Васил Дрвошанов
Дожд
- ТРЕПЕТЛИКА
- БЛАГАРКА
- ЌОРАВ ЧАС
- ЛАПЕ
- КОЊ
- КЛАЦКАЛИЦА
- БОЛСКАВИЦА
- ЗАВИСТ
- ВЕТРУШКИ
- МАЧКА
- ГРЕВ
- ЗАБРАНЕТО ОВОШЈЕ
- КУЧКА
- ЈАБОЛКО
- УПЛАВ
- ЛАМЈА
- РИБИ
- БИБЕ
- РАЗБОЈ
- УБАВИЦА
- ТВРДОГЛАВЦИ
- ТЕГЛИЛО
- ТРКАЛО
- КУМА ЛИСА
- НЕБО
- ПАТ
- ИСКУСТВО
- ТРКАЛОК
- СРЕЌА
- ’РТ
- КАМИЛА
- ОРЛИЦА
- БЛАГУВАЊЕ
- ДУЌАН
- ЈАВЕ
- ЅИД
- НИШТОЖНИК
- ПРОВЕРКА
- ЖЕНА
- ПРОШТАЛНА
ТРЕПЕТЛИКА
Ти стоиш везден
осамена, горда и убава
и се противиш на времето.
Затоа јас и се плашам
да не посегнам како лудак по тебе
и да ја нагрдам
осамената горда убавина.
БЛАГАРКА
Велат дека ти си благарка!?
Од кај да знам
што зборуваат луѓето зад грбот?
Мене никој ништо не ми кажува.
Јас само едно знам:
мажот најнакрај дознава
жената му кога е благарка.
ЌОРАВ ЧАС
Ќоравиот час кога доаѓа не прашува,
тогаш човек рипнува на слепо.
И најпосле кога ќе погледне:
небото - високо, морето - длабоко,
а тој до мишките во калта.
Човек мора еднаш да замиже.
ЛАПЕ
Не ти било лесно
да се расправаш со лапе.
Ти му велиш - стрижено,
тоа ти вели - бричено.
Оди, па разбери се!
Добро е, за утеха,
ако тоа навреме го сфатиш.
КОЊ
Постојано си мислам:
кога ќе ја сретнам неа
сè ќе ѝ кажам.
Ама тогаш,
токму тогаш
голтката ми се суши
и тупкам како коњ
со ногата во место.
Потоа си велам:
следнииот пат ќе ѝ кажам сè.
КЛАЦКАЛИЦА
Ти и јас
севезден се клацкаме горе-долу
како двата таса на вагата.
И така ќе го поминеме векот
ниту подалеку ниту поблизу
помеѓу себе.
БОЛСКАВИЦА
Цело време ти постоиш.
Дење си невидлива,
а ноќе ти, болскавице, светкаш.
Кога сум сам со себе
јас голтам горчини,
зашто не ме забележуваш.
ЗАВИСТ
Во батакот сакаат да останеш
да бидеш заглибан до гушата,
а они маката да ти ја гледаат.
Има ли нешто пострашно од бедата:
да посакуваш -
козата на соседот да му цркне
или окото да ти прсне,
а на соседот двете?
Зависта понекогаш
е поголема од човекот.
ВЕТРУШКИ
Неодамна
си спомнав за ветрушките.
Паметам кога бев дете
мајка ќе речеше:
- Мило синче, не оди кај ветрушките
самовилите да не ми те земаат!
Јас знам -
и сега ветрушките фаќаат наеднаш,
па нема да се сетиш од каде идат.
Ја разбирам и мајка.
Само не ја знам
тајната на ветрушките.
МАЧКА
Ти си премногу мила
како маче
и толку многу сакаш да си играш.
А јас -
не ја разбирам твојата игра,
па тоа ти е.
Така останувам маѓепсан
и пукам од мака.
ГРЕВ
Страсни мисли
ми се ројат низ главата:
како да се љубиме скришум?
