Васил Дрвошанов

Постапалка

ПРЕПОЗНАТЛИВ ГОВОР НА ПЕСНАТА (д-р Блаже Китанов)


АКО ДОЈДЕШ ВО МОЈОТ СВЕТ

Вечерва ќе седам
на прагот од моите желби
и ќе го чекам
доаѓањето на твојата нежност.

Ако дојдеш во мојот свет
ќе посакам да бидеш длабоко езеро
за да ја угасиш мојата жед
што извира под ридот на страстите.

Ако дојдеш во мојот свет
гневот и лагите ќе ги закопаме длабоко
да не ’ртат нивните семиња,
а вистината ќе ја посадиме на припек
да пушти длабок корен во ветувањата.

Ако дојдеш во мојот свет
ќе го исчистиме животот од омрази
и во него ќе посадиме љубов
за верноста и вечноста.

Ако дојдеш во мојот свет...

ИЗГУБЕНА НАДЕЖ

Стојам на аголот од тротоарот
и размислувам за твоето доаѓање.

Студена пот го натопи моето чело,
срцето в густ мрак се обви,
каменот тврд се срони,
улицата темна се искриви
за твоието доаѓање.

Но, ти не дојде.
Тајната љубов што се роди -
исчезна.

Исчезна,
но остави во градите бол
и едно расплакано срце
во
ноќта.

КОИ СЕ ТИЕ

Кои се тие луѓе
што в гради им чука камено срце
и земјата ја распукнуваат
за да нè внесат во неа?!

Кои се тие луѓе
што сакаат на бесилка да нè обесат
и на оган да нè изгорат?!
Кои се?!

Кои се тие луѓе
што ни стават во гради нож кога сме в сон,
што немаат чувства, топлина...?!
- Злосторниците.

Како не се срамуваат на такви нечесни дела,
како не се срамуваат кога ја откриваме нивната цел?!
Животот скап сакаат да го уништат.

Луѓе!
Плукнете!
Таквите нека одат во неповратност!
Сенката нивна
закопајте ја
или
дајте на ветрот
да ја разнесе!

РАЃАЊЕ НА НОЌТА

Се раѓа ноќ
кога птиците склопуваат крилја
и се загнездуваат во осаменоста
на дивиот пустош во долината
во црната голотија на карпите.

Се раѓа
кога сонцето бавно-бавно се спушта во океанот на црнината
и гаснат последните зраци зад вршките на планината,
кога денот догорува на запад
и темнината трчешкум слегнува од ридиштата.

Се раѓа ноќ чиста, молчелива -
склониште на мир и спокојство -
кога месецот почнува по сводот нервозно да шета,
кога јужниот ветар тивки воздушки реди.

Се раѓа и чекори со бавно темпо
по градовите, долините, планините ...

Се раѓа кога се поклопуваат сенките на вљубените,
се раѓа кога душата на мртвите оживува,
кога костурот нивни почнува да шета
по гробиштата.

ЗАДОЦНЕТИ

Кога возот пред видикот гинеше брзо-брзо
и се изгубуваше татнежот на тркалата во далечината
пристигнаа патниците: сонливи, наспани, ненаспани...

Кога земјата бел покривач ја обви
и стенкаше времето во јаремот на студот
стасаа мрзоволно плодовите: лоши, добри...

Слетеа бавно јато птици: сити, гладни...
кога жетвата одамна беше збрана
и жолтозлатието спокојно спиеше во амбарите.

Во градот светилките мрачни ги палеа
кога на исток сонцето сјаеше во бакарен сјај
и го најавуваше светлосончевиот ден.
На свет табула раса се јави
и од жал плачеше за доцнењето,
заблазувајќи им немо
на понапред од него родените.

ИГРА НА ВЕТРОТ

Сонцето штом пукне в зори
и го објави раѓањето на денот
ветрот изморен од лудата игра
со зарипнат здив
се засолнува во длабочините на планината
и гледајќи го раскошот на сонцето
со мала сила подувнува
како да се плаши
од светлината на денот.

Темни облаци штом ќе надвиснат над градот
и го забрануваат пробивот на сончевите зраци
со лутина бргу-бргу се појавува
од спротивниот дел на градот
и ги разгонува облаците
негде-годе по сводот
како што нему му чини добро.

Понекогаш скришум налетува: диво, зловешто...
и ги крши гранките
(на кои птиците со труд свиле гнезда);
донесува дожд: тих, молчалив...
и го мие лицето на земјата,
каде што траги оставиле минувачите;
создава бранови по морињата
и си игра со бродовите,
додека не го заболат коските на скелетот.

А штом на запад тргне сонцето чисто
и од сон се разбуди дремливата месечина,
ветрот повторно се раѓа
и си игра со ѕвездите
расфрлени по сводот.

АВЕРЗИЈА

Времето се лизга ко санка
и секојдневно ја гази сенката на несвесниот.
Во ентериерот на паметот
тврдоглавост се впила
и цврсто му ја држи бесната замисла.

Во дел од сништата
ги судира планетите
и урива дел од човештвото.
Сака да го преврти светот
и да создаде гнездо од жртви.
Со нож го сече векот
да го скрати,
за да ја избегне
должината на животот.

ЗА ВАШИОТ РОДЕНДЕН

За Вашиот роденден
ќе го симнам сонцето
за да го осветли Вашиот од.

За Вашиот роденден
ќе ги пресечам вековите
и Вам ќе ви подарам
за да го живеете среќно.

Ѕвездите неспокојно шетаат,
барајќи среќа
за Вашиот роденден.

За Вашиот роденден
улиците се искривија,
играјќи ја лудата игра
под ритмот на музиката.

За Вашиот роденден
дојдов
да го прославиме.

ВИЗИЈА ВО НОЌТА

Ноќеска
голема сенка
со нож расече две срца;
уби два века,
два живота на млади лета;
го расцепи небото
на светот громови да праќа.

Заедно со ветрот се разлутува
очите мене ми ги лови
и сонот мој го мори.

Но, го кревам ножот,
додека крв тече низ вените мои,
нејзе нема данок да ѝ бидам.

Ќе го бранам храмот на животот,
додека траат дните.

НА МАЈКА МИ

По трнлив пат се јазат деновите,
се влечат како претепана старост,
на која снагата времето ѝ ја зело.

