Славе Ѓорѓо Димоски

Студен порив

На Јованчо и Александар
(2. VII. 1984, Велестово)

(бескрајна песна)

траги. По збор. ПРО-
ЗБОР. Меѓусебно
се препознаваат
зборовите
како војниците
маршираат по терените.
Главите им се во Етерот.
Нивните
паралелни краци
ме обвиваат
околу гушата.
По Етерот низ ходниците
маршираат. Маршираат
аглестите зборови
во взаемна врска
како војниците
исчезнуваат низ ходниците
и се јавуваат
во главите, вжештените
што забораваат
на себеси, по трагите
презборите по
зборовите. По — трага

РАДОСТ

Радост

Има тука нешто што те убива, па
тишината потскокнува, наутро успиени
ѕвездите се тркалаат преку моето чело.
Има нешто што те убива, јас, осамата
пред скриените прозорци, тука играта
назад смртта, капната
светлоста се врти
при далечен допир

на ретките нешта.

Утринска песна

отвори го окото
како меур сапуница
да се видиш
како леташ
над облаците
бидејќи летајќи
ја потикнуваш птицата
на просторот
а ветрот да се
р а з в е в а

отвори го и другото око
да се видиш во тревата
растопен со росата
зашто растопувајќи се
ја потикнуваш сапуницата
размачкана по лицето
мрморејќи ја утринската
мелодија
и воздивот
што те подгрева

и се гледаш око в око
со двата меура
што руменејат и треперат

зашто:

птицата се удави
во воздухот
а ветрот претера
сапуницата се раз-
мачка по лицето
со воздивот што те
подгрева.

Песна

Живеам само еден миг.
Овој миг исчезнувам и се претворам во звучно
                                                                      платно.
Овој миг е предолг за мојата смрт за мојот
                                                                кревок живот.
Само еден час затрупан во снег
во одгласот на хоризонтот во блесок внесен.
Во стрмните страни во развејаната грива.
Овој ден е предолг за мојот кревок живот
за гласот што се крева. Живеам
само овој миг како трева.
Високо како небото само еден миг.
Само еден и последен миг го имам
кога треба да се разбудам и да викам
само последен и еден миг кога викам
кога почнувам и кога завршувам
кога завршувам на сет глас кога викам
само еден миг живеам, само еден час

само во овој ден.

Тоа што го имаме во нас

Како е тоа тивко како
Трепери и исчезнува Како нè чува
Нè теши и штити
Од честото бегство кон бавчите стари
Скришум што ползат подигнати кон светот
Како е напуштено
Изубвливо и несфатливо Како
Минува по небото кога песот лае
И трча Како е звучно Завива

Ко залив Оживува по гранките
На кои висат нашите тела.

Бегство

Отровот е во нас (острата
дамка на сводот) пулсот
напнат — трчаме назад
— (исти) во кафезот отворен
кон сонот — го вдишуваме
облакот в-н-а-т-р-е
со чела потпрени
врз небото со раце намовнати
од стопеното олово
на планините — отровот
во нас — острата дамка
на сводот се ниша
и — паѓа
н-а-д-в-о-р

Илустрација, сè исполнетост

Поројот исполнува. Ведрината
се постила, плачливите
навици, наивците — часови
исполнуваат —

синото исполнува, белата
измаглица опкружува, лета
мувите исполнуваат, месечината
се стопува, се прелева,

остатоците исполнуваат снегот
што се пробива низ тебе. А ти
го преплавуваш воздухот
и исполнуваш.

Ако е вистина — се задушуваш.
Се исполнува просторот, сите
работи ги џвака, поплавува.
Вистина е. — Мрмориш.

Една состојба

го менувам лицето за празно, очите
ги менувам за ништо. телото
за својата отсутност.
го затворам меѓу клепките
И-МУ-СЕ осврнувам
како на сопствена
внатрешност.
тоа ме менува оти не ме познава.
виси на конец и ме менува
оти не ме познава.
се чуди
колку долго со мене збори. (!?)

(надвор од него темно е
и не се случува ништо.)

Влегуваме по тесните ходници во нас

влегуваме по тесните ходници
во нас влегуваме на север
по морињата во југ влегуваме
секој час во раната смрт
(ненајавена и предвремена) во снегот
што се лизга по калта влегуваме
во мигот што не ќе го измени
светот а ќе профучи ко ветар
во А и во О влегуваме во употребата
на јазикот во она што е поинаку
лепливо-мемливо-лепливо-магливо
што пушта жили во воздухот во ситната
врска со моќта влегуваме во лудата
што мириса
што мириса на сперма!

