Братислав Ташковски

Расцепен ум (фрагмент од роман)

Веќе кажав. Јас, Алавантие Пискин, се сеќавам на многу работи, најповеќе на најлошите и, помалку, на добрите. Пред многу години, во едно долго летно попладне, во дворот на Шарлаганови се случи голема мешаница. Сите беа излезени надвор а на нивните лица царуваше насмевката. По неколку минути дојде и музиката и во дворот на соседот започна голема веселба. Ние, соседите, бевме изненедени сè до оној миг, кога дознавме дека Леонид се армасал и си земал жена од кукушко.Се запознале во Дојран кога Леонид бил таму да тргува и купува риба за есенските посни сеири. Па така, од тој ден, Леонид Шарлаганов многу често одел до Ѓољот и ја икористувал секоја можност да се види со Марија. Некогаш тоа му успевало, некогаш не; бидејки Марија, која била од родот на Абаџиеви, за да дојде во Дојран, морала да се крие и како крадец да ја минува границата. Таа тоа успешно и храбро го правелела. Така било сè до Петровден наредната година, кога Марија и Леонид, решиле таа повеќе да не се враќа преку езерото, туку заедно да заминат кон планините и да дојдат во градот. А кога се случило, тоа било празник за сите.

Марија Абаџиева во градот на Леонид имала голема рода. Бежанска. Судбината на поделената земја така сакала да биде. Од оваа страна на езерото да има тетки и чиковци; а од другата мајка, две сестри и вујко. Татко ì Митраки починал одамна.

И, како што кажав, празникот дојде и како некое големо и шарено тркало започна да се движи низ домот на Шарлаганови. Родата на Марија, кога разбрала за благата вест, токлу се израдувала, што нејзината најстара тетка, дебелата Султанка Беломориева; морала да испие три лажици шекер во кристали и две кесенца медицински прашок, за да ги смири нервите од опасните напади на носталгија, себеобвинување и вечна поделеност. За да биде сигурна дека ќе ги удави демоните на младоста и не се работи за некое страшно привидение на опасната беломораска страст; Султанка Беломориева, во два наврата, со искуство на бајачка од Моноспитово, голтнала и едно поголемо шишенце стара чрничкова. Но, и тоа не било доволно, па морале да го повикаат лекарот Анастасије Филименовиќ, за да ì даде некоја спасоносна инжекција. Филименовиќ дошол, ја боцнал тетка Султанка во левата рака и таа, дали од радост, или од страв, веднаш срипала од постела. Во мигот запрашала:

Дек' е Марето?

(...)

Во тие чудни денови на неверојатното растопување на смрзнатата Шарлаганова судбина и Таму, во лудницата, мразот полека започнувал да распукнува. Никој никогаш не дозна дали капетанот Вишниќ ја забрзал приказната и веќе имал пратено судбински абери за стопирање на пресуденото лудило, но работите почнале да се подобруваат. Ова ми го зборуваше лично другарот Ване Б'б'чков, со години потоа, кога како сменет и пензиониран офицер, ќе се исхрабреше и по неколку ракии ќе прозборуваше за себе и неговиот темен живот. Во тие разговори тој не беше исплашен, туку беше страшно повреден, бидејќи народната власт во клучните мигови повеќе му верувала на туѓиот војник, капетанот Страхиња Вишниќ, отколку на него, првроборецот Ване Б'б'чков од Свидовица.

Јас многу не навлегував во моралните длабочини на неговата мрачна исповед. Тој беше таков, темен и зол. Во тие денови во градот се случи уште една голема неправда. Народната власт во својата безмислосна потрага по непријатели, во планините уби пет студенти. Да, како чин на одбрана на новата држава, ги стрелаше децата во цветот на младоста. Без никакво судење а со образложение дека тие биле фатени кога сакале да бегаат преку граница. И само затоа што тие млади луѓе биле против новата и голема држава. Едноставно, сакале своја. Таа трагедија сите нè погоди и речиси целиот град дојде на нивното ноќно погребение.

Но, тоа беше тоа. Некој ќе речеше дека демократијата бара страданија и жртви. И тогаш сите ќе замолкнеа. Гледаа долу, бидејќи не знаеја кој ќе биде следната жртва на нашата нова демократија? Ване Б'б'чков за убиството на децата не сакаше да зборува. Велеше дека тоа е некоја црна политика, а тој не бил политичар, туку само обичен милиционер, кој ги извршувал наредбите на политичарите. Само ќе додадеше, видно разочаран, дека него го смениле за едно присилно „полудување“, а нив, за такво злосторство‡ не!

(...)

Веќе ви кажав, Ване Б'б'чков ми кажа дека новата држава, некаде во планините, стрелала пет студенти. Ѕверски. Без никакво судење. Ги качиле на камион и ги однеле до Чоџук Белеш и таму ги убила. Сите со по два патрона. Еден во срцето а другиот во главата. Никој од убијците не прашал зошто ги убиваат децата и дали е тоа праведно? Кога ги вратиле во градот наредиле да ги погребаат ноќе и порачале да нема многу народ на нивното погребение. Но, види чудо. Силата им била слаба. Народот не ги послушал и дошол, во голем број, да се изнаплаче врз крвавата победа на новата демократија. А децата, стреланите студенти, само сонувале. Сакале да живеат поинаку, во некоја друга држава, која нема да била таква, туку наша, македонска. Ете, тоа било најопасното, а новата демократија и држава, по тоа прашење била поопасна од ламјите од чад; таа била парспурски закрвена.

(Книгоиздателство „Макавеј“, Скопје, 2011)

На Растку објављено: 2022-01-27
Датум последње измене: 2022-01-27 20:23:57
 

Пројекат Растко / Проект Растко Македонија