Васил Дрвошанов

Рој


ПОВТЕЖ

По тие очи черешни,
по таа рамна снага
срцево ми трепери,
пркнува,
чиниш еребици имам во градиве.

Не знам дали да се радувам
или да тагувам?

Радосен сум што душава ми сака,
а тажен сум што телово не може.

БРЛАК

Мамат овие очи на срна
сјајни и влажни.
Мами овој поглед
питом и невин
на игра и галеж.

Само јас сум брлак!
Ем ми иска ем ми стиска.
Што чекам?

ПРАЗНИНА

Ти имаш, речиси, сè:
и младост и убавина и мудрост.
Ти имаш и сила и слава,
а пак немаш полно срце.

Ти имаш празнина во душата
поради немање размена на нежности.

СКРОМНОСТ

Што сака жената?
Жената е скромна.

Жената сака благ поглед,
топол збор и нежен допир;
сака питомост, шепот и галење.

Жената сака,
жената сака љубење.

ПОТРЕБА

Жената го мери времето
на љубовни мигови,
на полно и на празно време.

Така треба и да се сфати
потребата од нов живот.

УПЛАВ

Јас сум ова што сум.
Не сум тоа што бев
ниту сум она што ќе бидам.

Јас сум ова што сум:
човек со прекршено пладне
свртен кон заодот
со отворени очи
и со зината уста.

БЕГСТВО

Избегав од родното огниште,
побегнав од роднините и од пријателите.

Бегај ваму - бегај таму,
се набегав цел живот,
ама не можам да побегнам од самиот себеси.

НЕПРАВДА

Некој се смее
а мене душава ми плаче.

Цел живот дарувам љубов
а добивам само презир.

МРАК

Видикот на човекот
е до билото на планината.
Зад него
ништо не може да види.

Толку видов и јас
кога се женев.

Сега сум одонде билото.

СТЕНИЦА

Сомнежот е стеница.
Влезе ли во тебе
постојано те грицка.
Ти навидум си здрав,
а болен си до лудило.

Стеницата веќе е влезена во мене
и не ме напушта.

ПУЈКА

Ти ја браниш од копривите
да не се изгори,
а таа вира се бута во нив.

Заваита пујка!

Брани, брани...,
ама не можеш никого
од самиот себеси да го одбраниш.

ДОВЕРБА

Таа се гради со години, со децении,
цел живот се гради,
а се руши за миг.

Со довербата нема играчка.
Ако направиш еден погрешен чекор -
отиде коњот во реката.

ЛЕК МАЖ

Изнеапица
туку ќе плесне некоја блујавица,
а ниту времето
ниту местото е за тоа.

Лек маж!

Главата му е голема,
ама полна му е бумбари и швелки.
Да беше камен
барем некоја бишка
ќе се исчешаше од него,
а вака -
само им пречи на луѓето.

ТВРДИНА

Мене очиве ми окапеа по неа,
а таа глава не сврти кон мене.

Јас милно ѝ зборувам,
а таа ниту уста отвори,
ниту збор проговори.

Залудни се моите копнежи.
Остана таа
неусвојлива тврдина
за моево рането срце.

ВОЛСКИ ГОДИНИ

Си поминаа годинките неусетно
и сега живеам како вол за слама.

- Што се чека од волот?
- Да ора и да влече запрега!

Мене за утеха ми остана
да ја газам земјата
и да го гледам ова бело видело.

ЗЕЛЕН ГОГО

Ти ја имаш и ја оставаш,
а таа те чека како отворена книга.

Чисто за џабе, зелен Гого,
си го губиш времето,
одејќи по туѓи сојки.
Надвор можеш да добиеш малце,
а дома да изгубиш сè.

ПОЛЗАЧ

Тој сака да ползи и точка.
Нему му треба господар
за да има кому да му ги лиже чевлите.

Штом ќе му го снема господарот
сенката му ја бара
нејзе да ѝ служи.

Ползачот никогаш не умира.
Од него секогаш се раѓаат
нови ползачи.

ЃАВОЛИЦА

Се фатив на орото со ѓаволица
и сега иди па ме види:
вријам во казан
а таа не ме пушта да излезам.

Така и ми треба
штом си ја продадов душата
на ѓаволицата.

СТАПИСУВАЊЕ

Се фаќам како размислувам
за мерата кај човекот.

Во мигот се стаписувам,
зашто не наоѓам чувство за мера
кај себеси и кај луѓето.

НАСИТКА

Да се чудиш!
Цел живот
човечкото око е ненаситно,
а на крајот од векот
човекот само со една рака прст се наситува.

ЗРАЦИ

Кога си дете
сакаш да бидеш птица
и да леташ на небото
или да бидеш риба
за да пливаш во водата.

Едно девојче и јас
кога бевме деца
сакавме со рацете
да ги фаќаме сончевите зраци.

Зраците не ги фативме.

