Вања Изова-Велева
Плач во кутија
ЦРВЕНА РУЖА
Ми подари црвена ружа
додека есента се уште
дремеше на дрвото.
Го гледав црвенилото
како капе врз моите прсти
чиниш нож никнал некаде
длабоко во мене.
Ми подари црвена ружа
и ме потсети на срамот
лагата
играта.
Се уште ги носам црвените раце
незнам дали крвари ружата
или јас, но едно знам
благодарам што се сети
да ми подариш ружа.
ХАРТИЈА
И здосади извалканата снага,
втиснатиот белег и дамките.
Ја витка снагата
Под лактот на ОНОЈ
за да престане со шаркањето.
Точките врз неа
движат,
боцкаат.
Пенкалото и ја кине снагата,
а таа го молчи
секој допир
ја тежи секоја
гребнатина.
Окото се сепнува од купишта
налутени, истуткани хартии
и конечно!!!
Мазнотијата никна во
Разлутена тупаница.
ЈАС И СТЕБЛОТО
Ме закопаа в гроб.
Седам и го слушам шумот
на гладните животинки.
„Ќе ме сомелат“- мислам.
Ги размрдав колената
За да прошетам во подземниот свет.
Мирис на гној
Се лепи врз ноздрите
и заборавам да дишам.
Згрбавено одам со ронка воздух
и паѓам врз нечии набабрени жили
полни бел сок
Околу мене крик на црева животински.
Пиштат и беснеат...
Бегам со ронка воздух
и размрдани колена.
Жилите од дрвјата ми готват стапица
и паѓам во нешто и некаде.
Така легната темнината ми признава
Дека никој не ме бара мене туку
Подземното стебло врз мене.
Јас и стеблото во бездната
Тоа со коренот, јас со битието.
КУТИЈА (2)
Кога влегувам во кутијата
Во носот ми се закачуваат
неколку мириси.
Раката го прочистува теренот
лево и десно, но мирисот корне,
некоја вредна домаќинка
со мирис на запршка од кромид
му ја стокмила кошулата на сопругот.
Мириса просторот и сите личиме
на еден помалку блуткав ручек.
Сол нема, зачинети сме со потта
на сопругот од домаќинката.
Лицата ни пожолтуваат, а тој гордо
си ја шета смрдеата.
Ми ја запусте кутијата.
КУТИЈА (4)
Го пуштам гласот
за да ја препознае кутијата,
а таа седи наспроти мене
и ми го џвака ехото.
Се yверам.
Во неа сум.
Ехото се треска од yидиштата
и ми се лепи
врз увото како обетка.
Се кикоти до плач мојот глас
и ми стои овде
залепен за да ме потсети
дека кутијата ме стега
толку колку што јас
растам во неа.
КЛИН
Од yидот ме yиркаше
една жила.
Ја гледам и јас.
Окото ми шета по кривата патека
На ‘рѓосаното тело
Од некој заборавен клин.
-“Еј“- врескам
-“исправи ја снагата клину!“
Ти си господар на извалканиот yид
ти си домаќин на плувачката
на оној што заминал
од оваа соба со извалкан yид.
КОНЕЦ
На Зоја Минова
Конецот што виси врз твоето чело
го држи универзумот.
Немој да го протнеш
Во грлото на иглата
таму просторот ги голта
должините и ги витка на две
Сама си додека не се разбудиш
Од отровот на црвеното јаболко
заглавено во грлото
каде што минува конецот.
КУТИЈА - 5
Кутија...
Прашина...
и моето грло
Сите вака стоиме заедно
Спакувани во коцка.
Ноктите ги полнам црнило
За да се потсетам
Дека не сум јас
Дека ова не е мое
Ова е спакувана сушност
Со панделка и етикета
За долг пат со уредно
Напишано предупредување:
ВНИМАВАЈ КРШЛИВО
МИТ ПОРТА
Пред мене големо грло
Со изострен јазик
Се стрви по телото
Го дебне движењето.