Главата напната во ведро

Главата напната во ведро
осветлена во ноќта отстрана
мижуркаво модро
мислата

од стебленцето го пие
сокот го дуе чадорот во воздухот
се лизга кроце низ маглата

Се криви и оди и од секаде
се враќа назад пресечена на прагот

Напната главата во ведро
небо низ прозорецот
диши
диши неутешно
диши

Одмор

Бреме е да седнеме
врз згазените пеперуги
од сонот

Да дишеме во себе
Простум да влеземе внатре

Нè прелетува птица
До нас стои замислен прч
Ветрот нè удира в глава
Бездруго е добар ден

во превртената чаша
над нас.

Одмазда

џелатот доаѓа на сцената
и-внимателно-ја-крева секирата
таква е неговата должност
                             преку-ред
                             опирајќи се
                             без почеток
низ изворот иднината, светлоста
го фаќа мечот — дури тогаш

во мрачната зора чиста е
чудесната игра со џелатот

Утеха

По играта, после сцената исто е
слекувањето до крв

тешкото дишење

фрлањето на накитот преку
прозорецот     лизгањето
по едната страна од сабјата

спуштањето на ролетните договарањата
зад нив     припремите

за долгите походи лебдењето
над острите спили како и
трчањето наутро

преку бунарот

Излез

Запаѓа светлоста
што нè врзува
околу — сонот околу
обата вовлечени
внатре со детски
скок повисоко од ноќта — надвор
ноќта потрчува
со височините и
спокојот — спокојот
провејува низ вселената (таму
крајот и осамата Безконечната!)

УТРЕ

Утре

Остави за утре.
Оддолжи за еден ден.
Остави во денов.
Одолжи за утре.

Секако, утре
ќе смекнат
сивите  конструкции
на денот.

Утре. Остави, оддолжи.
Замижи и заборави. Само
Внимавај на лифтот.
Тој ќе те одведе во утре.

Во еден миг се забавувам

Во еден миг се забавувам
со своето тело
Напуштајќи го скришум
излегувам од бавчата

Надвор длабокиот зенит
се извива во синкаст чад
Пробивајќи се низ зелените
латици гледа

Како настанува сè
од иста светлост
прелевајќи сè низ вековите
што ги издишувам.

Средба со пријателот пред ловечкиот дуќан

Не си ми рекол
дека орелот над
работната маса
е твој дека сам

ја гризеш насмевката
од инает можеш
да ме убиеш не
си ми рекол дека

телото го отвораш
кон прозорецот
и се надвикнуваш така
убаво со песот.

Надвор, во себе гледам

Го менувам редот
Божем правта во денот сам
Во него дури втасам
Надвор во себе гледам.

Кој знае, божем денот
Сам во прав се дига
На врв него гладна птица
Низ себе во мене гледа.

Божем правта во денот се крева
Маглата низ прсти ја точкам
Во редот сменет дури влезам
Надвор, во себе гледам.

Секоја ноќ го отворам прозорецот

Секоја ноќ
ширум го отворам прозорецот
за птицата
за милата сосетка.

После излегувам.
Лесно ми е во небото
да ги собирам
испаѓаните ѕвезди

Везден го повторувам истото:
Се враќам — И
за вчас ширум
го отворам прозорецот.

Илустрација, привид

Отворено е, во благ провев
војски влегуваат воена музика
низ скалите
ми се вровира под кожата.

И ја одделува како платно
од извиениот сплет на мускулите
ја кине, ја развлекува по
белите коски низ вировите.

Накрај, се смирува музиката, војските
се враќаат, искри среброто во очите
Мускулите во извиен сплет
одново ја навираат кожата.

Хаос, полноќен разговор со себе, предупредување

Трчаш уморен си внимавај на бетонот и
                                                      лалињата
Ловецот ти се вртка околу главата главата
полна ти е со срчи внимавај дури плачеш и
                                                              ѕвониш
нема никој но ќе ти отвори сепак се надеваш
                                                                  секако
јадеш како некогаш се влечеш по подот го
                                                               вртиш
отворот кон небото сега на ѕвездите лаеш
како куче но внимавај дури се смирува дождот
се извива околу гласот сиот зелен велам

внимавај пред отворот пред пајакот и вулканот
на леглото од змијата во ливадата дури снежи
внимавај пред мечот пред пушката и батеријата
срцето растреперено во небото дури да се смири.

