Раде Силјан

Сенката на поетот

1.

Поетот сонлив
Поетот замаен
Ако во невреме пропее
Од другата страна
На планината
Неговиот глас
Ќе се чуе
И во огледалото на песната
Народот ќе се препознае

Поетот сонлив
Поетот невидлив
Ако со зборови народот го пробуди
Родно семе ако посее
Полето широка постела
За гладните ќе биде
А песната на вљубените
Плодови од неговата гранка ќе бере

2.

Поетот кога се буди
Во ноќите блудни
Ситна роса паѓа
Место добро утро
На каменот песна му пее

Со својата приспивна музика
Криенка си игра
Ја подлажува
Ја поткраднува
А ниту часови
Ниту години брои

На светците
Очи им вади
И бога моли
Ѓаволска душа
Во длабок бунар да скроти

3.

Поетот нѐ гледа од далеку
Нѐ гледа подисплашено
И со глас пророчки
Глас трпезечки
Тивко ни вели
Песната моја е молитва ваша
Книгата непрочитана е отворена рана

Поетот нѐ гледа недоверчиво
И со уста подгорена нѐ моли
Качете се на моето рамо
Отворете ги ширум прозорците
И со очи на дробни деца
Погледнете во облаците
Надвиснати над вашите глави

Поетот со мермерна глава
Нѐ гледа од далеку
Нѐ гледа подисплашено
И тивко ни вели:
Откопајте ја градината подземна
Сенката моја со глас молбен
Добро утро ќе ви каже
И збогум веќе нема да има
За светлината на вашите ѕвезди

4.

Си заминува поетот
По својата надолнина
Ко патник страдалник
Со наведната глава
Некаде далеку оди

Без одежда
Без кандило
Со крст на чело
Свет чуден бара

А врвовите високи
Недостижни
Недопрени
На небото натежнато
Постела му прават

И веќе никој не знае
Дали јавето и сонот
Се блиска рода

Дали стеблото свиено
Е последна надеж
За нашата болка

Или песната тревожна
На минатото време
Е најубава рожба

5.

Угорницата недогледна
Нѐ подлажува
Наша прокоба
И последна надеж наша

На глуви уши поетот им пее
Дека ќе го минеме сртот
Од другата страна
На океанот невидлив

А толку малку
Низ јавето од луњи
Со Свети Климент
Сме изодиле сами
Со пранги на нозете

6.

Поетот полека, неусетно
Ја испишува својата биографија
Од сликата на ужасот се крие
Осамата е негова верна друшка

Со хор од бубачки во главата збрани
Зборовите одвеале во глуво доба
А песната рие во коските морни
Поетот во мене вели

Душата место песни солзи лее
Природата недопрена
Порака чудна има
Поетот со песната ско се скара
Тоа се нарекува страв од убавина

(Раде Силјан, Сенки на татковината, Матица македонска, Скопје, 2007)

На Растку објављено: 2010-05-17
Датум последње измене: 2010-06-29 08:55:19
 

Пројекат Растко / Проект Растко Македонија