Слушам тропот на ангели
Растрчани по темнината
Врескат и се кинат...
Алишта и порти
Трескавично растреперени
Го стегаат грлото
Ги цедат ангелите.
Панични крици ги распоруваат
Пукнатините на дрвените порти,
Сакајќи да избегаат од себе, од сé.
Окото ми се наполни старост
и ми ги корне трепките,
Мислејќи дека се порти.
Влегуваат ангели, самовили
Во мојата мит порта.
ПЕТИЦАТА НА МОЈАТА СОСЕТКА
Гледам во распуканата петица
на сосетката.
ГЕОГРАФИЈА-мислам.
Зарем не и тежи чекорот
како стапалката врз светот?
Зарем луѓето не врескат
под нејзината тежина?
Петицата на мојата сосетка
е нејзин белег - географија
потсетник на долгите чорапи
избраздени од распуканоста.
Нејзината географија
е филозофија на живеењето:
„греби со она што најмалку
чекаат да ги изгребиш.“
Петицата на мојата сосетка
е распукана петарда
оставена како потсетник
дека овде нешто се прославувало.
ПАРЧЕТО НАД МЕНЕ
НЕКА ОДЛУЧИ ДАЛИ ...
ПЕРНИЦА (верзија)
Се спуштив врз перницата
секогаш подготвена
За уште едно себе предавање.
Ја барав нејзината мекотија
Подзаборавена од ноќ до ноќ.
Ја одморам претешката черупка.
По тилот
Се нижат врели конци,
го попаруваат мозокот.
Врелината ме фрла под креветот
и се будам
очи во очи со перницата
таа, јас
и пердуви налепени врз мене
печат на ноќта
печат на моето предавање.
Ме боцкаше искубаната
Снага на некоја соголена птица.
Се спуштив врз перницата
за да го почувствувам летот
на искубаната птица
во мојата перница...
тешки пердуви.
ПЕСОК
Дреми песокот
покрај стапалото на морето.
Ја одмора зрнестата снага
и чека бура.
Газат врз неговото тело
и понесуваат
зрно белег на стапнувањето.
Се гледаме очи во очи
со ситната растуреност
и се прашувам:
-“Зошто стапките остануваат
Секогаш зад чекорот“?
Одговор нема, само
танго на песокот со бурата.
ПОРТА
Го слушам старото тропање
чука некаде длабоко во мене.
Ударите наидуваат
Како бран што ништи.
Таа-портата оддамна заборавила
зошто е овде со мене
до мене.
Рѓата и се расплеснала врз телото
и ја грицка дел по дел.
Незнам дали требаше да поминам
Низ неа или таа да ме собере во себе.
Апежи на времето
и никнале по снагата
Како акни $ се цедат по рбетот.
Зошто сме заедно?
Зошто ми го краде окото?
Чекам можеби рѓата е мој сојузник
гризе дел од мене
дел од портата
Кому му помага?
СПОМЕН
Петнаесет свеќи
горат во умот.
Петнаесет болки
ја кинат душата
потсетници
на оние кои
зад себе оставија белег.
***
Сонот ме затвора.
Тешките трепки шетат
по крвави патеки
Молк. . .
Сите исчезнале
Зарем се загубиле
под врвот на моето око?
Чекорот се сепнува
од човечки парчиња
болот продолжува
таму каде ехото
носи врисок, а ветрот
мирис на касапница.
***
Остана зад мене смртта
и се вознесе во мир,
спокој,ново утро.
Остана споменот за нив
споменот за Св. 15 Тивериополски маченици
***
Денот ми го отвори погледот
и видов светлина
видов светост, ги видов нив.
ВНАТРЕ ВО КУТИЈАТА
Ме удираат дамарите...
Парче сум
Панично растрчано
и со поглед на лудак
ДА, јас сум лудак
со наместено лице
и искривена насмевка
Трчам по сопствената
книжна коцка
и ја распарчувам кутијата
кинам, а таа пак никнува
псујам, а кутијата ме поздравува.
