Ѓорѓи Калајџиев

Алтернативно живеење

На татко ми Никола,
наместо честитка,
за посмртно доделениот
„Орден на трудот со Сребрен Венец“
од Претседателството на СФРЈ.

ЗА ПОЧЕТОК


СОЛИЛОКВИУМ

ПОСТОИ НЕШТО
ШТО ПОБЕДУВА
МАГЛОВИТ ПРОСТОР,
ПОМЕЃУ МЕНЕ
И ПЛАЧОТ НА
ТВОРБАТА
ВРЕМЕНО БРЕМЕ
ВО
БРЕМЕНО ВРЕМЕ.
СПАСИ ГО СВЕТОТ
ПОБРАТИМЕ,
ПОЕТУ НЕДОРЕЧЕН.



НОВ ДЕН


НОВ ДЕН

СТАРИТЕ ЧАСОВНИЦИ
ОДДАМНА ГИ ОТЧУКАА
ПОСЛЕДНИТЕ СЕКУНДИ
НА ВЕКОВНОТО ПРОШТАВАЊЕ,
А МРТВИТЕ ГО ОДНЕСОА СО СЕБЕ
СВОЕТО ВРЕМЕ
ДА ЦАРУВА
ВО САМОТИЈАТА НА ГНИЛЕЖОТ.
СРПОТ ОСТАНА ДА ТАЖИ
ЗА РАЦЕТЕ
НА ЖЕТВАРОТ ОД ВЧЕРА,
ПОД СВОДОТ НА БЛЕДА
СКАМЕНЕТА РАДОСТ.
КОЈ ЛИ ГО КРАДЕ
СЈАЈОТ НА ДЕНОТ
БЕЗ ОБИЧАИ?
(ПЛАМЕНОТ ОД СВЕЌИТЕ ГАСНЕ)
ВО МРТВАТА ПРИРОДА
СО МИРИС НА ТЕМЈАН,
ВРЕМЕТО ГИ БАРА
СВОИТЕ ПАТЕРИЦИ.
ЗА НОВИОТ ДЕН.


ИСТОРИСКА РОКАДА

ГО УБИЈА
ВЧЕРАШНИОТ ДЕН.
НА КОНКУРСОТ
ЗА ЛАУДАТОР
НЕ СЕ ЈАВИ НИКОЈ,
СИТЕ БЕА СВРТЕНИ
КОН ЦАРСКИОТ РЕЗ.


ВАЛКАНОСТ

НАДВОР
ОД ПРОСТОРОТ,
НАДВОР
ОД ВРЕМЕТО
И НАДВОР
ОД СЕБЕ,
ВО ОБЛИК
НА ЧОВЕК
ПОРАСНАТ
ОДДАМНА,
ДИШАМ
ЧИСТ ВОЗДУХ.

ПРОСТОРОТ,
ВРЕМЕТО
И ЧОВЕКОТ
ВО МЕНЕ,
И УТРЕ БЕСРАМНО
ЌЕ ГО НАЧНАТ ДЕНОТ.
БЕЗ ИМПРОВИЗАЦИИ.


УРБАНО СЕКОЈДНЕВИЕ
(РАМНОТЕЖА)

ГИ ЧУРЛИ УШИТЕ
МОЈОТ МАЛ ГРАД.
ВНИМАТЕЛНО.
И ПО СЕКОЈ
НОВ ПЛАЧ
ОД ГИНЕКОЛОШКИОТ ОДДЕЛ
ГО МЕНУВА СВОЈОТ ОБЛИК...
...И ЛИЧИ НА БАЛОН.
НАДУЕН И ШАРЕН
НОСЕН ОД ЈУЖНИОТ ВЕТЕР
НА ЛОКАЛНАТА ВЕЧНА ПРОЛЕТ.
И СÈ Е ВЕСЕЛО...
СÈ ДОДЕКА НИЗ УЛИЦИТЕ
НЕ СЕ ПРОЛЕЕ
КОМЕРЦИЈАЛНИОТ ЗВУК
НА ГРАДСКИОТ БЛЕХ ОРКЕСТАР.
КОНЗЕРВАТИВЕН ЧИН
НА ЕДНО ЗБОГУВАЊЕ.


