Софија Тренчовска
Заокружена и втората фаза од Проектот Растко – Македонија
Втората фаза од развојот на електронската библиотека на културата и традицијата на Македонија, „Проектот Растко Македонија“, ја дооформуваме со објавување на нови 80-тина текстови.
Со досега објавени над 300 наслови и над 10000 страници материјал, можеме да констатираме дека имаме прилично богатa база на електронски изданија којашто ќе продолжиме да ја збогатуваме и во наредните фази.
Во оваа фаза се објавени мошне интересни наслови, во повеќе различни области од кои некои се интегрално објавени дела, но исто така има застапени и одредени фрагменти или избори од творештвото на авторите.
Експанзијата на масовната интернет култура и забрзаниот развој на информатичкото општество е од особена важност за македонската културна дисперзија и за македонскиот народ воопшто. Литературата треба да го следи развојот на електронската култура и активно да се интегрира во интернет просторот.
Со дигиталната презентација на книжевните дела и со нивното објавување во виртуелната сфера, чекориме кон современите начини коишто водат кон еден нов облик на опстојување на пишаното дело и кон креирањето на една нова вечност на постоењето на книжевното дело.
Една од нашите главни задачи е да го одбележиме нашето битисување со презентирање на вистински факти. Зашто јазикот и пишаниот збор се израз на националното постоење на една традиционална култура која не може да се избрише.
Ја користам оваа прилика да ги повикам професионалните креативни автори да дадат свој прилог во збогатувањето на содржините на овој наш портал.
Придружете ни се кон нашата заедничка дигитална еволуција, уште повеќе да придонесуваме за достојното претставување на македонската култура и традиција во рамките на глобалната интернет култура!
Ако „словото го крепи умот и човечките души“, тогаш верувам дека и во овие вредни писанија од нашата мала дигитална библиотека ќе најдете по нешто и за вашата душа.
24 мај 2010, на денот на Св. Методиј и Кирил Рамноапостолни
Датум последње измене: 2010-06-29 10:45:50