Христо Андонов - Полјански
Европските држави и македонското прашање
Предметот на темата: „Европските држави и македонското прашање“ има за цел да ја изложи историјата на европската дипломатија и нејзиниот однос кон Македонија и посебно кон македонското прашање. Овој проблем содржи низа интересни компоненти поврзани главно со историјата на Македонија во XIX и првите децении на XX век, односно до Балканските војни. Што се однесува до претходните временски периоди треба да се нагласи дека Европа била заинтересирана за Македонија и порано. Може да се подвлече дека ова внимание можеме да го бараме уште во стариот век, во периодот на владетелството на Филип и Александар Македонски, потоа во римскиот и византискиот период. Посебно поглавје претставува периодот на Самоил и на неговото владетелство, како и на настаните по распаѓањето на неговото царство, во времето на крстоносните војни и во времето на турското навлегување на Балканот. Нов период настанува со проблемот на турското загосподарување на Балканот и нивното зацврстување на овој европски дел. Тоа е период на најголема заинтересираност на европските држави кон Отоманската империја за зачувување на нејзината целост, а во исто време и за разделбата на нејзините подрачја. Токму и во овој период се искристализира и таканареченото „Источно прашање“, како проблем за опстанокот на Отоманското царство, или за Османската империја. Оваа заинтересираност на европските држави опфаќала низа подрачја на Империјата. Тука била заинтересираноста и кон Македонија, односно кон македонското прашање. Ако појдеме кон разјаснување на дефиницијата на македонското прашање - тогаш можеме да појдеме од констатацијата дека со овој проблем ја означуваме не само борбата за ослободување на Македонија, туку и односот на европските држави за решавање на овој проблем. Развитокот на македонското и на источното прашање може да го разгледуваме низ неколку етапи.
1. Од турското загосподарување со Македонија (крајот на XIV век) до средината на XVIII век
Во овој период го забележуваме почетокот на заинтересираноста на европските држави за решавање на источното прашање со што и настанува и почетокот на овој проблем во европската историја, дипломатија и на меѓународните односи сè до завршувањето на Балканските војни, односно до пропаѓањето на Османската империја. Во склопот на ова прашање треба да се разгледува и заинтересираноста на европските држави кон Македонија, односно со време и кон македонското прашање. Основите на таа заинтересираност се поставени токму во овој период од што резултирала натамошната уште поголема и уште попродлабочена и развиена заинтересираност кон македонското прашање.
Кога говориме за источното прашање треба да нагласиме некои податоци за неговото настанување. Постојат повеќе мислења за настанувањето на овој проблем во историјата на европската дипломатија и во историјата на меѓународните односи. Повеќе автори сметаат дека под ова прашање се подразбираат сите борби за власт на теренот завладеан од Османската империја во целокупната негова историја или поспецијално од средниот век натаму. Други автори со овој поим ја ограничуваат дипломатската борба на европските држави кон решавањето на источното прашање. Постојат повеќе гледишта по прашањето за временскиот опсег во развивањето на овој проблем. Некои, почетокот го гледаат во загосподарувањето на Турците на теренот на Блискиот Исток и на Балканот; други, на битката кај Лепанто (1571); трети, на борбите на европските сили и на Русија за турските поседи по Кучук-кајнарџискиот мир (1774); и другите разбирања за периодот на Наполеоновите војни, потоа на Кримската војна; Руско-турската војна (1877/78) и на Берлинскиот конгрес и на натамошните настани, што го потресувале Балканот и Блискиот Исток.
Всушност, изразот - Источно прашање - е воведен во европската дипломатија на Конгресот на Светата алијанса во Верона (1822) и тоа поврзано со Грчкото востание од 1821 година. Меѓутоа, независно од тоа овој израз како меѓународен поим, како термин на дипломатската и политичката борба за наследството на Османската империја може да го следиме уште подалеку, во периодот на турското господарство, како почеток на нова ера во историјата на Европа. Иако изразот за овој проблем го наоѓаме така доцна, треба да го земеме предвид фактот дека тој постоел далеку во минатото и имал исто значење. Ова прашање во својата основа треба да се разгледува како типично дипломатско прашање, како прашање на заинтересираноста на Европа за опстанок на Османската империја, како прашање за борба на народите за слобода, како проблем за наследство на огромната и опширната империја. Опсегот на овој проблем временски опфаќа повеќе потпериоди: и тоа од загосподарувањето на Турците на Балканот до Лепанто; потоа, од Лепанто до 1683 година, времето на максималното турско напредување кон Европа и по 1683 година до средината на XVIII век, кога Европа засилено се заинтересира за Османската империја, во борбата против турската опасност во тежнението за елиминирање на турското господство од Европа и на тенденцијата за обезбедување на европското капиталистичко господство во подрачјата на Империјата.