Сино и темно

„Поларна галаксија“, слика од
Вангел Наумовски

Замрзнатите светови тонат
Во Сино и Темно.
Се нафаќа мраз Витоперје
Во Сино и Темно.

Нема ни сила ни светлина
Ни процеп низ кој ќе мине
Оладеното Сонце
Осамено и тромаво.

Замрзнатите светови
Ги ситни ситна светлост.
Се цедат галактичките зраци
Во Сино и Темно.

Патуваме, ветер од север

Патуваме, ветер од север
ја крева нашата лаѓа
лесна како птицата ја врти
провеана во с'ржта темна.

Удира ветер од север
по нашата лаѓа, паѓа
потајно во синото дно
облакот и напнато труби.

Ветер од север ја преврте
нашата лаѓа, нè голтна
и дури овде-онде сека нас
по небото морето нè носи.

Зимска песна

Дури ја очекуваме ноќта
собата се соблекува ептен
Гладните пци се препелкаат
среде, а надвор паѓа снег.

Тенок мраз кожата ја пали
Ветрот камшик ни удира в гради
Готово е: по јажето студот јази
кон сонот, во горните врати.

Дури ноќта не очекува нас
врз светлото мразурец расте
Тоа потонува, в шум гасне
а надвор: надвор паѓа снег.

Јануарско попладне

Денес врне снег.
Денес врне мек
снег. Сè е сток-
мено за в печка.

Дали и Зошто
врне снег, ре-
че и ја фрли
книгата во огнот.

Ова малце е ла-
га, ми се спротивстави
бегајќи низ оџакот
ЧОВЕКОТ.

Еве темен звук. Крај

Еве темен звук. Шуплив и
леплив мир, соседство празно.
Еве темно светло в пазува,
небројни зрна мрак над Арарат.

И, еве, чакал. Во грлата ни!
Разговор притаен вешто, сведен до крај.
Сиплив песок, воздух што заграбува,
неред, глас што не остава ништо...

...саде штур одѕив низ бездните,
саде долгиот плашт што мафта низ космосот,
И петте минути на здивот-чад
што се растура низ пештерите.

СОЗНАНИЕ

Сознание

Небото се дуе и плука по чардаците.
Зимата го затоплува својот чај и на прозорците
                                                                   се чешла.
Старците 'рзнуваат како ждрепци и внимаваат
на Хималаите како на случаен патник во зимско.
Понекогаш слегуваат во бунарот, а —
штом не можат назад
Се влечат во виделината која ползи по
                                                          наврнатиот рид.

Неподвижни работи

Сребреното оружје на ѕидот
со троа време улаво што
молчи мртвиот здив врамен
во старата слика од некој си
прадедо со златен синџир

на џамеданот и уште
дрвениот кревет студениот одѕив
во темницата — натаму
сковченото лице на старицата
намуртената месечина во ведрото

и уште

сфингите пирамидите небото
издупчено над лажните замоци
глувото блескотење во сонот начинот
на гледање во каменот смраченото

видело во прозорецот што
се врти Што се  в-р-т-и
под аркадата.

Обична приказна

Нашиот коњ (ах тој
добар и стар коњ)

Црниот наш коњ
Коњот железен

За јавач не те сака
Вели: НЕ!

(Собери си ги полињата
послани под него

и веќе оди си еднаш
кога ти вели НЕ.)

Зборува нашиот куќен
бог во долина темна

легнат. Гледај над вирон како
се смее блескав.

Тежина

Месечината ми минува
низ прсти

дури коњот го врзувам
за оградата

ем го затегнувам ременот
со мечот

препознавајќи го своето лице
во водата

и крвта од волкот
посипна врз снегот.

Темен коњ лежи над планините

Темен коњ лежи
над планините.
Темен коњ темел темен
темна подземна вода
што 'рмори
низ вековите.
Јас,
минувам под коњот,
мрачен и полуд
до глувост, во двиг
ги одбивам
глутниците мôра:
Што загубив тука јас?
Што загубив,
та воздухот стана тесен
и кон мене се влече
големата желка
од висините?
Врз планините лежи темен коњ.
Нозете му се во клисурите.
Темна подземна вода
што 'рмори во зглобовите
и ги придвижува вековите,
штамата — мовта врз нив
низ која се пробивам.

(Колку е страшен
тој Вознес!)
Што загубив тука што загубив
Јас? — го прашувам коњот.
А тој темен лежи
врз планините.

