Митрополит струмички г. Наум

Улогата на цар Јустинијан I во континуитетот на организираниот црковен живот во Македонија

Во периодот на првата половина од шестиот век во Константинопол се појавува правоверна и многу побожна царска династија која потекнува од нашите простори. Новите цареви го поведуваат Источното Римско царство по нов историски тек, во голема преродба и на световен и на духовен план. Предводник на оваа династија е царот Јустин, кој потекнува од малото место Бедеријана, кое многумина научници го препознаваат во денешното скопско село Бадер. За него во историјата е запишано дека иако бил обичен селанец, сепак бил многу интелигентен, мудар и прониклив. Тој од обичен војник напредувал до офицер и заповедник на императорската војска, а по смртта на ромејскиот цар Анастасиј (518 г.) бил избран за нов наследник на престолот.

Меѓутоа, сите заслуги и целата слава на оваа династија ги носи неговиот внук од сестра Јустинијан, кој бил негов советник и совладетел. По потекло бил исто така од Македонија, од околината на Скопје, од малото место Таврисион, денешното скопско село Таор. Лаичкото име му било Управда. Го наследил на престолот својот чичко Јустин во 527 година. Големината на овој цар е неразделно поврзана со неговата длабока вера. Верувал православно и живеел според верата. Во неговото житие стои дека за време на Великиот Пост не јадел леб и не пиел вино, а се хранел само со зелје и пиел вода секој втор ден. Бил успешен во војните и во работата. Изградил голем број прекрасни храмови, од кои најубав меѓу сите е Света Софија во Константинопол (Цариград). Го поддржувал развојот на монаштвото и устроил многубројни манастири, меѓу кои и манастирот на Света Екатерина на Синај. Во средината на шестиот век за време на владеењето на Јустинијан Први се одвива посебен процвет на градежништвото и во Македонија. Само две години откако се зацарил, во Константинопол го отворил првиот христијански универзитет, на местото од Атинскиот пагански универзитет, кој бил последен силен генератор на саморефлексивни мислители и дејци неподготвени да го прифатат патот на егзистенцијалната преобразба на човековото битие според образецот на Христовото Евангелие во кое, пак, Јустинијан гледал единствен извор на вистина, мудрост и светлина. Ги собрал и ги издал римските закони во познатиот Јустинијанов Кодекс. Самиот пишувал многу строги закони против неморалот. Го востановил празникот Сретение Господово. Пишувал и богословски дела. Ја составил црковната песна „Единороден Сине и Слово Божјо“, којашто од 536 година наваму се пее на светата Литургија. Го свикал Петтиот Вселенски Собор во 553 година. Се упокоил мирно на 14 ноември 565 година во осумдесеттата година од животот и се преселил во Царството на небесниот Цар. Не случајно Црквата Божја го вброила во редот на своите светители.

Несомнено царот Јустинијан бил најобразованиот човек во својот век. Како владетел ја отелотворил римската универзална идеја. Воспоставувањето на универзалното Римско царство било вековен копнеж на секој Ромеец. Светиот цар Јустинијан успеал со својот сестран дух и цивилизаторска моќ, а пред сѐ со својата длабока вера, тоа да го постигне барем во времетраење од еден краткотраен историски интервал.

Царот Јустинијан, како што вели единаесеттата новела од неговите законски зборници од прописи за Црквата, свештенството и манастирите (Novellae), сакајќи да ги возвеличи својата татковина и родното место, прво го подигнал градот Јустинијана Прима на местото на своето мало село и го назначил за епископско седиште на новооснованата Архиепископија Јустинијана Прима (Прва). На овој начин во 535 г. на територијата на Македонија била основана самостојната Архиепископија Јустинијана Прима. За прв архиепископ бил именуван Кастелијан, а нејзината канонска јурисдикција ги опфаќала областите: крајбрежна и средоземна Дакија, остатокот од Втора Панонија, Прва Мизија, Превалитанија, Дарданија и Втора Македонија. Јустинијан на новата Архиепископија ѝ доделил највисок можен ранг, веднаш зад Рим и Константиниопол, дури и пред Александрија, Антиохија и Ерусалим. Својата одлука од 11 новела од 535 г. царот ја потврдил со 132 новела во 545 г. Познати се и други архиепископи на Јустинијана Прима, како што се: Бененат, Павле, Јован I, Леон, и последниот - Јован IX, кој во 680-681 година учествувал на Трулскиот Собор во Цариград.

Веќе имаме нагласено дека суштинско црковно име на Македонската Православна Црква е Охридска Архиепископија. Согласно историските факти и Уставот на нашата Црква, на Црковно-народниот собор во Охрид во 1958 година во лицето на Македонската Православна Црква била возобновена Охридската Архиепископија, а Поглаварот на Македонската Православна Црква ја добил титулата Архиепископ Охридски и Македонски; случување кое Српската Православна Црква во 1959 година го потврди со своја соборска одлука, а што е уште поважно, го потврди со Литургијата на која Српскиот Патријарх Герман во сослужување со Архиепископот Охридски и Македонски Доситеј, како и со Бачкиот епископ Никанор, на 19. 07. 1959 г. во Скопје го хиротониса новоизбраниот епископ Преспанско-битолски Климент. Ова изворно и суштинско црковно име на нашата Црква – Охридска Архиепископија, во остварените средби со другите сестрински Православни Цркви, никогаш досега не било доведено во прашање.

