Кузман Кузмановски
Слика
Наслов: „Предвидувања“
Формат: 47.7 х 64.5 цм
Техника: Уље на панел
Година: 1978
Цена:
Пишуваше од задната страна на сликата закачена во мојата соба. Колку и да сакам да го премолчам, си го пишуваше и следново, и тоа токму вака, со сите големи букви на латиница ИВАН ВЕЛКОВ, па со нешто помал фонт, повторно на латинично писмо, АКАДЕМСКИ СЛИКАР. Овој детаљ го забележав во петокот, кога собата ми доживеа „генералка“. Сликата била отсекогаш таму, а тогаш првпат да ја забележам.
Основата на сликата е сина, и тоа суптилно степенувана надолу, од најтемните до најсветлите нијанси. Сликата е апстрактна и тоа ми отвора можност за слободно толкување. Ќе се обидам да допрам до универзалијата на уметникот, ако воопшто постои.
Кога некој сака да предвиди, многу лесно може да превиди. Авторот на сликата сакал, претпоставувам, да го наслика божественото што, ете, му се дало да го види. Но не и да се изедначи со него. Неговиот потпис е во десниот горен агол, паралелно со божеството кое е творец на сѐ. Не е мое да судам, ама сметам дека можам да кажам што мислам.
Насликаните фигури во долниот дел од сликата се со остри агли и положени се хоризонтално од лево кон десно. Така го задржуваат вниманието при визуелната апсорпција. Гледам глави, паднати, со сѐ уште будни очи вперени кон божеството, кое е дури и над сонцето. Тоа, пак, само по себе, поделено е како тркало од запрежна кола. Тркалото на судбината. Боите, иако се придушени, сепак се топли, но некако сите фигури му се подредени на синилото. Сите освен божеството, кое има некој свој ред, брзина, живост и способност со својот светлински здив да го разблажи небото и морето, со чистата белина. А можеби токму долу, под фигурите што ја отсликуваат еволуционата заблуда, продолжува небото. Продолжувањето е посветло, во здивот на доминантната и тешка како догма фигура, која откако го роди, го потчини дури и сонцето. Сите тие тела имаат очи вперени нагоре, пропорцијата се чувствува. Колку се подалеку, дотолку повеќе сакаат да го видат она што е над сонцето. Сложеноста на односите во сликата е токму во едноставната распределба на фигурите. Предвидувањата раѓаат надеж дека може да се стигне до сонцето, како што е обоена последната, најдесна фигура, поставена надолу. Таа го навестува кружниот тек и безизлезот на оние кои ќе се обидат да предвидат што не им е дадено.
Предвидувањата на Велков уште еднаш ми кажаа дека работите си имаат свој тек и дека до таму каде што ние можеме да стигнеме, можеме и да направиме, а она останатото - тоа е на Бога.
Оти, да бидеме искрени, која наука нѝ кажа точно за сѐ?
И не случајно немаше цена делото на Велков. Сигурно е добиено на подарок во годината кога сум се родила јас.
(Расказот е од книгата НАСТИНАТИ ДУХОВИ, Формика, Скопје, 2001.)
Датум последње измене: 2022-01-27 20:24:34