Мајка ми во сонот копа парталава надеж за живот,
луди ветришта месечината ѝ ја крадат,
моќта на изгорената душа ѝ ја морат.

О, мајко! Сведок сум на таа страшна ноќ.
Можеби последниот твој оган догорува
или, пак, црниот молк душата ти ја зема?

О, не знам! Прости ми!

Ја следам неверната игра на твоите усни,
твојот поглед што се прифаќа за ѕидот
и бескрајното поле на болката што се докрајчува.

Дали е сон? Мајко...
По кој знае кој пат ти недостасува среќа
и игра на лицето покриена со насмевка?

Не знам, мајко! Прости ми!

ПОДАРОК ЗА ВЕЧНОСТА

На тебе сончевиот сјај ќе ти го подарам,
ако не ми го украдат цвеќињата од градините.

Се молев еднаш пред олтарот на Бога
љубовта моја да ја претвори во цвеќе
и тебе, вистинско девојко, да ти ја подарам.

Осамен чекам како вејка на ветрот,
уништена од брановите на времето;
рацете ги ширам за да ја фатам далечината;
со птиците летам да ја довлечам темнината
и во неа да ги подадеме рацете на иднината.

Но среќата залутала негде во мракот, па не се враќа,
останувам беден, тажен, прогонет...,
векот млад ми гине, умира молкум,
а љубовта за тебе уште гори...гори...

СВАДБА

На крајот од селото
се слушаше: песна, врева, џагор...,
звук од скршена чаша што се растурува,
парталав глас што се раскинува
и пијана песна на хармоникашот;
џагор од палави деца,
растурено зборување на жени,
лудо удирање на тапанот
и свиреж на гајда.

По калдрмата се слушаше
тихо удирање на коњските копита
и скршен ек од тркалињата на колата.
Во колата се возеше невестата, облечена во бело,
до неа седеше накитен младоженецот, облеан во црвенило.
Ја испраќаа невестата
со сите свои церемонии,
а децата се нафрлија врз ситните бомбончиња,
растурени по калдрмата,
и срамежливо ги јадеа.

„Збогум, збогум!“ - си рекоа сватковците.
„Со здравје до крштевање.“

НА БРЕГОТ

Врбите умираа од жега,
птиците наведнати над брегот цицаа вода,
жабите пееја мелодија на вековите.

Тој ден беше како невистинска плима,
како сон, како измислена игра,
но, пак ист - ден како ден:
сонцето уморно штотуку отскокнало за метар и пол од нормалата,
скротената вода нестварно ги милуваше зелените брегови
и ги тркалаше секидневните шумови,
бранови тапо удираа во карпата испукана од жега,
што стоеше на брегот како непокор
и отскокнуваа врз голите нозе на Ева.

Тој ја милуваше нејзината коса и го галаше нејзиното лице.

Кога се доближија нивните тела
по нозете потече пот,
а во водата сенките се бакнуваа.

На брегот,
на покривот од карпата
вљубените соѕидоа град од светлина и вода,
град на љубов и нежности.

На брегот
бавно се растураа сенки со криви ѕидишта.
Сонцето беше на залез,
а небото румено.

Тој и Ева заминаа,
а карпата остана да раскажува за нивната игра.

ТУЃОТО СИ Е ТУЃО

Во аголот од дворот
стојат наредени тули како непослушни војници,
дрво потпрено на ѕидот, сигурно гнило,
каца растурена со виснат обрач како нарамена торбица,
свиткан котел од перачката - дреме во ќошот,
бокал, свртен наопаку, извалкан од јаглен
и уште што ли нема во тој агол:
лисја - поцрнети од дождот,
мече со едно око - расипана играчка - фрлена од дете,
весник згмечен со слика од полугола девојка,
дел од вреќа - донесен случајно
и друг прибор на моето куче.

Да. Тука се и мечтите кои стануваат жална песна,
тука, во приборот на моето куче.

Но, ќе дојде ден
кога ѕидарот ќе го земе гнилото дрво и купот тули,
винарот ќе ја поправи растурената каца
или ќе распише конкурс за нова,
перачката, ако не е мрзелива,
ќе го разбуди свитканиот котел од ќошето,
а бокалот сам ќе си го најде своето место,
детето грижливо ќе го направи другото око на мечето,
вреќата ќе биде случајно однесена,
лисјата поцрнети од дождот

и весникот згмечен со слика од полугола девојка
времето ќе ги лиши.
Ќе дојде ден
кога моето куче ќе биде пак без прибор
само со своите мечти
што личат на жална песна.

НОЌНИ ПРЕМИРАЊА

Се плашев како крадец на лубеници од полскиот чувар,
во стапалото ми се чинеше - клинци ме коваат,
а одзади како багер да ме влече;
во нозете чувствував умор и желба за легнување,
рацете ми трепереа како јазикот на уморено куче,
а усните како маѓепсани не ми дозволуваа да зборувам;
во погледот - полумртов како вчудовиден,
ветарот тих, а ушите глуво ми бучеа.
Ги подместив стапалата за педа и пол, за цела вечност,
а рацете ги склопив како продавач на козметички препарати.

Стоевме долго, додека не ѝ реков: „Те сакам“.
Потем таа поголтна како да се измачуваше,
погледот го впери како да бараше изгубена птица во моите очи
и лесна како да ја понесуваше бран
стапи чекор напред;
ги подаде рацете како да трчаше
и застана со поглед прикован за мене,
додека за век усните не се поклопија.

Бакнежот беше краток, а мене ми се чинеше долг,
продолживме, додека траеше векот на една ноќ.
Кога ја оттргнав од моите гради уморен од наслада
на лицето ѝ видов јадра солза.
Зошто Ана?! Зошто?!

Ме погледна за миг и повторно се потпре на моите гради.
Ветарот носеше убаво време,
во градот се гаснеа неонските светилки,
а таа немо ми зборуваше: „Среќна сум“.

ВО КВЕЧЕРИНАТА, ИЗАБЕЛА

Огнови во градот го растопија мракот,
старата крепост ги сокриваше
криковите на денот и огновите,
ноќта го отвораше срцето за вљубените, Изабела.

Се населивме на мостот,
измамени од песната на Циганката,
што се оддалечуваше по друмот,
кога бесот на ветрот стивна
и разиграност се јави на дрвјата
од онаа страна на брегот, Изабела.

