Александар Прокопиев

Симеон и Ивец

Имено, секое суштество што извршува некоја функција постои токму во смислата на самата таа функција. Но затоа што делото на Господ е бесмртноста, или вечноста, нему нужно би му припаѓало и вечното движење…
(Аристотел: „За небото“)


Тој е во полето, ми вели монахот, и самиот ослепен.

Симеон! Симеон!

Тука сум, тука сум, Ивец, ме препознава веднаш.

Го врти лицето кон мене насмевнат речиси детски, како да ги избркал од себе грдотиите на животот и станал несвесен дури и за двете зјапнати дупки. Се гушнавме. Не му бев дојден со години, последен пат уште пред походот на Владислав на Драч, кога ги чекавме вестите кај господар Драгомуж, па веднаш го искористив времето до одам до манастирот. Сѐ уште паметам некои зборови што ми ги кажа тогаш Симеон, откако му се изназборев какви неволји ме снајдоа: времињата се лоши, неизвесно е уште колку ќе издржи државата пред заканите на василевсот, жена ми Марија е пред втор пород, брат ми, иако дванаесет години помлад, не го трпи моето туторство…

Ме ислуша, ме охрабри дека сѐ ќе биде добро, потоа на моето стеснето „а ти, како си?“ ми одговори нешто сосема поинакво од она моето во кое зборував само за себеси.

Рече нешто како:...Го допирам утринското цвеќе за да можам да разговарам со душите на мртвите...

Како… Сум чул дека некаде во белиот свет, зад големите води, намерно ги ослепуваат птиците подобро да пеат. Можеби и јас сум намерно ослепен подобро да гледам и да зборувам, а не сум убиен на бојното поле, каде што црните гаврани и така ќе ми ги исколвеа очите, а ќе останев засекогаш нем. Можеби имав среќа што ме заробија и по нивно ме казнија, а всушност добро ми направија, оти тука си најдов спокој каков што никогаш немаше да најдам во војничките страданија. Тука душата ми се одмора. Ми се чисти таа од гревови и лоши мисли. Не можам да го видам она што ти го гледаш, но ги слушам лисјата како треперат и при најмалиот ветрец, ги слушам бубачките како брмчат и меѓу себе си зборуваат. Така, слушајќи, гледам. Да, го гледам она што инаку не би го видел да ми ги оставеа очите...

Тогаш, кога заминував од манастирот, помислив, грешен, дека Симеон со монаштвото се заштитил од нечесниот свет и дека не може да му наштети ништо од она што мене секојдневно ме крвави. А дека светот е нечесен и злобен се потврди веќе следното утро со веста што ја дочекавме кај господарот Драгомуж: Иван Владислав е убиен пред ѕидините на Драч! Не морав да ги затворам очите за да слушам како некаде, сепак не толку далеку, наречниците пеат: Прела Јана, Јано мори, предела Јана. Дек је сабота, Јано мори, дек је сабота…

Оттогаш ми се случија многу работи. Добро е што децата ми се живи и здрави: по две ќерки, Господ ми дарува син, Теодор, гордоста моја. Именуван сум за патрициј, заменик на оној ист господар Драгомуж, кој ми стана голема потпора во животот.

И еве, пак сум кај Симеон, во манастирот. Ливадата е иста, дури и Марко, манастирскиот мачор, е ист, само малку подебел и потромав. Велат, мачката е со девет животи. Човек, во најдобар случај, може да надживее девет мачки во својот живот. Потоа, и тој си заминува. Понекогаш ми се чини дека и јас можам да сум таму, растрчан и итроног како Марко, дека сум некој друг што си го живее својот живот. Но знам дека смртта ќе биде само моја. Сопствена.

Откако преживеал, ослепен, ми кажуваше Симеон, уште долго сонувал насмеана мрша на воин чија дланка, што ја глодаат пци–мршојадци, сѐ уште тврдоглаво ја стиска дршката на мечот. На крајот од сонот мечот паѓа. Многу поретко ги сонувал касапите и нивните жртви, своите другари, како во колона чекаат да бидат повредени. Крици и болка, но не глетка. Таа грозомора што последна ја гледал од надворешниот свет како 5

да исчезнала по ослепувањето.

— Седни тука, на пенушката, крај мене. Ивец, не грижи се за мене, сѐ е како порано, на вистинското место.

