Вања Изова Велева
За значењето на Проектот Растко – Македонија (рецензија по третата фаза)
Да се подвлече линија, размислување за она што претставува „Проектот Растко Македонија“ за македонската култура, значи, пред сè, да се обелодени фактот дека преку овој проект, Македонија му се отвори на светот со целата своја елоквентност и полнота како што ѝ доликува на една држава во која твореле и творат имиња со белег во опстојувањето.
Оваа електронската библиотека на македонската култура и традиција е обид или отворен крик да се задржи оригиналноста на творештвото и достапноста до секој оној што сака да стане верен читател на новото и актуелното творештво, но и да остане читател на она што полека почнува да бидува нагризувано од забот на времето и што постепено исчезнува. Оваа дигитална библиотека постои за да ја одржува свежината и квалитетот на творечкиот опус.
Ваква богата библиотека беше неопходна да се појави во интернет сферата, колку заради читателите, толку и заради оние кои сакаат да откријат една поинаква Македонија. Нејзината отвореност и достапност, со објавени најразлични литературни избори и целосни книги од различни области и жанрови, на познати и квалитетни авторски имиња, ја прават интересна, но пред сè, корисна потреба за секој случаен или намерен „поминувач“ низ нејзините страници.
Концепцијата на сајтот нуди простор за секој потенцијален автор кој прави обид да втисне белег во литературата и традицијата на Македонија, за да не бидеме заборавени прво од себеси, а потоа и од генерациите што ги оставаме зад нас.
Постоењето веќе петта година под ред е добар показател дека овој проект е со тенденција на растење и потреба да биде лектира на секој добронамерник, зашто овде литературата е заради литература, а не заради профит.
Ова заедничко дигитално пројавување на повеќе автори од Македонија на едно место, допринесува за една слика на единство коешто го поврзува пишаниот збор со традицијата на македонскиот народ .
Затоа „Проектот Растко Македонија“ е проект што бара соработка и поддршка за уште повеќе да расне, да ја доживее својата кулуминација. Тоа секако ќе биде во служба на читателот, сè со цел да се одржува постојаната рамнотежа на квалитет.