Антонио Митриќески
Патување
- ВРЕМЕ
- ПРАЗНИОТ МИГ
- ПРВАТА ПЕСНА
- НЕМА ЗАШТО ДА БИДАМ ГОРД
- ЗА МАЈКА МИ МАРУШЕ
- ЛЕТЕН ДОЖД
- НАЈУБАВОТО МЕСТО
- ЦРВЕНО, ЖОЛТО, СИНО
- ПАТЕКА
- НЕСРЕЌЕН
- МОЖЕБИ
- ПАРАДОКС
- НЕЗАВРШЕНА ПЕСНА ЗА МЕСЕЦОТ И ДЕТЕТО КОЕ НЕ СЕ СПОМНУВА
- УЛИЧЕН СВИРАЧ
- ПЕСНА ЗА БРАТ МИ ИГОР
- ПРВО И ВТОРО
- ЛУЃЕ ПОМИНУВААТ
- ЛЕСНОВСКИОТ МАНАСТИР
- НЕПОВРАТНО
- ПЕСНА БР. 3
- ПЕСНА БР. 4
- ПИСМО
- ЛЕОПАРД
- ЦРВЕНИОТ ИГРАЧ
- ТАА
- ПАТУВАЊЕ
- ПЕСНАТА КАКО ИЗБОР НА ДУШАТА Ефтим Клетников
- БИОГРАФИЈА на Антонио Митриќески
ВРЕМЕ
Вчера цар
без мисли,
без грижи.
Летнува тоа.
Доаѓа денес.
Ме тера да размислувам.
Не сум повеќе без мисли,
без грижи,
не сум повеќе цар,
сè се менува.
ПРАЗНИОТ МИГ
Празниот миг е голема празнина,
не знаеш дали сакаш, дали мразиш или љубиш.
Стравот е црн и празен.
Ништото е празно.
Самотијата е празна.
Темнината е празна.
А, љубовта е полна со празнини.
Малку се воосхитните моменти
и тие се лажни и слаби.
Врбата овенува.
Облаците го засенуваат сонцето, темнина.
Празниот миг е голема празнина.
ПРВАТА ПЕСНА
Ја гледам,
нем сум,
молчам,
таа се смее,
радосна е,
припаѓа во друг свет,
подобар од мојот,
можеби и полош.
Не е важно,
се смее,
а јас не можам.
Да заличам малку на неа,
на пролетта,
на цвеќето.
Ме враќаат синџирите,
во зима,
сега.
Мило ми е горда е.
Се чувствува како кралица пред слуга.
НЕМА ЗАШТО ДА БИДАМ ГОРД
Го фрли предметот високо
И повисоко
И се изохоли
И стигна до една точка
И престана да се извисува
ЗА МАЈКА МИ МАРУШЕ
Пустињата не познава песок,
сè е песок.
Не ја познава ни линијата на хоризонтот,
сè е хоризонт.
Тука не остануваат траги,
како да оставиш трага по карпите
кои те водат до рабовите
на застрашувачките бездни,
низ незамисливите пештери,
а единствениот придружник е вртоглавицата.
Се шири мирис кој ги пополнува празнините
на нашето непознато.
Ми ја просветли мојата темнина,
со духовна труба ми ја објави
ни со ништо неспоредливата
желба за живот.
ЛЕТЕН ДОЖД
Полн е со возбудувања,
како срна е,
отпрвин нежен е.
До него си галејќи те.
Потоа го мразиш.
Треперејќи бегаш од него.
Внесува и страв
кога ќе се појави
светлината на небото.
Се слуша писок на деца,
сè појак е.
Луѓето ги тргаат главите
од пенџерињата.
Никого веќе не гледаш,
и од темнината е посилен.
Сè е празно и немо,
Двајца се кријат лулајќи се.
Звукот се растажува,
и писокот пак се слуша.
Спуштени капаци,
чадори не се гледаат,
радоста се враќа.
Смеење се слуша.
Џагор се слуша.
НАЈУБАВОТО МЕСТО
Избегав еднаш подалеку.
Го најдов местото на мртвите.
Сонував дека е тој град.
Чекав на тоа место.
Знам дека ме чека,
постојано му се доближувам.
Тоа ли е градот на соништата?
На мечтаеењата?
Велат дека постои.
ЦРВЕНО, ЖОЛТО, СИНО
Црвеното е јако,
Одвратно се смее, не бега.
Според тоа жолтото знаете какво е.
А штом знаете какво е жолтото
тогаш и синото е такво
какво што го мислите.
Немој да ме слушате
мене и него,
ние лажеме.
Лажеме за да не слушаме пак,
за да ни верувате пак.
Црвеното е и нежно,
убаво,
се плаши.
