Кочо Урдин

Ами ако се загубам јас

На ветвите, испукани актери
што ги крстосуваа нашите уморени градови и села
по 30-те години

Малиот провинциски град клечи гушнат меѓу плешките на благиот дол. Низ неговиот центар офка туберколозна рекичка и ги собира сенките на маларичните дотраени куќарки од кои севезден крекаат тромите кокошки, рикаат магарињата носталгично и страствено и се смешуваат со довикувањата на жителките кои една на друга преку излитените плотови си соопштуваат: Марикее, Стојанкоо, Иванкоо... оние од театрото што дојде на тркала ќе даваат! ...

- Како синоќа ќе даваат! Од некаков Нушиќ – разбирате ли?

- Аха, ќе разбереме, ќе разбереме дими ќе даваат...

Градот трепери. Спотнат од пареа и мириси. Кучињата мократ по искршените ќошиња. Низ главната улица скокотливо шетаат чорбаџиските дами и ќерките на бакалите обуени во кајзер чорапи, кондури со копчиња напудрени како фурнаџиските чираци од брашно. Нив ги испиваат љубопитните очи на еснафите кои ги мерат на аптекарски вагички. Меѓу забите им роморат зборовите: Еј, на Гиго ќерката пак шета. Како гуска! Изгледа оти сака да породи уште едно вонредно! Не и е доста она од студентот на Миљо Чорбаџи, а слушаме оти се сплеткала и со оној рунтавиот млад актер. Каква снага богати. Колку долг нос! ...

- Ама немој – одговараат другите групички. Со младиот? Па нели расправаа оти тој рунтав се збуричкал со распуштеничката Трајанка на која одамна и е изветвено пердето на пристојноста...

- Тикви! Невозможно – одговараат третите, шушкања низ забите жолтнати од пушење на качак и сите гледаат: оддолу, каде што беликавиот фонтан ја украсува ситната, нечиста главна градска улица, пливаат актерите облечени во алишта чии бои ретко кој би можел да ги разликува...

- Боже – клопка млада испиена домаќинка: шаренило, раскош!  Ја гледаш ли онаа што синоќа беше Ен, главна во пиесата? Какви нозе! Каква дрофла! И фустанот ѝ е од вистинска свила, малку избледена но од вистинска ...

- Будалаштини! Тоа е имитација! Кај нив сè е фалш! А верувам оти и не е нејзин! Од некаде веројатно го здиплила - ѝ возвраќа со баритон, ситен, брадјосан бербер, со црни набабнати и остри мустаци.

- Ветришта! Тие живеат како ангели и имаат пари како дожд! Што мислиш колку наплатија синоќа?

Крај нив минува заговорена актерска група.

Смев, бисерен топоти низ воздухот и погледи љубопитни ги гребат од секој ќош. Од актерите зазборени, до ушите на оние што ги мерат застанати врз грбавата калдрма втасуваат репликите:

- Ја нема! Никаде ја нема господин режисер. Насекаде баравме. Твојата Розалија како да ја голтнале нечистите духови од античките лавиринти! А убава беше! Прекрасна е и сега! Единствена наша гордост е! Твоја најповеќе, но ја нема! Жалиме за таа грација, за тој сон волшебен ...

 Ах, драга Розалијо, - носталгично вивнува басот на кусиот средновечен, испостен од акање режисер. Потоа спомнатиот застана и со растреперениот глас ги пресече сите.

- Или Розалија, или нема вечерва претстава! И без тоа низ овие паланки гладуваме! Како само можела таа да се загуби низ овие извиени сокаци неестетски, ве молам, мојата Розалија, ах! ...

- За тоа е крив Спиридон! Тој несреќен и анатемисан Тозо! Велеше: Во моето родно место одамна боботи, расте и цути театарската традиција и ќе биде повеќе од сјајно ако ги удриме шаторите крај градот! А еве што не снајде! Половината од овие таканаречени културни еснафи и бакали влегоа со ура без карти! Одозгора на тоа вие сте очајни Маестро!

Режисерот гордо ја дигна главата, го измери со очи исушениот најпомоштен актер – Отело, инаку во приватниот живот извесен како Ставре и му откачи: може да одлеташ на карпата на Прометеј! Сфаќаш? Вечерава ти веројатно ќе ја толкуваш ролјата на Тозо! Ставре се заниша и рече: Ќе ми се слоши од среќа. Какво совршенство! Вие сте благородни како дон Родриго Маестро! Сеќавам оти ќе ми се слоши – истекна најтанкиот тенор на провинциското поднебје и потоа кога неколку артисти го придржаа за да не ги скрши своите претанки нозе исписка: мораме да ја најдеме нашата сакана Розалија ... но да не се излажала со некој јадар, млад, здрав и агресивен...

- Што, - ревна режисерот. Зар таа? Што е полна со духот на Офелија! Мислиш оти нема вкус? Си дозволуваш да судиш оти јас не сум умеел да ја воспитам? Да ја направам доволно верна? Мојата Розалија ако направи грев, како и сите ние што ги правиме, ќе има барем такт! Но со таква снага? Никако ... вечерва отпаѓа ветената ролја за тебе! Спиридон ќе ја толкува пак! Сепак, по ѓаволите, и него го нема! Каде ли се стуткал, каде? Должен ми е повеќе од две години цела стотка. Ми ветуваше оти ако стасаме во неговото родно место ќе го избрише долгот со нова банкнота, а еве излезе грешна провинциска душа! Некаде се изветреал и ме гризе сомневањето оти е сосема танок и лесен во џебот како и секогаш а долго мене ме ужасува! Толку ми се потребни тие сто динари оти овде има четиригодишни вина во кои би можеле сите свои маки да ги удавиме...