Сега воопшто не изгледаше уморно. Слеп човек во полето. Го потчукнав, речиси го погалив по раката. Неговата не е студена и вкочанета каква што се очекува да биде на слепец, туку топла, топла и невина, па не можев ништо да му кажам неколку долги мига, иако ми дојде да запелтечам „прости ми, прости ми…“.

Па је напрела, Јано мори, па је напрела, девет вретена, Јано мори, девет вретена…

* * *

— Што се случува кај тебе, Ивец? — ме прашува, а не „што има ново во светот?“, зашто очигледно светот, овој надворешниот, веќе не го интересира, тој му е случаен и неважен и одграден со слепилото, а тој, Симеон, како назадечки, тивкум да излегол од него. Велат окото ја обединува убавината на светот, но слепиот ја поседува светлината, иако таа не му влегла низ окото туку извира однатре. Кој вели дека слепиот е сличен на желка вовлечена во оклоп. Тој гледа подобро од нас! Она што за нас е невидливо, за него, во тие негови очни празнини, се вдомува, живее во полнотија.

— Па така… се снаоѓам… — пелтечаво ги поднаместувам зборовите. — Имав недоразбирања со брат ми… за наследството…

Симеон пак, како и минатиот пат, не го прекина моето пелтечење, туку простум се надоврза: — Страдањата, Ивец, не само на твоите пријатели туку и сопственото, не нѐ спречуваат, кога сме гладни, добро да се нагостиме, или да посакаме жена, ако ни ја буди желбата. Ги чувствуваме раните, ја чувствуваме болката, ама живи сме.

Го кажува ова, помислив, зашто разбира дека ние луѓето имаме кревки тела, затоа можеме да грешиме, демоните ни ги владеат телата, а еве тој, иако телото му е сѐ уште силно, но очите му се ископани, ја извадил, ја исчистил од себе таа грабежлива телесна жед, тој грабежлив секојдневен напор да се приграби што повеќе… И ете успеал да ги смири мислите, а мене ми доаѓаат и ме напаѓаат и против мојата волја.

Го помислив тоа и се засрамив. Се засрамив да зборувам пред него.

* * *

Се нагледаа нашите очи сѐ и сешто, а тука, во почвата меѓу тревките, се посеало полското цвеќе што го спомна Симеон, што нестрпливо чека уште повеќе да се ослободи и да се рашири низ полјаната. Цвеќето е тука, и кога ќе расцути, и кога ќе овене. Но јас не сум истиот, секогаш кога доаѓам тука, на оваа полјана, пред ова цвеќе, се чинам остарен, како низ шупливиот мене животот да тече забрзано.

Се обидувам да се сетам на момчакот Ивец, да ја замислам насмевката на неговото лице под преголемиот шлем. Откако господарот ни нареди да станеме воини. Воини!?, дали можевме да се наречеме така кога уште не бевме излезени од детските денови? Игрите со детските и во момчешки двобои што завршуваа со гребнатинки и многу ретко со понекоја скршена глава или рака се извртеа, страшно брзо, во вистинско убивање, во маките на насилната смрт на соборецот или на противникот, во мирисот на човечка крв на човечките тела што се превиваа осакатени од металот. Го гледавме тоа со сопствените очи, и не само што го гледавме туку и самите бевме смртоносци и жртви. Неговата желба беше заповед за нас, неговата заповед глас што нѐ води во победа или смрт. Господарот наш. Секогаш подготвени за него да убиваме и да бидеме убиени. Да бидеме со него на секое место, од Трајановата врата до Адријанополис, од Средец до Драч, од Велбужд до Переславец, каде што ќе посака да нѐ води со меч и штит. На три мориња се рашири царството негово, а на оние што не ќе му се покореа, домовите им ги опустоши и на послушност ги принуди.Тој, моќниот, решаваше кој ќе остане, а кој не на овој свет. Господарот наш, царот Самуил, Господ да му даде лесен покој. Господарот семоќен што го гледав како лежи и се грчи во смртнички маки, овенат, пронижен од копјето на судбината. Додека колоната на слепци, на наши луѓе најдобри и најсилни, а сега сенки ништожни, се тетеравеше накај ѕидините, меѓу нив и твојата, Симеоне, а од темномодрото небо што само секој стоти од вас можеше да го види ако го подигне погледот, ама никој од еднооките не гледаше нагоре, туку долу, во сувата испукана почва, влечејќи ги своите обесчестени лелекави другари, со засирени крвави солзи по лицето, а тогаш од темномодрото небо засвети молња. Молња бесчујна, без грмежи. Величествена ли глетка во тој стравичен миг! И господарот наш, царот обесцарен, кој благодарение на смелоста на синот Гаврило Радомир и брзината на пастувот негов ѝ избега на погибелта, сега, како да е покосен од таа бесчујна молња, се струполи на земја како ранет даб, но веќе изгниен однатре. Бев меѓу првите што притрчаа да му помогнат, да го повратат со вода студена и мириси цветни, ама духот негов навлезен беше во магла густа непроѕирна, која го заплени и од која не се врати повеќе.

