Александар Прокопиев

Визуелец, режисер, интелектуалец и писател

Поетика на (де) тронизацијата е неопходна, посакувана и провокативна книга во македонската есеистика, затоа што наспроти сета погодливост и менливост на нашите егзистенцијални, политички дури и етички ставови на времето во кое живееме, уметноста е таа која тука се разгледува многу впиена во тие пори на ежедневноста. Охрабрува кога ќе најдете книга на индивидуално мислење, став и недетронирано мислење. Не е тоа отпор, не е тоа бунт во една класична смисла, но тоа е сеуште предел кој уште Монтењ го истакнал како единствен неприкосновен простор на мисловните и чувствителни луѓе, тоа е интимниот простор на мислата. Во оваа книга која јас ја сфаќам како една единствена приказна (има многу наслови и поднаслови), значи дело со свој почеток, климакс и отворен крај, или како што биолошки би рекле дело од глава до опаш, а опашот се скрива во некои понатамошни лавиринти, авторот Горан Тренчовски настапува во неколку улоги, од кои јас би истакнал четири. Тоа се: улогата на визуелец, улогата на режисер, улогата на интелектуалец и улогата на писател. По природата на својата професија, режисерот Тренчовски мора да ги гледа нештата.  Имено, тој во својот секојдневен живот, веројатно како сите вдлабочени, предадени луѓе во својот занает, има еден мал исчекор, изострување од гледањето на другите луѓе. Тоа е пред сè неговиот осет за детаљот, осетот за поврзаност и за асоцијативност која доаѓа од окото, од тој моќен и неопходен сетилен орган кого сите ние го поседуваме. Имено, ова книга е многу збиена книга, преполна со информации, преполна со библиографски цитати, материјали итн. Оваа книга се чита во еден здив, благодарение на тоа што Горан го поседува искусното око на добар гледач. Ако добро ја разгледате книгата, ќе видите дека илустративниот материјал тука е многу внимателно одбран, дека тој исто така спаѓа во тие доблести и енигми на доброто око. Исто така ќе најдете визуелни цитати од: филмот, стрипот, брендовите, филателистичкиот материјал, рекламите, театарските сцени, многу внимателно одбрани, што може да го направи само оној кој има поврзувачка, асоцијативна и пред сè пробивна визуелна култура. Второ, како што сите знаат, тој е режисер. Тој е значи, претставник на една професија, која кон крајот на минатиот а секако и во овој век ќе биде многу важна и доминантна во она што се нарекува, контакт со публиката, и влијание воопшто врз уметничкиот резултат на една голема сфера што се нарекува театар/филм. Но, тука повторно постои парадокс. Имено, сите ние знаеме колку е стара драмската уметност, сите ние знаеме колку голема и важна била улогата на актерот, по онаа на писателот, во создавањето и отпечатокот на драмското дело, па така и најголемите автори, вклучувајќи го и Шекспир, ги поврзуваме со одреден тип на актери кои тие ги бирале, знаејќи дека улогата на Кралот Лир ќе ја игра тој и тој. И одеднаш се јавува една нова професија. Во театарот појавена со големи зафати дури кон крајот на 19-тиот век. Од друга страна, тоа е една друга уметност која сега стана не само многу масовна и популистичка, туку и конзументска уметност. Филмот ја наведе улогата на режисерот уште во своите почетоци. Она што го направиле Мелиес или првите автори на филмот, останува неизбришлива трага во историјата на филмската уметност. И сега, до што доаѓаме? Значи, драмската уметност постоела со векови, столетија и епохи, а сега во театарот режисерот, сеуште ја чува и ја брани таа улога на уметнички координатор, селектор и уметник, воопшто, а филмот кој почнал, навистина од еден порив, кој е чисто индивидуален, па ако сакате и интимен во режисерска смисла, станува сè повеќе производство, индустрија и би рекол репликантска уметност која сите ние ја сакаме и ја гледаме, но сè помалку заслужува да го носи насловот уметност. Во тој проблем режисерот Тренчовски пишувајќи на оваа тема, настапува во многу непосредна улога, имено неговиот занает се соочува со тие две сили. Се соочува со сеуште недетронизираната автентична сила на режисерот на кого му се останати територии не многу големи, тоа се територијата на уметничкиот театар, на арт филмот, на документарниот филм