Кирил Темков
Етиката на крајот на XX век
За Етиката на крајот на нашиот век е најзначајно тоа што во животот и во науката повторно возникнува значењето на моралот.
Ситуацијата со Етиката кон крајот на XX век е многу поразлична отколку на неговиот почеток - на којшто се веруваше и нагласено се искажуваше уверувањето дека пред човештвото претстои епоха во којашто моралот ќе престане да ги тормози луѓето, а Етиката ќе го загуби својот предмет и нема повеќе да биде интересна за проучување и, најверојатно, ќе отпадне од философската синопса, но не како другите науки, така што ќе се изгради во стриктна научна дисциплина, туку со тоа што ќе стане безначајна како човечки факт.
Затоа и научниот дух и општата свест кон крајот на столетиево беа изненадени, зачудени, заварени неподготвени од пробивот на етичката свест кон врвовите на човечкиот дух и кон апсолутна неопходност.
Низ речиси сиот XX век моралот и етиката беа ставани во загради - недвосмислено се искажуваше сомневање во нивната вредност и обврзност, им се намалуваше или отфрлаше нивното значење за животот и за човештвото. Всушност, толкаво отфрлање на моралот и такво манипулирање со Етиката не се запаметени од најлудите времиња на вандалските напади и преселби, кога се уриваше сета цивилизација, или од грозните епохи на побеснетите цареви-диктатори како Нерон, Калигула, или Борџиевци и слични, кога безмилосно се уништуваше секоја основа на заедницата.
Карактеристично е и тоа што во ова столетие, сè до неговиот крај, морализмот е користен само за две цели - политичка и социјална (класна), како поттик за промена на состојбите или како оправдување на идеологијата или на некој нејзин аспект. Затоа во него макијавелизмот - во форма на лозунгот „Целта го оправдува средството“ - беше прирачна етичка идеја за секаков вид уништувачки, нетолерантни, бескрупулозни постапувања (кои ги имаше многу), кои ја деградираа смислата на човештината и го доведуваа во сомневање секој вид изградено, воздржано, самоконтролирано морално однесување.
Доблесноста не се сомеруваше според стандардите на моралните вреднувања на добрите и стабилни заедници и на квалитетните, кон моралот благонаклонети и одговорни луѓе - туку според сомнителните вредности на недокваканите скорашници. На дело беа необмислени релации и недоградени вредносни системи наспроти универзалноста и ригидноста на човечката етика. Од темните длабочини на разнишаните или на неизградените општества или од замрсените страсти и кој знае какви пориви на силните водачи на народите се наметнаа цели и вредности кои не им прилегаат на развиената цивилизација и на високата смисла на човечката егзистенција во современата епоха.
Сето тоа во нашиот век резултираше со една нова појава на отфрлање на секоја етичка вредност - какво што во историјата покажуваа само крајните варвари и убијци или само радикалните скептици (кои се сомневаат во рационалноста на секоја мисла, па така и на етичката). Низ ова столетие на еден, сепак, универзален подем како секавица проблесна идејата на лаксизмот, на непостоечката одговорност во моралното однесување, на невозможноста да се домислат морални идеи, поради што и никој (ниедна личност) не е повикан и не се повикува да го чува и спроведува моралот, којшто и онака не може да се осмисли, стандардизира и санкционира.
Можам да правам што сакам! - тоа не е израз само на општата демократизација, или на либерализацијата на сите односи, што е карактеристика на веков, или на силата на 24 индивидуата, која се здобива со основна позиција и висок третман во идејната и реалната сфера - туку, пред сè, пројава на внатрешниот став на нахални и безобѕирни личности, кои го осуштествија векот со својата етичка деструкција, принципиелна неодговорност и множество вистински злосторства. Кон тоа придонесуваа и сите луѓе од ова столетие, со небрежноста кон природата, со налудничавите занеси и со нагласувањето на приоритетот на својот интерес над опстанокот на другите.
Таквото нешто не може да го додржи ниедно општество. Таму каде што моралот нагласено не се почитуваше, a со Етиката се правеа подигравки (како во фашистичките општества, или во комунистичките, или во колонијалистичките, или во неорганизираните новоослободени општества, неспособни за современи живот), заедниците се распаѓаа, луѓето умираа, човечките сили се топеа, бесмислено загубувајќи се во ништо. Многуте вложувања и ангажмани пропаѓаа, не даваа резултат, милијарди животи поминаа без усет за вистинската човештина и без користење на придобивките на силната човечка творечка енергија, меѓу која придонесот на етицитетот е основен.
