Зоран Стефановиќ

Уметникот е научник на метафизичкото: Режисерскиот метод на Горан Тренчовски како спознание на големиот притисок

Голема е веројатноста есеите, тие мајсторски белешки на угледниот македонски и балкански режисер Горан Тренчовски, најмногу да ги изненадуваат неговите колеги, творците.

Во времињата кога императивот на уметничкото делување се ефикасноста и масовноста, една напната потреба за "брендирање" на секој уметнички чин, на секој производ, Тренчовски се однесува како опсесивен антички или ренесансен уметник. Тој и понатаму уметноста и индустријата на забавата ги сфаќа како наука на прочистувањето.

Зад душевните сили кои му избликнуваат, зад сликите на праобразците, Тренчовски секогаш разработува свој поетички и философски систем. Но тој систем не е само нагонски, како кај многу уметници. Врз основа на теориските модели, често негови лични, режисерот освестува проблем, промислува договорена стварност, го употребува аналитичкиот апарат на целокупната традиција, дури и кога го внедрува во ореова лушпа од неколку реченици.

Тренчовски не се плаши од откривање на одамна заборавените очигледности. Во титански напор да разбере, тој е бескрупулозен и непопустлив во користењето на теоријата, поп-културата, мистиката, науката, духот на времето и, над сè, на филтерот на делување - човечки и создавачки.

Заради тоа, неговите записи - згуснати и хиперкомпонирани - истовремено толкуваат, набројуваат, пеат и изведуваат. Самите за себе, тие честопати не претставуваат нешто поблаг уметнички чин од оној што Тренчовски храбро ни го дава во своите режисерски поставки. Ги предизвикуваат во нас сите гранични напнатости во мигот кога спознаваме кои сопствени ментални слики уметникот ни ги претставил од сведочењето на уметничката пракса на поединецот.

Очигледно, дури и работилницата од која доаѓаат толку возбудувања, е понеизвесна и попрефинета од тоа што го наложуваат граѓанскиот ред и безбедноста на колективното уметничко его.

Чудно е ова забрзано и напоредно пуштање на филмски ленти, монтажа на сеопшти атракции... Тие остри патувања по кои не водиш, Режисеру.

Зоран Стефановиќ

Зоран Стефановиќ (роден 1969) е српски писател, драматург и сценарист. Трудовите му се објавувани на десетина европски јазици. Повеќекратно е наградуван. Поставката на неговата драма "Словенски Орфеј" (1992) во режија на Горан Тренчовски се смета за еден од првите изданоци на современата драматургија и театар во Македонија и Србија.

На Растку објављено: 2012-01-14
Датум последње измене: 2012-01-13 20:25:57
 

Пројекат Растко / Проект Растко Македонија