Скрб

Ноќе сум гугал во златниот дворец
по кралицата
откај убавата бавча
со втренчен здив во зелените латици
над водата, покрај патот.
А кралицата ѕирнувала низ прозорецот
пригушена со ветар со дожд
што удира косо и продолжува
во нејзината утроба дури
да секне надвор,
во другото стебло.

Длабоко пропаѓаш во мене

Длабоко пропаѓаш во мене

низ бршлените извиени во крвта меѓу
карпите под моите ребра по
сивите долини снежно подбелени и
тониш длабоко низ широките лисја
низ врвовите рамнодушно

во моето тело
во моето длабоко тело
во моето тело на дното замрачено студено

како пепелта пропаѓаш меѓу желки
и пијавици низ чадот пропаѓаш
се провираш низ шипје и викаш
со отворени очи:

дали  е  слободно!

(Поривот студен те таи настрана фрлен
Дробовите ти шлапкаат на ветрот како лисје
Ѕверовите рикаат во еха по твоите ходници
Јурат кон твојата крв е таа во ушите им ѕвони)

Рече: во другата соба сум сама

Рече: во другата соба сум сама. Патем
би го убила соколот, убавата прошетка
убавата и дива река, сопствените
колена би ги скастрила — сонувајќи рече.

Јас сум жеден. Никој не ме измислил
спитомен во младата жена, во благиот оган
што молчи, во балонот од магла и од диви
гулаби. Во оваа соба сум сам — реков.

За полжавите и печурките

По полжави и печурки одевме секогаш по росата. Се врвиравме во грмушките, ги раскопувавме корењата на шиповите и повитите, со стапови го распретувавме ланското, навлажнето лисје, а собраните полжави и печурки ги стававме во торбиња искаани и извезани со ветка. Сега некој ми врви низ глава, ми ја дели на два дела си пробива пат. И на двата дела ја чувствувам лигавоста на полжавите кои се лизгаат како по трева. Тој, некој секоја вечер се токми нешто да ми каже но го спречуваат печурките кои изникнуваат длабоко во мојата свест и го мамат. Некој исчезнува како нечисто парче светлина. Цела група одевме по полжави и печурки, секогаш по росата, кога по влажното лисје и трева ќе огрееше пролетното сонце. Сега сам, секоја вечер се враќам откај подолгиот пат, откај кејот и го заборавам ветрот што ми вее во коските предизвикан од темницата и влажноста. Тоа патување ми е убаво и затоа ги барам спомените за печурките и полжавите. Ги чувствувам по моето лице и раце, по цревата, по стомакот изникнуваат и лазаат. Не можам да речам дека тоа ми прави некакво задоволство. Дури и се грозам, го напнувам жлудникот. Со полни торбиња ќе седневме на Каменот, ги броевме печурките и полжавите и по токму си ги делевме. Но... еве, пак се соочувам сам. Јас и во пресрет ми доаѓа Јас со полна уста печурки и полжави. Пак ќе се вратиме и ќе се вровираме во грмушките, покрај корењата на шиповите и повитите, ме потсетува. Сепак јас не губам време, брзам, Јас како и Некој исчезнува и ме пречекува познатиот глас на кучето врзано за оградата: Тешко, многу тешко ми доаѓаш ноќва. Како и секоја вечер не му се обѕрнувам со внимание и полека влегувам во познатата просторија, ја палам светилката и се зафаќам со работа: ги барам полжавите разлазани по подот и ѕидовите, и печурките изникнати по креветот.

Градина за одмор

вечната градина

Таква беше нејзината функција во последните години од животот на дедото Андон кој чувствувајќи ја смртта која брзо ќе настапи и ќе му го урне телото се пресели во неа да се одмори и да ја преуреди градината да ја направи онаква каква што му се кажуваше во сонот и сите нас не убедуваше дека таа е вечната градина и во тоа страшно веруваше дедото андон толку ја прилепи до срцето градината која во последните години од животот му служеше за одмор на неговата болест и со чекори ја мереше надолж и попреку застануваше откај зајдисонце да си ја види сенката до каде му стигаше и дотаму после мереше со чекори и ставаше камен како нишан (до крајот на животот на разбравме што му значеа тие нишани) а ноќе дедото Андон одеше до изворот и ја вардеше истутканата месечина од која страна повеќе ја осветлува градината и тоа место го бележеше со дебела линија во грутчестата земја и пак со чекори го мереше и премеруваше местото осветлено од месечината додека пак страната која завлекуваше во шумата ептен ја запостави бидејќи таму под сенките на дебелите дабови постојано беше влажно и темно и тоа не му годеше на дедото Андон влагата и темницата силно влијаеја врз болеста во градите која ја доби овие години и како што му велеа лекарите особено да се чува од влага и темница дедото Андон сите такви места ги одбегнуваше зашто му ја носеа грозната кашлица во градите.