МОДЕРНИ СИНДРОМИ

ЕДНИОТ
ЈА ОПЛАКУВАШЕ
СВОЈАТА ПРАИСТОРИЈА
(ЖАЛЕШЕ ШТО
НЕ БИЛ ЖРТВА
НА ТАТКОВАТА МАСТУРБАЦИЈА
ИЛИ МАЈЧИНИОТ АБОРТУС)
А ДРУГИОТ
СВЕСНО ИЛИ НЕСВЕСНО
(СЕЕДНО)
ЗАДОВОЛНО МИЖЕШЕ
ПРЕД ВРЕМЕНСКИОТ ГАЛОП.
И ДВАЈЦАТА
БОЛЕДУВАА
ОД ИСТА БОЛЕСТ.


НЕМОЌ

НАДВИСНАЛЕ НАД СВОДОТ
ОНАКА ТЕШКИ И МРАЧНИ
ГОЛТАЈЌИ ГО ПРОСТОРОТ
ОБОЕН ВО СИВО,
ПА МИ СЕ ЧИНИ
КО ДА СЕ КЛЕТИ ГРЕШНИЦИ
ШТО ЗА ПРОШКА МОЛАТ
ПРЕД СВЕТИОТ ОЛТАР.
СУМ ГО СЕТИЛ ОЗОНОТ
НА НИВНАТА ВЕЧНОСТ
И ВЛАЖНОСТА КО ИСПОВЕД ПРОСТА,
КОЈА МЕ ТЕРА
ЛИКОТ ДА СИ ГО МЕНАМ.
ДОДЕКА НЕКОИ СО НАИВНИ ЖЕЛБИ
ЗА ГОЛЕМА ПЛОДНОСТ
БЛАГОДАРНОСТ КРИЈАТ.
ИСКОНСКА СВЕТЛОСТ
ЗА МИГ СЛЕПОСТ МИ НУДИ
И ОДЕДНАШ СФАЌАМ
СО ПРОДРУШЕН ТАТНЕЖ
ДЕКА СУМ САМО
НАБЉУДУВАЧ БЕДЕН.


ПОЛИТИЧКА КЛЕПТОМАНИЈА
(ПРОТЕСТ)

ЛУЃЕ
СО КУСОК ОД ЕМОЦИИ
ИМ ГИ КРАДАТ ЅВЕЗДИТЕ
НА ВЉУБЕНИТЕ

НИВНАТА НАМЕРА
НЕМА НИШТО ЗАЕДНИЧКО
СО ЉУБОВТА.


ПОРТРЕТИ ОД МЕСНАТА СОЦИЈАЛА

ВО ЛЕГЛАТА
СО СУПЕРИОРНА УДОБНОСТ.
ДОМИНИРААТ
ПРЕПАРИРАНИТЕ СИЛУЕТИ
НА ДЕЛ
ОД ТРЕТИТЕ ЛИЦА...

ДРУГИОТ ДЕЛ,
ОКОКОРЕНО ГО ТОЛКУВА
СОЦИОЛОШКИОТ ХОРОСКОП,
ВЕРУВАЈЌИ ВО
СКОРЕШЕН ШЕШ-БЕШ...

ПРВОТО ЛИЦЕ,
ГИ РЕГИСТРИРА ПРОМЕНИТЕ
И СО ТАИНСТВЕН ПРОТЕСТ
ГО КОНСУМИРА
ПОСТОЕЧКИОТ СУРОГАТ.


СОВРЕМЕНА ИНВАЗИЈА

ДЕТЕТО НА ПРОВИНЦИЈАТА
ГО ОПЛАКУВА
ИЗГУБЕНИОТ ШАРМ
НА СВОЕТО ГНЕЗДО...
ТОА,
НЕКОИ ДРУГИ ДЕЦА
СЕ ВГНЕЗДИЈА
И ГО ЗАГРОЗИЈА
УТРОТО
ВО КОЕ
ДЕТЕТО И БЕЗГРИЖНОСТА
СЕ КАПЕА ЗАЕДНО.


СТАТИЧНОСТ

ВО КУПИШТАТА
ОД СТАРИ РАБОТИ,
РЃОСАНА ПИРУСТИЈА
СО СВОЈАТА МЕСТОПОЛОЖБА
ДИСЦИПЛИНИРАНО
ИМ СЕ ДОДВОРУВА
НА СТРАНИТЕ НА СВЕТОТ.
ОБЛИКОТ
НА НЕЈЗИНОТО ПОСТОЕЊЕ.
СЕПАК ЗАПОСТАВУВА
ЕДНА ОД НИВ.