Застанувам. Му свирам на лудакот
во мене да запре
очи во очи со кутијата
и прашање:
Кој е полуд?
Таа или јас?
ЗАБРЗАН ПОГЛЕД
Погледот ми шета по полињата...
Забрзано ги собирам сликите
во зениците и ги ковам
со шилци од трепки.
Здогледувам изделкани сувенири
обезглавени и стерилни
вратени повторно во земјата.
Гробница без крстови
само бели колци
и обесена лоза
Со полн стомак вино
Слични сме...
таа расте онаму каде ние почиваме
Црвенее, а ние бледееме
Нејзиниот сок старее и разубавува
А ние едноставно исчезнуваме.
ЗБОР
Го заклучив во срцето
и му подарив почва.
Дење го полевав со говор
ноќе му дарував изговор.
Го врзав зборот
како белег на раката
тој порасна во чело
меѓу очите.
Го имам зборот
сега барам луѓе
…………………………
Кутијата ми остана празна.
ЦРВЕНИЛО
Го мирисав црвениот сок
Беше нешто помеѓу младост
и страв
Во ушите се yвереше крик
На прережано грло
Нож ...
заслепувачка сечивост
Корнеше дел по дел
Втиснувајќи и на земјата
Црвен печат.
Зарем беше потребна нечија смрт?
Или сакаше шминка за ликата
За да биде поубава во погибата?
Сокот залудно се истури
Крикот попусто заглави
Во сеченото грло.
* * *
Го слушам здивот
На запалено месо
Пече
Кине
Убива
Пламените јазици ги голтаат
Кревките тела
Голтаат топлина
Мелат животи.
Црвенило собрано во муцката
На yверот,плувачка
Полна гној, крв, гордост.
Враќање нема
Месо-пепел, залепено во јамите
Колне и чека ново раѓање
Ќе дојде денот кога пепелта
ќе роди луѓе без мирис на
запалено месо.
Нестрпливо чекам чудо.
И ГО ОСТАВАМ СОНОТ,
ЗА ДА ГО ОТСПИЕ
СО ОТВОРЕНИ ОЧИ
КУТИЈА (1)
Бременото цвеќе го засадив
во кутијата.
Исплашено и отежнато
се чуди во мојата картонска амбалажа.
Yиркам од малиот отвор
и му го мерам дишењето,
еден, два, па застој.
Го пуштам воздухот да му ја
помилува тежината
и молчам.
Чекам да се породи.
Лелеци удираат по yидовите...
се кинам и демнам
Глувотија и плач
цветот ми роди цветче.
Еден, два нема застој
Од силните удари ми ја расцепува кутијата
и со прст ме казнува, потсетувајќи ме
дека врзав бремен цвет
во темна одаја
молчам...
КУТИЈА (3)
Топлината рие по лицето
и прави бразди.
Чекорам по новите патеки
за да пронајдам
излез од мојата кутија,
но плачот се втиснал
и ги пои yидовите
од мојот дом.
Сами сме јас и мојата кутија,
таа врз мене
јас во неа.
Сакам да ја зграпчам
и фрлам некаде
меѓу другите кутии, но
безобразно ме потсетува
на мојот заклучен плач
во нејзиното картонско тело.
Има ли излез од себеси?
Има ли плач во мојата кутија?
Незнам ...
чекорам по новите патеки
за да пронајдам и наслушнам
А што?
ЌЕ...
Ќе дојдам кога ќе ме заборавите
за да ве потсетам на вчера
Ќе заминам кога ќе ме чекате
за да ве потсетам на утре,
но никогаш нема да ве оставам
зашто знам утре и вчера
се поголеми од денес.
КОЖА
Ја омекнав кожата со парфем
За да омлитавее
Од долгото чекање
и да ме потсети на мирисот од вчера
Порите голтаат свежина
и ги полнат челустите
...носам парфимирана крв.