Овој период се однесува и до развитокот на македонското прашање, иако, како што е тоа проблем со источното прашање, овој поим доцна влегува во дипломатскиот речник. Првин, тоа е развивање на интересот во склопот на целокупното решавање на источното прашање, зашто и не е ни можно неговото одвојување. Позасилен интерес е периодот на борбата против турската опасност - крајот на XVI, XVII и во XVIII век кога европските држави се заинтересирани за прашањето на Македонија, со изведувањето На различни проекти за решавање на нејзината судбина, со скитањата на македонските првенци низ Европа за спасот на Македонија. Во тој интерес бил вклопен планот на Европа за разрешување на источното прашање, а поврзано со тоа и прашањето на Македонија.
2. Од средината на XVIII век до Кримската војна
Од средината на XVIII век натаму се зголемува интересот на европските држави кон Османската империја, а со тоа и ангажманот за нејзиното наследство и опстанок. Сега сè повеќе започнуваат да се заоструваат односите помеѓу одделните европски сили по однос на Турција.
На влијанието на Австрија се спротивставува влијанието на Русија, а потоа на Франција и на Англија. Освен тоа и сама Турција започнува да игра своја сопствена улога на Медитеранот и на Балканот. Сè повеќе на нејзин терен започнуваат да се преплетуваат интересите на овие сили, кои со развојот на капитализмот го зголемуваат не само своето капиталистичко туку и политичко влијание. При крајот на XVIII век Австрија не можела повеќе да се шири за сметка на Турција и поради свои сопствени интереси се ориентирала првин кон делба на сферите на влијание во Турција, а потем кон одбрана на османскиот интегритет. Русија, од своја страна, обезбедувајќи го излезот кон Црно Море, настојувала кон обезбедување на натамошно влијание во Османската империја со тенденција за доближување кон Цариград, за загосподарување со Медитеранот. Тоа се гледа во таканаречениот „Грчки проект“ на Катарина II од 1782 година за разделба на Турција. Меѓутоа, таа наоѓала на сè поголемо спротивставување на останатите сили, што се одразило во нереализирањето на тие нејзини глобални цели, кое посебно ќе се изрази во XIX век.
Нов настан во развитокот на источното прашање настанал со Француската револуција и Наполеоновото владетелство. Во време на Револуцијата, Франција обрнала винимание и кон Турција. Со војните против Австрија и Венеција, Франција се доближила на Балканот со што нејзиниот интерес на ова подрачје добил очевиден карактер. Со тоа нејзиното влијание започнало да се шири на Балканот, да се зголемува нејзиниот интерес за балканските подрачја. Со директното ангажирање на Франција на Балканот тој нејзин интерес добил и материјален израз. Со мирот во Тилзит во 1807 година и за време на преговорите помеѓу Наполеон и рускиот цар Александар I, бил пројавен несомнен интерес кон Балканот. Се смета дека за време на овие преговори дошло и до извесно разделување на сферите на влијанието на Балканот. Во овие сфери била опфатена и Македонија. Тоа била и причината да се зголемат спротивностите на европските држави на овој терен, посебно помеѓу Франција и Англија. Имено, посилното ангажирање на Франција на Медитеранот, Блискиот Исток и Турција, претставувало сигнал за посилно ангажирање на британската дипломатија и на нејзините политички фактори на овој терен. Се настојувало да се минира француското влијание и посилно да се обезбедат британските позиции.
Оваа заинтересираност на европските држави кон источното прашање, а во тој склоп и кон Македонија и со време кон македонското прашање, не се отклонила од овој курс ни по паѓањето на Наполеон. Тој интерес бил и натаму активен и ангажиран, што се огледува во интересот кон српските востанија, Грчкото востание, руските тежненија на Балканот и Руско-турската војна (1828/1829), египетската криза (1831-1841) и акциите на Мехмед Али во Македонија и во другите делови на Балканот; реформите на Абдул Меџид и донесување на Хатишерифот од Гилхане (1839) и обидите за зголемено влијание на Русија кон Балканот, како предигра на Кримската војна.
