Васил Дрвошанов

Ронки

НЕПРЕТЕНЦИОЗЕН ЛИРСКИ ГОВОР (Атанас Вангелов)


НЕВЕСТУЛКА

Мајка често ми зборуваше:

- Не убивај, сине, невестулчиња,
зашто ноќе, на спиење,
ќе те задави невестулка.

И сè така мислев.

Пораснав и сфатив:

Мајка тоа ми го велеше
од силна љубов за рожбата.

ЛАСТОВИЧИЊА

Вие немавте од мене мир
а мајка многу ве сакаше.

Наврнеа годините и веќе не сум дете.

Сега се прашувам -
зошто ги уривав вашите седела
а не слушав мајка.

ВУЈКО

Велат: крвта не бива вода!

- Што дека имаме иста крв
кога ни тече во различен правец!

БРАТ

Сега сум сам.

Ако сме личеле еден на друг -
жал ми е што те немам.

А ако пак не - полесно ми е.

ПЕСНА

Кому да се обратам
ако не тебе.

Другите немаат време!
На Земјата има многу свет
а малку луѓе.

УТЕХА

Не оти не тагувам
само маче на грб не паѓа.

Со насмевка болка не се крие.

Таа има и големи очи а и зее.

Туку не бере гајле!

Патот до гугучка не е чист
но и не е толку трновит.

ДРАКИ

Знам оти не сум китка за мирисање.

Но и ти не си!

Барем ти да си мека -
се јадеше.

А вака: го обравме бостанот.

ЈАДИГАРИ

Не знам
од каде се најдовме ние
и двајцата јадигари -
ем шути ем рогати.

ЛИ(Г)ЛА

Во твојот залив
се котвев токму три години,
три дебели лета.

Попусто се лажев -
продавачке на своето тело -
сè е ветар и магла.

ДИГНОГЛАВКА

Не е од сè срце твојот дар,
туку заради ред.

Не играј:

Мижи Митре - фати тука!

Велам: излишно е тоа.

Ја проѕрев твојата игра - дигноглавке.

ДРТА КОБИЛА

Твоето врискање, дртло,
просто ме разбеснува.

Штотуку се тргнав од тебе,
ти ме повикуваш.

А кога ти доаѓам,
јас те мазнам - ти ме клоцаш.

КУКЛА

Што дека си убава
кога тиквата ти е празна.

Јас, ниту мислител - ниту убавец, сум.

Обичен по дух и тело
жена обична побарувам.

ОСАРНИК

Го снема веќе твојот кикот
а токму него најмногу го сакав.

Сега си осарник
и повеќе не смеам да те допрам.

НОЌНИЦА

Цветеа сончогледи
и сè беше мед и млеко.

А сега - зошто е
широк живот - тесни панталони?

Ноќнице, дали ти ме премами
или пак, самиот се измамив.

ГРАДОБОЛКА

Да не си зла жена
не ќе лутам ноќе
да ме лајат пците.

- Градоболка си,
иако те љубам.

ЗМИЈА

Ти не си без дарба, не!

И ти имаш своја убавина,
само кој да ја открие?

КАКАРАСКА

Од тебе чекам песна!

Ќе ја чујам -
кога ќе се стрижат бишките!

Твоето какараскање
ми го повредува слухот,
но што можам! -

На какараската друга опашка не никне.

МАЛЕР

Најдов тоа што не барав
- теле!

Ни се води ни се тера
и затоа јадна ми мајка!

А никој не ми е крив.

Сам си дробив - сам ќе сркам.

КРУША

Не дека не те сакам,
и не дека не си слатка,
туку така;
останало од памтивек
како туѓите круши се послатки.

ПРЛЕ

Еден ден можеби ќе те сфатам,
сега - не!

Што, некој пат си толку добра
и на грбот ќе ме носиш!

А понекогаш -
и од гомненцето ќе си каснеш,
ама од инатот не си паѓаш.

НАИВНИЦА

Сега си капка
и мислиш -
сè што лета - сè се јаде?

- Трици!

Ќе те лижат мешести пци
а потем - ќе одиш по ѓаволите!

МАЧКА

Не барај да те милувам
кога сум клапнато тело.

Постела мека тогаш дај
и само пружи рака.

Љубовта е љубов и наситка нема!

Лудо жедта тлее моќта штом зајде.

НОЌНО ШЕПОТАЛЦЕ

Мислев - ќе имаме кратка пролет
или едно ѓупско лето.

А еве:
три години ја пееме нашата еднолична песна
и секоја ноќ легнуваме уморни
а желни уште за една ноќ.

ДИВА МАСЛИНКА

Те посадив токму на меѓата,
на јужниот дел од бавчата,
зашто сосетката
многу го сака твојот мирис,
а јас премногу неа.

РАДОСНИЦА

Си чекана,
а доаѓаш кога ќе ти текне;
од новина на гинеж.

Ти немаш станка. Ти течеш.

И што ти можам додека те имам,
освен да ти се радувам.

КУТРЕ

Вечер во девет на корзо!
само не доаѓај со фризура;
со кармин,... сенка,... римел...

Дојди - природна, без пудра,
да те милувам.

СЛАСТ

Жена не е жена
ако не пробуди сласт.

Ти ми го запали фитилот
и јас горам и ќе изгорам
без да ја вкусам
блажината на лубениците.