прекопувањето

Прекопувањето на градината беше напорно и долго но на помош никого не сакаше дедото Андон бидејќи мислеше дека ќе му ја расипат работата и ќе му ја упропастат замислата а со тоа ќе му ја влошат и болеста зашто градината требаше да биде исклучителна и единствена тоа беше неговата последна желба сам да си ја уреди не по свој вкус туку онака како што му се јавува во сонот оти таа е вечната градина и дека така му е наредено од сонот но што е најважно вели така се одмора и нему и на болеста во градите му е потребен одмор и затоа се даде на исцрпна работа ги редеше ги токмеше леите правеше чудни виулести патеки меѓу нив кои најмногу потсеќаа на змија а и змија е велеше тивко и зарипнато дедото Андон змијата треба да се направи во градината како што му наредуваат во сонот.

душа извиена како чад од цигара

Но една утро небото се наполни со ниски и црни облаци кои ја затемнија градината и над неа фркнаа молњи и грмежи заврнаа силни дождови кои му ја донесоа несреќата на дедото Андон така што болеста во градите му заигра со денови и ноќи не можеше да го смири кашлањето и сигурно требаше да се случи смртта мислеше тој зашто му престанаа соништата и заповедите од нив и ја прекина работата во градината оти силните дождови му ја донесоа неговата несреќа ни леите ги нареди по замислата ни змијата ја направи во очај паѓаше кутриот дедо се додека не се освести во болницата во оној миг кога престанаа дождовите и погледна низ прозорцот кон градината во синилата откај што се креваше само бела магла и ништо не можеше да забележи иако ден и ден гледаше на таа страна и им се спротивставуваше на лекарите кои насила го легнуваа во креветот се опираше и ако кашлицата го гушеше во градите и ја цепеше одајата сè додека не му се истроши силата викаше се тргаше и се лепеше на прозорецот од кој се гледаше белата магла во далечината но кога папса легна на креветот и како што кажуваа другите ја виделе неговата душа која се извила како чад од цигара и се собрала во еден агол на прозорецот чекајќи некој да го отвори за да излезе и додека стоела така собрана телото на дедото андон потскокнувало во чудни грчеви и сè до утрото додека лекарите не го отвориле прозорецот не се смирило тоа

така умрел дедото Андон

ние пред да го погребаме телото во сандакот го поминавме откај градината му ја отскривме главата и го оставивме да постои така до изворчето потоа го погребавме според сите обичаи.

опис на градината

Градината почнува откај брегот необично кон средината се шири и најмногу тој дел е посаден со јаболкници тука се наоѓаат колибата и изворчето со чиста војца и раскопаната земја која ја дотеруваше дедото андон сакајќи да ја направи според наредбите од сонот а погоре со горниот дел завлекува во шумата под студените сенки и тој дел скоро да е пуст.

Навечер кога над градината ќе светне месечината ноќните патници забележувале дека од неа излетувала голема птица силно удирајќи со крилјата во темницата така што гласот одекнувал како куршум во околината право се спуштала во градината на она место кое најмногу е осветлено од месечината.

Лесна земја

И, кога ќе свратиме од животот
низ некоја удолница-темница
и кога

низ безумното мафтање со глава
во власта на тајниот ветар
ќе пречекориме, ќе шепнеме (и-ха-ха)

Лесна ни земја.

Вечерна песна

Во темното небо се губат темните гори.
Во темното клопче издишува темната трева.
Во темното светло темниот Творец.

Во темните пори: душата и твоето слепо око.

Во темното стакло свиреж на темниот вокал У.
Во темната празнина расејани ѕвезди.
Во темниот звук темно самување.

Во темниот град се губи темниот шетач.
Во темната вода се дави темниот веслач.
Во темната игра исчезнува темниот играч.

Во темните гори се одмотува темното клопче.
Во темната трева паѓа темното небо.
Во темниот Творец одекнува зелениот1 вокал У.

Во темното зрно песок темна светлост темен блесок.

1 Бојата на вокалот У е земена од Рембо.