3. Од Кримската војна до Источната криза
Источното прашање во периодот на Кримската војна добива нови димензии. Тоа е конкретен обид за разделба на османските подрачја, за реализирање на политиката на турското наследство. Тоа е време на силен ангажман на европските држави за решавање на ова прашање, за што и избувна Кримската војна. Парискиот мир 1856 година и донесувањето на Хатихумајунот од 1856 година, значи нов бран на директно влијание на европските капиталистички држави во работите на Турција. Сè повеќе Турција станува прицелна точка во политиката на капиталистичките држави. Таа се поставувала во полуколонијал назависност, особено спрема западно-европските капиталистички држави. Карл Маркс и Фридрих Енгелс пишувале дека Турција станала болно место на легитимистичка Европа и дека биле напразни обидите на државите што се обидувале да го задржат нејзиното распаѓање. Маркс и Енгелс ја подвлекувале констатацијата дека „присуството на Турците во Европа претставува само од себе сериозна препрека за развитокот на природните богатства на Тракиско-илирскиот Полуостров.“
Европските држави започнале со своите капитали да продираат во Турција со што се создал нов момент во односите кон источното прашање. Тој економски момент се преплетувал и со зголемено политичко влијание, кое сè повеќе започнувало да се шири во подрачјата на Империјата. Тоа предизвикало длабоки општествено-економски промени, кое се одразило и врз разраснувањето на национално-ослободителните движења, до нова постановка и на македонското прашање. Македонија станува прицелна точка во интересот на европските капиталистички држави. Во време на Кримската војна, а особено непосредно по неа, низа европски дружави започнале со отворање на конзулати, вицеконзулати и други претставништва и агенции, кои одиграле голема улога во запознавањето на ситуацијата во Македонија, на нејзините економски и други капацитети и на политичката состојба на овој терен. Со тоа заинтересираноста на овие држави кон Македонија доби нови димензии со што се создавале и основи во искристализирање на становиштата и основните појдовни точки на македонското прашање. Тука е пред сè интересот на Франција, на планот на Наполеон III за Балканот, на италијанските планови за Балканот, на новото раздвижување на Русија кон Балканот и засилување на идејата за панславизмот. Зголемен интерес и влијание пројавувала и Велика Британија за зајакнување на своето присуство. Во ист смер се движела и австриската политика и нејзините агресивни планови кон Солун. Во ваков раздвижен радиус започнала да се движи и политиката на балканските држави и тоа предимно на ослободените балкански капиталистички држави - Грција и Србија, како и со несмаленото дејствување на бугарската буржоазија, која го подготвувала својот агресивен план кон Македонија. Кон шеесеттите и седумдесеттите години на XIX век треба да го бараме периодот во засилено раздвижување на интересот кон Македонија и македонското прашање, кое значи негово актуелизирање во меѓународните односи.
Во следната етапа, во периодот на Источната криза, Сан Стефано и Берлинскиот конгрес, како и во периодот по конгресот па сè до основањето на македонското национално-ослободително движење, и поспецијално во предилинденскиот, илинденскиот и поилинденскиот период, ова прашање добива своја вистинска димензија на раздвиженост, кое се одразило во ангажираниот однос на европските капиталистички империјалистички држави за негово разрешување или поставување на пиедесталот на дипломатијата.
4. Македонското прашање во времето на источната криза, Сан Стефано и Берлинскиот конгрес
По седумдесеттите години на XIX век капиталистичките европски држави поминувале во првата етапа на империјализмот. Токму во овој период уште позасилено започнало да се актуелизира источното прашање, да се третира проблемот за опстанокот на Османската империја. Во ова време во Турција започнува се повеќе да се шири и зголемува влијанието на европскиот капитализам, што придонесува за нејзино претворање во полуколонија на европските капиталистички држави. Во ова време се создале услови за разраснување на национално-ослободителните движења. Во национално-ослободителната борба биле поставени различни пристапи за националното и социјалното ослободување. Овие национално-ослободителни движења стриктно се поврзувале со решавањето на Источното прашање. Ова прашање се актуелизирало до големи размери со избувнувањето на „Босанско-херцеговското востание“ од 1875 година. Ова востание даде повод да се дојде до меѓународна криза, до таканаречената „Источна криза“. Оваа криза во дипломатијата го опфаќа периодот од 1875-1878 година. Оваа криза доби поголем радиус со проширувањето на револуционерните движења и востанија во Бугарија, со „Априлското востание“ и во Македонија со „Разловечкото востание“ од 1876 година. Во истата година започнала и Српско-црногорската војна против Турција.
Оваа криза доби меѓународен дипломатски аспект со замешување на големите капиталистички држави, посебно на Русија, Англија и Австро-Унгарија. Овие држави сè повеќе го зајакнувале своето влијание и интересите во подрачјата на Османската империја. Интересите на овие сили се преплетувале на овој терен. При решавањето на Источното прашање секоја од овие сили поаѓала од свои сопствени интереси и цели. При прашањето за опстанокот на Османската империја овие сили пристапувале зависно од моментната ситуација и согласно на своите сопствени интереси. Тие тежнееле да ги сочуваат своите стратегиски, политички и економски интереси. За да ја сочуваат таа своја предност некои од нив ја штителе територијалната целост и се противеле на било какво ширење на останатите сили на овој терен. Така, Англија тежнеела да ги сочува патиштата за Индија; Австро-Унгарија сè повеќе се ориентирала кон Балканот, се стремела за пробивање кон Моравско-вардарската долина, кон Солун; царска Русија се стремела да ги искористи желбите на Јужните Словени за слобода и затоа зад превезот на „ослободителната мисија“ стоеле интересите на руските господарски кругови, плановите за светско господство. Прицелна точка на оваа политика бил Цариград, овој клуч на светот, за што говорел Наполеон. Сонот за Цариград служел како прицелна точка во царската завојувачка политика. Вакви интереси имале и балканските буржоазии, кои согласно на својата аспираторска политика кон Македонија се стремеле да ги реализираат своите завојувачки планови за разделување на Македонија. Сите овие сили моментот, што настанал со Источната криза, го сметале за погоден за да се остварат експанзионистичките цели, да се ангажираат поактивно во решавањето на Источното прашање. Поврзано со тоа се актуелизирало и македонското прашање.