Секоја капка ја точам
во стаклено грло
го чувам мирисот
да остане, да мирува.
Дреме мирисот во новите одаи
и се огледува себе си
надуеноста го распука стаклото
Крвта-парфем се растече
по распрснатите искршеници
Кожата си остана кожа, а
крвта го проголта
парфемот од моето детство.
КОНЕЦ - 2
Сте размислувале ли за конецот?
Тој тенок, грбав ништожник
што ви се впротнува
во секојдневието
ги држи вашите испуштени конци
и ви се потсмева на зависноста.
Свртете се... Да, свртете се
Зарем не е насекаде?
Конецот е дволичен пријател
што знае да се искине
пред окото на непријателот
и да се покаже распуканото
седло на вашите панталони.
Не верувајте му на конецот
се витка кога најмногу ви треба
се кине кога не треба
Затоа внимавајте каков конец
вденувате и колку е издржливо
неговото кончешко его.
КУТИЈА- СЕНКА
Залепија четири картонски страни
-“ова е твое“- рекоа, влези и чувствувај
го мирисот на хартија и лепило.
Стои така сенката и се yвери
Во тенките прегради.
Ако ме затворат ќе се изгубам,
ќе ме проголта мракот и
ќе ми ја ништоса снагата
ќе бидам сенка без лице
без постоење.
Влегувам во внатрешноста
Дишам прашина
Ноздрите голтаат и молчат.
Се споија сенката и прашината
Кутијата се затвори.
ПАНТАЛОНИ
Не сакам панталони без џебови
нема каде да ми почиват рацете,
нема каде да ги заријам ноктите
кога ќе сакам да се скријам
од оние што ги измислиле
панталоните без џебови.
ПАНТАЛОНИ
Ме викаш за да ги почувствувам
твоите крилја.
Знаеш дека сум пешак
Кој го памети чекорот.
Ми нудиш панталони без џебови,
а знаеш дека сакам да имам место
Каде што ќе ми почиваат рацете.
Ги гледам пердувите меѓу твоите нокти
скршени до месо
јас моите сакам да ги заријам
во панталони со џебови
и да ги скријам од оние
што ги измислиле
безџебните панталони
Црнилата ми врескат
дека овој мој лет
ќе биде лет во место
лет во себе со панталони
без џебови.
ПЕРНИЦА
Се спуштив врз перницата.
Ме чекаше секогаш подготвена
за уште едно себе предавање.
Ја барам нејзината мекотија
подзаборавена од ноќ до ноќ
за одмор на претешката черупка.
По тилот
се нижат врели конци
и ми го попаруваат мозокот.
Врелината ме фрла под креветот,
лижејќи ми ја потта од челото
со запален јазик.
Се будам.
Под мене стенка
испотената перница.
Се спуштив врз перницата...
Пешакот секогаш под себе има тло
Сонувачот само уста полна пердуви
ПОНЕКОГАШ
Понекогаш те мразам
Како што се мрази гревот.
Ги чувствувам подземните патишта
копат по мене
за да ме одведат до изворот
да го измијам гневот.
Понекогаш те презирам
Зашто знам дека си мој сраснат дел
гасеница гладна за зеленило
Понекогаш бегам,
но риеш по мене
ти изгубено мое секојдневие.
ПРАВАМ КУТИЈА
Правам кутија.
Лепам,
Кројам,
Потпирам,
а таа нервозно ми бега од прстите
и се спротивставува на спојувањето.
Местам
Буткам...
Кикот, инает, бес
Ми ги лепат прстите
Врз картонот и дел сум
од ова дебело
парче изџвакана хартија
со мазна кожа.
Капнав капка огледало
во мојата кутија
за да ми го пронајде ликот
а таа ми објави војна
влажнејќи ми ја ЈАС кутијата
Каде брза таа чудна капка од природата?