ДО СЛЕДНОТО
СРЕДУВАЊЕ НА ВИЗБАТА
ЗАПАДОТ ЌЕ ОСТАНЕ ОНАМУ КАДЕ Е.
- ДАЛЕКУ ОД НАС.



МАЛА ПАУЗА


ОЗАРЕНА РЕМИНИСЦЕНЦИЈА

НЕ ОБВИНУВАЈ МЕ ЗА ГРАБЕЖ,
ОВА Е НЕШТО ДРУГО...
УКРАДОВ ПАРЧЕ
ЕГЗОТИЧНО НЕБО,
ЧИЈА УТРОБА
ОНОЈ ДЕН
РАЃАШЕ КАПКИ
СО БОЈА
НА ПАПСАНО ЛЕТО.
МУ СЕ РАДУВАВМЕ
НА ДОЖДОТ
ИАКО ДОБРО ЗНАЕВМЕ,
ДЕКА НЕ ПАЃА
САМО ЗАРАДИ НАС.
УКРАДОВ ПАРЧЕ
ЕГЗОТИЧНО НЕБО
И ГО СПАСТРИВ
(КАКО НОВОГОДИШЕН УКРАС)
ВО КУТИЈА
СО ПОДЛОГА ОД ПАМУК.
ВО ИСТАТА КУТИЈА ВО ЧИЈА ВНАТРЕШНОСТ
МИРУВАА ДЕТСТВОТО
И МОИТЕ СНИШТА.
НА КУТИЈАТА СТОИ
ВПЕЧАТЛИВ НАТПИС:
„ПАЗИ КРШЛИВО
— МИНАТО СВРШЕНО ВРЕМЕ“


РАЃАЊЕ НА УМЕТНОСТА

НЕ УСПЕАВ ДА СЕ РАЗБУДАМ
ЗОШТО ВООПШТО И НЕ СПИЕВ...
ЧИНАМ ОД МОИВЕ ОЧИ
ГО ИСТУРИВ СЕТО ЗЕЛЕНИЛО,
ВО ЗЕЛЕНИЛОТО
ОД ГЕОМЕТРИСКА УБАВИНА.
СРЕДЕ ТРЕПЕТ
И ТЕМПЕРАТУРНА МЕНЛИВОСТ,
НЕШТО ГО НАДМИНА
ЕСТЕТСКИОТ КРИТЕРИУМ
НА МОЈАТА БАЛКАНСКА ДУША...
МУЗИКАТА И ПОЕЗИЈАТА
ДРУГАРУВАА СОСЕМА СПОНТАНО,
ВАГНЕР И ЈАС
ИСТО ТАКА,
НАД ЛИНДЕРХОФ.



АЛТЕРНАТИВНО ЖИВЕЕЊЕ


АЛТЕРНАТИВНО ЖИВЕЕЊЕ

ИНТЕРНО БУДЕЊЕ.
ПРВ УТРИНСКИ ЧЕКОР,
БЕЗИЗЛЕЗНО ВКЛОПУВАЊЕ
ВО ПРОСТОРОТ
И КРЕАТИВНОСТ ВО УМИРАЊЕ.
ПЛАДНЕВНА КОПИЈА.
ДЛАБОКО ВО МЕНЕ
СÈ ПОВЕЌЕ ЗБОРОВИ
ГУБАТ СМИСЛА,
СО ФРИЗИРАН ЕГОИЗАМ
ПО СЕКОЈА ЦЕНА
ПРАВАМ ОБИД
ЗА ГОЛЕМИ КОРЕКЦИИ.
ЗАДОЦНЕТО ПРЕВОСПИТУВАЊЕ.
И ПАК ГО ЧЕКАМ ОНОЈ МИГ,
КОГА СОНЦЕТО
ПО НЕКОЈ ОБИЧАЈ,
БЕЗ НАМЕРА
ДА БИДЕ СИМБОЛИЧНО,
ЗАЛЕГНУВА
ЗАД РИДСКИОТ КОНТРАСТ,
А ЛАКИРАНАТА МЕСЕЧИНА
ДИСКРЕТНО ЈА ИГНОРИРА
МОЈАТА ДНЕВНА АНАЛИЗА.
(ДОБРА НОЌ ВИСТИНО).


