Тихомир Стојановски

Метричка стапка на душата

Шкотскиот благородник Ленокс му избега на ножот на Макбета. На крајот на третиот чин, страница 83, од македонскиот препев на Макбет, тој ја кажува состојбата во "Данска" за времето на Макбет.

ЛЕНОКС: ...Човек не смее
да биде стемнет на пат...

Толку многу убиства одеднаш им се втурија на плеќите. Не се знае кој кого го убива, и сите бегаат далеку од Макбетовата "Данска". На сигурно. Кога ќе ја споредам својата "Данска" со онаа на Макбет, нема никаква разлика. Во контекст на Јан Котовиот современик Шекспир. Се палат куќите, се уништуваат црквите, се киднапираат луѓе, се силуваат и тепаат, дури и на грбовите им се пишувани букви од азбуката. И чужда војска и политички платеници вршат силен притисок врз собранискиот дом за промена на уставот на "Данците". Потоа народот излегува на улицата и се претвора во подивеена толпа која може сѐ да направи во налет на омраза и бес кон "макбетштината" и "данштината" на нашата татковина. (Македонија, јули, август 2001)

"Коњот го подготвуваат за денот на битката, но победата е од Бога". ("Свето писмо", Македонска православна црква, Скопје 1990) Една Соломонова изрека од книгата Естира, страница 617. Во однос на Ричард Трети, кој кралството сакаше да го замени за коњ. Не знаеме дали му успева на крајот таа замена. Може секој од гледачите да си го замисли неговиот последен галоп. Доринувањето.

Во однос на Хамлет тој, умниот принц, мора да научи да убива во себе. Па од таму да убие од себе кон другите и на крајот да заврши убивајќи се и себе си.

Во однос на Макбет повторно ќе допрам една изрека од Библијата. "Ако во злочест ден си се покажал слаб, скудна ти е силата". Макбет кој убивал во бојот многупати, после едно убиство во мир, од полза, се крши на кревката нитка на чувството на вина , наречена совест. Совест. Мал-голем збор. Не ве остава да здивнете. Немате ниту мир, ниту сон. Во "Данска". Состојба на страв. Несигурност. Темна ноќ која може да ве голтне дур да трепнете. Да не смеете да бидете "стемнети на пат". Ех, Јан Кот. Мој современику. Ние скапо го плативме тоа Шекспирово чувство. Преку крвта на нашите "Данци". Секако подобро се игра Шекспир ако сте биле блиску до "Данска", до макбетштината, до стрвноста на Ричард Третото, до безизлезот и разочараноста на Хамлет од својата " Данска".

Онаа во која живеете вон сцената, во обичниот живот. Секој од нас ќе го понесе своето бреме. Актерите со ликовите. Гледачите со своите стравови од гибелта. Кругот на родението и смртта ќе нѐ понесе кон нови случувања. Нашите деца кои секојдневно гледаат убивања, закани, погреби и солзи, толпа разнебитени луѓе излезени од Шекспировите трагедии и приказни за убивањето. Се претвораат во суштества кои се навикнуваат на умирачката како нешто најнормално и живеат како ликовите на јамбските матафори на драмскиот автор Господинот псевдоним. Нашите следбеници, децата. Децата и умирачката. Смртта.

Повторно ме тресе треската на трагизмот. Излегувам од трагедиите влегувам во душите на моите "Данци" кои бараат спас од Бога или од нивните претставници во собраниската зграда за својата пониженост, бездомност и бедност. И ништо не наоѓаат. Сите ние живееме со Вилијам Ш. Не знам, Господ знае до каде е таа состојба во "Данска". "Театарот нема категории, тој е како животот. Има само почетна точка и никакво друго правило!?" ("Не постојат тајни" Питер Брук, Едиција "Лицеум" Скрб и утеха, Скопје 1999). Како и животот. Ние сме на почетната точка на Елизабетанецот. Каде што завршува разумот и почнува темната сенка на смртта. Ние во "Данска". Заедно со Јан Кот. И другите кутри души на мајкава земја кои се на прагот на таа состојба. Питер Брук отиде во селата во Африка да игра на сред село на еден ќилим за да ја проучи условноста на Шекспир?! (исто). А ние го дочекавме дома. Секој со својата среќа. Ете тој пишувачот на трагедии, кој употребил преку 25.000 збора своите дела (исто). За да ја раскаже сказната за убивањето. Токму него секој го бара преку своето бреме и зададеност. Огледувајќи го своето СЕГА и ОВДЕ и прекршувајќи го со јамбската смрт кај Вилијам Ш. И сета таа смрдлива "Данска". Тоа дувло црвјосано. Состојбата кога неможното станува можно. Кога сѐ може да ви се случи и да ви изгледа нормално и најненормалното во таа зачмаена состојба. Кога и вие самите полека почнувате да наликувате на тоа смрдливо дувло на Хамлетовата татковина. Данска. Место од кое може да се сети Шекспир дирекно преку точката, со која го допираме нашиот обичен живот. Каде заедно во бедна прегратка клекнале животот и смртта, наликувајќи на еднаквост. Сѐ може да ве затекне Во трагедиите на Елизабетанецот. И во "Данска" Запомнете, не се работи за географија туку за состојба на слободата. Таму каде не смее да ве "стемни на пат". Оти може да ве изеде јамбот. Таа смртна музика на смрдливото дувло во кое сте се затекнале себе си. Рам-там. Рам-там Двосложна стапка. Како дамар на срцето. Живот и смрт. Првото пократко, поненагласено. Второто долго и повеќе трајно. Ајде сега пејте со смртта. Низ солзите на повредените. И плачењето е песна, мил мој Јан Кот. Или едноставно, метричка стапка на душата.

...

(Фрагмент од книгата Скршеното копје на псевдонимот, „Скрб и утеха“, Скопје, 2002)

На Растку објављено: 2010-05-24
Датум последње измене: 2010-06-29 09:04:26
 

Пројекат Растко / Проект Растко Македонија