Издржа во постела, отапен, без свест, уште два дена. Кога ги раскрилија дверите на крепоста за ослепените, да се приберат и, колку што беше можно, да ги исплачат своите темници, царот веќе не можеше ниту да ги види ниту да ги слушне.

Небото не задожди, остана модро, надвиснато и мирно.

* * *

Откако царот се струполи и од силен владетел се престори во безнадежно болен старец, во градот, наспроти мирното небо, како некоја темна магла да се рашири, па горе јасно се гледаа и најмалите облачиња, но долу луѓето меѓу себе не се познаваа, а што луѓе беа, се тетеравеа како да се под тешки камшици, оние што некогаш беа воини горди, сега слепци утепани, а оние што во крепоста ги чекаа, како и за нив светлината во зениците да се замрачи, па ужасени и изгубени се миголеа како тие да се ослепени.

Од одаите каде што лежеше царот–старец истрчав да го 8

пронајдам Симеон, ги распрашував ослепените дали преживеал и, ако не настрадал на Беласица, дали е меѓу оние со извадени очи или, по некоја среќа, успеал да избега од кланицата. Но тие тешко можеа да ми дадат вистински одговор, едни лелекаа Господ да ги земе кај себе, други, без вид и сила, не гледајќи го небото, лежеа отапени, како со очите да го изгубиле и гласот. Конечно препознав еден од нив, Нестор, кому злотворите му оставиле едно око и не му ја свлекле кошулата од железо, потсмевајќи му се дека ќе го брани во следната битка. Седеше во правта, тој некогашен воин и предводник во пресметките со непријателот, сега со раскашавени обувки и распетлани врвци околу прасците на нозете. Се спуштив на колена покрај него. Со ова што ми го оставија, покажа на окото Нестор, ме чека беден полуживот. Тешко ми беше на душата да го гледам, заедно младоста ја поминавме во војна и мир, иако Нестор беше од друг крај, некаде околу градот Охрид. Се обидов да го прегрнам, но Нестор благо ми ја отстрани раката од клапнатото рамо: — Што ќе стане, Ивец, со нашите желби и соништа? Не можам да мислам на ништо... А овие околу нас? Мене барем едно око ми поштедија, а ним? Им исчезна светот... Околу нас — прекршени, зашеметени тела, над нас — величествено модро небо. — Несреќа, Ивец. Се слуша, зборуваат, и царот паднал од болка. Лицето на Нестор беше искривено, окото големо, без солзи, исплашено.

Замолчевме некое време, потоа некако ги истиснав зборовите: — Нестор, знаеш ли што е со Симеон? Го имаш ли видено? Овој ме гледаше здрвено, со своето киклопско око, и не ми одговори. — Симеон... — повторив — Жив е? Нестор промрморе: — Ни дојде крајот. Готови сме.

* * *

Кога ќе ми го слушнеа гласот, ослепените ги подаваа рацете кон мене и бекнуваа како овци пред колење. — Челникот Симеон? Знае ли некој каде е? — ги прашував, но никој не ме слушаше обземен со сопствената мака. Веќе ја изгубив надежта дека ќе дознаам што било, кога еден од нив, со густи раштркани веѓи над очните дупки, го подигна лицето, сето замачкано од засирена крв: — Не го заклаа, ама му ги извадија очите, како и на сите нас. Му ја стегнав раката: — Каде е? Кажи. Стисокот на слепиот беше изненадувачки силен: — Ќе го најдеш. Тука е некаде. — па додаде, не пуштајќи ми ја раката: — Ако можеш да го препознаеш.