Некои сили започнале поактивно да се ангажираат во Источното прашање. На прво место тука биле „најзаинтересираните“ сили: Русија и Австро-Унгарија. Царска Русија за да ги осигура своите балкански прашања се обидела да ја „неутрализира“ Австро-Унгарија во случај на евентуална руско-турска војна. Тоа се постигнало со „Рајхштатската спогодба“ од јули 1876 г. Со оваа спогодба се предвидувало добивање територијални аранжмани на Балканот.
Источната криза сè повеќе се заострувала. Колежот на конзулите во Солун, уставните реформи во Цариград - претставувале нов момент во Источната криза. Силите се обиделе преку своите амбасадори во Цариград, при крајот на 1876 и во почетокот на 1877 година, да донесат извесни реформи за средување на настаните на Балканот. Во дипломатијата овој собир носи име - „Цариградска конференција“. Оваа конференција ѝ предолжила на Портата да донесе решение за формирање на две автономни провинции на Балканот. Тие провинции ги опфаќале Македонија и Бугарија. Тие се ставале под контрола на големите сили. Меѓутоа, Портата ги одбила овие предлози. Тоа водело кон натамошно заострување на Источната криза. Во јануари 1877 г. Русија и Австро-Унгарија повторно усогласиле аранжмани за територијални промени на Балканот. Се останувало на поранешниот предлог за создавање на автономни држави. Ова согласување ѝ било потребно на Русија да добие одврзани раце во Турција. Тоа се одразило во решението да се преземе војна против Турција. Во оваа војна, позната како Руско-турска од 1877-1878 година, Русија успеала да ја потисне турската сила и да се доближи до Цариград и Дарданелите. Ова предизвикало ново меѓународно вознемирување. По склучувањето на примирјето на 31 јануари 1878 г. одново се раздвижи европската дипломатија во решавањето на источното прашање. Тоа добило поизразит карактер во времето на преговорите за заклучување на мировниот договор. Тогаш се појавиле и различни проекти за уредување на Македонија. Бил даден и предлог за автономија на Македонија. Дури и руската дипломатија го имала како алтернатива овој проект. Слични аранжмани правеле и Австро-Унгарија и Германија. Меѓутоа, со мировниот договор склучен во Сан Стефано (Санстефански мировен договор, 3 март 1878 г.) се изврши прекројување на картата на Балканот, во интерес на царската руска политика Македонија беше вовлечена во состав на новооснованата голема бугарска држава. Ова присвојување на Македонија беше извршено само во клаузулите на мировниот договор, бидејќи руските војски не влегоа во Македонија, а овој договор не стапи во сила.
Сан-Стефанскиот мировен договор создаде нова меѓународна криза. Европската дипломатија не се сложуваше со новата делба на Балканот, бидејќи таа не одговараше на интересите на политиката на капиталистичките сили и се рушеше рамнотежата меѓу самите нив. Сите капиталистички сили најенергично се спротивставиле на тој договор.
Дипломатскиот притисок ја принуди руската царска дипломатија на отстапки. Се инсистирало на промена на курсот. Тоа било условено и со одреден воен и политички притисок. Тоа доведе до ново дипломатско заангажирање. Така, овој постсанстефански период продолжил до јуни 1878 г., кога биле водени повеќе преговори, дипломатски средби и заткулисни игри. Главните дипломатски преговори биле водени во Лондон и Виена. Австро-Унгарија инсистирала на стеснување на границите на Бугарија и се заложувала за формирање на автономна единица - Македонија, независна од бугарското кнежевство. Според дипломатските документи од овој период царска Русија алтернативно се согласувала за овој предлог. Но, царската дипломатија се навраќала и на решенијата на Цариградската конференција. Германија го поддржувала австро-унгарскиот предлог. Англија дејствувала поенергично - таа се спротивставувала на „Велика Бугарија“ и затоа инсистирала за ревизија на Сан-Стефанската спогодба.
Во овие преговори царска Русија била принудена да се откаже од низа клаузули на „Сан-Стефановскиот договор“, особено со создавањето на „Велика Бугарија“. Таа се согласила иа негова целосна ревизија. До тоа се дојде на конгресот во Берлин (Берлински конгрес, 13 јуни-13 јули 1878 г.) Во мировниот договор наполно е елиминирано решението за создавање на „Велика Бугарија“. Македонија ѝ беше вратена на Турција, а со членот 23 се воведуваше административна автономија.
За време на донесувањето на Сан-Стефанската спогодба, во преговорите за ревизија на истата и за време на Берлинскиот конгрес Македонија и македонското прашање беа третирани мошне продлабочено од дипломатијата на европските капиталистички сили. Во овој период беше обрнато најголемо внимание на македонското прашање, со тежнение да се реши истото и да се исползува за интересите на овие сили. Со оглед на решенијата на Берлинскиот конгрес, македонското прашање стана актуелно европско прашање и не се симна од пиедесталот на дипломатските канцеларии и од интересот на јавноста и печатот. Со ова и развитокот на македонското прашање доби нови димензии и значење. Тоа доби политичка важност и се актуелизира во меѓународните односи. Тоа нарочно се изрази во натамошното влијание на капиталистичките сили и на балканските држави за обезбедување на сфери на влијание, на погодни позиции во овој дел на светот. Во натамошните децении тоа влијание се прошири до големи размери, а посебно се актуелизира во време на создавањето на основите на македонското национално ослободително движење.
