новото и возвишеното, дејствието на драмата се случува во „Боров Дол“, (стр. 5). Сценскиот опис открива идилична слика прекршена низ прозорецот на учителската соба во селското училиште, на недогледни ливади од кои допира шумот на реката, блеењата и yвонците на стадата, слаткопојните песни на птиците, и чудесната борова шума. Таа иста шума која постојано се јавува во неговите стихови и драмски текстови, во записите за родно Банско, та тоа е податок кој ни дава за право да претпоставиме оти драмата е лоцирана во родниот град и оти „Боров Дол“ е само негов симбол. Двајцата млади учители разговараат за смислата на животот, при што Бистрин смета оти сѝ во него е случајно. Наспрема пасивниот и песимистички однос кон егзистенцијата на својот другар и соборец, Марудин зборува за потребата оти животот треба постојано да се освојува. Со труд и работа да се избори што повисоко и честито место за себе во него. А тие патишта на човечкиот просперитет водат со знаење и наука, со ум и добра мисла. Затоа и незадоволен од она што го постигнале, воздивнува: „Со малку образование останавме, поарно да не беше ич, светол зрак блесна во душите и пак потемне“ (стр. 7). Се заврзува муабет за иднината, светол зрак блеснува и во Бистрин. Планираат да поработат некоја година, да спечалат и да заштедат и со тие пари да го продолжат своето образование на некоја гимназија. И каков е тоа „човек со гимназијално образование! Какви знаења, какви мисли, каков ум! Далечна работа...“, сонуваат со отворени очи (стр. 7). Копнеат по нешто високо и убаво, додека Марудин одново и се враќа на реалноста во која крилјата им се потсечени. А времето брзо и неповратно минува, пребрзо ќе остареат, а треба да се оженат, да свијат дом и семејство, да одгледаат и воспитаат деца. Тие копнежи и соништа, сите тие идилични слики кои постапно нѝ воведуваат во драмскиот конфликт, ги дополнува постојано присутната мелодија од кавал. Наспрема поставените дилеми зошто е роден човекот, каква е целта и цената на човековото живеење, надвладува вечниот човечки стремеж од сопствениот живот да се направи нешто повеќе и нешто поубаво.
Доаѓањето на сцена на Продан Предарски со семејството и на Благо Мачкарски, го означува и почетокот на конфликтот. Наспрема соништата за убавото и иднинското на младите учители, се испречуваат како несовладлива препрека сфаќањата и толкувањата на ситните буржоаски селски елементи кои влечат назад во темнина и незнаење. Мечкарски веднаш и отворено се изјаснува против новото учење, а Бојан, синот на Предарски, го поткренува конфликтот со констатацијата оти од новите учители, од учените ќе пропадне светот. Неговиот татко таквото учење го именува со трици, уште погрдно, се исмејува оти и „кравата имала опашка“. Секој од противниците се надвикува кој повеќе и што поумно нешто да каже. Мечкарски мудрува и прашува кое вино е поубаво, старото или новото. А Предарски предупредува на народната мудрост за стариот и сигурен, тоа ќе рече познат пат, наспрема новиот пат на непознатото и неизвесното, патот до пропаста и несреќата. И отворено се заканува: „Ќе видите кој е дедо Продан Предарски!“ Нивната јасна идеолошка припадност кон целите и задачите на Егзархијата, постојано ги истакнува местото и улогата на црквата во народното просветување, а во која не одат, ниту знаат таму да пеат младите учители. Токму по тоа прашање тие и најжестоко се критикувани. Победува старото учење, а глуво останува инсистирањето на Бистрин да се крене слепилото и незнаењето од очите на младото поколение.
Во завршната сцена младите учители одново остануваат сами. Но, сега напуштени и поразени, можеби потиштени, но, не и уништени. Последната реплика ја има Миле Марудин: „Држи се, бре Биљо, држи се, бе братко! Ја види го ти него, како е очаен! Та така лесно ли се завршува гимназија? А ние со тебе ќе ја завршиме. Така да знаеш. Кураж, братко, кураж! Е - хее, што не ти видела главата и што уште има да види... По калливиот пат нема да појдеме, не, а по патиштата - хее, горе (покажува) кон височините. Оди ти со мене (го заведува). Јас ќе те поведам“, (стр.48). Оптимистот Молеров така и ја завршува својата драма, со убедување и верба во иднината, во хуманото и возвишеното, човечкото и човечното. Таа на одреден начин, по наше мислење, претставува и своевиден автобиографски запис на македонскиот учител. Во ликовите на Бистрин и Марудин како да се пресликува неуморниот и непокорен, револуционер, од сите почитуван и сакан учител Димитар Г. Молеров. Новото време за него е епоха и за новиот човек со општочовечки и универзални димензии, а негови релевантни квалитети се знаењето и работата. Токму така, смета тој, треба да се влезе во новиот XX век, кој веќе е на прагот. Драмата „Новъ даскалъ“ на одреден начин претставува дел од формите и содржините на борбата на македонското револуционерно ослободително движење против туѓите ропства и пропаганди, и конкретно против Бугарската Егзархија. Создавајќи актуелна, ангажирана драмска содржина, авторот литературната творба ја пресоздава во моќно оружја против сѝ она што ги загрозува човековата личност и нејзината слобода. Но, во истовреме, длабоко проникнат и поврзан со својот народ и неговата судбина, тој исто така со јасно изразена творечка тенденција нераскинливо проникнува во народниот бит. А него покрај јазикот, најуверливо го изразува и со векови создаваната народна литература. Се пеат песни, (стр. 9, 11, 18, 19, 35), за одредени драмски состојби како појаснување се споменуваат имиња на повеќе приказни, пословици и поговорки (стр. 8, 15, 17, 19, 20, 26, 31, 32, 33, 34, 42, 44, 45, 46, 47), благослови (стр. 14, 15, 31, 39, 42), клетви (стр. 21, 26, 38, 46, 47). Објавувајќи ја уште како дијалошка форма во весникот „Новини“, Молеров како драмски автор покажува оти има и умее како тоа да го каже и изведе низ дијалошки обид кој низ примерот на „Новъ даскалъ“, аргументирано го покажува патот низ четирите преработки на текстот на творечка еволуција и го докажува и талентот на ерудицијата како драмски писател кои ги поседува тој. Често навраќајќи на своите текстови, постојаното нивно дотерување, допишување, развивање на формата и на содржината, ги покажуваат високо издигнатата свест и совест пред одговорноста на пишаниот збор. И да потцртаме оти само така можеше да создаде бројни и разнородни творечки опуси, а во истовреме сите тие да бидат оформени и завршени, а да поседуваат притоа и несомнени уметничко-естетски вредности. Нивната трајност ја потврдува и тоа што и со мерките на денешниов аршин, тие ништо не губат, туку, напротив, добиваат и тоа во иднина уште повеќе ќе биде така.
Творечката фантазија, совладаната драматургија и писателската дарба доаѓаат до полн израз во новиот драмски текст „Змейова невеста“. Под насловот, стои оти тоа е „оперна идилия в три действия“, а на задната корица податоците оти е издадена во Софија, Кооперативна печатница „Едисон“ и годината на изданието 1923. Во нејзиниот горен дел, е информацијата „За книгата адресат е: /Кочо Г. Молеров/ (учител)/ В гр. Банско (Разлога)“.52 Адресата на учителот го открива помладиот брат на Димитар, Костадин Ѓеорги Молеров. На внатрешната страница, со црно мастило, над името на авторот, е посветата „За македонския наученъ институтъ/ отъ автора Д. Молеровъ“. Под насловот на драмата, лево, посветата е датирана со „1.11.“, при што годината одново е пропуштена. Станува збор за примерокот од библиотеката на Институтот за национална историја во Скопје.53 Според податоците од книшката „Тенка и Китан“, трето издание од 1907 година, авторот информира меѓу другите и за „Змейова невеста“, (оперна идилия въ 3 деиствия), второ преработено издание“. Други и понови податоци за оваа книшка нема. Нашите истражувања во Софија, исто така не дадоа други аргументи. Според годината на изданието, произлегува оти книшката што ја разгледуваме би требало да биде нејзино трето и секако по авторското правило, преработено издание. По „Новъ даскалъ“, следниот драмски текст на Молеров претставува многу поразвиена и богата драмска содржина. Книшката има 60 страници, а баладата со пеење се одвива во три чина. Доследно е реализирана авторовата тенденција и со дијалозите во стихови и со народните песни кои умешно се вградуваат во целовитоста на приказната, да се создаде драмска опера. Од каде и ваквиот интерес на Молеров? Тој бил мошне музикален и музички образован, пеел многу убаво, па не ретко се зафаќал и со компонирање на своите стихови. И во двете книшки стои забелешката оти авторот ги задржува сите права, што ќе рече дека тој се јавува како нивен издавач.
Македонската народна песна за Молеров е највозвишено и најблагородно, врховно начело на мислење и чувствување. На тие искуства тој го создава и сопственото поетско дело, а пак „Змейова невеста“ несомнено претставува негово возвишено оддолжување, почит и љубов. Дејствието го реализираат 24 ликови и мноштво статисти од мажи, жени, моми, момчиња, змеови и змеици, свадбари и свадбарки. Спектакуларноста не е цел сама за себе, туку и во овој пример, авторот креативно низ одата за љубовта на двајца млади, необична љубов меѓу девојка и змеј, создава химна која што пак сама по себе ја подразбира масовноста и како потреба и како одлика. Вечниот мотив на љубовта е универзален, како што и приказната за љубовта меѓу девојка и змеј е општолитературна и присутна во секоја национална литература. Љубовта како мотив и тема се чести творечки предизвици за авторот. Од неа извираат трагичните судбини во неговите поеми „Стойна пострумка“ и „Тенка и Китан“, и секако најубавата ода за љубовта од неговото перо е „Змейова невеста“.
Како во „Новъ даскалъ“, и во овој драмски текст место на настанот е селската идилична средина. Првиот чин се случува во просторна селска градина со најмирисни и најразлични цвеќиња, капки утринска роса блескаат како дијаманти, по овошните дрвја скокаат и се шират волшебните песни на разнородни птици, а неколку леи се смеат со расцутениот син лен. Во далечината се гледа рид и полуокосена ливада. Моми и момчиња со гребли на куп го собираат сеното. Косач го коси преостанатото неокосено сено. На ливадата се извишува убав бор, на кој е закачена лулка во која што спие детенце. До него мома ја лулее лулката. Во таа реална слика на убавината, како нејзина содржина доаѓа љубовта меѓу девојка и змеј. Милка има 18 години, многу е убава, црноока девојка, со црна кадрава коса. Змејот, авторот го опишува оти има форма на врсник на девојката, невообичаено убаво момче од кое блика машкост и сила. Гологлав, без мустаќи, очите му се сини како лен, бујна коса, руса и кадрава. На градите има чудесно убав цвет кој нема име, а исто и голем полумесец од брилијанти. Како постојан, придружен фон доаѓа песната на момите и момчињата од ливадата, додека го следиме дијалогот меѓу двајцата несреќно вљубени. Змејот ја прашува зошто кога ќе дојде, сѝ неа ја наоѓа и постојано е расплакана, та зошто плаче, зошто жали. Дали веќе и одмилела змеовата љубов. Одговорот на девојката Милка е решителен и искрен. Ден да не те видам, два дена болна тагувам, вели таа, од таа болест неверна. А тој ќе и одмиле кога на сончогледот в градина ќе му одмиле сонцето, на пчелата мирисната ливада, гората на брзата срна, потокот на славеј пиле, на јагнето свежата трева, на цветот росата. Ваквите стихувани дијалози преполни со метафори, епитети, копнежи и љубов, под силно воздејство на народната поезија, се релевантни искази на карактерот на ликовите и за суштината на приказната. Шетајќи околу бунарот, змејот ѝ предлага на својата „Милчица, ситна билчице“ оти доста оделе далечни и разделени, та ајде да се зближат и двајцата да си се земат. И ги нуди своите два дворци и сето богатство. Низ песна тој ѝ зборува како секојдневно сокриен во борот, додека со другарките и другарите жнееле, ја гледал и ѝ се љубувал. Опкружена од стварноста, момите и момчињата постојано пеат, и свесна за невозможноста на сопствената љубов, за нејзината бессмисла и апсурдност, таа го проколнува мигот кога се сретнале и кога тој го однел со себе нејзиното клето срце. А тој упорно ги нуди својата љубов, верност и грижа. Растргната меѓу љубовта од една и реалноста од друга страна, Милка смета оти господ наредил змејот да си земе змеица, таа да си го земе момчето Стоица од другото село, па го зела или не го зела, ја соопштува својата решеност да замине во манастир. И одново едносложно пеат оти патиштата се различни, еден е мој, другиот е твој, од нив се бара секој да појде по својот пат.
Враќањето во реалноста го носат момите и момчињата, доаѓа и Стоица кој патем оди во град и ја прашува Милка каков подарок да и донесе оттаму. А таа сѝ така туѓа и осамена, во мислите со љубовта кон својот прекрасен змеј. Вториот чин се случува во една од собите од куќата на девојката. Доаѓа Митана и соопштува оти таа е стројник за момата од страна на младиот, убав и богат Стоица, лика и прилика за неа. Се собираат домашните и многу роднини, сите се весели што за неа се нашла убава прилика, ете и таа ќе задоми и закуќи, само пустошот во душата на Милка се шири и сѝ поболно се изразува, чија тага никој не ја знае и не може да ја разбере. Давањето збор за мажачка го следи невидено невреме кое не е само одраз на душевните состојби на главната јунакиња, туку и предвесник на она што допрва ќе се случи. И еве ја одново бујната борова шума што ја опкружува големата полјана, во третиот чин. Во горниот крај на сцената е мала стрмнинка над која се извишува бор и под него е „Змејовиот извор“. Од него вода пие љубениот. Ја проколнува клетата судбина кога го испратила во село, та таму ја сретнал момата сонце што грее, лика и прилика за него, кога збори ситен бисер рони, кога се смее бели нарциси цветаат. Во разговор со друг змеј, тој му ја открива својата тајна. И му признава оти никогаш друго нешто не ќе може да си заљуби и да засака. Доаѓаат змеици и змејови и тие ги започнуваат своите песни и танци во кои ги слават убавината и слободата, среќата и иднината. На сите нивни предупредувања и укажувања, срцето на змејот останува глуво, тоа мисли и единствено ја сака само Милка. Потоа доаѓа едно овчарче и во разговор со него, змејот дознава оти денеска е свадбата на Милка и наскоро оттука ќе мине свадбарската тајфа на Стоица од Соколов Дол. Наскоро сцената ја исполнуваат веселите и распеани сватови, меѓу нив тажна и замислена е невестата. Постојано доаѓа до изворот и гледа во борот, како што ѝ рекла змеицата оти љубениот тука ќе го види. Тоа станува толку очигледно, што сите почнуваат да се прашуваат што се случува со невестата, што сака и очекува таа. Нови песни се обидуваат да ја надгласаат неизвесноста и да ја продолжат свадбата. Се пее за љубовта и среќата меѓу Милка и Стоица.
Неочекувано гората се стемнува, заросува дождец. Невремето сѝ повеќе се засилува. Луѓето се преплашени, секнуваат песните и игрите. Моми и момчиња заминуваат да пијат вода на изворот. Дождот станува сѝ посилен, трештат грмотевици, земјата како да ќе се земе. Сите се разбегнуваат, додека Милка се вртка околу изворот и како да очекува некого, по кога жедува и за кого срцето чука. Се истура пороен дожд. Паѓа гром на долниот бор, сите се ничкосуваат, насекаде страв и трепет. Гром паѓа и на горниот бор, а од него излегува чуден, прекрасен змеј. Мил мој, колку те чекав, возкликнува таа, ги шири рацете и го прегрнува. И тој ја зема во својата прегратка. Паѓа густа магла, во која ништо не се гледа и сѝ се губи. Необичната љубов има среќен крај. Победуваат младешките чувства и копнежи, соништа и желби, победува срцето.