Автокефалната Охридска Архиепископија како Црква со седиште на овие простори се темели врз уште постара Црква од шестиот век, а тоа е Црквата за која досега говоревме - Јустинијана Прима, во тоа време како што веќе подвлековме трета по чест меѓу помесните Цркви, после Рим и Цариград. Тоа е црковен и организационен континуитет на којшто секој може да му позавиди. Непобитен доказ за ова е фактот што многумина од охридските архиепископи се потпишувале и како архиепископи на Јустинијана Прима.

Соседните народи во текот на вековите оформиле свои сопствени центри на државна и на црковна моќ, откинувајќи, канонски или неканонски (како на пример тогашната Пеќска Патријаршија, а денешна СПЦ), територии што се наоѓале под црковна јурисдикција на Охридската Архиепископија. Токму тоа е сведоштво дека Охридската Столица не ја познавале и не ја чувствувале како свој црковен центар, но добро знаат и денес дека таа, со Охридскиот Универзитет, е нивен духовен и културен центар - од тука па до Русија - и извор на нивниот црковен, а да не кажам и државен идентитет.

Во ова се состои вистинското достоинство на Охридската Архиепископија и нејзината голема историска улога. Божјата Промисла го задржала Охридскиот црковен центар како оска околу која ќе се случуваат сите битни настани поврзани со временениот и вечен опстој и благобитие, како и со духовниот и национален идентитет на македонскиот православен народ. Затоа разнебитувањето на Охридската Архиепископија била основна цел на секој непријател на Македонија и на македонскиот народ. Но, ако е Господ со нас, кој ќе е против нас?! Затоа не можеме и нема да дозволиме никому да ги присвојува името Охридска Архиепископија и титулата Архиепископ Охридски. Напротив, би требало поглаварот на Македонската Православна Црква во својата титула ’Архиепископ Охридски и Македонски’ да ја додаде и апозицијата ’на Јустинијана Прима’, за да го посведочи континуитетот за којшто погоре говоревме.

Но да видиме накратко како се обезбедува ова единство и континуитет на Црквите - и денес, и низ вековите, па до есхатонот...

Секоја локална Православна Црква посебно, но и сите заедно, преку својот домашен Епископ во Светата Евхаристија, благодатно се проникнуваат и се поистоветуваат меѓу себе и не сочинуваат ништо друго освен Една, Света, Соборна и Апостолска Црква. Поделбата на помесните Цркви според просторот на државите во коишто дејствуваат (Македонска, Српска, Грчка, Бугарска итн.) е само административна, иако пастирски многу значајна. Со други зборови, сите локални Православни Цркви во Светата Евхаристија се поистоветуваат со Телото Христово, што значи и со првата Црква Божја основана во Ерусалим и со есхатолошката Црква во Невечерниот Ден на Царството на Отецот и Синот и Светиот Дух. Само овие Цркви, во пастирска и административна смисла, навистина се и можат да се наречат Една Црква зашто меѓу нив постои не само единство во верата туку и единство како благодатно битијно поистоветување и проникнување.

Погоре кажаното за неразделното благодатно единство на Црквата како денес така и низ вековите, воопшто, и посебно меѓу Црквите Јустинијана Прима, Охридска Архиепископија и МПЦ - накратко, но јасно, ни се открива во ‘тајната на апостолското преемство на епископите’, односно попозната како ’хиротонија на епископ’. Апостолското преемство истовремено е и Предание на вистинската вера (на вистината) и предавање на благодатта или светотаинско Предание, што значи совршување на Божествената Евхаристија и на другите Свети Тајни, односно ‘раздавање на благодатта’. Затоа секој православен христијанин и до ден денешен може на Светата Тајна Крштение и на Светата Тајна Евхаристија во своето срце да ја прима полнотата на благодатта, полнотата на Божјиот несоздаден живот и енергија, полнотата на Преданието.

Значи, благодарение на Бога и благодарение на Пресвета Богородица, Која во Свој дел ја добила Македонија како место за мисија, и благодарение на светиот Апостол Павле кој проповедал тука, па преку светите браќа Методиј и Кирил и нивните ученици, светите Климент и Наум, на просторот на Р. Македонија постои континуиран православен духовен живот и подвиг цели дваесет века. Но она што е најважно за нас и за нашиот посебен духовен идентитет, а за што посебно му благодариме и на светиот цар Јустинијан, е фактот што овој духовен живот е раководен од еден домашен црковен центар безмалку цели петнаесет века. Овој факт не треба да го превидува ниту нашата црковна ниту нашата световна историја.