Од страв и срам
ми се запира крвта.
Па, сепак, не знам,
што е поголем грев:
ако водиме љубов
или ако не се љубиме?
ЗАБРАНЕТО ОВОШЈЕ
Мамат тие јаболка
црвени, сочни, росни ...
мамат до излудување
со мирисот и со дрочноста.
Го сакам нивниот вкус,
но се плашам
премалку да не добијам
а многу да изгубам.
КУЧКА
Ќе ја тимариш,
ќе ја дуздисуваш,
сите салтанати ќе ѝ ги правиш,
а она -
ќе те касне во машкоста
и срцето ќе ти го распори.
Е, брлив главуч!
Требало да си знаел
дека нема погодба
и оти на кучка верба нема.
ЈАБОЛКО
Едно јаболко што има
да го гледаш
да не можеш да му се нагледаш
толку убаво што е!
Јас ем го сакам ем се плашам
такво јаболко да имам.
А ќе го фатам, а ќе го пуштам,
де тоа ќе ме измами де јас ќе го измамам.
Залудно.
Јаболкото внатре било гнило.
УПЛАВ
Не ти било лесно
да имаш уплав од нешто.
Тогаш од својата сенка си се плашиш,
се штрекаш во сонот,
а сам си против уплавот.
ЛАМЈА
Твоите очи се ненаситни.
Сè што ќе видиш сакаш да е твое,
а што и да ти се даде - сè ти е малце.
Лакома си по богат плен,
натема ти, ламјата меретска,
но пленот врв пушта, а корен не фаќа.
РИБИ
Поројот вас ве излил во барите,
а бреговите ве пресекле од реката.
Враќање веќе нема.
Неопитни рибари можат да ве уловат
или сушата да ве проголта со сè барите.
БИБЕ
Не ти сака ни пари,
ни тебе те сака.
Море не ти сака ништо твое.
Тоа знае само да гака
и да се нурка во барите.
а ти - јадосувај се
ако си немаш друга работа.
РАЗБОЈ
А тргав на пат -
тебе сонце те огреваше.
(Не)среќа било
возот да не тргне,
јас да се вратам,
дома да те најдам
разбој со прчиште
гола на постела моја.
Ткај, жено, ткај!
Лудба нема:
ти во рајот, јас во пеколот.
УБАВИЦА
Зазабица ме фати за неа,
грч во грлото
и страстен бол под лажичката.
Јас ниту ја имам,
ниту ќе ја имам,
ама така, оддалеку, маѓепсан
се насладувам на убавината.
ТВРДОГЛАВЦИ
Си врват годините,
а ние си останавме исти -
со инает поголем од нас.
За нашиот крај
- Ти си крив! - вели,
а кривица нема.
Дури сега ми стана јасно:
стар коњ карван не се учи.
ТЕГЛИЛО
Во животот
човек не знае што ќе го сполета.
Мене ми се навеа на главата
ветерничава жена:
сто пати се мени во денот,
ту арна ту лоша.
Си мислев порано - до време е.
Како што иде времето, на бетер оди.
Од пусти срам,
не можам да ја треснам.
Што ми е дојдено на главата -
ќе се тегли.
ТРКАЛО
Дојдов во годините на мама
кога мама знаеше да каже:
- Пилци, за вас тлеам,
вие сте ми надеж.
Тркалото се врти.
Сега јас им го велам тоа
на моите пилци.
КУМА ЛИСА
Ти, кума лисо, си го живееш животот
онака како што си сакаш:
си одбра убав и паметен маж;
си роди машко и женско,
па сега си уживаш.
Така и треба,
а не како мене - да филозофираш
за духот на народот,
за теоријата на релативитетот,
за седмата галаксија...
НЕБО
Едно девојче и јас, како деца,
сакавме да го фатиме небото.
Се качувавме во гората
сè погоре и погоре.
Зад секоја гора
имаше други гори.