Затоа кон крајот на едно вакво разнебитено столетие, со сета силина на неговата неопходност повторно се јави етичкиот дух на човештвото, инаугурирајќи ги етичката висина и моралните односи како првостепена потреба на опстојбата. На крајот на нашиот век Етиката демонстрира некои карактеристики кои значат многу за нејзиниот нов (подновен) статус и разбирање.
Духот на слободата ќе остане водечки за човечката проекција на егзистенцијата во сите сфери, но одговорноста нема да биде исклучена од визијата на постоењето и дејствувањето. Напротив, уште понагласено се инсистира на проблемот на последиците (консеквенциите) од намерите и постапките; благонаклонетоста не е достатна, потребно е да ce демонстрира морална свртеност и да се остваруваат резултати од таквата духовна и дејствена насоченост.
Од тоа се роди нов феномен: се јави силна морална тензија и пројава во разните сфери на живеењето - во индивидуалниот живот од личноста се очекува промисла за живејачката и за постапките, нејзина висока морална самосвест, воздржаност и самоконтрола...; во социјалната сфера се акцентираат поврзаноста на заедничката егзистенција, грижата за животот на сите, заедничкото ангажирање за подобрување на условите на живеењето и слични коегзистенцијални, прогресистички тенденции и форми...; во политиката се нагласува нејзината етичка димензија во смисла на неугнетување и заштитување на луѓето на коишто таа се однесува, оправданоста на нејзините одлуки и зафати само со благосостојбата на луѓето, одговорноста на носителите на јавните функции...; во културата се демонстрира дух на емпатија, блискост, соживот, потреба од меѓусебно разбирање, правење се луѓето да се пројават како творечки и етички субјекти...; во сферата на религиозноста се манифестираат енергиите на етичката доблест, на скромноста, на толеранцијата меѓу верите и верниците, се истакнува големото значење на религијата за квалитетот на личноста и за однесувањето на луѓето...
Пред научната мисла нужно се наметнува споредба на етичката идеја и практика на нашиот век со оние од претходното столетие. Во текот на XIX век беа нагласени моралната ригидност и традиционализам (патријархалност, викторијански морал, неменливост на моралните идеи и сл.). Оние што ги откриваа лошите страни на овој животен образец и морално дејствување и беа против нив, ги критикуваа и ги отфрлаа со индигнација заради бесмисленото унижување на групи луѓе според разни видови дискриминација и сегрегација (според расна, полова, имотна, класна или кастинска, географска/регионална, генерациска или друга разлика), заради многуте методи и силината на експлоатацијата, заради ужасниот конзервативизам, особено на морално поле, заради строгото казнување на бессилните за мали грешки и апсолвирањето на големите гревови на силните, заради тогашната „спротивност“ на Етиката наспроти пројавените тснденции за ослободување. Моралот беше од стариот свет, а новиот веќе незапирливо се раѓаше.
Затоа во минатиот век етичката критика беше инспирирана и мошне раздразнета. Целта беше да се замисли, објасни и породи нов свет - различен од претходниот, обременет со толку силен морален товар. Во таа етичка револуција, најнапред стана етичка навика и редовна про јава хипокризијата - како истовремено исповедување на двете лица на моралот и живеење според разликите, кришум, или онака како ти се сака, или во форма на објективно прикривање на моралното пропаѓање или промена.
Кон крајот од XIX век се зароди јавна и анонсирана промена на моралот. Се тврдеше дека тоа ќе биде новиот морал на Новиот век - на векот на разумот.
Парадоксално е што и сега се случи нешто такво - но како во огледало. По сто години морален и севкупен либерализам (или „либерализам“), кон завршетокот на овој век се иницира радикална етичка промена кон етички вознес и морална строгост, за кои, пак, се укажува дека тоа ќе биде новиот морал на Новиот век - на векот на разумот.
Во следното столетие, така ни изгледа на сите истражувачи на моралот денес, ќе трае ваквиот етички систем кој сега се воспоставува, со неговите карактеристики-либертерство но и вознесен морализам, емпатија, придружени со принципите на толеранција, ненасилство, со бројни човекови права, со фин систем на обврски во рамките на слободите и со градење на слобода во рамките на пројавените непходни морални должности. Проектираната Универзална етика како општ морален систем, кој ги опфаќа сите заедници (кои се стремат кон поврзување) и сите разумни единки, се гради (сака да се гради) од најдоброто од сите етички погледи во историјата и од сите светски краишта, за да посведочи за силата на етичкиот субјект и за доброходноста на човекот кон моралот и кон другите суштества.
Тоа е најважното етичко прашање на крајот на овој век, не само констатацијата за појавата на морализам и за возобновените етички ревандикации.