Појдов понатаму, пресретнав група војници што на искинат чаршаф носеа мртов. Погледнав во посивениот мртовец, само да не е Симеон, среќа не беше, но не можев да го смирам срцебиењето, кое по среќавањето со Нестор ми тропаше во градите како полудено. Во таа страшна брканица се вмеша чувството на вина и сѐ повеќе нешто однатре ме тераше да ги замолам унесреќените соборци за прошка што ги оставив на немилост на јаросните воини на Теофилакт Ботанијат. Бев меѓу ретките што во галоп, заедно со царот и син му Гаврил Радомир, успеа да побегне од клисурите.

Штотуку Симеон, со исукан меч и црвени дамки на лицето од возбудата на битката, отрча да помогне кај другата страна на опкопот, кога Ботанијат со својата војска, која завиваше како глутница волци, нѐ нападна од зад грб. Ги сечеа, ги кинеа нашите соборци што во тревога, раштркани, се обидуваа да побегнат. Однапред Василиј, одназад Ботанијат, беше јасно дека сѐ е готово. Обрачот се стеснуваше, веќе многумина убиени и полуубиени покосени лежеа или се превиваа како црви на почвата. Други пак се предаваа, клекнувајќи и молејќи за милост. Не можеа ни да претпостават колку им е кревка надежта дека ќе си го спасат животот и каква ужасна казна ги чека! Бегај, спасувај се, врескаше растревожениот глас во мене. Бегај! Видов како среде метежот Гаврил го крена царот и во трк одјава од битката. Еден крупен Ромеец ми се наближуваше, со долг меч во едната и со копје во другата рака, со кои ги косеше и набодуваше, токму во небранетите грла, како на ражен, нашите војници. Ме смрзна помислата дека овој смртоносец, кој стануваше сѐ пострашен и поџиновски, се намерил да ми ја земе душата. Лично смртта ми доаѓа!, врескаше гласот во мене, и тогаш, среде колежот, здогледав еден заплеткан дорчо, што ’ржеше и ги тргаше уздите што сѐ уште ги држеше неговиот јавач, смртно ранетиот топарх Борис. Овој угледен борец лежеше со расцепено чело и претсмртно белило во очите, но не ги пушташе уздите. Побудален од страв, ги грабнав од вкочанетите студени прсти на топархот, рипнав на коњот и го натерав во силен галоп. Во мигот го фатив погледот на огромниот Ромеец, со окрвавено влакнесто лице, како да не е човек туку планинско чудовиште. Ми се причини дека ме гледа со потсмев.

Потсмев што го заслужив. Кукавички побегнав од бојното поле, оставајќи ги другарите на немилост на непријателот. Те оставив и тебе, Симеоне.

* * *

Го најдов во едно многукрако парталаво клопче слепци. М¬ѓу нивните нагрдени потемнети лица со бледи усни што лелекаа поради болките го здогледав Симеоновото. Не беше лесно да го извлечам од групата, чии прсти и лелеци просто се лепеа на мене, но штом го подигнав на нозе, го повлеков кон себе и го гушнав за да го заштитам. Не му го препознав телото. Инаку строен, за половина глава повисок од мене, сега изгледаше смалено и жалосно. Молчеше, за разлика од другите слепци, со падната глава, како да му е срам да го видам колку е нагрден и така поднаведнат, со темето врз моите градите, стоеше и не стоеше, зашто ако го пуштев, тој пак ќе паднеше и ќе се претопеше во клопчето.

Не направивме ни неколку чекори, а тој целосно клапна. Морав на раце да го носам до горните ходници на крепоста. Кога цел ден подоцна Симеон се врати на себе, царот, сѐ уште без свест, ги броеше своите последни часови.

* * *

Годините што следуваа беа неспокојни и матни.

Симеон се замонаши, а јас останав да им служам на владетелите што се менуваа по смртта на царот. Им служев понизно, иако тие не го заслужуваа секогаш тоа. Но морав да мислам на себе и на своето семејство.

