Тимоти Џон Бајфорд
Мојата посета во Струмица, Македонија
Во четврток вечер се вратив од Струмица во Македонија, откако во среда примив специјална награда за моите достигнувања во филмската и телевизиска уметност од Астерфест. Астерфест е годишен интернационален фестивал за документарци и кратки филмови кој оваа година се одржа меѓу 26-ти и 31-ви мај. За жал, јас успеав да заболам од пневмонија токму пред да тргнам кон Струмица пред фестивалот, но Горан Тренчовски, основачот и директор на фестивалот љубезно не покани мене и мојата сопруга да ја посетиме Струмица подоцна и да ја примам наградата од Градоначалникот.
Патувавме со автомобил, што беше прилично големо искушение, со температури од 39°С, но всушност благодарение на исклучително удобниот автомобил – „Ауди 6“, и прекрасниот возач Игор од Нови Сад, кој не е само одличен и многу одговорен возач туку и мошне шармантна личност со одлична смисла за хумор - патувањето испадна едно големо уживање.
Струмичката гостопримливост е единствена - се сомневам дека Принцот Чарлс и неговата Камила би имале посрдечен пречек од оној кој ни беше приреден на Зорица и мене. Не знаев дека моите серии „Невен“ и „Полетарец“ биле толку популарни во Македонија, и на сите кои имаат околу 40-тина години - кои биле деца кога програмите се емитуваа - им бев еден вид херој, дури Господ! Каде и да одев среќавав луѓе кои велеа дека не им се верува дека всушност ме запознале мене - човекот кој им го збогатил детството. ОК - знам дека моите серии беа популарни и без лажна скромност, знам дека беа доста добри - но во Македонија добив впечаток како да сум, што се вели „личност на векот“.
Бевме во Струмица само еден цел ден, и нашите домаќини сакаа да ни покажат најмногу што може, и после две интервјуа дадени за локалните весници и едно гостување во живо во локалната телевизија, го посетивме Струмичкиот театар каде што ги запознав тамошните актери. Потоа не однесоа во манастирот „Св. Елеуса“ и манастирот во Водоча - црквата „Св. Леонтие“ - два византиски манастири од 11-ти век, од кои првиот е горе на рид. Токму кај црквата „Св. Леонтие“ во 1014 императорот Самуил ја изгубил битката кај Беласица во близина на Струмица, и победникот - византискиот император Василиј ИИ наредил секој од четиринаесетте илјади војници да биде ослепен, оставајќи му на секој стоти војник по само едно око, за да може да ги води поразените војски до царот. Затоа оваа област и црквата „Св. Леонтие“ се познати како Водоча - од „вади очи“. Веројатно ваквите нешта потсвесно ми влијаеле да не го прифатам советот на директорот во школото да студирам историја на Кембриџ!
По манастирите отидовме да ги посетиме Колешинските водопади, уживајќи во постепеното паѓање на температурите додека пешачевме по триста-метарската живописна патека до водопадот. Бидејќи сликата вреди илјада зборови ќе ве оставам да ги разгледате фотографиите од мојот албум „Струмица“ за да добиете претстава за убавината на овој водопад и на манастирите.
По ручекот и по краток одмор, тргнавме кон поранешниот Дом на армијата за да ми ја врачат наградата на Астерфест и Тивериополската филмска алијанса од Градоначалникот на Струмица, Зоран Заев. По презентацијата имаше проекција на една епизода од „Невен“, која беше прифатена со ентузијазам кој длабоко ме трогна. Ја посветив проекцијата на Оливера Марковиќ, одлична актерка и прекрасна личност, која неодамна почина. Тажно е што од соработниците на „Невен“ повеќето се починати - од актерите: Миќа Томиќ, Оливера Марковиќ, Милан Срдоч, Драган Зариќ, Милутин Бутковиќ, Марина Кољубаева, Иван Александров, Милош Жутиќ и Миља Вујановиќ. Потоа раководителот на детските програми Олга Влатковиќ, благодарение на која серијата и беше направена, сценографот Петар Пашиќ, костимографот Мира Чоханџиќ, директорот на фотографија Душан Недељковиќ, секретарот на продукцијата - Нада Недељковиќ и продуцентот Гане Марковиќ.
Но се оддалечив - се разбира со добра причина. По церемонијата на врачување на наградата бевме поканети на вечера, по која буквално се срушив на креветот, не верувајќи дека се уште сум жив по сето што го бев направил во последните 15 часови на температура од 39°С.
Следното утро, домаќините не одведоа со Зорица во една пекара - позната по бурекот - нешто што мене не ме привлекува - колку и да е добро. Зорица не можеше а да не го посети пазарот и да си купи македонска лубеница и неизбежната леблебија - добро што патувавме со автомобил.
На враќање поминавме низ Дојранското езеро, кое ни беше претставено како најстарото езеро во Македонија и опишано од водичот вака:
„Според една стара легенда, една македонска девојка по име Дојрана си полнела вода од специјални извори кои морале да се затворат по употребата. Во моментот кога Дојрана си ги полнела стомните, слушнала дека саканиот и се вратил од војна и заборавила да ги затвори изворите. И Дојранското езеро, според легендата, е резултат на невнимание и еуфорија. Поради медитеранската клима на југоисточна Македонија и близината на благото Егејско море, вегетацијата во Дојранската област почнува да цвета во рана пролет и продолжува до доцна есен. Иако во својата најдлабока точка Дојранското езеро е длабоко само 10 м, тоа е полно со живот. Поради големото количество треви кои растат во езерото и големиот број планктони на површината, Дојранското езеро помага при лечењето на реума, кожни болести и респираторни болести и голем број туристи доаѓаат овде токму за тоа.“
Видовме многу туристи кои се капеа во езерото, но самите ние не паднавме во искушение. Зорица и Игор повеслаа малку, сликавме неколку слики и продолживме кон Белград, каде што пристигнавме изморени и испотени, но полни со впечатоци и потврдувајќи ја изреката на Лин Јутанг:
„Никој не сфаќа колку е убаво да се патува се додека не си дојде дома и ја спушти главата на старата позната перница“
Но исто така и онаа на Тим Кахил:
„Патувањето најдобро се мери со пријатели, а не со милји“
16.07.2011
(превод од англиски: Зорица Паликарова)
Датум последње измене: 2012-09-01 17:18:05