5. Македонското прашање и европските држави во периодот на империјализмот
Во епохата на империјализмот националноослободителните движења претставувале посебен феномен. Според В. И. Ленин во епохата на империјализмот се засилиле стремежите за потчинување на слабите народи, кое од своја страна претставувало нов фактор во заострувањето на националното угнетување. Сето тоа било вклопено и опфатено во вителот на големата борба на империјалистичките сили за разделба на светот. Во таков сооднос се наоѓало и македонското прашање. Неговиот натамошен развиток бил зависен од политиката на империјалистичките држави. Длабоко заинтересирани за Османската империја, за нејзините патишта, што воделе кон Исток, империјалистичките сили не одминувале да го следат македонското ослободително движење и македонското прашање. Ова прашање, како и другите, го нарушувало и заострувало равновесието помеѓу нив.
Меѓународните односи од епохата на империјализмот силно влијаеле на Балканот. Пред сè заради тоа што сите империјалистички држави имале на ова подрачје силно влијание, свои економски и политички интереси. Затоа тие и се стремеле да ја потчинат Османската империја, а во исто време и балканските држави. Тие настојувале да им наметнат политичко и економско влијание. Но сите тие поради тие свои интереси не дозволувале нарушување на равновесието. Во периодот на империјализмот од крајот на XIX и почетокот на XX век, моментната констелација наложувала придржување на принципот на статус кво, со делумни интервенции, а без менување на постојната положба. Токму таква политика тие спровеле во поглед на Македонија и по македонското прашање. Целта била да се осигури целоста на Османската империја во која тие имале економски и политички интереси и престиж.
И во овој период, како и во периодот непосредно пред Берлинскиот конгрес, за „најзаинтересирани“ за приликите на Балканот се сметале: царска Русија и Австро-Унгарија. Русија и во овој период била заинтересирана за приликите на Балканот, за Босфорот и Дарданелите. Но поради далекоисточните заплети го сметала ова прашање за второстепено и работела по секоја цена да се сочува статус квото. Австро-Унгарија работела што повеќе да го засили своето влијание на Балканот, да ги оствари своите аспираторски намери кон Моравско-вардарската долина, кон Солун. Заради комплицираната меѓународна положба Австро-Унгарија не го сметала моментот погоден и дејствувала да се сочува редот на Балканот.
Овие сили овој свој однос го санкционирале и со посебна спогодба. Тоа е спогодбата од 1897 година. Во неа се потенцира принципот за одржување на статус квото на Истокот, зачувување на султановиот суверенитет и во случај на потреба силен дипломатски притисок за одржување на мирот.
Сличен став заземале и останатите империјалистички држави. Нивните интереси, во моментот, диктирале одредена политика за зачувување целоста на Турција. Во тој склоп се однесувале и кон македонското прашање. Меѓутоа и покрај вака прогласените принципи, овие сили, како и балканските држави, не отстапувале од курсот за зголемување на своите позиции и сфери на влијание. Имено, по 1897 година и по разраснувањето на македонското национално-ослободително движење, овие сили започнале уште поинтензивно да го зголемуваат својот интерес кон ова движење и глобално да се допираат и до разгледувањето на македонското прашање. Во ова особена улога одиграле дипломатските претставници на силите во Македонија, кои детално ги известувале своите влади за текот на движењето и на моменти наоѓале можности да сугерираат модуси за решавање на македонското прашање. Интересот се актуелизирал и со вниманието што на ова движење му го дал европскиот печат и европската јавност. Во овој период својот интерес го зголемиле и балканските буржоаски дипломатски кругови, кои ги проширувале своите аспираторски намери кон Македонија. Со сè посилното разраснување на македонското револуционерно движење, кое особено дошло до израз во првите години од нашиот век уште повеќе се зголемил интересот за немирниот македонски терен, а со тоа и за феноменот на македонското прашање. Активизацијата на ова движење претставувала голема пречка за нивните политички и економски интереси. Затоа и во ова време се проширил дипломатскиот притисок за изнајдување на некаков modus vivendi кој можел само делумно да ја реши кризата. Тука се предвидувале и можности за некаква интервенција, меѓутоа не коренита, а со тоа целосно не се решавал проблемот. Со засилените револуционерни акции во 1902 година некои сили отворено започнале да говорат за интервенција. За да ја попречи таа интервенција Високата Порта при крајот на декември 1902 година донела реформа за средување на приликите во Македонија. Овие реформи се наречени - „Падарски реформи“, бидејќи ја содржеле во себе само безначајната клаузула за назначување на христијански, наместо муслимански падари. Освен тоа, генералниот инспектор на солунскиот вилает - Хилми паша добил поголеми овластувања. Со овие безначајни реформи Портата се стремела да создаде впечаток за својата грижа да ја подобри положбата во Македонија. Со тоа не биле задоволни некои сили. Затоа на 8 февруари 1903 година во Виена од страна на министрите за надворешни работи на Русија и Австро-Унгарија бил донесен програм за реформи, наречен „февруарски реформен програм“ или „февруарски реформи“. Согласно на овој програм се преземале мерки за извесна реорганизација на турската полиција и жандармерија. Оваа реорганизација им била поверена на двајца европски инструктори. Исто така се предвидувал самостоен буџет за сите три вилаети. Реализирањето на овој програм одело доста бавно. Само биле назначени странски инструктори за реорганизација на полицијата и на жандармеријата. Овие реформи не донеле нешто ново и некакво подобрување на положбата на македонскиот народ или до коренито решавање на македонското прашање. Реформите претставувале продукт на интересите на империјалистичките сили, кои биле во овој момент заинтересирани за сочувување целоста на Османската империја. Меѓутоа, не треба да се одмине од предвид фактот дека овие реформи одново придонеле за актуелизирање на македонското прашање во европските дипломатски и политички односи.