ПАТЕКА
(На Слаѓана)
Ја најдов патеката
и продолжив.
Темницата беше горда.
На небото долга лента од звезди
што ми го покажуваше патот.
Ноќните сенки оставаа впечаток
на некаква тврдина.
Шумата не пушташе никаков звук,
беше таинствена и силна.
Врвовите од боровите допираа до небото.
Под нозете ја чувствував земјата
и знаев дека не летам.
Одев молчејќи.
Во темницата почнаа да се распознава
силуета.
Имаше магичен израз во очите.
И блескаа солзи.
Еве сум,
ми се одзва.
Се покажуваа првите зраци на мугрите.
НЕСРЕЌЕН
Кога човек е незадоволен
се чувствува несреќен.
Кога човек е незадоволен
вулгарност се шири од него.
Кога човек е незадоволен
не го чувствува мирисот на липите.
Кога човек е незадоволен
облаците не му значат ништо,
тие се празни и бедни.
Не му значат и сите убавини.
Кога човек е незадоволен
месечината му е наивна
и провинциска.
Кога човек е незадоволен
дури и сенките се рамнодушни.
МОЖЕБИ
Можеби е и така?
Не се предава,
ја гледа неприметно.
А таа како да се страми.
Можеби му е подобро вака?
Можеби повеќе ја сака вака?
Можеби вака љубовта повеќе ја чувствува?
Можеби и тој се страми?
Можеби му е најмило кога ќе им се судрат погледите.
Можеби она со него си поигрува како со кученце.
Можеби не и е дојдено до неговите очи и поглед.
Но не е важно,
можеби е најважно
само да ги види нејзините очи.
ПАРАДОКС
Имам, малку ми е.
Имам го чувам.
Јас се сторив таков,
исто како околу мене.
Не можам да се отргнам.
Имам но и немам,
немам но го чувам.
НЕЗАВРШЕНА ПЕСНА ЗА МЕСЕЦОТ И ДЕТЕТО КОЕ НЕ СЕ СПОМНУВА
Еднаш, едно време беше тоа.
Патував со возот.
Крај без сила и без милост
беше тоа.
Патувајќи
месецот радост ми донесе.
Отпрвин го забележав,
почна да оди по мене.
Почна да рипа,
да се радува ко дете.
Го менуваше расположението.
Лицето му го познав,
беше ´ко натажено дете.
Почна да се плаши,
облаците го криеја
УЛИЧЕН СВИРАЧ
Во прегратка собран,
треперлив како цвет на ветар.
Се плаши од нас.
Ничкосана глава.
Брзи погледи.
Не ли е мака?
Звукот ни ја враќа радоста.
Плачеме во себе.
Ги припомнуваме деновите
за кои храброст немавме.
Дали јунак гледаме?
Љубов се јавува,
жалоста останува.
И последниот грош да му го дадеш...
Улицата живее.
Будалите умираат, припомнува.
Мали погледи,
Тагата ја зголемува.
Кому ќе кажеме?
Ве себе сме плачеле,
секој се сеќава,
тое беа правите години.
ПЕСНА ЗА БРАТ МИ ИГОР
Пред падот на прародителите
рајот и пеколот го доживуваше.
(Некој убива...)
Искушение колку што човек може да поднесе
и исмевање на луѓето.
Пред падот на прародителите,
само рајот го доживуваше нашата душа.
Колку човек може да поднесе?
Душата почнува да стенка,
па другите не излудуваат.
Во почетокот се прилагодува...
А после врзи ме.
Пред падот на прародителите
била некоја жена и ја држеле затворена,
деца ја каменувале,
таа беснеела.
Пред падот на прародителите...
ПРВО И ВТОРО
1
Регацо лесно како секогаш
и Морафија ја приклучи.
Почетоците беа восхитни
низ светлините треперливи.
Темнината дојде
и Регацо не можејќи побегнуваше
барајќи друга Морафија
2
Така сега две Морафии
Го жалеа Регацо.
ЛУЃЕ ПОМИНУВААТ
О Моја...
Еј Дива!
Убав ритам,
палките удираат...
Гитарата свири,
ситно, поситно,
опиши ја емоцијата.
А, луѓе поминуваат.
О бела роза!
Луѓе поминуваат покрај нас.
Тоа е крај.
ЛЕСНОВСКИОТ МАНАСТИР
Боже мој!
во почетокот луѓето ме излудуваа.
Боже мој!
Немам зошто да се гордеам,
па тој си го скрши носот,
Боже мој!
Па ти го отстрани стравот,
дали постои поголема - милина
во рајот од оваа која ја
доживува на земјата?
Па тој пред очите постојано ја носи смртта,
и на неа мисли секојдневно.