Но, едно треба непрестајно да се има предвид. Сменет е статусот на Етиката - таа не е повеќе метафизичка, туку емпириска. Своите докази и оправдувања, своите вредности и норми, таа не ги црпе од моралната идеја, туку од негативната животна и морална реалност. Етичката креација не е израз на визијата на идеалната личност или на совршеното однесување, туку одраз на страшната ситуација, која неминовно бара поправање. Значи, големата и вредна Етика денес е поттикната од негативните состојби, таа е реакција на статусот во многуте области (негативни еколошки појави, негативни социјални појави, негативни политички појави, лошо здравје, зависности, деградација на личноста и на живеењето, унижување на единката...), а не израз на аксиолошки априоризам.
Затоа во современата Етика е толку нагласена обврската, должноста, строгоста на вредностите, незаобиколивоста на нормите, неопходноста од ригидност и етички апсолутизам, согледба на последиците.
He е важно тоа што лично се сака (крајна) либералност, дури и затоа што се верува дека таа е покреативна и поинспиративна за животот отколку кој било друг етички и социјален систем. He знаеме до кога ќе трае нејзината крајна валидност - потенцијалите на светот се загрозени. Во областа на Етиката тие не зависат најнапред од сознателноста на личноста и од изграденоста на моралната свест. Оваа етичка основа мора да биде напредна и да го учи човека на морална стегнатост при сета негова органска (цивилизациска) отвореност и реален либерализам - доколку сака да има опстанок за себе, долг и добар живот и воопшто да им остави нешто и на децата и на идните поколенија.
Отсега натаму добрата Етика нема да биде само дискусија за добрите вредности (со слобода на избор за извршување). Таа ќе биде наметната, не според моралните соништа, пророчки визии, социјални или религиозни желби - туку просто според барањата на живејачката. Новата цивилизација на високиот развиток бара силен секојдневен и дејствен разумски потход на човекот.
Значи, како можеме да ја определиме Етиката на нашето време, на крајот на XX век?
Етиката денес е практичен избор на добри и нужни животни вредности, погодни за разбирање меѓу луѓето и за усогласување на нивното однесување, полезни за нивното заедничко напредување и просперитет, објаснување на неопходноста и неминовноста на тие вредности, препорачување на нивното извршување, инсистирање на нивно спроведување.
Тоа е духот на практичниот ум на денешницата, на крајот на XX и на почетокот на XXI век.
Белешка за авторот
Кирил Темков е роден вo Кавадарци (1943), дипломирал философија на Филозофскиот факултет во Скопје, каде што и докторирал во 1982 година („Теоретските погледи на Мито Хаџи Василев - Јасмин“). Професор во гимназиите „Георги Димитров“ и „Браќа Миладиновци“ во Скопје, каде што прв предавал современа симболичка логика на средните училишта во Македонија. Асистент на Катедрата за филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје од 1970, редовен професор по Етика, Естетика, Филозофија на менаџерството и Филозофија на политиката од 1990 година. Предавал и на студентите на Филолошкиот факултет, на Факултетот за туризам, на Факултетот за драмска уметност, на Интердисциплинарните студии по новинарство, на Факултетот за музичка уметност, на постдипломските студии на Архитектонскиот факултет и на Факултетот за ликовни уметности. Бил раководител на Естетичката лабораторија (1971-1994), основач на Отворениот театарски универзитет, на Младиот отворен театар, на Скопското културно лето. Бил секретар и претседател на Македонското философско друштво, раководител на Институтот за философија и на постдипломските студии по философија на Филозофскиот факултет. Бил кандидат за ректор на Универзитетот во Скопје во 1990 година. Cera е носител на иницијативата за воведување настава по Етика во образованието во Република Македонија.
Автор е на книгите: Основите на еден нов Универзитет (1975, со група автори), Панорама на естетичките идеи од втората половина на ХХ-от век (1981, со Г. Старделов), Отворен универзитет (Метафорум, 1993), Мито Хаџи Василев - Јасмин (Епоха, 1997), Етика (Епоха, 1998). Преведувач е и коментатор на книгите: Прагматизам од Вилијам Џејмс, Критика на практичниот ум од Имануел Кант, Творештвото и музејската естетика од Павао Вук-Павловиќ, Научна расправа за методот од Рене Декарт, За слободата од Џон Стјуарт Мил, Ессе homo од Фридрих Ниче и Играта u времето од д-р Лука Прошиќ (објавени од Метафорум-Епоха во 1992, 1993, 1994, 1996, 1998 и 1999 година). Основач е и уредник на првото приватно списание во Македонија „Етички тетратки“.
Датум последње измене: 2009-03-09 21:48:14