Месечински зрак како преморен воин,
осакатен од пукнатината на старата крепост
паѓаше како восочни капки од догорена свеќа
и го галаше твоето лице,
а јас го пиев погледот
што извираше од длабочините
на твоите очи, Изабела.

Облечена во руба како бојата на тревките
ја допирав со дланките од моите раце,
сакајќи да внесам нежност под неа.

Во квечерината
бакнежи се лепеа под бистрото небо,
речната вода носеше шепоти од насмевки;

во квечерината
врз урнатините на старата крепост
ние посадивме цвеќе, Изабела.

ПОТЕКЛО НА СОНОТ

Отаде горите преку целиот ден
мирисаше на дожд.

Борејќи се како витези со ветрот
што ги туркаше облаците,
начичкани по сводот,
бегавме во долината,
за да се спасиме од нивното умирање.

Тонејќи низ сознание
во истортијата на авантурите
бегавме, опкружени со мислата
на безграничен предел
да стасаме скришум од дождот
до прогонетата колиба
потоната во море од дрвја.

Кога ветрот неветено престана
молк царуваше во пределот,
тогаш на дланките осетив влажност.

Небото престана да плаче.
Безпричински се свртев и ги отворив очите -
на тревата видов траги од нашите тела,
тогаш забележав дека таа има колкови.

Во телото крвотекот правеше скокови,
тонев низ сознание
дека пловам на чун во море,
но осетив мирис на тревки и коса,
тогаш дознав дека сме заробеници на љубовта.

ТАГА

Две ногалки во ноќта
удираат по плочникот на тротоарот
и ја глодат тишината.

Таа патува со скршени идеали
неостварени желби - барикада
со гнили надежи,
губејќи се во дното на тишината.

КРУНИСУВАЊЕ НА ТАГАТА

Еден зарипнат ѕвон на камбаните
пренесе за миг мразни морници
и строги брчки на секое чело.
Плачот детски измешан со мајчин лелек
ги собра сите гржни - стари и млади.

Морничаво капеше дождот,
студени капки се слеваа од челото
по секоја бразда.
Гологлав како измамен
народот очаено издишуваше.

Веќе фрлаа земја врз нејзиното тело.
Испиен од жал народот
се туткаше како бран
со наведени глави.
Мајката со кроток поглед
(на кој цветаше страв)
залудно го бараше нејзиниот лик.

Зачестија фрлачите
и топотот од земјата во празнината се скри.
Се разнесе плач, над плачот - плач.

Птиците нè напуштија.
Од мајчиниот лелек
планините трпнаа
и враќаа ек.

О, чедо!
Доволни ли се твоите
седумнаесет лета да го издржат
товарот на оваа земја?
Доволни ли ти се дните,
та го прекрати текот на својата река?
Тука ли ќе тече твојата младост?
Во оваа долина
јас гледам само врата
од каде излегуваат ковачи на тага,
осеќам здив што личи на ноќно дишење.
Во оваа долина
јас не можам да видам градина,
не можам да видам цвеќиња,
не можам да осетам мирис на јужен ветар.

Дождот уште морничаво капеше измешан со солзи,
студени капки лазеа по жолтите лица,
ветрот можеби некаде корнеше дрвја,
народот покорен на денот
скршен се враќаше со уморен плач.

Тамара, Тамара,
згинаа за тебе дните.

ЦАРУВАЊЕ НА ДЕВОЈКАТА

Не плукај во оганот -
ѓаволот ќе го налутиш.

Под прозорецот врапчето прави
серенада на божицата,
кисне грчевито,
чека девојката трошки да му фрли.

На прозорецот врапчето прави
серенада на божицата,
чека девојката трошки да му фрли.
Девојката плука во оганот.
Врапчето се завртува кон девојката
и одлетува,
оставајќи измет на прозорецот.

Девојката го чисти прозорецот.
Безгрижна е. Иронично се смее.
Гледа - врапчето си игра со врапчињата,
ги фрла сите трошки.
Врапчето си игра - слетуваат чавки.
Плаче девојката. Тажна е.

ДАФИНКА

Твоето лице е брод во мене што броди,
сјај на мала рипка во планински води.

Очите твои се вирчиња во далечна гора,
езера во кои се капи бистрата зора.

Ти си градина во која китат рози златни,
крик на песнопојка птица, повеј на води матни.

Ти си лач од ѕвезда сводот што го гори,
нежен звук на песна тишината што ја ори.

Ти си росен цвет, сјај на бран речен,
бесмртен славеј, блесок на изгрев вечен.

О, море, море, на мојата љубов страсна,
миризлива пролет, опојно вино, луно јасна.

Птицо вишна, царице на просторов ширен,
дај ми лек за раните да бидам мирен.

Дај ми рацете да ги бакнам тегобата да ја скратиш,
прангите да ги скинам во живот да ме вратиш.

Дафинка, тоа не е лага. Песнава што збори
тоа е жар на љубовен оган во мене што гори.

ПРВА ПЕСНА

За тебе изградив венец од моите сни,
цвете на мојата долина.

За тебе кула од букети изградив,
волшебно птицо на моето царство.

Морето со нежност го наполнив
ти по него да пловиш, Тамара.

За тебе направив севозможни и невозможни подвизи,
барајќи го клучот на твојот влез,
длабок извору на моите желби.

ХРОНИКА НА ЕДЕН ЖИВОТ

Во скутот на разбушавените врби
со срамежлива игра на лицето,
налик на виновна девојка,
дремеше селото
окупирано од матни води
и жив ѕид од трепетлики тополи.

Сонцето единствено на покривите од куќите
го истураше својот гнев,
ги печеше немилосрдно керамидите,
а сјајот од нив, налик на врел пламен,
музикално играше вертикално нагоре.

Чавките тука извршиле терор над другите птици
и господарат во сенките на врбите,
мирно гледаат во матните води,
чекајќи рожба секоја пролет.

Селаните го носеа сонцето на своите плеќи
и го фрлаа во бунарите,
за да се избават од јаремот на горештината.
Во рајот на горештината
уживаа единствено ластовиците,
играа валцер под ртитмот на времето
и појадуваа.