Боже мој!
НЕПОВРАТНО
Заборав....
Длабини...
Срца...
Кажи ни за нештата... Тогаш.
Облеано со мраз,
завиткано во пепел.
Испразни се пишувајќи,
најди го зборот,
спореди ја метафората.
Облаците се разведрија,
времето го споредуваме
и природата со господ ја врзуваме.
Мигот го пропуштаме, тешко, со ризик.
ПЕСНА БР. 3
Исправен од темнината
во заборав ќе влезам,
исправен како статуа
во симбол се сторив.
Ветерот влегува,
сонцето излегува.
Песок и прав.
ПЕСНА БР. 4
(На Слаѓана)
Повторно од темнината изронив,
Огнот се разгоре
во солзи се облеа,
ме прегрна нежно.
Гневот кој те заведе
и те наполни со маки
ми раскажа за минатото
и нежно ме допре.
ПИСМО
Напиши ми писмо,
топло и долго.
Што ќе се чита.
Бескрајно.
Што не ќе се заборави
ни во јавето на ноќта.
Што ќе ме води
низ лавиринтот на мртвиот град
и за миг вечен ќе ме стори.
И кога се ќе исчезне,
буквите како со тапо глето
исклесани на плоча
што тукушто ветрот
од песок ја исчистил,
ќе бидат сведок
на времето што безлично беше.
ЛЕОПАРД
Прашав што е месецот.
Симбол ми рекоа.
Прашав каков симбол.
На патот кој те носи,
на самотијата ми рекоа.
Јас пред месецот леопард ставив
и го подигнав на планински врв
и симбол тој се стори.
ЦРВЕНИОТ ИГРАЧ
Ќе го помниме по грдотиите,
како чудотвор.
Молњите ги превиткуваше,
очите ги светеше,
живите бегаа.
Ќе го видиме ли меѓу нас?
Уште да го помниме?
Качен на последниот врв.
Избеган меѓу дивите.
Ќе го помниме по грдосиите на денешницата.
ТАА
(На Слаѓана)
Ветерот дува,
ветерот носи.
Брановите брануваат.
Сонцето свети.
Песокот гори.
Таа ме мисли,
таа ме проси,
таа ми прости.
ПАТУВАЊЕ
1.
Родени сме,
сами,
ѕвездите се далеку,
сами.
Ме прашуваат зашто не сме заедно.
2.
Не се,
јас во мене го носам она што ти не го носиш.
Она што го сакам, но не можам.
Поради тоа сум сам,
со својата надеж.
Патувам и го барам тој што го бара истото.
3.
И така сам, навидум ко орел.
Без да ги гледам убавините и градовите,
како овенат грозд,
патувам во место.
4.
Минувам низ гори,
ги чекорам реките.
Се борам со животните,
но сето тоа е лесно.
5.
Тешка е мислата што ми го кине срцето,
што ми ја стега мислата,
очите ми ги јаде
и ми ја покажува самотијата.
6.
Неа никој не може да ја допре,
господари со најтемната ѕвезда во мене.
Ѕвезда, сега- замок црн и влажен.
Опколен со голема нежна ѕидина.
Небото горе е пусто и темно,
а од внатрешноста се шири одвратна миризба.
7.
И затоа пријателу те барам,
за да го најдам клучот на таа ѕидина.
Те барам тебе што го носиш
она што јас го носам.
8.
Ти не си овде,
ти не си ми ни пријател.
Си го изгубил и клучот,
или јас сум грешел
ти мене ме бараш.
ПЕСНАТА КАКО ИЗБОР НА ДУШАТА
Ефтим Клетников
Песните на Антонио Митрикески, наш познат режисер, во неговата поетска книга Патување се пред сè исповедени и затоа нивниот говор е искрен, спонтан и чист. Емотивен, отука тој е и превосходно лирски и се јавува како еден вид огледало, кое ја рефлектира душата на авторот. Во тоа огледало е отелотворено внатрешното настроение низ поетски слики и внимателно бирани симболи.
Какво е тоа настроение од кое испловуваат на површина и се кристализират јасните и чисти лирски медаљони на Митрикески? Тоа е пред сè самотијата, не како депресивна психолошка, туку како иманентна онтолошка категорија, која е карактеристична за нашето битие воопшто. Таква, таа многу поретко го допира очајот, иако и тој не и е туѓ, а многу почесто се распостила низ една нагласена меланхонија произлезена од нашата неможност да се споиме со бескрајот, како што е тоа во песната според која е именувана стихозбирката на Митрикески Патување „Родени сме сами / Ѕвездите се далеку сами / Ме прашуваат зошто не сме / заедно“, или од загубата на рајот со падот на нашите прародители во „Песната за брат ми Игор“ итн.