Покрај развиената драмска фабула, текстот го збогатува и галерија на карактерни ликови. Наспрема нивното црно-бело одредување во „Новъ даскалъ“, едноставно спротивставени добрите на оние лошите, во „Змейова невеста“ секој лик претставува заокружена егзистенцијална појава и етички систем. Не само митолошката тема на драмскиот текст, туку и во градењето на ликовите, авторот, искусниот и квалификуван фолклорист врз мудроста на народниот гениј создава полнокрвни и животворни личности. Присуството на бројните фолклорни жанрови, претставува ретко успешен, извонреден показалец на нераскинливото и толкупати потребното поврзување на народниот со авторскиот текст. Народните балади со митолошки содржини ги одразуваат старите времиња, поточно верувања и демонолошки преданија, и се доближуваат до сферата на митот и магијата. Авторската концепција доследно е реализирана од почеток до крај по тие принципи. „Иако народните балади со вакви сижети инклинираат кон постари времиња, поетската постапка во градењето на сижето, во прв ред преку метафоричноста со која се инсистира на реални претстави врши ретроактивно дејство врз митолошките, така што тие добиваат наполно нови димензии губејќи го основниот елемент што ги доближува до древноста. Сѝ она што останало од тој елемент продолжило да живее повеќе како далечна асоцијација“.54 Со реалните претстави, состојби и проблеми од секојдневието на смртниот човек, најчесто се поврзани сонцето, самовилите, змејовите, чумата. „И во овој случај стоиме пред надприродни суштества кои претставуваат олицетворување на природните појави, а и во овие случаи народната имагинација го поврзува фантастичното со реалното што овозможува израз на реалните човечки чувства сврзани со необјасниви случки и појави во животот. Според народната демонологија змеовите се суштества кои личат на човекот, имаат опаш во змијовидна форма покриена со луспи и златни крилја под пазувите. Тие се обдарени со необична физичка сила, а живеат најчесто во пештерите и недостапните планински врвови.55 Рамен со силата на натприродни суштества, тој јунак не може да остане и да живее на земјата, па баладата за љубовта на девојката кон змејот, авторот мошне функционално ја разрешува со нејзино заминување во далечните и несфатливи пространства на среќа и љубов на саканиот, истовремено симболизирајќи ги неограничените права и слободи на љубовта.
Ако трагедијата се јавува како последица на апсолутната човекова потреба себеси справедливо да се вреднува, според Артур Милер, неговото уништување во тој напор претставува некакво зло и нешто несправедливо во неговата околина. Токму во тоа е моралот на трагедијата и нејзината поука. Откривањето на моралниот закон во кој се содржи поуката на трагедијата, не претставува откривање на нешто апстрактно или со метафорички квалитет. Оттука остварувањето на големата љубов на Милка кон змејот е тоа добро на трагичното во егзистенцијалната состојба во која што личноста може слободно да се остварува и да напредува. Точно ли е оти трагичниот јунак во суштина е обземен во потрага по сите права кои му припаѓаат како личност, и ако таа негова борба мора да биде потполна и без отстапување, тогаш тоа само по себе ја покажува неуништивата човекова волја да ја постигне сопствената човечност, заклучува Милер. Светот во кој живее човекот, размислува Валтер Хазенклевер, е резултат на трагични конфликти. Затоа и секое создание е трагично, а претставува набљудување на човековите облици од границата на можното. Дали точно можат тие да се одредат и ограничат во љубовта на човекот, и тогаш кога логичките формули не докажуваат ништо повеќе!? Но, во истовреме, зарем молкот не е толку силен и моќен одраз на трагичното, колку и на бескрајната и немерлива среќа. Дали гневот е таа сила што го движи човекот напред, дали тој е таа страст што мотивира и тера на попуштање, ги наметнува дилемите Албер Ками. Но, секако дека ритуалот, а драмскиот текст на Димитар Г. Молеров него го има како суштинска функција, својот надворешен облик точно го добива со возвратниот авторитет на церемониите кои чинот на драмскиот текст го престоруваат во доживување кое го напојува и го храни духот. И Молеров, како и секој творец впрочем, во „Змейова невеста“ прави по наше мислење, успешен обид да пронајде нови ритуали имајќи ја како извор својата имагинација. Ако ние незнаевме како да славиме, затоа што незнаеме што да славиме, дилемата на Питер Брук, во драмскиот текст Молеров тоа го разрешува со љубовта, тој таен и златен клуч за сите врати и тајни. Како таков прилог во македонската драмска литература и го доживуваме неговиот творечки предизвик и резултат.
Во богатото и разнородно драмско творештво на Димитар Г. Молеров, „Хайдушка поляна“ го претставува неговото најинтересно и највредно дело. На одреден начин, оваа драма е негов човечки и творечки тестамент, знак на препознавање, бележи уметничко-естетски резултат кој секогаш одново предизвикува и провоцира, и секогаш заслужува достојна почит и респект. Како и во повеќето изданија на неговите книги, така и во „Хайдушка поляна“, драма во „5 действия и 1 картина съ илюстрация“, отсуствува податокот за годината на изданието. На задната корица со десет пагинации дадена е информацијата за објавени книги од авторот со нивната цена, под втора пагинација е драмата „Хайдушка поляна“ и оти таа може да се најде во книжарниците на бугарската престолнина и кај авторот во град Разлог. За книжарите следува попуст до триесет насто, и речиси постојаната забелешка оти сите права за изданието ги има авторот, потврдува оти тој е и нејзин издавач. И уште податоците за печатницата „Политика“ и местото на нејзиното објавување Софија. Тоа се информациите што нѝ ги дава примерокот на книгата што го поседува Народната библиотека „Кирил и Методиј“ во Софија. Во разгледувањето на овој значаен труд од перото на Молеров, ние се служиме со примерокот од истото издание на книгата, од библиотеката на Димитар Молеров.56 Тој е добро сочуван, но, без корици, што ќе рече не ги поседува информациите од софискиот примерок. И во двата случаи книгата брои 128 страници. Според историскиот настан околу кој се испреплетуваат бројни животни приказни и човечки судбини, грабнувањето на американската мисионерка Мис Стон во 1901 година и најраната информација за излегувањето на драмата во посебна книга што ја дава баладата „Танка и Китанъ“, София, 1907 година, во тој временски период се претпоставува и можноста за пишување и објавување. Јасно изразените мотиви на резигнација, критика и недоверба во македонското револуционерно движење, ни дава потполно право да мислиме оти творечки мошне умешно и уверливо изразената самокритика и самоиронија, ги продуцираат гемиџиите, Илинденското востание и возвратниот терор и одмазда на турската империја, раслојувањето, делбите и колежите во ВМРО. (об.). И творечките аргументи што ги дава самиот Молеров, го стеснуваат тој временски простор и настанувањето на оваа негова творба, најобемна и најзначајна драмска објава, може да се бара меѓу 1903 до 1907 година.
Дали и оваа книга на Димитар Г. Молеров, како впрочем и сите други негови книги, имала повеќе изданија? Во нашите истражувања освен двата примерока на едно исто издание, не дојдовме до друг и нов податок. Но, оти книгите на „Хайдушка поляна“ секако се примероци на нејзино подоцнежно издание, ги потврдуваат податоците како поблизок и конкретен опис на текстот што го дава самиот автор. Книгите што ги разгледуваме, даваат до знаење оти тоа е драма во „5 действия и 1 картина съ илюстрация“. Нивното внимателно читање открива нови податоци. На задната корица од книшката „Тенка и Китанъ“, како втора книга се соопштува истиот наслов и со податоци „драма въ 4 действия и две сцени“. Овој податок е потврда повеќе на веќе изречената вистина оти авторот често навратувал врз своите текстови, ги дотерувал и корегирал, правел нови верзии за кои ќе забележи оти тие се и коренито преработени, па како такви неговите книги доживувале по две, три и четири изданија. Наоѓањето на нов примерок и ново издание на драмата, можат да бидат валидни и за извлекување на вакви компарирања и нивно вреднување.
Автобиографското во драмата „Хайдушка поляна“ е значенска и значајна составка во нејзината документаристичка поставка. Без неа текстот не ќе го има потребното и трајно читање. Браќата Малин и Бојан Гинденин се јавуваат како едни од централните ликови во градењето на драматуршката структура, иако тоа нема главни и споредни личности, туку епската димензија на македонското историско минато ја носи на своите плешки народот, а поединецот не се јавува само како негов водач и глас, туку тој е негова свест и совест. Во ликот на Малин Гинденин лесно препознатлив е самиот автор. Тој е постар од својот брат за две години, идентични податоци од драмскиот текст и од биографијата на браќата Молерови. Малин е студент, не се наведува што точно студира, наспрема студентот Димитар по словенска филологија на софискиот универзитет. Еден од протагонистите на „Хайдушка поляна“, Миле Малинин во разговорите со грабнатата Мис Стон и другарите за литературата, за писателите и нивните знаменити дела за кои знае светот и се учи од нив, се набројуваат притоа „Илијадата“, Лав Толстој, „Фауст“ и.т.н., ќе повика и восхитувањето од нив да биде изречено на едноставен народски начин. Наместо тоа да се изречува со каква волшебна поезија, каква филозофска поезија, ете, возкликнува Миле Малинин: „Наместо тие воодушевувања, нели е подобро да се каже, како што вели Малин Гинденин: „Ашколсун, бре Гете“, трети чин, стр. 99. Кочо Левенов додава оти и неговото име е напишано со големи букви и не е непознато, при што Малинин се уфрлува и прецизира: „Колку томови исполнува тоа име, колку...“ стр. 99. Тоа се десетте наслови и бројните изданија кои како редовна информација ги наоѓаме на задните корици од книгите на Димитар Молеров. Наспрема него е вистинскиот јунак на драмата, дваесетичетири годишниот Бојан Гинденин, весело и отворено момче, бунтар и бунтовник, комита и шегаџија, сонцељубив македонски син. Мошне децидно на почетокот од драмата тој го соопштува релевантниот податок за судбината на откорнатикот. Песимизмот во него е уште потсилен во дилемите и разочарувањата: „Што да се прави!? Мене повеќе не ми се живее. Особено пак сега: далеку од родниот крај, туѓ, просјак...“, први чин, стр. 16. Високо издигнатата и осознаена македонска национална свест, не може туѓината на живот и егзистенција да ја замени, уште помалку да го изедначи чувството за татковината, за родната грутка. Таа негова реченица не е само автобиографија туку претставува гласно изречена вистина за македонскиот човек и неговата голгота, за историските неправди, проклетилакот на туѓината, еден од релевантните драматуршки слоеви на „Хайдушка поляна“. Бојан како и Костадин Молеров е учител, односно учителствувал во Борова ливада, како што и Костадин бил учител низ повеќе градови и села на Македонија. Наспрема својот брат, помладиот Молеров исцело бил посветен на македонското револуционерно дело. „Биле учители во Банско. Со тоа тие биле и револуционери. Посебно Костадин. Тој учителствувал во заробувањето на Мис Стон. Во Илинденското востание е раководител“.57
Како и во драмата, така и во животот тие „не се само браќа, туку и пријатели, другари, взаемно поврзани со едни и исти мечти и идеали“.58 Костадин Молеров пишувал стихови и раскази, преведувал од германски јазик, ја пишувал историјата на својот народ, му останале во ракопис „Историята на Банско“ и неговиот „Хайдушки дневник“, а за својата писателска активност зборува и Бојан: „Се обидов. Напишав два раскази...“, пети чин, стр. 96. За него во драмата се зборува со голема почит и љубов. Всушност, тие доаѓаат од устата на Димитар Молеров и неговата „Хайдушка поляна“ претставува дело кое својата потреба да биде напишано и уште повеќе посветено на единствениот и сакан брат Костадин Г. Молеров, доаѓа како највисоко изразена братска љубов и во таа мерка возвратена со сопствено литературно дело. Во првиот чин на драмата покрај двајцата браќа, носечки лик е оној на нивната мајка баба Дафина Гинденина, на возраст од 60 години. Нејзиниот опис во драмата е идентичен со оние описи што нејзините синови ги прават повеќепати пред сѝ во своите историски записи и особено во нивното капитално фолклористичко дело. Како и во животот, така и нивните литературни прототипови или обратно, тие се во случајов идеално изедначени, живеат како сираци со својата мајка и бабата, која не ќе биде заборавена ни во драмскиот текст. Се задржавме само на неколку податоци и на нивното литературно и биографско равенство за подобро и поточно читање, а тоа ќе рече и за толкување и вреднување.
Овој најобемен драмски зафат на Димитар Г. Молеров, како што веќе забележавме изданието на книгата до кое можевме да дојдеме, има 128 страници. Драмата е компонирана од пет чинови и една сцена, чие дејство го движат 62 ликови. Не само како податоци како цел сами за себе, туку и темата на „Хайдушка поляна“, јасно ја откриваат авторовата тенденција да се создаде епско дело на македонската историска димензија, нејзината традиција и континуитет, да се наслика македонскиот човек и неговиот живот, ропствата и зловремињата на неговото опстојување, како и борбата во која како што вели еден од нејзините актери Кочо Левенов, „нема ништо невозможно за македонскиот револуционер“, стр. 44. Драматуршката компонираност може да се разгледува и постапно од чин во чин како посебни драмски целини, што наметнува и едно од многубројните прашања што ги поставува овој текст, како потреба и цел за единство на литературната материја. Во тие димензии е и присуството на историски личности, на реалните Гоце Делчев, Јане Сандански, Христо Чернопеев, Мис Стон, Цилка и други, прашање кое секако бара и посебно негово теоретско приопштување. Но, секако дека ни еден автор, ни еден текст, ни на едно место не можат да се дадат сите одговори од причина што и не ќе бидат поставени сите прашања, но ако тоа предизвика и го прошири кругот на автори, толкувања и оценки, тогаш се постигнало што се сакало, а и авторот и неговото дело се потврдиле оти не се случајни и безвредни. Временската дистанца тоа сега ни го дава за право, и уште повеќе за долг и обврска на македонската литературна наука.
Дејствието на првиот чин се случува во еден провинциски град во Бугарија, не многу далеку од Македонија, го започнува неговиот опис Молеров. Во собата владее „дух на очај и песимизам“, а предметите во неа илустративно ја одразуваат сиромаштијата на семејството Гинденин. Мајката и двата сина се собрани заедно на големиот празник Великден. Како извонреден познавач на фолклорното богатство на Банско и пошироко, не ќе ја пропушти можноста со многу детали и изворни описи да проговори за народната традиција, стр. 5, 11, 12, што ќе рече да остави драгоцени податоци од етнолошки интерес. Со него е поврзана и религиозната припадност, местото и улогата на црквата, свештените лица и иконите во животот на нашиот човек, не само како традиција, туку и како филозофски систем. Од него отстапува, уште повеќе му противречи, бунтовниот Бојан. Тој не верува во силата и моќта на господ, уште како гимназијалец јавно се подбивал со иконите, идентификувајќи ги со сите зла и несреќи во животот. За него тој е систем на неминовности и апсурди, на оттуѓеност и самотија, тага и несреќа. Оттука идеалот кон кој тој се стреми е смртта, стр. 14, 15. На богатата трпеза во домот на Генденини, на масата се голема стомна полна со вино, печено прасе, леб, црвени јајца, на светиот ден, семејството се пресметнува само со себе. Додека мајката и постариот син Малин сонуваат со отворени очи за иднината, за куќата полна со снаи и внуци, со желба да се продолжи семејната лоза, гласот на Бојан не е само предупредување, туку опомена и уште повеќе закана. Стравот во него е логична последица на судбината на сиромавиот, на откорнатикот кој го напуштил родното огниште и никаде повеќе не ќе го најде својот дом и мир, на поробениот и покорен народец кој живурка од ден за ден. Животот покрај него минува глуво и слепо. Тој сонува еднаш да се најде таму во татковината, точно именувана со името Македонија, да се најде на Пирин, таму горе на Ајдучката полјана, со своите другари, меѓу волците и срните, меѓу елките, смреките, студените планински извори. Тоа ги вознемирува и плаши неговите домашни.