Времето го испрати последниот воз на летото,
а животот продолжи да се движи околу својата оска,

облаците станаа етикета на небото,
а земјата пожолти небаре е болна,
дрвјата ги вплеткаа голите гранки
заеднички да плачат за своите лисја.

Небото беше шупливо
и течеше лад.
Дождот што тапо удираше во прозорците
станаа прирок на ноќите.

Во гардеробата на годината стапи есента.

Ветарот ја брануваше пченката
и вибрираше по текот на речната вода,
а селаните го собираа плодот.

Циганите собираа партали и стар бакар,
а еден во магарешка кола
собираше рогови од кози и черепи од коњски глави.
На Циганите тоа им беше навика,
па им стана традиција секоја есен.

Штрковите заедно со своите рожби
ги делеа последните мигови
од своите гнезда
за пролетта пак да се вратат.

Таа есен и жените беа плодни,
работеа до зајдисонце со виснати дојки,
а, потем, изморени се враќаа кај својата челад.
Орачите ги кршеа ребрата на земјата,
за да ја направат лебородна.

Таа есен, чинам, лисјата паѓаа потивко,
а тревките побавно да старееја,
трендафилите не знаеја за умор,
па продолжуваа интимност со девојките.
Таа есен Ана го помина мостот
на петнаесеттата
и влезе во кругот на вртењето.
Се качуваше нагоре-нагоре по ридот
со лесен товар на своите плеќи
да учи, да учи, само да учи.

Таа беше цвет, напукан од роса,
од стеблото на најубавото,
што растеше бујно под јужното небо
и во големите горештини
натоварени со суша;
небесна ружа,
владетел на божјата градина,
за која само светците имаа дозволено
скржав допир на сетилото
до нејзиниот мирис.

Селаните за неа изградија мит
и го носеа во душата секојдневно,
за да го пренесат на своето колено,
додека не догорат огновите.

Во грмежот што паѓаше од сводот
наспроти денот на есента,
се сеќавам, прекрасен беше нејзиниот лик.
Под гребенот на очните длапки
чисти до дно како небесно синило
извираа две поточиња
како да беше собрана во нив
сета убавина на светот.
Уметникот небаре го истури на лисјето
со години својот труд
и како утеха добил само лик
немоќен за плач.

Се осмелив да го испијам до дно тој смев
но, гревот мој беше - плод на тој чекор.

Нејзината кадрава коса,
распуштена како птица во пролет,
го покриваше белиот околувратник
и допираше до врвот на бујните гради,
личеше на млаз од планински води,

што брзо и несигурно удираат во карпите,
личеше на сок од росен цвет
измиен од избистрени зори.

Ана чекореше по ридот на дните
со исправен од, ведра, со витка става
секојдневно го газеше тротоарот,
а, патем, удираа по плочникот нејзите штикли,
чекаше самрак,
тоа ѝ беше топла страст,
и како ранета ѕверка во него
се извлекуваше од домот,
одеше на кино, в театар, на жур
и доаѓаше изморена од воздишки на среќа.

Таа ја напушти зелената долина на рајот,
бараше шарени утра,
но како пресечен труп без гранки
почна да плива во матните води на бескрајот.

Се заљуби во младич
постар од неа за неколку лета,
со него ги скова дланките
и бесконечно
сред вечерните панорами на паркот
долго се плакнеа со љубов.

Во откосите натрупани со лисја
седеа во прегратки на влажни дланки,
тих ветар ги галеше нивните лица,
а тие мирно гледаа во синилото на небото.
Две заљубени ѕвезди од висината
им трепкаа разгалено.
Седеа под ѕвездите со своите мечти и хоризонти
ги читаа повторно очите мирни
со бакнеж, миејќи ги пламените усни.
Истоштени од љубовна уморнина
го наслутуваа ноќното заоѓање
и здивот на утрото.

Папсени од таен живот
се креваа од престолот на нивното љубување
со чудна заматеност пред своите очи
и почнуваа да патуваат низ улицата
кога бескуќниците помедени со ракија
(единствени остатоци на присутност),
се движеа мрзоволно по улиците
следени од сопствените сенки.

Се враќаа дома ненаспани
кога довршуваше главоболието на ноќта,
кога часовникот еднолично отчукуваше: три!
Ана уживаше во перспективата на тој живот,
седната на камен-меѓата
помеѓу стварноста и иднината.

Со шумот на жолтата есен
цветаа љубовните страсти
и бессоните ноќи;
цветаше
појавата на очајанија - скршени хоризонти.

Младичот се заљуби во друга девојка.
Ана поразена од пламенот на случајот
во палатата на срамогневот
фрлаше поглед на минатото,
сакајќи да ги скине неподвижните пранги
на душевното ропство.

Во јадрото на судбината
таа личеше на раскршен кораб в море,
истураше солзи на горчина и прекор
од изворот на душевно-заморната болка.

Во сонот често ја гонеа
костури на диви сенки,
дојдени по инерција на стравот
вроден од денот заден.

Носена од меланхоличен занес
го губеше патоказот
и смислата за живот.

Вечната насмевка на нејзиното лице
поминуваше во троа насмевка,
а, потем, во болен израз.

Од стравот на толпата црни мисли,
што се гледаа во нејзиниот памет,
трепереше како студ да ја тресе
и сакаше да се фрли во бездна
за повторно да не го гледа мачно
изгревот на заматеното сонце
и да не го чувствува болно
здивот на есента.

Чувствувајќи стега од мирисот на нов ден
Ана бегаше од светот, натоварена од прекори.
Секој можен поглед фрлаше на неа
прекор на слабините
како на голо тело, испружено на улица.

Денот ветуваше бреме,
грубите црти на стомакот
се ширеа како детски балон.

Бременост...
Во потсвеста на Ана скиташе
разнишана за живот
сенката на лажна надеж.

Едно утро молчаливо, глуво,
со збрчкан триаголник меѓу слепоочниците
покиснат гавран од дожд
го растураше ѕидот на тишината.
Небото плачеше тажно
како раздерена закрпа
од повикот на камбаната,
скитајќи по широчината на сокаците.
Морници залазеа по снагата на земјата,
гласот замре. Умре Ана.