6. Европските држави и Илинденското востание. Реформите за Македонија
Илинденското востание доведе до ново актуелизрање на македонското прашање во меѓународни размери. Низа империјалистички држави, а и балканските држави, биле изненадени од ваквиот потфат на македонските поробени маси. Востанието претставуваше ново нарушување на равновесието меѓу силите, загрозување на нивните политички и економски интереси во Османската империја. Затоа илинденските настани довеле до раздвижување на европската дипломатија. За да се реши настанатата криза, силите се ангажирале во обиди за изнаоѓање на некаков чекор за смирување на положбата. Уште во текот на самото востание големите сили поднеле демарши до Портата за тежнение за брзо установување на редот и мирот. При ова, Германија инсистирала за реорганизирање на војската, за поставување ред во земјата. Сите демарши немале некаков поголем ефект кај Портата и не се промениле работите во Македонија.
Одново се актуелизирало македонското прашање. Силите тежнееле да ги сочуваат своите интереси и примениле различни дипломатски махинации за некакво смирување на ситуацијата. Русија и Австро-Унгарија и овој пат не се застапувале за коренито решавање на прашањето. Англија, Франција и Италија се застапувале за воведување на поприкладни реформи во Македонија. Но и тие биле за статус кво. Сите биле сложни дека моментот е погоден само за финансиски и административни реформи. Се размислувало за преземање на нова реформна акција во Македонија. Ова се разгледувало низ дипломатските канцеларии. Во време на востанието во Париз и во Петроград изникнала идејата за свикување на пратениците на големите сили во Цариград за решавање на кризата. Меѓутоа, на тоа се спротивставиле Британија и Германија.
Велика Британија пројавила посебен интерес и настојувала за решавање на македонското прашање, кое со Илинденското востание влегло во нова фаза. При крајот на септември 1903 година британската влада излегла со сугестија за поефикасни мерки во средувањето на приликите во Македонија. Се предлагало алтернативно да се назначи еден христијански губернатор во Македонија без врска со Балканот или со силите потписнички на Берлинскиот договор или пак задржување на еден муслиман-губернатор, потпомогнат од европски советници. За советници се предлагале претставници на Австрија и на Русија. Натаму се предлагало назначување на европски офицери и подофицери, што би ја извршиле реорганизацијата на жандармеријата.
Овој проект предизвикал внимание сред дипломатските кругови и сред печатот. Во исто време започнале да се појавуваат и други идеи и предлози за решавање на македонското прашање. Такви се појавиле во круговите на дипломатите, сред печатот и јавноста. Најмногу проекти биле поврзани со давањето на автономија. Потоа, имало различни проекти за независна и слободна Македонија, за федерална единица во рамките на балканската федерација и др. Имало и пледирање за создавање на македонско кнежевство.
При крајот на септември се активирала дипломатијата на Австро-Унгарија и Русија за реформирање на Македонија. За таа цел средба одржале рускиот цар Никола II и австроунгарскиот император Фрањо Јосиф и нивните министри за надворешни работи. Средбата се одржала во Виена и Мирцштег, мало штаерско место. На овие средби се дискутирала состојбата во Македонија и се донел реформен програм на 2 октомври 1903 година. Овој реформен програм се вика - „Мирцштегски реформен програм“ или „Мирцштегски реформи“. Според овој програм кај главниот инспектор Хилми паша се поставувале специјални претставници („цивилни агенти“) на Австро-Унгарија и Русија. Се поставувал еден странски генерал со офицери за реорганизација на жандармеријата. Се барало преуредување на турската администрацнја. Требало да се изберат мешани комисии за управување со месната самоуправа. На бегалците и на постраданите од востанието им се надокнадувале трошоците. Се барало распуштање на нередовната војска. Се предлагале и други детали.