ЖЕДНИК

Распупен каранфил си,
кочан од лубеница,
недопирлив а фатлив,
а пак јас - жедник -
похотлив и по вода сум.

Трпки ме трпкаат
кога ќе се сетам
на твојата снага -
расцветена -
и никогаш нема да разберам
зошто ќе останам
на олкава близост
миен - нецеливан.

ДВЕ ОЧИ

Со тебе денот ми станува убав,
но не ќе има љубов.

Ние сме две очи
надалеку што гледаат
меѓусебе без да се видат.


НЕПРЕТЕНЦИОЗЕН ЛИРСКИ ГОВОР

(за песните од книгата Ронки на Васил Дрвошанов)

Крајот на една песна на нашиот познат поет Блаже Конески гласи:

Планино, рамна рудино, / планино со два огромни колка, / ништо не лекува, / само нè слекува / до основната болка.

Песната ја посочуваме тука затоа што ни се чини особено важна за стиховите на Васил Дрвошанов и тоа повеќестрано.

Тие што ја познаваат лириката на Конески, секако ќе се присетат дека темата жена има особено место кај него. Така е и кај нашиот млад поет. Меѓутоа, треба веднаш да се додаде дека еротската слика на жената од поезијата на Конески почесто е обоена со горки, тихо-травматични и неспокојни тонови. Таа се доживува како трагично а неизбежно искуство; нејзините хирови се некако неизбежни и неумитно присутни со што како да се подвлекува недостижноста на жената. Недостижноста ја возвишува неа, дури ја прикажува и како некоја метафизичка стварност, а пак достижноста сепак ја прикажува како убод на оса, отровно-сладок.

Лириката на Васил Дрвошанов несомнено го уважува тоа огромно искуство на поетот Конески, скапоцено за нашата современа лирика. Дури, на мислење сме дека на посреден или на непосреден начин тој ја подвлекува важноста на тоа искуство што се огледа и во техниката на неговите стихови. Тие се лишени од каква и да е поетска орнаментика, толку присушта на нашата лирика во последните две децении, тој се упатува кон директен, непретенциозен и, навидум, сосем упростен поетски концепт чија цел е да соопшти некое животно искуство со смирени, притивнати, едноставни тонови.Сето тоа ги лишува неговите стихови од надворешен блесок, од извици, од раскошни и непретположливи обрти; сето тоа ги претставува како потег на некоја нужно излеана и природно разлеана, таинствена лирска шурка за која не прашуваме од каде извира. накај тече и зошто е тука, но чиј жубор пак едноставно нè присетува на нејзината присутност. Таа шурка оспокојува и смирува, таа се најавува како чистиот блесок на модрото небо - дури, почесто стекнува вредност на некоја животна константа кон која се стреми човекот. Тоа веќе значи дека и човекот и животот имаат некоја цврста, присутна, секидневна и тукашна, а сепак расипнички разминувана стојност која се идентификува со песната или пак со поезијата: Кому да се обратам / ако не тебе. / Другите немаат време? /

На Земјата има многу свет / а малку луѓе.

Фигуративната редукција, ригорозно поедноставениот говор - сето тоа кај Васил Дрвошанов доживува исклучителна доверба и, во тој поглед, неговата лирика сосем се разликува од актуелните ориентации во нашата современа литература, потсетувајќи, истовремено, на еден далечен свој претходник во лицето на нашиот голем романтичарски поет Константин Миладинов.

Кога станува збор за млад поет и, особено, кога е во прашање неговата прва книга - основно прашање е во која мера се најавува неговиот почеток како лирско истражување што ќе го донесе на показ неговиот лирски идентитет. Ние веќе рековме дека книгата Ронки по својата вокација е родствена на поезијата од Блаже Конески односно на Константин Миладинов. Во таа родственост ние не гледаме слабости на неговата ориентација, ами пред сè: искреност, решителност, смисла за континуитет како и несомнен усет за вистинските вредности во една млада култура. Имено, нашата повоена литература и, особено поезијата, и покрај својот буен развиток, и покрај несомнените вредности - премногу беше оптоварена со притисокот на неизбежниот модернитет. Таа премногу „фаќаше чекор со Европа", премногу се трудеше да го надомести испуштеното и да го напише ненапишаното поради стек на различни историски околности, за да има доволно „мирно време" да се сврти кон себеси и кон спецификите на сопствениот јазичен инструмент. Таа лирска похота, таа лирска нестрпливост (со сигурност тврдиме) е веќе надмината фаза на нашата поезија, а за тоа сведочи и првата книга на Васил Дрвошанов. Веќе не е доволно да се биде колку-толку упатен во некој надворешен поетски актуелитет; веќе е неопходност за секој млад поет да ги чита и исчитува трајните вредности во нашата литература на компетентен и квалитетен начин. Во тој поглед Васил Дрвошанов е на сигурен пат, тој одбира цврсто тло и тој одбир него почесто ќе го доведе до чисти лирски резултати, за што посведочува неговата песна Осарник: Го снема веќе твојот кикот / а токму него најмногу го сакав. / Сега си осарник/ и повеќе не смеам да те допрам.

Атанас Вангелов

(Скопје, 1986)

На Растку објављено: 2008-07-04
Датум последње измене: 2008-07-05 14:56:15
 

Пројекат Растко / Проект Растко Македонија