Софија Тренчовска
Заокружена првата фаза од Проектот Растко – Македонија
Во првата фаза од реализацијата на Проектот Растко - Македонија, електронската библиотека на културата и традицијата на Македонија, вложени се огромен труд и посветенички ентузијазам при дигитализирањето на вредни пишани дела. По изминатата демо-фаза од поставувањето на овој културен веб-портал, сега, 18 месеци потоа, можеме да констатираме дека имаме еден прилично богат избор од значајни дела и автори. Некои автори веќе се застапени со повеќе интегрално одбрани текстови и тука постои реална можност да се оформат вистински портрети на авторите, имајќи увид во нивното творештво.
Убедени сме дека е ова еден од современите начини за создадавање слика за развитокот и историјата на македонската книжевност/уметност/култура и другите сродни области.
Потенцирајќи ја пред сè промотивната, хуманата и некомерцијалната димензија на овој проект, ние сакаме делото на македонскиот творец да му биде достапно на читателот од целиот свет, овозможувајќи услови за комплетно, сеопфатно и достоинствено претставување.
Паралелно објавуваме автори и дела кои им припаѓаат на различни периоди и генерации од развојот на македонската духовност. Следејќи го текот на една хронолошка линија, постепено ќе бидат застапени сите етапи од развитокот на македонското книжно и аудиовизуелно наследство, не заобиколувајќи ги и најновите уметнички тенденции, со атрактивни и исцрпени наслови од домашното книгоиздателство. Покрај еминентни имиња на македонски автори, ќе се следи и презентира творештвото и на помлади творци или нови авторски имиња кои допрва ќе го свртат нашето внимание. Исто така, ќе ги развиваме можностите за тематски поврзувања и ќе ја продлабочуваме соработката со значајни институции од културолошката сфера. При развивањето на наредните фази од оваа дигитална библиотека, ќе се посветуваме на секоја област посебно, а листата на автори ќе се надградува.
Македонската литературна сцена е неисцрно море од вредни творци кои создавале и создаваат значајни дела коишто ги отсликуваат нашиот јазик, постоење, битисување и идентитет. Разбирливо е дека технички не може одеднаш да се обработи и презентира сè што е напишано, но ние ќе правиме избори на најдоброто, во фази, внурнувајќи длабоко во нашата култура и извлекувајќи го нашето највредно традиционално богатство на површината на интернетот.
3 јули 2009, на Денот на Св. Наум Охридски Чудотворец
Датум последње измене: 2009-08-01 11:48:58