Овој програм на реформи ѝ бил предаден на Портата, но таа истиот го отфрлила. Со него биле запознаени и другите сили и јавноста. Силите извршиле силен притисок кај Портата и таа истите ги прифатила дури на 24 ноември 1903 година.
Програмот започнал да се реализира дури во декември 1903 година кога биле назначени цивилни претставници на Австро-Унгарија и Русија, а од февруари 1904 година веќе странските офицери преминале во Турција. За началник на жандармеријата бил назначен италијанскиот генерал Де Џорџис. Бројот на офицерите изнесувал 25. Македонија била разделена на сектори. Во секој одделен сектор се стационирале одреден број странски офицери. Така, Скопскиот вилает го добила Австро-Унгарија; Битолскиот - Италија; Солунскиот - Русија; Серскиот Санџак - Франција; Драмскиот Санџак - Англија. Германија управувала со жандармериските училишта во Солун.
Реформирањето започнало да се одвива дури од пролетта 1904 г. Тоа се одвивало во два правца: во дејност и контрола на цивилните претставници и во реорганизација на турската жандармерија од страна на странските офицери. Цивилните претставници ја контролирале турската администрација и спроведувањето на реформите. Најголем ефект имала реорганизацијата на жандармеријата.
Мирцштегските реформи не ја измениле коренито состојбата во Македонија. Тие, доследно на водената империјалистичка политика на силите, само делумно придонеле за подобрување на положбата во Македонија. Но имале значење за уште поголемо актуелизирање на македонското прашање во меѓународните односи. Најдобра анализа за значењето на овие реформи направи Димо Хаџи Димов, кој истакна дека со овие реформи Европа се доближила до самата измачена маса; со овие реформи опасноста за раскинување или окупирање на Македонија од некоја сила не била можна, со нив била прекината единствената суверена власт на Турција во Македонија; сега судбината на Македонците се наоѓала во рацете на Европа. Со овие реформи македонскиот народ бил признаен како борец за правдини и за слобода. Оваа меѓународна афирмација значела и политичка афирмација на Македонија и на македонското прашање.
По донесувањето на мирцштегските реформи, а со оглед на нивната ограниченост се правеле обиди за ново реформирање на Македонија. Такви обиди имало во декември 1905 година со донесувањето на финансиските реформи за Македонија. И овие реформи само делумно ги решавале проблемите. Во јуни 1908 година во Ревал („Ревалска средба“) Русија и Англија донеле проект за автономија на Македонија. Меѓутоа, Младотурската револуција од јули 1908 година го попречи донесувањето на овие реформи. Во 1909 година заврши реформната акција во Македонија. Оваа акција, иако коренито не го реши прашањето на Македонија и на македонското прашање, значеше раздвижување на Европа за решавање на овие проблеми. Со тоа заврши една значајна фаза во историјата на македонското прашање. Натамошните настани створија нови соодноси во развитокот на ова прашање.
Основни прирачници и литература
Дипломатски збирки и кореспонденција
1. Further Correspondence Respecting the Affairs of South-Eastern Europe. London - За Македонија под »Turkey« - Так. Сина книга - (В1uе Воок) Изд. Британски Парламент.
2. Documents Diplomatiques. Affairs de Macedoine. Paris. - Так. жолти книги. (Livre Jaune) во серијата Documents Diplomatiques. Affairs d’ Orient. Paris. Изд. Министерството за надворешни работи.
3. Diplomatische Aktenstüke über Reformaktion in Mazedonien. Wien.- Так. „Црвена книга“ (Die Rote Buch) Изд. Министерството за надворешни работи на Австро-Унгарија.
4. Documenti Diplomatici. Macedonia. Roma. - Так. „Зелена книга“ (Libro Verde). - Изд. Итал. Парламент.
5. Дипломатическая переписка. Реформьı в Македонии 1902-1903. СПБ. - Изд. Мин. за над. работи на Русија.
6. Die Grosse Politik der Eurropäischen Kabinette 1874-1914. Berlin. - Изд. Мин. за над. работи.
7. British Documents on the Origin of the War 1894-1914. London 1927.
8. Documents Diplomatiques Français (1871-1914). Paris. Изд. Мин. за над. работи. 9. Документьı из архивов царского и Временного правительства 1878-1917. Москва. Красньıй архив 1922-1925.
10. (Козъменко) Сборник договоров Росии с другими государствами 1856-1917. Москва 1952.
11. I. Documenti Diplomatici Italiani. Roma 1953.
12. Т. Томоски, Документи од Виенската архива за Македонија од 1879-1903. Скопје, 1955.
13. Д. Зографски, Извештаи од 1903-1904 година на австриските претставници во Македонија. Скопје 1955.
14. Annales de la Congregation de la Mission (Lazaristes). Paris.1903-1904.
15. Документи из турските държавни архиви. София 1942.
16. G. Noradoughian, Recueil d’ Actes Internationáux de l’ Empire Otoman. Paris Leipzig, Neuchatel 1903.
17. Б. Д. Кесяков, Приноси към дипломатическата история на България 1878-1925. София 1925.
18. В. Ћоровић, Дипломатска преписка Краљевине Србије. Београд 1933.