Односот кон народната литература, култот што кон неа го гради Молеров, го истакнува уште во првите, почетни реплики на драмата. Разговараат за тоа колку песни го опејуваат Малин, па се набројуваат нивните наслови, додека пак за Бојан народот не испеал песни. Авторската тенденција е децидна, да ја истакне функцијата на народната песна како неизбришлива историска трага за постоењето и животот на човекот и неговото дело. Тие податоци можеме да ги земеме и како еден вид оправдување за присуството на народната поезија која мошне многу се користи во овој драмски текст. Понекогаш таа има суштинска и функционална употреба, но почесто во овој пример авторот неа едноставно само ја наметнува. Ваквиот однос кон творештвото на народниот гениј е препознатлив и релевантен порив во севкупното творештво на Димитар Г. Молеров, и прашање кое заслужува самостојна анализа. Семејството Гендинени е од Борова Ливада, топонимот кој постојано се јавува во драмските текстови, а кој според нас го претставува родното Банско. Мајката бара од Бојан да се помири и покори, и да му се врати на газдата Гочо Дебелушин, трговец, кај кого работел како писар и му плаќал 30 лева месечно. Со достоинство и почит, самодоверба и верба во себе, тој со гнасење низ личниот пример и искуство зборува за положбата на туѓинецот и неговата безпримерна експлоатација, и оти никогаш повеќе таму не се враќа. Се лаже ситиот и лаком малограѓанин, вели Бојан, оти ако мисли дека без неговите левови ќе умрам и одново ќе одам да го молам за прошка и милост. Тој тоа никогаш не ќе го дочека. Во еден миг на одсуство, мајката му разкажува и се жали на Малин, оти со Бојан постојано е оној комита Климент, дојден дури од Охрид, кој ѝ го одзема и го оттуѓува детето. По подолгиот монолог на мајката Дафина, доаѓа Бојан кој носи здравец да го стави во виното. Тоа што го наговести таа, сега низ сеќавањата на синот за неговите доживувања со ајдуците во Пирин планина, јасно е децидиран ликот на борецот за слободата на Македонија. Продолжува расправијата оти не сакаат да јадат и да пијат од тоа што го донел, односно го украл однекаде Климент, та Бојан јасно и гласно го поставува прашањето што е чесно за нив да се прослави Великден со полна трпеза како што тоа ќе го направи и трговецот Гочо, печалејќи од нивната пот и мака.
Љубовта кон мајката и постариот брат се немерливи. Но, копнежите одново да се најде во тие „чудни места“ со своите другари комити се посилни од сѝ. Никогаш нема да стане слуга на Гочо Дебелушин, свечено изјавува, туку тој да си оди по патот „Хее, таму горе на Ајдучката полјана кај моите мили другари: боровите, елките и смреките. На мојот гроб, мила мамо, наместо владици, нека вијат yверови - волци и лисици“. Директно се обраќа кон своите најмили оти го презира нивниот свет. А тој е преполн со тирани, со несреќно робје, со солзи и крв. За да се надмине злото, треба да се совлада причината. А таа причина е човекот. Зарем со смртта не се надминува и совладува сѝ, и сѝ се заборава. Зборува така Бојан, а неговите загрижено го слушаат и тивко липаат. Во долгите дијалози, при спомнувањето оти ќе имаат детенце и ќе го крстат Горолом, мајката му се спротивставува на Бојана за необичното име со изреката „Коста на мајка“, што тој ја возвраќа, а тоа е податок кој го открива вистинското име за Костадин (нагалено Коста) Молеров, уште еден аргумент за применетата документаристичка постапка во градењето на драмата. Долгиот вовед во дејствието што мошне го успорува, се гради врз егзистенцијалната филозофија на Бојан за непостојаноста, минливоста, бессмислата, апсурдноста и парадоксалноста на животот кои како систем потоа стануваат суштествени за севкупноста на драмското градиво. Тоа ќе рече оти Бојан е стожерен лик на „Хайдушка поляна“, таа нему му се посветува, што уште повеќе ја потврдува љубовта кон него од неговите соборци и другари, особено таа на Кочо Левенов. Во тие етички дилеми и расправии минуваат две третини од првиот, најдолг чин на драмата.
На сцената стапува осумнаесетгодишниот убавец Кочо Левенов, со руса, бујна и кадрава коса, жив и пргав, зборува со воодушевување, облечен во нови „цивилни“ алишта, со вратоврска и шапка. Бојан го поздравува именувајќи го со Монпарнас и Сирак-Кочо. Но, тој веднаш ја прави и сопствената идентификација: „Ти сега не ме гледај со вратоврска и наштиркана јака. Дојди да ме видиш ти мене на Ајдучката полјана...“, горд и бестрашен борец за слободата на татковината, син на горите, комита во песни опеан. Новиот лик и неговата појава на сцената, ја создаваат и навестуваат новата атмосфера, но, и сѝ она што потоа ќе се случува. Тој е гласноговорник за големите собитија што треба да се случат, а со нив ќе се гради историја. Се зборува за нив и се бара македонските синови да се подготвуваат за подвизи, та банка ли ќе се дигне во воздух, паша ли ќе се заробува, или можеби град некој да се бомбардира, „кој знае што ќе биде“, се уми Левенов и додава со сигурност оти само знае едно, „ќе биде нешто грандиозно“. Сето тоа се држело во голема тајност и за него знаеле само Делчев, Сандански и Чернопеев. Култот кон народната песна, авторот ќе го истакне и низ устата на Левенов, чија што прастара баба сеуште е жива и си го „сочувала гласот та пее како славеј“. Песната не е само одраз на постоењето и битувањето на народот, таа е негов непокор, негова вечна трага, како пирејот, колку го корнат и истребуваат, тој сѝ повеќе расте и се множи. Доаѓаат и нивните другари Рачо Руданов, Русата брада, и уште четворица комити. Дијалогот добива нови, весели страници, се јаде и се пие, се пее и се весели. Кулминативната точка на расположение, неочекувано ја прекинува појавата на Гочо Дебелушин.
Тој веднаш соопштува оти не е дојден да ги посети и види, да им го честита Великден, туку сака да го праша Бојан кој од неговите другари на станицата со сврдел отворил во неговата бочва со тригодишно вино и подоста однел од него. „Земјата е широка. Ти не си ја зел со тапија. Луѓето можат да одат насекаде“, се смее Кочо Левенов. Сите се мајтапат со малограѓанскиот трговец, тераат бескрајни шеги, а дознаваме оти тоа го сторил комитата Климент кој веднаш бил повикан да замине во Софија по некои важни работи, та не присуствува и сега не е со нив. Жалосната судбина и состојба на подбив, надуенкото Гочо ја иронизира самиот паѓајќи во каца со вода и станувајќи „мокар како глушец“. Во гласниот и колективен потсмев, се надвишува само неговата закана оти со тие крадци, бандити, неранимајковци работа ќе има полицијата. Бега испратен со песна што го исмејува, а авторот мошне умешно драмската тензија ја кулминира со нова состојба. Веднаш на сцената внесува млада дама, облечена великденски, а таа јадосана едноставно почнува да вреска среде пеењето. Тоа е стопанката која вели оти нивното пеење го исплашило маалото и тоа што го прават е срамота. Па дели совети и тие да се облечат убаво и да појдат во визити кај своите блиски и познати. Па да ги поканат и тие да им дојдат на гости. Бојан го започнува подигрувањето и со неа, изговарајќи зборови што во мигот ги смислува и се само игра на нелогичности и неразбирања, тоа сите го прифаќаат и уште повеќе ја збунуват стопанката. Таа вели оти такви зборови не сака, има гости, семејни луѓе и бара веднаш да се сопрат сите непристојности. Исмејувањето на малограѓанштината, авторот го потсилува кога таа започнува да употребува и странски зборови, „мерси, брзам“, а со тоа расте и подигравката. И таа, како и Дебелушин, како дошла, така и си заминала. Се туфка баба Дафина и е немоќна било што да направи, уште помалку нешто да поправи и измени. А тие ги продолжуваат своите разговори за борбата и слободата, за подвизите кои ги чекаат, за љубовта кон Македонија. А која е нивната смисла? „Секакви луѓе има: и добри и лоши. Ние се жртвуваме за добрите, за потомството“, како да ги сумира сите искажувања и мисли во своето кажување првиот комита, стр. 33. А големите и добри дела ќе живеат во иднината и поколенијата, ќе се пренесуваат, никогаш нема да бидат заборавени.
Баба Дафина доаѓа преплашена и се прашува ами што ќе се прави сега, соопштувајќи притоа оти ги бара еден стражар. Скокнуваат сите како еден и брзо се договараат кој со кого и накаде да избега. Заминуваме и одиме да ја ослободиме Македонија. Кочо Леванов уште ѝ вели: „Сега одиме внатре, таму каде ќе се случи големо собитие, а за кое и ние точно незнаеме што ќе биде. Само Делчев, Сандански и Чернопеев знаат. Бојана го чека слава, баба Дафино, слава. А заедно со него и тебе. Тебе ќе те слават како мајка на голем човек“, стр. 34. Останува сама, тоа „несреќно суштество“ како што ја нарекува и бескрајно ја љуби Бојан, сама и со гласно изговорените мисли оти не ѝ требаат ни слава, ни книги, туку „јас сакам човек, човек...“
Централно прашање во драмата е борбата за слобода, извојувањето на националните и социјални права на македонскиот народ. Јасната национална позиција на авторот, високо издигната и осознаена свест и совест на сопствениот идентитет, од страниците на „Хайдушка поляна“ зрачат и значат силно и моќно. Првата реченица од описот на првиот чин точно прецизира дека „Дејствието се случува во еден провинциски град во Бугарија, не многу далеку од Македонија“. Станува збор за две засебни држави-соседи, со своја историја, традиција, јазик и култура. Таа посебност гласно ја истакнува и народот. Тој се бори за својата слобода и за слободата на својата татковина, во која секој поединец го дава својот драгоцен придонес, Баба Дафина, стр. 8. Малин живее за иднината со соништата оти одново ќе се вратат сите убавини, ќе заживее сѝ човечко и човечно, „Пак ќе дојде, нека се ослободи Македонија“, стр. 11. Неа ѝ е потребен секој човек, татковината ги очекува сите свои ќерки и синови да го дадат својот прилог за неа, да се заветат во најсветото и најмилот, ако треба и себеси да се жртвуваат. Во полемички разговор меѓу Баба Дафина и Кочо Левенов во кој таа со сите сили сака да го задржи кај себе синот, единственото што и останало во животот, Кочо и вели „Да, но тој и треба и на Македонија“. Во одговорот на мајката, авторот низ чудесен симбол поимите на мајката и татковината ги изедначува. „И јас сум Македонија“, се испречува гордо и непокорно „несреќното суштество“ на Бојан, заради кое сеуште постои и живее. Јасно, во истовреме, оти тој сеуште постои и живее за Македонија. Тоа е единствениот пат на македонските борци за слободата и праведнини. Рачо Руданов ги прифаќа мислите и зборовите на бабата. „Права е, Кочо. Нели илјадниците човечки суштества за кои ние одиме да гинеме, се Македонија? А тие илјадници се состојат од 1 плус 1 плус 1 плус 1 плус 1...“, стр. 24. Тоа изедначување на индивидуалната со колективната судбина го одразува организираното македонско национално револуционерно движење кое ќе го протресе светот, ќе создаде големи настани и ќе ја разгласи вистината за Македонија. Оттука, со песна на устата и со немерлива љубов во срцето, македонските синови одат во борба, та зборовите на Руданов немаат коментар, туку само што тој ги завршува своите мисли, неговите другари и соборци продолжуваат со громогласна песна. Со неа се оди во борба, се верува во победата и се гине. Песната што со векови ја создавал безимениот народен творец, ги изразува тагата и болката на откорнатикот, неговите соништа одново да се најде народната грутка. „Ех, ејгиди Цвето ле, ејгиди џанам! Еднаш да си влеземе ние внатре, во Македонија, да си отидам јас на Ајдучката полјана!“, воскликнува Кочо Левенов и сонува со отворени очи, стр. 30. Неделивоста на човекот со родината на која инсистира Молеров, како прашање ја поставува Рачо Руданов: „Кого повеќе го сакаш, Кочо, Македонија или Бојан? Кажувај. “, стр. 31. Неа ја повторува и Баба Бојана: „Зошто ми е мене Македонија без него?“, стр. 34. Сите тие искази ја имаат смислата и ја одразуваат грижата на Гоце Делчев оти татковината единствено постои и опстојува со своите луѓе, со својот народ, само заедно тие се среќни, иднински, та секој човечки живот е бескрајно ценет и корисен, тези кои во следните чинови на драмата ќе дојдат до полн одраз, со точно цитирање на корифејот на македонската револуција и негова присутност на сцената.
По првиот чин, следува малата сцена која мошне вешто вградена во драматуршката севкупност на „Хайдушка поляна“ , го прикажува заробувањето на американската мисионерка Мис Стон, стр. 35-37 и илустрацијата, позната и многупати публикувана фотографија на македонски комити, стр. 38. Нив авторот го користи како неотповикливи аргументи за веродостојноста и документаристичката вредност на своето дело. Сцената се случува на Пирин планина кај „Потпрената скала“, каде во заседа чекаат Јане Сандански, Кочо Левенов, Рачо Руданов, Витан, Русата брада и други комити. Зборувајќи му на Витан, Сандански отворено ги кажува целите и задачите на превземената акција: „Сега немаме време надолго да ти објаснувам. Една американска мисионерка, учителка, протестантка, Мис Стон, доаѓа од Борова Ливада и ќе мине оттука. Ќе ја заробиме и ќе бараме голем откуп за комитетот. Парите ќе ги брои турската влада. Та многу пари ќе паднат за пушки, батко Витанее (го потапнува). Разбра ли сега?, стр.35. Комитите се облечени во турска облека, нацрнети, дотерани да ги заташкаат вистинските траги. И повеќе од тоа, Левенов смета оти со тоа „Ја решаваме судбината на Отоманската империја“, стр.36. Наскоро минува едно седумнаесетгодишно момче, ученик и соопштува кратко оти доаѓаат. Поминува потоа уште една селанка со товар на грбот и фурка на појасот. Сѝ појасни стануваат коњските тупоти и наскоро на сцената се појавуваат предводени од кираџијата, Мис Стон и Цилка, и уште неколкумуна од придружбата. Брзо и без жртви, задачата е успешно извршена.