СЛЕПОТА

Секој има своја среќа,
ама таа не доаѓа сама.

Среќата треба да се бара
за да се најде.

Јас ја барав неа под дрво и под камен,
а таа да ти била тука, покрај мене.

Среќата не можеш да ја видиш,
ако еднаш не ја загубиш.

ТАИНСТВА

Жената кога зема не знае за доста,
ама и кога дава жената не знае за доста.

Го открил ли маж светот на жената?
- Не!
Светот на жената е со многу врати.
Отвориш ли една врата - има нови врати,
а зад вратите - безброј таинства.

ПРОСТА ВИСТИНА

Жената сака со арно, со мило,
со шепот и со целувки
животот да го живее.

Јас доцна сфатив
дека на жената
никој не може да ѝ заповеда,
ама човек учи додека е жив,
само што простата вистина
најнакрај ја учи.

ОГЛЕДАЛО

Кога се роди син ми
тате рече:
- Мојот внук има огледало;
што ќе правиш ти со мене
тоа ќе прави тој со тебе.

Пораката ја чувам
и ќе ја пренесам
кога јас ќе имам внук.

ГРОМ

Не знаеш кога ќе те стрефи,
зашто гром удира и од ведро небо.

Мене злото ме најде на полпат.

Си мислам:
каде ли ја најдов оваа жена
што ме пади од дома
во невреме
гром да ме трешти?

Тешко ми е да си одговорам.
Ми нема спас.

ПРАВДА

Ќе те насамарат. Без вина
виновен ќе бидеш
додека окото ти трепне.
А ти оди потоа - барај правда!

Правдата има долг пат.
Таа може да биде дури и слепа!
Ама, сепак,
иако бави, правдата не заборава.

ПЛАНИНИ

Меѓу нас се планини
што не можам да ги преминам,
но умот ми лета по тебе,
а од тебе нема ни трага ни глас.

Времето си врви,
а јас останувам сам
недоразбран и премален
отаде планините.

БЕЗДЕЛНИК

Каде што се двајца - тој тројца,
каде што има дум - тој кум.

Цел век јава голи коњи
и на крајот - бап во дупката
како ништо да не било.

СРОДНИ ДУШИ

Тие често се разминуваат со животот.
Или живеат на различни места
или, пак, во различни времиња.

Уште потешко е кога сродните души
живеат на исто место и во исто време,
а, пак, се разминуваат.

Ним им треба желба, љубов и среќа
за да се пронајдат меѓу себе.

ГУЛАБИЦА

Никогаш до ова лето
гулабица не беше слетала
во нашиот двор.
Ова лето слета.

Прошета низ дворот
со скришен поглед кон мене.
Се напи вода од бунарот,
павна со крилјата
и одлета со широк лет кон небото.

Никој од домашните
не ја разбра
скриената порака
од оваа ненадејна посета.

Тоа беше душата на мојата сакана
што исчезна пред могу години.

ПАТИЛО

Допирот со неа
ја буди сласта од петните жили.
Да не беше таа
немаше да осетам наслада од жена.

Сега патам,
зашто го сакам нејзиниот допир,
а таа стана недопирна.

ГЛУТНИЦИ

Ѕверовите талкаат во дивината
и во глутница ја напаѓаат жртвата.
Уште потешко е
што лесен плен на различни глутници
се многу чесни луѓе
во ова подивено време.

ЧУДЕСИЈА

Што сила ти била,
што чудо ти беше
од мртвите што ме дигна!?

Си прошепотив:
- Само љубовта го може тоа,
зашто само таа има волшебна моќ.

(НЕ)ИСТО

Таа сака исто што сакаш и ти.
Ама таа сака
истото да го сакаш
кога таа сака,
а не ти кога сакаш.

А тоа не е исто.

ЅЕВГАР

Ми тежи веќе твојата рака
на моиве гради.
Го осетувам тоа со текот на времето,
ама што да чинам?

Ние сме ѕевгар,
но секој од нас низа години
ора своја бразда.

ТУНЕЛ

Јас ќе кажам едно,
а таа ќе рече две.

Ај да му се сневиди!
Што да правам сега?
Никако не можам
на главица да излезам со неа.

До тунелот ќе да е.
Копајќи го подземниот ходник
секој од својата страна
наместо да се сретнеме на средината -
се разминавме засекогаш.

МАГЛА

Ти надојдуваш како тага
и покриваш сè под себеси.

Тогаш човек
прст пред нос не може да види.
Избезумен се врти во круг.

Дигни се, магло проклета,
душава да ми се осветли!

СТУД

Во тебе барав оган,
срцево да ми се стопли,
ама не најдов
ниту оган, ниту пламенче;
ниту жарче не најдов.

Во тебе најдов само студ.

МЕРА

Малку му треба на човек
за да биде задоволен,
иако патот до задоволството
изгледа долг и трнлив.