19. Љ. Лапе, Нови документи за Илинденското востание - Илинденски зборник. Скопје 1953.
20. Љ. Лапе, Неколку нови документи за 1903 г. - Годишен зборник 6 (1953)
21. Љ. Лапе, Извештаи од 1903 година на српските консули, митрополити и училишни ииспектори во Македонија. Скопје 1954.
22. Un-Non-Diplomate, La Question des Reformes dans la Turquie d’ Europe. Ехроѕе Documentaire. Paris 1903.
23. Македония и Одринско (1893-1903). Мемоар на Внатрешната организација. (Софија) 1904. (Исто на франц.).
24. А. Апостолов, Белгиски документи за Илинденското востание. - Илинденски зборник 21 (1969).
Дипломатски истории и истории на источното прашање
1. А. Débidour, Historie Diplomatique de l Europe. Paris 1917.
2. R. Pinon, Historie Diplomatique de 1515 á 1928. Paris.
3. Н. Наuser, Нistorie Diplomatique de l’ Europe. Paris 1929.
4. Џ. П. Гуч - Ј. М. Јовановић. Дипломатска историја Модерне Европе. Београд 1933.
5. W. L. Langer, The diplomacy of Imperialism, 1890-1902. I-II. New York 1935.
6. История Дипломатии. Ред. В. П. Потемкин. Москва-Ленинград 1945.
7. J. Droz, Historie Diplomatique de 1648 á 1919. Paris 1952.
8. V. Šulek, Diplomatska historija Centralnih sila 1882-1915. Zagreb1938.
9. Ward A. W. and G. P. Gooch (ed.), The Cambridge History of British Foreign Poicy, 1783-1919. Cambridge 1923.
10. Chéradame, La Question d’ Orient. La Macédoine, le chemin de fer de Bagdad. Paris 1903.
11. J. P. Marriot, The Eastern Question. London 1917 (повеќе изд.).
12. J. Ancel, Manuel Historique de la Question d’ Orient (1792-1925). Paris 1926.
13. Cognasso F. Storia della Questione dell’ Oriente. Torino 1948.
14. Г. П. Генов, Источният въпрос София 1926.
15. И. Алтънов, Источният Въпрос и Нова Турция. София 1926.
16. В. Поповић, Источно питање, Београд 1938 (Сарајево 1965).
17. Ив. Панайотов, Источният въпрос. - Голишник на СУ XXXIII (1936).
18. T. G. Djuvara, Cent projects de partage de la Turquie (1281-1913). Paris 1914.
19. С. Данев, Очерки на дипломатическата история на балканските държави. София.
Историја на македонското прашање и друга литература
1. X. Андонов-Полјански, Санстефанска Бугарија. Скопје 1968.
2. Истиот - Осврт на изворите и на литературата за односот на Европа кон Илинденското востание. - Годишен зборник 19 (1967).
3. Истиот, Македонското национално-ослободително движење до Илинденското востание - Југословенски народи пред Први светски рат. Београд. САН 1967.
4. Истиот, Ситуацијата во Македонија по Илинденското востание и Мирцштегските реформи. - Годишен зборник 8 (1955).
5. П. Милюков, Европейская дипломатия и Македонский вопрос. - Вестник Европъı III (1899).
6. A. Rougier, L’ Intervention de l’ Europe dans la Question de Macédoine. Paris 1906.
7. Ћ. Јеленић, Европа и Македонско питање. Београд 1908.
8. R. Pinon, L’ Europe et l’Empire Ottoman. Paris 1909.
9. А. Янков, Европейската дипломация и Македонския въпрос. София 1933.
10. А. Krainikowsky, La Question de Macédoine et la Diplomatie Européenne Paris 1938.
11. И. И. С. Галкин, Дипломатия европейских держав в связи с осво-бодительньıм движением народов Европейской Турции в 1905-1912 гг.- Москва 1960.
12. Истиот, Вопрос о реформах в Македонии и дипломатия империалистических держав в 1907-1908 гг. - Ученьıе записки Института славяноведения АН СССР XV (1957).
13. Е. Палоташ, Из дипломатмческой истории Македонского вопроса на исходе XIX века. -Аnnalеѕ (Вudapest) V (1963)
14. J. F. Voinov, La Question Macédonienne et les Reformes en Turquie. Paris 1905.
15. Draganof, La Macédoine et les Réformes. Paris 1906.
16. А. Geschke, Die Deutsche Politik in der Mazedonishen Frage bis zur Turkishen Revolution von 1908. Danzig 1932.
17. А. Тошев, Балканските войни. I-II. София 1929.
18. N. Каѕѕasis, L’ Hellenisme et la Macédoine. Paris 1903.
19. X. Батовски, Балканските држави и македонското прашање пред и по Илинденското востание. - Разгледи 10 (1968).
20. Книга за Илинден. Скопје 1969.
21. Илинден 1903. Скопје 1970.
22. Историја на македонскиот народ. Скопје I-III 1969.
Датум последње измене: 2008-03-10 15:35:38