На гробот нејзин - спомен грозен
во морница тешка
кроце доаѓаат молкум
две црни фигури со бледи лица,
клекнуваат и долго се молат,
истурајќи плач од празните длапки
испиени од жал.
Запалуваат свеќа со раце занишани од грч
без рамнотежа со паднати глави,
фрлаат тромо поглед придружен од солзи,
милувајќи ја голата кожа на гробот.
Немоќ ги совлада и двајцата
откога им загина и последната надеж.

Во пчеларникот од вечни тонови
почива со скршени идеали
зеленото утро со прекрасни пејзажи
петнаесет покосени лета
од колосекот на еден живот.

ВЕЧЕРНА МОЛИТВА

Плач сум на новородено дете,
сам како трева никната на камен,
сам во последната арка
на мостот
меѓу двата брега
ранет...

Го гледам ѕвезденото раѓање
и месечината во водата со несмирени акорди
како ткае бакарен превез
на твоите гради.

Го гледам
ветрот како си игра со твоите коси,
а ти бегаш како незапирлива вода;
се криеш во сите пукнатини,
оставајќи празнина
и во неа само копнеж за тебе
врел како оган.

Во водата на едниот брег
гледам џиновски оган
на твојата душа. Ме грее.

Во водата го откривам
сјајот на твоите зеници,
го следам танцот
и ритмите на твојата крв.

Во ѕвонот на небесните харфи
го откривам твојот глас.

Ги отворам очите
да те видам сета
и да го впијам сиот твој грев,
кој уште не постои.
Го сакам само твојот нежен допир,
да бидам дел од твојот сон,
парче небо - зад него барка.

ПРЕДЕЛИ

Се населивме како залутан ветар
помеѓу потоците и суводолината.
По рабовите на чистинката
почиваат забодени леските.
Карпата изабена од дождот и сонцето
се смееше со камена насмевка.

Легнавме помешечки и го вдишувавме
мирисот на леските и тревите,
го слушавме звукот од песната
на брадестиот воденичар,
што го смируваше духот на водата;
потем, опиени од љубов кон пределот,
игравме како пеперутките по тревата,
се плакневме во бистрината на потоците,
за да ја надвјасаме умората.

Во дното на душата осетив стега,
осетив обрачи од впалени сонца,
тежина на урнат дом со камени плочи,
пламен, пламен осетив.
И облакот да ме згазеше
пак не ќе ја победеше
висината на пламенот.

Веќе презреваше сонцето
и паѓаше зад планините,
стеблата на старите буки

фрлаа издолжени сенки,
усните беа жедни за венчување,
рацете жедни за допир.

О, колку лудо те сакав,
колку те сонував,
колку те топев со моите солзи
за тоа знаат само птиците.

Те носев во мојата крв,
те носев во чудотворни предели
заедно да пловиме
во убавината на пејзажите,
да го осетиме животот.

Ти дојде тој ден во моите прегратки
заедно со брановите
на јужниот ветар,
дојде
со брановите на потоците,
за да ја угасиш мојата жед.

Птиците на крилјата ли те донесоа,
рибите во потоците ли те донесоа,
не знам, но сепак дојде
во долината на моето царство.

За тој ден никогаш
не ќе испарат сеќавањата.

АКОРДИ НА ОСАМЕНОСТА

На врвот на копјето моето срце
на пладне забодено стои
под горештината -
жедно за ведрина е.

Окована во вериги од бескрајна тага
мојата душа болна на пламенот гори -
жедна за ведрина е.

Црни облаци кружат над моето чело,
љубовта како рицар се бори
против осаменоста. Животот
жеден за ведрина е.

Се качив на врвот од надежите,
чекајќи ги твоите ветувања
што ги остави на камењата
зад грмушките.

Се качив на камењата,
за да ја видиш мојата невиност,
бидејќи наоколу
тревките беа поплавени од солзи,
гонејќи ги твоите сомневања.

Се качив на брегот на езерото
со повејот на водата
исчистен од лагите,
за да ја осетиш вистината на нежноста
израстена од љубов
што ја носи
само ветрот од езерото
и птицата од моето гнездо.

Со тихиот шепот на потоците дојдов
во себе, носејќи предели
со топлина и светлост
дарувана од сонцето,
за да ги оѕвездам твоите темнини,
о, езеро на воздишките.
Кој ќе му даде ведрина на моето срце?
Кој ќе ја уништи горештината, пладнето...?
Кој ќе ѝ даде ведрина на мојата болна душа?
Кој ќе ја уништи бескрајната тага, пламенот?

Твојата ведрина одамна танцува
по коридорите на туѓо срце
на туѓа душа.

Кој ќе му даде ведрина на мојот живот?

Љубовта не ќе може да се бори
против твоите неслагања.
Твоето разбирање го изгуби по патот
на блудните соништа,
ветувањата дождот ги изми
по твоето заминување
и на камењата остана да цути
само лагата.

Ти не можеше да ја видиш мојата невиност,
невиност не познаваше,
бидејќи твојата беше изгубена.
Се сомневаше во моите солзи,
бидејќи вистински солзи немаше -
во твоите се криеше
само лагата.
Ти не можеше да ја осетиш
вистината на мојата нежност,
не можеше да го видиш
никулецот на љубовта
оти се наоѓа во моите гради,
ниту птицата од моето гнездо
што ја носеше нежноста.
Моите бдеења
само ги дополни твоите полни чаши
со гордина.

Останав сам
во пределот на болките
злостите да се греат од мојата тага,
спомнувајќи мали излишности.
О, езеро, зошто ти е болот мој?

БАРАЊЕ НА ВЕРНОТО И ВЕЧНОТО

Вечерва со поглед ќе шетам по сводот
и ќе ја барам твојата ѕвезда меѓу ѕвездите,
ќе наѕирнам во нејзината утроба
да ме огрее лачот на страстите.

Вечерва ќе шетам по брегот
и ќе ја барам најбистрата вода на езерото
да понесам грст бистрина
од твојата мудрост.

Вечерва ќе шетам по гората
како слеп пастир жеден за вода
и ќе го барам изворот на потокот,
бидејќи во него се крие твојата нежност.

Вечерва ќе побарам да ги сковаме дланките,
мечтите да станат сознание,
љубовта - цвет
за верното и вечното.

ЧЕКОРИ

Како мирни заробеници на ветрот
што го буди сознанието
на нашето древно постоење
чекоревме под мечот на тишината,
рушејќи го лажното спокојство на нашите тела.