ЈАЛОВА МАМКА

ПРЕД ИЗГРЕЈСОНЦЕ
ГО ЗАПОЗНАА ЧОВЕКОТ
СО БИЗАРНАТА ПРИВЛЕЧНОСТ
НА АЗДИСАНАТА СЕНКА.
ВООДУШЕВЕН
ОД НЕЈЗИНАТА СТИХИЈА,
НЕОЧЕКУВАНО
ГО ИЗГУБИ ОРЕОЛОТ
ВО РАЗБРАНЕТОТО МОРЕ
ОД АМБИЦИОЗНИ
ПРЕОБРАЗБИ.
ОСТАНАТИТЕ ПРОТИВДЕЈСТВА
СЕ САМО
СПОРЕДНИ НЕШТА.


ЦРНА ХРОНИКА

ЕСЕН ВО ПРОЛЕТТА,
ЛЕТО ВО ЗИМАТА,
ПРОЛЕТ ВО ЛЕТОТО,
ЗИМА ВО ЕСЕНТА...
...А НЕКОИ ЛУЃЕ
И НАТАМУ,
МУ ОДБРОЈУВААТ
НА НОВИОТ ЕКСПЕРИМЕНТ.


ЕЛЕГИЈА ЗА НАТУРАЛИЗИРАНИОТ ПРИЈАТЕЛ

НЕНАД КОКОРОВИЌ
МУ БЕШЕ ИМЕТО,
ЗА КРАТКО.
БЕЗ ВИНА СТАНА
ЕДЕН ОД ОНИЕ
РЕТКИ ПОЗИТИВЦИ
НА ПРИКАЗНИТЕ,
ОД ЧИЈА СОДРЖИНА
ЖЕНИТЕ ПЛАЧАТ,
И МАЖИТЕ ПОНЕКОГАШ.
(ЛИЦА:
ДВА ПАРА РОДИТЕЛИ
И ТОЈ)
ОБИЧЕН,
СОСЕМА ОБИЧЕН ЧОВЕК
СО НЕОБИЧНА
ЖИВОТНА СУДБИНА.


МИНЛИВОСТ

ВО ИЗЛИТЕНАТА ШАПКА
НА ПЕНЗИОНИРАНИОТ
ИЛУЗИОНИСТ,
ПРЕГЛАДНЕТИОТ ЗАЈАК
НЕСПОКОЈНО ПОСЕГНУВА
ПО ДОВЧЕРА
ОМИЛЕНОТО ЛЕГЛО.
НЕ САМО
ОД ЕДНА ПРИЧИНА.


НАТУРАЛНА ТРАДИЦИЈА

ВЕТРОВИТЕ
ПОПУСТО ПРАВЕА ОБИД
ВО ЕГАЛНОСТ ДА ГО ОКОВАТ ДЕНОТ,
А ТОВАРОТ ОД НОЌНИТЕ МИСЛИ
КРСТОВИТЕ ГИ КРШЕШЕ БЕЗ БОЛ.
ЗРАКОТ ГО БАРАШЕ
СВОЈОТ СЈАЈ
ИЗГУБЕН ВО ДОЛИНИТЕ,
МОЛЕЈЌИ ЈА СУВАТА ЗЕМЈА
ЗА ПОМОШ.
...ОДНЕНАДЕЖ—БЕЛЕГ НА ДЕНОТ:
НЕБОТО СИ ЈА СМЕНИ БОЈАТА,
А СОНЦЕТО ДО НЕМАЈКАДЕ
БАРАШЕ ПРОСТОР ЗА ИСПОВЕД.
ОСТАНА САМО ВРЕМЕТО
ДА БИДЕ СВЕДОК
НА УШТЕ ЕДНА СМРТ.


ВНАТРЕШНА СИМБИОЗА

ПОГЛЕДОТ ОД ПРОЗОРЕЦОТ
НА МОЈАТА СОБА
Е СТЕРЕОТИПНА АСОЦИЈАЦША
НА ЗГАСНАТО ВЕГЕТИРАЊЕ.
ПЕРДЕТО
И ПОКРАЈ ТОА,
ГО ТРГНУВАМ
СЕКОЕ УТРО,
ЗАРАДИ СВЕТЛИНА.