Се разбира, и самотијата и меланхонијата, како и другите теми што ги начнува во своите песни (љубовта, пријателството, мајката, смислата на животот, реалноста, сонот...) Антонио Митрикески не ги става во некој однапред смислен литерарно-филозофски, или поетички систем. Тие се едноставно и пред сè, како што би рекол Конески, „порив кој за смислата не прашува,“, затоа што таа е споредна во однос на него: поривот е тој што е главен и иманентен за самиот чин на пишувањето. Тоа е она што Гастон Башлар го дефинира како „спонтана онтологија“. Тоа пак значи дека битието работи, односно создава уметност без наредбодавен диктат на рациото, онака како што работи изворот изнесувајќи ја, непринуден од никого, длабочината да блика на површина на дофат на нашите дланки и усни. Човекот едноставно има вроден инстинкт (порив) да твори со збор, слика, звук, камен, или друг материјал и ако му се довери искрено и без поза нему, тој потечува од него спонтано како поток.
И кај Антонио Митрикески е таков случајот. Неговите песни, изврени од душата, немаат претензија за некоја посебна метафизичност, интелектуалистична рефлексивност и градење на посебен поетички постулат врз кој ќе застанат, или од кој ќе произлезат тие. Тие се емотивно крајно искрени и изразно кристално чисти и јасни. Душата во неговиот поетски случај е подрачје на топлите и едноставни чуства и копнежи, а не на нејасни метафизички спекулации. Тоа е само филтер низ кој минуваат, покрај одвреме - навреме ониричните, трпките егзистенцијални мигови и искуства на овој во добра мерка негостољубив свет, кого, и покрај сета негова суровост, Митрикески го доживува без горчина, со една типично лирска благост. Добрината, сочуството, љубовта кон саканата и блиските, пријателството се доблестите кој тој му ги спротивставува на таквиот свет. Во неговите песни тие се стреа за заклон од бурите на мачната егзистенција во која поетот е еден вид ловец на миговите, посебно на оние драгоцените што треба во менталната меморија на стихот да се спасат од страшниот брзак на хераклитовската река на минливоста. Таа онтолошка и творечка потреба, битна за секој автор, Антонио Митрикески во клучот на парадоксот сјајно ја дефинира во двата завршни стиха од лирски збитата песна „Парадокс“:
Имам но и немам
Немам но го чувам
Песната е чувар на она што ни е скапоцено како чувство, миг, идеја, дури и кога тоа не му припаѓа само на подрачјето на радоста и среќата. Антонио Митрикески е свесен за тоа и тоа е едеа од основните, ако не и основната мотивација да ги напише стиховите во оваа негова поетска книга, која ја поздравуваме и му ја препорачуваме најискрено и најсрдечно на читателот.
БИОГРАФИЈА на Антонио Митриќески
Роден во Скопје. Дипломирал 1987 г. на Државната школа за театар, филм и телевизија во Лоѓ, Полска, на отсекот на филмска режија. За време на студиите реализирал четири краткометражни филмови, и тоа: ДВОБОЈ, ДЕН, ВРЕМЕ И ЕХО. Автор е на две телевизиски драми, ИМА ЛИ ТАМУ НЕКОЈ (според Вилијам Саројан) и ЏАМБАЗОТ и КРЧМАРКАТА (според сопствено сценарио).
Во селекција на Државната висока школа учествувал и на повеќе меѓународни филмски фестивали: Оберхаузен, Минхен, Краков, Карлови Вари.
За филмовите ДЕН и ДВОБОЈ има добиено специјални дипломи и награда на градот Лоѓ.
Во 1991 г. го реализирал документарниот филм ЉУБОВТА НА КОЧО ТОПЕНЧАРОВ за кој е награден и со Златен медал за дебитантски филм на Мартовскиот фестивал за краткометражен филм во Белград.
Во 1997 г. го режирал долгометражниот филм ПРЕКУ ЕЗЕРОТО во македонско-полска копродукција.
Филмот учествувал на над 30 филмски фестивали, во сите континенти во светот и тоа во: Европа, Америка, Азија, Австралија и Африка. Има добиено награда од публиката и специјална награда од критиката во Сараево во 1997 г.
Во 2003 г. го реализирал долгометражниот игран филм КАКО ЛОШ СОН во македонско-хрватско-англиска копродукција.
Филмот светската премиера ја доживеа на дваесет и седмиот Монтреалски меѓународен филмски фестивал. Беше прикажан во официјална конкуренција каде што доби признание од фестивалот.
Антонио Митриќески работи како асистент по предметот филмска и ТВ режија на Факултетот за драмски уметности во Скопје.
Датум последње измене: 2008-03-27 21:14:55