Чекоревме како зборот на немите
со телата на ранети борци,
како нежност што дарат
корави родителски раце
на синот свој мал пред заспивање.

Чекоревме кон чудотворни предели,
каде што се бараат нашите тела
жедни за допир,
жедни за венчување.

Чекоревме кон мостот
што лежи на двата поткопани брега
да прифатиме заедно на дланките една ѕвезда,
паѓајќи да не угасне.

Чекореше - чекорев јас
со пружени дланки
како питач,
пеејќи молитва за капка љубов.

Чекорев низ оган и ветар, низ ветар и оган
чекор по чекор -
во очајот, во грозен молк.

Оттука нема повраќање,
моите дни стануваат неизодлива стрмнина.

ТАМАРА

Твоето име патува со мене
како светлината што патува
од Сонцето до Земјата.
Заедно со мислите допираат и сетилата
во нежни форми
како песната на птиците
по утрините.

Погледот на твоите питоми очи
населен е во мене и вечно го носам,
бидејќи е чист
како душата на новороденче.

Тамара,
о, ѕвездо отсликана во свеста.
За тебе ќе го украдам
скриеното семе на каранфилот
и во раниот почеток на муграта
ќе го посеам во твојата градина,
во алеите што имаат отпечатоци на мирис,
каде што славеите не го знаат
почетокот и крајот на песната.
Боите од божилото ќе ги украдам
да ја накитам постелата на твојата пролет
пред починок.

За тебе ќе ги соберам
сите миризливи цветови
и во нив ќе оставам по еден збор
да направиме мост
помеѓу едната и другата страна
на нашите копнежи.

Тамара,
кој ги руши ѕидовите на мојата крв?
Кој понира во мојата душа?

О, ти златна месечино,
што лебдиш во висините,
што бдееш над нашите тела,
позајми ми го сјајот
да го пленам срцето на сонот.

Ти музико, зошто невина плачеш?
Зошто твојот глас е концепт на тага?
Да не тажиш за звукот простори што длаби,
па се сомневаш во неговата цврстина?
Да не тажиш за дабот
или за мене што стојам
во неговата сенка осамен
колку и моите лета?

О, Тамара,
мојот пат води кон неспокојот,
целта е понор,
каде што зината ме чека трагедијата.

ОЧЕКУВАЊЕ

Те чекав да дојдеш
во утрините на денот,
за да се искапиме
во бистрината на зората,
да ја слушаме песната на славеите,
да се наситиме на свежина.

Се појави утрото облечено во божило,
во парковите тревките беа позлатени
од сјајот на првите зраци.
Утрото имаше форма
на росни цветови.

Твоето доаѓање беше далеку
како слухот на глувите.

На пладне
те чекав на брегот на езерото,
за да ја гледаме
мозаичната игра на зраците
и бојата на твоите очи во водата.
Те чекав
да ги наквасиме нашите тела,
за да ја надвјасаме умората.

Пладнето долета како залутана птица,
сеејќи горештина по песоците.

Твоето доаѓање беше далеку
како зборот на мртвите.

Те чекав да дојдеш
пред смртта на денот,
кога сонцето догорува на запад
руменило да игра на нашите чела.
Те чекав
пред портите на вечерта
од дланките да направиме мост
меѓу нашите тела.

Твоето доаѓање беше невозможно
како гласот на немите.

Те чекав да дојдеш
во прегратките на квечерината
да зачекориме по патот на вљубените
опиени од тишина.

Твоето доаѓање беше далечно,
невозможно далечно
како животот на умрените.

По лицето доаѓаа солзи
и плач од дното на мојата душа.

ДВА ПОРТРЕТА

Земјо стара, земјо на маките!
Твојата древност
личи на невина девојка
окована во пранги,
млада - црнокоса
со бујни гради;
девојка со крвави нозе
и дланки нежност што дарат.
Твојата древност
личи на голо тело
на копја набодено
над кое гаврани грачат.

Земјо стара, земјо на маките!
Ти си мајка на многу деца,
колевка на Самоил -
живот негов -
за кој планините плачат,
а реките солзи носат.
Ти си гнездо на славеј,
родно огниште на Кирил,
крв во моите вени.
О, земјо,
истоштена и бледа
со очи испиени од плач,
со крвави гради и бол и јад,
во тебе и сонцето е рането
и каменот.

Реките ти се од крвје,
мостовите од коски,
ископана си од туѓи чизми,
извалкана од нечисти раце,
испукана како усни жедни за вода,
истоштена од несоница.
Земјо со понорни таги
и простор на болки
недофатливи на сонот.
Изгревот чекан, долго чекан
ги стопли смрзнатите нозе
на оваа земја,
ја огреа душата,
ги надои сите жедни,
ги нахрани сите гладни
на оваа почва.

Земјо стара, земјо на маките!
Во твојата сенка растам
гален од ветрот јужен
до гробот татков
зацврстен од коските на предците,
задоен од нивната крв.
Ќе го бранам изгревот, тој храм вечно,
додека во мене имам крв.

ПЕСНА ЗА ВОЈНИКОТ

Пловеше заедно со музиката на морето
преполн со јад, преполн со горчина и прекор,
преполн со љубов за древноста;
пловеше заборавен сам со морето
и шумот често што се раѓаше;
пловеше со чунот што ја длабеше изморената вода
во пределот на бескрајноста
окован во јато мисли.

Пладнето почиваше врз неговите плеќи.
Прстен од молк.
Маките не знаат за крај па траат.

О, да не се распаѓаат планините врз мене,
да не се скршиле огромни стомни,
та ми е толку тешко?

Ако ме ослободи морето
ќе се вратам во градот, Тамара.
Јас не знам дали сум осуденик во ова море
или црна птица ме донесе овде?
Јавето ми е исполнето со златни соништа:
често ќе долеташ ти со мирис од цвеќе,
со мирис на каранфили што ми подари
на заминување.
Ќе докасаш како бел коњ
и ме пијаниш со своите трепети.

О, каде да те пронајдам, Тамара,
во која река, во кое море, на која ѕвезда?
Зад видикот се јавува некој кобен ѕвон,
гробното царство ме вика.
Таму владее челикот - челичен дожд роси,
пламен прска од огнени усти;
таму мракот го палат
бескрајно отровни огнови -
воскреснува пеколот.