Вториот чин како заокружена драмска целина, се случува во еден „примитивен ан во Пирин планина“. Приказните кои ќе ни бидат соопштени, нивната тегобност, веднаш е назначена со темното небо, дождот што неуморно се истура и мислиш оти дошло крај на светот, грмотевиците од кои јачи планината, надојдените води кои бучат страшно и како сѝ да ќе одвлечат пред себе. На сцената се Миле Малинин, Ѓуро Пилипашков, Китан Гајтанин, Грловицата и Проју Просјакинин. Разговорот за невремето, се пренесува во темите за зловремињата на Македонија. Малинин и Просјакинин сонуваат гласно еднаш да си дојдат на Ајдучката полјана. Пилипашков ги предупредува да не зборуваат гласно, оти и yидовите имаат уши. „Стравот лозје чува“, додава Гајтанин, стр.40. Ропствата и тираниите, туѓите интереси и пропаганди во Македонија, го забрануваат гласно изговореното име на Македонија и секое дело за неа најсурово и најжестоко го казнуваат. Започнува песна како лек и мелем на сите рани и болки во човековата душа. А за комитите, ајдуците, за слободата и за Македонија, ќе дојде ред и тие гласно да се говорат, зборува Пилипашков, ќе блесне светлиот ден над поробениот и напатен народ. Стариот кираџија Грловицата вади леб и сирење и ги повикува да апнат малку. Заврзуваат разговори за младата учителка Мара Изгорова, храбар борец, комита со кој и Делчев сериозно разговарал, Грловицата ги советува младите Миле и Кочо оти треба да се оженат и да формираат свое домашно гнездо, Левенов ги информира за грабнувањето на Мис Стон, за Паскалина Лупова оти таа е проверен шпион и оти треба да биде ликвидирана, тоа дури го потврдил и самиот Делчев. Храбриот и бескомпромисен Кочо Левенов кажува оти едвај чека да се сретне со Гоцета и да му каже оти за македонскиот револуционер нема ништо невозможно. Така тој ја започнува сопствената исповед на откорнатик кој во туѓа земја и меѓу туѓи луѓе, е постојано потценуван, понижуван и отфрлан. На тоа неправедно и експлоататарско општество ќе му врати мило за драго. Лани сакал да стане офицер, отишол да се пријави и во разговорот му рекле оти има време за сѝ, само тој да сака и да биде упорен. Можеле и примиле сешто, ама него не, зашто децидно рекол дека е од Борова ливада во Македонија. Раскажува потоа за гладните и непроспани деноноќија во големата Софија, каде немал ни залак в уста да стави. И кога отишол да се глави за слуга, кога газдата го прашал од каде е, тој одговорил од Македонија, а овој го истерал викајќи: „Ја мавни ми се од очите: јас македонец не сакам ни да видам“, стр. 45. Ете, така тоа општество се однесува кон туѓинците, заклучува момчето, и тоа никогаш нема да ги прифати и да ги има за свои.
Се зборува за волкот, а тој на врата. Сета наводенета од дождот влегува Паскалина Лупова. Таа зборува за новините, се чуди како тие да незнаат ништо за грабнувањето на Мис Стон и вели оти тоа го сториле турците, а тие чашка по чашка ракија ја пијанат, додека таа чека да попрестане дождот и да фати пат за в град. Неочекувано доаѓаат петмина нови посетители, турски војници. Камшикот на јус-башијата веднаш се заканува и сурово мава по Пилипашков и Малинин. Дознавајќи дека се од Борова Ливада, уште пожестоко се развикува и заканува: „Мајката ѓаурска ќе ви ја расплачам јас. Таа Борова Ливада, тоа комитско гнездо во прав и пепел ќе го престорам. Ах вие нечисти гадови, сите сте комити, сите ја поткопувате државата на царот.“, стр. 53-54. Наскоро ќе газите во крв до колена, следува закана и од првиот војник. Паѓа наредба да се врзат луѓето и да се поведат во градот. Та која е нивната вина што така веднаш им се пресудува, прашува Китан Гајтанин. Кучешки синови, црвци, нечисти свињи, се дере јусбашијата и мава со камшикот каде ќе стигне. Златниот клуч и железни врати отвара, мисли во себе Гајтанин, и бара решение како да се спасат од неочекуваната напаст. Та веднаш понудува малку бакшиш и предлага работата да се сврши за арно и за добро и на едните и на другите. Тоа не иде во предвид, тоа не можат да го сторат слугите на султанот, гласно пресудува тиранот и продолжува оти не е лошо да стори големо дело, да ги ослободи, но тоа ќе треба и да се возврати, да се плати, та веднаш побарува за тројцата шест лири. Та тоа се 648 гроша, се чуди Пилипашков, и веднаш предлага малку да симне. Играта ја превзема Гајтанин и во долгото надмудрување кое мошне илустративно ја претставува лакомоста, себичноста, алчноста на турската власт, најпосле го изигрува и насамарува противникот кој се откажува од својата намера да ги зароби и да ги носи во град и за тоа добива 98 гроша. Извонредна метафорична слика оти силата и моќта не се во теророт и власта, туку во умот и итроштините, правдината и честитоста на сиромавиот, кој се бори и опстојува за своите национални и социјални права и слободи.
Турците си заминуваат, но невремето продолжува. Во него полека си заминуваат и другите човечки зла. Поздравена и благословена од сите си заминува и Паскалина Лупова. Заминува со поздрав оти пак ќе се видат во Борова Ливада, а Кочо Левенов коментира оти дали тоа ќе е можно, ќе видиме. Течат разговорите меѓу луѓето, како што надвор бучат и течат надојдените води. Кочо зборува за својот сакан Бојан, за неговите омилени поети, храброста и јуначките подвизи, за тоа оти тој му го измислил прекарот Монпарнас по „Клетници“ на Виктор Иго. „Навистина чуден е мојот Бојан. Колку јас си го сакам него! Скоро дојде од Бугарија, скоро пак ќе ми бега. Ќе оди да ја види баба Дафина: била болна од тага за него. - „Јас сум жив, вели тој, само затоа што и таа е жива. Ако таа беше умрена, јас ќе се фрлев со сета сила од мојата млада и потемнета душа таму некаде во вриежот на најстрашната борба, копнежите кои одамна сакаат да ме завлечат в гроб. Сега, вели, ќе одам да го видам несреќното суштество, мојот верен пријател“, стр. 61. Па продолжува да раскажува за големата љубов меѓу мајката и синот, што авторот Молеров одново го нагласува автобиографското како важна составка на драмската приказна, односно на мноштвото драмски приказни, кои мозаично ја градат целовитоста на „Хайдушка поляна“. Доследноста на македонските борци завршува со едногласната песна и истовременото вадење на камите и нивното забивање в земја. Така не завршува само вториот чин, туку сугестивно е најавено она што допрва ќе се случува.
Третиот чин одново не враќа во родната Борова Ливада. Селската соба ја открива сиромаштијата и голиот живот. На сцената се нови личности, баба Маца Жеглина и ќерка ѝ Ѓурѓа. Првата влече волна на гребенот, а момата на фурка преде лен. Во лулката закачена на една од таванските греди, спие детенце. Дува силен ветер и хартиите со кои се покриени прозорците создаваат зловешт шум. Тука е и грижата на бабата како и е сега горе во планината на таа „кутра учителка“. И на гости им доаѓа Димана Карагонска, жената што сѝ гледа и сѝ знае. По нејзините препознатливи натегања дали да каже тоа што видела, соопштува дека додека седела на чардакот и го повивала детето, видела како низ градината минале Кочо Леванов и Бојан Гинденин. Носеле пушки, а по нив, исто така со пушка оној учителот што полани тука работел, не може да се сети на неговото име. Да, токму тој, Гоце Делчев, и потврдува на Ѓурѓа, кои веднаш и одговараат оти не видела добро, тој е болен и е во Софија, сакајќи да не мисли така и да не излае тоа што видела таму каде не треба. Па го свртуваат разговорот на други теми, дали момата спрема чеиз за мажење, додека Димана ја копка тоа што го видела. Доаѓањето на баба Божана Левенова внесува нов дух и светлина. Се потсетуваат на младоста, на песните и ората сред село, та сето тоа одлетало и останало како во сон. Тоа е „животот - од една врата ќе влезеш, од друга ќе излезеш“, Баба Маца, стр. 69. Се редат една по една песните кои треба да ги искажат пораките и да ги соопштат човечките судбини. Дотрчуваат весело бабините внучуња Наско иТенка. Ветерот сеуште завива и го шири зловестиот шум, но однекаде пее петел, а тоа е знак оти времето ќе се разубави. Скорешното доаѓање на Грловицата кој се враќа со дрва од шумата, исто така е пропратено со песната на петелот и повторно изреченото уверување оти времето ќе се разубави. Се расприкажуваат за Мис Стон и Цилка, како живееле, како им е сега, но и за злосторствата што турците за нивното грабнување ги правеле во Пострум. Топонимијата која го врзува и првото литературно дело на Молеров, баладата „Стойна пострумка“, 1896 година. И во севкупното дело на авторот, одредени ликови, настани, времиња и места можат да се проследат во нивниот континуитет.
Низ неколку импресивни сцени, авторот ја разоткрива бедотијата и гладот на народот. Додека внучето срка од гравот, Грловицата постојано му подвикнува да јаде помалку од лебот оти и него веќе го нема, а повеќе да срка чорба со по едно зрно грав, оти и него го нема. Баба Божана побарува малку леб на заем ако имаат, та утре и тие ќе месат и ќе го вратат. Доаѓањето на новиот лик Маруда Ладина, предвреме остарена и подгрбавена 45-годишна жена, вдовица, мажот и синот неодамна и починале, та останала сама со три мали ќеркички, како да ја симболизира сета сиромаштија, гладот, болестите, смртта. Таа доаѓа да побара малку јаглен за да завали дома оган, а веќе две недели живеат без сол. Моли и плаче што не ја зема кај себе стопанот, та да не се мачи и да не гледа тоа што не може да се гледа и доживува. Турците сѝ му зеле на народот во име на разни даноци и давачки, та на него стои само уште сопствената кожа. Но, злото нема крај. Настаните се менуваат со филмска брзина. Доаѓа свирепиот турчин Хасан Пеливан, сѝ претура и клоца, побарува и плачка, и се дере: „Пари му требаат на царот, кучко, пари“, стр.81. Од ковчегот го однесува и чеизот на Ѓурѓа, како да и ја одзема сета среќа и иднина, сите копнежи и соништа. Баба Маца плаче над сандакот како над мртовец. Веднаш потоа доаѓа Кочо Левенов, забележува оти не треба да се плаче за неколку однесени партали, зашто од зулумите и осветата на турците горат цели градови и села. А штом гори кај комшиите ќе дојде тоа и дома. Насекаде се бара грабнатата Мис Стон, заробен и окован го однеле Миле Малинин, а четата патува за Ајдучка полјана. Пристигнуваат уште и Китан Гајтанин, Рачо Руданов, и уште тројца други комити. Кој ќе знае што е добро, а што лошо? За едни доброто е лошо, како што и лошото за други е добро. „Да ја оттргнеме Македонија од канџите турски е добро; тие нас да не уништат и целата револуционерна организација и да си ја сочуваат Македонија, за нив е добро.“, вели Рачо Руданов, стр. 84. На сцена доаѓа и деветнаесетгодишната учителка Мара Изгорова, комитка, која предизвикува општо одушевување, и се обраќа на Баба Маца оти наскоро во машки комитски алишта ќе ја облечат и нејзината Ѓурѓа. Како куршум стигнува аберот оти еден јузбашија со војници доаѓа право кон нив. Следува договорот оти преку градините сите што поскоро да заминат право за Ајдучка полјана. Грловицата вади една штица од подот и под неа пушка, ја стега на гради и се збогува со домот, со татковото огниште. Сцената останува празна, од улицата се слуша турскиот глас кој повикува да се предадат и куќата пламнува во оган.
Во осамената планинска пострумска колиба се одигрува четвртиот чин. На сцената се новите ликови, старците Стојна и Цветко, домаќини, Мис Стон и Цилка, со нив и македонските борци Бојан Гвинденин, Кочо Левенов, Грловицата, Малин Малинин и Рачо Руданов. Бојан свири на тамбура и тивко се разлева песната во која човекот и се обраќа на гората сестра оти нејзините лисја пак ќе и се вратат, а младоста на човекот никогаш повеќе нема да се врати. Почетокот на чинот со оваа песна е во функција на подоцнежните разговори кои исцело го исполнуват сѝ она што се случува во чинот. Ропствата и тиранствата на македонската земја како да немаат крај. Само што завршило едно, а туку дошло ново и поголемо зло. Така, раскажува домаќинот, како трипати морал одново да го гради домашното огниште и секогаш одново да закуќува од ништо. Човечкиот живот го исполнуваат само војни, убивања, злосторства, трагедии. Човекот и припаѓа на грутката каде се родил и на сопствената судбина не може да ѝ побегне. Тоа е одговорот и уште повеќе, тоа е животната логика на дедо Цветко од прашањето на Мис Стон зошто не се преселат и не побараат нов простор за живеење. Следиме многу дијалози на интензивни информации за големи злосторства на турците. За нив се обвинува и грабнатата американка, свесна дека таа е причина на многу одмазди, а веќе свесна за праведната и ослободителна борба на Македонците. Изнесувајќи ја својата филозофија за животот, таа му забележува оти е песимист, роден песимист. Да, прифаќа, дури е и повеќе од тоа, тој е „смртист“. Поразијата во човековата душа, смета Бојан Гинденин, се носи од раѓање. „Тоа е мојата заветна мечта, Мис Стон. Но мајка ми е таа која ме спречува со својата жалосна појава. Одамна јас го презирам тој живот што таа ми го дала и бдее над него. Изгледа, вас ве плаши смртта. Куршумите - град, сабјите фрлаат оган; туку нешто ќе те жегне во градите и ќе стави крај на животот и почеток на заветната мисла - смртта. Ужасно е, дури одвратно, поганиот свет си останува и продолжува со претстапниот живот. Та надешта не е во честитата смрт“, стр. 95.
Како и првиот, и овој чин му е посветен на Бојан. Раскажува за своето детство, обидите да пишува раскази, ги пее чудесните народни песни. Исполнувајќи ја песната со која тој го започнува чинот, ја прашува образованата и начитана американка, дали и се допаѓа таа поезија. Прекрасна е, вели и ја вреднува со стиховите на Хајне. „Многу смела оценка. Внимавајте тоа да не го кажете во Њујорк“, и забележува Рачо Руданов. На нејзината чуденка, одговара Бојан. „А тоа е од поет со овчарски крлуг по многубројното стадо. А навечер кога ќе си легнев, пред мене излегуваа вакви слики: силен оган сред Ајдучката полјана. Во далечини мртво-бледите снежни врвови осветлени од месечината. Овен, наденат на ражен, е ставен на чепарки до оган да се пече. На висока карпа стои сенка со пушка, патрони и крива капа; таа свири на кавал. Насекаде е пусто и глуво, а само звуците од кавалот се разлеваат во околната таинственост. Потоа одеднаш од страшните темни гори излегуваат многу сенки со пушки и капи и молчејќи играат оро околу огнот со издигнат печен овен наместо знаме“, стр. 98. Приврзаноста кон народот и природата од кои потекуваат сите извори и сета смисла на животот, мошне суптилно ја изразува Бојан во својот одговор Мис Стон која жали што тука нема книги за читање, а тој одговара поставувајќи и всушност ново прашање: „Зошто не ја читате самата природа?“ Во разговорите за литературата се вклучува и Рачо Раданов. Се разговара за „Илијадата“, Толстој, Гете и „Фауст“, за народната литература. Јасна е авторовата нагласка оти борбата што ја води македонскиот народ за своите национални и социјални слободи и права е хумана, тоа ќе рече ги бара цивилизациските придобивки на човештвото. На нејзино чело се учени луѓе, разговорот со неа го водат учители, кои го познаваат светот и животот, нивната историја и културни придобивки и за нив имаат сопствени гледишта и оценки. На тој план мошне впечатлива е оценката на Руданов, оти „Илијадата“ во него не открива и непокренува возвишени чувства. Тој не мора да е во право, вели, но не го кажува тоа што го мисли и чувствува. Оттука Мис Стон нема работа со варвари, туку со народ кој по многу векови ропство, грабежи и делби се бори за својата слобода како негово неотуѓиво човечко право.