Најпосле се изморивме,
а небото остана недофатно.
ПАТ
Тате знаеше да каже:
- Овој е патот!
И јас го одбрав патот на животот.
Некои велат:
- Како може неук татко
да го покажува патот?
Самиот се уверив.
Таткото и во темнина го знае патот
од голема грижа за потомството.
ИСКУСТВО
Драгоцено е,
но скапо се плаќа.
Самиот се уверив во тоа.
Искуството се стекнува.
Тоа не се гатало.
ТРКАЛОК
Знаевме како деца
со рачињата
фатени едно за друго
да направиме тркалок.
Детето-јагне
беше во средината,
а оној што беше волк -
надвор.
Кога ѕверот
ќе го грабнеше јагнето,
играта завршуваше,
а тркалокот се растураше.
СРЕЌА
Тоа што го барав по небото
го најдов на земјата:
блага душа
со остар ум
и крепка снага.
Оди сега кажи:
немало Господ!?
Има.
Само зависи
кога ќе ја најдеш среќата.
’РТ
Минаа низа години.
Трпи, трпи - не се трпи
и загарот го скина синџирот.
Дури тогаш мене ми се олесни на
душата.
Многу доцна сфатив
оти врзан ’рт зајаци не лови.
КАМИЛА
Ти дадов сè
што може маж да даде
на една жена.
Тебе тоа не ти е доволно.
Мене ќе ми треба време
да си дојдам на себеси,
а ти, камило, сакајќи рогови
и без уши ќе останеш.
ОРЛИЦА
Ти ме избави од Долна Земја
и ме извиши дури до небото.
Ми ги излечи сите рани
и ми вдахна нов живот.
Се чудам, орлице,
колкава сила и љубов имало во тебе
да го спасиш животот.
БЛАГУВАЊЕ
Мајка рубите на тате за сведен
ги чуваше во невестинскиот ковчег.
Таму ги чуваше и скритите нешта,
а ти ме скри во срцето.
Ангелите само знаат
ти нема да дознаеш никогаш
колку благува за тоа
мојата душа.
ДУЌАН
Свраќам одвреме-навреме
во стариот град
и се препознавам себеси
по расположбата на дуќаните.
Одамна ме снемало
штом не сум го забележал
новиот облакодер
на местото на стариот дуќан.
ЈАВЕ
Ти знаеш што сакаш,
ама се плашиш од себеси,
па затоа не доаѓаш.
Во сонот ми идеш.
Напразно.
Сонот е убав,
а јавето грдо.
ЅИД
Постои ѕид меѓу нас
ладен и нем.
Едниот го руши,
а другиот го гради.
Руши, руши - не се руши.
Ѕидот, пак, останува меѓу нас:
јас од едната,
а ти -
од другата страна на ѕидот.
НИШТОЖНИК
Кога е здрав
човек не мисли на здравјето.
А кога е болен
трча по доктори
и по бабински лекови
како давеник за сламка
моли-коли да оздрави.
Колку ти бил човекот ништожен:
не го цени она што го има
а пека тоа штом ќе го снема.
ПРОВЕРКА
Не сум можел ниту да наслутам
колку случајните чекори од минатото
денес стануваат пресудни.
Кога црвот на сомнежот ќе загризе
безначајните мигови
се ставаат на испит.
Тогаш нулата станува кула,
а кулата - нула.
Ете зашто
тешка ти била
проверката на љубовта.
ЖЕНА
Жената знае,
ако не ја љубиш,
срцето да ти го откорне
и на дланка да ти го даде.
Жената знае,
ако ја љубиш,
мигот да го направи вечност
и бог.
Жената знае,
жената знае сè.
ПРОШТАЛНА
Жарот се гасне.
Ќе стане пепел.
Таа го стакнува огнот,
ама не иде.
Огнот отишол на маала.
(2001)
Датум последње измене: 2008-07-05 14:55:43