О, како да појдам до зелените брегови,
бреговите се далечни;
како да појдам до ѕвездите,
кога и ѕвездите се далечни.

Сред беспаќе времето се распаѓа
на денови. Предели со прастара музика на времето.
Огради. Смртта во цветови рие.
Чекам заборав да се роди,
но доаѓа дожд. Пределот е чист.
Војна. Плач од мајчино грло,
очи полни со солзи за изгубената љубов,
очи полни со солзи за изгубениот брат,
очи полни со солзи за игубениот цвет.
Ах, таа војна, таа војна.

ПРОКЛЕТСТВО

Ноќеска нуркав во длабочините
на мојата древност и сегашност,
откривајќи ја стварноста:
стојам на еден брег и гледам
за мене
љубовта облечена во крзно, но девојката
пак е смрзната;
ја гледам мојата сенка
(што ја фрла месечината)
меѓу забите, во устата на крокодил
како ја голта.

Се свртувам и гледам
танчарка како игра
и пее за љубовта на Ромео и Јулија,
а јас умирам.

МОЈОТ ЖИВОТ

Жива кал е населена
во неговото срце
и реа.

Јас сум глушец
во овој предел налик на кафез,
што го демнат зелени очи
на нескротлива мачка;
без траги
изгубени како ретки капки дожд
на земја
испукана од долга суша.

Врбите се во неволја од долга суша,
а јас живеам во мочуриште
од сите неволји
како во сопствената кожа,
умирајќи.

ИГРА

Земјата мирисаше на цвеќе. Молчеше.
Просторот се полнеше со тивка песна
и виолински дожд.

Бев крадец во таа долина,
додека една ѕвезда во моите очи
гореше на градите
изморена од воздишки.

Во долината галопираше бакарен лач
и се населуваше на колкот.
Во мене гореше оган
со див пламен.
Срцето го бодеше пожар,
а ноќта беше божествено мирна
со своите тајни.

Го пресеков лачот со моето тело,
за да ја смирам нашата крв.
Тогаш повторно се родив
во свеста како песна,
во таа најчудесна игра на телата
заедно со денот.

ЦВЕТ

За тебе го кршам сонот со мисли,
парковите ги гризат своите нокти во плачот.
Јас плачам заедно со парковите
(за нив и за нивната круна),
додека царува орелот.

За тебе царува срцето на мојата градина,
зашто ти си прв цвет во моето лето
морето што го потопи.

ЉУБОВ

Чувствата ги врзуваш во јазол,
а сните во единствен сон.

Пламено утро,
од срце набодено извираш
и течеш како река низ моето тело.
Твојот нож до дршка се забива во мене
и ме ранува.

Јас крвавам,
но копнеам да останам
во твоето царство.

ПОТОК

Како дете воздивнуваш
од градите на Земјата
и солзиш низ тишината,
милувајќи го образот на девојките.

Небото ги мие своите очи
во твојот сјај,
а ти се се насмевнуваш,
покажувајќи ги белите заби.

Бисер си и вечно течеш.
Во бисерот ја открвам
убавината на Јулија
и љубовта нејзина.

КОЊАНИК

Копнежот го мерам со воздишки,
праќајќи молитви до твојот престол.

По залезот на молитвите
со нежност доаѓам пред твоето срце
уморен од желба за починка во него.

Додека ти спиеш со птиците мирно,
ѕидарите на мојот сон без почин
градат мост до брегот на твоите чувства;
морнарите на мислите пред сон ме будат
и низ мене протечува возбудливост како струја;
во ноќите кога треперат само ѕвездите,
додека почиваат твоите крилја
јас ловам бисери за твојата љубов
качен на бел коњ
меѓу врели камења и тебе.

ВРВ

Крвта се опива на полноќ
заради едно небо од бисери.
В срце нокти ме гребат.
Болот нема ни корен ни врв.

Доаѓам на твоите падини
со птиците што бараат почин
за еден недоречен збор
оплоден од икрите на оганот.

Воздивот е прв говор на болот.
Ти пак си зад оној голем рид,
каде што често сакам да дојдам,
а никогаш нема да стасам,
врву на сите радости.

ПРВА НОЌ

Додека пијам вино од твојата љубов
небото се одмора во твоите очи
опијни како сончев залез.
Под кожата дамарите горат до бол.

Со здив и шепот на поток
отворам врати на внатрешно сонце
да истече огнот во тебе до капка.
Распупени од дожд нежности
усните се отвораат како ружи;
блажови ме удираат во крвта
и јас пловам во барка по деветто небо.

Додека расцветува твојата тајна
меѓу два брега тече усвитеност.

Се кревам награден од допири
и слушам
трепети во просторот -
во крикот галебите носат блаженство
за нашите тела.

ПТИЦА

Топлина вадам од утробата на крвта
и ја ставам пред портата на твоето срце.
Нежноста ја носам на дланкиве
како песна во грлото на славејот
и го чекам изгревот на твоето сознание.

Капка по капка мечтата се преродува
во бол што те немам.

Со музика го убивам тој тажен акорд,
што навраќа во мислите како бура.
Кон небото се обраќам,
бидејќи нема каде да се обратам.

Небото е уште така езерско и сино,
само со една птица треперлива.
На исток румено се раѓа лач и позлатува.

Се загледав во птицата
и ја препознав
птицата од сонот.

(1998)

ПРЕПОЗНАТЛИВ ГОВОР НА ПЕСНАТА

Васил Дрвошанов (1951) е автор на две поетски збирки: „Ронки“ (1986) и „Мониста“ (1995) кои со своите уметнички вредности му обезбедуваат достојно место меѓу писателите од неговата поетска генерација и современата македонска поезија воопшто.

И во првата, и во втората книга нагласени тематски опсесии се: а) жената / љубовта и б) животот / времето. Во основа, сите песни претставуваат еден вид луцидни лирски медалјони црпнати од усната поетска традиција (пр. народната поговорка) и сопственото животно искуство умешно развиени во концизна поетска форма. Сведени на упростено и мошне мудро кажување, со едноставен јазик и синкопирана слика, со хумор и алузија, лирските мудрости, ронки и иронии особено кон жената на моменти преоѓаат во сарказам:

„...некој пат си толку добра
и на грбот ќе ме носиш!