Од соседната соба, на сцената влегува мошне впечатливиот драмски лик на Русата брада, кој зад себе ја остава отворена вратата. Од неа „без да се гледа, јасно се слуша гласот на Гоце Делчев“. Тој моќно и силно доаѓа како потврда на сѝ она што пред малку беше тема на дијалог. „А делата не ви ги одобрувам. Извршувате лоши дела. Бескорисно пролевате невина човечка крв.“, стр. 103. Зошто се убиени сиромавите Митра Гинова, само затоа што била присутна на убиството на предавникот Паскалина Лупова, малото турче, невиното детуле и сето тоа се прави во името на слободата на еден народ. „Јас почнувам да губам верба, браќа мои. Како можат подобни луѓе да ја донесат слободата на човекот? Такви луѓе не можат да бидат полезни за никакво општество; тие не се исполнети со љубов кон човекот, за да можат да се борат за неговото добро, за неговата слобода.“, стр. 104. Коментарот на Мис Стон е краток: „Ете вистински апостол“. Продолжува душата на македонското револуционерно ослободително дело: „А животот на едно турче треба да ни биде толку скап, колку и животот на било кој друг човек. Што мислите вие? Нашата организација за тоа ли војува - да ја замениме турската власт во Македонија и Одринско со наша? Не, пријатели мои. Ние се бориме за слободата и правата на сите народности во таа област. Во идната слободна Македонија нема да има гугарин, турчин, грк, србин, влав или евреин а ќе има само човек кој ќе ги користи најголемите права и слободи на земјината топка.“ стр. 105. Одново гласниот коментар на Мис Стон: „Господи, втор апостол Павле“. И продолжува да им зборува на своите соборци оти само борбата, големата борба ќе го излекува животот. Колку и да е скапа нејзината цена, таа треба и мора да се даде. „Колку е убаво да умреш сред борбата, кога знаеш оти потоа ќе дојде тивок, јасен, убав ден за светот. И вон од борбата ќе дојде ден да умрам, но ќе умрам со мислата, оти ништо не сме сториле да ги превозмогнеме раните кои ни го разјадуваат животот“. И одново сите ги повикува да се збијат цврсто во редовите на борбата за да се уништи црнилото и патилата во животот. Во таа борба и смртта е спокојна и радосна. А борбата е за слободата на човекот, оттука таа и треба да биде човечка. Русата брада влегува во собата, ја затвора вратата и ништо повеќе не се слуша.
И овој детал во драмата „Хайдушка поляна“ уверливо го потврдува човечкиот порив на авторот и јасно изразената тенденција на планирана и осмислена драматургија. Гоце Делчев и денеска живее во светот на идеалите, и секако нема никаква смисла на негово овоземско толкување, за што впрочем тој не оставил ни еден адут, та оттука и Молеров на сцената го доведува само неговиот силен и моќен глас. Продолжува Делчев да живее како легенда од изворите на сопствените хумани и универзални зборови, дела и појави како вечна трага, сведоштво и појава. Тие сфери на чудесното и недосонуваното, а топло допрено и почувствувано, трајно и потајно присакувано, го дополнуваат и завршните реплики. Време е веќе да се легне и спие, вели Грловицата. „Ех, што ли ќе прават моите мили овчички без мене“, воздивнува Просјакинин. „Ами моето несреќно суштество...“, се задумува Бојан. Голем е господ, затоа не требаат молитви, зборува Левенов, тој е милостив, благ, молбите се чуени и сѝ е простено. Во него се персонифицира и личноста на Делчев, вистината што ја повторуваше грабнатата Мис Стон.
Чудесното и чудното се преплетуваат како две судбински нитки и суштински назнаки во драмскиот текст на Димитар Г. Молеров. Со нему препознатливите метафори го започнува описот во петтиот чин. „Чудна полјана, обградена со страшни борови гори“. А сред нив е овчарската колиба. Сѝ е таинствено во светлата ноќ, во која месецот се подал од гората, ветерот повева одвреме навреме, и во тоа „таинствено и чудно“ време и простор некаде одекнува гласот на був. Кај овчарот Просјакинин во ниедно време доаѓа ненајавениот и неочекуван гостин, шеснаесетгодишното момче Страхил. Предвреме остарен, тоа ги соопштува своите маки и неволи, турските зулуми, желбата да фати пат во шумите и ако треба таму да се умре. Само што си заминува, веднаш по него доаѓаат војводата и неговите тројца комити. Тие се интересираат дали оттука поминала четата со Мис Стон, и препознавајќи го во војводата големиот злосторник Хасан Пеливан, овчарот се прави недоветен. Но можејќи ништо да дознаат од него, заминуваат во горите. Наскоро, лаежот на кучињата најавува нови посетители. Доаѓа Грловицата и вели оти му носи гости. Соопштува оти ги пренесуваат Мис Стон и Цилка. Пристигнуваат војводата Чернопеев, Китан Гајтанин, Кочо Левенов, Миле Малинин и Руданов. Тој им соопштува за посетата на турците, што е знак оти местото не е сигурно и следува одлука на војводата патот веднаш да се продолжи. Жените бараат малку починка. Мис Стон се восхитува на прекрасната природа, а Левенов жали на патот за Ајдучката полјана со него не е саканиот Бојан. Одново се раскажува за своите луѓе и татковината, се сонува слободата, а американката со повишен тон заклучува: „Штом Македонија раѓа такви чеда, за долго не може да остане робинка. Сега е зората на вашата слобода, а по зората изгрева сонцето. Само сите ваши дела ќе треба да бидат дела на луѓе, како што рече Гоце Делчев.“, стр. 120. Лаежот на кучињата ги најавува новите гости: Димо Дафинин, Димана Карагонска и Ѓурѓа. Средба која е израз на почит и љубов. Во ова ниедно време тие доаѓаат по нив, им одговараат, Цилка се интересира за своите и ја дава пораката до своите најблиски оти наскоро ќе се породи. И тие соопштуваат за невидениот терор на турските злосторници од кои гори и плаче секоја педа земја.
Песната ни во еден миг не го напушта македонскиот човек. И во тој миг на неизвесност, тага и мака, таа како предизвик потекува од грлото на Миле Малинин. Во своето обраќање кон Дафинин, Мис Стон соопштува оти тој заминува за Солун и препорачува оти таму мора лично да се сретне и да разговара со американскиот пратеник. Треба да му каже оти ако го продолжат времето, се мисли на откупот, не ќе можат уште долго да издржат. Му го дава писмото и додава оти и усно треба да му каже „прават, што ќе прават, но откупот што поскоро да биде готов“. Задишан од трчање доаѓа Грловицата и соопштува оти право кон нив доаѓа еден јузбашија со дваесет души аскер. Чернопеев прави распоред како да се задржат и да се сокријат трагите додека се повлечат во шумата. Грмнува пушка, грмнуваат многу пушки, се јавува и турската страна, непријателската труба се одгласува од yвонци од преплашени овци и силен лаеж на кучиња.
И во својот најзначаен и највреден уметничко-естетски драмски резултат „Хайдушка поляна“, Димитар Г. Молеров ги потврдува своите авторски димензии на планирани, смислени и долгорочни писателски зафатки. Тој одново пишува драма која е книга за читање пред сѝ, а не дело релевантно за сценска изведба. Таа негова тенденција се состои и во забелешката што самиот ја прави по списокот по ликовите, стр. 4, оти „многу од ликовите кои суштествуваат или ништо, или сосема малку зборуваат, та можат да играат и по неколку улоги, така што списокот на ликовите при изведбата може да остане на многу помалку од половината“. Значи, пред сѝ е напишана драма, книга за читање, а нејзиното сценско живеење претставува алтернативно решение. Од причини што авторот во текстот, во описите внесува мноштво од дејствие и сценографија кои се тешко или воопшто не се изведливи на сцена. Бугарското општество во времето, просторот и времето во кои живее и создава Молеров, експанзивно пограѓанчува и влегува во Европа. Силни и впечатливи се модерните литературни влијанија. Експресионизмот во овој драмски текст не наоѓа само место за сопствено влијание, туку и за своја доминантна позиција за израз на неговата драматургија. Не помалку вака битно поставен елемент на сценска реализација го има и во „Змейова невеста“. Солидното пак литературно образование, познавањето на драмата, авторот ја потврдува со леснотијата во поставувањето и градењето на чиновите. Тој рамномерно и точно ја распределува по чинови драмската материја. За него не претставува потешкотија, каква можеме да сретнеме кај Чернодрински, Мајски, ликовите и настаните постапно и во одредена мерка да се прерасподелат во хармонија. И повеќе од тоа, тој води сметка за таа димензија и токму така постапува. Односот на Димитар Г. Молеров кон фолклорот и неговото користење во сопственото литературно дело, е прашање кое бара сопсрвена анализа. Тоа е органски поврзано со сѝ она што произлегува од неговото перо. Од изворот на непосредната инспирација и уметничката транспозиција до непосредното и често директно изразување, тоа ќе рече не секогаш творечки и успешно, со песната, приказната и секако пак како посебно прашање, користењето на кратките жанри. За илустрација, како потврда, еве тече дијалогот на Паскалина Лупова: „Доста веќе, доста веќе. Ама не сакам веќе, бе џанам, ќе се опијанам. А бре, какво е тоа честење од вас? Ни ви жнеев, ни ви копав. Е, ајде наздравје. Од небото да ви тече, од земјата да ви расте; суво да фатите, зелено да стане. А на душманите дур леќа да им клопне, душа да им искокне“, стр. 49-50.
Драмата „Хайушка поляна“ претставува многуслоевит и значенски текст. Тој бара почести навраќања, со пораките од состојбите и судбините на откорнатикот, социјалната драма, организираната борба за извојување на национални и социјални права и слободи, осознаената национална припадност и опстојба, односот кон народната литература и јазикот. Заокружениот драмски опус, неговата литературно-историска и уметничко-естетска вредност, го вбројуваат во редот на најзначајните творци на македонската драмска литература. Приопштувањето на неговиот драмски опус на македонски јазик и неговото заживување на сцената, се задача и обврска на македонската литературна наука и култура воопшто. Таа во подалечната 1952 година, ќе ја даде првата проширена информација за нив. Во постојаната рубрика „Од минатото“, списанието „Театар“, 59 точно информира и констатира оти „На обидите за создавање македонска драма не останаа туѓи ни пионерите во нашата драматургија на Пиринска Македонија. Еден од нив, најпознат и најплоден, е Димитар Г. Молеров од Разлошко, автор на поголем број драмски творби и многу етнографски публикации“. Анонимниот автор потоа ги набројува поетските и драмски творби што ги објави Молеров, забележувајќи оти најпопуларна од сите дела му е драмата „Ајдутска полјана“. „Се разбира дека работите на Молеров ни одалеку не се завршени драмски творби, туку повеќе одраз на големата желба на авторот да искаже макар еден дел од поминакот на својот народ во форма на драмско дејство. Пиесите на Молеров изобилуваат со битов материјал, историски подробности, цели делови на народни умотворби, многу внесување на народни обичаи, игри, обреди и т.н. И покрај тоа што страдаат од бројни литературни недостатоци, токму поради нивната блискост до народот и неговата судбина, драмите на Молеров, ако можат да се наречат драми во вистинска смисла, биле широко распространети и често пати прикажувани на училишните сцени во Пиринска Македонија. Некои од нив доживувале дури и по три и четири изданија.“ 60 Во продолжение е објавен дел од четвртиот чин (стр. 7-10).
Секако се драгоцени податоците за поврзаноста на литературата со животот и битот на народот, фолклорот, нивната популарност и изведби, изданијата на книгите. Сѝ се тоа информации кои ги имаат своите вредности во податокот и аргументот како сатисфакција на човечкиот живот и дело. Но, секако дека еднаш изречената оценка, секогаш и одново може да биде коригирана. Така и во овој случај. Точно дека „бројни(те) литературни недостатоци“, да ги земеме како такви и толкубројни, ги поседува секое дело, би рекле ни едно не е имуно на нив. Творечката тенденција кон општочовечкото и универзалното, длабоко ги претпочита егзистенцијалните норми оти нема ништо совршено и идеално. Значи, секое ново вреднување претставува и едно ново лично видување и толкување, ново назначување на постојни можни недостатоци. Наша оценка е оти забелешките дека „работите на Молеров ни оддалеку не се завршени драмски творби“ или таа дека „драмите на Молеров, ако можат да се наречат драми во вистинска смисла“, не само што не се оддржливи, туку се депласирани. Наш прилог по тоа прашање се десетиците страници посветени на овој бележит и значаен литературен и културен деец, загрижен македонски син и ангажиран филолог и фолклорист за чие место и значење во нејзините текови и резултати тој самиот се изборил со своето сопствено дело и високите вредности, а наша задача и обврска е тие да си го најдат долго и неоправдано премолчувано и подзаборавено изборување на граѓанство во македонската литература и култура.
„Јуда Искариотски“ е мошне интересен и вреден уметнички резултат. Насловната страница од книгата ги дава податоците за авторот Д. Г. Молеров, со иницијали од своето и татковото име и презимето, како што најчесто се потпишувал на своите книги, насловот на делото и оти се работи за драма во два чина. Во долниот дел од корицата, во десниот агол се податоците за нејзиниот издавач „Ив. Ан. Бунарџиев - София“. Во горниот дел, исто така од десната страна, информацијата оти цената на книгата е пет лева. Со посветата на четвртата страница, авторот ни ја открива личноста на издавачот за неговото дело: „На своя добър ученик, а сега издател на тази книга - / Иван Ан. Бунарџиев, / автора посвещава трудеца си“. За овој драмски текст на Молеров, љубовта и почитта од неговите ученици, е поврзано со името на неговиот најсакан ученик Никола Вапцаров, за што веќе пишуваме. На третата страница е списокот на личностите и забелешката оти „Авторот ги задржува правата“. Книгата има 30 страници. На грбот од задната корица стои информацијата оти издавачот кај себе за продавање ги има „следните свои книги“ и под децидни пагинации дадени се насловите на девет негови дела, информацијата за кои жанрови станува збор, точната адреса „Иван Ан. Бунарџиев - София /„Долни Лозенец“ No 112“ и податоците за печатницата „Факел“ - София / Бул. „Хр. Ботев“ No 200“. Како и многу други книги на Молеров, и оваа не содржи податоци за годината на изданието.
Како по некое непишано правило, и во овој свој драмски текст, авторот внесува поголем број на ликови, вкупно 19, но, тие секогаш го имаат оправдано своето место и значење во текстот. Место на настанот е гратчето Орлово Брдо, а време на дејствието е Првата светска војна. Тема е дезертерството кое било голема реткост во бугарската армија. Мноштвото испреплетени приказни и човечки судбини, во првиот чин од драмата, се случуваат во крчмата на младата и убава девојка Магда, еден од двата главни ликови на „Јуда Искариотски“. Со чашка ракија и муабет, меѓу неа и војниците Стојан и Христо, изразени се силните копнежи и соништа на сите за што побрзо завршување на проклетата војна и нејзината замена со мир и слобода. Разговорот кој од каде е, што и колку учел, што работел и постигнал во животот, еден манир релевантен за севкупното драмско дело на Молеров, кое дава мноштво податоци, ги дообјаснува и дооформува своите личности и нивните животни приказни, но исто така го развлекува и разбива драмското рамниште. Наскоро потоа пристигнуваат дедовците Биљо Благунин и Мицо и продолжуваат разговорите за војната и за полските работи. Сиромаштијата сѝ повеќе ги напаѓа, но, едногласни се во тоа оти сѝ ќе се издржи и истрее, само нека е здравје и да заврши оваа пуста војна. Младата и енергична девојка, иако честопати прозвучува плакатски, со сопствениот пример и поддршка од мајка си, покажува оти само со труд и работа сѝ може да се победи и надмине, да се постигне и да се има, никогаш да не се страда за јадење и пиење.
