Јован Котески
Избрани песни
ВИСОЧИНИ
(Човечко паѓање)
Се напнуваме
да го доискачеме тој зелен сон,
тоа стрмно подземје на висините!
Под чекорот
како под зинато грло
виси одмаздата.
— Кој ќе биде победен? —
Како од древно време
кантарот на љубовта завист мери.
Којзнае по колку години
со сосем скршени крила
ќе слеземе самотни.
А веќе на дофат
планината се затемнува,
небото се затестува и облакот рикнува
по нашата презрела совест.
Тој древен пад, таа стрмна незгода
на висините!
Со смртта се довикуваме
како со своја сестра,
— неродена,
напни, ненапни.
Изворите те корнат,
сенките те приковуваат
за една висина нова.
ЦРН ВРВ
(Каменоломи, височини, Кратово)
Искачи се.
Под тебе, поголема од сопствената сенка
лежи стравотијата. О, вечност блага!
Те прогони со толку свиреп страв
што гледајќи ги луѓето,
си ја оплакуваше својата стапалка мека.
Искачи се високо
додека во тврда дланка
каменот не си ја покаже утробата;
искачи се горе
додека душата од твојата уста
не одлета како ластовичка.
Овде е крајот на секој потоп:
Човекот ја мери тежината со каменот.
- Ќе те надвладеам, ќе ме надвладееш,
јас со росата што над тебе сени,
ти со смеата што ме засенува.
Еве ме, на мене ништо не е:
ни лесна облека, ни лесен збор
ниту поглед од девојка ми тежи.
Па сепак се стуриваат, се стуриваат
оние камења црни,
оние високи планини.
Јас сум тука како сенка,
точка на вечноста што се подава,
јас сум одгоре, а тежината оддолу расте.
На што да се задржам?
Небото како син цвет
ми го покажува крајот.
Височината лежи на душата
како мевлем на рана,
на овие краишта тешки
никако да ги поткренам со снагата.
Се простувам со вечноста
и се повторувам в зори.
Снагата моја била овде
и душата моја била овде,
а стравот ме потпирал со тенки жилки.
Луѓето ги дробат камењата
и нивните сенки
ќе дојдат подоцна.
- Понесете ги на плеќи
камењата од Црн Врв,
пријатели, навечер.
Што знаете вие за нас?
Сме имале диво пиле
пеело — допеало. Што?
Страв ли, ритам ли!
Или тоа само тежината во нас и над нас
како сомнение на душата.
ДЛАБОКО РИКАЊЕ
(Нарушена хармонија)
Во мајчината утроба скриј се,
ќе те открие овој пеколен глас
ова длабоко рикање на луѓе — бикови
огледани во своја крв, ќе те открие
и со ножеви од срцето до срцето
ќе ја параат твојата малечка љубов.
Пријателе, човеку, ти што ја посади нежноста
со звукот на зборот мајчин,
ќе те прободе јазикот како со рог
длабоко во срцето ќе те прободе,
ти можеш да умреш со пискот —
со грутка земја во окото.
Човекот води бик
рика во срцето и корне.
Ги отнавме сите води,
ги пуштивме сите гајди
и посадивме црвен кукурек во черепот
рикај де,
бику пред куќата кутнат.
Твоето срце кренато нагоре
рика. Го допира земјата. Де,
уште еден крик и ете
ти ќе ја посадиш со црно семе.
Ако се здробиш на земјата
твојата сенка ќе го победува небото.
Ти само напни со срцето,
окото ќе ти капне како роса,
ти само папни со срцето
и ќе ја посадиш со црно семе.
Телото ги разделува водите,
над гробот клекнува пелин.
Рогот сам ќе ти труби
смрт од срцето
и ќе те здроби рикот
во крикот стишен на времето.
Ноќта отворена во тревите
ѕвезди ружи — ружи ножеви
и ѕвечи смртта грозно.
Налакти се Симоне
на черепот свој.
Рогот те процепува,
ти ми носиш сонце,
гласот дојде сам.
Во крвта цветот пролетен
се огледува. Заби кремен!
Ќе те пресечам стебилке млада,
ќе ја запалам својата гладна страст.
ВОДОЧА
(Песна за еден војник на Цар Самоил)
По поразот, слепите војници само што не
пееја:
„О Самоиле! Да слеземе до изворите
во Банско,
да ги напиеме коњиве топла вода..."
Јас сум последниот во Водоча, со очи.
Од коњот, како од крилата птица,
моето тело го фрлија по друмјето.
Ја насетувам тежината на земјава, сега,
кога очиве свенуваат,
кругот на светлината сѐ повеќе ми се притеснува
а крвта — како во матичен тек, надојдува,
па место очи два извори
како две загасити ѕвезди, од темнината, горат. Отспроти,
последниот поглед ми се прикова за оштрицата
на мечот,
се припи за врвот од копјето
и изгасна,
како жарче во полноќно доба што гасне.
Телото нескладно ми се изви, се подаде во
лесен грч —
како шум на утока во матна река
и морничаво почувствував
слепата омраза — скротена во слепа сила
ја приковав во синџири
па кога заѕвечија босите нозе по крастите
тргна напред — тргна назад
поворка слепа.
Душата го понесе товарот на телото.
Тогаш по ридиштата, како поцрнети церови
стебла
се рушеа луѓето
и некој тежок замор од каменот
не гледаше со празни очи како од мајчина утроба.
Со змијско бдеење ни се допреа
и како божем да прашуваа што ни останува од животот! — Еве ви земја, куп земја, стог земја, опростување
— земја.
Но здивот наш се помеша
со еден благ потег на душата,
со едно тешко движење
скаменето ослободување на времето, срце.
Кој зошто офка?
Јас сум последниот во Водоча, без очи
и го барам првиот и последниот збор на мајка ми
во еден празен бунар.
(Од збирката Пеплосија, Мисла, 1966)
Датум последње измене: 2010-06-29 08:54:00