Човек само треба
да си ги пушти нозете
колку што му е долга чергата.

ПРЕТСМРТНА

Животот си се тркала ден за ден.
Дури да речеш опа! -
векот си отишол.

Остануваат многу недовршени работи
и жалот за младоста.

ПРЕДОМИСЛА

Сакам да те гушкам
и да ти шепотам на уво.
Но, ти се тргаш од мене
како коприва да сум.

Не смеам веќе да ти пријдам.
Кој се попарил од млекото,
дува и на матеницата.

ГОРДЕЛИВКА

Те сонувам со отворени очи,
горделива жено,
како ми доаѓаш во прегратка
и ме гушкаш до бескрај.

Те сонувам, горделивке,
како ме љубиш искрено
без да ме лажеш и излажеш,
барем во мигот на љубовта.

СТРАДАЊЕ

Ти ми доаѓаш
со душа невина и чиста,
а со тело похотливо и блудно.

Мојот ум ме воздржува,
а срцето сака ли сака.

Што може човек да направи?
Кога умот вели не,
тогаш срцето страда довек.

ТЕК

Моето тело ти праќа јасни пораки,
но ти си жена
која не се грижи за текот на времето.

Доаѓаат нови утра.

Нашиот живот е река,
па не можеш да се искапеш
двапати во иста вода.

НАСОКИ

Си мислев:
- Ти си таа што ја чекам
патот заедно да го доодиме.

За жал, залудно сум те чекал.
Ти си одела во друга насока.

РУЖА

Сред есен беше се расцутила ружа,
со сиот раскош беше се растурила
од убавина и од опој.

Мнозина ѝ се насладуваа,
но никој немаше храброст да ѝ пријде,
а камоли да ја скине.

Ружата остана негибната.
Наскоро слана ја попари.

ЗБОР

Добриот збор за душата
е како мевлем на рана,
а лошиот збор е отров за душата.

Зборот е како копјето на старите воини:
или со него ќе победиш
или со него ќе те поразат.

ВРВИЦА

Секој си го оди својот пат,
врвицата со многу непознати,
додека не стигне до крајот.

Јас сè уште го газам мојот пат,
а крајот не си го знам.

УТРЕЖ

Тркалото се врти.
На патот кон утрото
среќавам драги лица.
Тие ми будат надеж
да верувам дека утрото
ќе ми донесе среќа.
Сега секој нов ден
очекувам убаво време.

Белешка за авторот

Васил Дрвошанов е поет, критичар и лингвист.

Роден е на 13 јули 1951 година во с. Моноспитово, Струмичко, каде што го завршил основното училиште. Гимназија завршил во Струмица во 1970 година. На Филолошкиот факултет дипломирал во 1974, магистрирал во 1981, а докторирал во 1989 година. Сега е редовен професор по предметот македонски јазик со култура на изразувањето на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје.

Член е на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) од 2000 година, а на Сојузот на друштвата за македонски јазик и литература на Македонија од 1974 година.

Дрвошанов бил главен уредник на ревијата за литература, култура и уметност на ДПМ „Стожер“ (2002-2004); виш научен соработник и директор на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје (1990-1995); заменик-министер во Министерството за наука на Македонија (1996-1998); еден од основачите и прв продекан на Педагошкиот факултет во Скопје и др.

Поезија објавувал во повеќе списанија и весници: Стремеж, Современост, Разгледи, Стожер, Портал, Корени, Јехона, Огледало, Комплетна, Журнал, Спизалит, Далги, Трибина, Türk dilmaç, www.ac.wwu.edu/~kritika/, Гороцвет (Србија), Мост (Србија); Argeşul (Романија), Млад борец, Студентски збор, Струмица денес (Култум) и др. Автор е на поетските збирки: „Ронки“ (1986), „Мониста“ (1995), „Постапалка“ (1998), „Дожд“ (2001) и „Леб и вода“ (2003, избор поезија во препев на романски јазик).

Негови песни се препеани и на албански, на англиски, на бугарски и на турски јазик. Со одделни песни е застапуван во домашни и во странски антологии.

Васил Дрвошанов е автор на неколку публикации од областа на македонистиката: „Фолклорни дијалектни текстови од Кајларско“ (1992), „Прилепскиот говор од Круме Кепески“ (1993), „Кајларскиот говор“ (1993), „Ономастикон - речник на лични имиња“ (1994 и 1995), „Автори и дела“, кн. 1 (2001), „Дијалектолошки студии“ (2001), „Творештвото на Стојан Ристески“ (2002) „Анатомската лексика за човекот во македонските говори“ (2005) и на двесте други прилози.

Добитник е на годишната награда за наука на град Скопје „13 Ноември“ (1993).


Издавач на печатеното издание
МАКАВЕЈ – Скопје, 2008

На Растку објављено: 2008-07-03
Датум последње измене: 2008-07-05 14:56:14
 

Пројекат Растко / Проект Растко Македонија