Внесувањето на сцена нов лик, авторот мошне успешно го извршува со преплетување на драмското дејствие и градењето на карактери, развивајќи го конфликтот кој најчесто мошне успешно го води до неговата кулминација и разврска. Доаѓаат војниците Миле и Борис, а тука е Стојо Катанов кој секогаш сѝ негира, постојано противречи и ги отфрлува туѓите ставови и мислења. Дедо Биљо е горд што на фронтот испратил три сина и еден внук да се борат за слободата и иднината на татковината, за царството на Бугарија. „А сега подготвувам уште еден: Благо утре-задутре заминува. Не може да го заврши ни седмиот клас. И со каква радост, со каква надеж е исполнето тоа момче! Ние, тате, ние најмладите ќе завршиме сѝ; од нас чекајте го мирот: ние ќе го донесеме“. Со иронија и гласно Катанов забележува оти нив многу им се брза со тој мир. Спокојно и мудро старецот му одговара оти „во војна сме. Сме се фатиле во орото, и ќе го играме до крај“. Разгневен тој скокнува и се заканува оти ќе го растури тоа оро и не може вечно да се гине по влажните и смрдливи окопи. Бугарското царство е ништо и ништожно, ќе дојдат однадвор и ќе го снема, како никогаш и да не било, зашто такво какво што е и не треба да постои, та сите ќе жалат и ќе го бараат турското ропство кога сѝ имало и сѝ се знаело. Присутните му се потсмеваат на стравот од светската војна, таа „дебела работа“, како што вели Магда, и во тој страв се крие само неговиот кукавичлук и престрашеноста да се гледа и сочува сопствената кожа. Како воопшто може и да помисли и да го фали многувековното турско ропство и оти него одново сите ќе го бараат. Тогаш, таквите како него биле именувани како предавници, а сега тие истите се дезертери кои побегнале од бојното поле и се кријат по планините и селата, како невиден и нечуен срам на Бугарија. Тие разгорени дијалози ги прекратува доаѓањето на Благо Благунин, синот на дедо Биљо, кој вели оти го чекал како што се договориле да одат по дрва. Тој со нескриена радост ја соопштува најновата телеграфска вест за успесите на фронтот, на која сите ѝ се радуваат, освен Катанов кој не верува и ја нарекува блеф, смислена агитација да се залажува народот и да се внесува немир меѓу него. Не сакајќи да му го наплати пијалокот, девојката јавно го исмејува и така сите го испраќаат како нешто непожелно и беспредметно. Секој плаќајќи го својот дел од пијалокот, еден по еден присутните си заминуваат.
Звуците на гајдата ја измамуваат девојката на прозорец и оттаму гледа како построени минуваат млади момчиња со цвеќиња на градите и ги пеат ботевските стихови „жив е тој, жив е“, за кои на почетокот од чинот зборуваше Магда. Исполнета со љубов и нежни чувства, потпевнува и копнее. Нив ги идентификува доаѓањето на тетка Злата Ладина. Од дијалогот меѓу нив дознаваме оти таа е тетка на Стоил Благунин, со кого Магда имала тајна свршувачка за која знае само таа, оти тој е на фронтот и веќе два месеци нема никаков абер од него. Тајната свршувачка е причина да не може никој и никаде да се распраша за својот сакан, нешто да дознае, да ја каже тајната и да ѝ олесни. Зошто го нема да си дојде на отсуство, зошто по било кој не сторил никаков глас, одамна не одговорил на нејзините топли писма, се бројни прашања што ја мачат и истоштуваат девојката. Затоа ја моли таа како негова тетка да отиде дома кај нив и да се распраша што се случува со саканиот маж, та веднаш да дојде и сѝ да и каже. Испивајќи ја ракијата, Ладина заминува и ветува оти брзо ќе ги донесе очекуваните вести. Времето на исчекување, авторот го исполнува со кратки и ефектни средби на девојката со момчиња од фронтот, кои по советот на тетката, ги распрашува дали можеби случајно не го познаваат нејзиниот братучед Благунин и можат ли нешто да и кажат за него. Новото навраќање на Стојан и Христо е можност нешто да дознае, а едниот од нив, Стојан го опишува: „Висок, црноок, со кадрава коса. Страшливец е тој како мене“. Брзо ја испиваат ракијата и заминуваат. Во срцето на момата започнува да рие црвот. Тоа не е можно, таков не е нејзиниот сакан, тие побркале нешто, и очекувајќи ја тетка му Злата, која му била како мајка, бара надеж и спас во песната. Навратува и војникот Радој кој бара цигари, таа побрзува и него да го праша. „Стоил Биљов од Орлово Брдо. Го познавам“. Дали и тој добил крст за храброст, таа пресреќна поставува ново прашање. Војникот се исчудува и низ тон на подигравка промрморува нешто и без одговор си заминува. Најпосле ете ја дотрчува и тетка Злата и ја соопштува радосната вест оти тој од поодамна си дошол дома, но не може да излегува од дома и не смеат да го видат луѓето. Дијалогот на натегање и сомнежи, недоречености и загадочни нешта, и го прекинува, и го уточнува истовремено, доаѓањето на битолските момчиња Станчо и Петар. Пијат и се веселат, пеејќи ја песната за родниот и убав град. Разврската во својот одговор ја дава Станчо: „Два месеци веќе како е дезертер, магарето, за срам и позор и на Орлово Брдо. Тројца дезертираа. И малку им што бегаат тие, никаквеците, туку со писма потматуваат и други. Желба и надеж им е да загине Бугарија, да навлезе непријателот во нашата земја и тогаш тие, хиените проклети, да излезат од кријалиштата и да живеат. Без навреда, госпоѓице, но јас имам мошне долно мислење за вашиот братучед. Вие за каков го сметавте?“ Одговорот е краток и гласно изречен: „Јуда Искариотски“. Сега станува сѝ јасно. Зошто не смее да се покаже пред луѓето, се крие дома и никој ништо не знае за него, ја вика таа да оди дома кај него за да се видат, се одговори на бројните прашања кои ја измачуваа и тревожеа, а сега така јасно сфаќа со кого имала работа и кого љубела. Да, го имала и го љубела Јуда Искариотски. Магда останува сама на сцената, сама во пустината, седнува на масата и залипува, сеедно само повторувајќи го името на Јуда.
Наспрема првиот чин од драмата во кој протекува човековото секојдневие, неговата борба за живот и парче корка леб, борбата за слобода, стремежите за поубава и посреќна иднина, колоната од луѓе и човечки судбини посведочени на светлината на денот и низ една динамична станица на егзистенцијата, каква што е крчмата во која навратува сѝ и сешто, тој животен оптимизам во вториот чин е заменет со темната и смрдлива визба во домот на Благунини. Таму од погледот на луѓето и од светлината на денот, се крие дезертерот Стоил Благунин. Посетата на неговата тетка Злата Ладина не му донесува убави вести. Таа нешто како да крие и не сака да му каже. Тој упорно и со право бара да му ги каже нештата, оти само така ќе му ја олесни ситуацијата во која западнал. Магда денеска и рекла оти тој за неа е мртов, со солзи во очи му го враќа прстенот и го нарекла дезертер. Како да не очекувал такво нешто. Та тој токму за неа побегнал од фронтот, да ѝ се врати жив и здрав, да бидат заедно и заедно да живеат, зашто ја љуби бескрајно и никогаш нема да ја заборави. Отворено префрлувајќи му оти тоа што го сторил воопшто не е добро, мајчински го теши да ја заборави и оти има многу други моми кои може да ги сака и со нив да живее среќно.
Во визбата доаѓаат уште шестмина дезертери, меѓу нив е и Стојо Катанов. Се симнуваат дедо Биљо Благунин со син му Благо, кои очајни од тоа што го сторил нивниот син и брат, гласно протестираат и го искажуваат сопствениот револт. Старецот плаче над судбината од својата рожба, која го испоганиле лицето и честа на семејството, кое за век и веков ќе биде поттурнувано и омаловажувано од сите. Благо е исто така разочаран од постариот брат и вели оти додека се живи ќе ги зборуваат само по лошо, а тој и тие како него избрале каллив пат кој води само во смрад и срам. Дезертерите раскажуваат најразлични приказни од фронтот за понижување, глад и смрт, едногласни во оценките оти за нив Бугарија не постои, неа ќе ја земе и со неа ќе владее поголемиот и посилниот. А кога ќе дојдат победниците, возвраќа старецот, тие одново ќе им се придружат и додворуваат, за секоја власт тие се нови луѓе, и се гнаси од сопствената рожба. Но, тој на фронтот има уште два сина и внук, и самиот ќе оди таму да се бори за слободата и иднината на татковината. Дезертерите ги нарекува буфови кои живеат во самотија и мрак, овие подлизурковци собрани во визбата од неговото домашно огниште. Бранејќи се себеси и сопственото кукавичко однесување, тие заврзуваат расправа оти на фронтот живееле како животни. „Каква тага, каква срамота!.. По цели ноќи не заспивам, сѝ мислам и плачам... (плаче) Ми ја поцрни тој мене староста, го оцрни лицето на целиот род Благунин!.. Вие, вие сте го подмамиле да го направи тоа... Тој не беше таков, тажи над сопствената судбина старецот. „Ех бате, бате, што направи ти, што!...Онаа недела бев на нивата во „Момина ливада“. Пред мене цело Орлово Брдо како на дланка. А онаа борова шума како екнала...Јачи долината од гласот на Магда Марева (Стојан истрпнува и го погледнува) пееше со другарките на нивната нива: „Два ветра дуваат, две гори нишаат, два снега топат...“ И песната како yвонци од стада чудесно се носеше некаде далеку... Јас се провикнав висооко, а од гората ми одговори некаква птица. Тогаш се сетив на тебе: како заедно бевме на истата нива, како ја слушавме истата песна и двајцата се провикнувавме... Ех, колку е тажно!.. Ти тоа никогаш повеќе нема да го видиш... Пред тебе е пуст и мрачен живот...“, огорчен е и помладиот Благо Благунин.
Стојо Катанов има одговор на сѝ. Симболичното значење на неговото презиме, човековата плиткост и глупост, јасно излегуваат и се идентификуваат од неговата уста. Тој самиот е егзистенцијална бессмисла, парадоксалност и апсурдност. Нема никаква потреба тие да бегаат по разни Америки и Африки, зашто ќе дојде една амнестија и нема што тука да се мисли. Ќе ги помилуваат, како ништо да не било и ништо не се случило, исто како и во претходната војна. Гласот на Катанов се идентификува себеси од мракот и мемлата, таму каде што отсекогаш бил и таму каде што единствено припаѓа. Старецот бара од својот син тој да се врати на Фронтот. „Лошо направивте вие, лошо... Му велам јас на нашиот Стоил да стане и да си отиде во четата. Доброволно да се предаде. Има грешка, има и прошка“, бара старецот. Тоа не е можно, зашто кога бегале убиле еден офицер кој се обидел да ги спречи да дезертираат. На нивните мудрувања, дотрчува Благо и соопштува оти дворот е полн со војници. Недооблечени и боси, како обезглавени инсекти низ тесното прозорче, оставајќи го оружјето, во паника и страв дезертерите бегаат. Останува само Стоил Благунин, сѝ така замислен и мрачен, без зборови и објаснувања, соопштувајќи дека неговата тајна свршеница го нарекла Јуда Искариотски. Всушност не станува збор за никакво доаѓање на војници, туку низ шегата на помладиот Благутин, авторот прави мошне уверлива сцена на човекот предавник и кукавица.
Дезертирањето на Стоил му носи мноштво неприлики на семејството. Старите родители мораат да го напуштат домот и забрани од војниците заминуваат некаде кон Дунав, плашејќи се дека неговата болна жена не ќе издржи дотаму, со јад во срцето се простува дедо Биљо. За некој ден ќе биде протеран и Благо, брат на дезертерот, кој си собира пушките оставени од преплашените бегалци-дезертери, и трча да ги испрати родителите, да се збогува со нив на Сино Брдо. Грешникот бара: „Благо, помоли ги мама и тате да ми простат. Бакни им за мене рака, братче. (Пак го бакнува). Чу ли? Ајде збогум! Можеби некогаш некаде ќе се сретнеме...“ Го зема каранфилот, го мириса, а оддалеку допира момина песна. Се вратил Јуда Искариотски, лежи тој како мртовец и зборува. Ги предаде својот учител, татковината и родителите. Станува, ја изгаснува големата свеќа, го вади од себе појасот и прави јамка, ја поставува сопствената бесилка. Казната треба и мора да дојде единствено од сопствената рака, од свеста и совеста на дезертерот. Овој успешен драмски резултат на Димитар Г. Молеров со нагласена родољубива тематика, пред сѝ во ликовите на Магда Марева, дедо Биљо Благунин и неговиот осумнаесетгодишен син Благо, војниците Миле, Борис, Стојан, Христо, Радој, Станчо и Петар, не се само хроника на тешките и матни воени времиња, туку пред сѝ се дневник на човековата душа. Низ многузначните наслаги во човековата душа, срце, мисла и збор, авторот го бара местото на човекот и човечното во големото зло што се именува војна, а што ја смислува и води одново самиот човек. Со право „Јуда Искариотски“ може да се именува како драма за текот на свеста и совеста, драма од богата галерија на карактери, со јасно изразена творечка тенденција за освојување и суштествување на цивилизациските вредности во човекот и во животот. Во неа војната не дефилира со сцени на стравотии и ужаси, неа не ја составуваат настани и случки, туку здивот се запира од внатрешните превирања и доживувања, преиспитувања и самосовладувања предизвикани од конкретен чин и однос, од дециден став за етички вредности во човековото суштествување. И ако Димитар Г. Молеров најобемниот и по наше мислење највреден драмски текст во неговиот опус „Хајдушка полјана“, со немерлива љубов и почит кон својата татковина Македонија, и го посветува својот труд, тогаш големото човечко и творечко срце, со примерот на „Јуда Искариотски“, со истата мерка, и ја посветува на земјата во која што живеел и творел, и на чиј јазик се изразувал како писател.
Молеров е извонреден познавач на пиринскиот човек, неговиот живот, традиција и стремежи. Оттука иако најчесто на штета на драмската структура на своите дела, се впушта во детални описи и анализи, забележувања и толкувања на народниот бит. Не случајно круна во неговото и во делото на помладиот брат Костадин Г. Молеров, претставува заедничкиот труд на фолклорното богатство од Разлошко, која пак претставува највеличенствена семјена традиција заедно со професионалниот ангажман во живописот. Како и сите драмски текстови, така и овој претставува своевидна мала збирка од зборови и изрази на родниот говор, секогаш и традиционално и со функција користената народна песна, дадени се стихови или цели песни на стр. 11, 15-16, 26, 27, 30, присуството на кратките фолклорни жанри, поговорки и пословици, благослови, клетви. Сето тоа со јасна творечка тенденција да се создаде дело кое најверно ќе го одразува човекот и неговиот живот, народниот бит, дело што народот ќе го чувствува како дел од себе и како своја вредност во ризницата на духовното богатство.