- Сепак, вашата сакана Розалија?... – прострела најтенкиот тенор и сите застанаа.

- Навистина таа е голем проблем! Де, да се собереме на куп – околу мене, искомандува режисерот и водачот на актерската група. Приврзаниците на сценската уметност заедно со испостените актерки го боцкаат лицето на улицата со излижаните високи потпетици. Се загледуваат во касапските снаги на паланечките дембели и слушаат како режисерот командува: сите во потера! До еден! Ќе го обрнеме градот! Мојата верна, сакана и забележителна мора да ја најдеме! Таква убавина и младост овде мора да падне в очи! Некој ќе ни го покаже патот до местото каде што евентуално се состанала со некој ... Ах, можеби со некој! – и режисерот ги избриша солзите.

- Би умрел од љубомора ако одовде, од ова смрдливо понебје остави некаков спомен под своето срце...

- Таа е премногу општествена – се осмели една бумбареста дебелка актерка.

- Каљопо! Зар и ти? Не ти е срам! Не ми позволува уметничкото реноме, инаку кога би те фраснал...

- Но, зар не ја видов во претходното село што се наоѓа кај матната река во друштво на весели и растрчани...

- Престани! Ох, мојата глава! Срцето ме стега, почнувам да се здушувам. Таа никогаш нема да ме излаже со некакви си ... Но сепак можеби некаде шетка! Ајде да ја побараме!...

- Па, ќе ја бараме – се согласија – и групата плисна по полумртвите сокаци.

А беше пладне. Уморено. Сиво. Без сонце и со многу ветви облаци на небото, ниско и очаено...

Во едно од многубројните мали кафеанчиња кои смрдат на муви, скиселени домати и неиспрани алишта, излегува црвен налутен кафеџија. Го фаќа за јака на Спиридон, го дига како мало вреќиче и му вели: прелеа моето трпение брате! Цел ден ти давам да пиеш на вересија, од сожаление дека ти си единствениот човек од нашиот град што отиде во театрото! Но претера. Како и твојот покоен татко! Не ти стигаше оти три пати го поврати моето добро вино кое е некако и кисело, туку отиде и дотаму да мокриш несвесно! Ако навратат господата жандари Симо и Воислав ќе те истимарат како бездомна мачка! А сега чисти се – и кога го подигна го помилува одзади посилно со крпениот десен чевел. Спиридон се освести малку, сакаше да списка но сети оти се испружил врз калдрмата како фрлен стар дотраен јорган.

Околу него се насобраа деца и закукурикаа: од носот му тече крв и два заба му се препелкаат околу дланката. Хи, хи, хи.

Актерот се подигна и клатејќи се како ортома се упати кон бандерата на чиј врв висеше фенер. Се фати, т.е. ја опфати со двете прашливи дланки и целиот град почна да му се врти во големите поцрвенети очи. Почна да разговара сам со себе си: Спиридоне, Спиридоне. Секаде те буткаат. Секаде те маваат. Дури и на сцена! Каде е овде уметничкото? Каде е возвишеното? Вистината, кој ја изгорел? Од 13 години го напуштив родното место и се меткам по патиштата светски, а еве до каде стасав?!...

- Еј, еве го Спиридон – вивна радосен сопран. Кон него се стрча мала група на актерки.

-  Пак се намачкал спиридонски – рече сопранот.  

     - Ноќва треба да го толкуваш Тозо – му рече танок висок актер.

- Хм, да. Ми се повраќа од Тозо! – рече Спиридон.

- Сепак, оди некаде и легни. Испиј едно кафе, треба да бидеш трезвен, те чека претстава...

- Треба, треба, а каде? – промрмори Спиридон.

- Па ова е твое, родно место!

-Родно! Да овде сум произведен! Само нели е тоа многу весело, зашто токму овде како и во сите места јас немам никого!...

- Сепак отрезни се ако сакаш режисерот да те остави овде како во оној град крај Отиња и тогаш?...

Спиридон се сепна. Ги гледаше како одминуваат и нешто бараат.

- Еј, на каде! – праша

- Ја бараме Розалија! Таа е некаде со некого...

Розалија, боже, целиот ансамбл ја бара нејзе! Таа немирна, непостојана Розалија. Во секое место по неа потера правиме! И ништо не помага... Ами ако се загубам јас, кој ќе ме п-о-б-а-р-а? И заплака јадро и длабоко...

***

Утредента. Ниско небо. Лево, скржава шума. Патот мирува меѓу жолтнати ниви. ’Ржи ладен, влажен есенски ветер. Пред очите далечините плетат стравливи нијанси. Како тропот на мали птичји крила удираат тешките есенски капки. Крцкаат двете изветвени актерски коли натоварени со излитени реквизити и ситни нејаки деца.

Од полето лаат јадри најадени пци, а лево од патот режисерот весело ѝ расправа на актерката Каљопа - виде ли драгичка оти немаше право така да ја окривуваш Розалија. Гледај ја сега како весело трча меѓу моиве нозе и како ја вртка жолтогривата пламната опашка! Таа се завлекла во колата и за цело време додека ние ја баравме ги глодала пресните телешки коски! ...

(Од книгата СМЕА НИЗ СОКАЦИТЕ, Кочо Рацин, 1960, Скопје)

Први пут објављено: 1960
На Растку објављено: 2008-11-06
Датум последње измене: 2008-11-09 12:31:37
 

Пројекат Растко / Проект Растко Македонија