Успешен завршеток на јубилејниот Астерфест

X annual ASTERFEST - Strumica (27-31 May 2014)
www.asterfest.mk

Струмица, Македонија, 2. 6. 2014.


Викендот во Струмица заврши јубилејното десетто издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“ којшто се одржа под мотото „Ново и старо“.

Според организаторите и посетителите ова е најуспешно реализирано издание досега.

Квалитетната филмска програма, високорафинираните технички услови за проекции, присуството на бројни странски гости и свеченото заокружување на десетгодишниот подем – се главни одлики на ова фестивалско издание.

Меѓународното жири составено од Биргит Штаубер, Желимир Гвардиол и Стефан Шашков едногласно донесе одлука за доделување на наградите.

Златната потковица ја понесе индиско-јужноафричко-данскиот документарен филм ИЗМЕТ ВРЗ БЕДАТА на Вијај С. Јода. Сребрената потковица ја доби израелско-украинскиот документарец КАЛУШ ШТО МИСЛЕВ ДЕКА ГО ПОЗНАВАМ на Бернард Дичек. Бронзената потковица му припадна на босанско-херцеговскиот документарен филм НЕБО на Дино Касало. Специјална диплома од жирито му е доделена на холандскиот документарец ЗВУЦИ ОД МАЗИН на Ингрид Камерлинг. За најдобар краток игран филм е прогласен данскиот оскаровец ХЕЛИУМ на Андерс Валтер. СТАРОЗЛАТНИОТ ПРОЕКТОР го освои полскиот краток филм БИРДИ на Ева Коханска. Наградата АЦО АЛЕКСОВ за најдобар автор ја доби македонскиот филм ДОБРО ВРЕМЕ ЗА УМИРАЊЕ на Сенад Абдули. Наградата ЃОРГИ АБАЏИЕВ за најдобро сценарио му е доделена на косовскиот филм АМЕЛ на Море Раца. Специјална диплома жирито му додели и на полскиот краток игран филм ЖАР на Бартош Крухлик. Најдобар анимиран филм е оскаровецот Г-ДИН ХУБЛОТ на Лорент Витз од Луксембург. Специјална диплома доби и францускиот ЛИТЕРАТУРНИ МИСТИФИКАЦИИ на Јорис Клерте.

Специјалното жири на наградата „Мувиленд“ (Иво Јанков, Тони Димков и Влатко Галевски) одлучи наградата за најдобар австриски филм рамноправно да ја поделат ПРВ ПОГЛЕД на Јулиана Неухубер и НЕЧУЕН на Зигмунд Скалар.

Во текот на петдневните фестивалски чествувања, покрај доделувањето на специјалните награди на лауреатите Борис Геретс и Љупка Џундева, во Манастирот „Воведение на Пресвета Богородица“ во Велјуса импресивно беа одржани Астер портретот и Тивериополските беседи во знак на добитниците на овие престижни признанија. Посебен впечаток остави мастер класата на Борис Геретс која собра голем број млади љубители на филмската уметност.

Фестивалот официјално заврши со проекција на наградени филмови.

Тивериополската филмска алијанса со нови искуства влегува во втората декада со едуцирање на новите генерации филмски творци и со приближување на актуелните филмски вредности за публиката кај нас.

Во текот на следниот период, јубилејните настани на „Астерфест“ продолжуваат со репризни проекции и авторски средби, како и со понатамошна афирмација на кусометражната и креативната документарна филмска форма.

На Растку објављено: 2014-06-02
Датум последње измене: 2014-06-02 13:39:05
 

Пројекат Растко / Проект Растко Македонија