А понекогаш -
и од гомненцето ќе си каснеш,
ама од инатот не си паѓаш“
(Прле, „Ронки“, с. 28),

или

„Одбирав и наберав -
тутарклива кобила.

Напати душата ѝ е памук,
а напати пелин исфрла од устата.

Што да правам сега
кога очите ми останаа во неа“
(Тутарклива кобила, „Мониста“, с. 12).

Ваков и сличен тон е присутен и во песните: Дрта кобила, Дигноглавка, Ли(г)ла, Драки („Ронки“); во Вештерка, Вирана муцка, Вршник, Срна („Мониста“). Но и по сите сметки и пресметки со жената, со неговата Ли(г)ла споредена час како дигноглава и вештерка, како вирана муцка или прле, како јуница или тутарклива кобила, поетот си легнува на брашното и доаѓа до сознајба дека само „љубовта е љубов и наситка нема“ (Мачка, „Ронки“, с. 30) и само таа ја има моќта да ѝ се спротивстави на едноличноста на животот (Ноќно шепоталце, „Ронки“, с. 31). Всушност, во ова тешко и напнато време-невреме, според нашиот поет, жената е лек за сите болки и неспокојства и само таа може да му даде нов импулс на поетот и да им вдахне нов живот, и на песната, и на поетот:

„Во ова напнато време
кога кучиња ми лаат во главата
ти, срно, и самата не знаеш
колку ми значиш.

Твојата милина ме опијанува,
донесува спокој
и ми вдахнува нов живот“
(Срна, „Мониста“, с. 30).

Посочениве наслови и примери на песни и стихови упатуваат на една позната песна на Гане Тодоровски во која жената е споредена со многу недоличности, но на крајот триумфално е закитена со вокалите: ува, ава, ева, ива - да е жива.

Изморен, разочаран, а напати гневен: од непримерните и неодмерени настојувања на жената нејзиниот сопатник да игра по нејзини ноти и да се однесува по нејзин терк („дома - зрно, а надвор - лав“ Вештерка, „Мониста“, с. 28), од подмолноста (Молкомо куче, „Мониста“, с. 34), од лицемерноста и алчноста на луѓето (Вујко, „Ронки“, с. 11 и Делба“, „Мониста“, с. 33), од нивната неспособност и немоќ, а упорни и досадни да бидат тоа што не можат да бидат итн., нашиот поет се спротивставува, предупредува и потсетува со клетви и иронии (пр.: Грапова жаба, „Мониста“, с. 24 и Вирана муцка, „Мониста“, с. 32), со резон и присебност, водејќи сметка првенствено да го заштити сопственото достоинство и достоинството на човекот.

Васил Дрвошанов е во потрага по топол, искрен и промислен збор; во потрага по човек и малку добрина, во потрага по љубов и малку нежност - сè во интерес на создавање поспокојна живејачка и посигурно приопштување кон песната. Поетот знае дека „времето никој не може да го запре“ (Брлива трка, „Мониста“, с. 19), дека е залудно копнеењето по топол и промислен збор, дека човекот ти е лицемерен ѕвер и „една торба ветар“ (Посмртна, „Мониста“, с. 25), дека сè е залудно и дека „Ние сме брливи / што се тркаме со времето“ (Брлива трка, „Мониста“, с 19). Затоа, според нашиот поет, најважно од сè е да не се изгуби коловозникот на времето и животот.

Има во поезијата на Васил Дрвошанов песни кои потсетуваат на лектирата, пр. Рабиндранат Тагоре (Кутре, „Ронки“, с. 34, Жедник, „Ронки“, с. 36), но има и такви со вонредни рефлексивни пластови (Дива маслина, Невестулка, Ластовичиња, Брат - „Ронки“; Живот, Откорнатик - „Мониста“) што го дефинираат Дрвошанов како луциден рефлексивен поет.

***

Малку е познато дека во творечката архива на Васил Дрвошанов се наоѓаат поголем број на песни создавани во периодот на раната младост. Станува збор за вкупно 42 песни (21 се објавени во литературниот алманах на Гимназијата со економски паралелки „Јане Сандански“, Струмица, во весниците „Журнал“ и „Студентски збор“). Тие претставуваат еден вид кревко проодување, но постапно и сигурно зачекорување кон творечките резултати за кои зборувавме погоре („Ронки“, 1986, и „Мониста“, 1995).

Песните од младешкиот гимназиски и раниот студентски период се првенствено романтични слики и приказни за љубовните воздишки и сонување, за емотивните трептежи и бранувања на едно младешко срце кон саканата. Без оглед дали се пее и копнее за Ана, Тамара или Изабела, нашиот поет уште во првите песни за љубовта и односот кон љубената се покажува како тврд орев и непопустлив како што тоа е случај и со подоцнежните песни од „Ронки“ и „Мониста“.

Песните од „Постапалка“ на Васил Дрвошанов се показ дека покрај талентот треба да се има увид и во лектирата за да се положи поетскиот испит. Пример за тоа е што во наративниот и епски потход се среќаваат динамични и драматични пасажи, како и вонредни лирски секвенци со своевиден и препознатлив raison d'être:

„Ќе дојде ден
кога моето куче ќе биде пак без прибор
само со своите мечти
кои личат на жална песна“
(Туѓото си е туѓо, с. 28).

Всушност, овој сегмент е указателен и кореспондира со идниот поетски дискурс и развој на Дрвошанов, при што првенствено ќе се преферира предумислата и творечката претпазливост за мудра и одмерена, рационална и луцидна поетска креација потпрена врз искуството на сопствената животна врвица и нашата богата усна поетска традиција.

Може да се каже дека Васил Дрвошанов и како поет, и како научник, и како човек - постапно, внимателно и сигурно го гради своето творечко кредо препознатливо и во потходот, и во методот, и во односот кон уметноста, науката и животот. Токму заради тоа, ние сме уверени дека во песните од „Ронки“ и „Мониста“ има респективен уметнички цапитал за да им се направи потребниот простор и да им се посвети нужното внимание на творбите од „Постапалка“ како природна и неминовна врвица кон затврдените и идни творечки резултати на Васил Дрвошанов.

д-р Блаже Китанов

На Растку објављено: 2008-07-02
Датум последње измене: 2008-07-05 14:56:12
 

Пројекат Растко / Проект Растко Македонија