Нижанка

(Топонимска снимка на атарот Велестово)

бутејон-балјак-вртон
герека-гарга-синадоец
вореја-врвеш-врвон
белкој-браќа-блегоец

корита-слива-тримажи
мегдани-миткобунарче
вој кине-крстец-врвеш
горнистуденец-јаворче

зглигабер-калишта-рогуз
без де ј ца-дрзгана-кучополе
и здравоцен и глоѓо и гога
чашкана-вар-долтополе

широкаледина-рамнанива
асанџура-џафа-горна
славко ј нив ј е-синионбунар
гавран-селиште и долна

леѓен еленврв-глача
красје-колкон-клена
кондарица-старарача
вилојца-гла и дрена

Магла

Ајде да ја издуваме маглата пред да ги навлече
                                                             нараквиците
и пред да се стесни во празното шише
и да излеземе оти премногу е слаба нашата сила
дури ја гледаме реката, отаде реката шумата
расфрлените црти по образите
дури пасе маглата
да ја издуваме низ пластични цевки од божјето
                                                                           око
да ја изцицаме да ја претвориме во здив
оти премногу се слаби нашите мускули
и се кршат нашите коски расфрлени наоколу,
                                                                     висат
на влажните телефонски жици, премногу
се стеснуваме во празното шише
и што чекаме уште, па ајде
да ја издуваме маглата низ нашите жили
(јас сакам, исто, многу сакам да ја измешам
во мојата крв)
низ нашите дрски лица
низ добрите, низ стаклените, низ глувите примки
низ намерите, низ пенливите улици, низ
оптегнатите антени
со прекрасни вршиња
на кои се вее како облека

во разбеснета пена, во пена преплавена, во згура
па да издишиме магнетисани
од маглата
да го спуштиме погледот, да се лизнеме низ
                                                       стаклото, и
уште свртени наопаку
од одвратниот сон за маглата
уште втонати (а пред да се втурнеме пак во
                                                               магла)
како полжави
да излеземе
на вишинката.

ДОДАТОК: ПЕТ МАКЕДОНСКИ ПРЕРОДБЕНИЦИ

Теодосие Синаитски

(предание)

По студеното небо оди сам белиот дедо.
Го минува о начело до конец секојден
од век до век ние зборот прв
во старата скаска. Во бранови навева снег
и во срцето му се пласти. Одвнатре
го подгрева сила. Си ѕирка белиот дедо
во горчливата жолчка од век-на век
мрачно впиен, мрачно внесен.

Марко Цепенко

(сказна)

Еве го, како Силјана Штркот
Питомо ја разгледува околината:

Ритчињата се смрачуваат, дрвјата се смрачуваат
И селата и тревата и небото се смрачува
И душата низ која провева ветрот.

А тој е незабележив за околината
Како зафрлени зрна, како измаглина.

Окото му побелува пред смртната кошула.

Само жарот што му ја заменил крвта
ќе го дигне

да летне.     Толку далеку
Во една убава земја.

Константин Миладинов

(монолог I)

Снегот пред темниве очи
се пласти ко темна риза.
И ми мрзне темнава душа
како планина во длабока зима.

И дрвјата се кршат и патот
в магли фаќа. Но пука
душата, небаре тенка жилка
упропастена од мразот.

И се разлева, загрнува и препознава,
но стапица веќе ѝ сè спрема.
Ете, гласот со мојте крилја
ко пеперуга по тревата игра.

И нишките мои, топли лачи
по полјанките и долинките ползат
раздразнувајќи ја земјата-жена
со својот јазик што ме разложува.

Григор Прличев

(монолог II)

„Грцкиј Патрик ќе ни сториш

славна охридска столица

Строшена ми е душава, говорот го губам
Го заборавам името, од искони жедта
Ме напаѓа мноштво, своја сум си урнатина.
Што се спушта во сомнението
Многу повеќе во рамната плоча на водата
Што ме опфаќа и отфрла
Од оние што ги среќавав, тивко што одминувале
А ми недостасувале, толку ги сакав
Јас што верував, а загубив верба.

Рајко Жинзифов

(размисла)

„На злоба те станаха жертва“

Промената на просторот е како промената на
                                                                  душата
која ја гмечат во глина. Одвнатре зборот
е како магла, а семето, фрлено, јалово. Не ќе
                                                                    пркне
не ќе прогледа. И не ќе блесне тој плипот во
                                                               врвовите.
Никој не ќе ги мине тие Сиви Висини во душата.

На Растку објављено: 2008-04-07
Датум последње измене: 2008-04-10 12:20:25
 

Пројекат Растко / Проект Растко Македонија