и наспроти тоа една веќе голема освоена територија во која индивидуалноста се помалку се цени или се заменува со нешто што значи профит и нешто што значи успех. Ако некој ви каже или ве праша кој добил Оскар пред пет години, дури иако сте голем љубител на филмот и постојано одите на тие филмски фестивали, вие многу тешко ќе се сетите на името на режисерот. Тие податоци се менуваат со навистина молскавична брзина, за која особено еден режисер како Тренчовски е многу свесен. Како тогаш тој успева да ја задржи оваа своја позиција која е евидентна во неговата книга? Ја задржува со својата моќ на размислување, и оцена која од таа размисла се изградува во книгата. Имено, тој почнува со еден став, како секој добар автор на почетокот на книгата. Нешто што е насловено како “Пролегомена” а има наслов “Крај на митовите, почеток на игрите”. Сега да видиме како тој низ сиот богат асоцијативен материјал, минува, благодарение на нешто што јас го сметам за многу важно, а тоа е квалитетот и интелектуалното ниво на прочистување на материјалот. Притоа, основната теза која е кажана, е повеќе или помалку позната. Меѓутоа ставот што пред сè зависи од индивидуалноста на авторот, во оваа книга е многу автентичен. Горан Тренчовски не е ниту бунтовник во класична смисла, не е ниту пропагатор, тој е премислувач на нештата. Ова е посебно интересно, затоа што се работи за решето кое мора да биде многу прецизно, понекогаш молскавично. Хранењето на мислата во нашето време, благодарение на големата моќ на визуелното, станува секојдневна или секојноќна потреба, сеедно. Тренчовски во војата книга се потпира на мислењето на философите. Тука има многу цитати на луѓе што се докажале како размислувачи, некои биле пообемни, некои биле понемушти во кажувањето на својата мисла. Тука ќе најдете мислења од Витгенштајн, Фуко, Дерида, Ниче, Спивак, значи цела група на автори кои не само што длабоко размислувале за овие проблеми, туку често се на некои спротивставени позиции. На пример, имате една позиција што Тренчовски ненаметливо ја нарекува визионерска  позиција, значи нешто што не е само премислување на сегашната ситуација, туку проекција на тоа какви ќе бидат последиците понатаму особено во сферата на митот, херојството, театарот, драмската уметност, визуелната ситуација. Сите тие нивоа се кажани глобално и локално - што е подобро од она што се кажувало порано, затоа што во овој случај локалното ја носи универзалната сила на глобалното, станува дифузно и конзумно, високо, индивидуално, ненаметното, геопоетичко. Сето тоа е поткрепено, во оваа книга, не со стручњаци од типот теоретичари на уметноста, колку стручњаци на мислата, со философско премислување на светот, што на книгата ѝ дава една длабочина којашто е исто така ненаметлива. Така што, кога ќе ја прочитате оваа книга, целокупниот впечаток ви е неоспорен. И сега доаѓаме до последниот квалитет, кој авторот на оваа книга неоспорно го поседува, а тоа е писателскиот талент. Јас не сум на мислење дека големите режисери се и добри сценаристи, иако има и такви случи, ниту дека писателите би можеле да бидат луѓе кои ќе ги режираат своите драми (пример сме на многу такви неуспешни обиди), дури и кај врвни автори, како што е Бекет. Но, од друга страна, тој спој е извонредно плодоносен во оваа книга. Значи во едно премислувачко , интимно, не би рекол синтетично, но во секој случај асоцијативно согледување на големиот момент на детронизирање на уметноста во која ние живееме, и притоа да не се биде ни насилен, да не се биде ни намерно опозитен, туку едноставно - да се биде човечен и доволно професионален во она за што се пишува и зборува. Затоа оваа книга ја сметам и како книга на писател, на автор. Отсекогаш сум мислел дека добриот есеист е и добар писател. А во случајот на Горан Тренчовски, сите овие квалитети - визуелниот човек, режисерот, интелектуалецот и писателот, се многу природно споени во создавањето на неговата Поетика…

(Од промоцијата на книгата “Поетика на (де)тронизацијата“ од Горан Тренчовски, 25 март 2005, Музеј на современата уметност, Скопје)

На Растку објављено: 2012-08-02
Датум последње измене: 2012-09-01 17:18:57
 

Пројекат Растко / Проект Растко Македонија