ЌЕЛИСКА

ВО АГОЛОТ
ОД СИВИЛОТО
СО ЕДНОЛИЧЕН ЕНТЕРИЕР,
СЕДЕШЕ
И ЖАЛЕШЕ,
ШТО ЈА УБИ МУВАТА
КОЈА ПРЕД МАЛКУ,
ЗА МОМЕНТ
МУ ЈА ПРЕКИНА
ТЕШКАТА МОНОТОНИЈА.
ОСТАНА САМ,
СО СВОЕТО ЗГОЛЕМЕНО КАЕЊЕ,
СО ВИБРАЦИИТЕ НА
НАДЕЖНАТА РЕМИСИЈА
И СО СВРШЕНИОТ ЧИН
НА ЕДНА
ТРАГИКОМЕДИЈА.


ИЗЛОЖБА

ЅИДОТ
ОД БЛИСКИОТ СОКАК
СЕКОЈДЕВНО ОСАМНУВА
СО ДЕКОР ОД ОБЛАЦИ.
НА ПОМИН
ЗАБЕЛЕЖУВАМ
ДЕКА И ДЕНЕС
ДЕКОРОТ Е НОВ.
СВЕЖИТЕ ОБЛАЦИ
СЕ ЗНАК,
ДЕКА И СИНОЌА НЕКОЈ
ЗАДОЦНЕТ ЕПИЗОДИСТ,
ПОВТОРНО МОЧАЛ
ПОД ВЕДРО НЕБО.


НЕУСПЕШЕН БАЛАНС

НЕСАКАЈЌИ
ДА СЕ ПРЕДАДЕ,
СТАРИОТ РОКЕР
И ДЕНЕС МАНИПУЛИРА
СО СВОЕТО ВРЕМЕ
ПОД ДОТРАЕНИТЕ ФАРМЕРКИ
СЕПАК НОСИ ЅИВРИ,
ОД ЗДРАВСТВЕНИ ПРИЧИНИ.


ЗА КРАЈ


ИЗЛЕЗ НА СПОРЕДНА ВРАТА

И НАТАМУ
ГО СМУКАМ СОКОТ
ОД ПЛОДОТ
ИЗНИКНАТ ОД
ПАРЧЕ ЗЕМЈА,
ВО КОЈА МОЖЕБИ
ВЧЕРА НЕКОЈ
ГО ЗАКОПАЛ СВОЕТО
ВАЛКАНО МИНАТО.

СЕПАК
ВО МОЈОТ СТИХ,
МЕФИСТО НИКОГАШ
НЕ ЌЕ НАЈДЕ БАРЕМ
НИ ПРИВРЕМЕН ДОМ.


(1987)

Ѓорѓи Калајџиев со својата прва книга „Алтернативно живеење“ ја заокружува својата мошне успешна активност во рамките на манифестациите што ги организираше КММ во изминативе неколку години. Неговото име не им е непознато на оние што ги следеле или што земале учество во бројните младински книжевни манифестации во нашата Република, а мошне често и во другите средини, во Југославија.

Она по што остана забележан при своите настапи е главен белег и на песните од книгата „Алтернативно живеење“. Станува збор за иронијата.

Во книгата таа се варира, добива нови нијанси, се засилува или намалува, од песна во песна.

(Дури и многу топлата, човечки трогателната посвета од почетокот на книгата е своевидна животна иронија).

Калајџиев ги констатира нештата околу себе низ иронијскиот филтер кој, сепак, не може да го направи неповредлив...

Иронијата е небаре еден вид одбранбен механизам со кој поетот ја балансира својата чувствителност, ранливоста пред атаците од грубоста на светот.

Иронијата во поезијата на Калајџиев станува воедно и силно оружје со чија помош тој ја диктира дистанцата кон појавите што ги согледува, што благо, а сепак остро! ги дефинира во нивната согласност, сведеност до вистинската — демистифицираната мерка.

На тој начин, поетот е поткренат на извесна височина од која ги согледува нештата што болат. Но, не би станувало збор за поет доколку таа болка не биде творечки преживеана.

Јадранка Владова

На Растку објављено: 2008-02-27
Датум последње измене: 2008-03-05 18:36:20
 

Пројекат Растко / Проект Растко Македонија