Горан Тренчовски — биографија

Горан Тренчовски (роден на 24 април 1970 во Струмица, Македонија) е режисер, писател, креатор и прв човек на Астерфест, застапник на ТФА АФ, продуцент и меѓународен културен активист.

Дипломирал режија во 1991 на Академијата за уметност во Нови Сад во класата на проф. Боро Драшковиќ. Посетувал постдипломски студии на Филолошкиот факултет во Скопје и бил на специјализација во Прага.

Сопругата Софија и синот Лука се негова животна поткрепа и уметничка инспирација.

Уметничко творештво

Голем дел од неговиот режисерски опус спаѓа во краткиот, документарниот и ТВ филм, како и во постмодерниот театар. Напишал бројни филмолошко-театролошки есеи од областа на феноменологијата за драмските медиуми.

Филмовите му се освежување во третманот на урбаната и на новомитската балканска иконографија (Бумбари, Клошари и плакати, Мултилевел, Езерската земја на Никола К., Вампирџија, Андер, Духот на татко ми, Игра и спас...).

Претставите му се инвентивни парафрази на европската драматика на апсурдот (Крајот на играта, Звучни слики, Словенски Орфеј, Часови по злостор, Луна прима, Либрето Вагнер, Адска машина, Од првиот здив, Питачка опера, Духот на лименката, Суво дрво од Вавилон, Крајот на кралот, Партáле, Кабинетот на проф. Тарана...).

Неговите книги се комплементарна литература за автопоетичкото поимање на филмот и театарот (Од питач до крал, Орбис пиктус, Поетика на (де)тронизацијата, Парс про тото, Кино неимар, Тези и аскези). Ја објавил и книгата одбрани текстови на англиски Pit Kralsky – An Artist od (De-)Thronization.

Има режирано и мултимедијални спектакли од типот на Тутунски споменар и Струмица 1918.

Уметничките проекти на Тренчовски се изведувани и прикажувани во Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Германија, Грција, Италија, Канада, Полска, Русија, САД, Словачка, Словенија, Србија, Турција, Франција, Чешка, Швајцарија...

Го снимил долгометражниот игран филм Златна петорка.

Подготвува игран проект под работен наслов Лозари заедно со сценаристот Зоран Стефановиќ.

Културна дејност

Работел како драматург во театар, координатор на театарска лабораторија, раководител на сектор по режија во национална телевизија, селектор на фестивал на камерен театар, главен уредник на списание (Тренд театар), уредник во електронско списание (Блесок).

Долги години имал искуство како како резидентен режисер во Македонската телевизија и НУЦК „Антон Панов“.

Во 2005 заедно со сопругата е основоположник на Интернационалниот филмски фестивал Астерфест, а потоа ја иницира Тивериополската филмска алијанса, којашто се развива како своевиден институт за краток и документарен филм.

Бил активист во филмското одбележување на 5-годишнината од смртта на претседателот Борис Трајковски и на 70-годишнината од раѓањето на актерот Ристо Шишков.

Се заложува за дигитализација на визуелното и книжевното наследство.

Објавил над 300 текстови во печатот и периодиката, а режирал над 500 ТВ емисии од најразлични програмски жанрови.

Член на Друштвото на писателите на Македонија.

Награди и признанија

Ги добил наградите: Војдан Чернодрински во Прилеп, Награда за уметнички сценски израз во Стоби, Гран при за ТВ филм во Сараево, Најдобра алтернативна претстава во Македонија, Специјална награда за документарец во Новогард, Св. 15 Тивериополски свештеномаченици во Струмица, Скрипт фест во Скопје и др., а негови филмови биле номинирани меѓу најдобрите во Москва и Вашингтон.

На Растку објављено: 2009-12-11
Датум последње измене: 2010-06-30 09:30:15
 

Пројекат Растко / Проект Растко Македонија