Во информациите за драмскиот опус на Димитар Г. Молеров стои и насловот „Дезертьрь“ и оти станува збор за драма во два чина. Но, во нашите повеќегодишни истражувања во разни библиотеки и архиви, имајќи ја притоа можноста за увид и во архивата на авторот, до такво дело неможевме да дојдеме. Ако тоа било само напишано и како такво било потоа пропагирано како книга која ќе се печати, ја подразбира можноста текстот да останал во ракопис. Во грижливо сочуваната и средена архива од страна на самиот Молеров, би рекле оти токму само тој текст не е сочуван. И во фондот на сите сочувани издадени книшки, книга со таков наслов нема. Првата информација на задната страница од корицата на книшката „Тенка и Китан“ од 1907 година, соопштува под седмата пагинација за „Дезерьтерь“, драма во два чина и под третата пагинација за „Јуда Искариотски“, исто така драма во два чина, и тоа е нејзино второ преработено издание. Насловот на првата е идентичен со темата и објектот во „Јуда Искариотски“, секако станува збор за нов и различен наслов, но во кој исто така поимот дезертер го има релевантното место и значење во драмскиот конфликт. Дали можеби не се работи за еден ист драмски текст, притоа само станува збор за промена на насловот, и негова нова преработена верзија што авторот планира наскоро да ја издаде. Ваквите наши претпоставки уверливо ги аргументираат и податоците со примерот на првиот драмски обид на Молеров „Новото учење“ и потоа во трите нови и секогаш проширени верзии, или како што забележува самиот „коренито изменета“ како „Новиот даскал“. На секоја своја книга, тој навратувал речиси секојдневно и во новите изданија тие секогаш носеле не мали измени, дотерувања, проширувања, корекции. Ќе сретнеме повеќе варијанти и на сочувани и необјавени стихотворби во неговата заоставштина. Тоа беше повод, по долгите и безуспешни трагања, неговата внука Драганка Молерова да го истакне својот заклучок дали сепак не се работи само за еден драмски текст, сочуван и познат како „Јуда Искариотски“, и за еден непостоечки, а можеби планиран како нова верзија, нова преработка на овој озаглавена со „Дезерьтерь“.61 Тоа го потврдуваат и информациите што авторот ги дава за зборникот на народни умотворби како објавена книга, а знаеме колку децении ќе минат од тие огласи до нејзиното печатење како книга. Се разбира оти сето тоа не го нудиме како конечен став и заклучок, новите истражувања и резултати можеби нив и ќе ги негираат, но, останува во мигот кога се заокружува и вреднува значајното драмско дело на Димитар Г. Молеров за македонската драмска литература, тие да се набележат и како претпоставки. И како поттик повеќе за идни и нови истражувања. Во секој случај, нему и на неговото дело нема потреба било што да му се додава или да му се одзема непотребно.
Мошне интересен и оригинален како тема и секако како вредно остварување, претставува текстот „Викове въ змийска нощв“.62 Дело кое и го проширува и го збогатува драмскиот опус на Молеров. Оваа, како што стои во забелешката под насловот на книгата „Сказозна критика во три чина“, е заедничка пројава со Асен Младенов. Тој бил прв братучед на Молеров од родот на татко му, син на негов брат, роден во Банско, инаку живеел и работел како учител по литература во Софија.63 Колку што ни е познато, засега тоа е нивно единствено заедничко дело. Насловната страница уште ги содржи податоците оти тоа е прво издание на книгата, нејзиниот тираж е во три илјади примероци, издавач е Ив. А. Кладенчев и кооперативната печатница „Едисон“ во Софија. Под нив овојпат останал регистриран и податокот на времето на нејзиното појавување, 1923 година. Горе, во десниот агол, информацијата оти цената на книгата е пет лева. Нејзиниот обем е триесет страници. Димитар Молеров е автор на првиот, (стр. 3-11) и на вториот чин, (стр. 12-17), а Асен Младенов го напишува најдолгиот, третиот чин (стр. 18-30). Но, секако веднаш треба да се забележи дека остава впечаток стилската и естетска изедначеност на текстовите, иако се работи за двајца автори, учени, кои имаат свои гледања и оценки за литературата и животот околу неа.
Нестварната и идилична атмосфера и сѝ она што ќе се случува, авторот јасно го покажува со самиот опис на местото на настанот. „Дејствието се случува на астрално поле. Ноќна доба. Полјанка кај Црно Море. Месечината грее. Од морето пристигнува чамец од кој излегуваат луѓе и тие молкум и тихо се разместуваат на полјанката. Едни подлегнуваат, други приседнуваат. Сѝ е потонато во сина светлина. Сирени од морето тивко пеат.“ Народната песна го воодушевува Сократ, кој покрај информацијата оти од неа има уште поубави, заклучува оти „Но и оваа е многу убава. Таквите споредби речиси се реткост и кај нашиот Хомер. А вклучена ли е и таа во антологијата?“ Токму најновата антологија на бугарската поезија е тема на отворен и жесток дијалог во кој учествуваат Христо Ботев, Пенчо Славејков со синот Петко Р. Славејков, Иван Вазов, Крсто Пишурка, Константин Величков, Кутју Врбилов, Илчо Илчев, Алеко Константинов, Љубен Каравелов, па Лермонтов, Цицерон, Сократ и Питагора. Во острите расправии се откриваат препишувањата на поетите од народната поезија која секогаш останува поубава и само се обезвреднува низ позајмувањата на некадарните творци, кои ете бесрамно под неа дури и го потпишуваат своето име. Децидно се наведуваат поетите и нивните дела. Плагијаторството се открива и од влијанијата на поети од други литератури. „Сѝ едно како мене да ме накитиле со мојата „Минам ли по улиците шумни“, за која велат оти сум ја дотерал поубаво и од Пушкин“, зборува Величков. Мајсторството на безимениот народен гениј, кој непотпишан не може да влезе во ниедна антологија, останува секогаш над изнасиленото стихоклепство. „Јас малку сум ја поосакатил, ја подизнасилив малку заради тие пусти рими и слично на тоа. Не случајно Г. Стаматов бугарскиот поет-стихотворец го споредува со акробат на танко јаже без оној стап за рамнотежа“, признава Пенчо Славејков. За Врбилов поезијата без рими не постои и на што таа би личела без нив!? Го прекинува Славејков остро забележувајќи оти „Оти има наши кои мислат оти поезијата се состои само во римата и туку калапат.“ Предупредувањето нема никакво значење, зашто нарцизоидноста на Врбилов продолжува да жали што полната тетратка со стихови „Ведросини простори“ не ја објавил порано, та „белким и мене ќе ме брцнеа во антологијата“. А Илчо Илчев се чуди и прашува што е тоа рима. Доскокнува стихотворецот и се цитира: „Тагувам од бол, / А в срце кол...“ Изразувајќи ја огорченоста за неукоста и некритичноста во антологијата, Молеров низ устата на своите јунаци точно ги цитира стиховите и ги наведува страниците во кои се откриваат невидени и непочувствувани „чудесија“.
Аргументите за препишувањето на народната поезија и за уметничко-естетските вредности на новите тропања, со мудроста на народот, Славејков јавно ја дефинира: „Ако баба лаже, трап не лаже: еве ти ја вистинската народна песна, а то суди која е поубава.“ А токму таквите и токму тие „трудови“, критиката високо ги вреднува и се наградувани на литературни конкурси, стануваат добитници на високи награди и признанија. Пишурката смета оти не треба да се распретуваат работите, тие ништо добро нема да донесат. Славејков одново остро се спротивставува и аргументира: „А зошто пак да не ја распретаме, бре Крсто? Што е право - право е. Ами кача аларсан, една песна „Облог чинат момче и девојче“, критиката ја смета за бисер, за скапоцен камен, а вистинскиот бисер никој и да не помислува каде е!“ На неукоста се исмејува и Вазов, сега проширувајќи ја темата и со препевите на стихови со кои на пример, на учениците им се претставува еден Лермонтов. Дилетанти и неписмени препејуваат, преведуваат, ги избираат најубавите бисери и прават антологии, составуваат избори и учебници со кои ќе се воспитуваат идните генерации. Крикот „скандал“, Алеко Константинов го потврдува точно наведувајќи ги стиховите и страниците од кои му се мачи што сѝ напикале во антологијата. Во неа дури и самиот составувач не заборавил да се пикне. И во таа збрка се појавува сливенецот кој под мишка носи книги, а меѓу нив и оние од неговиот сограѓанин Иван Бунарџиев. Иронијата на состојбите и настаните ја кулминира доаѓањето на Сократ, Цицерон и Питагора. Препишувањето и присвојувањето, лагата и лицемерието се изоструваат како критериуми на бугарската реалност и нејзиното севкупно живеење. Кој сѝ пишува и препишува, е содржано во личното признание на Кутју Врбилов: „Питагора? Ох, како не сум слушнал, бре брат, нели тој ми ја изгоре душичкава! Питагора, од каде ја издрсна таа пуста теорема?! Како без неа светот не може да светува. Зошто ли? Зашто поради твоите катети и хипотенузи не ја зедов матурата, па сега се влечам како краставо куче.“
Видената атмосфера од првиот, продолжува и во вториот чин. „Мост на Коруча во Сливен. Ведра ноќ. Над Бармук грее месечината. Коруча тивко шуми. Некаде пее славеј. Од онаа страна на мостот во Клуцохор во крчма циганите чукаат на тарабуки и дајре, свират на виолина и пеат. “ Наведените два стиха од љубовната песна: „Црни очи имаш, дај ми ги на мене! / Бегај, бегај оттука, дадов збор на друг...“, содржани се во авторовата тенденција силно да ја изразат поетовата нарцизоидност. А тука на мостот стојат потпрени на оградата Кутју Врбилов, единствената личност која се појавува од првиот чин, Руси Гарџилов и Десју Кртилов. Со книги под мишка и матарка на рамо, малку потоа доаѓа и им се придружува Иван Бунарџиев, за чии книги стана збор во првиот чин со доаѓањето на сцена на сливничанецот. Само да забележиме, оти Бунарџиев според посветата на Молеров во „Јуда Искариотски“, некогаш бил негов „добар ученик“ и сега издавач на „таа книга“. На прашањето од своите колеги, тој точно и ги наведува делата што ги напишал и објавил, а за кои не информира и на задната корица од книгата на Молеров чиј издавач е тој. И Врбилов му соопштува каков сон некни сонувал, кој сѝ дошол во него и што сѝ зборувале. Та и тој бил тема на нивните разговори. Зборувавте ли и за мене, нестрплив е Бунарџиев. И по долгите објаснувања, тој му соопштува оти била разгледувана неговата книга „Во прегратката на угнетените“ и сите го изразиле своето сожалување што и тој не бил вклучен во антологијата. Душмани колку сакаш. „Ах, а тие се многумина, пријателе мој! Меѓу пирустијата „Чолчев-Маскаратчо-Б’лгарин“ е цела плејада“, воздивнува Бунарџиев. Но, сите тие се големи и значајни зашто живеат во Софија, додава Руси Герџилов. Разговараат и пијат од виното.
Поминуваат двајца пијани, прегрнати преку рамо се клатат и пеат, одминуваат полека и им го расипуваат расположението. Но, тоа и го навестува продолжението на разговорот за сегашните книжевни состојби. А тие како да не се помрднале од местото во кое стоеле и чмаеле во минатото, во мртвилото на починатите и веќе изгниени поети. Секој е сам со себе и доволен за себе. „Овој месец ќе биде судбоносен за мене, кардашлар: ќе ги објавам моите „Вредносини простори“. Пак ќе го видиме именцето на Кутју Врбилов како ќе изгрее на хоризонтот на литературата. Па кога ќе ги зграпчам за јака оние таму во антологијата: ела ваму, дос, да видиме тука ли ти е тебе местото?“, зборува со восхит тој за себе. А тоа се сите оние, за кои зборуваше Вазов, кои формираат комисии, разгледуваат, прават, чинат, си даваат луѓето награди, хонорари... Тажен е Бунарџиев зашто „Сите си прават антологии, ги навредуваат луѓето, а тебе никој и не те смета за жив...“ Во занес Кутју зборува за своите литературни успеси, бара сите да пишуваат, да нашкрабаат по нешто, та сите нив токму тој ќе ги внесе во својата антологија. Гарџилов е согласен: „Па така бива таа работа, драги мои: ќе си соберат пријатели, кружокче, списајниче, весниче, пиши Руси за Десју, Десју за Кутју, Кутју за Руси...“ И тоа нема крај. Како онаа народната „Внучка за кучка, кучка за внучка, дедо за баба, баба за репа...“, додава Врбилов. „Професори, пријатели, комисии, критики, награди... И си живеат луѓето во Софија“, дополнува уште Гарџилов. А наспрема нив е нашиот Иванчо, коментира Врбилов, кој веќе отпечатил сто илјади примероци, а постојано забележуваат и критикуваат оти „Јок, не ти е убаво делото, карактерите не отскокнуваат, ликовите - сенки“. Некој за да пишува за тебе, треба добро да го нагостиш, да му се додворуваш и да му дадеш многу пари. Толку пари што никогаш не можеш да ги заработиш и да ги доброиш. Наидува пијано друштво, на кои им ги нудат своите книги, тие купуваат, веќе ги познаваат и по нешто прочитале од нив. Сите заедно заминувајќи, разбудуваат јато гуски кои со крескање се разбегуваат. Секако функционален метафоричен крај на вториот чин.
Главен јунак во третиот чин е Бунарџиев, место на настанот е ридот „Бармук-Баир“ во неговиот роден град Сливен. Средноќие е, кога ароматниот мирис на јоргованот благо се носи, опива и навева чудни соништа. Синкав месечинским сјај се разлева и на целата опстановка и дава некоја иреалност. Дрвјето, спокојни, изгледаат како излеани од олово, а сенките што ги фрлаат, создаваат чудни ликови врз осветлениот фон. Мала полјанка, наполу засенета со дрвја. Од лево, облеана од месечината, тесна патека што се губи меѓу грмушките јоргован. Од грмушките по таа патека излегува Бунарџиев. „Со копнеж, ставајќи ја раката на срце и отпрво полека и тивко, потоа сѝ погласно ги повикува своите малечки самовили: „Ах, каде сте вие, малечки мои самовили!? Или пак сте се притаиле под лисјето јоргованово? Си ги пупите коралните усни, покриени со вашите мали раце, за да ја скриете бујната смеа, а ѓаволестите очиња крадешкум ги вртите кон мене... Ах, задевала!.. (ги протегнува рацете и со изменет тон.) О, елате, јас ве чекам! Еве, јас дојдов - елате! Далеку од градот на мизеријата, далеку од здодевноста и прозата, далеку од бучниот, лукав свет, вие ме повикавте и јас дојдов. О, елате, јас ве очекувам... Елате, мои божествени вдахновенија, елате во виорен танец да се вивнеме и така среќни да се претставиме пред тронот на Бога“. Бара небесното светило да ги повика и порачува оти ги очекува во нивните чудесни салони послани со килими од волшебното цвеќе. Посегнува кон еден цвет, тој ја наведнува главата и венчето му пука. Од него излегува мала, бела, синоока самовила. Се раздвижуваат грмушките, цветовите пукаат еден по еден и го обиколува рој од самовили.