По Самуил дојде Гаврил Радомир, син му, кого Ромејците го нарекуваа Роман, силен ко карпа, со незапирлива храброст на планински оган, но многу помалку мудар од татка си. „Ќе го надвишам татко!“, се гордееше и самиот се величеше, зашто тој, со своја рака, го уби Теофилакт Ботанијат, заповедникот на Солун, истиот оној што на Беласица погибел ѝ донесе на војската Самуилова. Физички Гаврил беше непобедлив, но, како и многумина други јунаци, заради силата ја запостави умноста. Непокорот кај него беше избрзан, и во личниот и во владетелскиот живот. Без каење првата жена, унгарска принцеза, ја избрка бремена и зеде втора жена, Ирина богомолка. Им се смееше на советниците кога му велеа да внимава на братучедот Иван Владислав, чиј татко Арон со сиот негов род од Самуил б¬ше погубен. Тогаш само Владислав се спаси, и тоа благодарение на Гаврил, кој се заложи за неговиот живот. Беше убеден д¬ка со тоа довека го задолжил и кога ќе му јавеа дека Владислав почнал тајни преговори со Василиј, Гаврил само ќе одмавнеше со раката: „Братучед ми ме сака во сета моја севкупност“. Но и тука излезе наивен, зашто овој на лов со стрела го застрела и за нецела година го симна од престолот. Му ја уби саканата Ирина и му го ослепе најстариот син.

За разлика од Гаврил, на Иван Владислав пресметливоста не му фалеше, а беше и во постојан страв дека ќе му ја земат круната како што тој самиот ја стекна, со убиство. Поради тој страв на измама го уби Јован Владимир од Дукља, најчесниот меѓу велможите, мажот на Теодора Косара. Го намами во престолнината, во Преспа, праќајќи му златен крст како залог дека нема да му наштети. Тогаш Владимир со благ потсмев му одговори дека Исус, кој страдаше за нас, луѓето, не е распнат на златен туку на дрвен крст, па ако на Владислав ветувањето му е искрено, нека му испрати монаси со дрвен крст. Владислав се намурти на пораката, но веднаш му прати уште една благоглаголива покана, со ветување дека нема да му наштети. Кога пред портите на црквата во Преспа убијците му ја отсекоа главата, последното збогум од овоземниот живот на лицето на Владимир беше насмевката на смирен маченик кому сѐ му е јасно.

Такви сурови беа времињата, но јас, како што кажав, морав да се снаоѓам. Создадов семејство. Се оженив со Агата, ќерката на господарот Драгомуж, заповедникот на Струмица. Агата е послушна сопруга, од благородничко потекло, а освен тоа, татко ѝ, мудар и претпазлив човек, умееше многу добро да ме посоветува.

* * *

Кога добро ќе помислам, најважните настани што ми се случија во животот беа на некој начин поврзани со Симеон. Беласица, неговото ослепување, моето бегство. Смртта на царот. Минатата посета на манастирот, убиството на Иван Владислав и таа ноќ, раѓањето на ќерка ми Ана, која, не знам зошто, ја крстив со името на саканата сестра на василевсот поради која рускиот кнез Владимир го прими христијанството.

Овој пат го посетувам Симеон како патрициј. Како ромејски патрициј. Патував долго, зашто сега со семејството живеам далеку, на другата страна на царството, во градот Антиохија. Како дојде до тоа да се преселам толку далеку, да си ја зачувам главата, а и не само тоа, туку да добијам висока титула и да живеам во благосостојба? Па, да признаам, благодарение на дедо ми Драгомуж. Ноќта, токму кога се вратив од манастирот, ме повика во својата одаја. Кога останавме сами, прво ме израдува со веста дека Агата родила здраво женско бебе. Ми наздрави со пехар старо црно вино. Потоа ми пренесе дека го убиле Иван Владислав пред Драч. Ги отпи последните голтки од пехарот. А потоа...

Потоа, ми кажа дека ќе му се предаде на василевсот. Без борба. Василиј пратил вест дека нема намера да ги казни сите оние што доброволно ќе минат на неговата страна. И уште нешто, ќе бидат удостоени со почесни титули и нивните деца згрижени. Само што ќе бидат испратени на нови поседи, во малоазиските провинции на источната префектура. Тој, Драгомуж, веќе му пратил гласник на василевсот

Бев затекнат и вџашен.