Изготвува дупка за бегство?
А сакав да ми роди виножито.
Ми остана само влажен белег
Врз моето картонско тело
Виножитото остана надвор
од мојата амбалажа.
ТЕРМОС
Убаво ме спакува.
Ако ти требам ладна
ме буткаш да влезам
во тесното грло
и брзо затвораш по мене
за да не се предомислам и излезам.
Не престануваш да играш со мене
ме подгреваш и складираш
таму каде што ме чуваше
студена, брзајќи маглата да не ми
избрза низ отворот.
Внатре сум и мислам:
Како термосот знае кога
ме сакаш топла, а кога ладна.
* * *
Во бањата спијат
Влакната од мојата коса...
Не ги будам зашто знам
Дека се овде за да ме потсетат
На челото оросено од тежината
На оретчената коса.
Дремат заплеткани во клопче
и и пркосат на целината
Патетика...
Десет влакна коваат
заговор против косата
спомен на време минато.
ЗАКАЧЕНИ ПТИЦИ
Птиците се населија
Врз моето тело
пердувесто
ме боцкат со ноктестите нозе.
Стојам ...
Мислата ме гони и прашува:
На што им личи снагава
Сува гранка или изладен пудинг
Растреперен при движење.
Устата ми е полна пердуви...
Плукам, а тие разлетуваат
лепејќи се врз црвениот пудинг.
Повеќе немам место врз себе
Ми се закачија птици.
(2007)
БИОГРАФИЈА
Вања Изова-Велева е родена на 04.09.1972 година во Штип. Средно образование завршила во гимназијата „Јане Сандански“ – Струмица, а високо образование на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје на групата македонска книжевност со јужнословенски книжевности. Работи како професор по македонски јазик во ОУ „Видое Подгорец“- Колешино. Вања Изова Велева е член да Друштвото на писатели од 1995 год.
Автор е на збирките: Вентил во постоењето (1993), Смрттта на рибата (1995), Зашиени грла (1997), Правта не зборува (2002), Плач во кутија (2007).
Нејзината поезија е преведувана на: англиски јазик, (In our own words, Generation defining itself, 2007; A surrender to the moon, 2005; Invoking the muse 2004); на српски јазик, (Градина - часопис за књижевност, уметност и културу, 2006; Зборник-Гарави сокак, 2008); на бугарски јазик (Круг - национално младешко списание за култура, 2002; Мизија - алманах за литература, 2006).
На македонски јазик поезијата $ е застапена во списанијата: „Портал“ 2004, 2007, „Огледало“, „Стожер“ 1998-2005, „Сум“ - списание за уметност 2004 и 2007, 2008.)
Песните на Вања Изова-Велева можат да се сретнат и во повеќе поетски книги: Сто без една (2007), Воспеви за Султана Миладинова (2001), Сонце (2003) и др. Коавтор е на монографското издание Чекори по ѕвездените штици.
Повеќепати била македонски претставник поет во: Франција, учесник на меѓународна поетска манифестација: „Гласови на Медитеранот“ во Лодев; (22-29 јули, 2001, Бугарија-Плевен, активно учество во Меѓународната плевенска писателска средба Побратимени светови; (01 до 04 јуни, 2006, Србија, Панчево). Освен поезија во споменатите списанија можат да се сретнат и нејзини прозни текстови.
Била член на претседателството на ДПМ од 15 мај, 2000-2004 и 2004 -2006 и член во жири комисија за книжевна поетска награда „Ацо Шопов“ и член на комисијата за дебитанска книга „Караманови средби“, како и член на Советот на Карамановите средби. Публикација на македонските писатели со биографски податоци: 2000, 2001, 2004.
Нејзина поезија е објавена и во изданието Современа македонска поезија (проект на Владата на РМ)
Добитник е на повеќе награди меѓу кои, последна е првата награда на манифестацијата „Празник на липите“.
Датум последње измене: 2009-03-09 21:45:45