Тие го поздравуваат поетот и мечтател, својот сакан цар, ја поздравуваат неговата благозвучна лира и во таа волшебна ноќ, како што тој ја нарекува, се фаќа во бескрајно оро со своите самовили. Се пие вино, се пее и се игра. Сета природа го слави големиот поет, кој преморен и пресреќен возкликнува оти „ноќва сме во царството на младоста“. Се јавува петелот со својата песна, по него друг, една по една самовилите се повлекуваат во цвеќињата. Со незадоволство и презир го имитира: „Кукурии-гуу... Мискин! Како без твојата песна светов да не можеше да светува! Поради твоите глупави кокошки, ти уништи една прекрасна ноќ. (Очајно) А месечината уште толку е високо... зората е толку далеку!..“ Светот на иреалното, за миг се заменува со суровата стварност, со појавата на Чолчев и Маскарада. Додека Чолчев кукурига и мисли оти тоа го прави прекрасно, сопатникот го советува оти она последното „оуу“ треба да го земе за октава пониско. Чолчев е газдата на „Весник на жената“, а Маскарада сатиричар, луѓе кои го оневозможуваат и не го прифаќаат Бунарџиев како писател. „Да, да, доаѓав кај вас, и вие ме познавате, но, дозволете ми, вие го познавате само господинот Бунарџиев, а поетот Бунарџиев сосема ви е непознат, зашто не посакавте да го запознаете - јас тоа го заклучувам од молчењето на вашиот весник“. Тој го советува оти најнапред мора да влезе во било која и било каква антологија, а тој потоа и нему ќе му посветува цели страници. Ете, додава, и Маскарада постојано се мота околу него и мисли оти ќе земе да напише нешто големо за него, но, тоа никогаш нема да се случи. Следат забелешки и префрлувања, зајадливости и уцени, омаловажувања и негирања. Оддалеку се слушаат гласови, зурли и даириња кои доаѓаат кон нив. Нивен предвесник е Хамлет, принцот, инаку псевдоним на „еден современ бугарски поет“ и соопштува оти тоа доаѓа лично госпоѓата Антологија со својата придружба. Тој едноставно ја декламира: „Тоалетата и е шик: фризурата à la decadence, гардан поголем од најголемите, нанижан од чисти рими, фустанот - последна мода според вашиот весник, сошиена од прекрасни поеми, епопеи, оди, тажни елегии, чудесни балади, па дури и сатири. Да. А наместо пантофли обула два стиха и стапката е и толку лесна - хореј, ви велам, хореј! Напарфимирана е со лиризам, напудрена со импресионизам - чудо, ви велам...чудо!“
На сцената доаѓаат двајца цигани со зурли, по нив уште десетина цигани со даириња и тарабуки, и самата поворка. На чело се Дерижан со Антологијата, со поетеси и поети, пеш и на Пегази. Гордата дама седнува на централно место, свои стихови рецитира Минко Неволин, и додека трае церемонијата во плач и бес Антологијата бара да и се донесе бистата на Балабанов. Не признава притоа никакви оправдувања, легнува на земја и почнува да клоца и да писка. Сиракот-Скитник бара промени, но сите се против него и веднаш му е покажан патот за надвор. И во тие луди расправии, петлите пеат и го најавуваат утрото. Тогаш пред дамата излегува Бунарџиев и сака да и каже сѝ што му лежи на душата. И се претставува како „поет кој нема прием кај вас, почитувана дамо“. А на прашањето зошто е тоа така, покажува ете „од овие црни душмани“. Времето одминало, сите брзаат да заминат, да се качат на своите пегази. Маскарада плаче што никако не може да најде место за себе. Чолчев го теши, пресечува еден лесков прат и му го подава, „па ова е вистински Пегаз“. Така и тој се наредува меѓу другите. При звукот на зурлите, паѓа наредба од Дерижан, секој нека летне. И се случува чудото: пред сите лета новиот Бунарџиев.
За сказочната критика во три чина „Викотници во змиска ноќ“ на Молеров и Младенов, досега единствената забелешка е оти таа претставува обид да се исмејат и иронизираат стремежите на неспособните, недаровитите автори, како и да се одрази незавидното место на класиците во литературните антологии.64 Обработената тема во драмата, недвосмислено ја покажува информираноста и доброто познавање на состојбите во бугарската литература, како во минатото, така и во нејзината современост, на која и самиот тој и припаѓа. За него не се никаков проблем анализите и синтезите на личноста на делата на одделни автори, книжевните врски и влијанија, правци и движења, односот меѓу народната и уметничката поезија. Оттука така бескомпромисно се критикува и исмејува бездарноста, лажната надуеност и слава, нечесните игри во прифаќањето и афирмирањето на поети кои тоа никогаш не биле, ниту пак ќе бидат. Учениот и начитан Молеров, со долгогодишното искуство на педагог, редок професор по јазик и литература, и самиот мошне плоден творец и научен работник, фолклорист, мошне уверливо низ оваа своја драма ги докажува своите знаења, квалитети, чувство за забележување, моќ за анализа и синтеза, храброст да се кажат вистините и неправдите, остро да се исмејат и осудат. Особено е нагласено централистичкото место на Софија, по која ако и најнекадарните автори живеат во неа, самото тоа веќе како да е услов оти тие се генијални и славни. Токму во оваа нишка, по наше мислење, го сместуваме и поводот и потребата, побудата на Димтар Г. Молеров, заедно со Асен Младенов, да ја состават оваа остра, би рекле немилосрдна критика на литературното творештво и живот во земјата.
Самиот Молеров е автор кој целиот свој живот го минал далеку од престолнината, далеку од центарот на сите културни и литературни настани и збиднувања, далеку од нејзините очи и срце, во провинцијата. Така однапред бил осуден, таа да не го прифати и да биде глува за сѝ она што тој го прави и постигнува. Дали во ликот на несреќниот Иван Бунарџиев, не е персонифициран самиот тој!? Таквите наши претпоставки го имаат аргументот и во податокот околу долгиот историјат на излегување на капиталното дело на браќата Молерови, зборникот на народни умотворби од Разлошко, зашто беа потребни повеќе децении и најнакрај политичка врвна интервенција за неговото појавување на светлината од денот. Настрана од сето тоа, „Викотници во змиска ноќ“ претставува една уверлива и жива слика на состојбите во бугарската литература во XIX и во првата половина на XX век, хроника за вистините и за книжевните вредности, состојбите и движењата во нејзиното секојдневно пулсирање, клановштината и мерката за вреднување што пред одговорноста од пишаниот збор ја имаат творците, оставајќи така трајна трага за себе во идните времиња и поколенија. А нив не само што ги покажува и докажува, туку ги вреднува и ги премерува острото и строго око на Димитар Г. Молеров, кое и во дел од своето богато и разнородно книжевно дело, во драмскиот опус, го потврдува своето место и значење во литературата. А тоа не ја има само во историската заслуга, туку со неа ги носи и поседува потребните уметничко-естетски вредности кои го посведочуваат како незаобиколива личност и дело.
Тематското и жанровско богатство во драмскиот опус на Димитар Г. Молеров, претставуваат несомнено вредносен влог во македонската драмска литература. Во неговата личност имаме еден образован и талентиран автор кој има и умее како тоа да го каже. Како извонреден познавач на човекот и животот на Пиринска Македонија, нејзината традиција и бит, тој прераснува во нивен квалификуван проследувач и толкувач, хроничар и писател со дарба, кој остава трајни траги на македонскиот етност и општо-човечки и универзални уметнички димензии, мошне близок до еден Стале Попов, на пример. Цениме оти документаристичкиот пристап и во изборот и во обработката на темата, има свои посебни стојности. Севкупното дело на Молеров, и посебно драмските текстови, претставува највредносен албум на Пиринецот, неговата егзистенција, свест и совест, истрајната борба за национални и социјални права и слободи. Оттука тоа во истовреме претставува и историска читанка, и вечно помнење на нештата и вистината за човекот и татковината, нивната веродостојност, иднина и перспектива. Настаните и личностите од подалечното или поблиското историско минато, опсесивна творечка преокупација, или пак од современоста, не ретко се именувани, се идентификувани прецизно, како на пример во „Хајдушка полјана“ или „Викотници во змиска ноќ“. Стрпливо и упорно, авторот го забележува и обработува секој детал, понира длабоко во него, во душата и во свеста, го разоткрива и разобличува. Притоа веродостојноста како да станува врховно начело на човечка и на творечка етика. Иако тоа секогаш како по правили и штети на драмската структура и динамика, но, веднаш пак мора да ја истакнеме забелешката оти тоа е автор кој пред сѝ пишува драмски текстови за читање, создава книги за библиотека, а сценската реализација се јавува како второстепена заслуга на оние кои потоа ќе се нафатат за нивно оживување. Самиот автор почесто забележува оти во неговите драми има многу ликови, но оти при поставување, еден актер може да игра и повеќе улоги. Во тој прилог најуверливи се сценските описи кои претставуваат мошне тешки и честопати речиси неостварливи сценскипоставки. Поточно би рекле оти тие ја имаат магичноста на седмата уметност, на филмот. Користењето на фолклорот, што претставува тема сама за себе е авторска тенденција во создавањето на битова драма која извира од народот и животот и е нивна верна слика. Секако блиску сме до вистината оти во драмите на Молеров имаме уште еден пример на дело кое кажува и потврдува многу повеќе со своите уметнички пораки и вистини, од оние илјадници страни историски записи, документи, аргументи, чиј дел се и тие.
_______________________
1 Крум Михайлов, Димитър Шалев, Стари български родове, изд. на Отечествения фронт, София, 1989, стр. 198-229.
2 Ист, стр. 213.
3 Од разговорите со Милка Молерова, Софија, 25 јуни 1992, и со Драганка Молерова, Банско, 27 јуни 1992.
4 Васил Тоциновски, Народните дејци Димитар и Костадин Молерови, Спектар, Скопје, год. IX, бр. 18, декември 1991, стр.; Драмскиот писател Димитар Г. Молеров, Театарски гласник, Скопје, год. 16, бр. 38, септемри 1992, стр. 96-101; Драмата „Хайдушка поляна“ на Димитар Г. Молеров, Театарски гласник, Скопје, год. 16, бр. 38, септемри 1992, стр. 101-108.
5 Стойна пострумка, (Поема изъ българский животъ), отъ Д. Конаревски, печатница на Бр. П. Спиркови, София, 1896.
6 Д. Г. Молеровъ, (учителъ въ Сливенската д. м. гимназия), Стойна Пострумка, расказъ, III поправ. изд. Дружествена печатница „Трудъ“ въ Сливен, 1909.
7 Д. Г. Молеровъ, Стойна пострумка, Идилия (поема), IV преработено издание, печатница „Политика“, София, 1924.
8 Български прегледъ, списание за наука, литература и општествен животъ, год. IV, кн. IX - декемврий, София, 1897, стр. 118-121. Б. Ц. Стойна Пострумка, поема изъ българский животъ, отъ Д. Конаревски, София, 1896, стр. 49, 16, цена 30 ст.
9 Юнакъ, органъ на поборниците и опълченците, София, год. II, 13-ий Декемврий 1899, бр. 39-40, стр. 7-8. Л. Бобевски, студент по Историята, Критички отделъ, „Стойна Пострумка“ (поема) изъ българский животъ), отъ Д. Конаревски.
10 Летописи, двуседмиченъ прегледъ за политика, литература и наука, София, год. И, 15 Âнуарий 1900, бр. 5, стр. 102. К. В., Книгопис, Стойна пострумка, поема изъ българский животъ, отъ Д. Конаревски, София, ц. 30 ст.
11 Летописи, месечно списание, год. V, 15 Септемврий 1904 год., бр. 7, стр. 167-168, Книгопис, К. В., Стойна пострумка, расказъ изъ живота на македонските българи, отъ Д. Г. Молеровъ, Второ поправено издание, Пловдивъ.
12 Ник. Атанасовъ, За известните и замълчаните, Българска Сбирка, София, год. XIV, кн. 4, стр. 232-237.
13 Г. Т. Славомирски, Българската тажна поезия, изд. „Родина“, София.
14 Д. Г. Молеровъ, Тенка и Китан, идилия, III преработ. издание, печ. „Политика“, София, 1907.
15 Г. Т. Славомирски, Българската тажна поезия, изд. „Родина“, София.
16 Д. Г. Молеровъ, Жална ми бабо, послушай!, печ. „Родопи“ на Тод. Клисаровъ, София.
17 Д. Г. Молеровъ, Сведения за живота на Неофитъ Рилский, Новини, Цариград, год. VI, 23 Априлъ 1896, бр. 59, стр. 2.
18 Д. Г. Молеровъ, Дописки, Новини, год. VI, 28 май 1896 г., бр. 69, стр. 3.
19 Крум Михайлов, Димитър Шалев, Стари български родове, изд. на Отечествения фронт, София, 1989, стр. 205; Банско - книжевен център, изд. Музеен комплекс и Опщински народен съвет, Банско, 1989, страниците во книгата не се пагинирани.
20 Гълъбица Тодева, Книжевната и просветната дейност на Димитър и Костадин Молерови, Банско - книжовен център, изд. Музеен комплекс и Общински народен съвет, Банско, 1989.
21 Д. Молеровъ, Неколко думи за разложкото наречие, Новини, год. VI, 12 мартъ 1896, бр. 48, стр. 4.
22 Приносъ къмъ книжовния ни речникъ, отъ Д. Г. Молеровъ, Отдел. отпечатъкъ отъ „Годишника“ на Сливенск. д. м. гиманазия за 1908/9 уч. г. стр. 25-35.
23 Исвсетия на семинара по славянска филология при Университета въ София за 1904 и 1905 год., печатено подъ редакцията на Проф. Л. Милетичъ, уредник на семинара, София, Държавна печатница, 1905.
24 Митка Черганова, Културните традиции на Банско в съдбата на Никола Вапцаров, Банско - книжовен център.
25 Костадин Динчев, Банско и българската фолклорна култура, во истата книга.
26 Од разговорот со Драганка Молерова, Банско, 27 јуни 1992.
27 Теменуга Гецова, Популярноста на духовния живот в Банско, Банско - книжовен център.
28 Илия Конев, Банско като книжовен център, во истата книга.
29 Петър Динеков, Български фолклор, чест първа, изд. Български писател, София, 1990, стр. 148, 242.
30 Магдалена Шишкова, Банско и Никола Вапцаров, Банско като книжовен център.
31 Митка Черганова, исто.
32 Бойка Вапцарова, Никола Вапцаров летопис за живота и творечеството му, издателство на Българската академия на науките, София, 1978, стр. 30, 31, 32, 33.
33 Исто, стр. 33.
34 Исто, стр. 39.
35 Исто, стр. 41.
36 Исто, стр. 41.
37 Никола Ионков Вапцаров, Спомени, писма, документи, изд. Българската академия на науките, София, 1953, стр. 306.
38 Исто, стр. 29.
39 Исто, стр. 30.
40 Исто, стр. 32.
41 Исто, стр. 33.
42 Исто, стр. 34.
43 Исто, стр. 14, 17, 19.
44 Бойка Вапцарова, Никола Вапцаров летопис за живота и творечството му, стр. 51-52.
45 Крум Михайлов, Димитър Шалев, Стари български родове, издателство на Отечествения фронт, София, 1989, стр. 211.
46 Александар Алексиев, Основоположници на македонската драмска литература, II дополнето издание, изд. Култура, Скопје, 1976, стр. 267.
47 Д. Г. Молеровъ, Новото учене, (диалогъ), (изъ живота на селските учители), Новини, вестник политически, научно-литературен и духовен, Цариград, год. VI, 23 Априлъ 1896, бр. 59, стр. 2-3.
48 Д. Г. Молеровъ, Новъ даскалъ, комедия, IV коренно преработено издание, печ. „Родопи“ на Тод. Клисаровъ, София.
49 Библиотека на Институтот за национална историја, Скопје, Сл. I. 115.
50 Манол Пандевски, Учителското движење во Македонија (1893-1912), изд. Култура, Скопје, 1962, стр. 20-21.
51 Гълъбица Тодева, Книжевната и просветна деиност на Димитър и Костадин Молерови, Банско - като книжовен център.
52 Д. Г. Молеровъ, Змейкова невеста, оперна идилия в три действия, София, Кооперативна печатница „Едисон“, 1923.
53 Библиотека на Институтот за национална историја, Скопје, Сл. I. 111.
54 Фанија Попова, Македонската народна балада, изд. Наша книга, Скопје, 1990, стр. 44.
55 Исто, стр. 49.
56 Библиотека на Димитар Митрев, Скопје, Б. 2631.
57 Фолклорни материали од град Банско, записал Татяна Кметова, 16-22 октомври 1989 г., Българска академия на науките, Институт за фолклор, София, АИФ I, 44, I папка.
58 Гълъбица Тодева, Книжовната и просветната дейност на Димитър и Костадин Молерови.
59 Театар, Скопје, изд. Македонски Народен Театар, год. 2, бр. 6, сезона 1952/53, стр. 7-10.
60 Исто, стр. 7.
61 Од разговорот со Драганка Молерова, Софија, 1 септември1992.
62 Д. Г. Молерова и Асен Младенов, Викове в змийска нощ, изд. Ив. А. Кладенов, София, 1923.
63 Од разговорот со Драганка Молерова, Банско, 27 јуни 1992.
64 Гълъбица Тодева, Книжовната и просветна дейност на Димитър и Костадин Молерови, Банско - книжовен център.
Датум последње измене: 2008-03-05 18:35:13