Непрекинатиот православен духовен живот се одразил врз севкупниот светоглед на македонскиот човек низ вековите. Влијанието на православната духовност во сите области на световната и на црковната култура во текот на историјата се пројавува како постојан израз на преобразениот од благодатта личен творечки гениј на просторот на којшто живееме. За ова денес најдобро ни говори наследството на Црквата преку нејзиниот иконопис, преку нејзината поетска и дидактичка книжевност, преку нејзината архитектура, црковното пеење и другите сочувани естетски форми, кои истовремено и силно се канализираат сѐ до денес во нашиот современ начин на изразување и бивствување – не само во Црквата туку особено надвор од неа - како длабоко вкоренети и постојано плодни. Заради пример само, би се задржале накратко на суштинската взаемност меѓу православната теологија и православната црковна архитектура:

1. Догмата за Воплотувањето на Единородниот Син Божји, односно вистината дека Бог стана човек - или правецот на движење од небото кон земјата - во црковната архитектура се изразува преку куполата (симболот на небото) и нејзиното постепено архитектонско симнување преку тамбурот и системот на пандантисите (симбол на крстот), лаците и столбовите па сѐ до земјата. Не стана човекот преку самиот себеси Бог и затоа не познаваме во црковната архитектура шилесто движење од земјата кон небото.

2. Догмата за разликување меѓу Божествената суштина и Божествената енергија во Бога, која енергија светите Божји луѓе ја гледаат со своите преобразени сетила како несоздадена Божествена светлина, во православната архитектура се пројавува како минимална потреба за светлина од надвор и како минимална потреба за поглед кон надвор и расејување на сетилата – архитектонски изразена со малите и високо поставени прозорци во храмовите.

3. Мистагогијата или тајноводството во Црквата од пониските кон повисоките степени на духовен развој, од очистување преку просветлување до обожение, се пројавува во поделбата на храмовиот простор на олтар, главен брод, литија и нартекс во кој човекот преку западниот главен влез на црквата влегува и се движи кон олтарот. Православната црковна архитектура не познава главни странични влезови ниту подигнатост на нивото на храмот над нивото на земјата и заради тоа потреба од влез преку многу скали.

Вниманието врз нашето срце како центар на нашиот духовен живот опишано во православната етика и аскетика, како и соборот на светата Литургија како централно случување во Црквата, во православната архитектура се пројавува како архитектонско организирање на целото населено место околу православниот храм како негов центар, без оглед на тоа дали се работи за манастир, село или град. Ова најубаво денеска се гледа во архитектурата на православните манастири, итн.

Целиот овој синџир на Предание од светите Апостоли до денес, во кој позначајна алка е и светиот цар Јустинијан, а чии наследници и сведоци сме ние денес ни покажува дека Црквата не е и не смее да биде на маргините на нашето живеење. Пред малку намерно напомнав дека сме и наследници и сведоци на ова Свето Предание. Наследник е едно, а сведок е друго. Сведок е оној што е проникнат од тоа Предание и сведок е оној што со својот живот и подвиг се вткал себеси во тоа Предание. Сведок за нас во Црквата е оној што се восовршува во тоа што го наследил и автентично го предава наследеното. Сведок е оној што со Преданието не наследува само нешто минато туку и нешто идно, нешто што уште не е и веќе е. Залогот и полнотата на Царството Небесно. Поимот ‘сведок’ претпоставува одговорност и задачи.

Двоедна задача ни претстои нам во Црквата: самите себеси да се ‘очистиме’, ‘просветлиме’ и ‘обожиме’, да стекнеме мудрост и познание, а потоа и другите да ги научиме, да им помогнеме во процесот на ‘очистување’, ‘просветлување’ и ‘обожение’. Одговорни сме да го храниме и умот и срцето на народот којшто Господ ни го довери. Умот на човекот се храни со знаење за земните и за небесните нешта. Срцето на човекот се храни со плач, со молитва, со Света Причест, со љубов дури и кон непријателот. Само хранењето на срцето е онтолошко поврзување со Преданието што сме го наследиле. Единствено тоа ни дава можност однатре да му пристапиме и да го познаеме наследеното. Затоа што знаењето што е само инетелектуално гордее и разградува, а љубовта гради. Затоа што вистинското знаење и познание претпоставува љубов и заедница, всушност секогаш е љубов и заедница. Преку исполнување на Божјите заповеди стигнуваме до познание на Бога: Оној којшто ги исполнува Mоите заповеди е тој што ме љуби.

Севкупното Предание на Црквата секој православен христијанин го прима на денот на светото Крштение во своето срце. Актуелизацијата на Светото Предание на Црквата не е ништо друго туку актуелизација на благодатта на Крштението во нашето срце. Затоа, централно место во Преданието на Црквата од светите Апостоли па преку светиот цар Јустинијан до ден денешен, заземаат аскетско-исихастичкиот подвиг и светата Литургија или Евхаристија на Црквата како начин и место за откривање на бесконечноста на внатрешните простори на срцето и на Царството Небесно и силно сведоштво за нив кон надворешниот свет.

На Растку објављено: 2008-02-28
Датум последње измене: 2008-07-28 10:56:22
 

Пројекат Растко / Проект Растко Македонија