— Некои нема да се предадат — изговорив. Се растревожив, а ме фати и малку срдба — На пример, мојот соименик, господарот Ивец. И господарот Николица. Тие ќе се борат докрај.

— Тешко ним — рече.

И имавме право, и јас и тој. Ивец и Николица останаа непокорни, но откако беа поразени, во тешки маки ги завршија животите во солунскиот затвор. Ивец со извадени очи и исечен нос.

Ја прифатив понудата на дедо ми. Драгомуж беше назначен за магистер, а јас за патрициј. Тој во Константинопол, јас во Антиохија.

И еве, дојдов кај Симеон, а не му кажувам од каде, ниту која титула ја носам, ниту зошто е тоа така. Мојот свет е во движење, неговиот како да стои. Можеби и тој се менува, можеби и тој понекогаш се наплива со радост или паѓа во очај, но кога вака седи покрај мене во мантија и молчи, и јас губам желба да му зборувам за моите премрежиња. Не затоа што не ќе ме разбере, туку така, едноставно не се осмелувам. Ниту тој ме прашува. Порано не беше така, знаев да му дрдорам за разни мои важни и помалку важни работи. Но сега зборовите како да ми се потрошени, па само седам до него и се смешкам кога тој се смешка.

* * *

Прела Јана, Јано мори, предела Јана.

Шест вретена, шест животи. Во сабота, ден мртовден. Умри, па стани, умри, па стани. Мачји род, враќање по заминување. Среде распеаните жени што скокаат низ гробиштата на ослепените воини. Со гласови што липаат и што се кикотат во исто време. Облечени во што е можно пошарени фустани, розеникави од здивот на големиот оган. Распаметени моми и чувар–баби, заедно тела млади и тела збрчкани, тела човечки и тела животински, и самиот не знам дали одам со нив, или ме влечат, дали танцувам или се туркам, дали сум сѐ уште тука или веќе сум пошол онаму… Ќе минам низ шест такви порти. Зад секоја порта, по една чувар–баба, построга и поопасна од претходната, ме мерка, ми прави сметка, натокмени, напудрени, а си гледаат, си паметат, и имињата и мислите и издајствата. Смрачено е, ама не е толку страшно, иако чувар–бабите се тука, и јас сум како разголен пред нив во својата беда човечка, но тука се и девојките во шарени фустани што танцуваат и врескаат, како да не им пречи, а и мене, што мора да се покажувам пред нив, коњот и така знае да го изоди патот, зашто си се знае, глетките се нижат, како се навраќаат и момите и бабите, повторно и повторно, како што јавам (подлабоко?), го здогледувам на шумската патека момчакот Симеон, неповреден и топлокрвен, мрда со начулените уши загледан во мене, а една од чувар–бабите е до него, смалена и веќе не строга, туку некако добричка, како бабушка, му шушка со гласот, го гали.

Дек је сабота, Јано мори, дек је сабота.

Се вртам во седлото, но манастирот, сосе монасите, сосе слепиот Симеон, веќе не се гледа. И зарем ќе остане нешто од тоа, кога и самиот јас ќе исчезнам? Зарем не е својствено тоа што е двојствено? Еве го и црниот смок, се обвиткал околу најубавата мома, со клапната глава, очигледно добро се нацицал, гласно шмркнува, му потекува млаз млеко од челуста. Она што беше веќе не е. Тоа што бев веќе не сум.

Дури сега забележувам дека девојките имаат сиви студени очи, а бабите топли кафени.

Посакувам да им кажам нешто со блага љубезност, ама во меѓувреме сум станал нечуен, без глас, малечок. Сѐ уште го држам мечот, сѐ уште јавам, но и коњот се беше смалил, како некоја играчка. „Ништо не е случајно“, стигнав да помислам, „И ослепувањето на Симеон. И мојата вина. Сѐ има свое зошто“, и немаше ни трошка страв во моето ситно бебешко тело.

Прела Јана, Јано мори, предела Јана.
Предела Јана, не је знајала
дек је сабота, Јана мори, дек је сабота,
па је напрела, Јано мори, па је напрела
девет вретена, Јано мори, девет вретена.
На Растку објављено: 2018-04-04
Датум последње измене: 2018-04-05 10:46:05
 

Пројекат Растко / Проект Растко Македонија